2015 • 3. Квартал

1. лекција – Можам ли да го добијам вашето внимание?

4. јули 2015
“Што уште требаше да направам за Моето лозје и не го направив?“
— Исаија 5,4.
“Божјото срце копнее за Неговите земни деца со љубов, која е посилна од смртта. Давајќи го Својот Син, во тој еден дар Тој ни го подарил целото Небо. Животот на Спасителот, Неговата смрт и посредување, службата на ангелите, заземањето на Духот, делувањето на Отецот над и преку сите, непрекинатиот интерес на небесните суштества – сето тоа е ставено во служба за откуп на човекот.“
— Патот кон Христа, 14 (21).

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Знаци на времето, 15. април, 1889.

Недела — 28. јуни
1. РАЗГОВОР СО БОГА

а. Дали Бог сака да комуницира со луѓето? Дела 17,27; Исаија 65,1.

“Што можат да мислат небесните ангели за бедните беспомошни човечки суштества кои се соочуваат со искушенија, за суштествата кон кои Божјото срце чувствува безгранична љубов и е готово да им подари повеќе отколку што би можеле да побараат или замислат, а кои толку малку се молат и имаат толку малку вера? Ангелите сакаат да се поклонуваат пред Бога; тие сакаат да бидат во Негова близина. Тие разговорот со Бога го сметаат за најголема радост; но сепак децата на оваа Земја, на кои толку многу им треба помош, која само Бог може да им ја даде, како да се задоволни што одат без светлината на Неговиот Дух, без придружба на Неговиот присуство.“
— Патот кон Хр., 61 (94).

б. Со колкумина од нас Бог сака лично да комуницира? Евреите 8,11; Псалм 4,3 (последен дел).

“Спасителот чувствува бескрајна нежност кон душите што ги откупил со сопствената крв. Тие се своина на Неговата љубов. Тој гледа на нив со неискажлив копнеж.“
— Копнежот на вековите, 396 (517).

Понеделник — 29. јуни
2. БОГ САКА ДА РАЗГОВАРА СО ПОСВЕТЕНИ ЛУЃЕ

а. Како Бог зборувал со Мојсеј? Каков човек бил Мојсеј кога Бог зборувал со него лице в лице? Излез 33,11 (прв дел); Броеви 12,3; Евреите 3,1.2.

„’Качете се кај Мене на гората’ – ни наложува Бог. Пред да стане Божјо орудие за избавување на Израелскиот народ, на Мојсеј му биле назначени четириесет години на дружење со Него во осаменоста на планината. Пред да ја однесе Божјата порака на фараонот, тој зборувал со ангел во разгорената грмушка… И и ние, исто така, мораме да имаме време издвоено за размислување и молитва во кое ќе примиме духовно освежување. Ние не ја цениме силата и ефикасноста на молитвата колку што би требало. Молитвата и верата ќе го сторат она што никаква земна сила не може да го постигне.“
— Здравје и среќа, 406.407 (508.509).

б. Каква личност бил Самуил кога Бог првпат зборувал со него? Зошто Самуил не го препознал Бога кога Тој првпат го повикал? 1 Самоилова 3,1 (прв дел); 1 Самоилова 3,4.5.7.

„(Самуил) бил љубезен, великодушен, послушен и полн со почит… (Тој) бил услужлив и срдечен.“
— Патријарси и пророци, 606.607 (573).

в. Каква личност бил Корнелиј кога Бог зборувал со него во визија? Дела 10,1.2. Како Корнелиј одговорил на Божјата порака? Дела 10,7.8.

„Корнелиј бил римски капетан. Бил богат и од благородно потекло и заземал доверлива и почесна положба. Незнабожец по раѓање, воспитување и образование, благодарение на својот контакт со Евреите тој се здобил со сознание за Бога и Му се молел со сето срце, покажувајќи ја со сожалување кон сиромасите искреноста на својата вера. Бил надалеку прочуен по својата дарежливост и со својот праведен живот стекнал добар углед и меѓу Евреите и меѓу незнабожците. Неговото влијание претставувало голем благослов за сите со кои доаѓал во контакт.“
— Делата на апостолите, 104 (132.133).

Вторник — 30. јуни
3. БОГ ЗБОРУВА И СО НЕПОСВЕТЕНИ ЛУЃЕ

а. Каква личност бил Каин кога Бог зборувал со него? Создавање 4,3-5.8.

„Иако Каин ја игнорирал Божјата заповед, сепак Бог не го препуштил самиот на себе, туку се спуштил да го вразумува човекот кој се покажал толку неразумен. И Господ му рекол на Каина: ‘Зошто се лутиш? Зошто се помрачи лицето твое?’ Еден ангел гласник му ја пренел божествената порака: ‘Зарем, кога правиш добро, не си ведар во лицето? А ако не правиш добро, тогаш гревот е пред вратата: тој те влече кон себе, но ти надвладај го! (Создавање 4,6.7). Каин можел да бира и слободно да реши и да се определи. Кога би имал доверба во заслугите на ветениот Спасител и кога би бил готов да ги почитува Божјите барања, тој би можел да ужива во Неговата милост. Но, бидејќи тврдоглаво останал во своето неверство и престап, неговиот приговор дека бил отфрлен од Бога бил неоснован.“
— Патријарси и пророци, 55 (74).

б. Каква како жена била Агара во времето кога Бог разговарал со неа? Создавање 16,1-9.

в. Каква личност била неименуваната жена која книжниците и фарисеите ја довеле пред Христа? Јован 8,3.4. Каква била после разговорот со Него? Јован 8,10.11.

„Жената стоела перед Исуса, треперејќи од страв. Неговите зборови: ‘Кој меѓу вас е без грев, прв нека фрли камен на неа’ и звучеле како смртна пресуда. Не се осмелувала да го подигне својот поглед кон лицето на Спасителот, туку молчела очекувајќи ја својата пропаст. Зачудена, видела како нејзините обвинители заминуваат без зборови и збунети, а тогаш, до нејзините уши допреле зборови на надеж: ‘Ни Јас не те осудувам; оди си и не греши веќе’ (стих 11). Нејзиното срце се растопило, па паднала перед Исусовите нозе, изразувајќи ја со липање својата благодарна љубов и со горчливи солзи ги исповедала своите гревови. Тоа за неа бил почеток на еден нов живот, живот на чистота и мир, посветен на Божјата служба… Оваа жена покајничка станала една од Неговите најлојални следбеници. На Неговата милост што простува, таа возвратила со самопожртвувана љубов и со преданост“
— Копнежот на вековите, 352 (462).

Среда — 1. јули
4. КОГА БОГ ОДБИВА ДА ЗБОРУВА

а. Зошто Исус не сакал да разговара со Кајафа за време на судскиот процес против Него? Матеј 26,62.63; Исаија 53,7.

„Кајафа бил горд и суров човек, арогантен и нетолерантен.“ – Копнежот на вековите, 414 (539).

„Кајафа во Исуса гледал свој ривал. Желбата на народот да Го слуша Спасителот и нивната очигледна подготвеност да Го прифатат Неговото учење предизвикале горчлива завист кај првосвештеникот, меѓутоа, гледајќи го Затвореникот, Кајафа одеднаш почнал да се восхитува на Неговото благородно и достоинствено држење. Над него дошло уверување дека тој Човек е сличен на Бога. Веќе во следниот миг со презир ја отфрлил таа мисла. Веднаш потоа се слушнал неговиот подбивен и горделив глас, со кој од Исуса барал перед нив да изврши некое од Своите силни чуда. Меѓутоа, тие зборови допреле до Спасителот како да не ги слушнал.“ – Копнежот на вековите, 543 (704.705).

„Господ ги чита срцата на сите кои Му се молат и ги разбира нивните мотиви и цели.“
— 4 Сведоштво, 589 (539).

б. Дали Бог зборувал со царот Саул пред крајот на неговиот живот? 1 Самоилова 28,5.6. Зошто Бог на таков начин се однесувал кон него? 1 Царевите 15,22.23.

„Господ никогаш не одбил ниту една душа која Му се обратила искрено и со понизно срце. Тогаш зошто не му одговорил на Саула? Царот сам со своите постапки ги проиграл сите можности за обраќање на Бога. Го отфрлил советот на пророкот Самуил; го протерал Давида, Божјиот избраник, и ги убил Господовите свештеници. Зарем тогаш може да очекува одговор од Бога кога сам ги пресекол каналите што го поврзуваат човекот со небото? Згрешил против Духот на благодатта и зарем тогаш можел да добие одговор во сон или преку Господово откровение? Саул не Му се обратил на Бога понизно и со покајание. Тој не се молел за простување на гревот и за помирување со Бога, туку за ослободување од своите непријатели. Тој самиот се оддалечил од Бога со својата тврдоглавост и бунт. Кај Бога можел да се врати само со покајание и скрушеност. Меѓутоа, горделивиот цар и во своето страдање и очај решил помош да побара од друг извор.“
— Патријарси и пророци, 715 (676).

Четврток — 2. јули
5. БОГ ГО БАРА НАШЕТО ВНИМАНИЕ

а. Како Бог се обидувал да го привлече вниманието на различните луѓе во минатото (Мојсеј, Илија, Валам)? Излез 3,2.3; 1 Цареви 19,9-13; Броеви 22,27.28.

б. Под кои услови Бог сака да разговара со нас денес? Псалм 46,10.

„На сите, кои се поучуваат од Бога, им е потребен тивок час за заедница со нивните сопствени срца, со природата и со Бога. Во нив треба да се открие живот кој не е во хармонија со светот, неговите навики или дела; тие треба да имаат лично искуство во познавањето на Божјата волја. Секој од нас мора лично да го слушне Божјиот глас како му зборува на срцето. Кога сите други гласови ќе замолкнат, а ние чекаме перед Него во тишина, молкот на душата дава поголема јасност на Божјиот глас. Тој ни заповеда: ‘Молкнете и знајте дека Јас Сум Бог (Псалм 46,10). Ова е делотворната подготовка за сите служби на Бога. Оној, кој е освежен на ваков начин, ќе биде опкружен со атмосфера на светлина и мир, дури и среде забрзаната толпа и напорите на секојдневието. Тој ќе прими нов дар на телесна и ментална сила. Неговиот живот ќе воздивнува со пријатен мирис и ќе ја открива Божјата моќ, која ќе допре до срцата на луѓето.“ – Здр. и ср., 32.33 (58).

„Оној кој сака да биде целосно во Христа, мора прво да се испразни од гордост и задоволство со самиот себеси. Тогаш во душата настапува тишина и Божјиот глас може да се слушне.“
— Знаци на времето, 9. април, 1902.

Петок — 3. јули
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како знаеме дека Бог сака да разговара со секого од нас лично?

2. Како знаеме дека Бог сака да разговара со оние кои ќе Му се посветат?

3. Како знаеме дека Бог сака да разговара и со оние кои не одат со Него?

4. Со кого Бог одбива да разговара, и зошто?

5. Како Бог се обидува да го придобие нашето внимание?

2015 • 3. Квартал

2. лекција – Практично слушање

11. јули 2015
„Сфатете ја мудроста, вие неискусни, а вие неразумни, вразумете го срцето.“
— Изреки 8,5
„Гласот на должноста е Божји глас – вроден, од небото испратен водач. Без разлика дали ни е пријатно или непријатно, треба да ја извршиме должноста која стои директно на нашиот пат.“
— RH, 29. декември, 1910.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 3 Сведоштво, 485-506 (521-544).

Недела — 5. јули
1. БОЖЈИОТ ГЛАС ВО СЕКОЈДНЕВНИОТ ЖИВОТ

а. На кој вообичаен начин Бог ни ја открива Својата волја за нас? Лука 17,10. Можеме ли безбедно да го игнорираме овој метод на Божјата комуникација?

„Никој не може ‘со срцето да верува за оправдание’ и да добие оправдување со вера, додека во пракса продолжува да ги прави оние работи кои Божјиот збор ги забранува или додека ја запоставува која било позната должност.“ – Одбрани пораки 1, 396.

„Меѓутоа, додека не ја извршил занемарената должност за која знаел, (Мојсеј) не можел да биде сигурен, зашто во тој случај Божјите ангели не би можеле да го штитат.“ – Патријарси и пророци, 258 (256).

„Должноста не признава никакво ривалство, ниту влегува во компромис со која било противничка сила. Ниту најдрагоцените пријатели и роднини не смеат да се поставуваат помеѓу вашата должност и вашиот Бог. Гласот на должноста е Божјиот глас во нашата душа.“
— RH, 7. јуни, 1887.

б. Зошто господарот бил незадоволен од слугата на кого тој му дал еден талент? Матеј 25,26.27; Лука 16,10.

„Со неверност дури и во најмалите должности, човекот Го лишува својот Творец од службата што Му ја должи.“
— Христовите поуки, 299 (356).

Понеделник — 6. јули
2. ОДБИВАЊЕ ДА ПОСЛУШАМЕ

а. Зошто богатиот млад владетел не сакал да го направи она што Исус побарал од него да го направи? Матеј 19,21.22. Кои две можности Бог ги користел за да нѐ поучи на нашата должност?

„Човекот или жената кои го напуштаат местото кое од Бога им е дадено, за да ги задоволат своите склоности, и постапуваат според планот кој самите го смислиле, ќе се разочараат, бидејќи го избираат својот сопствен пат наместо Божјиот пат.“ – Синови и ќерки Божји, 175.

„Има поединци кои јасно ќе ја разберат својата должност, кога нивната должност би била во склад со нивните природни склоности. Разумот и околностите можат јасно да укажат на нивната должност; но кога патот на должноста не е во согласност со нивните склоности, тие овие докази често ги оставаат настрана.“ – Стражар 1. септември, 1908.

„Оние кои ги занемаруваат Божјите барања во овој живот не би го почитувале Неговиот авторитет ниту кога би се нашле на небото.“
— 4 Сведоштво, 239 (312).

б. Зошто Бог понекогаш се воздржува да ни ја открие Својата волја? Исаија 59,1.2; Псалм 81,11.12; Јован 7,17.

„Не може да му се помогне на човекот, жената или на детето кои не сакаат да го послушаат гласот на должноста; бидејќи гласот на должноста е гласот на Бога. Кога луѓето и жените одбиваат да го послушаат божествениот совет и продолжуваат по патот кој најмногу им се допаѓа, нивните очи, уши и срцето стануваат толку нечувствителни, така што на нив повеќе не може да се влијае.“
— Синови и ќерки Божји, 175.

в. Која е обично причината да не го слушаме Бога? Второзаконие 1,43; 1 Самоилова 15,23.

Вторник — 7. јули
3. НЕ Е ПОТРЕБЕН ПОСРЕДНИК

а. Дали ние треба да чекаме некој друг да нѐ поучува која е Божјата волја? Јаков 1,5.6.

„Одговорноста за своите должности не треба да ја префрламе на другите и да чекаме тие да ни кажат што треба да правиме. Не можеме да зависиме за совет од луѓето. Господ ќе нè поучи на нашите должности исто толку волно како што ќе ги поучува и другите. Ако дојдеме кај Него со вера, Тој лично ќе ни зборува за Своите тајни. Срцето ќе гори во градите кога Тој ќе се приближи да комуницира со нас исто како што направил со Енох. Оние кои се подготвени да не прават ништо што не Му е угодно на Бога, ќе знаат како во молитва да го изнесат својот случај пред Него, по кој пат да тргнат. Тие ќе добијат не само мудрост, туку и сила.“
— Копнежот на вековите, 518 (668).

б. Што ни е ветено кога бараме водство од Бога? Изреки 3,5-7.

„Кога ќе се појави збунетост и кога ќе се соочите со потешкотии, не очекувајте помош од луѓе. Доверете Му се на Бога. Обичајот за нашите неволји да им зборуваме на други нè прави само послаби, а не ги зајакнува ниту нашите ближни. Со тоа и ним им го наметнуваме товарот на нашите духовни слабости од кои тие не можат да нè ослободат. Ние бараме сила од погрешлив, ограничен човек, кога можеме да добиеме сила од непогрешливиот, бесконечен Бог… Тој копнее да очекувате големи нешта од Него. Тој копнее да ви даде разбирање во земните како и во духовните работи. Тој може да ја изостри вашата интелигенција, да ви даде тактичност и вештина.“ – Христовите поуки, 109.110 (146).

„Зарем Бог не ветил дека ќе им го даде Светиот Дух на оние кои тоа го бараат од Него. И нели е тој Дух навистина најдобриот водич? Некои луѓе изгледа се плашат да го држат Господа за Неговиот збор, како тоа да е пречекорување на дозволеното. Тие се молат Господ да ги поучи, а сепак се плашат да покажат доверба во Неговиот даден збор и дека сме биле поучени од Него. Значи, додека доаѓаме кај нашиот небесен Отец понизно и со дух да бидеме поучени, зошто тогаш да се сомневаме во исполнување на Неговите ветувања.“
— Коментари на библиските текстови, 278.

Среда — 8. јули
4. БОЖЈИОТ СТАВ КОН НАС

а. Кои Христови зборови ни ја откриваат подготвеноста на Отецот лично да нѐ поучува во поглед на Неговите патишта и намери? Матеј 7,7-11.

„Бог сака Неговите деца да го бараат тоа што ќе му овозможи преку неговиот живот да ја открие Својата благодат на светот. Тој сака тие да го бараат Неговиот совет, да ја признаат Неговата сила. Од сите, за кои го дал Својот живот, Христос со љубов бара да се покоруваат на Неговата волја ако сакаат да учествуваат во радостите што Тој ги подготвил за сите кои овде го рефлектираат Неговиот карактер. Добро е да бидеме свесни за своите слабости, зашто во тој случај ќе бараме сила и мудрост кои Отецот со задоволство ни ги дава како на Свои деца за да победиме во секојдневната борба против силите на злото.“
— 9 Сведоштво, 213 (284).

б. Колку е трпелив Бог кога се обидува да комуницира со нас? Римјаните 14,5 (втор дел); 2 Петрово 3,9.

в. Колку трпеливи и ние треба да бидеме со другите во нивното разбирање на Божјите патишта? Матеј 7,12; Ефесјаните 4,2; Лука 6,37.

„Како слободни агенти на Бога, сите треба да бараат мудрост од Него. Ако ученикот во целост зависи од туѓите мисли и ако само ги прифаќа другите планови, тогаш тој гледа низ очите на туѓ човек и претставува само ехо на туѓи мисли. Бог со луѓето постапува како со одговорни суштества. Тој со Својот Дух делува на умот што му го дал на човекот, доколку човекот Му даде можност и доколку ги сфаќа Неговите постапки. Божја намера е секој човек за себе да го употребува својот ум и својата совест. Тој не одредил некој човек да стане сенка на друг човек и да ги имитира чувствата на другите… Луѓето поединечно Му се одговорни на Бога, и секој човек треба да постапува како што го поттикнува Бог, а не да се поведува по мислењето на другите.“ – 5 Сведоштво, 499 (724.725).

„Никој не смее да владее со туѓиот разум, да расудува за друг, ниту на друг да му припишува должност. Бог на секоја душа ѝ дава слобода да размислува и да се придржува до сопственото убедување… Никој нема право својата личност да ја интегрира со личноста на некој друг.“
— Копнежот на вековите, 420 (550).

Четврток — 9. јули
5. КАКО БОГ ГИ КОРИСТИ ВПЕЧАТОЦИТЕ

а. Покрај тоа што нè води преку гласот на должноста, на кој друг начин Бог ни зборува? Исаија 30,21. Како Бог ја водел Марија преку впечатоците на Светиот Дух?

„Марија не ја сфатила вистинската смисла на својата постапка која произлегувала од љубовта. Таа не можела да им одговори на своите обвинители. Не можела да објасни зошто ја одбрала таа прилика за да Го помаже Исуса. Светиот Дух планирал за неа и таа се потчинила на Неговиот налог. Вдахновението слегува не давајќи објаснување. Тоа е невидливо и како такво му се обраќа на разумот и душата и го поттикнува срцето на делување. Тоа е оправдување само за себе.“ – Копнежот на вековите, 428 (560).

„Друг начин со кој го слушаме Божјиот глас е преку апелите на Неговиот Свет Дух, кој делува на срцето, а тоа делување се покажува и во карактерот.“ – 5 Сведоштво, 355 (512).

„Совеста е гласот на Бога кој го слушаме среде судирот на човечките страсти. Кога ќе ѝ се спротивставиме, ние го жалостиме Божјиот Дух.“ – 5 Сведоштво, 79 (120).

„Бог ни зборува преку делата на Неговото провидение и преку влијанието на Својот Дух врз нашите срца.“ – Патот кон Хр., 56 (87).
— 5 Сведоштво, 355; Патот кон Христа, 56.

б. Според кој стандард треба да ги оценуваме нашите впечатоци? Исаија 8,20.

„Библијата… ја открива должноста на човекот во сите животни околности.“ – 4 Сведоштво, 239 (312).

„Ако си во дилема за било кое прашање, најпрвин мораш да се консултираш со Писмото.“
— 5 Сведоштво, 355 (512).

Петок — 10. јули
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каква е нашата духовна состојба ако ја занемариме било која должност која ни е позната?

2. Како треба да утврдиме што ни е должност?

3. Што мораме да направиме со цел да ја дознаеме нашата должност?

4. Каков е односот помеѓу должноста и индивидуалноста?

5. Како Бог ги користи впечатоците? Како можеме да ги злоупотребиме?

2015 • 2. Квартал

3. лекција – Божјиот глас во природата

18. јули 2015
„Чудно грми Бог со гласот Свој, врши големи дела, за нас недостижни.“
— Јов 37,5.
„Погледнете ги само чудесата и убавините на природата… Сончевата светлина и дождот што ја оживуваат и ја освежуваат Земјата, ритчињата, морињата и рамнините – сето тоа ни зборува за љубовта на Творецот.“
— Патот кон Христа, 6 (9).

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Воспитување, 97-103(113-120). Здравје и среќа, 29-33 (50-58).

Недела — 12. јули
1. УНИВЕРЗАЛЕН ГЛАС

а. Каде во светот на природата Божјиот глас не може да се слушне? Псалм 19,1-3.

„Природата им зборува на (нашите) сетила дека постои еден жив Бог, Творецот, Врховен Владетел над сè што постои… Убавината што ја краси земјата е знак на Божјата љубов. Неа можеме да ја гледаме во вечните ридови, во високите дрвја, во отворањето на пупките и нежните цвеќиња. Сето тоа ни зборува за Бога.“
— Патријарси и пророци, 23 (48).

б. Каква порака природата им упатува на луѓето ширум светот? Римјаните 1,20.

„Оние кои имаат вистинско знаење за Бога никогаш нема да станат толку занесени со законите на материјата или начинот на кој природата функционира, да го превидат или одбијат да го признаат сознанието за постојаното делување на Бога во природата. Природата не е Бог, ниту пак некогаш била. Гласот на природата сведочи за Бога, но природата не е Бог. Како негово создадено дело, таа претставува едноставно сведоштво за Божјата сила.“
— Одбрани пораки 1, 293.

Понеделник — 13. јули
2. ПОУКИ ОД ПТИЦИТЕ

а. Што Бог нѐ учи преку однесувањето на орелот? Исаија 40,31.

„Бурата понекогаш го принудува алпскиот орел да се спушти во тесните планински процепи. Тешките облаци ја опкружуваат оваа моќна планинска птица, нивните темни маси ја одвојуваат од сончевите висини во кои таа го направила својот дом. Нејзините напори да се избави изгледаат залудни. Таа се залетува таму ваму, распорувајќи го воздухот со своите моќни крилја и будејќи го екотот на планината со своите крици. Конечно, со победнички восклик, се вивнува кон височините и, пробивајќи ги облаците, повторно избива на јасната сончева светлина, додека темнината и бурата остануваат длабоко под неа. Така и ние можеме да бидеме опкружени со тешкотии, обесхрабрување и темнина. Можат да нè опколат лаги, неволји, неправди. Залудно се бориме против околностите. Сепак, постои еден, и тоа само еден пат да се победи. Испарувањата и маглите се припиваат до земјата; но над облаците сјае Божјата светлина. На крилјата на верата ние можеме да се издигнеме во светлината на Неговото присуство.“
— Воспитување, 101.102 (118.119).

б. Која уште една поука можеме да научиме гледајќи на птиците? Матеј 6,25.26.

„Природниот свет, сам по себе, нема никаква друга сила освен онаа со која Бог ја снабдува.“ – Одбрани пораки 1, 293.

„Птиците се учители на милозвучната поука за довербата. Нашиот Небесен Отец се грижи за нив; но тие мораат да ја собираат храната, мораат да ги градат своите гнезда и да ги подигаат своите млади. Секој миг тие се изложени на непријатели кои настојуваат да ги уништат. А сепак, колку радосно се занимаваат со својата работа! Колку се полни со радост нивните песни!“ – Воспитување, 101 (117).

„Да не се жалиме и тагуваме затоа што во овој живот не сме ослободени од разочарувања и неволји. Ако во Божјото провидение сме повикани да поднесеме искушенија, треба да го примиме крстот и да ја испиеме горчливата чаша, знаејќи дека Татковата рака ја става на нашите усни. Треба да се надеваме на Него во темница, како и во текот на денот.“
— 5 Сведоштво, 214 (316).

Вторник — 14. јули
3. ВЕРА КОЈА РАБОТИ

а. Кои други поуки за доверба Бог исто така сака да ги научиме од природата? Матеј 6,27-30. Дали треба да посветиме повеќе интерес, време и напор да му служиме на Бога или за исполнување на нашите секојдневни световни потреби? Матеј 6,30-33.

„Оној што ви го подарил животот, знае дека вам ви е потребна и храна за да го одржите. Оној кој го создал телото, не заборава дека ви е потребна и облека. Зарем Оној кој го дал најголемиот дар нема исто така да даде сè што е потребно тој дар да биде комплетен?“ – Мисли од гората, 96 (97).

„Божјиот закон е закон на љубовта. Тој ве опкружил со убавина која треба да ве поучи дека на земјата не сте поставени само да копате и да градите за себе, да се мачите и ткаете, туку со Христовата љубов да го направите животот посветол, радосен и убав – слично на цвеќето, со служба на љубовта да го развеселувате животот на другите.“
— Мисли од гората, 98.

б. Какви поуки можеме да научиме од некои други Божји созданија? Изреки 6,6-11; 30,25-28.

„Мравките даваат поука за трпелива трудољубивост, за истрајност во совладување на пречките, за промисла за иднината.“ – Воспитување, 101 (117).

„Во живеалиштата кои ги градат за себе мравките покажуваат вештина и истрајност. Понекогаш тие се мачат само за една трошка, но во тоа покажуваат чудесна посветеност и истрајност. Соломон ги прикажува во светот како укор за оние кои своето време го поминуваат во грешно безделничење, во навиките кои ги расипуваат и телото и душата. Мравката подготвува за идните времиња. Ова е поуката која мнозина надарени со силата на разумот ја занемаруваат. Тие не успеваат целосно да се подготват за идниот бесмртен живот кој Бог во Своето провидение го обезбедил за паднатиот човечки род.“ – Коментари на библиските текстови, 283.

„Исус истакнува дека напорот е неопходен и дека не нè ослободува од трудот, но Тој поучува дека Тој треба да ни биде прв, последен и најдобар во сè. Не треба да се впуштаме во такви работи и планови, ниту да копнееме по такви задоволства кои би можеле да пречат на делувањето на Неговата правда на нашиот карактер и на животот. Што и да правиме, треба да биде направено од срце, како за Господа.“
— Мисли од гората, 100 (99).

Среда — 15. јули
4. ДА БИДАТ КАКО ДРВОТО

а. Зошто е толку важно нашето проучување на природата? Што можеме да научиме за Бога? Псалм 111,4.6-8; Исаија 40,26.

„Колку време интелигентните луѓе посветуваа на коњските трки, фудбалските и другите натпревари! Меѓутоа, дали задоволствата кои ги даваат овие спортови ја поттикнуваат кај своите љубители желбата да дознаат нешто за вистината и правдата? Дали тоа ќе ги наведе да го сочуваат Бога во своите мисли и да се запрашаат: Како стојам со мојата душа?… Бог ги повикува Своите созданија да го свртат своето внимание од конфузијата и збунетоста со кои сме опкружени и да се восхитуваме на делата на Неговите раце. Додека ги проучуваме Неговите дела, небесните ангели ќе бидат покрај нас да го просветлат нашиот ум и да нè заштитат од измамите на сатаната. И додека гледаме на прекрасните нешта, што Божјата рака ги направила, нека вашите горделиви и неразумни срца ја почувствуваат својата зависност и инфериорност.“
— Совети за родителите, учителите и студентите, 378.

б. Со што се споредува христијанинот? Псалм 1,1-3; 92,12.13.

„Палмата го претставува животот на еден христијанин. Таа високо се исправува и зеленее среде топлиот пустински песок, и не умира; затоа што ја црпи својата храна од изворите на животот кои се наоѓаат длабоко под површината.“
— Коментари на библ. текст., 266.

в. Кои се некои од практичните поуки кои можеме да ги научиме од природата?

„Многубројни се поуките кои на овој начин можат да се научат (од природата). Самостојноста, од дрвото кое, растејќи само во рамнина или на падината на некој рид, ги пушта своите корени длабоко во земјата и со својата сурова сила и пркоси на бурата. Моќта на влијанието во раните години – од безоблично стебло полно со јазли кое се искривило додека била млада садница и на кое никаква земна сила веќе не може да му ја врати загубената симетрија. Тајната на светиот живот – од водениот лилјан кој, од површината на некој матен вир, опколен со плевел и отпадоци, го пушта своето шупликаво стебло сè до чистиот песок на дното и, извлекувајќи го од таму својот живот, ги подига своите мирисни цветови кон светлината во беспрекорна чистотија.“
— Воспитување, 103 (119).

Четврток — 16. јули
5. КАКО ДА ГИ РАЗБЕРЕМЕ ПОРАКИТЕ ОД ПРИРОДАТА

а. Чие водство ни е потребно за да ги разбереме пораките од природата? Јован 16,13; 14,26.

„Научете ги (децата) во целата природа да забележуваат докази кои насекаде се манифестираат во природата за Божјата грижа кон нас, која прекрасно се прилагодила на нашите потреби и среќа. Само оној кој во природата го препознава делото на својот Татко, кој во богатството и убавината на земјата го чита Татковиот ракопис – само тој од сè што е во природата извлекува најдлабоки поуки и само нему сè што е во природата му служи на највозвишен начин. Само оној кој на сето тоа гледа како на израз на Божјата мисла, откровение на Создателот, може целосно да го процени значењето на ридот и долината, реката и морето.“
— Воспитување, 103 (119.120).

б. Кој настан најјасно нѐ учи на пораките на природата? Јован 1,4.

„Поуките на природата можат правилно да се прочитаат само во светлината што сјае од Голгота. Историјата на Ветил и на крстот нека покажат како доброто ќе го надвладее злото и како секој благослов што го примаме е дар на откупувањето. Злото кое расипува и уништува е претставено со боцки и трње, со плевел и троскот. Во птицата што пее и отворањето на цветот, во дождот и сонцето, во летното ветерче и нежната роса, во десетици илјади предмети во природата, од дабот во шумата до темјанушката што цути при неговиот корен, се гледа љубов која обновува. И природата сè уште ни зборува за Божјата добрина.“
— Воспитување, 87 (101).

Петок — 17. јули
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што и денес Бог се обидува да ни каже преку природата?

2. Како птиците можат да нѐ научат на поуки за доверба во Бога?

3. Што можеме да научиме од мравката, едно од најмалите суштества?

4. Кои се некои од поуките кои можеме да ги научиме и од дрвјата?

5. Како Бог денес ни ги објаснува пораките кои се наоѓаат во природата?

2015 • 3. Квартал

4. лекција – Божји амбасадори

25. јули 2015
„Слушај ја, синко, поуката на својот татко и не отфрлај го заветот на мајка си.“
— Изреки 1,8.
„Божјото незадоволство родителите со ништо повеќе не го предизвикуваат отколку со запоставувањето правилно да ги воспитаат своите деца. Бог им ги дал тие деца како света доверба да ги воспитаат за Него. Во извесна смисла тие пред своите деца стојат на местото на Бога.“
— Знаци на времето, 25. септември, 1901.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 313.314. 5 Сведоштво, 494.495.

Недела — 19. јули
1. АМБАСАДОРИ НА БОГА

а. Која е пораката на петтата заповед? Излез 20,12.

„Родителите имаат право на љубов и почит повеќе од кој и да е друг. Самиот Бог, кој ги задолжил за душите доверени на нивна грижа, определил родителите во првите години на детскиот живот пред децата да бидат Негови претставници. Затоа, секој што го отфрла законитиот авторитет на родителите, го отфрла Божјиот авторитет.“
— Патријарси и пророци, 313 (308).

б. Како родителите да им помогнат на малите деца? Изреки 22,6.

„Родителите се должни да работат на спасување на оние кои се премногу млади за да ја разберат разликата помеѓу доброто и злото. Тие во никој случај не треба да мислат дека доброто природно ќе преовладува во срцата на нивните деца. Тие внимателно треба да внимаваат на зборовите и постапките на своите деца за непријателот да не се здобие со влијание врз нив.“
— Знаци на времето, 25. септември, 1901.

Понеделник — 20. јули
2. СТРАШНА ОДГОВОРНОСТ

а. Како родителите треба да се справат со најсериозната одговорност која некогаш е дадена на човештвото? Ефесјаните 6,4.

„Поради некоја причина многу родители не сакаат на своите деца да им даваат верски поуки, и ги препуштаат во саботна школа да собираат знаење, а нивна привилегија и обврска била да им го пренесат… Бог им заповеда на припадниците на Својот народ да ги воспитуваат своите деца во наука и страв Господов. Што значи во наука и страв Господов? Тоа значи да ги воспитуваат така што во животот секогаш ќе се управуваат според Неговата Реч и дадените поуки. Тоа значи да им помогнат да добијат јасно разбирање за условите за влез во Божјиот град. Портите на Божјиот град нема да бидат отворени за сите кои сакаат да влезат таму, туку само за оние кои се поучувани да ја знаат Божјата волја и кои ги предале своите животи на Негова контрола.“ – Совети за родителите, учителите и студентите, 109.

„Љубезно, искрено и нежно родителите треба да се залагаат за своите деца, негувајќи ја секоја добра особина и потиснувајќи ја секоја зла особина која се развива во нивниот карактер.“ – Знаци на времето, 25 септември, 1901.

„Никаква друга работа не би смеела да ви биде толку важна за да ве спречи на своите деца да им го посветите сето потребно време, за да можете да им помогнете да сфатат што значи да се слуша и целосно да се доверат на Господа.“
— Адвентен дом, 124 (183.184).

б. Кој го поучувал Тимотеј во неговиот дом, и како тие учители влијаеле на неговиот живот кога бил уште дете и во доба на младоста? 2 Тимотеј 1,5; 3,15.

„Таткото на Тимотеј бил Грк, а мајка му Еврејка. Тој уште од дете ги познавал Светите списи. Побожноста што ја видел во својот дом била здрава и разумна. Верата на неговата мајка и баба во светите пророштва за него претставувала постојан потсетник на благословите што произлегуваат од исполнувањето на Божјата волја. Божјата Реч била правило според кое тие две побожни жени го воделе Тимотеја. Духовната сила на поуките што ги добил од нив го сочувале чист во зборовите и неизвалкан со лошите влијанија со кои бил опкружен. Така неговите домашни учители соработувале со Бога, подготвувајќи го да го носи товара.“
— Делата на апостолите, 158 (203).

Вторник — 21. јули
3. УЛОГАТА НА ДИСЦИПЛИНАТА

а. Која е целта на дисциплината? Псалм 144,12; Изреки 25,28; 16,32.

„Целта на дисциплината е детето да се обучи да владее со себе. Тоа треба да се научи на самодоверба и самоконтрола… Помогнете му да согледа дека сè е подложно на одредени закони и дека непослушноста на крајот доведува до пропаст и страдање… Вистинската цел на укорот се постигнува дури кога самиот престапник ќе биде наведен да ја согледа својата грешка и кога неговата волја ќе се согласи да ја исправи. Кога ќе го постигне ова, укажете му на изворот на простување и сила.“ – Совети за правилно воспитување на детето, 167 (223).

„Едно дете, кое е правилно дисциплинирано во начелата на вистината, кому љубовта и стравот Божји му се проткаени во карактерот, ќе поседува сила за добро во овој свет, која не може да се процени.“
— Совети за правилно воспитување на детето, 120 (163).

б. Како треба да се дисциплинираат децата доверени на наша грижа? Изреки 29,15; Колосјаните 3,21.

„Прво резонирајте со своите деца, јасно укажувајќи на нивните грешки, втиснувајќи го врз нивниот ум фактот дека тие не само што имаат згрешено против вас, туку и против Бога. Со срце полно со сочувство и жал за твоите деца кои грешат, моли се за нив пред да ги казнуваш. Тогаш тие ќе видат дека не ги казнуваш затоа што ти причинуваат непријатност, или пак затоа што вие сакате да го истурите своето незадоволство врз нив, туку дека тоа е сторено од чувство на должност, за нивно добро; и тие ќе ве сакаат и почитуваат.“ – Совети за правилно воспитување на детето, 189 (252.253).

„Големо внимание родителите треба да покажат да не ги третираат нивните деца на таков начин што ќе предизвикаат тврдоглавост, непослушност и бунт. Родителите често ги поттикнуваат најлошите страсти на човечкото срце поради нивниот недостаток на самоконтрола. Поправајќи ги во духот на гнев и лутина, тоа кај нив повеќе го поттикнува постојното зло и духот на инает, отколку што влијае на добро.“ – RH, 15. ноември, 1892.

„Родители, никогаш не постапувајте импулсивно. Никогаш не го поправајте вашето дете кога сте лути; зашто ако го направите ова, ќе го обликувате според вашиот лик – импулсивно, страсно и неразумно. Цврстината можете да ја покажете без насилни закани или прекори.“
— Записник од австралиската унија, 6. септември, 1909.

Среда — 22. јули
4. СОВЛАДУВАЊЕ НА РОДИТЕЛСКИТЕ ГРЕШКИ

а. Која заповед им е дадена на сите деца да ги почитуваат своите родители? Ефесјаните 6,1. Што родителите можат да научат од советите дадени на учителите?

„Волјата на родителите, кога е во согласност со волјата на Бога, за децата треба да биде закон.“ – RH, 18. декември, 1900.

„Небесните гласници се пратени да им служат на оние кои ќе го наследат спасението; и тие ќе разговараат со учителите, ако тие не се задоволуваат да одат по заталканите патишта на традициите, ако истите нема толку да се плашат да излеземе од сенката на овој свет. Учителите треба да внимаваат да не ја затворат вратата и со тоа да Му оневозможат на Господа да најде влез во срцата на младите.“
— 6 Сведоштво, 120 (161).

б. Што треба да правиме кога ќе го анализираме она што требало да го направиме во детството? 1 Солунјаните 5,21.

„Кај сите што биле одбрани да извршат некое дело за Бога, се забележува човечки елемент. Но тие не смееле да останат неизменети во своите навики и во карактерот, задоволувајќи се со тоа да останат во таа состојба. Тие најсесрдно се труделе од Бога да примат мудрост и да научат како треба да работат за Него… Бог не им дава на луѓето небесна светлина сè додека тие се задоволни со себе и наклонети да останат во темнина. За да може да ја прими Божјата помош, човекот мора да ја увиди својата слабост и нецелосност; тој мора својот дух да го прилагоди кон онаа голема промена што треба да се изврши во него; тој мора биде поттикнат на сесрдна молитва и на истрајни напори. Лошите навики и обичаи треба да се отфрлат; само со решително настојување таквите заблуди да се исправат и да им се подложат на исправните начела, може да се извојува победа. Сите што се способни да заземат некоја корисна положба во животот, мораат да поминат низ најтешка духовна и морална дисциплина и Бог ќе им помогне обединувајќи ја својата божествена сила со нивните човечки напори.“
— Патријарси и пророци, 251 (248).

в. Колку генерации на нашите предци ќе имаат влијание врз нашите навики? Излез 20,5.

Четврток — 23. јули
5. ПОБЕДАТА Е МОЖНА

а. Кога Мојсеј бил млад човек, каков избор тој направил? Што му овозможило да ги надмине последиците од својот живот во Египет? Евреите 11,24-27.

„Мојсеј бил научен на многу нешта кои тој требало да ги заборави. Влијанијата што го опкружувале во Египет – љубовта на неговата хранителка и втора мајка – високата положба што ја заземал како царев внук, распуштениот живот во сè, превејаното мудрување, препреденоста, мистичноста на лажната вера, раскошот на идолското обожавање, свечената величественост на архитектурата и скулптурата – сето тоа оставало длабок впечаток врз умот при неговиот развој и до извесна мерка ги вообличувало неговите навики и неговиот карактер. Тие впечатоци можело да ги избрише само времето, промената на околината и постојаното одржување на врска со Бога. И самиот Мојсеј од своја страна морал да се бори како човек што се бори за животен опстанок, да ја отфрли заблудата и да ја прифати вистината, но кога таа борба би станувала премногу тешка за човечката сила, Бог бил негов помошник.“
— Патријарси и пророци, 251 (248).

б. Како можеме да ги охрабриме нашите деца да го совладаат гревот? 2 Петрово 1,4; 1 Коринтјаните 15,57.58; Изреки 24,16 (последен дел).

„Нека децата и младите бидат поучени дека секоја грешка, секоја мана, секоја тешкотија што сме ја совладале, станува скалило кон она што е подобро и повозвишено. Со такви искуства постигнале успех сите кои некогаш живееле живот вреден за живеење.“
— Совети за детето, 191 (255).

Петок — 24. јули
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кога зборовите на родителите за нивните деца се како Божји глас?

2. Како можеме да ги воспитаме децата во науката и стравот Господов?

3. Што мораме да постигнеме за да бидеме успешни кога ги дисциплинираме и воспитуваме децата?

4. Низ која голема промена мораме да поминеме за да може Бог да нѐ употреби?

5. Како можеме да ги победиме лошите навики кои сме ги формирале во детството?

2015 • 3. Квартал

5. лекција – Божјиот глас во црквата

1. август 2015
„Која е предноста на Јудејците, или која е ползата од обрезанието? Голема, на секој начин, и пред сè што ним им се доверени Божјите објавувања.“
— Римјаните 3,1.2.
„Бог го избрал Израел… да го сочува кај луѓето знаењето за Неговиот закон и за симболите и пророштвата што укажувале на Спасителот… Тие требало да им го откријат Бога на луѓето.“
— Копнежот на вековите, 12 (27).

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апост., 147-156 (188-200).

Недела — 26. јули
1. БОГ ЗБОРУВА ПРЕКУ ЦРКВАТА

а. Кое било првото упатство кое Исус му го дал на Савле од Тарс по неговото обраќање? Дела 9,6.

„Мнозина имаат идеја дека само пред Христа се одговорни за светлината што ја примиле и за искуствата што ги стекнале, независно од Неговите признати следбеници на земјата… Но Христос ги уважува орудијата што ги наменил за просветлување и за спасување на луѓето; Тој ги упатува грешниците во црквата.“
— Делата на апост., 95 (122).

б. Колку е важно да се слушне Божјиот глас кој зборува преку Неговата црква и соработува со Неговиот народ? Матеј 18,18-20.

„Господ има организирано тело преку кое Тој ќе работи.“ – Одбрани пораки 3, 17.

„Спасителот на светот не ги одобрува искуствата и верските потфати независно од Неговата организирана и признаена црква… Спасителот го поврзал (Савле) со посредство на Неговата црква на која ѝ дал упатства што да направат со него… Сè било направено во Христово име и Неговиот авторитет; но каналот на комуникација била црквата.“
— Кратки записи од животот на Павле, 31.32.

Понеделник — 27. јули
2. СЛУШАЊЕ НА БОГА КОЈ ЗБОРУВА ПРЕКУ ЦРКВАТА

а. Три години подоцна, откако Исус лично го учел, каде Савле (сега наречен Павле) отишол? Галатјаните 1,1.15-19.

„И покрај тоа што бил лично научен од Бога, Павле никогаш немал некое претерано високо мислење за својата вредност. Иако за водство и патоказ се потпирал директно врз Бога, секогаш бил подготвен да го признае авторитетот на целото тело на верниците обединети во членство на црквата.“ – Делата на апост., 156 (200).

„Бог никогаш не одредил умот и расудувањето на еден човек да биде владејачка сила. Тој никогаш не одредил еден човек да управува и планира без внимателно разгледување пратено со молитва на целото тело.“ – Одбрани пораки 3, 16.17.

„Дури и најдобрите луѓе, ако се препуштени само на себе, прават грешки во расудувањето… Колку поголеми одговорности му се доверени на едно човечко орудие, колку е поголема неговата положба и можноста да заповеда и да контролира, толку поголеми штети ќе направи ако не се придружува внимателно кон Господовиот пат и ако не постапува во согласност со одлуките усвоени на генералниот совет на обединетите верници.“
— Делата на апостолите, 155 (198.199).

б. Што се случило во старозаветно време кога од Бога избраното раководство било љубоморно критикувано? Броеви 12,1.2.9.10. Што можеме да научиме од ова?

„Оние кои мислат дека нивниот личен суд е најисправен, се наоѓаат во голема опасност. Сатаната посебно се труди таквите да ги оддели од оние кои претставуваат канали на светлината и преку кои Бог сака да го изгради и да го прошири Своето дело на земјата. Да се занемарат и да се презрат оние што Бог ги одредил да понесат одговорности на водство во делото на ширење на вистината, значи да се отфрлат орудијата што Бог ги одредил да служат како помош, поддршка и сила на Неговиот народ. Секој работник во делото Господово, кој не ги почитува овие луѓе, и кој смета дека светлината не доаѓа ниту на еден друг начин, туку само непосредно од Бога, самиот себеси се става во положба во која непријателот може да го измами и да го совлада. Во Својата мудрост Господ одредил со помош на верниците во црквата, како христијанско братство, сите верници да бидат меѓусебно тесно поврзани, верник со верник, црква со црква.“
— Делата на апостолите, 127 (164).

Вторник — 28. јули
3. СОРАБОТКА СО ОДЛУКИТЕ НА ЦРКВАТА

а. Со каква почит треба да се прифатат легитимните одлуки на црквата? 1 Петрово 5,5; Евреите 13,17; Изреки 11,14.

„Господ повеќепати ми покажа дека човекот никогаш не треба слепо да се поведува по другите… Кога на заседанието на Генералната Конференција ќе дојде до израз расудувањето на браќата од целиот свет, тогаш личната независност и суд на поединецот не смеат и понатаму тврдоглаво да се застапуваат, туку мораат да се потчинат… Божјиот налог е дека авторитетот на Генералната Конференција кој го сочинуваат ополномоштените претставници од сите краеви на светот треба да се признае… Затоа авторитетот кој често сме склони да го припишуваме на еден човек или на една помала група на луѓе треба да се придава само на највисоката институција во организацијата на црквата.“ – 9 Сведоштво, 196.197 (260.261).

„Најголемата власт под небото Бог ја доделил на Својата црква. Тоа е Божји глас изразен преку Неговиот народ обединет во црква, и тоа треба да се почитува.“
— 3 Сведоштво, 418 (451).

б. Каков став Господ бара црковните водачи да имаат кон своите верници? Филипјаните 2,3-8.

Среда — 29. јули
4. ЦРКВАТА НИКОГАШ НЕ ГО ЗАМЕНУВА БОГА

а. Може ли некој службеник или член на црквата да одлучува за личната должност на другите членови? Матеј 20,25-28.

„Сите што го прифаќаат човечкиот авторитет, црковните обичаи или традициите на татковците, треба да го послушаат предупредувањето изречено во Христовите зборови: ‘Но напразно Ми се поклонуваат, учејќи науки, што се човечки заповеди’ (Матеј 15,9).“ – Копнежот на вековите, 300 (398).

„Толку многу пати ми беше наложувано да му кажам на нашиот народ: имајте вера и доверба во Господа. Немојте да дозволите еден смртен човек да ви одредува должност… Секој член на црквата мора да знае дека разјаснувањето и упатствата во поглед на својата должност треба да ги очекуваме само од Бога. Добро е кога браќата се советуваат меѓусебно; но кога луѓето како според некој закон пропишуваат што ќе работат нивните браќа, тие нека им одговорат дека го земале Господа за свој советник.“
— 9 Сведоштво, 210 (279.280).

б. Со кој совет, даден на црковните водачи, исто така треба да се раководи секој член кој доаѓа во искушение да го контролира однесувањето на друго човечко битие? Матеј 23,8,10-12.

„Наместо, злоупотребувајќи ја примената положба само да заповедаат и наредуваат, тие мораат да сфатат дека тие самите се ученици. Ако еден работник не е во состојба да ја сфати оваа поука, тогаш и за него и за Божјото дело ќе биде подобро тој, што порано да биде ослободен од доверените одговорности… Луѓето кои Господ ги поставил на одговорни положби во Своето дело, мораат да негуваат понизност и секогаш да се чувствуваат зависни од Него. Тие не смеат да копнеат да здобијат што поголем авторитет и углед, зашто Бог не ги повикал да заповедаат, туку да работат советувајќи се со своите соработници.“
— 9 Сведоштво, 203, 212.

Четврток — 30. јули
5. РЕШАВАЊЕ НА КОНФЛИКТИ

а. Која постапка била применета во решавање на конфликтот во раната црква? Дела 15,1-4. Што можеме да научиме од ова?

„Некои од верниците со еврејско потекло со голема сигурност тврделе дека никој не може да биде спасен без обрежување и држење на целокупниот церемонијален закон. Тоа било важно прашање и во голема мерка ја погодило црквата… Доаѓало до многу расправии и неслоги меѓу членовите… Секоја расправија и дебата околу тоа во меѓувреме требала да престане сè додека конечната одлука не ја донесат одговорните луѓе во црквата. Тогаш таа одлука требало универзално да ја прифатат верниците во сите краишта од светот.“
— Кратки записи од животот на Павле, 63.

б. Резимирајте го накратко Петровото излагање (Дела 11,2-17) и аргументот на Јаков (Дела 15,13-17). Кој го решил овој спор? Дела 15,28.

Петок — 31. јули
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како да знаеме дека Бог работи и зборува преку организирано тело?

2. Зошто одговорноста за управување со Божјата црква не е доверена на еден човек?

3. Како треба да се однесуваме кон одлуките донесени на заседанието од страна на претставниците на црквата?

4. Што во поглед на личната должност Бог сака да направиме, наместо да се обратиме на некој друг во црквата за совет?

5. Како ние треба да се справиме со спорните прашања во црквата?

2015 • 3. Квартал

6. лекција – Слушање на Божјото Слово

8. август 2015
„Затоа, верата доаѓа од слушањето на пораката, а пораката – од Божјото слово.“
— Римјаните 10,17.
„Бог ни зборува во Својата Реч.“
— Патот кон Христа, 56 (87).

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 199-213 (197-210).

Недела — 2. август
1. ВРХОВЕН АВТОРИТЕТ

а. Колкав авторитет Словото Божјо има над човечките учења? Псалм 119,105; Исаија 8,20.

„Светото писмо е совршено мерило на вистината.“ – Воспитување, 12 (601).

„Секое човечко учење треба да му се потчини на Божјото Слово.“ – Големата борба, 207 (204).

„Господ има за Својот народ само еден пат на сигурност, а тоа е патот на послушноста на Неговото Слово. Тоа Слово ни се дава како наш водич.“
— Библиско ехо, 19. август, 1895.

б. Како можеме да ги користиме нашите сили за размислување и правилно разбирање на Божјото Слово? Исаија 1,16-18; 1 Коринтјаните 1,18.25; 2,14-16.

„Кога ќе ја отвориме Библијата, нашиот разум мора да го признае авторитетот кој е поголем од неговиот, и срцето и умот мора да се поклонат перед големиот ‘ЈАС СУМ’.“ – Патот кон Христа, 71 (110).

„Мораме да внимаваме да не го обожаваме разумот кој често е подложен на човечките слабости и немоќи.“ – 5 Сведоштво, 484 (703).

„Кога ќе ја отворите Библијата, имајте посветено расудување и чиста совест. Вашето срце мора да биде поттикнато, душата допрена а разумот и интелектот разбудени од страна на Божјиот Дух; и тогаш светите правила откриени во Божјото Слово ќе и дадат светлина на душата.“
— RH, 7. февруари, 1893.

Понеделник — 3. август
2. СЛУШАЊЕ НА БОГА ПРЕКУ НЕГОВОТО СЛОВО

а. Каков ќе биде резултатот ако лично го слушаме Бога преку Неговото Слово? Второзаконие 4,6; Псалм 119,94.97-100.

„Библијата, таа драгоцена книга, содржи животни правила за луѓето од сите сталежи и сите животни повици.“ – 4 Свед., 321 (416).

„Ние ќе напредуваме во вистинско духовно познавање единствено ако ја сфатиме својата немоќ и својата целосна зависност од Бога. Сите што ѝ пристапуваат на Библијата со цел да се поучат од неа и кои со молитва во срцето ги проучуваат зборовите кои се сместени во неа, ќе добијат божествено просветлување.“ – 5 Сведоштво, 485 (704).

„Пребарувајте ја Библијата лично за себе и вие ќе се утврдите во верата. Најважно е постојано да го прегледувате Писмото, снабдувајќи го својот ум со богатството на Божјите вистини.“ – Библиско ехо, 15. октомври, 1892.

„Конзервативните традиции примени преку образованите луѓе и од трудовите на големите луѓе од минатото, не се безбеден водич за нас во овие последни денови… Секој ден, секој час, ние треба да се управуваме со принципите на Библиските вистини – принципи на правда, милост и љубов Божја. Оној кој сака да има морална и интелектуална моќ мора да се снабдува од божествениот извор. Во секој момент при донесување на одлука мора да се запраша: ‘Дали е ова патот на Господа’.“
— RH, 7. февруари, 1893.

б. Каква гаранција имаме дека Бог ќе разговара со нас поединечно, преку Библијата? Јован 6,63; Еремија 15,16; Псалм 34,8.

„Речта на живиот Бог не само што е напишана, туку е и изговарана. Библијата е Божји глас кој ни зборува исто толку сигурно како да го слушаме со свои уши. Ако тоа го сфатиме, со каква страхопочит ќе го отвораме Божјото Слово и со каква сериозност ќе ги проучуваме нејзините прописи! Тогаш читањето на Светото писмо и размислувањето за него ќе се смета за состанок и разговор со бесконечниот Бог.

Кога сатаната навалува на нашите мисли со своите сугестии, ние можеме да се засолниме во тајниот шатор на Севишниот ако се придржуваме до начелото: ‘Така вели Господ’. Многумина се потполно обземени од премногу планови, секогаш активни така што немаат време ниту место за драгоцениот Исус кој сака да им биде близок пријател и драг сопатник. Тие не Му ја доверуваат Нему секоја своја мисла и секоја постапка, распрашувајќи се: ‘Дали е ова Господовиот пат’? Кога би го правеле тоа, тие би оделе со Бога, како што правел Енох.“
— 6 Сведоштво, 293 (393).

Вторник — 4. август
3. БИТНА КОМУНИКАЦИЈА

а. Зошто се напишани Светите Списи? Јован 20,31.

б. Ако ние го отфрламе Божјиот глас во Неговото пишано слово, можеме ли да очекуваме дека Тој Својата волја ќе ни ја пренесе преку други средства? Лука 16,31; Изреки 28,9. Зошто?

„Законот и пророците се Божји одбрани средства за спасение на луѓето… Ако тие не го слушаат Божјиот глас кој зборува преку Неговото Слово, тогаш не би било прифатено ниту сведочењето на човек кој би воскреснал од мртвите. Оние што ќе го послушаат Мојсеј и пророците, нема да бараат поголема светлина од онаа што Бог им ја дал; но, ако ја одбијат светлината, ако пропуштат да ја искористат можноста што им се дава, луѓето нема да го послушаат ниту оној што би дошол од мртвите да им ја објави божествената порака. Не би ги уверил ниту тој доказ, зашто сите што ги отфрлиле законот и пророците ги стврднале своите срца така што ќе ја отфрлат секоја светлина.“
— Христовите поуки, 214 (265).

в. Зошто не можеме да се потпреме на некој друг да го слуша Бога место нас? Езекиел 14,12-14; 33,14-16.

„Вистината мораме да ја проучуваме сами за себе; ниту за еден човек, без оглед кој е тој или на каква положба се наоѓа, не можеме да се потпреме да размислува за нас. Ниту од еден човек не можеме да очекуваме да ни биде совршен водич. Ние треба меѓусебно да се советуваме и потчинуваме едни на други; но во исто време треба и да ги вежбаме своите од Бога дадени способности за да дознаеме што е вистина. Секој од нас лично треба да се моли за божествено просветлување, како би можел да развие карактер кој ќе ја издржи проверката во последниот ден… Мнозина ќе потонат во мракот на неверство, копајќи во Библијата за да ги поткрепат суеверните измислици, небиблиските теории и шпекулации на празната филозофија; меѓутоа, должност на секој поединец е да бара темелно познавање на Светите списи. Важноста и користа на проучување на Библијата не може да се прецени.“
— Библиско ехо, 15. октомври, 1892.

Среда — 5. август
4. ИСКУСТВО ОД ПРВА РАКА СО БОГА

а. Зошто жителите на Верија биле пофалени? Дела 17,10-12.

„Никој не може со сигурност да ја довери својата душа на некој проповедник или на оние луѓе кои се учени и талентирани. Исус ги обвинувал свештениците и управителите, кои се сметале за мошне упатени во Светите списи, дека не ги познаваат Писмата ниту силата Божја. Оние на кои Бог им доверил таленти одговорни се за користењето на нивните дарови, и Библијата треба да ја проучуваат како книга која може да се разбере. Додека луѓето грижливо ја пребаруваат Библијата таа ќе им отвори нови ризници на вистината кои ќе заблескаат како скапоцен накит во нивниот ум.“ – Знаци на времето, 20. август, 1894.

„Умните способности ако не се користат, ќе престанат да се прошируваат; ако својот духовен вкус – да ја сакаме Библијата – постојано не го поттикнуваме, вистините на Божјото Слово ќе престанат да ни бидат пријатни. Студентот може да ја види длабочината само на она што тој го истражил, и не може да го цени она што го надминува тесниот круг на неговите ограничувања. Меѓутоа, токму неговото незнаење ќе го натера да се вообразува, да биде зборлест и фалбаџија. Што можам да ви кажам, момчиња и девојки, за да ве разбудам на поенергични напори во совладување на пречките? Умните напори ќе ви станат полесни и ќе ви донесат поголеми задоволства ако си поставите задача да ги разберете длабоките Божји вистини. Секој треба да одлучи дека нема да биде студент од втора класа, дозволувајќи им на другите да мислат за него.“
— RH, 20. мај, 1890.

б. Што на Тимотеј му било речено да направи, додека чекал Павле да се врати? 1 Тимотеј 4,13.15.16.

в. Што им кажал Исус на оние кои ги слушаат Неговите зборови и им се покоруваат? Матеј 7,24.25.

„Оние кои ги слушаат и извршуваат Христовите зборови ѕидаат на карпа, и кога ќе наиде бурата, нивната куќа нема да се сруши. Преку верата во Исус Христос, тие ќе добијат вечен живот.“
— Денес со Бога, 215.

Четврток — 6. август
5. ПОДЛАБОКО ПРЕБАРУВАЊЕ

а. Колку длабоко треба да ја проучуваме Библијата? Колосјаните 3,23; 1 Солунјаните 5,21.

„Меѓутоа, малку корист може да се извлече од брзото читање на Писмото. Некој може да ја прочита целата Библија, а пак да пропушти да ја види нејзината убавина или да го сфати нејзиното длабоко и скриено значење. Многу е покорисно да се проучува еден пасус сè додека неговото значење не стане целосно јасно, а неговиот однос кон планот на спасението очигледен, отколку да се читаат бројни поглавја без некоја одредена намера и без стекнување на полезни поуки. Библијата нека биде со вас. Кога ќе ви се укаже можност, читајте ја; врежувајте ги текстовите во својата меморија. Дури и кога одите по улица, може да издвоите некој стих и така да го врежете во меморијата.“ – Патот кон Христа, 58.59 (90).

„Вие треба да Му понудите на Бога ништо помалку од најдоброто. Додека стекнатото знаење го применувате во пракса треба да работите сè подобро и подобро. Додека тежнеете да проникнете во предметот кој бара истражување, споредувајте ги не само мислите и идеите на луѓето за кои станува збор, туку исто така споредувајте ги и библиските стихови еден со друг за да го сознаете она што треба да го знаете за секоја точка на верата. Таквото оптоварување на умот само ќе ја зајакне вашата ментална моќ за поголеми напори.“ – RH, 20. мај, 1890.

„Разбирањето на библиските вистини не зависи толку од интелектуалната моќ на оној што проучува колку од искрените намери и од искрената желба за праведност.“
— Големата борба, 624 (599).

Петок — 7. август
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кои се условите за добивање на просветлување од Бога додека ја проучуваме Библијата?

2. Кое прашање треба да си го поставиме пред да донесеме било каква одлука?

3. Какво влијание пребарувањето на Светото писмо ќе има на нас?

4. Што ќе биде кога не ја познаваме нашата Библија?

5. Наместо да читаме многу библиски поглавја, а притоа ништо да не научиме, како можеме да откриеме длабоки и скриени вистини во Библијата?

2015 • 3. Квартал

7. лекција – Како да ја проучуваме Библијата

15. август 2015
„Најважна е мудроста: придобивај мудрост и за сиот свој имот придобивај разумност.“
— Изреки 4,7.
„’Кој не сака да работи, тој нека и не јаде’ (2 Сол. 3,10). Истото ова правило може да се примени и на нашата духовна храна; ако некој сака леб на вечен живот треба да вложи некој напор за да го добие.“
— Вера и дела, 49.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 525-533 (593-602).

Недела — 9. август
1. ПОТРЕБЕН Е НАПОР

а. Што е потребно при проучување на Библијата? Изреки 2,1-5.

„Ние не можеме да стекнеме мудрост без сериозно, внимателно проучување и молитва. Некои делови на Писмото навистина се премногу јасни за да бидат погрешно разбрани; но има и такви чиешто знаење не лежи на површината за да се види на прв поглед. Треба да се споредува еден библиски текст со друг. Мора грижливо да се истражува, со молитва и размислување. И таквото проучување ќе биде богато наградено. Како што рударот ги открива жилите на скапоцената руда скриена под површината на земјата, така и оној, кој трпеливо ја проучува Божјата реч, како да бара скриено богатство, ќе ја најде вистината со најголема вредност која била скриена од погледот на безгрижниот истражувач.“
— Патот кон Христа, 59 (90.91).

б. Можеме ли да останеме задоволни со она што ние самите или пак некои други истражувачи веќе го откриле во Светите списи? Матеј 13,52; Изреки 4,18.

„Ние треба да откриваме нови аспекти на вистината и во Стариот и во Новиот завет, да ја согледуваме извонредната ширина и областите на вистините кои мислиме дека ги разбираме, но за кои имаме само површно познавање. Оној кој искрено ги пребарува Светите списи ќе види дека постои хармонија помеѓу разните делови на Библијата.“
— Библиско ехо, 15. октомври, 1892.

Понеделник — 10. август
2. ИСКРЕНОТО ИСТРАЖУВАЊЕ ЌЕ БИДЕ НАГРАДЕНО

а. Што е поважно од интелигенцијата за да правилно ја разбереме Библијата? Матеј 11,25; Псалм 25,9.

„Понекогаш се случува луѓе со интелектуални способности, усовршени со образование и култура, да не успеваат да разберат некои делови од Светото писмо, додека необразованите и неуките чијашто моќ на разбирање се чини слаба сепак ја сфаќаат нивната смисла и наоѓаат сила и утеха во тоа што образованите го прогласиле за неразбирливо и безначајно. Зошто? Ми беше објаснето дека вторите не се потпираат на својот разум. Тие се обраќаат кон Изворот на светлината, кон Оној што го инспирирал Светото писмо и со понизно срце бараат мудрост од Бога и Тој им ја дава. Постојат рудници на вистината кои допрва треба да бидат откриени од страна на сериозните истражувачи. Христос ја прикажал вистината како богатство скриено во полето. Тоа не лежи на површината; мораме да копаме за да дојдеме до него. Но, нашиот успех во пронаоѓањето не зависи толку многу од нашите умни способности, туку од понизноста на нашето срце и од верата која ќе ја добиеме со божествена помош.“
— 5 Свед., 485 (704).

б. Кој ќе ни даде разбирање на основните библиски вистини? Изреки 2,6; Лука 10,21; 24,25. Зошто за нашето спасение не е неопходно да бидеме во можност да знаето да го објасниме она што е тешко да се разбере во Библијата?

„Мнозина сметаат дека врз нив лежи одговорност дека мораат да ги објаснат сите привидни тешкотии во Библијата, за да се спротивстават на нападите на неверниците и скептиците. Меѓутоа, обидувајќи се да го објаснат она што не можат да го сфатат целосно, тие се изложуваат на опасност да ги збунат другите дури и за оние прашања кои се целосно јасни и кои се лесни за сфаќање. Тоа не е нашата задача. Ниту пак треба да жалиме што постојат вакви тешкотии, туку треба да ги прифатиме како дозволени од страна на Божјата мудрост. Должни сме да го прифатиме Неговото Слово, кое е јасно во сите прашања важни за спасението на душата, и да ги применуваме неговите начела во практичниот живот, учејќи ги другите со зборови и со пример. Така светот ќе види дека сме поврзани со Бога и ќе стекне доверба во Неговото Слово. Со побожен живот, кој секојдневно е пример за исправност, благост и несебична љубов, ние ќе бидеме живо толкување на Божјото Слово и тоа ќе биде еден аргумент во корист на Библијата на кој малкумина ќе бидат во можност да се спротивстават.“
— 5 Сведоштво, 486 (705.706).

Вторник — 11. август
3. ИМАЊЕ НА ПРАВИЛЕН СТАВ

а. Каков став треба да имаме кога ќе ја проучуваме Библијата? Псалм 10,17; 46,10; Исаија 57,15.

„При проучувањето на Библијата треба да пристапиме со почит, чувствувајќи дека ние се наоѓаме во присуство на Бога. Сè што е неважно и безначајно треба да биде оставено на страна. Додека некои делови од Божјото Слово лесно се разбирливи, вистинското значење на другите делови не е толку лесно да се сфатат. Мора да се проучува трпеливо со побожно размислување и искрена молитва. Секој истражувач, кога го отвора Писмото, треба да побара просветлување од Светиот Дух, а ветувањето дека ќе му се даде е сосем сигурно. Духот со кој ќе пристапите при истражувањето на Светите списи ќе определи кој ќе ви биде помошник во тоа проучување. Ангелите од светот на светлината ќе бидат со оние кои со понизно срце бараат божествено водство. Но, ако Библијата се отвора со непочитување, со чувство на самодоволност, ако срцето е полно со предрасуди, тогаш сатаната е покрај тебе, и тој јасното излагање на Божјото слово ќе го прикаже во една изопачена светлина.“
— Сведоштво за проповедници, 107.108.

б. Како треба да одговориме на заклучоците на другите луѓе за тоа што вели Библијата? 2 Тимотеј 2,15; Дела 17,11.

„Вистината е вечна, и судирот со заблудата само ја манифестира нејзината сила. Никогаш не треба да го одбиеме истражувањето на Светите списи со оние кои, со причина веруваме, сакаат да знаат што е вистина, како и ние. Да претпоставиме дека еден брат има став кој се разликува од твојот, и тој доаѓа кај тебе, предлагајќи да седнете и заедно да го преиспитате тоа прашање во светлината на Светите списи; треба ли да останете полни со предрасуди и да ги осудите неговите идеи, одбивајќи дури и да го сослушате? Единствен вистински начин би бил да седнете како христијани и предложеното мислење да го преиспитате во светлината на Божјото Слово, кое ќе ја открие вистината и разобличи заблудата. Со исмејување на неговите идеи нема да ја ослабете неговата позиција, иако е погрешна, или да ја зајакнете својата позиција, иако е исправна. Ако столбовите на нашата вера не можат да го издржат тестот на истражувањето, време е тоа да го дознаеме; бидејќи е непромислено да останеме неподвижни во своите идеи, мислејќи дека никој не треба да се меша во нашето мислење. Сè треба да биде проверено со Библијата; бидејќи таа е единственото правило на верата и доктрината.“
— Библиско ехо, 15. октомври, 1892.

Среда — 12. август
4. РАЗБИРАЊЕ НА ЗБОРОТ БОЖЈИ

а. Како можеме да бидеме сигурни дека кој било дел од Библијата правилно сме го разбрале? Исаија 28,10.13; 2 Коринтјаните 13,1.

„Светото писмо мора да се објаснува со помош на други појасни негови делови… а оваа света Книга е лесно разбирлива за христијанинот во сè што му е потребно и дадена е да ја растера темнината. Затоа решивме, со Божја милост, да го сочуваме чистото проповедање на Неговото Слово, така како што е дадено во библиските книги на Стариот и Новиот завет, не додавајќи ништо што би било против него. Ова Слово е единствената вистина. Тоа е сигурно правило на науката на животот. Оној што гради на неговиот темел, ќе се одржи против сите сили на пеколот; сите човечки суети што му се противат на Божјото Слово, нема да се одржат пред Божјото лице.“ – Големата борба, 205 (203).

„Книгата над книгите со право ја заслужува нашата најголема почит и внимание. Површното проучување не може да ги задоволи тие оправдани барања, ниту може да ни ја донесе ветената корист. Ние треба да се стремиме да го научиме вистинското значење на зборовите на вистината и во изобилство да се напојуваме со духот на светите пророштва.“ – Библиско ехо, 1. октомври, 1892.

„Морате длабоко да копате во рудникот на вистината ако сакате да допрете до неговите најголеми богатства. Споредбата на стихот со стихот ќе го открие вистинското значење на текстот; но ако светото учење на Словото Божјо не го направите правило и водич во вашиот живот, и вистината за вас нема да значи ништо.“ – Мојот живот денес, 26 (22).

б. Како Исус го користел овој метод за да се спротивстави на искушенијата на сатаната? Матеј 4,6.7; Исаија 59,19.

„Искушенијата често се чинат незадржливи затоа што се занемарува молитвата и проучувањето на Библијата и што оној кој е подложен на искушение не може веднаш да се сети на Божјите ветувања за да го пречека сатаната со библиското оружје. Но ангелите постојано се наоѓаат околу оние што се подготвени да бидат поучени на божествените работи и во мигот кога имаат голема потреба тие ќе ги потсетат токму на вистините што им се потребни. Така, ‘Ако непријателот надојде како река, духот на Господ ќе го истера’ (Исаија 59,19).“
— Големата борба, 624 (600).

Четврток — 13. август
5. ПОЧНЕТЕ СО МОЛИТВА

а. Зошто треба да се молиме пред да ја отвориме Библијата? 1 Коринтјаните 2,11-13; Јаков 1,5; Псалм 10,17.

„Ако не нè води Светиот Дух, постојано сме во опасност погрешно да го толкуваме Светото писмо… Мнозина ја читаат Библијата, но немаат никаква корист од тоа, туку само штета. Ако Божјата реч ја отвораме без страхопочит, ако мислите и љубовта не се насочени кон Бога и не се во согласност со Неговата волја, умот ќе им подлегне на сомневањата и таквото читање на Библијата уште повеќе ќе го зајакне скептицизмот. На тој начин непријателот презема власт над мислите и сугерира толкувања кои не се точни.“
— 5 Сведоштво, 466 (704.705).

б. Чија помош треба да бараме во молитва? Лука 11,9-13. Што ќе направи тој Помошник за нас? Јован 16,13; 14,13.16.17.26.

„Библијата никогаш не смее да се проучува без молитва. Само Светиот Дух може да ни помогне да ја сфатиме важноста на оние работи што лесно можат да се разберат и да не сочува од извртување на оние точки на вистината што тешко се сфаќаат. Службата на небесните ангели се состои во тоа да ги подготват нашите срца за да го разбереме Божјото Слово, да бидеме одушевени со неговата убавина, предупредени со советите и охрабрени и засилени со ветувањата што се наоѓаат во него. Молбата на псалмистот: ‘Отвори ги очите мои, и ќе ги разберам чудесата од Твојот закон’ (Псалм 119,18), треба да биде и наша молба.“
— Големата борба, 624 (599.600).

Петок — 14. август
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Колку внимание и фокус треба да подариме на проучување на Библијата?

2. Што е поважно од интелигенцијата при проучувањето на Библијата?

3. Како можеме да обезбедиме помош на ангели во разбирањето на Библијата?

4. Зошто искушенијата често не совладуваат?

5. Како секој пат треба да се подготвиме пред да почнеме да ја проучуваме Библијата?

2015 • 3. Квартал

8. лекција – Разбирање

22. август 2015
„Тешко им на оние, кои злото го нарекуваат добро, а доброто – зло; темнината ја сметаат за светлина, светлината – за темнина, горчливото – за слатко, а слаткото – за горчливо! Тешко им на оние, кои се мудри во своите очи и разумни перед самите себеси.“
— Исаија 5,20.21.
„Нека Божјиот народ Му се моли со јасно духовно расудување, како би можел да прави разлика меѓу човечките теории од Словото на живиот Бог. Нека го проучува Светото писмо.“
— Објавени ракописи 18, 151.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Коп. на век., 646-651 (668-672).

Недела — 16. август
1. ОДЛУЧНОСТ ДА СЛУШАМЕ

а. Како можеме да бидеме сигурни дека го слушаме гласот на Бога? Јован 10,27; Матеј 7,16-20.24-27; Галатјаните 5,22.23.

„Доброто дрво ќе раѓа добри плодови. Ако плодот не е вкусен и не е корисен, дрвото е лошо. Така и родот што се донесува во животот дава доказ за состојбата на срцето и за совршеноста на карактерот. Со добри дела никогаш не може да се купи спасение, но тие се знак на верата, која работи преку љубовта и ја чисти душата. Иако вечна наградата не се доделува поради нашите заслуги, таа сепак ќе биде во сооднос со делото извршено преку Христовата благодат.

Така Христос ги изложил начелата на Своето царство и покажал дека тие се големи животни правила. За да остави впечаток за поуката кај Своите слушатели, Тој додава илустрации. Не е доволно, вели Тој, да ги слушате Моите зборови. Преку послушност вие мора да ги направите основа на вашиот карактер. Самодовербата е жив песок. Ако градите на човечки теории и измислици, вашата куќа ќе се сруши.“
— Копнежот на вековите, 231 (314).

б. Што покажува дека Исус навистина го слушал својот Отец? Како треба во ова и ние да се угледаме на Христовиот пример? Јован 5,19.20.36.

Понеделник — 17. август
2. ОСВРТ НА ИСТОРИЈАТА

а. Какви во поглед на слушањето на Божјиот глас биле разновидните искуства на црквата во текот на вековите? 2 Царевите 22,13; 23,3; Захарија 7,11-13; Еремија 29,17-19.

б. Какви лични сведоштва Еремија и Давид оставиле за своето слушање на Божјиот глас? Еремија 15,16; Псалм 119,57-60.

в. Што можеме да научиме од искуството на Исусовите ученици во слушањето на Божјиот глас? Марко 7,5-8; Матеј 28,19.20.

„Меѓутоа, ним сè уште им било многу тешко да ја воочат јасната разлика меѓу Неговите поуки и преданијата и начелата на книжниците и фарисеите. Тие биле воспитани учењето на рабините да го прифатат како глас Божји и тоа сè уште имало силно влијание врз нивните умови и во обликувањето на нивното мислење. Во нивното срце земните идеи и временските работи сè уште заземале големо место. Тие не можеле да ја разберат духовната природа на Христовото царство, иако Тој многупати им ја објаснувал. Нивните умови биле збунети. Не ја сфаќале вредноста на библиските стихови кои Христос ги изнесувал. Многу од поуките што им ги упатувал како да биле напразни.“ – Копнежот на вековите, 520 (670).

„Во налогот што го оставил на Своите ученици, Христос не само што им ја одредил нивната задача, туку им ја дал и пораката која треба да ја објавуваат. ‘Научете го народот’, рекол Тој, ‘да држи сè што вам ви заповедав’ (Матеј 28,20). Учениците требало да го поучуваат она што Христос го поучувал. Со тоа било опфатено сè што Тој кажал, не само лично, туку и преку пророците и учителите од Стариот завет. Човечките учења се исклучени. Тука нема места за традиции, ниту за човечки теории и заклучоци или за црковни прописи. Тој налог не опфаќа никакви закони издадени од страна на црковни авторитети. Христовите слуги не треба да проповедаат ништо од тоа. ‘Законот и пророците’, заедно со она што е напишано за Христовите зборови и дела – тоа богатство доверено на учениците требало да го пренесат на светот.

Христовото име било нивна лозинка, знак за нивно распознавање, врска на нивното единство, овластување за нивната работа, и извор на нивниот успех. Во Христовото царство не треба да се признае ништо што не носи Негов натпис.“
— Копнежот на вековите, 641 (826).

Вторник — 18. август
3. СЛУШАЊЕ НА ГЛАСОТ НА СОВЕСТА

а. Од искуството на апостол Павле, колку е важно да се слуша гласот на нашата сопствена совест? Дела 24,16; 1 Тимотеј 1,19; 1 Јованово 3,21.

б. Што ќе се случи ако занемариме да го следиме гласот на совеста? Матеј 6,22.23; Тит 1,15; 1 Тимотеј 4,2.

„Ако човекот еднаш не сака да им се покори на повиците, опомените и укорите на Светиот Дух, неговата совест станува закоравена и вториот пат ќе му биде уште потешко да се покори. И така со секое повторување станува сè потешко. Совеста е гласот на Бога кој го слушаме среде судирот на човечките страсти. Спротивставувајќи ѝ се на истата, ние го жалостиме Светиот Дух.“ – 5 Сведоштво, 79 (120).

„Чесност во намерата, сесрдна верност кон Бога, тоа се условите на кои укажуваат зборовите на Спасителот. Бидете искрени и непоколебливи во своето настојување да дојдете до вистината, и да се покорите по секоја цена и тогаш ќе добиете божествено просветлување. Вистинската побожност почнува кога ќе се прекине секоја врска со гревот…

Но ако окото е заслепено со самољубие, насекаде владее само темнина. ‘Но ако окото твое биде расипано, целото тело ќе ти биде темно’ (Матеј 6,23). Токму таква страшна темнина ги обземала Евреите во нивното упорно неверување, и ги спречувала правилно да го сфатат карактерот во мисијата на Оној кој дошол да ги спаси од нивните гревови.“
— Мисли од гората, 93 (91.92).

в. Што да правиме со секој впечаток или идеја кои ни изгледаат дека токму тоа Бог ни го кажува? Јован 5,39; Евреите 4,12.

„Впечатоците и чувствата не се сигурен доказ дека некои личности се водени од Господ. Слични впечатоци и чувства, ако во тоа не го спречиме, може да предизвика и сатаната. Ова не се сигурни водачи. Сите треба со внимателно проучување добро да се запознаат со доказите за нашата вера, за да можат своето исповедање да го украсат со донесување на соодветни плодови на слава на Бога.“ – 1 Сведоштво, 313 (413).

„Ако си во дилема за било кое прашање, најпрвин мораш да се консултираш со Писмото.“
— 5 Сведоштво, 355 (512).

Среда — 19. август
4. ЧЕСНОСТ

а. Каков е Божјиот став кон секоја нечесност и неискреност? Изреки 19,5; Дела 5,3-5.

„Но Бог ја мрзи дволичноста и лагата. Ананија и Сафира го изневериле Бога, го излажале Светиот Дух и нивниот грев бргу и страшно бил казнет.“ – Делата на апостолите, 56 (72).

„Бог сака со строгата казна што ги снашла тие кривоклетници да ни покаже колку длабока е Неговата омраза и презир кон секое преправање и измама.“ – Делата на апостолите, 59 (75).

„Во она што привидно е направено за Бога често има соперничко истакнување на самите себеси и фалбаџиско славење. Бог мрзи преправање. Кога мажите и жените ќе бидат крстени со Светиот Дух, тие ќе ги исповедаат своите гревови и ќе добијат опростување што значи оправдување. Но мудроста на оние што не сакаат да се покаат ниту да се понизат е дека треба да се биде независен, бидејќи се заслепени во поглед на значењето на праведноста и посветување преку вистината. Кога луѓето ќе ги соблечат облеките на самоправедноста, тие ќе ја увидат својата духовна сиромаштија и ќе се приближат кон онаа состојба на братска љубов која ќе покаже дека се во согласност со Христа.“
— Денес со Бога, 326.

б. Што може да се случи кога не сме искрени кон самите себе во проучувањето на Писмото? Езекиел 14,3.4. Што можеме да направиме во врска со тоа? Езекиел 14,6.

„Земајте ја Библијата без предрасуди и во дух на понизност и подготвеност да учите, и отворете го своето срце за влијанието на Светиот Божји Дух. Нека нејзината убедлива сила го обликува вашиот начин на живот и совеста.“ – Библиско ехо, 2. септември, 1895.

„Не пребарувајте ги Светите списи со цел да пронајдете стихови кои можете да ги толкувате за да ги докажете вашите теории, бидејќи Божјиот збор вели дека извртувањето на Писмото е за сопствена погибел. Морате да се испразните од секоја предрасуда и во проучување на Божјиот збор да пристапите во молитвен дух.“
— Темели на христијанското воспитување, 308.

Четврток — 20. август
5. КРОТОСТ И ПОНИЗНОСТ

а. Кои основни карактерни особини мора да ги има секој еден од нас кој се учел од Исус? Матеј 11,29; Псалм 22,26; 25,9.

„Кротост и понизност ќе биде карактеристиката на сите кои се послушни на Божјиот закон.“ – Знаци на времето, 22 јули, 1897.

„Ако нашата волја не е во согласност со божествените барања, ние треба да ги отфрлиме нашите склоности, да се откажеме од нашите омилени желби и да тргнеме по стапките на Христа.“ – RH, 23. октомври, 1900.

„Секој мора да има свое лично искуство и да вложи лични напори за да може да допре до душите. Бог бара од секој поединец да ги вложи сите свои сили во делото и со континуирани напори да се оспособи за работа така што неговото дело да може да биде прифатливо… Сите работници мора да бидат тактични и своите способности да ги потчинуваат на влијанието на Светиот Дух. Мораат да си стават задача да го проучуваат Неговото Слово и да го слушаат Божјиот глас кој им се обраќа преку Неговото живи гласници со укори, поуки и охрабрувања, и тогаш Неговото Дух ќе ги поткрепи, за да напредуваат како Божји работници во верскиот живот. Така чекор по чекор ќе напредуваат кон поголеми височини и нивната радост ќе биде потполна.“ – 5 Сведоштво, 398 (576.577).

„Ако сте подготвени во Христовото училиште да се учите на кротост и понизност во срцето, Тој сигурно ќе ви даде одмор и мир. Често е потребно да се води тешка борба за да се откажеме од својата волја и својот пат. Но, ако ја научите лекцијата, ќе најдете спокојство и мир. Гордоста, себичноста и амбициите мораат да се победат. Твојата волја мора да исчезне во Христовата волја.“
— Библиски коментари, 458.

Петок — 21. август
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кои докази покажуваат дека сме го чуле Бога?

2. Што Божјиот народ во минатото го спречувало да го слушне Бога?

3. Како можеме да ја одржиме совеста чиста?

4. Како можеме да знаеме дали сме биле искрени со Бога?

5. Што треба да направиме ако откриеме дека нашата волја не е во согласност со Божјите барања?

2015 • 3. Квартал

9. лекција – Чувајте се од тврдоглавост!

29. август 2015
„Служете Му на Господ со страв и со трепет. Почитувајте Го Синот, та да не се разгневи, и на патот свој да не погинете; зашто Неговиот гнев брзо ќе се разгори. Блажени се сите, кои кај Него прибегнуваат.“
— Псалм 2,11.12.
„Кога во нашето срце ќе се слушне повикот на Светиот Дух, нашата единствена сигурност се состои во тоа без одлагање да одговориме на него… Не е безбедно да се одложува послушноста. Можеби повикот никогаш повеќе нема да го слушнете.“
— Христовите поуки, 228 (281).

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патр. и прор., 652-661 (617-622).

Недела — 23. август
1. ЦАР КОЈ ОДБИЛ ДА СЛУША

а. Како Бог разговарал со царот на Египет? Излез 5,1; 6,10.11

„Бог разговарал со египетскиот цар преку устата на Мојсеј, давајќи му највпечатливи докази за божествената моќ; но монархот тврдоглаво ја одбивал светлината која би го довела до покајание. Бог не испратил некаква натприродна сила за да го отврдне срцето на бунтовниот цар, но кога фараонот се противел на вистината, Светиот Дух се повлекол и тој останал во темнина и неверување кои тој ги избрал.“
— RH, 20. јуни, 1882.

б. Дали Бог очекувал фараонот да послуша? Излез 3,19.

„Бог им зборува на луѓето преку Своите слуги, упатувајќи им повици и предупредувања и осудувајќи го гревот. Тој на секого му дава можност да ги исправи своите грешки пред тие да се вгнездат во карактерот; но ако некој не сака да се поправи, Божјата сила не посредува да го осуети она кон што се насочени неговите постапки. На таквиот човек му се чини дека е полесно да ја повтори истата грешка отколку да ѝ се спротивстави. Така срцето на грешникот се стврднува и се затвора перед влијанието на Светиот Дух. А натамошното отфрлање на светлината го доведува во положба во која многу посилни влијанија не можат да му помогнат.“
— Патријарси и пророци, 270 (268).

Понеделник — 24. август
2. ЦЕНАТА НА БУНТОТ

а. Каков бил првичниот одговор на фараонот кон Бога? Излез 5,2.

„Семето на бунтот што (фараонот) го посеал, кога го отфрлил првото чудо, донело своја жетва. А кога се осмелил да продолжи со таквото однесување и бидејќи неговата упорност постојано растела, срцето му станувало сè потврдо, додека најпосле не го видел студеното мртво лице на својот првенец.“
— Патријарси и пророци, 270 (268).

б. Колку истраен бил Бог во разговорот со фараонот? Излез 7,15- 18; 8,1.2.20.21; 10,3.4. Кој го охрабрувал фараонот да го послуша Бога? Излез 8,19; 10,7.

„Господ му дал на фараонот докази за Неговата сила преку знаците и чудата направени перед него. Големиот Јас Сум го запознал фараонот со Своите силни дела, покажувајќи му дека Тој е владетел на небото и земјата, но царот одбрал да му пркоси на небесниот Бог. Тој не сакал да се согласи да се скрши неговото гордо и тврдоглаво срце, дури ниту перед Царот на царевите за да може да ја прими светлината; бидејќи одлучил да ја спроведува својата волја и да ја стави настрана Божјата заповед; и мноштвото докази кои му биле дадени дека Јехова е над сите богови на народите и над сите мудреци и маѓесници само служеле да го заслепат умот и отврднат неговото срце.“
— Судир и храброст, 89.

в. Што Бог би направил доколку фараонот би се покајал? 2 Петрово 3,9.

„Кога фараонот би го прифатил доказот за Божјата сила даден во првото зло, тој би бил поштеден од сите зла што следеле. Но неговата непопустлива тврдоглавост предизвикала сè поголеми манифестации на Божјата сила, и злата доаѓале едно по друго, сè додека не бил принуден да го погледне мртвото лице на својот првенец, и првенците на неговиот народ; додека децата на Израел, кој ги сметал за свои робови останале неповредени од злата, недопрени од ангелот уништувач. Бог очигледно покажал дека Неговата милост е над оние кои биле Негов народ.“
— Судир и храброст, 89.

Вторник — 25. август
3. ПРРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА НАС

а. Какво предупредување треба да извлечеме од одбивањето на фараонот да го послуша Бога? Евреите 3,12.13.

„Оној што еднаш ќе му подлегне на искушението, вторпат ќе му подлегне многу полесно. Секое повторување на гревот ја намалува силата да му се спротивставиме, ги заслепува очите и го задушува убедувањето. Секое посеано семе на попустливоста, донесува и свој плод. Бог не прави чуда за да ја спречи жетвата. ‘Што човекот ќе посее, тоа и ќе го пожнее’ (Галатјаните 6,7). Оној што покажува неверничка дрскост и флегматична рамнодушност кон Божјата вистина, ќе го пожнее она што самиот го сеел. Оттаму мнозина потполно рамнодушно ги слушаат оние вистини кои некогаш многу ги трогнувале нивните души. Тие сееле негрижа и отпорност кон вистината, а таква е и жетвата што ја жнеат.

Сите оние што својата немирна грижа на совест ја стивнуваат со мислата дека својот лош пат можат да го изменат секогаш кога ќе посакаат и кои мислат дека со повикот на милоста можат да се играат и да го прифатат кога ним ќе им се стори погодно, се изложуваат на голема опасност и тоа го прават на своја погибел. Тие мислат, разгледувајќи го сето свое влијание на страна на големиот бунтовник, дека во последен миг од опасноста ќе го променат водачот. Но, тоа не се изведува така лесно. Искуството, воспитувањето и навиките на постојано попуштање на грешните уживања оставаат толку длабок и траен впечаток врз нивниот карактер, што тие потоа не можат да го добијат Исусовиот лик. Кога нивната патека не би била осветлена, случајот би бил поинаков. Би им била укажана милост и тие би имале можност да ги прифатат нејзините понуди; но бидејќи светлината е долго отфрлана и презирана, таа конечно ќе се повлече.“
— Патријарси и пророци, 270.271 (268.269).
„Еден негуван грев, малку по малку, ќе го унижи карактерот, потчинувајќи ги сите свои благородни сили на злите желби. Отстранувањето на еден стражар на совеста, попуштањето на една зла навика, едно занемарување на високите барања на должноста, ја руши одбраната на душата и го отвора патот на сатаната да дојде и да нè заведе.“
— Судир и храброст, 114.

б. Ако осознаеме дека го имаме духот на фараонот, што треба да направиме? Исаија 27,5.

„Великодушно ни е понудено сè што било потребно да се отстранат нашите слабости и охрабрени сме да се вратиме кај Христа.“
— Христовите поуки, 119 (156).

Среда — 26. август
4. ПОСЛЕДИЦИ ОД ОДБИВАЊЕТО ДА ПОСЛУШАМЕ

а. Зошто фараонот на крај сепак го направил она што Бог го барал? Излез 12,30-32.

б. Кој, според Божјата намера, требало да има корист од Неговите пораки до фараонот? Излез 3,19.20.

„‘А те оставив досега само за да ја покажам над тебе силата Своја, за да биде проповедано името Мое по целата земја’ (Излез 9,16). Бог не му го дал животот (на фараонот) за таа намена, но со Своето провидение така ги водел настаните токму тој фараон да се најде на престолот кога дошло време за ослободување на Израел. Иако тој горделив тиран со своите злосторства ја проиграл Божјата милост, животот сепак му бил поштеден, со цел, благодарение на неговата тврдоглавост, Господ да може да ги покаже Своите чуда во египетската земја. Со настаните управува Божјото провидение. Тој на престолот можел да постави некој повеќе милостив цар, кој не би се осмелил да ѝ се спротивставува на моќната Божја сила. Но, во тој случај не би биле остварени Господовите намери. Тој дозволил Неговиот народ да ја почувствува угнетувачката свирепост на Египќаните за да добие вистинска слика за понижувачкото влијание на идолопоклонството. Во своите постапки со фараонот, Господ ја покажал Својата омраза кон идолопоклонството и Својата решителност во казнувањето на свирепоста и угнетувањето.“
— Патријарси и пророци, 269 (267.268).

в. Што можеме да научиме од фараоновиот пример, ако не сме подготвени да го слушаме Бога? Изреки 1,24-28; Захарија 7,11.12; Евреите 12,25.

„Бог му испратил (на фараонот) порака на предупредување и милост, но тој одбил да Го признае небесниот Бог и да се потчини на Неговите заповеди. Тој прашал: ‘Кој е тој Господ, за да го послушам гласот Негов?’ (Излез 5,2)… Секој дополнителен доказ за Божјата сила, која египетскиот монарх го отфрлал, го правел сè посилен и поистраен во пркосењето на Бога… Овој случај е јасна илустрација за гревот против Светиот Дух… Со постепено повлекување на Својот Дух, Господ ја отстранил Својата сила која го ограничува злото и царот бил предан во рацете на најлошиот од сите тирани – сопственото јас.“
— Судир и храброст, 89.

Четврток — 27. август
5. ПРОРОК КОЈ НЕ САКАЛ ДА ПОСЛУША

а. Колку пати Бог се обидувал да го придобие вниманието на Валам? Броеви 22,22-27.

б. Што го спречило Валам порано да ја препознае Божјата порака? 2 Петрово 2,20.21. Кога сме фрустрирани и веруваме дека работите не одат како што сме замислиле, Бог, можеби, се обидува да го придобие нашето внимание?

„Валам во својата заслепеност не видел дека небото се вмешало и не сфатил дека Бог му го попречува патот.“ – Патријарси и пророци, 467 (441.442).

„Еден грев кој Валам го негувал, го затрул целиот карактер и предизвикал негово уништување.“ – Судир и храброст, 114.

„Кога некој јасно ја гледа должноста, нека не биде дрзок и да бара од Бога во молитва дека тој може да биде ослободен од извртување на таа должност. Тој треба во понизен, покорен дух, да бара божествена сила и мудрост да ги изврши Неговите барања.“ – Судир и храброст, 113.

„Ние сме склони искусните луѓе да ги сметаме за сигурни дека нема да бидат заведени од грешните задоволства. Но, сепак, често гледаме како и оние чиј поранешен живот бил примерен се одведени на страна со маѓепсувачката сила на гревот и својата од Бога дадена мажевност ја жртвуваат на самозадоволување. За извесно време тие се двоумат помеѓу спремноста да ги бранат начелата и склоностите да одат по забранетиот пат; но струјата на злото конечно се покажува премногу силна од нивните добри одлуки, како и во случајот на некогаш мудриот и праведен цар Соломон.“
— Здравствен реформатор, 1. јуни, 1878.

Петок — 28. август
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кај колкумина луѓе на кои Бог им зборува е мала веројатноста да го послушаат?

2. На кој начин и ние можеме да му пркосиме на Бога како и фараонот?

3. Што треба да направиме ако сме го игнорирале Бога?

4. Како денес отврднува срцето против Бога?

5. Кои се сличностите и разликите помеѓу фараонот и Валам?

2015 • 3. Квартал

10. лекција – Слушање без двоумење

5. септември 2015
„Блажени се оние кои ги пазат сведоштвата Негови и од сè срце Го бараат.“
— Псалм 119,2.
„Причината за пропаста на многуте души би била отстранета преку сигурноста во радосните чувства дека Бог ги прима. Мораме да научиме и без такви чувства да се потпреме на Божјата Реч… Сите сомнежи и стравови против кои сме повикани да се бориме со драгоцените искушенија на нашата вера, се Божји работници кои ќе ни донесат вечна и од сè поважна слава.“
— Знаци на времето, 18. април, 1895.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 97-105 (105-113).

Недела — 30. август
1. ШТО ДА СТОРИМЕ СО СОМНЕЖОТ

а. Кога ќе се соочиме со сомнежот, што да направиме за да се справиме со него? Псалм 37,3-7.

„Нашата вера мора да почива на докази, а не на набројување на доказите. Оние што сакаат да се сомневаат ќе имаат можност, додека пак оние кои навистина сакаат да ја запознаат вистината, ќе најдат изобилство од докази на кои можат да ја потпрат својата вера.“
— Патот кон Христа, 68 (105).

б. Зошто не сме во можност да одговориме на секое прашање или да ја решиме секоја неизвесност? Исаија 55,8.9.

„Кога на создадените суштества би им било овозможено целосно да го сфатат Бога и Неговите дела, а потоа, постигнувајќи ја таа цел, би ја загубиле секоја можност и понатаму да ја откриваат вистината, да растат во познавањето, а разумот и способностите повеќе не би се развивале. Бог повеќе не би бил највозвишен; а човекот, кој го достигнал лимитот на знаење и постигнување би престанал да напредува. Да Му заблагодариме на Бога што не е така.“
— Патот кон Христа, 71 (109).

Понеделник — 31. август
2. РЕШЕНИЕ ЗА СОМНЕЖОТ

а. Колку е важно да се поставуваат прашања и да го развиваме нашиот ум интелектуално, колку што е можно тоа? Изреки 4,7. Каков пример Исус ни покажал? Лука 2,52.

„Под контрола на Христовото влијание човечкиот интелект може да постигне чудесни работи. Младите треба да се охрабрат да го постигнат највисокиот критериум на интелектуалните достигања. Ако на прво место му се стравот и познавањето на Бога, нема опасност студентот да се воздигне премногу високо. Познавањето на Бога, разбирањето на Неговата волјата во Неговата Реч, колку е тоа можно за човечкиот ум, вградено во мислите и вткаено во карактерот, ќе ги направи мажите и жените поуспешни. Проучувањето на Божјата Реч ќе ни овозможи да го извршуваме Неговото дело разумно и прифатливо. Умните способности ќе се збогатат, зголемат и прошират. Оние кои така ја проучуваат Божјата Реч, ќе се воздигаат сè повеќе кон највисокиот стандард, бидејќи тие се соучесници во божествената природа.“
— Упатства за младите, 31. август, 1899.

б. Што е потребно за да пронајдеме одговор на нашите прашања? Јаков 1,5-8.

„Мнозина очекуваат нивните проповедници да им донесат светлина од Бога, сметајќи дека тоа е полесно отколку сами да Му пријдат на Бога и да ја побараат од Него. Таквите луѓе многу губат. Кога секој ден би Го следеле Христа и би Го земале за свој водач и советник, тие би стекнале јасно познавање на Неговата волја, а со тоа и драгоцено искуство. Поради немање на вакво искуство, браќата кои ја исповедаат вистината одат во искрите запалени од другите, не го признаваат гласот на Божјиот Дух и не ја познаваат Неговата волја и затоа лесно можат да се оддалечат од верата. Тие се нестабилни, затоа што очекуваат други да стекнат искуство за нив. Секој син и секоја ќерка на Адам има широки можности самостојно да стекне сознание за Божјата волја, да стане совршен христијанин и да се очисти преку вистината. Бог е обесчестен од луѓето кои зборуваат дека се Христови следбеници, а сепак немаат искуствено знаење за божествената волја ниту за тајната на побожноста.“
— 2 Сведоштво, 424.425 (644).

Вторник — 1. септември
3. ОТФРЛАЊЕ НА НЕБИБЛИСКИТЕ ТРАДИЦИИ

а. Што мора да биде одвоено од нашето лично сфаќање на Божјата порака? Марко 7,6-9.

„Библијата е правило на животот, учејќи нè каков карактер мораме да формираме за идниот, бесмртен живот. Нашата вера и нашата пракса треба да бидат живи посланија кои ги читаат и познаваат сите луѓе. На луѓето не им е потребна неодредена светлина на традициите и обичаите за да го направат Писмото разбирливо. Тоа е исто така кога би претпоставиле дека на Сонцето кое сјае на небото напладне му е потребен треперлив факел на земјата за да ја зголеми неговата слава. Бајките или исказите на свештениците или на проповедниците не се потребни за да се сочуваат студентите од заблудите. Побарајте совет во живата Божја Реч и ќе имате светлина. Во Библијата секоја должност станува јасна, секоја поука разбирлива, способна да ги подготви луѓето за вечен живот. Со дарувањето на Христа и со просветлувањето на Светиот Дух ни го открива Отецот и Синот. Речта е така прилагодена на нашите потреби така што може и старите и младите да ги направи мудри за спасение. Во неа науката за спасението е јасно откриена… ‘Прегледајте го Писмото’, бидејќи во него е Божјиот совет, Неговиот глас кој и зборува на душата.“ – Темели на христијанското воспитување, 390.391.

„Човечкиот авторитет го носи потписот на човекот. Ние не треба да дозволиме припадниците на нашиот народ да се препуштат на водството на слабите, конфузни чувства на човекот. Божјиот авторитет мора да биде врховен. И јас морам да го повикам нашиот народ да го признае Неговиот авторитет, кој носи докази за своето божествено потекло.“
— Објавени ракописи 12, 69.

б. Кога традицијата ќе ја ставиме над Божјата Реч, на што тоа ќе нѐ наведе? Матеј 23,23.

„Кога постовите и молитвите се практикуваат во дух на самооправдување, тие му се гнасни на Бога. Свечените собири за богослужение, низата на верските обреди, надворешната понизност, восхитувачкото жртвување – сето тоа му зборува на светот дека оној кој ги прави овие работи се смета за праведен. Овие работи го свртуваат вниманието на оној кој строго ги извршува должностите, велејќи: ‘Овој човек има право на небото’. Но, сето тоа е измама. Со дела не може да се купи влезница во небото. Големата жртва што Христос ја принел сосем е доволна за сите кои веруваат.“
— Одбрани пораки 1, 388.

Среда — 2. септември
4. ЛИЧНОТО УБЕДУВАЊЕ: ЗАШТИТА ОД СОМНЕЖОТ

а. Како можеме да го знаеме патот до Небото? Јован 14,6; 6,63; 8,31.32. Зошто тогаш мнозина од нас ќе го изгубат Небото?

„Моето срце е тажно кога ќе помислам колкумина застрануваат од патот кој води во Небото затоа што не ги проучуваат упатствата кои Бог им ги дал. Не постои начин да се спасат оние души кои, имајќи ја можноста да го слушнат Божјиот глас во Неговата Реч, не покажале доволен интерес да се запознаат со упатствата кои Бог ги дал, посочувајќи на единствениот пат што води во Небото. Апостолот се прашува: ‘Како ли тогаш ќе се извлечеме ако занемариме такво големо спасение’ (Евреите 2,3). Нашите млади треба свечено да се заветуваат дека нема да се допираат до празните приказни и вредно ќе ги пребаруваат Светите списи, како би го хранеле својот ум со најздрава храна, со цел да станат силни во размислувањето за Христовите дела кој станал Гарант за паднатиот човечки род.“
— Упатства за младите, 31. август, 1887.

б. Што треба да бараме од Бога за да нè заштити од сомнежот? Псалм 139, 23.24.

„Ајде внимателно и критички да се преиспитаме самите себеси. Дали го кршиме заветот кој сме го направиле при крштевањето? Дали сме мртви за овој свет и дали живееме во Христа? Дали се стремиме кон она што е горе, каде што Христос седи од десната страна на Бога? Дали е пресечено јажето со кое сме прицврстени за вечната Карпа? Дали пловиме по течението носени од струјата на пропаста? Зарем нема да вложиме никако напор да го совладаме својот тек против струјата? Не двоумете се повеќе, туку енергично употребете ги веслата; и направете прво што можете за да не дојде до безнадежен бродолом.“ – RH, 7. јуни, 1887.

„Потполно предај го своето срце на Бога за да го очисти и облагороди, и тогаш ќе станеш учесник во божествената природа и ќе се спасиш од расипаноста која постои во светот преку похотта. Тогаш ќе бидеш ‘секогаш подготвен за одговор на секого, кој ја бара причината на надежта, која е во вас, но со кротост и со страв’ (1 Петрово 3,15). Ќе имаш Христов мир.“
— 5 Сведоштво, 227 (333).

Четврток — 3. септември
5. ПРОМЕНА КОЈА НИ Е ПОТРЕБНА

а. На што нашето искуство ќе биде слично кога ќе го победиме сомнежот? Матеј 21,21.22.

„Со вера во Христа може да се отстрани секој недостаток во карактерот, да се исчисти секоја нечистотија, да се поправи секоја мана и да се развие секоја доблест. ‘Вие сте потполни во Него’ (Колосјаните 2,10). Молитвата и верата се тесно поврзани, и треба заедно да се проучуваат. Молитвата со вера е божествена наука; таа е наука со која мора да завладее секој што сака неговото животно дело да биде успешно. Христос вели: ‘Сè што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете – и ќе ви биде’ (Марко 11,24). Тој објаснува дека нашата молба мора да биде во согласност со Божјата волја; ние мораме да го бараме она што Тој го ветил, и што и да примиме тоа мора да биде употребено за да се исполни Неговата волја. Ако се исполнат условите, ќе се исполни и ветувањето.“
— Воспитување, 229 (257.258).

б. Каков став треба да заземеме кон нашите верници? Јован 17,20.21.

„Оние кои се борат за Кнезот на животот мора секогаш да го насочат оружјето против непријателот кој напаѓа однадвор, а не да биде свртено така што ќе ги уништува оние кои се борат под знамето на Кнезот Емануел. Ние немаме време да се рануваме и повредуваме еден со друг.“
— Христос победник, 235.

Петок — 4. септември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто Бог допушта можност за сомнеж?

2. Која е нашата лична одговорност во отстранувањето на сомнежот?

3. Кој е обично изворот на сомнежот?

4. Како можеме да ги победиме сите сомнежи?

5. Каков ќе биде резултатот од ослободувањето од сомнежот?

2015 • 3. Квартал

11. лекција – Историјата на послушноста на Бога

12. септември 2015
„Послушај ја поуката, бидете мудри и не отстапувајте од неа.“
— Изреки 8,33.
„Дел од времето (Адам и Ева) го поминувале… во разговор со ангелите, во слушање на нивните упатства и поуки и во среќата на побожно размислување.“
— Духот на пророштвото 1, 25.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Воспитување, 13-19.

Недела — 6. септември
1. АДАМ И ЕВА

а. Како Адам и Ева го слушале Божјиот глас? Создавање 3,8 (прв дел).

„Секојдневната работа (на Адам и Ева) им донесувала здравје и радост, и среќниот пар ги поздравувал со радост посетите на својот Создател, кој во свежината на квечерините на денот одел и разговарал со нив. Господ секојдневно ги поучувал.“ – Здравје и среќа, 202 (261).

„Неговото (Адамовото) високо предимство било тоа што можел да разговара лице в лице, срце в срце со својот Создател. Да останал верен на Бога сето тоа засекогаш би било негово.“
— Воспитување, 11 (15).

б. Како Адам и Ева го примале Божјото водство после појавата на гревот во светот? Создавање 3,16-19.

„Ангелите го информирале Адам дека како што неговиот престап донел смрт и несреќа – животот и бесмртноста ќе бидат повторно овозможени преку жртвата на Исус Христос. На Адам му биле откриени важните настани во иднината, од неговото протерување од Едем до потопот, и понатака до првото Христово доаѓање на земјата.“
— Духот на пророштвото 1, 51.

Понеделник — 7. септември
2. НОЕ И АВРАМ ГО СЛУШАЛЕ БОЖЈИОТ ГЛАС ДИРЕКТНО

а. Како Ное добивал Божјо водство? Создавање 6,13-21. Како Ное одговорил на упатствата дадени од Бога? Создавање 6,22.

„Секое општење меѓу небото и паднатиот човечки род било само преку Христа. Божјиот Син бил Тој кој на нашите први родители им дал ветувања за откуп. Тој бил Оној кој во визија им се откривал на патријарсите. И сите тие: Адам, Ное, Аврам, Исак, Јаков и Мојсеј, го разбрале Евангелието. Тие спасението го очекувале само преку човековиот Заменик и Гарант. Светите луѓе од дамнина одржувале врска со Спасителот кој требало да дојде на земјата во човечко тело; а некои од нив и разговарале со Христа и со небесните ангели лице в лице.“ – Патријарси и пророци, 380 (366).

„И гласот, кој на пророците има ја објавувал божествената волја за Неговиот народ, исто така бил Христовиот глас… Во целиот Стар завет ни зборува Христовиот глас.“
— Патријарси и пророци, 380 (367).

б. Како Бог комуницирал со Аврам и каков бил одговорот на Аврам? Создавање 22,1.2.11.12.

„Бог на Аврама му укажал голема чест. Небесните ангели му се јавувале и разговарале со него како што разговара пријател со пријател.“ – Патријарси и пророци, 128 (138).

„Небесните суштества и сега ја посетуваат земјата како и во деновите кога оделе и разговарале со Аврам и со Мојсеј. Среде деловните активности во нашите големи градови, среде толпата што ги преплавуваат сообраќајниците и трговските центри, во кои од утро до вечер луѓето се однесуваат како бизнисот, спортот и задоволствата да се единственото нешто што постои во овој живот, каде има малку такви кои размислуваат за невидливите реалности – дури и на тие места небото има свои набљудувачи и свои свети луѓе. Постојат невидливи сили кои го следат секој збор и секое дело на човечките суштества. На секој деловен собир, на секоја забава, на секое богослужение, има повеќе слушатели отколку што може да се види со човечко око. Понекогаш небесните сили ја подигаат завесата што го крие невидливиот свет, така што нашите мисли можат да се одвратат од трката и динамиката на животот и да се позанимаваат со фактот дека постојат невидливи сведоци за сè што правиме или ќе кажеме.“
— Христовите поуки, 138 (176).

Вторник — 8. септември
3. МОЈСЕЈ И АРОН

а. Како Бог го водел Мојсеја во времето кога Израелците требало да го напуштат Египет? Излез 3,4.10.

„Мојсеј разговарал со Исус лице в лице, како некој кога зборува со пријателот свој.“ – RH, 2. март, 1886.

„И најостроумниот интелект останува збунет во обидот да ја објасни божествената манифестација во грмушката што горела. Тоа не бил сон; тоа не било визија; тоа била жива реалност – нешто што Мојсеј го видел со своите очи. Тој го чул гласот на Бога како го повикува од грмушката и го покрил своето лице, сфаќајќи дека стои во непосредно Божјо присуство. Бог разговарал со човек. Мојсеј никогаш не можел да го опише впечатокот што глетката го оставила на неговиот ум и звукот на гласот кој зборувал со него, но тој впечаток останал неизбришан. Небото било многу блиску до него и тој со страхопочит ги слушал зборовите: ‘Јас сум Бог на таткото твој, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов’ (Излез 3,6). Какво чудесно и несфатливо понижување за Бога да ги напушти своите небесни дворови, лично да му се јави на Мојсеј, да разговара со него лице в лице ‘како што човек зборува со пријателот свој’ (Излез 33,11).“
— Библиски коментари, 48.

б. Како Мојсеј подоцна разговарал со Бога? Излез 33,18.19.

„Охрабрен од Божјото одобрување Мојсеј отишол уште подалеку и се осмелил да бара уште повеќе благослови. ‘Пак рече Мојсеј: Покажи ми ја славата Своја’ (Излез 33,18). Дали мислите дека Бог го укорил Мојсеј заради неговите барања. Секако не. Мојсеј не го водела површна љубопитност. Тој имал цел перед себе. Согледал дека со своја сила не може правилно да го изврши Божјо дело. Знаел дека може да стекне почиста претстава за Божјата слава, дека така ќе може да оди напред и да ја изврши важната мисија, не со своја сила, туку со силата на Семоќниот Господ Бог.“
— RH, 11. мај, 1897.

в. Какви сè различни начини Бог користел за да комуницира со Арон? Излез 6,13; 8,5; Левит 10,8.

Среда — 9. септември
4. ИЗРАЕЛЦИТЕ ГО ПОЗНАВААТ БОЖЈИОТ ГЛАС

а. Како Бог им зборувал на Израелците во близина на планината Синај? Второзаконие 5,4.22.

„Објавувањето на Својот закон Бог го придружил со пројава на Својата моќ и слава со цел Неговиот народ никогаш да не ја заборави таа сцена и секогаш да биде проникнат со длабока почит кон Законодавецот, Творец на Небото и на Земјата. Тој, исто така, сакал на сите луѓе да им ја покаже светоста, важноста и трајноста на Својот закон.“
— Патријарси и пророци, 316 (309).

б. Што тие сакале наместо директно да разговараат со Бога? Зошто? Второзаконие 5,23-27.

„Израелскиот народ бил целосно совладан од страв. Длабоката впечатлива сила на Божјиот глас како да го надминала она што нивните растреперени срца можеле да го поднесат. Кога законот им бил изложен како големо Божјо мерило на праведноста, тие, како никогаш дотогаш, ја сфатиле сета одвратност на гревот и сопствената грешност во очите на светиот Бог. Со страв и со длабока почит се повлекле од гората и застанале подалеку. Мноштвото викало кон Мојсеј: ‘Зборувај ни ти, а ние ќе слушаме; но да не ни зборува нам Бог, за да не умреме.” А Мојсеј му рече на народот: ‘Не плашете се: Бог дојде за да ве испита и стравот Негов да биде во вас, за да не грешите.’ Но народот сепак се задржал на извесна оддалеченост и со страв втренчено ја посматрал сцената додека ‘Мојсеј појде кон мракот, каде што беше Бог’. (Излез 20,19-21).“
— Патријарси и пророци, 315 (309.310).

в. Како Бог им зборувал на Израелците низ вековите? Лука 1,70.

„Бог му зборувал на светот преку природата, преку сликите и симболите, преку патријарсите и пророците.“ – Копнежот на вековите, 18 (34).

„О, ти народе, кој имаше повеќе предимства од сите други народи, да внимаваше и да го препознаеше своето време и она што ти носи мир! Јас го задржував ангелот на одмаздата; Јас те повикувал на покајание, но напразно. Ти ги одби и ги отфрли не само Моите слуги, пратениците и пророците, туку дури и Светецот Израелов, твојот Спасител.“
— Големата борба, 18 (22).

Четврток — 10. септември
5. СЛУШАЊЕ НА БОГА ВО НАШЕТО ИСКУСТВО

а. Како Бог сака да разговара со нас сега? Евреите 1,2; Јован 5,39.

„Адам и Ева добивале знаење преку непосреден разговор со Бога; и учеле за Него преку Неговите дела… Меѓутоа, поради престапот човекот ја изгубил можноста да учи за Бога во непосреден разговор со Него, а во голема мерка, и преку Неговите дела… Природата сè уште зборува за нејзиниот Создател. Сепак, овие откровенија се непотполни и несовршени. И во нашата падната состојба, со ослабени сили и ограничени сфаќања, ние не сме способни правилно да протолкуваме. Нам ни е потребно поцелосно откривање на Божјото Создавање, кое Тој самиот ни го дал во Своето пишано слово.“
— Воспитување, 12 (16.17).

б. Какво лично искуство Бог сака да имаме со Неговото Слово? Псалм 34,8; Еремија 15,16; 29,13.

„Постои доказ што им е достапен на сите – и на најобразованите и на најнеписмените – доказот на искуството. Бог нè повикува сами за себе да ја провериме вистинитоста на Неговото Слово… Наместо да зависиме од нечии зборови, ние треба сами да вкусиме.“ – Патот кон Христа, 72.73 (111).

„Христијанинот знае во Кого тој верува. Тој не само што ја чита Библијата; тој од искуство ја познава силата на нејзиното учење… Тој може да посведочи: ‘Ми беше потребна помош и ја најдов во Исус… Ме прашаа зошто верувам во Исус? – Затоа што е Тој мој божествен Спасител. Зошто верувам во Библијата? – Затоа што во неа го пронајдов Божјиот глас упатен до мојата душа.“
— Верата со која живеам, 16.

Петок — 11. септември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како гревот ја променил комуникацијата помеѓу Бога и Адам и Ева?

2. Како Бог комуницирал со првите патријарси?

3. Што Мојсеј сфатил кај грмушката што горела, и како реагирал?

4. Како Бог зборувал со Израелците за време на Стариот завет?

5. Како можеме да го чуеме Бога денес?

2015 • 3. Квартал

12. лекција – Исус го слуша својот Отец

19. септември 2015
„Господ Бог ми даде вешт јазик, за да можам со зборови да го поткрепувам изнемоштениот: секое утро Тој го разбудува увото мое, за да слушам како оние што се учат. Господ Бог ми го отвори увото, и јас не се противставив, не отстапив назад.“
— Исаија 50,4.5.
„Исус стекнал знаење онака како што можеме да стекнеме и ние.“
— Копнежот на вековите, 38 (70).

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 49-56 (68-74).

Недела — 13. септември
1. ХРИСТОВИОТ МЕТОД НА УЧЕЊЕ

а. Како Исус ја спознал вистината? Евреите 2,10.16-18; Матеј 7,7.

б. Кој бил Негов учител? Јован 5,20.

„Детето Исус не слушало настава во школите на синагогите. Неговата мајка била неговиот прв земен учител. Од нејзините усни и од свитоците на пророците Тој ги запознал небесните вистини. Оние исти зборови, кој Тој му ги кажал на Израел преку Мојсеј, сега ги запознавал и самиот Тој, седејќи во скутот на својата мајка. Како што растел од детството до младоста, Тој не ги посетувал рабинските школи. Не му било потребно образование добиено од такви извори, бидејќи Бог бил Негов учител.“ – Копнежот на вековите, 38 (70).

„Исус стекнал знаење, онака како што можеме да стекнеме и ние; Неговото темелно познавање на Писмото покажува како во своите рани години вредно ја проучувал Божјата Реч. Пред Него се протегала големата библиотека на делата, кои Бог ги создал. Оној кој создал сè што постои, ги проучувал и поуките кои Неговата сопствена рака ги напишала на земјата, морето и на небото… Го проучувал животот на растенијата и животните и животот на човекот.“
— Копнежот на вековите, 38.39 (70).

Понеделник — 14. септември
2. ЗОШТО ИСУС НЕ ОДЕЛ НА УЧИЛИШТЕ

а. Зошто Исус одбивал да учи од рабините? Римјаните 10,3; Јован 7,16.

„Воспитувачите на младите во Христовите денови биле формалисти. За време на нивната служба, Исус им рекол на рабините: ‘Се лажете, зашто не ги познавате Писмата, ниту силата Божја’ И Тој ги обвинува: ‘но напразно Ме почитуваат, зашто проповедаат човечки повелби’ (Матеј 22,29; 15,9). Претерано се задржувале на традициите воздигајќи ги над Писмото. Изреките на луѓето и бесконечното повторување на церемониите заземале толку голем дел во животот на студентите, додека образованието, кое дава знаење за Бога било запоставено. Големите учители надолго и нашироко зборувале за безначајните поединости, нагласувајќи го секој детал за да се почитува во верските церемонии и прифати како најголема обврска. Тие плаќале ‘десеток од нане, копра и ким’, а во исто време го запоставиле ‘најважното во Законот: праведноста, милоста и верата’ (Матеј 23,23). На таков начин биле внесувани во масата безвредни поими кои од очите на младите ги криеле големите и основни вистини за Божјата служба во образовниот систем немало место за она лично искуство во кое душата сама ја дознава силата така што може да каже: ‘Вака вели Господ’ и да се потпре на божествената Реч која единствено може да донесе помирување со Бога. Зафатени со бескрајна низа на форми, студентите во тие училишта не наоѓале мирни часови за разговор со Бога и за слушање на Неговиот глас кој им зборува на нивните срца. Она што рабините го сметале како повисоко образование во реалноста всушност била најголема пречка за вистинско образование. Тоа било спротивно на секој реален разво. Со таквата обука умните способности на младите биле потиснати, а нивните умови ограничени и стеснети.“ – Темели на христијанско воспитување, 438.439.

„Човечката природа постојано се бори да се истакне. Оној кој сака да стане совршен во Христа прво мора да се испразни од гордоста и задоволството со самиот себе. Тогаш во душата настанува тишина и Божјиот глас може да се чуе.“
— Знаци на времето, 9. април, 1902.

б. Што Исус отфрлил од нивното учење? Матеј 15,3.9; Колосјаните 2,8.

Вторник — 15. септември
3. ПОЧИТ И КОН ОНИЕ СО КОИ НЕ СЕ СОГЛАСУВАМЕ

а. Како Исус со почит ги слушал и разговарал со водачите на Неговата црква, заменувајќи го Евангелието со традициите, заведувајќи илјадници луѓе? Лука 2,46.47.

„Кога Исус би истапил како да се обидува да ги поучи (рабините), тие би сметале дека им е под чест да слушаат. Меѓутоа, тие си ласкале дека го поучувале или дека барем го проверувале Неговото познавање на Писмото. Исусовата младешка скромност и милост ги разоружила нивните предрасуди.“
— Копнежот на вековите, 46 (80).

б. Кого Исус го сметал за свое семејство на земјата? Матеј 12,50. Како Тој реагирал кога Неговото семејство ги следело човечките традиции?

„Браќата и сестрите на Исус биле подучени во многубројните традиции и церемонии на рабините, но Христа не можеле да го наведат да се заинтересира за овие работи. Додека на секој чекор слушал повторување на прописите: ‘Тоа го прави’ или ‘Тоа не го прави’, Тој постапувал независно од овие ограничувања. Барањата на општеството и Божјите барања секогаш биле во судир; и Христос во својата младост иако директно не ги напаѓал обичаите и прописите на познатите учители, Тој не станал ученик во нивните училишта.

Исус не следел никаков обичај кој од Него би барал да отстапи од Божјата волја, ниту се потчинувал на упатствата на оние кои човечките зборови ги воздигале над Божјата Реч. Од Својот ум ги отфрлал сите мудри изреки и формалности кои не биле втемелени на Божјата Реч. Не дозволувал таквите сфаќања да влијаат на Него. Учел дека подобро е да се спречи злото отколку подоцна да се вложуваат напори истото да се исправи кога ќе заземе упориште во умот. Со Својот пример Исус никогаш не ги наведувал другите да одат таму каде би можеле да се изопачат. Ниту, пак, без потреба се излагал на опасност да се доведе во судир со рабините, што во подоцнежните години би можело да го ослаби Неговото влијание кај народот. Од истите причини Тој не можел да биде предизвикан да ги почитува бесмислените форми или мудрите изреки кои подоцна во Својата јавна служба така одлучно ги осудувал.“
— Темели на хр. воспитување, 439.

Среда — 16. септември
4. НАУЧЕНИ ОД ГОСПОДА

а. Кој бил одговорен за образованието на Исус? Лука 2,49; Јован 8,28.

„Иако Исус бил потчинет на Неговите родители. Тој почнал на многу рана возраст да одлучува сам за Себе во формирањето на Својот карактер. Иако Неговата мајка била прв Негов човечки учител, Тој постојано примал поуки од Својот небесен Отец. Наместо знаењето да го добива од она што учените рабини го собирале со векови, Исус под надзор на божествениот воспитувач ги проучувал чистите и неизвалкани Божји зборови, а исто така ја проучувал и големата книга на природата…

Тој внесувал почиста атмосфера во семејниот живот. Иако не се потчинувал на упатствата на рабините ниту одел во нивните училишта, сепак често доаѓал во контакт со нив, и прашањата што им ги поставувал, како да бил нивен ученик, ги збунувале мудреците; бидејќи нивната пракса не била усогласена со Светите списи и не располагале со онаа мудрост која доаѓа од Бога. Дури и ако не им било по волја Неговото неприфаќање на популарните обичаи, согледувале дека Неговото образование и знаење е повозвишено од нивното.“
— Темели на христијанското воспитување, 439.440.

б. Што треба ние да учиме? Колосјаните 3,1.2; Матеј 11,29. Како треба ние да се едуцираме?

„Секое дете може да стекне знаење, онака како што го стекнал Исус. Кога се обидуваме да се запознаеме со нашиот небесен Отец преку Неговиот збор, ангелите ни се приближуваат, нашиот ум зајакнува, додека карактерот се издигнува и облагородува. Тогаш стануваме слични на нашиот Спасител. И кога ја гледаме убавината и големината на природата, нашата љубов се насочува кон Бога. Умот е исполнет со страхопочит, додека душата е освежена доаѓајќи во допир со Бесконечниот преку Неговите дела. Заедницата со Бога преку молитва ги развива менталните и моралните способности, а духовната сила зајакнува додека размислуваме за духовните работи.“ – Копнежот на вековите, 39 (70.71).

„Задача на вистинското образование е… да ги обучи младите да мислат, а не само да ги одразуваат мислите на другите луѓе. Наместо да го ограничиме нивното проучување на она што луѓето изјавиле или напишале, да ги упатиме учениците кон изворите на вистината, кон огромните подрачја отворени за истражување во природата и откровението.“
— Воспитување, 13 (17).

Четврток — 17. септември
5. НИЕ ИСТО ТАКА МОЖЕМЕ ДА БИДЕМЕ УСПЕШНИ

а. Како Исус се подготвувал за Своето животното дело? Исаија 50,4.5.

„Општењето со Бога, целосното потчинување на душата кон Него, исполнувањето на Неговите зборови, независно од лажното образование на обичаите и традициите од Неговото време, го обележувале Исусовиот живот.“
— Темели на хр. воспитување, 440.

б. Како ние треба да учиме за да бидеме успешни? Исаија 55,6.7.

„Да се биде постојано во метежот на активностите, да се стреми однадвор да се покаже што поголема побожност, според мислењето на рабините претставувало врв на религијата; додека во исто време со својата постојана непослушност на Божјата Реч го изопачувале патот Господов. Меѓутоа, образованието кое Бог го одобрува ги наведува луѓето најсрдечно да Го бараат Бога…

Бесконечниот никогаш не бил, и некогаш нема да биде, врзан за човечки организации или човечки планови. Секоја душа мора да има лично искуство во добивањето на знаење за Божјата волја и Неговите патишта. Кај сите што ќе дозволат Бог да ги обучува и вразумува се открива живот кој не е во согласност со обичаите, практиката и искуствата на овој свет. Преку проучување на Светите списи, преку срдечните молитви, тие можат да ја чујат пораката која Тој им ја упатува: ‘Застанете и разберете дека Јас сум Бог, возвишен над народите’ (Псалм 46,10). Кога секој друг глас ќе замолкне, кога секој земен интерес ќе се остави настрана, тишината на душата придонесува Божјиот глас да биде уште појасен. Во Него се наоѓа спокојство и мир.“
— Темели на христијанското воспитување, 440.441.

Петок — 18. септември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како Исус стекнувал знаење?

2. Што не било во ред со образовниот систем во Негово време?

3. Како Исус го покажал Своето несогласување со многуте обичаи кои тогаш преовладувале?

4. Како можеме да ги подобриме нашите ментални способности?

5. Како можеме да бидеме успешни како што бил Исус?

2015 • 3. Квартал

13. лекција – „Говори, Господи“

26. септември 2015
„Чуј, народе Мој, и Јас ќе говорам, Израеле, ќе сведочам против тебе: Јас сум Бог, Твој Бог.“
— Псалм 50,7.
„Да бидеме секогаш подготвени да кажеме: ‘Говори Господи, бидејќи Твојот слуга слуша’ (1 Самоилова 3,9).“
— RH, 26. јули, 1898.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Вера и дела, 121.122.

Недела — 20. септември
1. МАРИЈА – СЛУГИНКА ГОСПОДОВА

а. Каков бил ставот на Марија кога ја слушнала Божјата порака? Лука 1,38.

„(Напомена) слатката, детска вера на Марија, девојката од Назарет.“
— Копнежот на вековите, 58 (98).

б. Кој, исто така, пророкувал за Христос за да зајакне верата на Марија? Лука 1,41-43.67-69; 2,25-32.36-38. Кој се обидувал да ја уништи нејзината вера во Исус?

„Марија често Му приговарала на Исус и го повикувала да се покори на обичаите на рабините. Но Тој не дозволувал да биде разубеден и да ги промени Своите навики на размислување за Божјите дела и настојувањата да ги ублажи страдањата на луѓето, па дури и на немите животни. Кога свештениците и учителите побарале од Марија да им помогне да го контролираат Исуса, таа била видно вознемирена, но мирот се вратил во нејзиното срце, кога Тој ѝ ги покажал наводите во Писмото кои зборувале во прилог на Неговите постапки.

Понекогаш таа се колебала помеѓу Исуса и Неговите браќа кои не верувале дека Тој е пратен од Бога, но многу факти го потврдувале Неговиот божествен карактер. Таа видела како Тој несебично се жртвува за доброто на другите. Неговото присуство внесувало почиста атмосфера во домот и Неговиот живот делувал како квасец среде елементите на општеството.“
— Копнежот на вековите, 54.55 (90).

Понеделник — 21. септември
2. САМУИЛ, БОЖЈИ СЛУГА

а. Чие искуство треба да биде наш образец секој ден? 1 Самоилова 3,7-10.

„Кога ќе се поставите како што треба, со цел да го слушнете Божјиот глас, вие во молитва секој ден ќе дојдете пред Него велејќи: ‘Говори Господи, бидејќи Твојот слуга слуша’ (1 Самоилова 3,9). ‘Господи, што сакаш да направам (Дела 9,6)?“ – Дневен билтен на Генералната конференција, 20. март, 1891.

„Ние сега треба да ги понизиме нашите срца пред Бога. И не треба да чекаме во безгрижност, туку внимателно да го заземеме овој став.“
— Објавени ракописи 19, 28.

б. Како треба да гледаме на секој талент, на секоја прилика и на ресурсите што ги имаме? 1 Летописи 29,12-14. Што може да го уништи ваквиот став и упропасти нашето духовно искуство?

„Колку да се големи, или пак мали вашите таленти, не заборавајте дека тоа што го имате токму на вас ви е доверено. На тој начин Бог ве проверува, давајќи ви можност да се покажете верни. Нему сте Му должни за сите ваши способности. Нему Му припаѓаат силите на вашето тело, умот и душата, и сите тие способности треба да се употребат за Него. Вашето време, вашето влијание, вашите можности, вашите вештини – сето тоа мора да го искористите во служба на Оној кој сето тоа ви го дал. Сите дарови најдобро ги користат оние кои сериозно настојуваат да го остварат големиот план на Господа за издигање на човечкиот род.

Истрајте во работата што сте ја започнале, сè додека не добиете победа по победа. Образувајте се за една цел. Имајте го пред очите највисокиот критериум кој можете да го постигнете, поголеми и уште поголеми добра, и на тој начин ќе ја одразувате Божјата слава.“ – Упатства за младите, 25. јануари, 1910.

„Сопственото јас влијае на нашето религиозно искуство далеку повеќе отколку што можеме и да замислиме. Само кога е распнато, кога тврдоглавата волја ќе се потчини, тогаш јазикот на срцето ќе биде: ‘Не мојата волја, Господи нека биде туку Твојата Кому Му припаѓам и Кому Му служам’. ‘Говори Господи, бидејќи Твојот слуга слуша’. Никој нема да остане ладен и неподвижен како неподвижните ѕвезди. Ова себично, световно достоинство, повеќе нема да се одразува. Ќе видите само прекрасен спој на чистота, возвишеност и благородништво – мудрост која доаѓа одозгора и кротоста и понизноста на Исус. Невиното јагне било избрано како претстава на Исус Христос.“
— Објавени ракописи 12, 191.

Вторник — 22. септември
3. БИДЕТЕ КАКО САМУИЛ

а. Кој е изворот на успехот за секој христијанин? 1 Коринтјаните 15,10.

„Успехот на секој работник зависи од Божјиот благослов. Ако Господ работи со вас ќе бидете во состојба да ја извршите задачата која ви ја наменил. Со Бога еден може да гони илјада и двајца десет илјади бегалци. Меѓутоа, додека го одржувате тој дух на фарисејство, Божјиот Дух нема и не може да работи со вас, бидејќи вие не се чувствувате зависни од Него. Кога ќе постанете ученици во Христовото училиште ќе покажете едноставност и понизност на малите деца, и ќе бидете подготвени да се советувате со своите браќа и сестри и срдечно ќе Му се молите на Бога за помош. Тогаш вашите уши ќе бидат отворени да го слушнат гласот на срцето: ‘Говори Господи, бидејќи Твојот слуга слуша’.“
— Е.Г.Вајт, материјали од 1888, 410.

б. Кој е изворот на неуспехот за секој христијанин? Изреки 12,15; Исаија 5,20.

„Бог сака да нè надари со Својот Дух; но Тој не може да го направи ова сè додека сте толку полни со себе. Кога себичноста ќе умре, ќе го почувствувате оживувачкото влијание на Духот Божји. Од припадниците на Божјиот народ се бара да се стремат кон единство… Сега не е време за отуѓување и раздор, бидејќи попуштањето на себичноста го изопачува духот. Ќе сакате ли да се преиспитате, или својата тврдоглава непопустливост ќе ја сметате како доказ за вистинска верност? Не бидете заслепени како фарисеите, кои доброто го нарекувале зло, а злото добро, бидејќи тоа Му е одвратно на Бога. Никогаш нема да имате поголем доказ отколку што е делувањето на Божјиот Дух. Господ никогаш немал намера да отстрани секаков повод за сомнеж. На оној кој отворено мисли Тој ќе му даде доволно докази да донесе вистинска одлука; но ако вие одлучно продолжите по својот пат, ако слично на Саул, не сакате да го промените својот курс поради гордоста и упорноста на срцето, поради непознавање на своето духовно сиромаштво, вие нема да ја препознаете ниту да ја примите светлината. Ќе речете како што и Саул рекол: ‘Јас го исполнив зборот Господов’ (1 Самоилова 15,13).“
— Е.Г.Вајт, материјали од 1888, 410.411.

Среда — 23. септември
4. ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ

а. Што ќе се случи со оние кои се потпираат на човечкиот разум наместо да го следат Божјиот совет? Изреки 1,24-26.

„Додека размислуваме за зборовите на свечено предупредување упатени до Израел, да се пренесеме во мислите пред големиот бел престол, каде што во присуство на насобраниот универзум, на секој човек ќе му се суди според делата направени во телото…

Никој тогаш нема да има сожалување за лудостите на оние кои го презреле и отфрлиле Бога. Никој нема да ги ублажува нивните маки. Го оставиле својот вистински Пријател кој толку ги сакал, за да одат по патот на удобноста и задоволствата на овој свет. Понекогаш имале намера да се вратат кон Бога. Меѓутоа, светот со своите лудории и измами, целосно го обзел нивното внимание. Бесполезните забави, гордоста во облекувањето и попуштањето на апетитот го стврднало нивното срце и ја отапиле нивната совест, така што гласот на вистината не можел да се чуе. Должноста се занемарува, вечните вредности се презираат, сè додека срцето не ја изгуби секоја желба да се жртвува за Оној кој толку направил за човекот. Но кога ќе дојде време за жетва ќе мораат да го пожнеат она што го посеале…

‘Тогаш ќе ме викаат, но јас нема да чујам; ќе ме бараат и нема да ме најдат. Затоа што го намразија знаењето и не го примија стравот Господов; затоа што не го примија мојот совет и ги презреа моите разобличувања. Поради тоа тие ќе јадат од плодовите на своите патишта и ќе се наситуваат од своите замисли’ (Изреки 1,28-31).“
— Знаци на времето, 18. август, 1881.

б. Што им е ветено на оние кои ќе го послушаат Бога? Изреки 1,33.

„Можеме ли некогаш да најдеме посигурен водич од Господ Исус Христос? Вистинската религија е отелотворена во Речта Божја и се состои во тоа да се остане под водството на Оној кој е свет во секоја мисла, збор и постапка. Оној кој е Патот, Вистината и Животот го прифаќа понизниот, искрениот и верен истражувач и му вели: ‘ајде по Мене’. Тој го насочува по тесниот пат на светоста која води во небото.

Христос го отворил овој пат за нас со голема цена жртвувајќи се Себеси. Ние не сме оставени на овој пат да се сопнуваме во мракот. Исус ни е од десната страна и постојано ни напомнува: ‘Јас сум Патот’. И сите кои ќе се одлучат да Го следат Господа ќе бидат водени по царскиот пат, и повеќе од тоа, тоа е патот кој е подготвен за да искупените од Господа одат по него.“
— RH, 29. март, 1906.

Четврток — 24. септември
5. АПЕЛ

а. Што можеме да научиме од молитвата на Давид? Псалм 119,33-38.

„Грешникот кој одбива да Му се предаде на Бога се наоѓа под контрола на друга сила, слушајќи друг глас, чии предлози се со сосема различен карактер. Страста го контролира, неговото расудување е заслепено, разумот е симнат од престолот и импулсивните желби го нишаат сега на една, потоа на друга страна. Вистината има сосема мало влијание врз него, бидејќи во човечка природа постои – кога ќе се одвои од Изворот на вистината – постојано противење на Божјата волја и Неговите патишта. Физичкото, умното и моралното битие на таквиот човек сè е под контрола на избрзани импулси. Чувствата се изопачени, а секоја способност која му е доверена за мудра употреба бива деморализирана. Таквиот човек е мртов во своите престапи и гревови. Склоностите го придвижуваат, страстите господарат, а неговиот апетит е под влијание на силата за која тој не е свесен. Тој зборува за слобода, за слободно делување, додека всушност се наоѓа во најбедно ропство.“
— RH, 17. февруари, 1891.

б. Објаснете како можеме да го избегнеме поразот во борба со непријателот. Јаков 4,7-10; Филипјаните 4,13.

„Оние кои тврдат дека се христијани имаат постојана потреба од сила која доаѓа однадвор и која е над самите нив. Тие треба будно да стражарат во молитва и да се стават под Божја заштита, инаку ќе бидат совладани од страна на непријателот. Христијанинот мора постојано да гледа во Бога како слуга во својот господар и како слугинката во својата господарка, велејќи: ‘Господи, што сакаш да направам?’ (Дела 9,6).“
— RH, 17. февруари, 1891.

Петок — 25. септември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што можеме да научиме од Марија?

2. Што можеме да научиме од Самуиловото искуство кога бил дете?

3. Како ќе покажеме дека сме ученици во Христовата школа?

4. Како можеме да одиме по царскиот пат?

5. Како можеме да го слушаме Бога и да ја имаме Неговата сила во нашиот живот?