Ведро расположение
Адвентен дом
Четивото и неговото влијание
Вистинскиот христијанин е ведар. – Не дозволувајте неволјите и грижите од секојдневниот живот да го вознемират вашиот ум и да го збрчкаат челото. Ако го правите тоа, секогаш ќе постои нешто што ќе ве вознемирува и изнервира. Животот е таков каков што ние го правиме, и што бараме, тоа и ќе најдеме. Ако бараме тага и јадосување, ако сме склони да ги преувеличуваме малите тешкотии, ќе ги најдеме доволно за да ги преокупираат нашите мисли и разговор. Меѓутоа, ако сѐ набљудуваме од посветлата страна, ќе најдеме доволно од она што ќе нѐ направи ведри и среќни. Ако се насмевнуваме, другите ќе ни вратат со насмевка; ако нашите зборови се пријатни и ведри и другите така ќе ни возвратат. {АД 430.1}
Ако христијаните изгледаат нерасположени и потиштени, како да веруваат дека немаат пријател, тие погрешно ја претставуваат верата. Во некои случаи се појавила мислата дека ведрото расположение не е во согласност со достоинството на христијанскиот карактер, но тоа е заблуда. Небото е исполнето со радост и ако со небесна радост ја исполниме својата душа и колку што е можно, ја изразиме со наши зборови и однесување ние ќе му угодиме на нашиот небесен Татко повеќе отколку кога сме нерасположени и тажни. {АД 430.2}
Секој е должен да гради ведро расположение, наместо да размислува за тагата и јадовите. На тој начин, многумина не само што се упропастуваат самите себе туку го жртвуваат здравјето и среќата на болната фантазија. Во нивната средина има непријатни случувања, нивното постојано намрштено лице повеќе отколку со зборови го изразува незадоволството. Овие чувства на потиштеност му нанесуваат голема штета на здравјето, затоа што го застануваат процесот на варење на храната и ја попречуваат исхраната. Иако тагата и грижите не можат да отстранат ниту едно единствено зло, тие можат да нанесат голема штета; но ведрината и надежта, освен што го разубавуваат патот на другите, „се живот на оние кои ги наоѓаат и здравје за целото нивно тело“. {АД 430.3}
Сестра Вајт ведра и во неволји. – Дали некогаш сте ме виделе да сум нерасположена, потиштена и да се грижам? Мојата вера ми го забранува тоа. Погрешното сфаќање на вистинските идеали на христијанскиот карактер и христијанска служба води до вакви заклучоци. Недостатокот од права вера доведува до нерасположение, потиштеност и жалост. Сериозните христијани сакаат да се угледаат на Исуса, затоа што да се биде христијанин значи да се биде сличен на Христа. {АД 431.1}
Половичната служба, љубовта кон светот, љубовта кон себе, љубовта кон површните разоноди, го создава плашливиот кукавички слуга, тој го следи Христа од голема далечина. Но доброволната служба за Исус од сето срце, создава блескава вера. Оние кои биле блиски до Христа не биле тмурни. Во Христа е светлината и мирот и радоста засекогаш. Нас повеќе ни е потребен Христос отколку световноста, повеќе Христос, а помалку себичноста. {АД 431.2}
Живејте како деца на светлината. – Божја волја не е да бидеме нерасположени или нетрпеливи, но да не бидеме ниту несериозни и површни. Сатанскиот добро промислен план е човекот да оди од една во друга крајност. Бог сака како деца на светлината да негуваме ведар, среќен дух, за да можеме да подигаме пофалби на Оној кој нѐ повикува од темнината кон својата чудна светлина. {АД 432.1}
Придобијте ја наклонетоста на децата. – Родители, насмевнете се; учители, насмевнете се. Ако срцето ви е тажно, не дозволувајте лицето тоа да ви го открие. Нека од срцето полно со љубов и благодарност сончевата светлина го осветли вашето лице. Ослободете се од вашето железно достоинство, прилагодете се на детските потреби и направете да ве засакаат. Ако сакате во нивното срце да ја втиснете верската вистина, морате да ја придобиете нивната љубов. {АД 432.2}
Сочувајте го ведрото лице и пријатниот глас. – Родители, бидете весели, но не и лесноумни, бидете благодарни, послушни и покорни на својот небесен Татко. Вие не смеете да постапувате според своите чувства, ако се појави нешто што ве раздразнува. Во водењето на своите деца љубовта која привлекува мора да биде слична на длабока вода која постојано тече. Тие се јагненца во Божјото стадо. Донесете ги кај Христа. Кога родителите би ги воспитале своите деца да бидат пријатни, тие никогаш не би им префрлале. Вежбајте лицето да ви биде ведро и во својот глас внесете нежност и смиреност. Божјите ангели секогаш се блиску до вашите малечки, а на нивните уши не им годат вашите груби, гласни и остри тонови. {АД 432.3}
Мајката треба да негува ведрина, задоволство и среќа. Секој напор во овој поглед ќе биде богато награден со физичка сила и морален карактер на нејзините деца. Ведриот дух ќе внесе среќа во нејзиното семејство и во голема мера ќе го подобри нејзиното здравје. {АД 432.4}
Отстранете ги сенките и олеснете ја должноста. – Набљудувајте сѐ од светата страна и трудете се да ги отстраните сенките кои, ако ги негувате, ќе ја затемнат душата. Негувајте сочувство кон другите. Ведрото расположение, љубезноста и љубовта нека го исполнат домот. Ова ќе ја зајакне и љубовта кон верските должности, и секоја должност, и голема и мала, ќе се извршува со радосно срце. {АД 433.1}
Вистинската радост – христијанска вредност. – Ние можеме да го сочуваме правото христијанско достоинство, а во исто време да бидеме ведри и пријатни. Радоста во која нема лесномисленост претставува една од христијанските вредности. {АД 433.2}

