Проповедничко семејство
Адвентен дом
Однос кон неверниот брачен другар
Семејниот живот на проповедникот како пример. – Бог сака учителот на Библијата со пример од својот семеен живот да ја покаже силата на вистината што ја зборува. Тоа што се прави има посилно влијание од тоа што се зборува. Побожноста во секојдневниот живот дава сила на јавното сведочење. Трпението, доследноста и љубовта ќе влијаат на срцата многу повеќе отколку проповедите. {АД 353.1}
Ако правилно е извршено, воспитанието на неговите деца ќе биде сликовит пример за поуките кои проповедникот ги предава на проповедта. Меѓутоа, ако со погрешно воспитување на своите деца, проповедникот ја покаже својата неспособност да води и управува, тој мора да научи дека Бог од него очекува правилно да ги насочи децата кои му се дадени пред да почне да ја извршува својата должност како пастир на Божјото стадо. {АД 353.2}
Децата на прво место. – Проповедникот од сите страни е окупиран со должностите, но неговите деца треба да го заземат првото место. Тој не смее да дозволи должностите толку да го преокупираат, што ќе ги запостави поуките потребни на неговите деца. Тој може да ги смета своите должности во домот за помалку важни, но тие се темел за доброто на поединците и општеството. Среќата на мажите и жените како и успехот на црквата во голема мера зависат од влијанието во домот… {АД 353.3}
Проповедникот со ништо не може да се оправда ако го запостави семејниот круг. Духовното добро на неговото семејство се наоѓа на прво место. Во денот на конечната пресметка Бог ќе го праша што направил за да ги придобие за Христа оние за кои преземал одговорност донесувајќи ги на свет. Долгот кој го има кон Бога, да се грижи за своите деца, не може да го избришат големите добри дела направени на другите. {АД 353.4}
Силата на проповедничкото влијание. – Во некои случаи проповедничките деца се најзапоставени на светот, затоа што таткото е ретко со нив, а тие во наоѓање занимација и разонода се препуштени сами на себе. {АД 354.1}
Колку и да се големи злата кои произлегуваат од било каква родителска неверност, тие се десетпати поголеми кога постојат во семејствата на оние кои се поставени да бидат учители на народот. Кога ќе го запостават управувањето со својот дом, тие ќе заведат многумина со својот лош пример. Нивната вина е поголема од вината на другите, затоа што нивната положба е поодговорна. {АД 354.2}
Сопругата и децата – суд за побожноста на проповедникот. – Религијата на проповедалната не може толку да го открие вистинскиот карактер колку религијата во семејството. Сопругата на проповедникот, неговите деца и оние кои се блиски со неговото семејство можат најдобро да ја оценат неговата побожност. Добриот човек ќе биде благослов за својот дом. На жената, децата и на останатите ќе им биде подобро благодарение на неговата религија. {АД 354.3}
Браќа, воведете го Христа во семејството, донесете го на проповедалната, понесете Го секаде каде што одите. Тогаш нема да биде потребно да ги повикувате другите да ја ценат проповедничката служба, затоа што секогаш ќе ја имате небесната помош, која ќе им докаже на сите дека сте Христови слуги. {АД 354.4}
Сопругата на проповедникот – помош или пречка? – Кога човекот ги прифаќа проповедничките одговорности, тој зема право да зборува наместо Бога. Колку е тогаш потребно да биде близок со големиот Пастир; колку понизно треба да оди пред Бога, смалувајќи се себеси, а подигајќи го Христа! Колку е важно карактерот на неговата сопруга да биде во склад со библиските примери, а неговите деца искрено послушни! {АД 354.5}
Сопругата на проповедникот на евангелието може да биде или најголем помошник и голем благослов за својот сопруг или пречка во неговата работа. Од сопругата многу зависи дали проповедникот од ден на ден ќе биде сѐ покорисен или ќе се удави во морето на секојдневието. {АД 355.1}
Видов дека проповедничките сопруги треба да им помагаат на своите мажи во нивната работа и да внимаваат на своето влијание, затоа што од нив се очекува повеќе од другите. Треба да бидат пример во облекувањето. Со своето држење и разговор, треба да бидат пример, мирис на живот, а не на смрт. Видов дека треба да се благи и понизни, но сепак достоинствени, да не водат разговори за она што не ги насочува мислите кон Небото. Нивна најголема грижа би требало да биде: „Како можам да ја спасам својата душа и да придонесам за спасение на другите?“ Видов дека за ова Бог не ја прима работата со пола срце. Тој сака да му го посветиме целото срце и сите копнежи или ништо. Нивното влијание зборува одлучно и недвосмислено во прилог на вистината или против неа. Тие собираат или растураат со Исуса. Непосветената сопруга е најголемото проклетство кое може да го стигне еден проповедник. {АД 355.2}
Сатаната постојано се труди да ги обесхрабри и заведе проповедниците кои ги избрал Бог да ја проповедаат вистината. Непосветените брачни другари и семејното влијание му нудат најголема можност за работа. Ако успее да завладее со нивниот ум, преку нив полесно ќе допре до сопругот, кој е во служба на Божјата реч за спасение на душите… Користејќи го влијанието на себичните и горделиви сопруги, сатаната имал доста работа во надгледувањето на проповедничката служба. {АД 355.3}
Проповедниците и управувањето со семејството. – Во домот те чека должност која не можеш да ја избегнеш, ако сакаш да останеш верен на Бога и да ја оправдаш довербата која ти е укажана… Светот е евангелско поле. Ова поле сакаш да го посееш со евангелската вистина, очекувајќи Бог да го залее посеаното семе за да може да донесе род. Тебе ти е доверено мало парче земја, но тлото пред твојата врата е оставено да порасне во трње и чакал, додека ти се занимаваш со плевење на туѓи градини. Ова не е мала работа туку значајна работа. Ти го проповедаш евангелието на другите; спроведи го и во својот дом. {АД 356.1}
Ако не можете да работите заеднички на воспитување на дете, сопругата нека остане со своето дете и нека не учествува во работата на својот сопруг; на Божјата црква не смее да и се даде пример на невнимателна или лабава дисциплина. {АД 356.2}
Познавав многу проповедници кои постапуваа неразумно, водејќи го на пат своеволното дете. Нивната работа на проповедалната била осудена на лошо однесување на нивните деца. {АД 356.3}
Позанимавајте се со туѓи деца. – Твоето залагање не смее да биде насочено само на твоето семејство, исклучувајќи ги од тоа другите. Ако си гостин кај твоите браќа, кои ти укажуваат гостопримство, тие за возврат не очекуваат ништо од тебе. Изедначи ги своите интереси со интересите на родителите и децата и направи сѐ да ги поучиш и да ги благословиш. Посвети се на Божјото дело и биди благослов за оние кои те примиле во својот дом, разговарајќи со родителите, но не ги заборавај децата. Немој да мислиш дека твоите деца во Божјите очи се поскапоцени од туѓите. {АД 356.4}
Повик до своеволниот проповеднички син. – Твојот татко е проповедник на евангелието, а сатаната со сета сила се обидува да ги навлече децата на проповедникот да ги осрамотат своите родители. Ако успее, тој ќе настојува да ги покори на својата волја и да ги исполни со зли склоности. Зар ќе му дозволиш на сатаната преку тебе да ја уништи надежта и утехата на твоите родители? Зар тие мораат да гледаат како се предаваш на сатанската управа? Дали ќе ги препуштиш на обесхрабрувачките мисли дека одгледале деца кои ги одбиваат нивните поуки, кои ги следат своите склоности без оглед на последиците…? {АД 357.1}
Ти имаш добри намери, а тоа буди надеж и очекување во мислите на твоите родители; досега не си имал сила да се спротивставиш на искушението и сатаната се радува на твојата подготвеност да правиш сѐ што бара од тебе. Често даваш изјави кои влеваат надеж кај твоите родители, но исто така често грешиш, затоа што не сакаш да се спротивставиш на непријателот. Ти не можеш да сфатиш колкава болка им задаваш на таткото и на мајката кога преоѓаш на страната на сатаната. Многу пати велиш: „Јас не можам тоа“, „јас не сум во состојба да го правам тоа“. А знаеш дека можеш, зошто тврдиш дека не можеш? Ти можеш да се бориш со непријателот, но не во својата сила туку во силата која Бог секогаш сака да ти ја даде. Ако веруваш во Неговите зборови, ти никогаш нема да кажеш: „Не можам..”. {АД 357.2}
Те преколнувам со Господовото име да се вратиш пред да биде доцна. Затоа што си син на родители кои се Божји соработници, од тебе се очекува да бидеш добро момче; често со својата тврдоглавост ги срамотиш своите родители и го осудуваш делото кое го извршуваат. Зар на твојата мајка не ѝ е доволно обесхрабрување и без твојата тврдоглавост? Дали ќе продолжиш да живееш така што срцето на твојот татко целосно ќе го скршиш од жал? Зар ти причинува задоволство тоа што цело небо со негодување гледа на тебе? Или ти е мило што се наоѓаш во редовите на непријателот, тој да ти заповеда и да управува со тебе? {АД 357.3}
О, кога уште денес, додека има уште време, би се вратил кај Господа! Секое твое дело те прави подобар или полош. Ако твоите постапки се на страна на сатаната, тие зад себе оставаат влијание кое ќе го доврши своето кобно дело. Во Божјиот град можат да влезат само чистите и свети луѓе. „Ако денес го слушнете Неговиот глас, не бидете со дрвени срца“ туку врати се кај Господа, за патот по кој сега одиш, да не те одведе во пропаст. {АД 358.1}
Љубезен и учтив кон децата. – Проповедникот треба да постапува љубезно и учтиво со децата. Тој не смее да заборави дека тие се мали мажи и жени, млади членови на Господовото семејство. Тие можат да бидат многу блиски и мили на Учителот и ако се добро поучени и воспитани, ќе Му служат уште во својата младост. Христос е натажен од секој остар, груб и безобѕирен збор кој е упатен на децата. Нивните права не се почитуваат секогаш, а со нив често се постапува како да немаат своја личност, која треба правилно да се развие, за да не бидат изобличени Божјите намери во нивниот живот и да не доживеат неуспех. {АД 358.2}
Црквата треба да покаже посебна грижа за јагнињата од стадото, давајќи им го на децата она што најмногу може, само за да ја придобие нивната љубов и да ги соедини со вистината. Проповедниците и верниците на црквата треба да ги потпомогнат напорите на родителите да ги поведат децата по сигурните патишта. Господ ги бара младите, затоа што сака да ги направи Свои помошници кои ќе извршуваат добра служба под Негова заштита. {АД 358.3}
Делотворна проповед за побожноста. – Проповедникот треба да даде упатства на народот како да ги водат децата; неговите деца мораат да бидат пример на искрена послушност. {АД 359.1}
Во проповедничкото семејство мора да постои единство кое ќе проповеда делотворна проповед за практична побожност. Ако проповедникот и неговата сопруга верно ги извршуваат должностите во домот, надгледувајќи, опоменувајќи, советувајќи, водејќи, тие така ќе станат способни за работа во црквата, силно орудие за довршување на Божјото дело надвор од домот. Така, членовите на семејството стануваат членови на небесното семејство и сила насочена кон доброто, сила која има далекусежно влијание. {АД 359.2}

