← Ризница на ЕвангелиетоЛЕКЦИЈА 1 ОД 30

Што е Библијата?

Запознајте го Светото писмо — неговото потекло, неговата порака и неговото значење за нашиот живот.

Лекција 1 — Што е Библијата?

Библијата — водич во животот

Светот без Библија! Како чудно звучат овие зборови! Иако на некои им е добро позната, а други не ја ценат, сепак многу луѓе ја прифатиле Библијата. Година по година, во светот кој е преплавен со безброј книги, Библијата останува неоспорен бестселер. Преведена на повеќе од илјада јазици и достапна за сите народи, таа со векови успешно одговара на сите животни прашања и може да го задоволи секој благороден копнеж на човечкото срце.

Како што на работникот му е потребен прирачник за да постигне поголем ефект при работењето со машината, така и Бог ни ја дал оваа света книга за да ни служи како водич во животот. Таа е прилагодена за секое време и начин на живеење, а нејзината мудрост, кога ќе ја прифатиме со вера, го просветлува разумот и ја посветува душата.

Зборот „Библија“ доаѓа од грчкиот збор што значи „Книга“, „Божјо слово“, „Свето писмо“ или „Свети списи“. Сите тие се подеднакво прикладни називи кои ја означуваат оваа книга како нешто целосно различно од сите останати човечки списанија или зборови. „Божјо слово“ или едноставно „Писмо“ биле омилени називи на нашиот Спасител.

Библијата го опфаќа Стариот и Новиот завет и содржи 66 посебни книги. Ја пишувале 40 луѓе во период од повеќе од 1500 години. Забележано е дека Новиот завет е сокриен во Стариот, а Стариот се открива во Новиот. Со испитувањето на двата завета, ќе бидеме просветлени во поглед на Божјиот план за спасението.

Христовото право на месијанство не може да се докаже без Стариот завет. Единствено Новиот завет ни ја открива Неговата историја и учење и ни го прикажува Неговиот мил и свет карактер. Но, ако во Стариот завет не било однапред проречено што треба да биде Месијата и што ќе работи Тој, со ништо не би можеле да испитаме дали личноста која се појавила навистина била Тој или не.

Колку е тогаш потребно да ја сакаме и проучуваме Библијата! Ако тоа не го правиме, ќе ги изгубиме од вид најзначајните делови опфатени во Новиот завет, како што тоа го направиле Евреите.

Стариот завет најпрво бил напишан на еврејски јазик, а подоцна бил преведен на грчки јазик од седумдесетмина учени Евреи. Тоа издание е познато како „Септуагинта“ или „Превод на седумдесетмината“. Новиот завет е напишан на грчки јазик, со можен исклучок на Евангелието според Матеј, кое најверојатно било напишано на арамејски јазик.

Помеѓу 383-та и 405-та година по Христа, Стариот и Новиот завет биле преведени на латински.

Џон Виклиф ја превел Библијата на англиски јазик во 1380 година. Околу 1455 година, Јохан Гутенберг ја отпечатил латинската Библија во Мајнц — првото големо книжно дело во Европа отпечатено со подвижни метални букви.

Мартин Лутер, сакајќи и неговите сонародници да го читаат Божјото слово на нивниот мајчин јазик, со своите соработници ја превел Библијата на германски врз основа на хебрејските и грчките текстови. Целосното издание било објавено во 1534 година.

Првиот превод на Библијата кај нас, на старословенски јазик, потекнува од втората половина на деветтиот век. Преведувачи биле солунските браќа св. Кирил и Методиј, кои со таа цел, од славјанско-македонскиот дијалект го создале првиот книжевен јазик на Јужните Словени.

На српско–хрватското говорно подрачје, првиот превод го направил Антун Далматин во 1563 година. По него следувале уште неколку успешни преводи. Најпопуларниот превод на српско-хрватското говорно подрачје е преводот на Вук Стефан Караџиќ (Новиот завет во 1847) и на Ѓура Даничиќ (Стариот завет во 1868 година).

Словенците за првпат го добиле Новиот завет во 1556 година, во превод на Примож Трубар, а целата Библија во 1584 година од Јуриј Далматин.

Македонците го добиле преводот на „Новиот завет“ во 1967 година, во превод на Георги Милошев. А целата Библија, која ги содржи Стариот и Новиот завет, е преведена во 1990 година.

Што зборува Библијата за себе?

Кој назив го употребил Исус кога упатувал на Библијата?

„Исус им рече: Зар не сте читале во Книгите“

— Матеј 21:42

Што ни вели Библијата за своето потекло?

„Целото Писмо е од Бога вдахновено“

— 2. Тимотеј 3:16; погледајте и во Дела на апостолите 1:16

Дали пророчкото слово е резултат на човечкиот разум и филозофија?

„Зашто никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале поттикнати од Светиот Дух“

— 2. Петрово 1:21

За што сѐ е корисна Библијата, според апостол Павле?

„Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за казнување, поправање и поучување во праведност”

— 2. Тимотеј 3:16

Што направил Исус кога сакал да го докаже своето месијанство?

„Па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо”

— Лука 24:27

Која сила се открива во проучувањето на Библијата кога нејзината вистина ќе биде прифатена?

„Посвети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина“

— Јован 17:17

„Светите Писанија, што можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христос Исус“

— 2. Тимотеј 3:15

Освен читање на Библијата, што уште мора да направи човек за да добие благослов?

„Блажени се оние што го слушаат словото Божјо и го пазат“

— Лука 11:28

„Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе“

— Јаков 1:22; да се види и Откровение 1:3

Библијата – сама свој толкувач

Дали некој може да си го присвои правото да ја толкува Библијата за другите?

„Знајте го прво тоа дека ниедно пророштво од Писмото не е сопствено кажување“

— 2. Петрово 1:20

„Но Бог сака на Земјата да има народ кој Библијата и само Библијата ќе ја истакнува како единствено мерило за секое учење и како темел за секоја реформа. Ниту мислењата на учените луѓе, ниту научните тврдења, ниту симболите на верата или решенијата на црковните собори, толку многубројни и спротивни како и црквите што ги застапуваат, ниту гласот на мнозинството – ништо од ова, ниту сите заедно, не можат да се сметаат како доказ за или против било која точка на библиската вера. Пред да го примиме било кое учење или пропис, треба да се осведочиме дали тоа е поткрепено со она јасно и посветено начело: ‘Така зборува Господ’“

— Големата борба, 595

Кој налог ѝ го дал Христос на Својата црква?

„Одете и научете ги сите народи… и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал“

— Матеј 28:19,20

Кој библиски пример имаме дека Бог користел луѓе за објаснување на Писмата?
Ве молиме да ги прочитате Дела на апостолите 8:26-35.

„За свои претставници меѓу луѓето Бог не ги бира ангелите кои никогаш не паднале, туку човечки суштества, со исти чувства и склоности како и оние кои треба да ги спасуваат. Христос зел човечка природа за да допре до луѓето. На светот му бил потребен Спасител со божествено-човечка природа за да му донесе спасение. А сега, на луѓето им е доверена света задача ‘неискажаното Христово богатство’ да му го објават на своите ближни“

— Делата на апостолите, 98

Која е нашата должност кога ќе се соочиме со нова порака од Библијата?

„Овие беа поблагородни од солунјаните; тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го проверуваа Писмото, за да се уверат, дали е тоа така“

— Дела на апостолите 17:11

Како да провериме дали секоја порака е вистинита?

„Допрашајте се до законот и откровението! Ако некои речат дека не е така, тогаш за нив нема светлина“

— Исаија 8:20

Еден христијански писател рекол: „Да се почитува Бог на погрешен начин, кога Библијата ни е на дофат на рацете, не е можно. Многумина истакнуваат дека не е важно што некој верува, само ако неговиот живот е правилен. Меѓутоа, начинот на животот се обликува според она во што всушност веруваме. Ако светлината на вистината ни е на дофат, а ние ја занемаруваме дадената предност да ја согледаме и послушаме, ние всушност ја отфрламе; со поголема желба ја бираме темнината отколку светлината.

‘Некој пат му се чини прав на човекот, а на крајот води кон смртта’ (Изреки 16:25).

Незнаењето не претставува никаков изговор за заблудата или гревот кога ни се дадени сите можности да ја запознаеме Божјата волја. Човекот патувајќи доаѓа до место од каде на сите страни се разидуваат патишта, но патоказот му покажува каде води секој од нив. Доколку тој, не обрнувајќи внимание на патоказот, тргне по било кој пат кој нему му се ‘чини прав’, сепак, колку и да е искрен во своите намери, најверојатно ќе се најде на погрешен пат.

Не е доволно да се имаат само добри намери; не е доволно да се прави само она што според нашето мислење е правилно, или она што проповедникот ќе го прогласи за правилно. Во прашање е спасението на душата и затоа мора, секој за себе, да го истражува Светото писмо. Макар колку и да е силно нашето осведочување – макар колку и да бидеме сигурни дека проповедникот знае што е вистина – сето тоа не е и не може да биде наш темел. Ние имаме карта на која се означени сите патокази на патот кон небото и затоа не треба ништо да нагаѓаме или да претпоставуваме.

Прва и најголема должност на секое со разум надарено суштество е од Светото писмо да дознае што е вистина, и тогаш според светлината и да живее, поттикнувајќи и други да појдат по неговиот пример. Библијата секој ден треба трудољубиво да ја проучуваме, одмерувајќи ја секоја изложена мисла и споредувајќи стих со стих. Со Божја помош мораме сами да формираме свое мислење, бидејќи пред Бога сами ќе полагаме сметка“

— Големата борба, 597-598

Што, според Христовите зборови, му е неопходно на човекот за да живее?

„Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога“

— Матеј 4:4

Ако човекот живее од Божјото слово, тој без сомнение би го користел секојдневно како што храната е потребна за да го одржи во живот.

Проверете го наученото

Одговорете на прашањата, а потоа отворете ги одговорите за споредба.

1. Под кое друго име е позната Библијата?

2. Дополни ги зборовите кои недостасуваат:

„Целото Писмо е од “ (2. Тимотеј 3:16).

3. Наброј четири благодати заради кои Библијата е корисна.

4. Кој започнал од Мојсеј и пророците кога го објаснувал Писмото?

5. Дали смееме кој било дел од Библијата да го толкуваме според сопственото мислење?

6. Додадете ги зборовите кои недостасуваат во првиот дел од евангелската порака на црквата:

„Одете и сите народи.“

7. Некои христијани (кои живееле во Верија) биле поблагородни од оние во Солун.

8. Како можеме да провериме дали некоја порака е од Бога или не?

9. Провери го следното:

ТврдењеТочноНеточно
а) Незнаењето не е оправдување за гревот.
б) Доволно е да се имаат добри намери.
в) Секој за себе треба да ја проучува Библијата.

10. Пополни ги празнините:

„Човек не живее само од леб секој што излегува од устата на Бога“ (Матеј 4:4).

Покажи ги точните одговориРешенија:
  • 1. Божјо слово; Свето писмо; Свети списи.
  • 2. Бога вдахновено.
  • 3. Поука; казнување; поправање; поучување во праведност.
  • 4. Исус Христос.
  • 5. Не.
  • 6. научете.
  • 7. а) Го примиле словото со голема усрдност. б) Секој ден го проверувале Писмото. в) За да се уверат дали е тоа така.
  • 8. Според законот и откровението, односно според Божјото слово.
  • 9. а) Точно. б) Неточно. в) Точно.
  • 10. туку и од; збор.