2013 • 1. Квартал
1. лекција — Планот на спасението
5. јануари 2013
„Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот“.
— Јован 3,16
„Бог во Својата безгранична љубов креирал величествен план за спасување на човекот. Во тој план се гледа Божјата чудесна љубов кон паднатиот род“.
— 2 Сведоштво, 217.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 40—48.
Недела — 30. декември
1. ВО ПОЧЕТОКОТ
а. Како со едноставни зборови Светото писмо ја објаснува природата на Адам и Ева кога биле создадени? Во што тие наоѓале задоволство? Создавање 1,26.27.
„Човекот требало да биде според Божјото обличје, и во надворешниот изглед и во карактерот. Единствено Христос е ’одблесок на Божјата слава‘ (Евреите 1,3), додека човекот бил создаден според Божјото обличје. Неговата природа во целост била усогласена со Божјата волја. Неговиот ум бил во состојба да го сфати божественото. Склоностите му биле чисти; разумот владеел со неговите копнежи и страсти. Бил свет и среќен што на себе го имал Божјиот лик и потполно се покорувал на Неговата волја“.
— Патријарси и пророци, 18.
б. Каков поредок постоел во почетокот во целиот универзум? Создавање 1,31; Јов 38,7.
„Сè додека сите Божји созданија го признавале сојузот на љубовта, имало совршено согласие во Божјата вселена. Небесните војски се радувале што можеле да ги исполнуваат намерите на својот Творев. Биле среќни и восхитени што се отсјај на Неговата слава и што Му оддаваат слава и благодарност. И додека љубовта кон Бога било нивното најсвето чувство, меѓусебната љубов била нелицемерна и несебична. Никаква неусогласеност не ја нарушувала небесната хармонија“.
— Патријарси и пророци, 7.
Понеделник — 31. декември
2. ПОСЛЕДИЦИ ОД ПАДОТ ВО ГРЕВ
а. Кои се последиците од гревот врз човекот и врз природата? Што престапот на Божјиот закон му донел на светот? Создавање 3,17—19; Римјаните 5,12.
„Бог човекот го создал совршено свет и потполно среќен; а на земјата, кога излегла од рацете на Творецот, немало траги на распаѓање, ниту најмали сенки на проклетство. Престапот на Божјиот закон — законот на љубовта — на светот му донел зло и смрт“.
— Патот кон Христа, 7.
„Со тоа што се осмелиле да не ја послушаат Божјата волја само во една точка, нашите прародители ги отвориле браните на злото што го преплавиле сиот свет. И секој што го следи нивниот пример, ќе жнее слични резултати. Божјата љубов се наоѓа во основата на секоја одредба во законот и секој што отстапува од заповедите, предизвикува сопствена пропаст“.
— Мисли од гората, 39.
б. Под чија власт потпаднале и земјата и човечкиот род? Како Христос се спротивставил на таа сила? Римјаните 6,16; Лука 4,5.6; Јован 14,30.
„Заради гревот под власта на злиот непријател не потпаднал само човекот туку и целата земја, а со планот за откуп било предвидено сè да биде обновено и да се врати во првобитна состојба. Адам, кога завршило создавањето, бил поставен за господар на целата земја. Но кога му подлегнал на искушението тој паднал под власта на сатаната. ’Зашто кога некој некого победува, тој и го поробува‘ (2 Петрово 2,19). Кога човекот станал заробеник на сатаната, тогаш неговата власт преминала во рацете на освојувачот. Така сатаната станал ’бог на овој свет‘ (2 Коринтјаните 4,4). Тој насилно и бесправно ја присвоил власта над земјата што првобитно му била дадена на Адам“.
— Патријарси и пророци, 44.
„Во борбата меѓу Кнезот на светлината и водачот на царството на темнината станувало збор за прашања од големо значење за овој свет. Бидејќи со искушение го навел човекот на грев, сатаната тврдел дека земјата му припаѓа нему и себе се нарекувал кнез на овој свет. Бидејќи таткото и мајката на целиот човечки род ги прилагодил на својата природа, сатаната имал намера овде да го основа своето царство. Тој тврдел дека луѓето го избрале за свој владетел. Со својата власт над луѓето, тој господарел со светот. Христос дошол да го побие ова тврдење на сатаната. Христос, како Син човечки, ќе остане верен на Бога. Така ќе се покаже дека сатаната не стекнал целосна власт на над човечкиот род, и дека неговото тврдење за власт над светот е лажно. Сите кои сакаат да се ослободат од неговата власт ќе бидат ослободени. Ќе биде вратено царството што било загубено заради Адамовиот грев“.
— Копнежот на вековите, 94.
Вторник — 1. јануари
3. ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ГРЕВОТ
а. Каква промена настанала во човечката природа по паѓањето во грев? Колку жалосна станала состојбата од која сега требало да се спаси човечкиот род? Јован 8,44 (прв дел); Ефесјаните 2,1—3.
„Во почетокот Бог го создал човекот според сопственото обличје. Го надарил со благородни особини. Разумот му бил урамнотежен и сите сили на неговото битие биле сразмерно развиени. Но падот во грев и неговите последици ги изопачиле овие дарови. Гревот го извалкал Божјиот лик во човекот и речиси наполно го уништил..“.
— Патријарси и пророци, 631.
„Кога човекот го престапил Божјиот закон, неговата природа станала зла и оттогаш тој е во склад, а не во непријателство со сатаната. Според природата не постои никакво непријателство помеѓу грешниот човек и зачетникот на гревот. Со падот, злото им станало заедничка особина“.
— Големата борба, 449.
б. Какви склоности постојат и денеска во природата на човекот, доколку тој, со Божјата милост, не се роди наново? Псалм 51,5; Еремија 17,9; Римјаните 3,12; 2 Коринтјаните 4,4.
„Човекот со падот во грев се оддалечил од божествениот живот. Неговата душа е парализирана заради соработување со сатаната, зачетникот на гревот. Тој самиот не е во состојба да го препознае гревот, ниту е во состојба правилно да ја сфати и прими божествената природа. Кога таа би му била достапна во неговото непрепородено срце не би се нашло ништо што би ја посакало, затоа што потполно се предал на влијанието на сатанската маѓепсувачка сила. Сите досетливи изговори кои ѓаволот може да ги смисли Тој му ги шепоти во умот за да го спречи секој поттик кон доброто. Секоја способност и сила што Бог му ја дал ја користи како оружје против божествениот Дарител. Затоа, иако го сака, Бог не може да ризикува и да му ги даде даровите и благословите што ги подготвил за него“.
— Одбрани пораки 1, 340.
„Сите кои не се решителни Христови следбеници, се слуги на сатаната. Во непрепороденото срце владее љубовта кон гревот и склоност гревот да се негува и оправдува“.
— Големата борба, 452.
„Последиците на каснувањето од родот на дрвото за познавање на доброто и злото се гледаат во секој човек. Во човечката природа постои склоност кон зло, сила на која човекот не може сам да ѝ се спротивстави“.
— Воспитување, 29.
Среда — 2. јануари
4. ОЧИГЛЕДЕН ДОКАЗ ЗА БОЖЈАТА ЉУБОВ
а. Која божествена особина им одговара на потребите на паднатиот човечки род? Што го навело Христа да се понуди на толку голема жртва? 1 Јованово 4,9.10.
„Божјиот Син, Величествениот Заповедник на целото небо, го обзело големо сожалување кон паднатиот род. Кога пред Него се покажале страдањата на изгубениот свет, Неговото срце било трогнато и исполнето со бесконечно сочувство и сомилост“.
— Патријарси и пророци, 40.
„Таков карактер открил Христос во својот живот. Тоа е карактерот и на самиот Творев. Изливи на божествено милосрдие, покажани преку Христа, постојано течат од срцето на Таткото кон синовите човечки. Христос, милостивиот Спасител, патот на љубовта, бил Бог кој се ’јави во тело‘ (1 Тимотеј 3,16). Но Христос не ја принел таа голема жртва за во срцето на Таткото да пробуди љубов кон човекот или да Го одоброволи за да нè избави и спаси. Не, не! ’Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син‘ (Јов. 3,16). Таткото не нè сака заради таа голема жртва, туку ја принел затоа што веќе нè сакал. Христос бил посредник преку кој Таткото ја излеал својата голема љубов на луѓето паднати во грев“.
— Патот кон Христа, 12.13.
б. Кога е направен планот за спасение на грешниците? Кое начело на Божјото владеење се исполнило во тој план? Откровение 13,8; Римјаните 16,25; Псалм 89,14.
„Планот за нашето спасение не е донесен отпосле, ниту е формулиран после падот на Адам. Тој бил ’откривање на тајната што била чувана низ вечни времиња‘. Тој план бил откривање на начелата кои од вечни времиња се темел на Божјиот престол. Бог и Христос од самиот почеток знаеле за отпадништвото на сатаната и за човековиот пад пред предизвикан со делувањето на измамничката сила на отпадникот. Бог не наредил да се појави гревот, но знаел дека може да се појави и презел мерки за да ја потисне таа ужасна појава. Неговата љубов кон светот била толку голема што одлучил да го даде својот единствен возљубен Син за ’секој што верува да не погине, туку да има вечен живот‘ (Јован 3,16)“.
— Копнежот на вековите, 7.
„Жртвата на која љубовта ги натерала и Таткото и Синот за да можат грешниците да се спасат, пред целата вселена покажува — што можело да се постигне единствено со ваков план на откупување — дека правдата и милоста се темел на законот и божественото владеење“.
— Големата борба, 447.
Четврток — 3. јануари
5. ЦЕЛТА НА ПЛАНОТ НА ОТКУПУВАЊЕТО
а. Што сакал Бог да оствари со планот на откупување? 1 Јованово 3,1; Римјаните 8,15—17.
„’Гледајте колку голема љубов ни дал Отецот — да бидеме наречени чеда Божји, а тоа и сме!‘ (1 Јованово 3,1). Колкава вредност му дава тоа на човекот! Со падот во грев, Адамовите синови станале робови на сатаната, а со вера во Христовата жртва тие стануваат Божји деца. Земајќи ја на себе човечката природа, Христос го воздигнал човечкиот род. Благодарејќи на поврзаноста со Христа, луѓето навистина можат да стекнат достоинство и да се наречат ’Божји деца‘“.
— Патот кон Христа, 13.
б. За да не дојде до повторна појава на гревот, кој сомнеж, преку планот на спасение, мора потполно да се отстрани од умот на секое разумно битие во целата вселена? Наум 1,9; Лука 24,25.26; Ефесјаните 1,10.
„Божја цел е да се постави темел на вечна безбедност. Затоа на небесниот совет е одлучено на сатаната да му се даде време да ги открие начелата на кои би се темелела неговата власт. Тој тврдел дека неговите начела се подобри од Божјите. На сатанските начела им е дадено време да се развијат, така што целата вселена ќе може да го согледа нивното делување“.
— Копнежот на вековите, 743.
Петок — 4. јануари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што во почетокот било својствено за сите Божји созданија?
2. Што, покрај настанатите промени, се случило кога Адам и Ева престанале да бидат послушни на Бога?
3. Која интервенција од Божја страна станала неопходна за да се ублажат последиците од гревот?
4. Со што планот на спасението во целост ја открил природата на Божеството?
5. Што, преку планот на спасение, мора цврсто да се вреже во секој ум, за да се отстрани можноста од сомнеж или секакви нагаѓања?
2013 • 1. Квартал
2. лекција — Откупувањето на дело
12. јануари 2013
„Тој сам ги носеше нашите гревови на крстот во телото Свое, та ослободени од гревовите да живееме за правдата: ’Преку Неговата правда се исцеливте‘“.
— 1 Петрово 2,24
„Гревот со неговото страшно проклетство изопачил светот и речиси потполно го избришал Божјиот лик во човекот. Но Бог во својата чудесна љубов и сожалување не дозволил луѓето наполно и безнадежно да пропаднат во својата незавидна состојба. Тој го даде својот возљубен Син за да ги спаси“.
— Знаците на времето, 1. август, 1878.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 9—14.
Недела — 6. јануари
1. ИСПОЛНУВАЊЕ НА БАРАЊАТА
а. Која е казната за прекршување на законот и единствено на кој начин грешникот може да ја избегне казната? Кој врз себе ги презел нашите престапи? Создавање 2,17; Римјаните 7,10.11; 1 Петрово 2,24.
„За да го спаси човечкиот род од вечна смрт, Божјиот Син доброволно ја поднел казната за човековата непослушност. Единствено понижувањето на небесниот Кнез можело да ја отстрани оваа обесчестеност, да ја задоволи правдата и на човекот повторно да му го врати она што го загубил со својата непослушност“.
— Одбрани пораки 1, 308.
б. Што Божјиот Син прво морал да направи за да го овозможи остварувањето на планот на спасението? Кој, давајќи го Христа, исто така се жртвувал? 1 Тимотеј 3,16; Јован 3,16.
„Но Бог го дал својот љубен Син — Оној што му бил рамен Нему — да ја поднесе казната за престапот и со тоа го обезбедил патот по кој луѓето можат повторно да ја здобијат Неговата милост и одобрување и да се вратат во родниот едемски крај. Христос се зазел да го искупи човекот и светот да го оттргне од канџите на сатаната. Големата борба, започната на небото, треба да се заврши токму на овој свет, на земјата за која сатаната тврди дека е негова“.
— Патријарси и пророци, 47.
Понеделник — 7. јануари
2. СОВРШЕНА ПОСЛУШНОСТ — ПРЕДУСЛОВ ЗА ОТКУП
а. Каква послушност му овозможила на Христа да нè откупи? Филипјаните 2,8; Евреите 5,8.9; Римјаните 5,12.18.
„Како претставник на паднатиот човечки род, Христос го поминал истиот пат на кој Адам се сопнал и паднал. Со живот на совршена послушност кон Божјиот закон, Христос го откупил човекот од казната за срамниот пад на Адам. Човекот го престапил Божјиот закон. Христовата крв ќе им послужи само на оние што ќе ја обноват преданоста кон Бога, само на оние што ќе се покоруваат на погазениот закон. Христос никогаш нема да стане учесник во грев. Плаќајќи ја казната што законот ја бара, Тој на грешникот му дал уште една шанса, уште едно време на милост и проба. Го отворил патот по кој грешникот може повторно да добие милост и Божјо одобрување. Христос ја платил казната за сите минати престапи на човекот и дарувајќи му ја својата правда, го оспособува да го држи Божјиот свет закон“.
— Библиски коментари, 681.
„Сè до својата смрт на крстот (Христос) живеел совршен живот. Послушноста на сите Божји заповеди била обележје на Неговиот живот, и е пример за сите кои живеат на земјата. Неговиот живот во човечко тело е новиот жив закон. Тој закон Адам го престапил. Но Христос со своето совршено покорување на законот го надоместил Адамовиот срамен пад и неуспех“.
— Темели на хр. воспитување, 382.
б. Што на Христа му дало право да ги избави заробениците од рацете на непријателот? Јован 15,10 (последен дел); 1 Петрово 2,24.
„Како Христос со право можел да ги ослободува заробениците од рацете на непријателот? — Тоа право е стекнато со жртвата која ја задоволила правдата на начелата на кои се темели небесната власт. Тој дошол на оваа земја као Откупител на изгубениот човечки род за да го совлада лукавиот непријател, и со својата непоколеблива преданост на правдата да ги спаси сите што ќе го прифатат како свој Спасител. Цената на откупувањето Тој ја платил на крстот на Голгота. На тој начин го стекнал правото да ги ослободи робовите од канџите на големиот измамник, кој со лаги против Божјоото владеење го предизвикал падот на човекот, и така изгубил секакво право да се нарекува предан поданик на Божјоото славно и вечно царство“.
— Одбрани пораки 1, 309.
Вторник — 8. јануари
3. ЧОВЕЧКИОТ СИН РАЗВИВА СОВРШЕН КАРАКТЕР
а. Како Христос ја почнал подготовката за обновување на Божјиот лик во човекот? Евреите 10,5—7 (спореди со Псалм 40,6—8).
„Зашто Оној, кој не знаеше за грев, Бог за нас го направи грев.‘ Под ужасниот товар на вината заради нашите гревови, Тој им се спротивставил на страшните искушенија: апетитот, љубовта кон светот, земните почести и гордото фалење кое води до дрско пречекорување на дозволеното. Христос поминал низ сите тие три големи и главни искушенија и ги победи во име на човекот, градејќи за него (наместо него) совршен карактер, бидејќи знаел дека човекот само по себе никогаш не би можел да го оствари тоа“.
— 3 Свед., 345.
„Престапувајќи го законот, човекот на светот донел грев, а со гревот дошла и смртта. Христос станал жртва за помирување за човековиот престап. Христос го понудил совршенството на сопствениот карактер наместо човечката грешност. Го зел врз себе проклетството на непослушноста“.
— Библиски коментари, 689.
б. На кој начин Христос го прославил Отецот, и зошто? Јован 17,3.4 (прв дел); 14,7—11.
„Употребата на сила е во спротивност со начелата на Божјоата власт. Тој сака само служба од љубов, а на љубовта не може да и се нареди, таа не може да се придобие со сила или власт. Љубовта може да се пробуди само со љубов. Да го познаваме Бога значи да Го љубиме. Неговиот карактер мора да се истакне како спротивност на карактерот на сатаната. Во целата вселена тоа дело може да го изврши само едно Битие. Длабината и ширината на Божјоата љубов може да ги објави само Оној што ги познава“.
– Коп. на вековите, 9.
„Христос дошол на светот да го претстави Отецот како Бог на љубов, полн со милост, нежност и сочувство… Кога Филип побарал од Христа: ’Покажи ни го Отецот и доста ни е‘, Спасителот му одговорил: ’Толку време сум со вас, и не си ли ме познал Филипе? Кој ме виде мене го видел и Отецот, па како ти велиш: Покажи ни го Отецот?‘ За себе самиот, Тој вели дека на светот е пратен како претставник на Отецот. Во благородноста на својот карактер, во својата милост и нежно сочувство, во својата добрина и љубов, Тој стои пред нас како отелотворение на божественото совршенство, видливо обличје на невидливиот Бог“.
— 5 Сведоштво, 692.
Среда — 9. јануари
4. ВО ХАРМОНИЈА СО НАЧЕЛАТА НА ЗАКОНОТ
а. Што, во поглед на законот, Христос потврдил со својата смрт на крстот? Што сè уште е услов за нашето спасение? Исаија 42,21; Матеј 5,17; 19,17.
„Христос не дошол на оваа земја да страда и да умре само за да го спаси човекот. Тој дошол ’законот да го направи голем и славен‘. Дошол не само жителите на овој свет да се однесуваат кон Божјиот закон како што треба, туку и на сите светови во вселената да им покаже дека Божјиот закон е непроменлив. Кога би било можно законот да се укине, тогаш Божјиот Син не би морал да го жртвува својот живот и да страда токму заради тој закон. Христовата смрт е доказ дека законот е непроменлив“.
— Големата борба 447.
„Со својот живот на земјата Христос законот го направил ’голем и славен‘. Со својата смрт го утврдил. Го жртвувал својот живот, не за да го уништи Божјиот закон, ниту да постави некое пониско мерило туку за да ја одржи правдата и да докаже дека законот е непроменлив и вечен“.
— Христовите поуки, 280.
б. Што користи Христос во делото на откупување за да ги осведочи луѓето и да ги обрати? Псалм 19,7; 1 Тимотеј 1,8—10; Римјаните 3,19.20.
„За да ја согледа својата вина, грешникот мора својот карактер да го испитува според Божјоото големо мерило на правда. Законот е огледало кое на човекот му го покажува совршенството на еден добар карактер и му овозможува да ги разоткрие сопствените недостатоци.
„Законот на човекот му ги открива гревовите, но не наоѓа лек. И додека на послушните им ветува живот, тој истакнува дека смртта е плата за престапот. Единствено Христовото евангелие може да го ослободи човекот од клетвата и нечистотијата на гревот..“.
— Големата борба, 416.
„Без законот човекот не може да има вистинска претстава за чистотата ниту за светоста на Бога, ниту пак за сопствената вина и нечистотија. Тој не е осуден како грешник, па затоа и не чувствува потреба за покајание. Затоа што не согледува дека како престапник на Божјоото закон е изгубен, тој не може да сфати дека му е потребна Христовата крв за помирување. Тој се надева на спасение без коренити промени на срцето и реформа во животот. Така постојано се зголемува бројот на површните обраќања, и во црквата се приклучуваат многумина кои никогаш вистински не се соединиле со Христа“.
— Големата борба, 417.
Четврток — 10. јануари
5. СПАСЕНИЕТО КАКО СПРОТИВНОСТ НА ГРЕШНОСТА
а. Што му било дадено на Адам во почетокот, а по падот било узурпирано од сатаната? Како и кога ќе биде ова повторно воспоставено благодарение на Христовиот живот и Неговата жртва? Создавање 1,26; Лука 4,5.6; Јован 12,31.32.
„Заради гревот под власта на злобниот непријател не паднал само човекот, туку и целата земја, а со планот на спасението е предвидено сè да биде обновено и вратено во првобитната состојба. Адам, по создавањето, бил поставен за господар над целата земја. Но, кога му подлегнал на искушението, тој паднал под власта на сатаната. ’Зашто кога некој некого победува, тој и го поробува’ (2 Петрово 2,19). Кога човекот станал заробеник на сатаната, тогаш неговата власт преминала во рацете на освојувачот. Така сатаната станал ’бог на овој свет‘ (2 Коринтјаните 4,4). Тој насилно и бесправно ја присвоил власта над земјата што првобитно му била дадена на Адам.
„Меѓутоа, Христос, со својата жртва и страдање за гревот, сакал не само да го откупи човекот, туку и да му ја поврати изгубената власт. Сè што загубил првиот Адам, Вториот требало да врати и да обнови… Оваа цел ќе биде исполнета кога земјата, обновена со Божја моќ и ослободена од грев и тага, ќе стане вечно живеалиште на избавените. ’Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно‘ (Псалм 37,29). ’И нема да има веќе никакво проклетство; престолот на Бога и на Јагнето ќе биде во градот; Неговите слуги ќе му служат‘ (Откровение 22,3).“
— Патријарси и пророци, 44.
б. Што Христос, благодарение на својата жртва, ќе стори со гревот и со сè што е поврзано со него? Малахија 4,1; Откровение 20,14.15; Езекиел 28,19 (последен дел).
Петок — 11. јануари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Зошто Христовото отелотворување е толку важно во планот на спасението?
2. После отелотворувањето, кое било следното барање на Оној кој требало да го откупи човечкиот род и да го спаси од гревот?
3. Што Исус требало буквално да им открие на своите ученици и на луѓето?
4. Што направил Исус за да ги оспособи човечките битија да изградат карактер сличен на Неговиот?
5. Како на Адама ќе му биде вратена положбата што со измама му била одземена?
2013 • 1. Квартал
3. лекција — Божјиот Закон
19. јануари 2013
„Отвори ги очите мои, и ќе ги разберам чудесата од Твојот закон“.
— Псалм 119,18
„Како што жртвата во име на човекот била целосна, така и неговата обнова од осквернетоста на гревот мора да биде темелна и целосна. Божјиот Закон ни е даден за да имаме правила според кои ќе се управуваме“.
— Христијанско воспитување, 112.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 414—417.
Недела — 13. јануари
1. ЗАКОНОТ ПРЕД ПАДОТ
а. Што е доказ дека законот постоел пред падот на човекот? Излез 16,4; 20,8 (прв дел)
„Божјиот закон постоел пред создавањето на човекот, во спротивно Адам не би можел да погреши“. — Одбрани пораки 1, 230.
„Божјиот закон постоел перед создавањето на човекот и бил прилагоден според состојбата во која се наоѓале светите битија; дури и ангелите се потчинуваат на тој закон“. — Одбрани пораки 1, 220.
„Во почетокот човекот бил создаден според Божјиот лик. Тој бил во совршена хармонија со природата и Божјиот закон; начелата на правдата биле испишани во неговото срце“. —Големата борба, 416.
б. Кој услов мора да го исполнуваат сите создадени битија за да можат да останат во целосна хармонија со Бога и еден со друг? Псалм 119,165.
„Хармонијата на сè што е создадено зависи од совршеното потчинување на сите битија, сè што е живо и неживо на непроменливите закони на Творецот. Бог поставил закони според кои треба да се управуваат не само живите суштества, туку и сите појави во природата“. — Патријарси и пророци, 28.
Понеделник — 14. јануари
2. ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ПРЕСТАПОТ
а. Што Светите списи велат за Божјиот закон? Зошто покорувањето на тие прописи отсекогаш било услов за вечен живот? Римјаните 7,12; Лука 10,25—28.
„Божјиот закон е свет исто како и самиот Бог. Тој е откровение на Неговата волја, препис на Неговиот карактер — израз на божествената љубов и мудрост“. — Патријарси и пророци, 27.
„Божјиот карактер е изразен во Неговиот закон; и за да бидеш во хармонија со Бога, начелата на Неговиот закон мора да бидат извор на секое твое дејствување. Христос не го намалил значењето на законот. Со јасни и недвосмислени зборови Тој послушноста на одредбите од законот ги претставува како услов за вечен живот — истиот услов што се барал од Адам перед да падне во грев. Господ денес не бара помалку од она што го барал од човекот во рајот, а тоа е совршена послушност, неизвалкана праведност. Барањата во заветот на милоста се од ист карактер како и оние во Едем — хармонија со Божјиот закон, кој е свет праведен и добар“. — Христовите поуки, 356.
„Евангелието не ги ослабува барањата на законот, туку го издига и го прави славен. Барањата на законот во Новиот завет не се ништо помали од оние во Стариот завет“. — Одбрани пораки 1, 373.374.
б. Што е престапување на законот? Која е неизбежната последица на непослушноста? 1 Јованово 3,4; Римјаните 6,23 (прв дел).
„Законот бара совршена послушност. ’Зашто, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сè‘ (Јаков 2,10). Ниту една од десетте заповеди не може да се наруши, а да не се прекине лојалноста кон небесниот Бог. Најмалото отстапување од тие барања, поради немарност или намерно престапување, е грев, а секој грев грешникот го изложува на гневот на Бога“.
„Секој акт на престап делува на грешникот, доведува до промена на неговиот карактер, и прави полесно да згреши повторно. Со избирање на гревот, луѓето се одвојуваат од Бога, се исклучуваат од каналот на благослови, а сигурен исход е пропаст и смрт“. — Одбрани пораки 1, 218.235.
Вторник — 15. јануари
3. ЗАКОНОТ ПОСЛЕ ПАДОТ
а. Каква промена во ставот настанала како последица на непослушноста? Што се докажува со фактот дека нашите први родители се сокриле од Божјоото присуство? Римјаните 8,7.8; Исаија 59,2.
„Гревот го отуѓил (човекот) од својот Создател. Тој повеќе не го го отсликувал божествениот лик. Неговото срце војувало со начелата на Божјиот закон. ’Зашто копнежот на телото е непријателство на Бога, тој не му се подредува на законот Божји затоа што не може‘ (Римјаните 8,7)“. — Големата борба, 467.
б. Како знаеме дека законот не се променил после падот? Каде бил испишан подоцна? Псалм 119,152; Второзаконие 4,12.13.
„После падот, начелата на праведноста останале непроменети. Ништо не било отстрането од законот; ниту една од светите заповеди не би можеле да се подобрат. И како што постоел од почетокот, така ќе продолжи да постои низ безбројните векови на вечноста. ’Одамна знам за Твоите уредби, зашто си ги утврдил засекогаш‘ (Псалм 119,152).“
„После престапот на Адам начелата на законот не биле променети туку дефинитивно биле средени и изразени на таков начин што ќе му одговараат на човекот во неговата падната состојба“. — Одбрани пораки 1, 220.230.
в. Според Новиот завет, каде бил напишан законот? Евреите 8,10; 10,16.
„Делото на обраќање и посветување е да ги помири луѓето со Бога, така што ќе ги доведе во хармонија со Неговиот закон“. — Големата борба, 467.
„’Твојот закон е вистина.‘ Преку словото и Божјиот Дух на луѓето им се откриени големите начела на праведност, вградени во Неговиот закон. И бидејќи законот Божји е ’свет, праведен и добар,‘ препис на божествената совршеност, тоа значи дека и карактерот развиен во послушност на тој закон ќе биде свет. Христос е совршен пример за ваков карактер. Тој вели: ’Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец.‘ ’Зашто секогаш го вршам она што Му е угодно‘ (Јован 15,10; 8,29). Христовите следбеници треба да станат слични на Него — со Божја милост да развијат карактер во хармонија со начелата на Неговиот свет закон. Тоа е библиско посветување“. — Големата борба, 418.
Среда — 16. јануари
4. ЗАКОНОТ И МИЛОСТА СЕ ПОВРЗАНИ
а. На што се заснова Божјиот престол? Што во светињата над светињите служело како постојан потсетник за ова? Псалм 89,14; Излез 25,17.7—14.
„Во небесниот храм, Божјото пребивалиште, Неговиот престол е утврден на праведност и суд. На најсветото место се наоѓа Неговиот закон, големото начело на вистината според кое Бог ќе му суди на целото човештво. Над ковчегот на заветот во кој се чуваат плочите на законот се наоѓа престолот на милоста перед кој Христос постојано се повикува на својата крв пролиена за спас на грешникот. На тој начин е прикажано соединувањето на правдата и милоста во планот за спас на човештвото. Само неизмерната божествена милост можела да го замисли ова соединување и само Неговата неизмерна моќ да го изврши; тоа е соединување кое целото небо го исполнува со восхит и љубов. Херувимите кои во земната светиња со страхопочит гледаат на престолот на милоста се приказ за интересот со кој небесните чети гледаат на делото на спасение. Ова е тајна на милоста во која и ангелите сакаат да проникнат — дека Бог е праведен и кога го оправдува грешникот кој се кае, и дека така повторно ја воспоставува врската со паднатиот род; дека Христос може да се понизи за безбројното мноштво да се извлече од бездната на пропаста и да ги облече во чистите алишта на својата правда, за да можат тие да се соединат со небесните ангели и вечно да живеат во Божјо присуство“. — Големата борба, 372.
б. Кои две начела мора постојано да бидат ускладени? Како знаеме дека милоста не го исклучува законот? Псалм 85,10.
„Законот и евангелието се во совршена хармонија. Едното го поддржува другото. Во сета своја величественост законот делува на совеста и го поттикнува грешникот да ја почувствува својата потреба за Христа како жртва за помирување. Евангелието ја препознава моќта и неменливоста на законот. ’Но јас го разбрав гревот преку законот,‘ тврди Павле (Римјаните 7,7). Свеста за грев, наметната со познавање на законот, го води грешникот кон Спасителот“. — Одбр. пораки 1, 240.241.
„Христовата милост и Божјиот закон се неразделни. Во Христа се сретнуваат милоста и вистината, правдата и мирот се целиваат. Во својот живот, Тој не само што го открива Божјиот карактер, туку и она што човек може да постане“. – Одбрани пораки 1, 349.
Четврток — 17. јануари
5. БОЖЈИОТ ИДЕАЛ ЗА ЧОВЕШТВОТО
а. Според планот за спасение, кој е Божјиот идеал за Неговите деца? Матеј 5,48; Римјаните 8,4.
„Божјиот идеал за Неговите деца е повисок, отколку што може да досегне највозвишената човечка мисла. ’Но бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен‘ (Матеј 5,48). Оваа наредба е и ветување. Планот за откупување вклучува и наше целосно ослободување од моќта на сатаната. Христос секогаш ја одвојува покајничката душа од гревот. Тој дошол да ги уништи делата на ѓаволот и ветил дека ќе го излее Светиот Дух на секоја душа што се кае, за да ја сочува од грешење“. — Копнежот на вековите, 311.
„Законот е израз на Божјите мисли. Кога го прифаќаме во Христа, тој станува наша мисла. Не издигнува над моќта на природните желби и склоности, над искушенијата што водат во грев. ’Голем е мирот кај оние кои го сакаат Твојот закон, и за нив нема соблазна‘ (Псалм 119,165) — нема причина за сопнување“. — Одбрани пораки 1, 235.
б. Со што мораме да го ускладиме нашиот живот за да го достигнеме овој идеал? Псалм 119,1.142.167; Јован 17,17; Јаков 2,12.
Петок — 18. јануари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. На кој начин со Божјиот закон се одржува совршена хармонија?
2. Што знаеме за последиците од непокорување на Божјиот закон?
3. Што можеме да дознаеме за трајноста на законот?
4. Каква поука ни дава капакот над ковчегот во кој биле плочите со Божјиот закон?
5. Што им овозможува на верниците да станат како Христа?
2013 • 1. Квартал
4. лекција — Христовата човечка природа
26. јануари 2013
„И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“
— Јован 1,14
„Човечката природа на Божјиот Син за нас претставува сè. Таа е златен синџир кој нашите души ги врзува со Христа, а преку Христа до Бога. Ова треба да биде наша тема за проучување. Христос навистина бил човек“.
– Упатство за младите, 13. октомври, 1898.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Одбрани пораки 1, 246.247; Копнежот на вековите, 97—102.
Недела — 20. јануари
1. ЧОВЕЧКОТО РОДОСЛОВИЕ НА ХРИСТА
а. Каков облик било неопходно да земе Христос кога дошол на земјата и зошто? Римјаните 8,3; Јован 1,14.
„Исус станал човек за да може да посредува меѓу човекот и Бога. Тој својата божественост ја наметнал со човечка природа, се поистоветил со човечкиот род, за да може со својата човечка рака да го опфати човештвото, а со својата божествена рака да се фати за божествениот престол. Така, кај човекот можел да го возобнови првобитното сфаќање што во Едем го загубил заради примамливото искушение на сатаната“.
— Библиски коментари 7—А, 487.
б. Чиј потомок бил Христос, по тело? Што наследил од својата мајка? Создавање 3,15; 22,18; Римјаните 1,3.
„За Божјиот Син би било речиси бескрајно понижување да ја земе врз себе човечка природа, дури и тогаш кога Адам сè уште бил невин во Едем. Меѓутоа, Христос зел човечка природа кога човештвото четири илјади години било ослабено од гревот. Како и секое дете на Адам, и Тој ги примил последиците на неизбежниот закон на наследство. Кои биле тие последици е прикажано во историјата на Неговите земни предци. Тој дошол со такво наследство за да ги подели нашите страдања и искушенија, и да ни даде пример на безгрешен живот“.
— Копнежот на вековите, 31.
Понеделник — 21. јануари
2. ХРИСТОВАТА ЧОВЕЧКА ПРИРОДА
а. Како човечката природа на Божјиот син ја опишува пророкот Исаија? Исаија 53,2—4.
„Земајќи ја на себе падната човечка природа, Христос ниту најмалку не учествувал во гревот. Тој бил подложен на немоќи и слабости кои ги има човекот, ’за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: Тој врз Себе ги зеде нашите немоќи и ги понесе болестите‘ (Матеј 8,17). Тој бил погоден од нашите немоќи и во сè бил искушан како и ние“.
— Библиски коментари 542.
б. Како апостол Павле ја истакнува стварноста на човечката природа што Христос ја наследил? Евреите 2,14.17 (прв дел).
„Христос не ја зел човечката природа само навидум; Тој вистински ја имал. Тој навистина поседувал човечка природа“. — Одбрани пораки 1, 247.
„Низ период од четири илјади години, кај (човечкиот) род се деградирале физичката сила, умствената моќ и моралните вредности; и Христос на себе ги зел немоќите на деградираното човештво. Само така може да го спаси човекот од најголемите длабочини на деградација“. — Копнежот на вековите, 97.
„Исус во сè бил како своите браќа. Тој станал тело, како нас. Тој бил гладен и жеден и уморен. Се наситувал со храна и се одмарал со спиење. Ја делел човечката судбина; сепак Тој бил безгрешен Божји Син. Тој бил Бог во тело. Неговиот карактер мора да стане и наш“. — Копнежот на вековите, 291.
„Каква била оваа слика што Небото ја гледало! Христос, кој не знаел ниту за најмала дамка на грев ниту осквернетост, ја зел нашата распадната природа. Ова понижување било многу поголемо отколку што може да сфати ограничениот човек. Бог се манифестирал во тело. Се понизил себеси. Каков само предмет за размислување, за длабоко и најсериозно разгледување! Толку бескрајно големо, Величество на небото, а сепак се спуштил толку ниско без да изгуби и најмал дел од своето достоинство и слава! Се спуштил до најголема сиромаштија и понижување меѓу луѓето. Станал сиромашен за ние да се збогатиме преку Неговата сиромаштија. ’Лисиците имаат легла‘, рекол Тој, ’и птиците небески — гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да наслони‘ (Матеј 8,20)“.
— Одбрани пораки 1, 253.
Вторник — 22. јануари
3. ХРИСТОС МОЖЕЛ ДА ПАДНЕ
а. Како знаеме дека Христос морал да биде искушан со сите искушенија со кои ние мораме да се соочиме, и со каква цел? Евреите 2,17.18; 4,15; 5,1.2.
„Само Христос ги искусил сите таги и искушенија што ги снаоѓаат луѓето. Никој друг роден од жена не бил толку жестоко нападнат од искушенија; никој друг не носел толку тежок товар на гревот и болката на светот“. — Воспитување, 78.
„Силите на темнината го напаѓале Божјиот Син на секој чекор. После Неговото крштевање Духот го одвел во пустината, каде четириесет дена трпел искушенија. Добивав писма во кои се тврди дека Христос не би можел да ја има истата природа како и човекот, бидејќи кога би ја имал, Тој би паднал под такви искушенија. Ако Тој ја немал човечката природа, Тој не би можел да биде наш пример. Ако не зел удел во нашата природа, Тој не би можел да биде искушан како луѓето. Ако не било можно тој да падне пред искушение, тогаш не би можел да биде наш помошник. Свечена реалност е дека Христос дошол да се бори во битките како човек, и во име на човештвото“. — Одбрани пораки 1, 408.
б. Кој друг доказ исто така покажува дека Христос во човечка природа можел да попушти на искушенијата? Што сè било доведено во прашање? 2 Коринтјаните 5,21; Евреите 5,7.8.
„Доколку не постои можност за паѓање, тогаш искушението не е искушение. Кога човекот е под силно влијание да направи погрешно дело, знаејќи дека тој може да го направи тоа, тој со вера се спротивставува, цврсто држејќи се за божествената моќ – тоа е одлевање на искушението. Тоа било тешко исушување низ кое и Христос поминувал. Да не можел да погреши, Тој не би можел да биде искушан во сè, како и луѓето“. — Библиски коментари, 439.
„Искушенијата на кои бил изложен Христос биле ужасна реалност. Како слободно битие, Тој бил ставен на проба и можел да им подлегне на сатанските искушенија и да постапи спротивно на Божјата намера. Кога ова не би било така, кога не би било можно Тој да доживее неуспех, Тој не би бил искушан во сè во што се искушуваат човечките синови“. — Библиски коментари, 440.
„Имајте на ум дека Христос ризикувал сè. Заради нашето спасение, самото небо се изложило на опасност. И кога сте во подножјето на крстот сетете се дека Христос би го жртвувал својот живот само за еден грешник, и тогаш ќе можете да ја цените вредноста на една душа“. — Христови поуки, 164.
Среда — 23. јануари
4. ЖЕСТИНАТА НА ХРИСТОВИТЕ ИСКУШЕНИЈА
а. Зошто искушувањето во пустината било толку жестоко за Христа? Лука 4,2.12.13.
„Нашиот Спасител е брат во нашите слабости, ’Кој искусил сè како и ние‘ (Евреите 4,15); но како безгрешен Неговиот природа се ужасувала од злото; Тој ги издржал борбите и душевните страдања во овој грешен свет“. — Патот кон Христа, 85.
„Секој грев, секоја раздор и секој валкан порок што престапот го носи со себе било измачување за Неговиот дух“. — Копнежот на вековите, 90.
„Многумина тврдат дека било невозможно искушенијата да го надвладеат Христа. Во таков случај, Тој не би можел да се стави на местото на Адам, и не би можел да ја извојува победата која Адам не успеал да ја извојува. Ако ние, во било кој поглед, сме изложени на потешка борба од онаа на Христа, тогаш Тој не би можел да ни помогне. Меѓутоа, нашиот Спасител на себе го зел човечкото обличје со сите свои слабости. Тој ја зел човечката природа заедно со можноста да попушти на искушението. Ние не поднесуваме ништо, што Тој веќе не поднел“. — Копнежот на вековите, 97.
„Кога на Неговата човечка природа и додаваме некоја сила што човекот не ја има во борбата со сатаната, тогаш во целост го негираме Неговото поистоветување со луѓето..“. — Библиски коментари, 807.
„Нашиот Господ бил искушан како што се искушува човекот. Како човечко битие, можел да подлегне на искушението. Неговата ограничена природа била чиста и неизвалкана, но Неговата божествена природа која го навела да му каже на Филип: „Кој ме виде Мене, го виде Отецот‘ (Јован 14,9) не била присутна во човечката; ниту пак човечката природа се облагородила со спојувањето на двете природи; и едната и другата ги задржале своите особини и својства.
„Но овде не смееме во нашите обични, земски и изопачени идеи да мислиме дека можноста Христос да попушти на сатанските искушенија ја деградира Неговата човечка природа и дека Тој ги поседувал истите грешни и изопачени склоности како човекот.
„Божествената природа, комбинирана со човечката, Го направила подложен на искушенијата од сатаната. Христовото искушување било многу потешко од она на Адам и Ева, бидејќи Тој ја зел нашата падната, но неизопачена природа, природа која не би останала неизопачена ако ги прифател зборовите на сатаната, наместо Божјите зборови. Претпоставката дека Тој не можел да му подлегне на искушението Го става во позиција Тој да не би може да биде совршен пример на човекот, и силата и снагата на овој детаљ од Христовото понижување, кое е толку далекосежно, не би претставувало никаква поука или помош на човечките битија“. — Објавени ракописи 16, 182.183.
Четврток — 24. јануари
5. ХРИСТОВИОТ РАЗВОЈ И ТРИУМФ
а. Со кои искуства познати на човечките битија Христос се подготвувал за победа, и каков бил исходот? Лука 2,40.52; Евреите 5,8.9.
„Исусовиот живот бил живот на хармонија со Бога. Додека бил дете, Тој размислувал и говорел како дете, но никаква трага од грев не го замрачувала Божјиот лик во Него. Жителите на Назарет влегле во поговорка заради својата безбожност. Колку лош глас ги биел покажува прашањето на Натанаил: ’Зар може да излезе добро од Назарет?‘ (Јован 1,46). Исус се наоѓал таму каде што Неговиот карактер бил ставен на проба“. — Копнежот на вековите, 52.
б. Која е тајната за победа над искушението? Што им ветува Христос на оние што ќе победат како Тој што победил? 1 Петрово 2,23; Јаков 4,7; Откровение 3,21.
„(Христос) го победил сатаната во истата природа над која сатаната во Едем извојувал победа. Христос го победил непријателот во својата човечка природа, потпирајќи се на Бога за сила. Тоа е привилегија и за секој од нас. Во сразмер со нашата вера ќе биде и нашата победа“. — Упатство за младите, 25. април, 1901.
Петок — 25. јануари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Какво наследство примил Христос од линијата на Адам?
2. Што докажува дека Христос навистина живеел како човек кога бил меѓу луѓето?
3. Како знаеме дека Христос морал да се соочи со вистински искушенија исто како и секое друго човечко битие?
4. Кога Христос морал лично како Човечки Син да се соочи со искушенијата, што Неговите искушенија ги направило пожестоки и посилни од нашите?
5. Како Христос се подготвувал за победа, и каква поука можеме да извлечеме од тоа?
2013 • 1. Квартал
5. лекција — Христовата божествена природа
2. февруари 2013
„Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давид“
— Лука 1,32
„Господ Исус дошол на овој свет, не за да покаже што Бог може да направи, туку што може човекот да направи со вера во Божјата моќ која помага при секоја потреба“.
— Нашиот висок позив, 48.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Одбрани пораки 3, 134—142.
Недела — 27. јануари
1. ОТЕЛОТВОРУВАЊЕТО НА БОЖЈИОТ СИН
а. Кое пророштво било кажано во врска со доаѓањето на Божјиот Син како посредник? Евреите 10,5; Јован 1,14.
„Престолот на милоста ја напуштил светињата, но во детето од Витлеем била сокриена слава на која ангелите ѝ се покоруваат. Тоа несвесно дете било ветениот потомок на кој укажувал првиот олтар пред вратата на Едемската градина. Тоа било Кнезот, кому му ’припаѓа‘ власта. Оној што на Мојсеја му рекол ЈАС СУМ. Тоа е Оној што во столб од облак и столб од оган го водел Израел. Тоа бил оној за кого видовитите одамна пророкувале. Тој бил копнежот на сите народи, Корен и Гранка од Давида, Ѕвездата Деница. Името на тоа слабо мало дете, запишано во списокот на Израел, во кој е прогласен за наш брат, било надеж за паднатото човештво. Детето за кое е платен откуп е Оној кој требало подоцна да плати за откуп на целиот свет. Тој бил вистински ’првосвештеник во Божјиот дом‘, глава на ’вечното свештенство‘, посредник кој ’седна од десната страна на пресолот на Севишниот во висините‘ (Евреите 10,21; 7,24; 1,3)“.
— Копнежот на вековите, 35.
б. Како Пилат за време на судењето го претставил Божјиот Син пред насобраната толпа? За што бил во право, а за што во заблуда? Јован 19,5.15; 18,36.
Понеделник — 28. јануари
2. ХРИСТОС, СИНОТ БОЖЈИ
а. Како Божјото слово го објаснува раѓањето на Исус? Лука 1,30—32.
„Иако Христовата божествена слава била привремено покриена и сокриена со Неговата човечка природа, самиот факт дека станал човек, не значи дека престанал да биде Бог. Она што во Него било човечко, не го зазело местото на божественото, ниту пак божественото го отстранило човечкото. Тоа е тајната на побожноста. Она што ние го изразуваме со зборовите ’човечко‘ и ’божествено‘ било неразделно споено во Христа, но и едното и другото ги сочувале своите особености. Иако се понизил станувајќи човек, Христос и понатаму го задржал своето Божество. Неговото Божество не можело да исчезне сè дури Тој верно и вистински ја чувал својата преданост“.
— Библиски коментари, 538.
„Дали човечката природа на Синот на Марија се преобразила во божествена природа на Божјиот Син? Не; овие две природи таинствено биле споени во една личност — Исус Христос. Во Него почивала сета полнота на божеството — во тело“.
— Исто, 503.
б. Како човек, која природа Тој исто така ја поседувал? Кога ја објаснуваме тајната на отелотворувањето, која опасност треба да ја избегнеме? Лука 1,34.35.
„Бидете внимателни, мошне внимателни кога зборувате за Христовата човечка природа. Немојте пред луѓето да го прикажувате како човек со склоност кон гревот. Тој е втор Адам. Првиот Адам бил создаден како чисто, безгрешно битие, без дамка од грев на себе; тој бил според Божјото обличје. Можел да падне, и паднал кога згрешил. Поради гревот, неговото потомство било родено со наследена склоност кон гревот. Но Христос бил единородниот Син Божји. Тој на себе ја зел човечката природа, и бил искушан во сè во што се искушува човечката природа. Тој можел да направи грев; Тој можел да падне, но ниту за момент во Него не постоела зла склоност. Тој бил изложен на искушенија во пустината, исто како што Адам бил изложен на искушенија во Едем…
„(Лука 1,31—35). Овие зборови не се однесуваат на ниедно човечко битие, освен на Синот на бесконечниот Бог. Никогаш, на ниеден начин, немојте да оставите и најмал впечаток во човечките умови дека кај Христа имало дамка, наклонетост или расипаност, или дека Тој на било кој начин подлегнал на расипаноста. Тој бил искушан во сè во што се искушува човекот, сепак Тој е наречен свет“.
— Библиски коментари, 537.
Вторник — 29. јануари
3. ХРИСТОС, ИЗВОРОТ НА ЖИВОТОТ
а. Што бил Христос од вечноста? Јован 1,4.
„Во Него беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето‘ (Јован 1,14). Овде не станува збор за смртниот живот, туку за вечниот живот, живот што е само Божја сопственост. Словото, кое било со Бога, и кое било Бог, го имало овој живот. Земниот живот, подложен на смрт, го добива секоја личност. Тој не е вечен или бесмртен; бидејќи Бог, Животодавецот, го зема повторно. Човекот нема контрола врз својот живот. Но животот на Христа не бил позајмен. Никој не може да Му го одземе Неговиот живот. ’Јас Сам од Себе го давам‘, рекол Тој (Јован 10,18). Во Него бил животот, оригинален, непозајмен, самостоен. Човекот не го наследува овој живот. Тој може да го добие само преку Христа. Не може да го заработи; му се дава како бесплатен дар ако поверува дека Христос е Неговиот личен Спасител“.
— Библиски коментари, 540.
б. Зошто Христос дошол на овој свет, и што им носи Тој на оние што го прифаќаат? Што немаат оние кои не веруваат во Синот Божји? Јован 10,10 (последен дел). 28; 1 Јованово 5,11.12.
„Сите создадени битија живеат благодарение на волјата и моќта на Бога. Тие се приматели на животот на Божјиот Син. Колку и да се способни и талентирани, колку и да е голем нивниот капацитет, тие се снабдуваат со живот од Изворот на сиот живот. Тој е изворот на животот. Само тој, кој сам има бесмртност, кој престојува во светлина и живот, може да каже: ’Јас имам моќ да го положам својот живот, и имам моќ да го земам повторно‘… Христос има право да дава бесмртност. Животот што го положил за човечкиот род, Тој го зел повторно и го дал на човечкиот род. ’Јас дојдов‘, вели Тој, ’за да имаат живот и да го имаат во изобилие‘ (Јован 10,10)“.
— Библиски коментари, 504.
„Ако се покаеме за нашите престапи и го примиме Христа како Дарител на живот, како наш личен Спасител, ние стануваме едно со Него, и нашата волја доаѓа во хармонија со Божјата волја. Ние стануваме соучесници во Христовиот живот, кој е вечен. Ние добиваме бесмртност од Бога преку примање на Христовиот живот, бидејќи во Христа живее сета полнота на Божеството во тело. Овој живот е тајно соединување и соработка на божественото со човечкото“.
— Знаците на времето, 17. јуни, 1897.
Среда — 30. јануари
4. ХРИСТОВАТА ПОБЕДА НАД ИСКУШЕНИЈАТА
а. Која била тајната на Христовата победа? Јован 4,34; 5,30.
„Христос, во слабоста на човечкиот род, требало да се соочи со искушенијата на оној кој имал поголема моќ и од ангелите. Но Христовата човечка природа била соединета со божествената, и во таа сила Тој ги поднесувал сите искушенија со кои го напаѓал сатаната, а сепак да не ја извалка Својата душа со грев. И оваа моќ за победа Тој ќе им ја даде на секој син и ќерка на Адам, на секој што со вера ќе ги прифати праведните особини на Неговиот карактер“.
— Одбрани пораки 1, 223.
б. Како човекот може да го победи искушението? Филипјаните 4,13. Што е нужно во сите времиња? Јован 15,4—6.
„Христос дошол на светот да му даде пример како човевата природа може да биде совршена кога ќе се соедини со божествената“. — Одбрани пораки 1, 260.
„Спасителот победил за да му покаже на човекот како и тој може да победи. Сите искушенија на сатаната, Христос ги дочекал со Божјото слово. Со вера во Божјите ветувања, Тој добил сила да ги држи Божјите заповеди, па затоа непријателот не можел да го заведе. На секое искушение, Неговиот одговор бил: ’Напишано е‘ (Матеј 4,4). Бог токму со таа цел ни го дал словото, за да му се спротивставиме на злото. Нам ни се дадени обилни и скапоцени ветувања, та преку нив да ’станете учесници во Божјата природа ако се оддалечите од гнилежот на овој свет‘ (2 Петрово 1,4)“. — Здравје и среќа, 156.
„Поврзаноста на прачката со лозата рекол (Христос), е приказ за вашиот однос со Мене. Калемот е споен со живата лоза, и влакно по влакно, жила по жила зараснува со лозата. Живот на лозата станува живот на гранката. Така и душата мртва заради престапот и гревот, оживува преку врската со Христа. Со вера во Него како личен Спасител се воспоставува заедништво… Ова заедништво со Христа, откако ќе се воспостави, мора да се одржува… Ова не е секојдневен контакт, ниту врска што постојано се прави и се кине. Прачката станува дел од живата лоза. Непречено и постојано од коренот кон гранката се одвива комуникација на живот, сила и плодност. Одвоена од лозата, прачката не може да живее. Не можете, рекол Исус, повеќе да живеете без Мене. Живот што го примивте од Мене може да се сочува само со постојано заедништво. Без Мене не можете да победите ниту еден грев, ниту да му се спротивставиме на најмалото искушение“.
— Копнежот на вековите, 655.
Четврток — 31. јануари
5. СМРТНИОТ СИН ЧОВЕЧКИ И БЕСМРТНИОТ СИН БОЖЈИ
а. Земајќи тело од крв и месо во кое сите зедоа учество, која последица ја почувствувал Господ Исус на себе? Филипјаните 2,7; Евреите 2,14.
„(Господ Исус Христос) се понизил, и на Себе зел смртност. Како член на човечкото семејство, Тој бил смртен; но како Бог, Тој бил извор на животот за светот“.
— Библиски коментари, 533,534.
б. Каква била божествената природа на Исус Христос? Зошто Тој бил спремен и да го положи својот живот? 1 Тимотеј 3,15,16; Јован 2,18—22; 17,5.24.
„Кога се чул гласот на ангелот како вели: ’Твојот Отец те вика‘, Оној кој рекол: ’зашто Јас животот Свој си го полагам за да го примам пак‘, и ’урнете го овој храм и за три дни ќе го подигнам‘ (Јован 10,17; 2,19), станал од гробот во живот што се наоѓал во Него. Божеството не умрело. Човештвото умрело, но Исус тогаш над отворената гробница на Јосиф изјавил: ’Јас сум воскресението и животот‘ (Јован 11,25). Во своето Божество Христос имал сила да ги раскине оковите на смртта. Тој изјавил дека има живот во Него и дека може да оживи кого сака“.
— Библиски коментари, 503.
Петок — 1. февруари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. На кој начин Божјиот Син се појавил во својот еврејски народ?
2. Што мора секогаш да имаме на ум кога станува збор за отелотворувањето на Христа?
3. Што им дарува Христос на оние што веруваат во Него?
4. Што било клучно за победа на Синот човечки над сите искушенија?
5. Како и кога Христос јасно се покажал, а) како Син Човечки, б) како Син Божји?
2013 • 1. Квартал
6. лекција — Христос — Нашата надеж, нашето оправдување, нашата праведност
9. февруари 2013
„Од Него сте и вие во Исус Христос, Кој за нас стана мудрост од Бога, и праведност, и осветување, и откуп“
— 1 Коринтјаните 1,30
„Ние со наши заслуги не можеме да го добиеме небото, туку само преку заслугите на Исус Христос. Ние не можеме да најдеме спасение во ништо што е лично наше; потребно е да гледаме на Христа, кој е Алфа и Омега на нашата вера, и со гледање во Него, ние живееме“.
— Преглед и гласник, 9. јуни, 1896.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Одбрани пораки 1, 385—388.
Недела — 3. февруари
1. ЧОВЕКОТ НЕ Е ВО СОСТОЈБА САМИОТ ДА СЕ УДОСТОИ
а. Како Исус ја илустрирал состојбата на грешникот? Што грешникот не сфаќа? Лука 15,3.4.
„Грешникот е прикажан како изгубена овца, а изгубената овца никогаш не се враќа во стадото доколку пастирот не ја побара и ја врати назад. Ниеден човек не може да се покае сам од себе и да се удостои за благословот на оправдување. Господ Исус постојано се труди да влијае на умот на грешникот и да го привлече неговиот поглед кон Него како на Јагне Божјо кое на себе ги зеде гревовите на светот. Ние не можеме да зачекориме кон духовен живот, освен ако Исус не ја привлече и засили душата и не нè наведе на вистинско покајание за кое никогаш не треба да се каеме“.
— Одбрани пораки 1, 390.391.
б. Која парабола го илустрира фактот дека грешниците не можат да си помогнат себеси барем во плаќањето на нивниот долг? Лука 7,41.42.
„Никој нека не го прифаќа ограниченото и тесно сфаќање дека човекот со своите дела може и во најмала мера да го исплати долгот на неговите престапи. Ова е фатална измама“.
— Библ. коментари, 634.
Понеделник — 4. февруари
2. ХРИСТОВИТЕ ЗАСЛУГИ СЕ НАШАТА ЕДИНСТВЕНА НАДЕЖ
а. Каде единствено може грешникот да пронајде надеж? Што е потребно тој или таа да направат? Ефесјаните 1,6.7; 1 Коринтјаните 1,30.
„Милоста е незаслужена наклоност, и верникот се оправдува без било какви сопствени заслуги, без било право на кое тој би можел да се повика пред Бога. Тој е оправдан преку откупот на Исус Христос, кој во небесните дворови стои како замена и гаранција за грешникот“.
— Одбрани пораки 1, 398.
„Грешникот не може да се надева на своите добри дела како средство за оправдување. Тој мора да ги признае сите свои гревови и да ги прифаќа еден по еден зраците на светлина што му го осветлуваат парот. Тој со вера цврсто се држи за бесплатното и изобилно ветување дадено со Христовата крв. Тој им верува на Божјите ветувања, што преку Христа му овозможуваат посветување, праведност и откуп“.
— Библиски коментари 635.
б. Што манифестираат некои кои мислат дека целосно се потпираат на Бога? Како се манифестира вистинската вера? Матеј 11,28—30; Јован 15,5 (посл. дел).
„Некои од оние кои доаѓаат кај Бога во покајание и признавање, кои дури и веруваат дека нивните гревови се опростени, сепак не се повикуваат на Божјите ветувања како што би требало. Тие не гледаат дека Исус е сеприсутен Спасител; и не се подготвени да му ги доверат своите души, да се потпрат на Него за Тој да го усоврши делото на милоста што започнало во нивните срца. И додека мислат дека се предале на Бога, сè уште во голем дел се надеваат на себе. Има совесни души кои делумно се надеваат на Бога, а делумно во себе. Тие не бараат Бог да ги одржува со својата моќ, туку се надеваат на својата претпазливост во борбата против искушението, и при вршењето на определени должности за да го здобијат Неговото прифаќање. Таквата вера не носи победа. Нивните души се во постојано ропство, и тие не наоѓаат мир се додека своите товари не ги остават пред нозете на Христа.“
„Постои потреба за постојана будност и сериозна преданост полна со љубов; но тоа ќе дојде природно кога душата преку вера се потпира на Божјата моќ. Ние не можеме да направиме ништо, апсолутно ништо за да се препорачаме на божествена наклонетост… Бог го прифаќа секој кој доаѓа кај Него со целосна доверба во заслугите на распнатиот Спасител“.
— Одбрани пораки 1, 353,354.
Вторник — 5. февруари
3. ПОУКА ОД КАИНОВИОТ СЛУЧАЈ
а. Каква разлика постоела помеѓу жртвата на Каин и онаа на Авел? Зошто Господ ја прифатил жртвата на Авел, а го отфрлил приносот на Каин? Создавање 4,3—5.
„Каин дошол пред Бога со негодување и сомнеж во неговото срце за ветената жртва и потребата од жртвени приноси. Неговиот принос не изразувал каење за гревот. Тој почувствувал, како многумина, дека би било знак на слабост да се следи до детаљ планот означен од Бога, неговото спасение целосно да го довери на страдањата на ветениот Спасител. Тој го одбрал патот на самостојност. Тој дошол со свои сопствени заслуги. Не донел јагне чијашто крв би ја помешал со неговиот принос, туку ги принел своите плодови, кои биле плод на неговиот труд. Тој ја принел својата жртва како услуга кон Бога, преку која очекувал да си обезбеди божествено одобрување. Каин послушал кога изградил олтар и кога принел жртва; но тој само делумно бил послушен. Најважниот дел, признавањето на потребата од Спасител, го изоставил“.
— Патријарси и пророци, 50.
б. Чии напори Духот на пророштвото ги споредува со приносот на Каин? Кога една душа напредува од победа во победа? Лука 18,11—13.
„Оној кој се обидува да стигне до небото со своите дела, односно со држење на законот, се обидува да го постигне невозможното. Човекот не може да се спаси без послушност, но неговите дела не треба да произлегуваат од него; Христос треба да работи во него тој да сака и да го врши она што Му е угодно. Кога човекот би можел да се спаси самиот со своите дела, тогаш тој би поседувал нешто во што би наоѓал радост. Напорите што човекот ги прави со своја сила да добие спасение се прикажани со приносот на Каин. Сè што човекот може да направи без Христа е загадено со себичност и грев; но Бог го прифаќа само она што се прави со вера. Кога ние сакаме да го добиеме небото преку Христовите заслуги, душата напредува. Гледајќи во Христа, кој е Алфа и Омега на нашата вера, ние можеме да напредуваме од сила во сила, од победа во победа; бидејќи преку Христа Божјата благодат го изградила нашето спасение во целост“.
— Одбрани пораки 1, 364.
Среда — 6. февруари
4. ОБНОВУВАЊЕ И ПОМИРУВАЊЕ ПРЕКУ ХРИСТА
а. Која одредба е направена во наша полза? Кол. 1,21.22.
„Ние го престапивме Божјиот закон, а со делата на законот ниедно тело нема да се оправда. Најдобрите напори што човекот со своја сила може да ги направи се безвредни за да се запази светиот и праведен закон што тој го престапил; но преку вера во Христа тој може да се повика на праведноста на Божјиот Син како сеопфатна. Христос ги задоволил барањата на законот во Својата човечка природа. Тој го носел проклетството на законот наместо грешникот, страдал заради него, та секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен“.
— Одбрани пораки 1, 363.
б. Која охрабрувачка изјава била дадена за комплетно проштевање на гревот? 1 Јованово 1,9.
„Иако не можеме да полагаме право на совршенство на телото, ние можеме да имаме христијанско совршенство на душата. Преку жртвата, во наше име, гревовите можат совршено да ни се простат. Нашата зависност не е во она што човекот може да направи, туку во она што Бог може да направи преку Христа. Кога ние целосно се предаваме на Бога, и во целост веруваме, Христовата крв не чисти од секој грев. Совеста се ослободува од осудата. Преку вера во Неговата крв сите можат да станат совршени во Исус Христос. Фала му на Бога што не ни оставил да се обидуваме да го постигнеме невозможното. Ние можеме да имаме право на посветување. Можеме да ја уживаме Неговата милост. Ние не треба да сме загрижени што Бог мисли за нас, туку што Бог мисли за Христос, нашиот Заменик“.
— Одбрани пораки 2, 32.33.
„Христос умрел за да го спаси себичниот свет од неизбежните последици на себичноста. Го отворил Своето срце полно со љубов, милост и сочувство за целиот свет. Тој ги повикува паднатите битија да дојдат кај Него и да добијат целосно и бесплатно проштевање. Неговиот карактер, кој е без најмала дамка на себичност, го набљудува целата вселена. Тој принел комплетна жртва за на мажите и жените да им ја донесе онаа добрина што живее во Неговото срце. Тој го испратил Својот Свет Дух за да влијае на умот и срцето, да ги наведе луѓето да ги сакаат ближните како што Христос ги засакал нив“.
— Преглед и гласник, 7. јануари, 1902.
Четврток — 7. февруари
5. ПОМИРУВАЊЕ СО БОГА
а. Како единствено можеме да се помириме со Бога? 2 Коринтјаните 5,18—21.
„Од верникот не се бара да се помири со Бога; тој тоа никогаш не би можел да го направи. Тој треба да го прими Христа како свој мир, бидејќи во Христа е и Бог и мирот. Христос му стави крај на гревот, носејќи го со своето тело неговото тешко проклетство, и така го отстранил проклетството од сите што веруваат дека Тој е нивен личен Спасител. Тој ја сопрел моќта на гревот што го контролира срцето, така што животот и карактерот на верникот сведочат за вистинското делување на Христовата милост“.
— Одбр. пораки 1, 395.
б. Зошто само Христос може да нè помири со Отецот? Што преку Христа треба да протече од срцето на Бога во срцето на грешникот? Римјаните 5,6—9; Евреите 2,17.18.
„Помирување значи дека секоја препрека меѓу душата и Бога е отстранета и дека грешникот го сфаќа значењето на Божјата љубов која проштева. Поради жртвата на Христа за паднатиот човечки род, Бог со полно право може да му прости на грешникот кој ги прифаќа Христовите заслуги. Христос е каналот преку кој милоста, љубовта и правдата можат да протечат од Божјото срце во срцето на грешникот. ’Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда‘ (1 Јованово 1,9)“.
— Одбрани пораки 1, 394.
Петок — 8. февруари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Во каква состојба се наоѓа грешникот без Христа?
2. Што постигнува грешникот со вистинска вера?
3. Што учи Библијата за оние што сакаат да му служат на Бога на начин на кој тие мислат дека е најдобар?
4. Како единствено можат мажите и жените вистински да станат праведни?
5. Кои благослови се излеваат при целосно помирување со Бога?
2013 • 1. Квартал
7. лекција — Оправдувањето спасува од проклетството на гревот
16. февруари 2013
„Сите згрешија и лишени се од славата Божја. Но ќе бидат оправдани преку дар, со Божјата благодат, а преку откупот во Исус Христос. Него Бог Го постави со крвта Своја да биде жртва за помирување преку верата, за да ја покаже Својата праведност во опростувањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение“.
— Римјаните 3,23—25
„Пронајден е начин за спасение бидејќи во беспрекорното Јагне Божјо се открил Оној кој ги зеде гревовите на светот. Исус стои на местото на грешникот и ја зема вината на престапникот врз Себе. Гледајќи на грешниковата Замена и Гарант, Господ Јехова можел да остане праведен, а сепак да го оправда оној кој верува во Исус“.
– Упатство за младите, 29 ноември, 1894..
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Вера и дела, 103—108.
Недела — 10. февруари
1. СПАСОНОСНА МИЛОСТ
а. Што веднаш би се случило со нашите прародители ако милоста не била еден од темелите на Божјиот престол? Создавање 2,16.17.
„Зошто смртната казна не била веднаш применета во Адамовиот случај? – Затоа што е пронајден откуп. Единородниот Божји Син доброволно го зел врз себе човековиот грев и извршил помирување за паднатиот човечки род“.
— RH, 23. април, 1901.
б. Каква улога одиграле и милоста и правдата после падот? Јона 4,2; Лука 6,35 (последен дел).
„Божјото долго трпение е несфатливо. Правдата долго чека, додека милоста се залага за грешникот“.
– Христовите поуки, 146.
Понеделник — 11.февруари
2. УШТЕ ЕДЕН ПРОБЕН ПЕРИОД
а. Наместо неодложно извршување на смртната казна врз виновниот пар, каква надеж Господ им дал? Како Аврам и Јован Крстител изразиле доверба во божествената Замена? Создавање 3,15; 22,8; Јован 1,29.
„Кога (Адам и Ева) го престапиле Божјиот закон и паднале од нивната состојба на среќна невиност и станале грешници, иднината на паднатиот човечкиот род повеќе не ја осветлувал ниту еден зрак на надеж. Меѓутоа Бог се сожалил на нив и Христос разработил план за нивно спасение – преземајќи ја врз себе нивната вина. Во клетвата изречена над земјата и човекот изразено е и ветување дека, благодарение на Христа, и за оние кои го престапиле Божјиот закон постои надеж и помилување“.
– Библиски коментари, 16.
б. Примајќи ја на себе казната за гревот и овозможувајќи му на грешникот оправдување, што направил Христос за него или неа? Јов 33,24.
„Правдата бара гревот не само да се опрости, туку смртната казна мора да биде извршена. Бог, во дарот на Неговиот единороден Син, ги исполнил двете барања. Умирајќи наместо човекот, Христос ја платил казната и обезбедил опростување“.
— Библиски коментари, 695.
„Преземајќи ја казната на законот (Христос) му дава на грешникот втора шанса, уште еден пробен период. Тој го отвора патот преку кој грешникот повторно може да биде во Божјата милост“.
— Библиски коментари, 681.
„(Римјаните 3,24—26). Овде вистината е изнесена на едноставен начин. Оваа милост и добрина се целосно незаслужени. Христовата благодат може да го оправда грешникот без какви било заслуги или барања од негова страна. Оправдувањето претставува целосно опростување на сите гревови. Во моментот кога грешникот го прифаќа Христа преку вера, во тој миг нему му е простено. Нему му се припишува Христовата правда и тој повеќе не треба да се сомнева во Божјата милост и прошка“.
– Знаците на времето, 19. мај, 1898.
„Оправдувањето значи спасување на душата од проклетството, за да може да постигне посветување, а преку посветувањето — живот на небото. Оправдувањето значи дека совеста, очистена од мртви дела, се оспособува да ги прими благословите на посветувањето“.
— Библиски коментари, 760.
Вторник — 12. февруари
3. ОПРАВДУВАЊЕ ВО ЖИВОТОТ НА ПАТРИЈАРСИТЕ
а. Каква можност во поглед на оправдувањето им била откриена на нашите предци? Со што тие покажале вера во Божјиот план да обезбеди Замена? Создавање 3,15.21; 4,4.
„Иако мракот и темнината се спуштиле како смртна сенка над иднината, сепак ветувањето за Спасителот претставувало ѕвезда на надеж која ја осветлувала темната иднина. За првпат Евангелието на Адам му било проповедано од Христа. Адам и Ева почувствували искрена тага и каење за својата вина. Тие поверувале во драгоцените Божји ветувања и биле спасени од најавената пропаст“.
– Библиски коментари, 16.
„Христос во договор со својот Татко, воспоставил систем на принесување на жртви; на тој начин смртта, наместо веднаш да го посети престапникот била пренесувана на жртвата која симболично укажувала на големата и совршена жртва на Божјиот Син“.
– Одбрани пораки 1, 230.
б. Кои важни поуки во врска со барањата на правдата и милоста, како основа на планот на спасението, му биле дадени на Адам и неговото потомство? Зошто пролевањето на крвта било од суштинско значење? Евреите 9,22.
„Небесните ангели на нашите прародители поцелосно им го објасниле тој план со кој е завештано нивното спасение. Ги уверувале Адам и Ева дека и покрај нивниот голем грев нема да бидат наполно препуштени во власта на сатаната. Божјиот Син се понудил со својата смрт да ги откупи од казната што ја заслужиле со својот прекршок. Ќе им биде дадено извесно време на искушение и проверка, па со покајание и со вера во Христа ќе можат повторно да станат Божји деца“.
– Пророци и цареви, 44.
„Мнозина изразуваат чудење зошто Бог во жртвениот систем барал од еврејскиот народ толку многу убиени жртви, но сето тоа требало во нивниот ум што повпечатливо да ја втисне големата вистина дека без пролевање крв нема проштевање на гревовите. Поуката отелотворена во секоја жртва, втисната во секој обред, свечено проповедана од свештеникот во неговата света функција, била всадена од страна на самиот Бог дека гревовите се опростуваат и бришат само со Христовата крв. Колку малку ние како народ ја чувствуваме силата на оваа голема вистина! Колку ретко со жива и делотворна вера ја внесуваме во својот живот оваа голема вистина дека во тоа се наоѓа проштевањето и за најмалиот и за најголемиот грев!“
– RH, 21. септември, 1886.
Среда — 13. февруари
4. ОПРАВДУВАЊЕТО ПРИКАЖАНО НА ЕВРЕЈСКИОТ НАРОД
а. Со која практична поука дадена на еврејскиот народ Господ сакал тие да ја разберат големата вистина дека оправдувањето подразбира пренос на осудата од грешникот на Него самиот? Левитска 4,4—6.13—17.
„Секојдневно покајничките грешници ги донесувале своите жртви пред вратата на шаторот од состанок и полагајќи ја раката врз главата на жртвата ги признавале своите гревови со што сликовито од себе ги пренесувале на невината жртва. Потоа животното би било убиено. ’Без пролевање на крв‘, вели апостолот ’нема проштевање‘ (Евреите 9,22). ’Зашто душата на секое тело е во неговата крв‘ (Левитска 17,11). Прекршениот Божји закон го барал животот на престапникот. Крвта, која го претставувала животот на грешникот, а чија вина симболично ја презело жртвуваното животно, свештеникот ја внесувал во светињата и со неа прскал пред завесата, зад која се наоѓал ковчегот на заветот, во кој се наоѓал законот кој грешникот го прекршил. Со оваа церемонија гревот со посредство на крвта сликовито бил пренесен во светињата“.
– Големата борба, 374.
б. Како вистината за оправдување е јасно демонстрирана со годишната служба на денот на Помирувањето? Иако гревот преку секојдневната служба симболично бил пренесен на светињата, колку долго грешникот останувал под осудата на законот? Левитска 16,7—10.15.16.20—22.
„Со таа служба, што е вршена еднаш годишно, народот требал да научи значајни вистини во врска со помирувањето. Сите жртви што се принесувани во текот на годината, во извесна смисла го заменувале самиот грешник, но крвта на жртвуваното животно не донесувала целосно помирување за гревот. Таа била предвидена само како средство со кое гревот од покајникот можел да се пренесе на светињата. Грешникот го признал авторитетот на законот што го прекршил и покажал дека верува во Оној кој требало да ги отстрани сите гревови на светот; но со тоа грешникот не бил потполно ослободен од осудата и од клетвата на законот“.
– Патријарси и пророци, 366.
„Христовата крв, иако покајаниот грешник го ослободувала од казната што ја бара законот, сепак не го избришала веднаш гревот; тој мора да остане во светињата запишан до конечното помирување. Така и во симболичната служба со крвта на принесената жртва гревот бил отстранет од покајникот, но останувал во светињата сè до денот на помирувањето“.
– Патријарси и пророци, 368.
Четврток — 14. февруари
5. ПОСЛЕДИЦИ ОД ОТФРЛАЊЕ НА ОПРАВДУВАЊЕТО
а. Кои две склоности набргу се развиле во историјата на човечкиот род? Какво било влијанието на двете страни? Создавање 4,3—5; 2 Коринтјаните 2,15.16.
„Адамовите синови (Каин и Авел) претставуваат најран пример на два различни патa на кои луѓето се одлучуваат во поглед на Божјите барања. Авел во принесувањето на жртвата го видел симболот на Христа. Каин не верувал дека е потребно да се принесуваат жртви; тој воопшто не признавал дека закланото јагне го претставува Христа; крвта на животните немала никаква вредност. Евангелието му било проповедано на Каин еднакво како и на неговиот брат, но за него тоа претставувало мирис смртен за смрт, бидејќи во крвта на жртвеното јагне не сакал да го препознае Исуса Христа, единственото средство преку кое човек може да се спаси“.
– Одбрани пораки 1, 231.
б. Какво ќе биде искуството и судбината на оние кои ќе ја отфрлат можноста која им се нуди? 2 Сол. 2,10—12.
„Гревот е кршење на законот, и Раката која е подготвена да спаси ќе биде Рака која ќе казнува кога престапникот ќе ја помине границата на Божјото трпение. Оној кој одбива да го бара патот на животот, кој не сака да го истражува Светото писмо и да дознае што е вистина за да неговите дела не бидат осудени, ќе биде препуштен на слепилото на умот и на сатанските измами. Како што покајаните и послушните се заштитени со Божјата љубов, во иста мера непокајаните и непослушните ќе бидат препуштени на последиците од незнаењето и тврдоста на срцето, затоа што не ја примиле љубовта на вистината за да се спасат“.
– Одбрани пораки 1, 313.
Петок — 15. февруари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Во што била единствената надеж на Адам и Ева по нивниот пад?
2. Што било предвидено за да се задоволи правдата и покаже Божјата милост?
3. Која одредба им овозможувала на луѓето да бидат помилувани или оправдани?
4. Кој предмет претставувал постојана поука за оправдување на Евреите?
5. Што бива со оние кои не се оправдани?
2013 • 1. Квартал
8. лекција — Оправдување со вера без дела
24. февруари 2013
„И така оправдани преку верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исус Христос“.
— Римјаните 5,1
„Светлината која Бог ми ја даде ја става оваа важна тема (спасението) над секое друго прашање во мојот ум. Оправдувањето е исклучиво чин на Божјата милост и не се стекнува со никакви дела кои паднатиот човек може да ги направи“.
– Вера и дела, 20.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Одбрани пораки 1, 389—398.
Недела — 17. февруари
1. УСЛОВИ ЗА ОПРАВДУВАЊЕ
а. Под кои услови грешникот единствено може да биде оправдан? Дела 16,31.
„Кога Бог му простува на грешникот, го ослободува од заслужената казна и го третира како никогаш да не згрешил; му укажува божествена наклоност и го оправдува со заслугите на Христовата правда. Грешникот може да се оправда само преку вера во помирувањето извршено преку љубениот Божји Син, кој станал жртва за гревот на паднатиот свет. Никој не може да се оправда со какви било свои дела. Тој може да биде ослободен од вината за гревот, од осудата на законот и од казната за престапот само врз основа на страдањата, смртта и воскресението Христово. Верата е единствениот услов под кој оправдувањето може да се добие, а верата го опфаќа не само исповедањето туку и вистинското верување“.
– Да го познам Него, 110.
б. Верата е услов под кој Бог му простува и го оправдува грешникот. Како тоа функционира? Матеј 15,22—28; Марко 9,20—24.
„Верата е услов под кој Бог гледа дали грешникот е достоен за помилување — не затоа што во верата постои каква било сила со која би можеле да го заслужиме спасението, туку затоа што со верата можеме да се фатиме за Христовите заслуги, кои претставуваат вистински лек против гревот. Верата може да ја истакне Христовата совршена послушност наместо човековиот престап и предавство“.
– Одбрани пораки 1, 366.367.
Понеделник — 18. февруари
2. ПРИМЕР НА ОПРАВДУВАЊЕ — АВРАМ
а. На кој начин правдата му била припишана на Аврам? Каква заслуга во стекнување на правдата имаат делата? Создавање 15,1.5.6.
„Јасно и едноставно треба да се каже дека, во поглед на нашата положба пред Бога, или на она што Тој ни го дава како незаслужен дар, ништо не може да се постигне со човечка заслуга. Доколку со вера и дела некој би можел да го купи (заслужи) дарот на спасението, тогаш Творецот би бил под обврска кон своите созданија. Во тоа постои опасност лагата да биде прифатена како вистина. Кога човекот би можел да го заслужи спасението со своите дела, тогаш тој би бил во иста положба како католикот кој врши таканаречена покора за своите гревови. Во тој случај спасението делумно би било како долг — нешто што може да се заработи како плата. Бидејќи човекот не може да го заслужи спасението со какви било свои дела, тогаш тоа мора да се дарува исклучиво по благодат, примена од страна на човекот како грешник, бидејќи тој го прима Исуса и верува во Него. Тоа е целосно бесплатен дар. Оправдувањето со вера е над секоја расправа, и сите такви полемики престануваат кога ќе се сфати дека паднатиот човек со никакви свои дела не може да го заслужи вечниот живот. Светлината што Бог ми ја даде го воздигна овој значаен предмет во мојот ум над секое прашање. Оправдувањето е исклучиво чин на Божјата милост и не се стекнува со никакви дела што паднатиот човек може да ги направи“.
– Вера и дела, 19.20.
б. Врз основа на Аврамовото искуство, на кој начин правдата му се припишува на грешникот? Римјаните 4,1—8.
„Праведноста е послушност кон законот. Законот бара правда, и грешникот е должен да ја покаже кон законот, но тој не е во состојба да ја постигне. Единствениот начин на кој може да ја постигне праведноста е преку вера. Со вера тој може пред Бога да ги изнесе Христовите заслуги, а Господ послушноста на Својот Син ја припишува на сметка на грешникот. Наместо човековите недостатоци и пропусти, се прифаќа Христовата правда, и Бог ја прифаќа верната душа која се кае; се однесува кон неа како да е праведна и ја љуби како што го љуби Својот Син. Така правдата се припишува со вера, а душата на која ѝ е простено напредува од благодат во благодат, од светлина во сè поголема светлина и радосно, со апостолот, може да каже: ’Тој нè спаси, но не според извршените од нас праведни дела, туку по Својата милост, преку бањата на преродувањето — и обновувањето од Светиот Дух, кого изобилно го излеа на нас преку Исус Христос, нашиот Спасител,та оправдани со Неговата благодат да станеме по надеж наследници на вечниот живот‘ (Тит 3,5—7)“.
– Одбрани пораки 1, 367.
Вторник — 19. февруари
3. ЖЕНАТА КОЈА БОЛУВАЛА ОД ТЕЧЕЊЕ НА КРВ
а. Што се случило на патот кога Христос тргнал кон Јаировиот дом? Марко 5,22—27.
„Додека Исус поминувал, таа ја испружила раката и одвај се допрела до работ на Неговата облека. Во тој момент знаела дека е излекувана. Во тој единствен допир била сосредоточена верата на нејзиниот живот и во истиот момент болката и слабоста ѝ отстапиле место на совршеното здравје“.
— Копнежот на вековите, 256.
„Спасителот го разликувал допирот на верата од случајниот допир на невнимателното мноштво. Ваквата доверба не смее да остане незабележана. Тој сакал на оваа понизна жена да ѝ упати зборови на утеха, кои за неа ќе бидат извор на радост – зборови што ќе бидат благослов за Неговите следбеници до крајот на времето…“
„Тој не дал можност за суеверие дека самиот допир од неговата облека донесува исцелување. Исцелувањето не доаѓа преку надворешниот допир со него, туку преку верата, која цврсто се држи за неговата божествена сила“.
– Копнежот на вековите, 257.
б. Каква разлика постоела помеѓу случајниот допир на некој од мноштвото присутни и допирот на болната жена? Марко 5,28—34.
„Љубопитното мноштво што се туркало околу Исуса не примило никаква животворна сила при допирот со Него, но кога сиромашната, напатена жена, која дванаесет години боледувала, во својата голема потреба ја испружила раката и го допрела работ на Неговата облека, ја почувствувала силата на исцелувачката моќ. Нејзиниот допир бил допир на вера, и Христос го препознал како таков; знаел дека излегла сила од Него. Верата која нè доведува во жив допир со Христа, од наша страна мора да вклучува најголема наклоност, целосна доверба и сеопфатна посветеност. Оваа вера преку љубов дејствува и ја чисти душата, а во душата на Христовиот следбеник доведува до вистинска послушност кон Божјите заповеди, бидејќи љубовта кон Бога и човекот потекнува само од живата поврзаност со Христа“.
– Одбрани пораки 1, 334.
Среда — 20. февруари
4. ЛЕКУВАЊЕ НА ХРОНИЧНО ПАРАЛИЗИРАНИОТ ЧОВЕК
а. Како овој тежок болесник реагирал на Христовата заповед? Што можеме да научиме од неговиот пример? Јован 5,1—9.
„Од едноставните библиски извештаи за тоа како Исус ги исцелувал болните, можеме да научиме нешто и за тоа како треба да веруваме во Него за да можеме да добиеме опростување на гревовите. Да го разгледаме извештајот за парализираниот во Витезда. Сиротиот страдалник бил сосема беспомошен; не се служел со нозете околу триесет и осум години. Сепак Исус му наредил: ’Стани земи ја својата постела и оди‘ (Јован 5,8). Болниот можел да каже: „Господи, ако ме излечиш, ќе го послушам Твојот збор“. Но, не, тој им верувал на Христовите зборови, верувал дека веќе е излечен и веднаш се обидел да оди; сакал да оди и одел. Постапил според зборовите на Христа, и Бог му дал сила. Бил излечен“.
– Патот кон Христа, 45.
б. Како секој од нас треба да го следи примерот на парализираниот човек? Марко 11,24.
„И вие како грешници сте во слична положба. Вие не можете да се покаете за гревовите од минатото, не можете да го промените своето срце, не можете себеси да се направите свети. Но Бог ветува дека сето тоа ќе го направи за вас преку Христа. Верувајте во тоа ветување. Признајте ги своите гревови и предадете му се на Бога. Покажете подготвеност и желба да Му служите. И откако цврсто ќе одлучите да го направите тоа, Бог ќе го исполни зборот што ви го дал. Ако верувате во ветувањето дека гревовите ви се простени и дека сте чисти – Бог ќе го направи тоа; вие сте излечени, исто како што Христос му дал сила на парализираниот да оди кога тој поверувал дека е излечен. Тоа е така е ако вие верувате во тоа“.
„Не чекајте да почувствувате дека сте излечени, туку речете: ’Верувам, тоа е така, не затоа што јас тоа го чувствувам, туку затоа што Бог така ветил…
„(Марко 11,24). Условот за исполнување на ова ветување е нашите молитви да бидат во согласност со Божјата волја. А Божја волја е да нè очисти од гревот, да нè направи Свои деца и да нè оспособи да живеете свет живот. Значи, за тие благослови ние можеме да се молиме, да веруваме дека ги примаме и да Му заблагодариме на Бога што сме ги примиле. Наша привилегија е да одиме кај Исуса и да бидеме очистени и да застанеме перед законот без срам или грижа на совеста. ’И сега нема никакво осудување за оние кои се во Исус Христос и кои не живеат според телото туку според Духот (Римјаните 8,1)“.
– Патот кон Христа, 45. 46.
Четврток — 21. февруари
5. ВЕЖБАЊЕ НА ВЕРА
а. На кого мораме да гледаме за да примиме вера? Евреите 12,2; Јован 6,29.
„Иако грешникот не може да се спаси со своја сила, тој сепак мора нешто да преземе за да си обезбеди спасение. Христос вели: ’Оној што доаѓа при мене нема да го избркам надвор‘ (Јован 6,37). Значи, ниe мора да дојдеме кај Него; и ако се каеме за нашите гревови, мора да веруваме дека Тој ќе нè прими и ќе ни прости. Верата е дар од Бога, но од нас зависи дали ќе ја оживотвориме. Верата е рака со која душата ја прифаќа милоста – понудениот Божји дар“.
– Патријарси и пророци, 450.
б. Како апостол Павле ја објаснува верата? Евреите 11,1—3. Кое дополнително објаснување ни е дадено?
„Верата не е темел на нашето спасение, но таа претставува голем благослов – око кое гледа, уво кое слуша, нозе кои одат, рака со која фаќаме. Таа е средство, а не цел. Кога Христос го дал својот живот да ги спаси грешниците, зошто да не се користиме со таа благодат? Јас со вера се фаќам за тоа и таа вера е суштина на она на што се надевам и доказ за она што е невидливо. Потпирајќи се на тоа и верувајќи, имам мир со Бога преку Господ Исус Христос“.
– Библиски коментари, 639.
Петок — 22. февруари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што е потребно за да се оправдаме?
2. Како можеме да докажеме дека оправдувањето не се добива со дела?
3. Каква поука можеме да научиме од искуството на жената која го допрела Исуса?
4. Што ја оспособило оваа болна жена да го прими благословот?
5. Како можеме да ја примиме и да имаме корист од верата?
2013 • 1. Квартал
9. лекција — Вера со која се оправдуваме
2. март 2013
„Нашиот татко Авраам не беше ли оправдан од делата, кога го принесе на жртвеникот својот син Исак? Гледаш дека верата соработуваше со неговите дела, и дека верата преку делата стигна до совршенството. И така се исполни Писмото, кое вели: „Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се засмета за правда, и се нарече Божји пријател“.
— Јаков 2,21—23
„Верата со која се оправдуваме секогаш прво наведува на вистинско покајание а потоа и на добри дела, кои се плод на таквата вера“.
– Нашиот висок позив, 52.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Одбрани пораки 1, 377—382.
Недела — 24. февруари
1. РАЗОБЛИЧУВАЊЕ НА ОПАСНИТЕ ИДЕИ
а. Кој неурамнотежен поглед во прикажување на верата и делата слугинката Господова настојувала да го поправи?
„Присуствував на еден состанок на кој беа присутни голем број на луѓе. Во мојот сон ти го изнесуваше предметот за верата и Христовата правда преку верата. Неколку пати повтори дека делата не значат ништо и дека тие не претставуваат никаков услов. Предметот е прикажан во таква светлина така што знаев дека присутните не примија исправен впечаток во поглед на верата и делата туку очигледно беа збунети и затоа решив да ти напишам. Ти премногу остро ги изнесуваш тие тврдења. Постојат услови под кои можеме да примиме оправдување, посветување и Христовата праведност. Јас знам што сакаш да кажеш, но на многу умови оставаш погрешен впечаток. Иако добрите дела нема да спасат дури ни една душа, сепак е невозможно некој да биде спасен без добри дела“.
– Одбрани пораки 1, 377.
б. Каква светлина во поглед на условите за вечен живот можеме да примиме од Светото писмо? Матеј 19,16.17.20.21.
Понеделник — 25. февруари
2. НЕЕФИКАСНОСТ НА ПОВРШНАТА ВЕРА
а. Како апостол Павле објаснува дека површната вера на таканаречените Христови следбеници е неделотворна? Римјаните 10,2.3. Каква вера им е потребна? Римјаните 10,10.
„Верата која донесува спасение не е една површна вера, тоа не е само согласност на умот, туку тоа е верување вкоренето во срцето, кое го прифаќа Христа како личен Спасител и претставува сигурност дека Тој може да ги спаси сите оние кои доаѓаат кај Бога преку Него. Верувањето дека Тој ќе ги спаси другите но не и тебе, тоа не е вистинска вера“.
– Одбрани пораки 1, 391.
„Припишаната Христова правда доаѓа преку оправдување со вера, а тоа е она оправдување за кое што Павле толку срдечно се трудел“.
— Одбрани пораки 1, 397.
б. Што покажува дали имаме само една површна вера или пак вера со која се оправдуваме? Јаков 2,18.
„Меѓутоа, иако (верникот) се оправдува со Христовите заслуги, тоа не му дава слобода да чини неправда. Верата работи преку љубовта и ја чисти душата. Верата донесува не само пупки и цветови туку и жетва на драгоцени плодови на правда. Таму каде што има вера се појавуваат и добри дела, како што се: посетување на болните, грижа за сиромашните, сираците и вдовиците не се занемарени, голите се облечени, гладните се нахранети. Христос одел правејќи добро и кога луѓето се обединети со Него, тие ги љубат Божјите деца, а кротоста и вистината ги насочуваат нивните чекори. Изразот на лицето го открива нивното искуство, а луѓето забележуваат дека тие биле со Исуса и се научиле од Него“.
– Одбрани пораки 1, 398.
„Мнозина имаат законска, површна вера. Тие формално го прифаќаат Исуса како Спасител на светот, но во своето срце немаат никаков доказ дека Тој е нивен личен Спасител, дека им ги простил нивните гревови, дека имаат жива врска со Бога, извор на светлината. Вие не можете другите да ги учите за Исуса и Неговата правда, не можете живо да ја прикажувате Неговата безгранична љубов и милост, не можете да Го прикажувате како Оној кој на христијанинот му е утешител и заштитник, и сè во сè, ако вашето срце не е исполнето со љубов кон Него. Вие не можете да го прикажувате Бога како Бог полн со сомилост и љубов, освен ако од лично искуство можете да кажете: ’Се осведочив и знам дека Господ е добар‘“.
– Знаците на времето, 2. септември, 1889.
Вторник — 26. февруари
3. ВЕРАТА КОЈА ОПРАВДУВА
а. Кога грешникот се оправдува преку верата? Под кои услови душата може да се спаси? Дела 16,30.31.
„Вие сте ги признале своите гревови и во срцето сте решиле да ги отфрлите. Сте донеле одлука да му се предадете на Бога. Појдете сега кај Него, молете Го да ги измие вашите гревови и да ви даде ново срце“.
– Патот кон Христа, 44.
„Кога покајничкиот грешник скрушено ќе се понизи перед Бога, признавајќи го Христовото искупување во негово име, и го прифаќа ова искупување како единствена надеж и за овој и за идниот живот, неговите гревови се простени. Тоа е оправдување со вера. Секоја душа која навистина верува, ја потчинува својата волја целосно на Божјата волја, искрено се кае и верува во заслугите на Спасителот и напредува од сила во сила, од слава во слава“.
– Библиски коментари, 632.
б. Како апостол Павле ја опишува верата која оправдувањето го чини возможно? Галатјаните 5,6.
„Спасоносната вера е сојуз преку кој оние кои го примаат Христа стапуваат во заветен однос со Бога. Вистинската вера е живот. Живата вера значи зголемување на животната сила, тоа е доверба со помош на која душата станува победоносна сила“.
– Копнежот на вековите, 257.
в. Што таквата вера чини за оние кои ја поседуваат? Матеј 21,21.
„Кога душата го прифаќа Христа како единствена надеж на спасение, тогаш се покажува вистинска вера. Таквата вера го наведува оној што ја поседува сите склоности на својата душа да ги посвети на Христа; неговиот ум тогаш е под контрола на Светиот Дух, а неговиот карактер се обликува според божественото подобие. Неговата вера не е мртва вера, туку вера која работи преку љубов и го наведува да ја гледа Христовата убавина и да се сообрази со божествениот карактер“.
– Одбрани пораки 1, 391.
Среда — 27. февруари
4. ПРИМЕР НА ВЕРА КОЈА ОПРАВДУВА
а. Што покажува дека Аврам поседувал не само површна вера туку вера која оправдува? Јаков 2,21—23.
„Апостол Јаков видел дека ќе се појават опасности при презентирањето на предметот на оправдување со вера и се трудел да докаже дека вистинската вера не може да постои без соодветни дела. Го истакнал Аврамовото искуство: ’Гледаш ли – кажува тој – ’дека верата дејствуваше заедно со делата негови, и дека преку делата, верата стана совршена‘. Вистинската вера го наведува верникот да чини и добри дела. Верата и послушноста донесуваат цврсто, драгоцено искуство.
„Постојат верувања кои не претставуваат спасоносна вера. Божјата Реч изјавува дека ѓаволите веруваат и треперат. Таканаречената вера која не работи преку љубов и ја чисти душата нема никого да оправда… ’Му поверува Аврам на Бога‘. Како знаеме дека тој поверувал? Неговите дела сведочеа за карактерот на неговата вера, и неговата вера му беше пресметана во правда“.
– Библиски коментари, 823.
б. Кое јасно упатство Исус често го повторувал, дури и на оние чиј живот покажал дека биле оправдани со вера? Јован 5,14.
„Верата која нè доведува во жив допир со Христа, од наша страна мора да вклучува најголема наклоност, совршена доверба и целосна посветеност. Оваа вера работи преку љубов и ја чисти душата. Таа во животот на Христовите следбеници доведува до вистинска послушност на Божјите заповеди; резултат на живата поврзаност со Христа ќе биде љубовта кон Бога и кон човекот“.
– Одбрани пораки 1,334.
„Додека Бог дејствува на срцето, а човекот ја потчинува својата волја на Бога и соработува со Него, во неговиот живот се покажува она што Бог го внесува во срцето преку Светиот Дух и така настанува хармонија помеѓу намерите на срцето и животните постапки. Секој грев мора да биде отфрлен како нешто омразено кое го распнало Господа на живот и слава, така што верникот мора да има искуство на постојано напредување, чинејќи ги непрекинато Христовите дела. Благословот на оправдување се задржува со постојано потчинување на волјата и со непрекината послушност“.
– Одбрани пораки 1,397.
Четврток — 28. февруари
5. ИЛУСТРАЦИИ НА ВИСТИНСКА ВЕРА
а. На каква жртва трговецот бил подготвен за да го добие вистинскиот бисер? Матеј 13,45.46.
„Христовата правда, како чист, сјаен бисер, нема недостиг, нема дамки. Никакво човечко дело не може да го усоврши големиот и скапоцен Божји дар, зашто тој е без мана. Во Христа се ’скриени сите богатства на мудроста и на знаењето‘ (Колосјаните 2,3)“.
– Христовите поуки, 91.
б. Зошто мнозина не го наоѓаат овој скапоцен бисер кој ја претставува Христовата праведност? Откровение 3,17.
„Постојат луѓе кои навидум постојано го бараат небесниот бисер, но не се откажале целосно од своите лоши навики. Тие не си умираат себеси за да може Христос да живее во нив и затоа не го наоѓаат својот скапоцен бисер; уште не го совладале светото славољубие и својата склоност кон световните привлечности, не го зеле на себе својот крст ниту пошле по Христа по пат на самооткажување и жртва. Речиси христијани, но не наполно христијани, тие навидум се близу до небесното царство, но не успеваат да влезат во него. Речиси, но не наполно спасен, значи не речиси, туку целосно изгубен“.
– Христовите поуки, 93.
Петок — 1. март
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Иако не се спасуваме со своите дела, што ќе се забележи во животот на оној кој е оправдан со вера?
2. Што ја покажува разликата помеѓу вистинската и таканаречената вера?
3. Што вистинската вера ќе направи за оној кој ја поседува?
4. Каква важна поврзаност постои помеѓу верата и делата?
5. Во каква голема опасност се наоѓаат оние кои изгледаат дека се христијани?
2013 • 1. Квартал
10. лекција — Човечката слава паѓа во прав
9. март 2013
„Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји!“
— Ефесјаните 2,8
„Човекот целосно зависи од Христовата милост. Тој нема сила да направи ниту еден чекор во приближувањето кон Христа ако Божјиот Дух не го привлече“.
– Знаците на времето, 12. февруари, 1894.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 14—19.
Недела — 3. март
1. БОЖЈО ДЕЛО
а. Што може оправдувањето со вера да направи во нас и за нас? Римјаните 3,24.25; Ефесјаните 2,8.
„Што е оправдување со вера? Тоа е Божјо дело кое човековата слава ја полага во прав, и за човекот го прави она што со своја сила никогаш не може да го направи за себе. Кога луѓето ќе ја согледаат својата ништожност, дури тогаш тие се подготвени да се облечат во Христовата праведност“.
– Верата со која живеам, 111.
б. На кој начин самиот Господ Исус Христос му се открил на апостол Јован? Што тоа значи во врска со делото на спасението? Откровение 21,6.
„Кога Светиот Дух не би делувал на човечкото срце, ние на секој чекор би се сопнувале и паѓале. Човечките напори сами по себе ништо не значат и немаат вредност; но соработката со Христа значи победа. Сами по себе нè немаме сила да се покаеме за гревот. Без божествена помош не можеме да го направиме ниту првиот чекор кон Спасителот. Тој вели: ’Јас сум Алфа и Омега, почеток и крајот‘ (Откровение 21,6), во спасението на секоја душа“.
– Одбрани пораки 1, 381.
Понеделник — 4. март
2. ПОВИК, ПОКАЈАНИЕ И ПРОСТУВАЊЕ
а. Кој е првиот чекор во спасувањето на една душа? Зошто душата прифаќајќи ја поканата, доаѓа кај Христа? Јован 12,32; 14,6.
„Повикот и оправдувањето не се едно исто. Повикот е привлекување на грешникот кон Христа, а тоа е дело извршено од Светиот Дух врз срцето, кој го осведочува за гревот и го повикува на покајание.“
„Мнозина се збунети околу тоа од што се состојат првите чекори во делото на спасувањето. Сметаат дека покајанието е дело што грешникот мора сам да го направи за да може да дојде кај Христа. Мислат дека грешникот треба да се удостои за примање на благословот на Божјата милост. Меѓутоа, иако е вистина дека покајанието мора да дојде пред опростувањето — бидејќи за Бога е прифатливо само скршено и скрушено срце — сепак грешникот не може сам да се наведе на покајание ниту да се подготви да дојде кај Христа. Ако грешникот не се покае, не може да му биде простено; но прашањето на кое мора да се даде одговор е дали покајанието е дело на самиот грешник или Христов дар. Мора ли грешникот да чека додека не се исполни со жалење поради своите гревови пред да може да дојде кај Христа? Првиот чекор кон Христа се презема благодарение на привлечната сила на Божјиот Дух; кога човекот ќе одговори на овој повик, тој се приближува кон Христа за да може да се покае“.
– Одбрани пораки 1, 390.
б. Во кого е вистинското потекло на чинот на покајание во срцето на грешникот? 2 Тимотеј 1,9; Дела 5,31.
„Покајанието е дар од Христа, како што е и опростувањето, и тоа не може да најде место во срцето во кое Христос не го извршил Своето дело. Како што не можеме без Христа да примиме простување, така не можеме ниту да се покаеме ако Неговиот Дух не ја разбуди нашата совест“.
– Библиски коментари, 602.
„Влијанието на Светиот Дух е она што нè осведочува за гревот и ја буди нашата потреба за опростување. Само скрушените можат да добијат опростување; но Божјата милост е она што го прави срцето покајничко“.
– Одбрани пораки 1, 353.
„Покајанието не е ништо помал дар отколку што се опростувањето и оправдувањето, и не може да се доживее освен ако Христос не ѝ го подари на нашата душа. Ако сме привлечени кон Христа, тоа е поради Неговата сила и заслуга. Благодатта на покајанието доаѓа преку Него, како што преку Него доаѓа и оправдувањето“.
– Одбрани пораки 1, 391.
Вторник — 5. март
3. ВЕРА – ИСХОД НА БОЖЈАТА МИЛОСТ
а. Која е библиската дефиниција за верата? Кој е нејзиниот извор? Евреите 11,1.
„Верата е доверба во Бога – верување дека Тој нè сака и дека знае што е најдобро за нас. На тој начин, таа нè наведува наместо својот, да го избереме Неговиот пат. Натој начин, таа ја прифаќа Неговата мудрост; наместо нашата слабост, Неговата сила; наместо нашата грешност, Неговата праведност. Нашиот живот, ние самите, сето тоа веќе е Негово; верата го признава Неговото право на сопственост и ги прифаќа благословите што тоа ги донесува. Вистината, чесноста, непорочноста, се истакнати како дел од тајната на успехот во животот. И токму верата нè вдахнува со овие принципи“.
– Воспитување, 253.
„Верата не е нешто што ние можеме на некој начин да го стекнеме; таа е дар од Бога, кој можеме да го примиме и негуваме ако Христа го направиме свој личен Спасител. Ние можеме да го одбиеме овој дар и да изразуваме сомнежи, и да станеме несреќни поради негување на неверието. Но тоа ќе прерасне во непробојна бариера, одделувајќи нè далеку од Божјиот Дух, и ќе ги затвори нашите срца за Неговата светлина и Неговата љубов“.
– Библиски коментари, 654.
б. Каква е состојбата на грешникот без Божјата милост? Гал. 5,19—21.
„Без Христовата благодат грешникот се наоѓа во безнадежна состојба — за него ништо не може да се направи — но преку божествената благодат на човекот му се дарува натприродна сила која делува врз умот, срцето и карактерот. Доделувањето на Христовата благодат е она што ни овозможува да ја распознаеме одвратната природа на гревот и конечно да го изгониме од храмот на душата. Преку благодатта доаѓаме во заедница со Христа и се поврзуваме со Него во делото на спасението“.
– Одбрани пораки 1, 366.
„Дали чувствуваш дека заради тоа што си грешник не можеш да се надеваш на Божјите благослови? Запомни дека Христос дошол на овој свет да ги спаси грешниците. Ние немаме ништо со што би се препорачале кај Бога; причината поради која ние можеме да бараме сега и во кое било време е нашата целосно беспомошна состојба, поради која Неговата искупувачка сила станува неопходност. Отфрлајќи ја сета надеж од себеси, можеме да погледнеме кон крстот на Голгота и да кажеме: ’Јас нема што да ти дадам; едноставно за Твојот крст се држам‘“.
– Здравје и среќа, 47.
Среда — 6. март
4. ДЕЛОТО НА СВЕТИОТ ДУХ
а. Која состојба на срцето е доказ дека Господ е на дело од страна на Неговиот Свет Дух да го спаси грешникот? Матеј 5,6.
„Имате ли чувство на празнотија во својата душа? Дали сте жедни и гладни за правда? Тоа е доказ дека Христос влијаел врз вашето срце и го создал тоа чувство на потреба за да Го побарате и, преку дарот на Светиот Дух, да го направи за вас она што вие самите не сте во состојба да го направите за себе. Господ не наведува никакви услови освен да бидете гладни за Неговата милост, желни за Неговите совети и да копнеете по Неговата љубов. „Барајте!“ Барањето покажува дека сте свесни за својата потреба, и ако побарате со вера, ќе добиете“.
– Одбрани пораки 1, 332.
б. Од што човекот е ослободен и што му е овозможено? Колосјаните 1,12.13; 1 Петрово 2,9.
„Господ сака Неговиот народ да биде цврст и здрав во верата — а не во незнаење за големото спасение кое толку изобилно му е подготвено. Тој не треба да очекува дека во некое идно време за него ќе се направи некое големо дело, бидејќи делото е веќе завршено. Верникот не се повикува да се помири со Бога; тој никогаш нема да биде во состојба да го направи тоа. Тој треба да го прифати Христа како свој мир, бидејќи со Христа е Бог и во Него се наоѓа мир. Христос направил крај на гревот, носејќи ја сета тежина на неговото проклетство на Своето тело на дрвото, и Тој го отстранил проклетството од сите кои веруваат во Него како во свој личен Спасител. Тој става крај на силата на гревот што владее во човечкото срце, а животот и карактерот на верникот сведочат за вистинскиот карактер на Христовата благодат“.
– Одбрани пораки 1, 394.395.
„Бог го љуби Својот народ и го води по сигурен и безопасен пат. Тој се погрижил да бидат со Исуса Христа во блаженството на небото. Тој го прави тоа не поради нивната добрина или затоа што се достојни за тоа, туку поради Својата неизмерна милост и љубов, кои со ништо не ги заслужиле. Тој ги ослободува од силите на темнината и ги пренесува во царството на Својот сакан Син. Тој сака да го усоврши нивниот карактер за да можат да опстанат пред Него чисти и во бели облеки“.
— Знаците на времето, 28. август, 1901.
Четврток — 7. март
5. ДЕЛОТО ЗАВРШЕНО
а. Кој критериум мораме да го достигнеме за да можеме да бидеме наследници на небото? Лука 10,27.
„За да бидеме кандидати за небото ние мораме да ги исполниме барањата на законот: ’Љуби Го Господа, својот Бог — со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сета своја сила и со сиот свој ум; и својот ближен како себеси‘. Тоа можеме да го направиме само ако со вера се фатиме за Христовата праведност. Гледајќи во Исуса ние примаме жив, поширок принцип во срцето, а Светиот Дух продолжува со тоа дело така што верникот напредува од благодат во благодат, од сила во сила, од карактер во карактер. Тој е налик на Христа, сè додека во духовниот раст не ја постигне полната мера на растење во Исуса Христа“.
– Одбрани пораки 1, 395.
б. На кој начин ова спасоносно дело ќе биде довршено во верникот? Филипјаните 1,6; Римјаните 8,30.
„На оние кои го бараат, Исус им го дава Светиот Дух, бидејќи тоа е неопходно за секој верник да се ослободи од нечистотијата на гревот, како и од проклетството и осудата на законот. Преку влијанието на Светиот Дух, со посветување преку вистината, верникот станува достоен и подесен за небесните дворови, бидејќи Христос делува во нас и Неговата праведност е врз нас. Без ова никој не може да добие право на спасение. Ние нема да уживаме на небото ако, преку влијанието на Светиот Дух и Христовата правда, не се удостоиме за неговата света атмосфера“.
– Одбрани пораки 1, 395.
Петок — 8. март
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што покажува дека делото на оправдувањето и спасението во целост зависи од Христа?
2. Наведи разлика во поедините чекори во делото на спасението?
3. Која голема промена Божјата милост ја чини во срцето на покајаниот грешник?
4. Каква улога во сето тоа има Светиот Дух?
5. Што делото на спасението го прави комплетно?
2013 • 1. Квартал
11. лекција — Соработката на човекот со Бога
16. март 2013
„Затоа, возљубени мои, како што секогаш бевте послушни, не само кога сум при вас, туку уште повеќе сега, кога не сум при вас, изработувајте го своето спасение со страв и трепет. Зашто Бог е Оној, Кој дејствува во вас да сакате и да постапувате, според Неговата волја“.
— Филипјаните 2,12.13
„Во делото на спасувањето Бог бара соработка на човекот. Христијанинот мора да биде подготвен од своја страна да вложува ревносни напори и Бог ќе ја обедини божествената милост со човечкиот напор“.
– RH, 30 октомври, 1888.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 20—32.
Недела — 10. март
1. ГРЕШНИКОВИОТ ДЕЛ ВО ДЕЛОТО НА СПАСЕНИЕТО
а. Што Бог, и до кога, очекува и од човекот во делото на спасувањето? Лука 13,24.
„Нека никој не ја изнесува идејата дека човекот малку или ништо не може да направи во големото дело на здобивање победа над гревот… Од самиот почеток па сè до крајот, човекот треба да соработува со Бога“.
– Одбрани пораки 1, 381.
б. Каков удел има човекот во остварувањето на своето спасение? Што треба да биде јасно во ова? Филипјаните 2,12.13.
„Додека Бог работи во срцето, а човекот ја предава својата волја на Бога и соработува со Него, во неговиот живот се покажува она што Бог го внесува во срцето преку Светиот Дух и така настанува хармонија помеѓу намерите на срцето и животната пракса. Секој грев мора да биде отфрлен како нешто гнасно и одвратно кое го распнало Господа на животот и славата, а верникот мора да има прогресивно искуство преку постојано вршење на Христовите дела. Благословот на оправдувањето се задржува со постојано потчинување на волјата и непрекината послушност“.
– Одбрани пораки 1, 397.
Понеделник — 11. март
2. ПОТЧИНУВАЊЕ НА СВЕТИОТ ДУХ
а. Кој е првиот чекор во обратувањето на грешникот? Јован 6,37.
„Христос дошол на светот да му ја открие Божјата љубов и срцата на сите луѓе да ги привлече кон Себе. ’И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе‘ (Јован 12,32). Првиот чекор кон спасението е да се одговори на привлечната сила на Христовата љубов“.
– Одбрани пораки 1, 323.
б. Кој прекрасен повик треба да доведе до првиот чекор кон спасението? Откровение 22,17.
„Истиот божествен ум кој делува во природата, им се обраќа и на срцата на луѓето, будејќи во нив неискажан копнеж за она што го немаат. Она што е во светот не може да го задоволи нивниот копнеж. Божјиот Дух ги преколнува да се стремат кон она што единствено може да им даде мир и одмор – кон Христовата благодат и радоста на светоста. Служејќи се со видливи и невидливи влијанија, нашиот Спасител е постојано на дело со цел умот на луѓето да го одврати од грешните уживања што нè ситат и да ги насочи кон неизмерните благослови што можат да ги добијат во Него. На сите тие души, што напразно се обидуваат да пијат од издупчените извори на овој свет, им е упатена божествената порака: ’Кој е жеден нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум‘ (Откровение 22,17)“.
– Патот кон Христа, 24.
„Христовиот повик упатен до жедните, сè уште одекнува и нè повикува со глас уште посилен од оној кој се слушнал во храмот на последниот ден на празникот. Изворот на жива вода е отворен за секого. На уморните и истрошените им се нуди освежувачка голтка на вечен живот“.
– Знаците на времето, 23. септември, 1897.
„Оној што бара да ја згасне својата жед на изворите на овој свет, ќе пие и пак ќе биде жеден. Луѓето насекаде се незадоволни. Тие копнеат по нешто што ќе ја задоволи потребата на душата. Само Еден може да ја задоволи таа потреба. Потребата на светот ’Копнежот на сите народи‘ е Христос. Божествената благодат која само Тој може да ја даде – тоа е живата вода што чисти, освежува и ја закрепнува душата“.
– Копнежот на вековите, 164.
Вторник — 12. март
3. СОРАБОТКАТА НА ГРЕШНИКОТ СО БОГА
а. Какво е искуството на искрената душа кога од Господа прима дар на покајание? 1 Јованово 1,9; Псалм 51,17.
„Меѓутоа, кога се каеме за гревот, не е потребно да се повлекуваме во ќелија како што тоа го правел Лутер, присилувајќи се на покора за да ги искупиме своите беззаконија, мислејќи дека на тој начин ќе стекнеме Божја наклоност. Пророкот поставува прашање: „Но може ли да му се угоди на Господ со илјадници овни или со неизмерни потоци масло? Дали да му го дадам мојот првороден син за престапите свои и плодот на утробата своја за гревот на душата своја? О, човеку, речено ти е што е добро и што бара од тебе Господ: да постапуваш праведно, да сакаш милост и понизно да врвиш пред твојот Бог“ (Михеј 6,7.8). Псалмистот вели: „Жртва на Бога е скрушен дух; срце понизно и смирено, Боже, Ти нема да отфрлиш“ (Псалм 51,17). А Јован пишува: „Ако ги исповедаме своите гревови, Тој е верен и праведен да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда“ (1 Јованово 1,9). Единствената причина поради која не примаме опростување е ако на Оној кој „беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија“ не му ја признаеме својата вина и ако од Него не побараме милост. Каењето и признавањето на гревот, кое претставува најдлабок излив на душата, ќе пронајде пат до срцето на бескрајната милост, зашто Господ е близу до оној кој е со скршено срце и ги спасува оние кои се со смирен дух“.
– Одбрани пораки 2, 326.
„За да ја прими Христовата правда грешникот мора да сфати што значи вистинско покајание кое доведува до коренити промени на мислите, духот и постапките“.
– Одбрани пораки 2, 393.
б. Ако нашето верско искуство е коректно, како тоа се одразува во нашиот секојдневен живот? Галатјаните 5,6.
„Кога ќе одговорите на Христовата привлечна сила и ќе се соедините со Него, вие манифестирате вера која спасува. Да се зборува за религиозни работи на површен начин, да се моли за духовни благослови без вистинска глад на душата и без жива вера — малку е корисно. Верата која нè доведува во жив допир со Христа, од наша страна мора да вклучува најголема наклоност, совршена доверба и целосна посветеност. Оваа вера дејствува преку љубов и ја чисти душата. Таа во животот на Христовиот следбеник доведува до вистинска послушност кон Божјите заповеди, зашто љубовта кон Бога и кон човекот произлегува само како резултат на жива поврзаност со Христа“.
– Одбрани пораки 1, 334.
Среда — 13. март
4. ПОТЧИНУВАЊЕ НА НАШАТА ВОЛЈА НА БОЖЈАТА ВОЛЈА
а. Какво благородно дело Светиот Дух сака да изврши во срцето? На кој начин Тој тоа може и да го доврши? Јован 3,3.5.
„Преку вера Светиот Дух дејствува во срцето за да создаде светост во него; но тоа не може да се постигне ако човечкото битие не соработува со Христа. Само преку влијанието на Светиот Дух можеме да се удостоиме за небото, зашто мора да ја имаме Христовата правда како акредитивно писмо, доколку сакаме да имаме пристап до Отецот. За да можеме да ја имаме Христовата правда, ние треба секојдневно да се преобразуваме под влијанието на Светиот Дух и да станеме учесници во божествената природа. Делото на Светиот Дух е да ги воздигне склоностите, да го посвети срцето и да го облагороди целиот човек“.
– Одбрани пораки 2, 374.
б. Со цел да се обнови светоста и да се удостои за небо, што Господ бара од нас? Што треба да засакаме, а што треба да мразиме? Изреки 23,26.
„Ние треба нашите срца да Му ги предадеме на Бога, за да може Тој да нè обнови, посвети и удостои за Неговите небесни дворови. Не треба да очекуваме некое посебно време, туку денес треба да Му се предадеме, одбивајќи да бидеме робови на гревот. Мислите ли дека гревот може да се отфрли малку по малку во дадениот момент? О, отфрлете сè што Му е одвратно и гнасно на Бога — и тоа веднаш! Мразете ги работите што Христос ги мрази и сакајте ги работите што Тој ги сака. Зарем Тој со Својата смрт и страдање не ви овозможил потполно очистување од гревот?“
— Одбрани пораки, 2,327.
„Ниту едно покајание не е вистинско доколку не е проследено со реформа. Христовата праведност не е наметка за покривање на неисповеданите и неоставените гревови, туку едно животно начело што го преобразува карактерот и го контролира однесувањето. Светост значи целосна припадност на Бога, целосно предавање на срцето и животот на небесните начела кои треба да живеат во душата“.
— Копнежот на вековите, 423.
„Целото срце мора да му го предадеме на Бога, инаку никогаш не би можеле да се промениме и повторно да му станеме слични Нему… Борбата против самиот себе е најголемата борба која што некогаш се водела. Откажувајќи се од самиот себе, комплетното прифаќање на Божјата волја, не оди без борба; но душата мора да му се покори на Бога пред да може да се обнови и да стане стала“.
— Патот кон Христа, 38. (Еремија 29,13 реф.)
Четврток — 14. март
5. ПОСЛУШНОСТ СО ВЛОЖУВАЊЕ НА НАПОРИ
а. Под кои услови стекнуваме право на спасение? Од кое право се лишуваат оние кои го занемаруваат Божјиот закон? Еремија 23,6; 33,16; Матеј 5,48.
„Бог бара сега, како и секогаш, совршена праведност како единствен услов за небото. Само Христос е нашата надеж и наше засолниште. Неговата правда им се припишува само на послушните. Да ја прифатиме со вера, за Отецот да нè најде чисти и без грев. Но, оние кои го газат Божјиот закон ќе немаат право да се повикуваат на таа правда“.
– Библиски коментари, 637.
б. Што се бара од обратената душа, со кого таа мора да соработува и чија помош во тоа може да очекува? Филипјаните 2,12 (последен дел).
„Од оние кои очекуваат Божја милост се бара, од своја страна, да вложат напори и труд, бидејќи плодот е она што покажува каква е природата на стеблото. Иако човековите добри дела, без вера во Исуса, се безвредни како и Каиновата жртва, кога се облечени со Христовите заслуги, тие сведочат за достоинството на оној што ги поседува да наследи вечен живот“.
– Одбрани пораки 1, 381.382.
„Грешникот мора да вложи напори во сооднос со делото што е направено за него и со неуморна молба да се обраќа кон престолот на милоста, за Божјата сила да ја препороди и обнови неговата душа. Христос простува, но само на покајникот; а оние на кои им простува, Тој најнапред ги прави покајници“.
– Одбрани пораки 1, 394.
Петок — 15. март
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Каков одговор може да им се даде на оние кои тврдат дека е доволно само да веруваш?
2. Што го наведува грешникот на покајание?
3. Каква е улогата на верата во поттикнувањето на душата на каење и обратување?
4. Каква улога во процесот на соработка имаат и едната и другата страна?
5. Што им овозможува на вистинските верници да бидат победници?
2013 • 1. Квартал
12. лекција — Посветување
23. март 2013
„Како послушни чеда, не постапувајте веќе според поранешните ваши похоти, кога бевте во незнаење. Но, по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки. Зашто напишано е: ’Бидете свети, бидејќи Јас сум свет’“.
— 1 Петрово 1,14—16
„Промената од несвето во свето е траен процес. Ден по ден Бог работи на човековото посветување, а човекот треба да соработува со Него вложувајќи истрајни напори во создавањето на добри навики“.
– RH, 15, март, 1906.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апостолите, 420—427.
Недела — 17. март
1. БОЖЈИОТ НАРОД МОРА ДА БИДЕ СВЕТ
а. Која Божја особина го проткајува целото небо и мора да се најде во сите кои сакаат да опстанат во Негова присутност? 1 Петрово 1,14—16.
„Божјата правда е апсолутна. Таа правда ги обележува сите Негови дела и сите Негови закони. Како што е Тој, таков мора да биде и Неговиот народ. Христовиот живот треба да се открие во животот на Неговите следбеници. Во сите Негови јавни и приватни постапки, во секој збор и дело, можела да се види практична побожност. Таква побожност треба да се види и во животот на Неговите ученици“.
– Одбрани пораки 1, 198.
„(Бог) не го поднесува гревот во свое присуство. Тоа е нешто што Неговата душа го мрази… Светоста е темел на Божјиот престол; гревот е спротивен на светоста, гревот го распнал Божјиот Син. Кога луѓето би можеле да ја согледаат сета одвратност на гревот, тие не би го трпеле ниту би се учеле да грешат. Тие би се реформирале во животот и карактерот. Тајните грешки ќе бидат надминати. За да бидете светци на небото, прво мора да бидете светци на земјата“.
– Сведоштво за проповедници, 145.
б. Која била Божјата цел за човештвото од самиот почеток? Што велат Светите списи за Божјата волја за нас? Ефесјаните 1,4; 1 Солунјаните 4,3.
Понеделник — 18. март
2. ПРИПИШАНА И ДОДЕЛЕНА ПРАВДА
а. Што покажува дека посветувањето не е дело на еден момент туку прогресивен процес? Кои чекори се потребни за да се постигне оваа цел? Евреите 6,1; Филипјаните 3,13.14; 2 Петрово 1,5—10.
„Светото писмо јасно покажува дека делото на посветување напредува постепено. Кога грешникот, обратувајќи се, ќе најде мир со Бога преку Христовата крв на откупувањето, дури тогаш започнал христијанскиот живот. Тогаш тој мора да се оддаде ’на совршенство‘, да порасне до совршен човек, ’до полната мерка на Христовиот раст‘ (Ефесјаните 4,13). Апостол Павле кажува: ’Но сепак правам едно: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене; трчам кон целта за наградата на горното призвание од Бога во Исуса Христа‘ (Филипјаните 3,13.14). А Петар ни ги предочува скалите, по кои до библиската посветеност навистина може да се стигне: ’Затоа, грижејќи се за ова сестрано, принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта разум, а во разумот воздржување‘ (2 Петрово 1,5.6)“.
– Големата борба, 418.
„Начинот на кој ние треба да го градиме своето спасение јасно е наведен во првото поглавје на Второто Петрово послание (стихови од 5—8). Постојано треба да додаваме на благодатта благодат и ако правиме така, Бог ќе работи во нас на планот на умножување“.
– RH, 15, март, 1906.
б. Што е направено за нас со Христовата смрт и какво ќе биде секојдневното искуство на оние во кои Христос живее? Римјаните 5,10.
„Правдата со која се оправдуваме ни се припишува; правдата со која се посветуваме ни се дава. Првата ни дава право на небото, втората нè оспособува за небото“.
– RH, 4. јуни, 1895.
„Оправдувањето значи спасување на душата од проклетство за да може да постигне посветеност, а преку посветеноста, живот на небото. Оправдувањето значит дека совеста, очистена од мртви дела, се оспособува да ги прими благословите на посветувањето“.
– Библиски коментари, 760.
„(Мнозина) не сфаќаат дека темелот на нивната целокупна вера и надеж треба да биде само совршенството на Исуса, нашиот Гарант. Единствената и вистинска вера е онаа која цврсто се повикува на правдата што Христос ни ја припишува. Тој е единствениот извор на доблест, на духовна сила и на живот… Плодовите на таквата вера ќе бидат љубов, радост, мир, долготрпение, нежност и добрина, а целта на членовите на црквата кои ја имаат оваа вера ќе биде секој ден да го слават Бога“.
– Објавени ракописи 5, 9.
Вторник — 19. март
3. ДЕЛОТО НА ПОСВЕТУВАЊЕ
а. Иако ја имаме Христовата правда која ни е припишана, колку темелно делото на посветување треба да се изврши и со каква цел? 1 Сол. 5,23.
„Нашето посветување е дело на Отецот, Синот и Светиот Дух. Тоа е исполнување на Божјиот завет направен со оние кои се обврзале да стапат во свето сродство со Отецот, Синот и Светиот Дух. Дали сте наново родени? Дали сте станале нови битија во Христа Исуса? Тогаш соработувајте со трите големи сили на небото кои работат во ваша корист“.
– Библиски коментари, 759.
„Преку влијанието на Светиот Дух, со посветување преку вистината, верникот станува достоен и подесен за небесните дворови; бидејќи Христос делува во ни и Неговата праведност е врз нас. Без ова никој не може да добие право на спасение. Ние нема да уживаме на небото ако, преку влијанието на Светиот Дух и Христовата правда не се удостоиме за неговата света атмосфера“.
– Одбрани пораки 1, 395.
б. На кој начин ова дело се остварува? Каква улога има грешникот во сето тоа? Тит 3,5.
„Кога душата ќе му се предаде на Христа, тогаш со новото срце владее нова сила. Се извршува промена која човекот со свои сили не може да ја оствари. Тоа е целосно натприродна појава, која внесува натприроден елемент во човечката природа“.
– Копнежот на вековите, 239.
„Но, иако Христос е сè, ние треба секој човек да го поттикнуваме на неуморна марливост. Мораме да се трудиме, да се бориме, да се мачиме, будно да стражариме и молиме за да не бидеме совладани од лукавиот непријател. Силата и милоста со кои можеме да го постигнеме тоа доаѓа од Бога и сè додека имаме доверба во Оној кој е способен да го спаси секого кој му приоѓа на Бога преку Него. Никогаш не оставајте впечаток дека во тој поглед човекот треба малку или ништо да направи; наспроти тоа поучувајте ги луѓето да соработуваат со Бога за да можат да бидат успешни во здобивање на победа“.
– Одбрани пораки 1,381.
Среда — 20. март
4. БИБЛИСКО ПОСВЕТУВАЊЕ
а. Што е библиско посветување и што сé опфаќа? 1 Сол. 3,13.
„Со Божјо Слово и со посредство на Неговиот Свет Дух на луѓето им се откриваат големите начела на правдата што се олицетворени во Божјиот закон. А бидејќи Божјиот закон е ’свет, праведен и добар‘ и бидејќи претставува одраз на божественото совршенство, тоа значи дека и карактерот, што се формира со покорувањето на овој закон ќе биде свет. Христос е совршен пример на таквиот карактер. Тој кажува: ’Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец.‘ ’Секогаш Го вршам она што Му е угодно‘ (Јован 15:10; 8:29). Христовите следбеници треба да станат слични на Него — со Божја милост тие треба да развиваат карактер што ќе биде во хармонија со начелата на Неговиот свет закон. Тоа е библиско посветување“.
– Големата борба, 418.
„Посветеноста, што е истакната во Светото писмо, го опфаќа целото битие — духот, душата и телото“.
– Големата борба, 421.
б. Какво ќе биде искуството на вистински обратениот верник? Што таквиот верник ќе направи кога тој или таа ќе одговорат на повикот за покајание? 1 Коринтјаните 15,57; Римјаните 6,1—4.12.13.
„Христијанинот може да ги слуша потшепнувањата што поттикнуваат на грев, но тој постојано ќе води борба против тоа. Тука е неопходна Христовата помош. Тогаш на човечката слабост им се придружува божествената сила, и верата може да извика: „Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос” (1 Коринтјаните. 15,57).“
– Големата борба, 418.
„Ниту едно покајание не е вистинско доколку не е проследено со реформа. Христовата праведност не е наметка за покривање на неисповеданите гревови, туку едно животно начело што го преобразува карактерот и управува со однесувањето. Светоста значи целосна припадност на Бога, целосно предавање на срцето и животот на небесните начела кои треба да живеат во душата“.
– Копнежот на вековите, 423.
„Никој не може да биде жив христијанин освен ако секојдневно не стекнува лично искуство во побожноста и ако секојдневно не се откажува од себеси, ведро носејќи го крстот и следејќи го Христа. Секој жив христијанин секојдневно мора да напредува во божествениот живот. И додека напредува кон совршенството, тој секојдневно доживува обратување во Бога и тоа обратување нема да биде завршено сè додека не достигне совршенство на христијанскиот карактер, целосна подготвеност за добивање на бесмртност“.
– 2 Сведоштво, 565.
Четврток — 21. март
5. ДОКАЗ ЗА ПОСВЕТЕНОСТ
а. Какво ќе биде искуството на оној во чие срце е извршено делото на посветување? На што таквиот особено се радува? Псалм 119,14—16.
„Секоја вистинска послушност доаѓа од срцето. Тоа значи да се соработува со Христа со сето срце. Ако му се предадеме, Тој ќе ги поистовети нашите мисли и цели со своите, а нашето срце и ум ќе ги сообрази со Својата волја до таа мера што кога се покоруваме на Него всушност постапуваме во сообразност со своите побуди. Нашата волја станува облагородена и посветена и наша најголема радост се состои во тоа да му служиме Нему. Кога ќе го запознаеме Бога онака како што имаме привилегија да го познаваме, нашиот живот ќе биде живот на постојана послушност. Затоа што го познаваме и цениме Христовиот карактер и затоа што одржуваме постојана врска со Бога, гревот ќе ни стане одвратен“.
– Копнежот на вековите, 518.
б. Што претставува доказ за таквата посветеност? Михеј 6,8. Kако покајаниот грешник го познава патот? 1 Јованово 2,3—6; 2 Петрово 2,21.22.
„Да чините што е праведно, да ја љубите милоста и да одите понизно пред Бога, тоа е верен доказ за вистинското посветување на срцето и животот“.
– Знаците на времето, 19. септември, 1900.
„Правдата која се покажува однадвор претставува сведоштво за внатрешната праведност. Оној кој има внатрешна правда не е нечувствителен и нељубезен, туку секој ден станува сè повеќе сличен на Христовиот лик, развивајќи се од сила во сила. Оној кој е посветен со вистината ќе има самоконтрола и ќе ги следи стапките на Христа сè додека милоста не се изгуби во слава“.
– RH, 4. јуни, 1895.
Петок — 22. март
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што значи да се биде свет?
2. Наведи ја разликата помеѓу припишаната и доделената правда?
3. Како се остварува делото на посветување?
4. Какви се резултатите на вистинската посветеност?
5. Што претставува очигледен доказ дека една душа навистина е посветена?
2013 • 1. Квартал
13. лекција — Облечени во Христовата правда
30. март 2013
„Кога влезе царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта. Па му рече: ’Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?‘ А тој молчеше“.
— Матеј 22,11.12
„Сега е време да се облечете во облека која е ткаена на небесен разбој, а ја претставуваат величествената Христова праведност, за да можете да бидете подготвени да застанете пред Неговата појава и да се удостоите за место од Неговата десна страна“.
– Знаците на времето, 28. март, 1892.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Христовите поуки, 274—285.
Недела — 24. март
1. ХРИСТОВАТА ПРАВДА ПРИПИШАНА НА НАС
а. Кога душата е подготвена да биде облечена во облеката на Христовата праведност? Зах. 3,1—4.
„Кога луѓето ќе ја увидат својата ништожност, тие се подготвени да бидат облечени во Христовата праведност“.
– Верата со која живеам, 111.
„(Исус) првосвештеникот не можел да се одбрани ниту себеси ниту својот народ од обвинувањата на сатаната. Тој не тврдел дека Израел е ослободен од недостатоци. Во својата валкана облека која ги симболизирала гревовите на неговиот народ и која тој ја носи како нивен претставник, стоел перед ангелот, признавајќи ги гревовите на својот народ, но укажувал на нивното признавање и понизност, потпирајќи се на милоста на Откупителот кој ги простува гревовите и со вера се повикувал на Божјите ветувања“.
– 5 Сведоштво, 443.
б. Кои се предусловите за посветување? Дела 3,19.
„Кога ќе дојдеме кај Христа со каење во срцето, барајќи од Него опростување, Неговата крв која може да очисти, ги отстранува нашите гревови. Тој ни ја припишува Неговата правда, а нашата вина ја зема врз Себе“.
– Библиски коментари, 821.
Понеделник — 25. март
2. ЦЕНАТА НА ХРИСТОВАТА ПРАВЕДНОСТ
а. Што мораме да направиме за да ја купиме Христовата праведност? Која парабола покажува дека сите кои го исповедаат Христа и го следат не значи дека се облечени во облеката на Христовата праведност? Матеј 13,45.46; 22,1—14.
„Гости на евангелската гозба се оние кои тврдат дека му служат на Бога, оние чиишто имиња се запишани во книгата на животот. Меѓутоа, не сите кои тврдат дека се христијани навистина се вистински ученици“.
– Христовите поуки, 277.
„Во животот на мнозина чиишто имиња се наоѓаат во црковните книги нема вистинска промена. Вистината останува во надворешното предворје. Тука нема вистинско обратување, ниту позитивно влијание на милоста врз срцето. Нивната желба да му служат на Бога се заснова само на лична склоност, а не на длабоко осведочување под влијание на Светиот Дух. Нивното однесување не е во согласност со Божјиот закон. Тие тврдат дека го прифаќаат Христа као свој Спасител, но не веруваат дека ќе им даде моќ да ги победат своите гревови. Тие лично не се запознаени со животот на Спасителот и во својот карактер покажуваат многу недостатоци“.
– RH, 7. јули, 1904.
б. На кој начин единствено можеме да ја купиме праведноста? Откровение 3,18.
„Белите облеки ја претставуваат чистотата на карактерот, Христовата праведност која му се дава на грешникот. Таа облека е исткаена на небесен разбој, која може да се купи само од Христа и тоа со живот на доброволна послушност“.
– 4 Сведоштво, 85.
„Христовата праведност, како чист бел бисер, нема никаков недостаток — нема дамка ниту вина. Оваа праведност може да биде наша. Спасението, со своето непроценливо богатство, платено со Христовата крв, го претставува скапоцениот бисер. Ние можеме да го бараме и да го пронајдеме. Но сите оние кои навистина ќе го пронајдат ќе продадат сè што имаат за да го купат. На тој начин даваат доказ дека се едно со Христа, како што Тој е едно со Отецот. Трговецот во параболата е претставен како продава сè што има за да дојде во посед на еден бисер со голема вредност. Ова е прекрасна претстава за оние кои толку ја ценат вистината што се откажуваат од сè што имаат за да можат да ја поседуваат. Тие со вера се фаќаат за спасението кое им е овозможено преку жртвата на Божјоот Единороден Син“.
– Одбрани пораки 1, 399.
Вторник — 26. март
3. ОБЛЕКИ НА НЕВИНОСТ
а. Каква облека нашите прародители имале во Едем? Што се случило кога нивната духовна состојба се променила и што направиле кога дознале? Создавање 3,10.
„Бела облека на невиност носеле нашите прародители кога Бог ги наместил да живеат во светиот Едем. Тие живееле во совршена хармонија со Божјата волја. Сета сила на нивните чувства му била посветена на нивниот небесен Отец. Светиот пар го опкружувала прекрасна нежна светлина, Божја светлина. Таа светла облека претставувала симбол на нивната духовна облека на небесната невиност. Кога би му останале верни на Бога, тие засекогаш би биле покриени со неа. Меѓутоа, кога згрешиле, тие ја прекинале својата врска со Бога и исчезнала светлината што ги осветлувала. Голи и посрамени, својата небесна облека се обиделе да ја надоместат со облека од смоквини лисја што сами ја направиле“.
– Христовите поуки, 277.
б. Што сега претставува белата облека? Каква е духовната состојба и карактерот на оние кои се облечени во облеката на Христовата праведност? Откровение 19,8.
„Со свадбената облека е претставен чистиот, беспрекорен карактер кој вистинските Христови следбеници ќе го поседуваат“.
– Христовите поуки, 277.
„Вистината мора да биде засадена во срцето. Тоа значи дека таа мора да управува со умот и да ги регулира чувствата. Карактерот целосно мора да биде обележан со божествени зборови. Секоја јота и цртичка на Божјата реч мора да стане дел во нашиот секојдневен живот.“
„Оние што ќе станат учесници во божествената природа ќе бидат во хармонија со големото Божјо мерило на правдата, со Неговиот свет закон. Тоа е мерило според кое Бог ќе ги одмерува човечките постапки. Тоа мерило ќе биде проверка за карактерот на судот“.
– Христовите поуки, 279.
„Но, иако Бог може да остане праведен, а сепак да го оправда грешникот преку Христовите заслуги, никој не може да ја покрие својата душа со облеката на Христовата праведност додека во пракса прави гревови што му се познати или ги занемарува познатите должности. Бог бара целосна преданост на срцето пред да дојде до оправдување; а човекот, за да остане оправдан, мора да покажува постојана послушност преку активна, жива вера која дејствува преку љубовта и ја чисти душата“.
– Одбрани пораки 1, 366.
Среда — 27. март
4. ПРИМАЊЕ НА ХРИСТОВАТА ПРАВЕДНОСТ
а. Според Христовата илустрација за виновата лоза, кога Неговата праведност нам ни се припишува? Што е потребно за вистинско единство со Христа? Јован 15,4.5.
„Постои голема разлика помеѓу лажното единство и вистинската поврзаност со Христа преку вера. Со јавно признавање на вистината, луѓето стануваат членови на црквата, но тоа не докажува дека имаат жива врска со живата Лоза… Кога се постига оваа врска и заедништво, нашите гревови се ставени врз Христа; Неговата праведност нам ни се припишува“.
– 5 Сведоштво, 211.212.
„Единството со Христа преку жива вера е трајно; секое друго единство мора да пропадне… Тие мораат да се борат со надворешни и внатрешни тешкотии. Мораат да поминат преку болниот процес на одвојување исто така како и низ процесот на спојување. Гордоста, себичноста, суетата, световноста – секој грев – мора да се победи, ако сакаме да влеземе во заедница со Христа. Причината зошто мнозина мислат дека христијанскиот живот е толку страшно напорен, зошто се колебливи и непостојани, е во тоа што се обидуваат да се приклучат кон Христа а претходно не се одвоиле од своите сакани идоли“.
– 5 Сведоштво, 213.
б. Што претставува очигледен доказ дека сме облечени во Христовата правда? Псалм 119,104; 1 Коринтјаните 13,6.
„Кога ќе се облечеме во Христовата правда, нема да чувствуваме привлечност кон гревот зашто Христос ќе работи во нас. Ние можеме да погрешиме, но ќе го мразиме гревот кој му предизвикал страдања на Божјоот Син“.
– Одбрани пораки 1,360.
в. Што за душата која се облекла во облеката на Христовата праведност претставува сигурност кога ќе се соочи со искушенијата на сатаната? 1 Петрово 1,5.
„Во Христовата религија постои регенерирачко влијание кое го преобразува целото битие, воздигнувајќи го човекот над унижувачките пороци и насочувајќи ги неговите мисли и желби кон Бога и кон небото. Поврзувајќи се така со Бесконечниот Творец, човекот станува учесник во божествената природа. Врз него стрелите на непријателот немаат никаков ефект, бидејќи тој е облечен со оклопот на Христовата праведност“.
– Совети за родителите, 39.
Четврток — 28. март
5. ВНАТРЕШЕН ЖИВОТ СО ХРИСТА
а. Како Павле ја објаснува потребата од интимно единство со Христа? Галатјаните 2,20.
„Кога ќе му се покориме на Христа, срцето се соединува со Неговото срце, волјата се слева со Неговата волја, умот станува едно со Неговиот ум, мислите му се покоруваат Нему; ние живееме Негов живот. Тоа значи да се биде облечен во облеката на Неговата праведност“.
– Христовите поуки, 278.
б. Какви благослови ќе уживаат оние кои се посветени, дури и овде на овој свет? Исаија 58,8.
„На своите верни следбеници Христос им бил секојдневен придружник и близок пријател. Тие живееле во тесна врска, во постојана заедница со Бога. Врз нив навистина се покажала Господовата слава. Врз нив се одразувала светлината на познавањето на Божјата слава во лицето на Исуса Христа. А сега се радуваат за блескотните зраци и за славата и величеството на Царот над царевите. Тие се подготвени за заедница со небото, зашто тие го имаат небото во своите срца“.
– Христовите поуки, 384.
Петок — 29. март
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што прво мора да биде направено од страна на верникот пред тој или таа да можат да бидат облечени во бела облека?
2. Што ние знаеме за цената со која оправдувањето е платено?
3. Кое е вистинското значење на белата облека?
4. Што е тоа што на верникот му ја осигурува Исусовата праведност?
5. Каков е резултатот од Христовиот живот во срцето?