Нашиот голем првосвештеник

← Ризница на ЕвангелиетоЛЕКЦИЈА 22 ОД 30

Нашиот голем првосвештеник

Проучете ја Христовата служба како наш Првосвештеник.

Лекција 22 — Нашиот голем првосвештеник

Вовед

Предмет на проучување во оваа лекција ќе биде службата на нашиот Голем Првосвештеник, Исус Христос, Кој во небесното светилиште се залага за нас, повикувајќи се на Својата драгоцена крв, пролеана заради нас. Овој предмет ќе го започнеме во оваа лекција, а ќе го завршиме во следната. За правилно и логично разбирање на делото што Исус сега го врши за нас, потребно е да разбереме и некои значајни пророштва од книгата на пророкот Даниел, особено во осмото и деветтото поглавје. Тоа е најдолгото пророчко време во Библијата и се надеваме дека преку оваа студија ќе бидете многу охрабрени. Да видиме што кажува Библијата за овој значаен предмет.

ДВЕ СВЕТИЛИШТА

Кое дело го извршува Христос откако, по воскресението, отишол на небото?

„Имаме таков Првосвештеник, Кој седна од десната страна на престолот на величието на небесата, и е служител на светилиштето и на вистинската скинија, што ја постави Господ, а не човек“

— Евреите 8:1,2; да се види Евреите 9:24

Според кој образец била уредена свештеничката служба во земното светилиште?

„И им служат на образот и на сенката на небесните работи, како што му беше речено на Мојсеј, кога ја подигаше скинијата: ‘Гледај, рече, да направиш сè според образецот, што ти беше покажан на планината’“

— Евреите 8:5; исто така да се види и во Евреите 9:11, 13; Откровение 4:5; 8:3,4; 11:19

Забелешка: Овие библиски стихови јасно покажуваат дека постои светилиште на небото. Земното светилиште, со своите служби, било подигнато според примерот на небесното светилиште. Како изгледа небесното светилиште можеме да дознаеме проучувајќи ја неговата копија — светилиштето што го подигнале синовите Израелови во времето на Мојсеј.

Како Библијата го опишува земното светилиште и предметите кои се наоѓале во него?

Прочитајте: Евреите 9:1–5. За подетален опис на светилиштето, прочитајте во книгата Излез, поглавја 25–30.

Каков бил редот на богослужението во земното светилиште?

Забелешка: Секој ден во годината, освен еднаш, службата во светилиштето се одвивала во првото одделение. Законот од Десетте заповеди, кој се наоѓал во Ковчегот на заветот, го барал животот на грешникот (1. Јованово 3:4; Римјаните 6:23). Поради тоа, грешникот, признавајќи ја својата вина, доведувал жртва пред свештеникот. Потоа, ставајќи ги рацете врз главата на таа невина жртва — која го претставувала Христос — ги исповедал своите гревови. Потоа животното било заклано, а со неговата крв биле прскани роговите и основата на олтарот. На тој начин, сите гревови на покајникот му биле простени и симболично пренесени во светилиштето.

Што се случувало на Денот на помирување?

(Левитска 23:26-32; 16:3,5-8,16-22)

Забелешка: Десеттиот ден од седмиот месец бил Ден на помирување. На тој ден светилиштето било чистено од гревовите кои, со посредство на крвта, во текот на годината биле пренесувани на него. Пробата на овој симболичен суден ден ја издржувале само оние кои искрено се покајале за секој познат грев. Во службата одржувана точно по Божјото упатство, првосвештеникот ја внесувал крвта на козелот жртвуван за Господа во светињата над светињите, каде видливо се откривала Божјата присутност. Со попрскување на крвта, гревовите од светињата симболично биле пренесени на првосвештеникот, а потоа тој, ставајќи ги рацете врз главата на козелот за отпуштање, сета вина ја пренесувал врз животното кое го претставувало сатаната како зачетник на гревот. Козелот потоа бил пуштен да скита по пустината, во земјата на заборавот.

Дали и небесното светилиште треба да биде очистено?

„И речиси сè според Законот со крв се очистуваше, и без пролевање крв нема проштевање. И така, образите небесни требаше да се очистат на таков начин, а самото небесно со подобри жртви од овие“

— Евреите 9:22-23

ПРОРОЧКО ВРЕМЕ

Кога требало да започне очистувањето на небесното светилиште?

„Другиот му рече: ‘Две илјади и триста вечери и утрини; и тогаш светилиштето ќе се очисти’“

— Даниел 8:14

Забелешка: Во библиските пророштва, еден ден симболично претставува една година (види Езекиел 4:6; Броеви 14:34). Затоа, ова пророштво опфаќа период од 2300 години.

Според зборовите на ангелот, колкав дел од овој долг временски период бил одреден за Евреите?

(Даниел 9:20-24)

Забелешка: Според библиското сметање, периодот од 70 недели или 490 дена е еднаков на 490 години. Изразот „определени“ значи „отсечени“. Бидејќи 9. поглавје од книгата на пророкот Даниел претставува објаснување на необјаснетиот дел од видението во 8. поглавје, а делот од 8. поглавје се однесува на периодот од 2300 денови, логично е да се заклучи дека овие 70 недели (или 490 години) се отсечени од тој долг временски период, т.е. од 2300 години. Освен тоа, логично е да се претпостави дека 70-те недели треба да бидат отсечени од почетокот на тој долг временски период.

Кој настан го означил почетокот на периодот од 70 недели?

(Даниел 9:25; Ездра 7:8-10)

Забелешка: Заповедта за обновување на Ерусалим, која била дополнета со декретот на Артаксеркс Лонгиман (види: Ездра 6:14; 7:1–9), се остварила во есента 457 година пред Христа. Затоа овој момент претставува појдовна точка како за периодот од 70 недели, така и за периодот од 2300 денови споменат во Даниел 8:14.

Колку години од периодот на 70 недели требало да поминат до доаѓањето на Месијата?

(Даниел 9:25)

Забелешка: Седум недели + 62 недели, односно вкупно 69 недели, изнесуваат 483 години.

Што требало да се случи во седумдесеттата недела?

(Даниел 9:26,27)

Забелешка: Од 457 година пред Христа, 483 години се протегаат сѐ до есента на 27 година по Христа. Според пророштвото, овој период требало да трае до Месијата Помазаникот. Во 27 година по Христа, кога Христос бил крстен, Тој бил помазан од Светиот Дух и потоа ја започнал Својата мисија. Тогаш е објавена пораката:

„Времето се исполни и царството Божјо наближи“

— Марко 1:14–15

Исус, според пророштвото, требало да го потврди заветот со мнозина за една седмица. Исполнувањето на ова го наоѓаме во фактот дека седум години по Христовото помазување, Евангелието се проповедало само на Евреите: три и пол години го проповедал лично Христос, а останатите три и пол години го проповедале апостолите. Во средината на оваа пророчка седмица — во 31 година по Христа — Исус Христос бил жртвуван како вистинска жртва на крстот на Голгота.

„Се расцепи завесата на храмот на две — од горе до долу“

— Матеј 27:51

…што означувало дека на земниот систем на жртви и приноси му дошол крајот.

Последната седмица од тој пророчки период од 70 седмици завршила во 34 година по Христа. Во тоа време, Евреите го каменувале Стефан и дефинитивно ја запечатиле својата судбина како нација, со целосно отфрлање на Евангелието. По тоа, Евангелието почнало да се проповеда на незнабошците, а за Евреите како нација поминал „денот на милоста“. Оттогаш тие повеќе не биле посебен избран Божји народ.

По истекувањето на тие 490 години, уште колку време останува од 2300 години?

Кога од 2300 ќе одземеме 490, остануваат уште 1810 години. Како што веќе беше покажано, 490-те години одредени за Евреите завршуваат во 34 година по Христа. Додавајќи 1810 години на 34 година, доаѓаме до 1844 година, која го означува крајот на ова значајно пророштво.

Што, според зборовите на ангелот Гаврил, требало да започне по истекот на 2300 години – во 1844 година?

(Даниел 8:14)

Забелешка: Во 1844 година започнал вистинскиот Ден на помирување. Во земната служба првосвештеникот влегувал во светињата над светињите само еднаш годишно. Слично е и со службата на нашиот Голем Првосвештеник на небото. По Своето вознесение, Тој влегол во првата фаза од Својата служба, во првото одделение на небесното светилиште. Во 1844 година започнало делото за очистување на светилиштето, и Христос влегол во светињата над светињите за да го надополни делото на откупувањето и да ни овозможи помирување со Бога. Добро би било да го имаме на ум фактот дека Денот на помирувањето, чистењето на светилиштето и истражниот суд се одвиваат во исто време. Во следната лекција подетално ќе ја обработиме темата за истражниот суд.

„Вистината за светињата и истражниот суд Божјиот народ треба да ја разбере јасно и целосно. За сите е неопходно одредено разбирање и лична претстава за службата и делото на нашиот Голем Првосвештеник; инаку ќе им биде невозможно да се одржат во верата што е суштествена за ова време или да заземат положба што им ја наменил Бог. На секому му се дава можност да ја спаси својата душа или да ја загуби. Случајот на секого од нас зависи од исходот на овој Божји суд. Секој мора да излезе пред очите на Големиот Судија. Затоа, колку е тогаш важно секој од нас во мислите да ја набљудува свечената глетка што е опишана со зборовите: ‘Судот седна и книгите се отворија’ (Даниел 7:10), кога секој поединец ќе мора, како некогаш Даниел, да остане и да го прими ‘своето наследство на крајот на деновите’ (Даниел 12:13).“

— Големата борба, 488

Проверете го наученото

Одговорете на прашањата, а потоа отворете ги одговорите за споредба.

а) Земното светилиште било направено по небесното светилиште
б) Првосвештеникот влегувал во светињата над светињите два пати годишно
в) Во службата во светилиштето, гревовите на народот симболично биле пренесувани на светињата
г) Не е потребно небесното светилиште да биде очистено

70 недели или 490 години се дел од години. Тој дел е одреден за народ. Тој временски период започнува година пред Христа. Првите 69 недели требало да досегаат до . Исус е помазан и ја започнал својата служба во година. Во средината на последната недела, Месијата бил . Тоа се случило во година. Последната недела или последните седум години завршиле години по Христа. Еврејскиот народ потполно го отфрлил Евангелието и по тоа пораката е проповедана на незнабошците.

Останале уште години од 2300 години. Тој период од 2300 години завршува во година по Христа. Небесното требало да се очисти.

Покажи ги точните одговори ✧ РЕШЕНИЈА ✧
  • 1. Првосвештеник; светилиште.
  • 2. а) Т (Точно); б) Н (Неточно — еднаш годишно на Денот на помирување); в) Т (Точно); г) Н (Неточно — треба да се очисти, Евреите 9:23).
  • 3. 2300; еврејскиот; 457; Месијата Помазаникот; 27; распнат (жртвуван); 31; 34; 1810; 1844; светилиште.
  • 4. Не. Деветтото поглавје е објаснување на необјаснетиот дел од 8. поглавје (за 2300 денови). Без него не би можеле да го разбереме почетокот и текот на пророштвото.
  • 5. Ден на помирување (или истражен суд, чистење на светилиштето).