2013 • 4. Квартал

1. лекција — Воздигнување на Спасителот

5. октомври 2013
„Еве го човекот“.
— Јован 19,5
„Големиот центар на привлечноста, Исус Христос, не смее да се изостави од пораката на третиот ангел. Мнозина кои се ангажирани во делото за ова време го ставаат Христа на второ место, додека на прво место ги истакнуваа теориите и аргументите“.
— Одбрани пораки 1, 383.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 7-13.

Недела — 29. септември
1. ИСУС – НАШ ГАРАНТ

а. Со кој чин Господ јавно ја покажал својата љубов кон овој свет и ја платил цената на престапот? Јован 3,16.17; 2 Коринтјаните 5,21.

„Планот на спасението далеку ја надминува моќта на човечкиот ум. Толкаво спуштање од Божја страна претставува тајна во која не можеме да проникнеме. Величината на планот не може целосно да се разбере, ниту ограничената човечка мудрост може да смисли нешто поголемо… Благодарение на величината и сеопфатноста на овој план, семоќниот Бог може да остане праведен, а сепак да ги оправда сите кои ќе поверуваат во Исус и ќе го примат како свој личен Спасител“.
— Библиски коментарии, 546.

б. Со кој чин Исус покажал дека Неговата љубов кон секој од нас е надвор од секој сомнеж? Јован 15,13; Римјаните 5,6-8; Ефесјаните 2,13.14.

„О, чудесна ли понизност. Величеството на небото, поттикнато од љубовта и сожалување кон паднатиот човек, предлага да стане негова Замена и Гарант. Тој ја зема на себе вината на човекот и се согласува врз Него да се излие гневот на Отецот, кој инаку би паднал врз човекот поради неговата непослушност“.
— RH, 24. ноември, 1874.

Понеделник — 30. септември
2. НАШ ФОКУС

а. Со кои својства Библијата ја опишува убавината на Христовиот карактер и каков ефект гледањето во таа убавина има врз нас? Песна над песните 2,1; 5,16; Агеј 2,7.

„Бог нè засакал со неискажлива љубов, но и нашата љубов се буди кон Него кога барем донекаде ќе ја сфатиме должината, широчината, висината и длабочината на онаа љубов која го надминува секое знаење. Благодарение на откровението на Христовата љубов која ги привлекува срцата, благодарение на познавањето на Неговата љубов која ја укажувал додека уште бевме грешници, упорното срце се топи и станува потчинето“.
— Мисли од гората, 54.

б. Зошто за нас е толку важно да ги одржуваме нашите очи фокусирани на Исуса? Спореди со: Броеви 21,8; со Јован 3,14; Евреите 7,25.

„Нашата вера треба да биде интелигентна вера, гледајќи во Исуса со совршена доверба и прифаќајќи ја Неговата жртва на помирување во потполна вера без ниту малку сомнеж. Тоа е мошне важно за да душата не биде обвиткана во темнината“ (Одбрани пораки 1, 256).

„Во своето посредување за нас Христос пред Отецот ги прикажува своите божествени заслуги, нудејќи се Себеси да биде наша Замена и наш Гарант; бидејќи Тој токму заради тоа се вознел на небото да го заврши делото на помирување за нашите престапи…

„Христовата правда го прави грешникот што се кае прифатлив за Бога и го остварува неговото оправдување. Колку и да бил грешен во својот поранешен живот, ако поверува во Исуса како негов личен Спасител, тој стои пред Бога во совршена облека на Христовата правда која му се припишува.

„Грешникот кој така неодамна бил мртов поради своите престапи и гревови сега оживува преку вера во Христа. Тој преку вера согледува дека Исус е и Негов Спасител ’кој може вечно да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кон Бога‘ (Евреите 7,25). Во помирувањето направено за него, грешникот гледа таква ширина, должина, висина и длабока ефикасност – гледа таква потполност на спасението платено со неизмерна цена – така што душата му е исполнета со пофалби и благодарност. Тој како низ стакло ја гледа Господовата слава и се преобразува во ист облик од страна на Духот Господов. Тој согледува дека облеката на Христовата правда, проткаена на небесен разбој, благодарение на Неговата послушност и се припишува на секоја покајничка душа преку вера во Неговото име“.
— Вера и дела, 105-107.

Вторник — 1. октомври
3. СВЕТЛИНА НА НАШИОТ ЖИВОТ

а. Што значи да сe има пред очи само Божјата слава? Лука 11,34; Јован 8,12.

„Што значи да се има пред очите само едно? Тоа значи да го управуваме својот поглед само на Христа, бидејќи преку посматрање се преобразуваме од слава во слава, од карактер во карактер“.
— Упатство за младите, 14. септември, 1893.

б. Какво конкретно знаење Бог користи за да донесе светлина во нашиот живот? Јован 1,4.9; 2 Коринтјаните 4,6.

в. Како со посматрање на Божјата слава, откриена во Христовиот живот, го помагаме нашето растење во Него и нашата посветеност кон Него? 2 Коринтјаните 3,18.

„Ако барем за миг погледнеме во пладневното сонце, кога ќе ги свртиме нашите очи сликата на сонцето ќе се појави на сè во што ќе погледнеме. Така е и кога гледаме во Исуса; во сè што ќе погледнеме се одразува Неговиот лик, како Сонце на правдата. Ние не можеме да видиме ништо друго или да разговараме за нешто друго. Неговиот лик останува втиснат во окото на душата и влијае на секој дел од нашиот секојдневен живот, тоа ја омекнува и обзема целата наша природа. Со постојано гледање во Него ние се преобразуваме во Неговиот лик и стануваме слични на Него. На сите со кои доаѓаме во допир ние ја одразуваме светлината на блескавите зраци на Неговата праведност…

„Исус Христос за нас станува сè – прв и последен и најдобар во сè. Неговиот Дух и Неговиот карактер бојат сè; тоа станува основа и ткиво од кои е исткаено целокупното наше битие. Христовите зборови се Дух и живот. Тогаш, своите мисли ние не ги сосредоточуваме на себе; ние повеќе не живееме, туку во нас живее Христос и Тој е надежта на славата. Нашето јас повеќе не живее во нас, туку Христос живиот Спасител. Гледајќи постојано во Исуса ние го одразуваме Неговиот лик на сите околу нас. Ние повеќе не размислуваме за своите разочарувања, ниту пак зборуваме за нив; бидејќи многу попријатна слика го привлекува нашето внимание – а тоа е драгоцената Христова љубов. Тој живее во нас преку Словото на вистината“.
— Сведоштво за проповедници, 388-390.

Среда — 2. октомври
4. ХРИСТОВОТО ЧОВЕКОЉУБИЕ

а. Каков бил Христовиот однос кон сите човечки битија со кои се среќавал на оваа земја, без оглед на нивните различности? Дела 10,38; Матеј 14,14; 15,32.

„Никогаш немало таков Евангелист, каков што бил Христос. Тој бил Величество на небото, но се понизил Себеси, земајќи ја нашата природа, за да може да им пријде на луѓето онаму, каде што се наоѓале. Христос, гласникот на заветот, ја однел пораката за спасението до сите луѓе, богати и сиромашни, слободни и робови. По цела Палестина се разнесувал гласот за Него како голем исцелител. Меѓу нив доаѓале и многу страдалници да ги слушнат Неговите зборови и да го почувствуваат допирот на Неговата рака. Така, Тој одел од град во град, од место во место, проповедајќи го Евангелието и исцелувајќи болни – Царот на славата во скромната облека на човештвото“.
— Здравје и среќа, 13.

б. Споредете го начинот на Христовиот однос кон Јуда и кон Петар? Матеј 16,23; Јован 13,27; 17,12.

в. Какви докази имаме дека Тој истите предности кои им ги укажал на овие свои ученици ги укажува исто така и на секој од нас? Јован 13,1.5.

„Исус со својата јавна работа ги поврзал Петар и Јуда со себе и ги направил свои соработници; но во исто време тие морале постојано да учат од Него. Од Неговото божествено учење морале постојано да извлекуваат поуки како да ги исправаат своите погрешни идеи и своите погрешни ставови за тоа што претставува христијанскиот карактер. Јован и Петар не биле совршени, но ја користеле секоја можност да научат. Петар не научил да има недоверба кон себе сè додека, совладан од искушенијата на ѓаволот, не се одрекол од својот Господ. Јуда ги имал истите можности како и останатите ученици постојано да учи од Христа, но тој тоа не го ценел. Тој бил само слушател, но не и извршител. Резултатот бил видлив при неговото предавство на својот Господ“.
— 5 Сведоштво, 526.

Четврток — 3. октомври
5. НАША ЦЕЛ: ОДРАЗУВАЊЕ НА ХРИСТОВАТА ЉУБОВ

а. Кого ние како христијани треба да го прикажуваме на овој свет, и на каков начин? Колосјаните 1,26.27; 1 Петрово 2,22.23.

„Христос живее во своите следбеници преку својата Реч. Тоа е истата онаа животна врска која симболично е прикажана со земање на Неговото тело и Неговата крв. Христовите зборови се Дух и живот. Прифаќајќи ги тие зборови, ние го примаме животот на Лозата. Тогаш живееме ’од секој збор што излегува од Божјата уста‘ (Матеј 4,4). Христовиот живот во нас ги раѓа истите оние плодови кои се гледале во Него. Ако живееме во Христа, прилепувајќи се до Христа, ако Тој постојано нè држи и храни – тогаш плодот што ќе го донесеме ќе биде сличен на Неговиот“.
— Копнежот на вековите, 657.

б. Како ние нашиот христијански раст и зрелост ги откриваме во начинот на кој ги третираме другите луѓе? 1 Петрово 3,8.9; 1 Јованово 4,7.8; Евреите 13,1-3.

„Кога своето внимание ќе го насочиме на Христос распнат на крстот, целото наше битие се облагородува. Свеста за Христовата љубов ја потчинува душата, а мислите ги воздига над сè што е сетилно и минливо. Да се научиме сите минливи вредности да ги проценуваме во светлината која зрачи од крстот…

„Во сите вистински следбеници оваа љубов, како свет оган, гори на олтарот на срцето. На оваа земја Христос ја открил Божјата љубов во својот живот. На оваа земја и Неговите деца треба таа љубов да ја покажат со својот беспрекорен живот. На таков начин грешниците ќе бидат доведени до крстот – за да го посматраат Божјото Јагне“.
— RH, 6. мај, 1902.

Петок — 4. октомври
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каква важност треба да му се даде на Евангелието денес?

2. Кои се некои од мошне значајните примери на Христовата љубов кон сите припадници на човечкиот род?

3. Зошто пораката за љубовта и Христовиот живот е толку важна за мене?

4. Што всушност значи да се биде христијанин?

5. Како можам поцелосно да го одразувам Христа на луѓето околу мене?

2013 • 4. Квартал

2. лекција — Најдрагоцена порака

12. октомври 2013
„Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе“.
— Јован 1,29
„Исто така како што е неопходно да ја отфрлите себичноста од своето срце, морате да ја примите Христовата праведност. Прифатете ја таа предност со вера; бидејќи за да чините дела Христови, морате да имате ум и Дух Христов“.
— RH, 23. февруари, 1892.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 65-68.

Недела — 6. октомври
1. ПОВТОРУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО НАШЕ ВРЕМЕ

а. Која особена вистина била дадена пред повеќе од сто години за да се подготви Божјиот народ за светост? Од каде потекнува таа вистина? Јован 17,17; 2 Солунјаните 5,23.

„Господ во својата голема милост на својот народ му ја испратил една од најдрагоцените пораки… Целта на оваа порака била пред светот уште поуочливо да го истакне Спасителот, како жртва за гревовите на целиот свет. Таа претставува оправдување со вера во Христа кој ни дава гарант и ги повикува луѓето да ја прифатат Неговата правда која се покажува во послушност на сите Божји заповеди. Мнозина го изгубиле од вид Исуса. Нивниот поглед треба да се насочи кон Неговата божествена личност, Неговите заслуги и на Неговата непроменлива љубов кон човечкиот род“. (Сведоштво за проповедници, 91.92)

„Пораката за ова време – оправдување со вера – е порака од Бога; таа носи печат на божествено полномоштво; бидејќи нејзиниот плод се гледа во светоста“.
— Одбрани пораки 1, 359.

б. Која вистина е од суштинско значење за нашето време и што е потребно за да можеме да имаме надеж? Јован 1,29; Римјаните 5,10; 8,34.

Понеделник — 7. октомври
2. ПОТРЕБА ОД ОПРАВДУВАЊЕ

а. Која вистина секој од нас поединечно треба да ја прифати со сето срце – и со каква перспектива, особено во овие последни денови? Матеј 1,21.

„Пораката на третиот ангел повикува на истакнување на саботата според четвртата заповед; и таа вистина мора да му се претстави на светот; но од пораката на третиот ангел не смее да се изостави суштинската вистина за Исус Христос кој претставува голем центар на привлечност“. (Одбрани пораки 1, 383)

„Пораки кои носат божествени акредитиви се упатени на Божјиот народ; прикажани се славата, величеството, Христовата праведност, полни со добрина и вистина; полнотата на божеството во Исус Христос истакнувана е меѓу нас во сета своја убавина и красота за да ги одушеви сите оние чии срца повеќе не биле затворени со предрасуди“. (RH, 27. мај, 1890)

„Најслатките мелодии кои доаѓаат од Бога преку човечките усни – оправдувањето со вера и Христовата праведност – не наидуваат кај нив на реакција на одговорност (од многуте непокајани верници) на љубов и благодарност. Иако небесниот трговец ги изнесува пред нив најубавите скапоцени камења на вера и љубов, иако ги повикува да купат од Него ’злато пречистено во оган‘ и ’бели облеки‘ за да се облечат и ’очна маст‘ за да прогледаат, тие ги стврднуваат своите срца кон Него и пропуштаат својата млакост да ја заменат за љубов и ревност. Иако со зборови ја проповедаат вистината, тие се откажуваат од силата на побожноста. Ако и понатаму останат во таа состојба, Бог ќе ги отфрли. Тие самите себе се онеспособуваат да станат членови на Неговото семејство“.
— 6 Сведоштво, 395.

б. Што значи да му се укаже на Христа добредојде во нашето срце како небесен Гостин? Откровение 3,20. Што се случило кога пораката за Христовата правда била изнесена пред водачите на црквите во 1888 година?

„Се плашиме дека некои на кои оваа драгоцена вистина им е толку потребна не ја примиле нејзината благодат која им била понудена. Тие не ја отвориле вратата на нивните срца на Христа како добредојден небесен Гостин и претрпеле голема загуба. Патот по кој мораме да продолжиме е навистина тесен; на секој чекор нè очекува крст“.
— RH, 3. септември, 1889.

Вторник — 8. октомври
3. ЕВАНГЕЛИЕТО НАША ЛИЧНА ПОТРЕБА

а. Кои докази очигледно покажуваат дека Бог не одредил за свое спасение да зависиме од другите? Езекиел 14,20.

„Карактерот не може да се пренесе преку наследство ниту на било кој друг начин. Никој не може да верува за друг. Никој не може да прими дар на Духот за друг. Никој не може да му даде на некого карактер, кој е плод само на делувањето на Светиот Дух“. (Христовите поуки, 376)

„Нека секој кој го љуби Бога има на ум дека сега, додека уште е ден, време е да се работи… Сега е времето безгрижните да се разбудат од нивната дремка. Сега е време да се молиме за душите не само да ја слушаат Божјата Реч, туку и без одлагање да обезбедат масло во садовите за своите светилки. Тоа масло ја претставува Христовата правда – карактер изграден според Неговиот пример, а карактер не може да се пренесува. Тоа никој не може да го обезбеди за друг. Секој мора сам за себе да добие карактер очистен од секаква дамка на гревот“. (Сведоштво за проповедници, 233.234)

„Неможно е за еден христијанин да го пренесе карактерот на друга душа“.
— Да го познам Него, 215.

б. Од каде да знаеме дека Исус сака да му служиме на Бога со нашите сопствени индивидуалности? Може ли некој да пие ’вода на животот‘ за друг? Матеј 22,37; Јован 7,37.

„Никој не може да му служи на Бога преку некој полномошник или застапник. Мнозина мислат дека на овој свет постои некој посилен од Христа, на кого можат да се потпрат. И наместо да дојдат право и непосредно кај Христа, предавајќи му се во целост, тие посегнуваат по човечка помош. Бог сака со нас да има индивидуално искуство… јас не можам да изградам христијански карактер за било кого од вас, ниту било кој од вас може да изгради карактер за мене“. (Нашиот висок позив, 90)

„Евангелието се занимава со поединци. Секое човечко битие има душа која може да ја спаси или да ја изгуби. Секој има индивидуалност одвоена и различита од сите други. Секој мора сам за себе поединечно да се осведочи и обрати. Секој мора сам за себе да ја прими вистината, да се покае, да верува и да му биде послушен на Бога. Секој мора сам за себе да ја вежба својата волја. Тоа никој не може да го направи преку некој посредник. Својата индивидуалност никој не треба да ја претопи во личноста на некое друго битие. Секој мора да му се предаде на Бога преку личен чин и тајната на побожноста“.
— Ум, карактер и личност, 423.

Среда — 9. октомври
4. ЗАТВОРАЊЕ НА ВРАТАТА НА ИСУСА Е ЕДНАКВО НА САМОУБИСТВО

а. На каква измама нашиот народ бил предупреден во 1893 година кога повеќето од нив верувале дека се подготвени за небото? Како оваа самоизмама се повторува и денес? Исаија 58,2-8; Откровение 3,15.

„Ова е свечената изјава што ја упатувам до црквата, дека ниту еден од дваесетина чии имиња се регистрирани во црковните книги не е подготвен да ја затвори својата земна историја и како такви навистина се без Бога и без надеж во овој свет како и обичните грешници. Тие тврдат дека му служат на Бога, но поревно му служат на мамоната. Наместо да го признаат Христа пред овој свет, тие со таков недоследен живот постојано се одрекуваат од Него. Мнозина во црквата го внесуваат својот непокорен и необлагороден дух; нивниот духовен вкус е изопачен со неморал, унижувачка изопаченост, имитирајќи го светот во духот, во срцето, во намерите, похотливата пракса, и во секој поглед се полни со измама во својот таканаречен христијански живот. Живеат како грешници, додека тврдат дека се христијани!“
— Христијанска служба, 41.

б. Што ќе биде со сите оние кои со својот карактер само би го оскверниле небото кога би им било дозволено да влезат таму? Матеј 22,12-14.

„Во овој живот тие не воспоставиле заедница со Христа; затоа не го познаваат небесниот јазик, туѓа им е небесната радост…“ (Христовите поуки, 376)

„Најтажните зборови кои некогаш допреле до увото на смртниот човек ќе бидат зборовите на пресуда: ’Не ве познавам!‘ Единствено заедницата со Духот, што сте го омаловажиле, можела да ве соедини со радосното мноштво на свадбената вечера. Вие не можете да учествувате на тој настан. Неговиот сјај би паднал врз заслепени очи, а неговата мелодија врз глуви уши. Неговата љубов и Неговата радост никогаш не би можеле да ја допрат струната на радоста во срцето кое светот го направил нечувствително. Вие самите себеси сте се исклучиле од небото со својата неподготвеност за заедница со светите жители.

„Ние не ќе можеме да се подготвиме за средба со Господа така што ќе се разбудиме кога ќе се слушне повикот: ’Еве го младоженецот, пречекајте го!‘ Не ќе можеме тогаш да побрзаме и да ги наполниме нашите празни светилки. Ние не можеме да го оддалечиме Христа од нашиот живот тука, а сепак да се подготвиме за заедница со Него во небото“.
— Христовите поуки, 378.

Четврток — 10. октомври
5. БОЖЈАТА ЗАВРШНА ПОРАКА ДО СВЕТОТ

а. На кој начин светлината на спознанието за спасението ќе го осветли целиот свет? Откровение 18,1; 2 Петрово 3,12.

„Кога Неговиот карактер совршено ќе се обнови кај неговиот народ, тогаш Тој ќе дојде да ги земе како свои“.
— Христовите поуки, 48.

б. Наведи некои од добрите дела со посредство на кои, според Христовиот налог, треба да ја пренесуваме Неговата светлина на овој свет? Матеј 5,16; 25,34-40.

„Ние мораме да ги храниме гладните, да ги облекуваме голите, да им даваме засолниште на бездомниците. Повикани сме да правиме и повеќе од тоа. Потребите на душата може да ги задоволи само Христовата љубов. Ако во нас живее Христос, нашето срце ќе биде полно со божествено сочувство. Ќе се отворат запечатените извори на искрената, христијанска љубов.

„Бог од нас бара не само дар за сиромасите, туку и ведро лице, зборови што охрабруваат, пријателски стисок на рака… Мнозина загубиле храброст. Упатете им зборови што охрабруваат. Молете се за нив! Има такви на кои им е неопходен леб на животот. Читајте им од Божјата Реч. Многу души се зафатени од болест која ниту еден земен мелем не може да ја ублажи ниту лекар да ја исцели. Молете се за тие души, доведете ги кај Исуса. Кажете им дека има мелем во Галад“.
— Христовите поуки, 381.

Петок — 11. октомври
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На кој начин виталната порака, упатена на Божјиот народ пред повеќе од сто години, претставува добредојде за Христа во нашето срце како небесен Гостин?

2. Зошто оваа порака е од клучно значење за светот во нашето време?

3. Можеме ли ние да наследиме спасение само затоа што нашите родители или пријатели го сакаат Исуса?

4. На кој начин секој од нас може да се изложи на опасност да го изгуби небото преку самоизмама?

5. Дали јас некогаш ќе влезам во рајот ако мојот карактер не припаѓа таму?

2013 • 4. Квартал

3. лекција — Нека човечката слава падне во прав

19. октомври 2013
„Сите ние станавме како нечист човек, и секоја наша правда – како извалкана облека; сите попаѓавме како лист; а беззаконијата наши како ветар нè однесуваат“.
— Исаија 64,6
„Што е оправдување со вера? Тоа е Божјо дело преку кое човечката слава се спушта во прав, и за човекот го чини она што самиот за себе не е во состојба да го направи“.
— Сведоштво за проповедници, 456.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 14-19.

Недела — 13. октомври
1. СФАЌАЊЕ КОЛКУ ГРЕВОТ Е НАВИСТИНА ОДВРАТЕН

а. Како Светото писмо ја отсликува бедата на паднатата човечка природа? Галатјаните 5,17; Римјаните 7,18-21.

„Како што преку Христа секое човечко битие има живот, така преку Него и секоја душа прима зрак од божествената светлина. Во секое срце постои не само интелектуална туку и духовна сила, чувство за она што е праведно, желба за добро. Но, постои и противничка сила која се бори против тие принцими. Последицата од јадењето од дрвото за познавање на доброто и злото се гледа во искуството на секој човек. Во човечката природа постои тенденција кон злото, сила на која човекот не може сам ѝ се спротивстави. За да ѝ се спротивстави на таа сила, за да ја досегне онаа висока цел која, во длабочината на својата душа, ја смета за единствено исправна, само една сила може да му помогне. Таа сила е Христос. Соработката со таа сила е најголемата потреба на човекот. Зарем во целиот воспитен напор оваа соработка не би требала да биде највисока цел?“
— Воспитување, 29.

б. Од каква вредност е праведноста на секој еден од нас – и што ние можеме да направиме за самите себе? Исаија 64,6; Римјаните 3,12.

Понеделник — 14. октомври
2. НАШЕТО „НАЈДОБРО“ Е СУЕТА БЕЗ ХРИСТОС

а. Како Бог гледа на нас и тогаш кога мислиме дека сме во најдобра состојба? Псалм 39,5.11; Исаија 40,17.

„Да не беше Христовата жртва на помирување, немаше да има ништо во нас во што Бог би можел да најде задоволство. Сета природна човечка добрина нема никаква вредност во Божјите очи. Кај оние кои ја задржуваат својата стара природа и не се обновуваат преку Неговата милост во нов човек во Христа, Тој не наоѓа никакво задоволство. Нашето образование, нашите таленти, нашите средства претставуваат од Бога доверени дарови преку кои Тој нè проверува. За оние кои сето тоа го користат за да се воздигаат и слават себеси Бог вели: ’Јас не наоѓам задоволство кај таквите, бидејќи Христовата жртва за нив беше залудна“.
— RH, 24. август, 1897.

б. Дали ние имаме некакви заслуги преку кои би можеле да се искупиме од гревот? Исаија 1,11; Михеј 6,7. Што може да се каже дури и за нашите „најдобри“ понуди? 1 Летописи 29,14.

„Се поставува прашање: ’Но може ли да Му се угоди на Господ со илјадници овни или неизмерни потоци масло? Дали да Му го дадам мојот првороден син за престапите свои и плодот на утробата своја – за гревовите на душата своја?‘ (Михеј 6,7). Не; никој не може да опстане пред Бога, благодарение на сопствените заслуги. Спасени сепак ќе има но само затоа што Исус ги платил сите долгови; додека човекот не може да направи ништо, буквално ништо, за да го заслужи спасението. Христос вели: ’Без Мене не можете да направите ништо‘ (Јован 15,5). Чија е тогаш заслугата? – Сета благодарност му припаѓа на нашиот Искупител. Сè што човекот поседува добива само преку Христа, и за своите најдобри понуди можеме само да кажеме: ’Но од Тебе е сè, и добиеното од Твојата рака Ти го дадовме‘ (1 Лет. 29,14)“.
— Знаците на времето, 10. ноември, 1890.

в. Каков став треба да заземеме во поглед на горенаведените искази? Михеј 6,8.

„’Човекот и во неговата најдобра состојба е целосно суетен‘. Христос дошол без надворешно парадирање. Во надворешен облик се нашол како човек, покажувајќи дека паднатиот човек секогаш мора да оди понизно пред Бога. Богатството, световната чест, човечката величина, никогаш не можат да ја спасат душата од смртта. ’На кого ќе погледнам‘, вели Господ, ’на понизниот и на скршениот по дух и на оној што трепери пред Моето слово‘ (Исаија 66,2)“.
— Упатство за младите, 20. декември, 1900.

Вторник — 15. октомври
3. ДА НАУЧИМЕ ДА НЕМАМЕ ДОВЕРБА ВО СЕБЕ

а. Низ какво искуство Илија требало да помине пред Бог да ја услиши неговата молитва за дожд, и зошто? Јаков 5,16-18; 1 Царевите 18,43.

„Слугата гледал додека Илија се молел. Шест пати се враќал со извештај, велејќи дека нема ниту најмало облаче, ниту било каков знак на дожд. Но пророкот не дозволувал да се обесхрабри. Тој го разгледувал својот живот за да види дали постои нешто со што го обесчестил Господа, да нема некој непризнаен грев, и така продолжил да ја мачи својата душа пред Бога додека не го добил очекуваниот знак дека било одговорено на неговата молитва. Додека така го преиспитувал своето срце, му се чинело дека е сè помал и помал во Божјите очи. Се осведочил дека тој самиот не може ништо и дека сè зависи од Бога, и кога стигнал до точката да се откаже од себе и да се потпре на Спасителот како на своја единствена сила и правда, одговорот дошол“ (Библиски коментари, 190).

„И ние имаме Господ чии уши не се затворени за нашите молитви; и ако се повикуваме на Неговите ветувања, Тој ќе ја награди нашата вера. Тој сака нашите интереси да бидат усогласени со Неговите интереси, и тогаш сигурно ќе нè благослови, бидејќи нема да бараме своја слава, туку сета слава ќе ја припишеме на Неговото име“.
— Библиски коментари, 189.

б. Што се случува кога ние се приближуваме до Исуса и се чувствуваме потполно зависни од Него? Даниел 10,8; Лука 5,8; Откровение 1,12-17.

„Колку повеќе му се приближувате на Исус, толку повеќе ќе изгледате погрешни во своите очи; погледот ќе ви биде појасен па ќе ја видите острата и одредена разлика помеѓу своето несовршенство и Неговата совршена природа. Тоа ќе биде доказ дека измамите на сатаната ја изгубиле својата сила и дека во вас делува оживотворувачкото влијание на Светиот Дух.

„Никаква длабоко вкоренета љубов кон Исуса не може да живее во срцето кое сè уште не ја сфатило својата грешност“.
— Патот кон Христа, 58.

в. Што се случува кога се преценуваме себеси? Галатјаните 6,3.

„Поради еден збор со кој го воздигаме своето ’јас‘ Бог ја повлекува од нас светлината на своето лице“.
— RH, 24. август, 1897.

Среда — 16. октомври
4. ПОВОД ЗА НАЈГОЛЕМА БЛАГОДАРНОСТ

а. И покрај нашата очајна состојба, каква надеж ни се нуди? Римјаните 7,24.25; 8,1.2.

„Иако Откупителот на светот ја гледа бедата и мизеријата во светот поради гревот, Тој не ја опишува драматичноста на нивната беда, туку ги поучува на нешто бескрајно подобро од она што тие некогаш го чуле. Тој знае дека нивната беда е последица на гревот, и Неговото срце е трогнато со сочувство кон паднатите луѓе. Рабините не се спуштале да им проповедаат на обичните луѓе ниту до незнабошците за да им прикажат било каква надеж на спасение. Но Христос дошол да го претстави планот на спасението пред сите класи на луѓе, бидејќи Неговите зборови им се потребни на сите. Тој видел дека сите оние кои се собирале околу Него можат преку Неговата бескрајна сила да бидат во свето сродство со Него, затоа што Божјата родителската љубов е наменета за сите Негови деца“.
— Работата на саботната школа, 1. август, 1895.

б. Што се случува кога ќе признаеме дека со своите грешни напори не можеме да го заслужиме спасението? Захарија 3,3.4; 2 Коринтјаните 12,9.

„Кога луѓето ќе ја увидат својата ништожност, тие се подготвени да се облечат во Христовата правда. Кога ќе почнат да го фалат и возвишуваат Бога по цел ден, тоа значи дека преку посматрање почнале да се менуваат во Неговиот лик“ (Објавени ракописи 20, 117).

„Ништо навидум не е така беспомошно, но сепак така непобедливо како душата која ја чувствува својата ништожност и целосно се потпира на заслугите на Спасителот. Бог попрво ќе ги испрати сите ангели од небото да и помогнат на една таква душа отколку да дозволи да биде совладана“ (Синови и ќерки Божји, 35).

„Колку помалку се цениме себеси, толку повеќе ќе ја цениме бескрајната чистота и убавина на својот Спасител. Погледот кон нашата грешност нè гони кон Оној кој може да ни прости; и кога душата, откако ќе ја сфати својата беспомошност, ќе посегне по Христа, Тој ќе се открие во сила. Колку повеќе свеста за сопствената немоќ нè гони кон Него и кон Божјата Реч, ќе имаме сè повозвишени погледи за Неговиот карактер и поцелосно ќе го одразуваме Неговиот лик“.
— Патот кон Христа, 59.

Четврток — 17. октомври
5. ХРИСТОС ДОШОЛ ВО СПАСУВАЧКА МИСИЈА

а. Која основна вистина за спасението сите ние треба да ја сфатиме? Лука 19,10; Јован 15,5; Псалм 44,6; 31,1.

„Сами не сме во можност да се спасиме… Христос со сето срце сака секој од нас да му се спротивстави на непријателот на душата; но тоа можеме да го постигнеме само ако својот поглед постојано го насочуваме во Него.

„Во моментот кога со вера ќе се фатиш за Божјите ветувања, велејќи: јас сум изгубената овца Исус дојде да ме спаси, добиваш нов живот и сила да се спротивставиш на искушувачот. Но верата со која се фаќаме за Божјите ветувања не е плод на емоција. ’Верата доаѓа од слушањето на пораката, а пораката – од Божјото слово‘“ (RH, 15. септември, 1896).

„Грешен човек може да најде правда и надеж само во Бога; и ниедно човечко битие не може да се оправда без вера во Бога и животна поврзаност со Него“.
— Сведоштво за проповедници, 367.

б. Која порака, како основно начело, Бог ја упатува до сите? Исаија 43,11; 45,21.

„О, каква љубов! Каква неверојатна љубов! Која го донела Божјиот Син на оваа земја да ја поднесе казната за гревот заради нас, за да може да нè помири со Бога и удостои да живееме со Него во Неговите дворови на слава. О, што е човекот! Штом со таква цена треба да се плати откупот?“
— Знаците на времето, 28. август, 1879.

Петок — 18. октомври
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што конкретно не сме во состојба да направиме за себе?

2. Зошто и најдоброто што можеме да го направиме за Христа не е доволно добро?

3. Од што најпрвин мораме да се одвикнеме за да можеме во целост да се потпреме на Христа?

4. Што мораме претходно да увидиме за да во целост својата љубов ја посветиме на Христа?

5. Каква висока вредност Бог му придава на човекот?

2013 • 4. Квартал

4. лекција — Љубовта – суштина на праведноста

26. октомври 2013
„Бог е љубов“
— 1 Јованово 4,16
„Правдата е љубов, а љубовта е светлина и живот Божји. Божјата праведност е отелотворена во Христа. Примајќи го Него, ја примаме и правдата“.
— Мисли од гората, 17.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 20-32.

Недела — 20. октомври
1. НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД

а. Какво значење во врска со Божјиот закон има љубовта во животот на христијанинот? Матеј 22,36-40.

„Послушноста не е само некое формално покорување, туку служење од љубов. Божјиот закон е израз на Неговата вистинска природа; тој е олицетворение на големиот принцип на љубовта и според тоа темел на Неговото владеење на Небото и Земјата. Ако нашите срца се обновени според ликот на Бога, ако Божјата љубов е всадена во нашата душа, нема ли Божјиот закон да се остварува во нашиот живот?“
— Патот кон Христа, 54.

б. Како апостол Павле накратко го сумира Божјиот карактер и како Неговиот карактер се доведува во врска со правдата? 1 Јованово 4,16; Псалм 11,7.

„Правдата е светост, сличност на Бога, а ’Бог е љубов‘ (1 Јованово 4,16). Тоа е согласност со Божјиот закон ’Зашто сите Твои заповеди се праведни‘ (Псалм 119,172), а ’љубовта е исполнување на законот‘ (Римјаните 13,10). Правдата е љубов, а љубовта е светлина и живот Божји. Божјата правда е отелотворена во Христа. Примајќи го Него, ја примаме и правдата“.
— Мисли од гората, 16.

Понеделник — 21. октомври
2. НАДВОРЕШНО ПОКОРУВАЊЕ ИЛИ ПОСЛУШНОСТ ОД СРЦЕ

а. Каква служба Господ сака? Второзаконие 6,5; Исус Навин 24,15.

„Применувањето на сила е во спротивност со начелата на Божјото владеење. Бог посакува служење, кое е поттикнато од љубов; љубовта не може да се изнуди; не може да се придобие преку сила или авторитет. Љубовта може да се разбуди само преку љубов. Да се познава Бог, значи да се љуби Бог. Неговиот карактер мора да се истакне како спротивност на карактерот на сатаната. Само Оној, кој ја познава длабочината и широчината на Божјата љубов, може да го објави истото. Над мрачната ноќ на овој свет мора да блесне Сонцето на праведноста со ’исцелување на Неговите крилја‘ (Малахија 4,2)“. (Копнежот на вековите, 9)

„Христовите ученици не одат по Него затоа што се плашат од казни или затоа што се надеваат на вечна награда. Тие ја гледаат неспоредливата Спасителова љубов, откриена во Неговото патување по земјата; од витлеемските јасли до крстот на Голгота и Неговата појава ја привлекува, омекнува и покорува душата. Љубовта се буди во срцата кои го гледаат тоа. Тие го слушаат Неговиот глас и одат по Него“.
— Копнежот на вековите, 468.

б. Наспроти доброволната и радосна послушност од срцето, каква послушност некои таканаречени христијани му укажуваат на Бога? Второзаконие 28,45-47; 1 Јованово 5,3.

„Христос умрел на крстот за да ги привлече сите кон себе и Тој сака ние да уживаме во радоста која само Тој може да ја даде, а тоа е радоста која произлегува од послушноста“. (Проп. и говори 1, 217)

„Човек кој се обидува да ги држи Божјите заповеди затоа што чувствува дека тоа му е должност – затоа што тоа се бара од него – никогаш нема да ја запознае радоста што произлегува од послушноста. Тој и не е послушен! Кога Божјите барања се чувствуваат како должност, како товар, затоа што се противат на човечките склоности, можеме да знаеме дека тој човек не живее вистински христијански живот. Вистинската послушност е последица на начелото што дејствува однатре. Таа произлегува од љубовта кон праведноста, од љубовта кон Божјиот закон. Преданоста кон нашиот Откупител е суштина на секоја праведност. Тоа ќе нè наведе да го правиме она што е право затоа што е право – затоа што на тој начин му угодуваме на Бога“.
— Христовите поуки, 70.71.

Вторник — 22. октомври
3. ДЕФИНИРАЊЕ НА ВИСТИНСКАТА ЉУБОВ

а. Што ќе се види во животот на оние кои искрено го љубат Бога? 1 Јованово 3,10; 4,20.21.

„Љубовта е темел на побожноста. Независно од тоа што зборува, никој нема чиста и вистинска љубов кон Бога ако не покажува несебична љубов кон својот брат. Меѓутоа, љубовта не се стекнува само со обид да ги љубиме другите. Неопходно е Христовата љубов да се всели во нашето срце. Кога нашето ’јас‘ наполно ќе се загуби во Христа, љубовта ќе се појави спонтано, без ние да бидеме свесни за тоа. Тојгаш, кога во нашето срце постојано ќе се јавува желба да им помогнеме на ближните, и кога на нашето лице ќе се покаже небесната светлина што ја исполнува нашата душа, ние постигнуваме совршенство на христијанскиот карактер“.
— Христовите поуки, 347.

б. Опиши некои од особините со кои се манифестира вистинската љубов? 1 Коринтјаните 13,4-7.

„Вистинската љубов не е силна, дива, нескротлива страст. Напротив, таа всушност е тивка и длабока во нејзината природа. Таа не гледа на надворешноста, туку ја привлекуваат само добрите особини. Таа е мудра, знае да прави разлика и нејзината посветеност е вистинска и постојана. Бог нè испитува и нè проверува во нашите постапки во секојдневниот живот. Во малите работи се откриваат вистинските особини на срцето. Среќата во животот ја сочинуваат мали вниманија, многубројни ситни случки и едноставни љубезности, додека недостатокот на мали благи, охрабрувачки зборови и мали услуги прават животот да биде тажен. На крај ќе се увиди дека самооткажувањето, заради доброто и среќата на оние кои се околу нас, содржи голем дел од книгата на нашиот живот на небото. Исто така ќе се увиди и фактот дека ако се грижиме само за себе, не водејќи сметка за среќата и доброто на другите, тоа нема да му се провлече на погледот на нашиот небесен Татко“. (2 Сведоштво, 144)

„Љубовта не може да живее без дела, а секое дело ја зголемува, зајакнува и проширува. Љубовта ќе здобие победа таму каде што е немоќен секаков доказ, секаков авторитет. Љубовта не работи за профит, ниту награда, но сепак Бог одредил на секое дело на љубов да му припадне голема добивка. Љубовта е сеопфатна; таа е тивка во својата работа, но силна и моќна во својата намера да совлада големи зла. Нејзиното дејство ги растопува срцата и ги преобразува. Таа е во состојба да ги придобие грешниците, да ги омекне нивните срца и тогаш кога секое друго средство ќе се покаже неуспешно“.
— 2 Сведоштво, 146.

Среда — 23. октомври
4. ЖИВИОТ ЗАКОН НА ЉУБОВТА

а. Кој закон или принцип ќе преовладува во срцето и животот на христијанинот кога ќе сфати колку Христос се жртвувал заради нас? 2 Коринтјаните 5,14.15; 1 Коринтјаните 13,5.

„Кога Божјиот Дух со својата чудесна будечка моќ ќе ја допре душата, тогаш се понижува човечката горделивост. Тогаш световните задоволства, положбата и власта стануваат безвредни. ’Мудрувањата и секое превознесување што се дига против познавањето на Бога‘ се отфрлаат, а секоја помисла се заробува ’за покорност на Христа‘ (2 Коринтјаните 10,5). Тогаш понизноста и пожртвуваната љубов, кои толку малку се ценат кај луѓето, се издигнуваат како единствена вредност“. (Копнежот на вековите, 115)

„Во светлината од Голгота, ќе се види дека законот на самопожртвуваната љубов е закон на животот на Земјата и Небото, дека љубовта ’која не го бара своето‘, извира од Божјото срце и дека во Оној, кој бил кроток и понизен се манифестирал карактерот на Оној, кој престојува во светлината, на која ниту еден човек не може да ѝ се приближи“.
— Копнежот на вековите, 7.

б. За да живееме живот на самопожртвувана љубов, што се бара од секој од нас? Лука 9,23.

„Секоја душа која го прифаќа Христа како свој личен Спасител ќе копнее за предноста да му служи на Бога користејќи ја со нетрпение секоја можност своите способности благодарно да ги посвети во служба Нему. Тој ќе копнее да ја покаже својата љубов кон Христа и душите кои ги откупил со толку висока цена. Со задоволство ќе ги прифати тешките напори, лишувања и жртви. Повикот својата верност и љубов да ја покаже со спремноста да се откаже од себе, да го земе својот крст и да го следи Христа, ќе се смета за предност“. (Сведоштво за проповедници, 394)

„Самоодрекувањето и крстот се наш дел овде. Дали ќе ги прифатиме? Никој не треба да очекува дека духот на самопожртвување и верност ќе се развие набрзина кога ќе наидат големите последни искушенија затоа што тогаш е потребен. Не, навистина, овој дух мора да се помеша со нашето секојдневно искуство и ние мораме со поука и со пример да го пренесуваме во душите на нашите деца. Мајките во Израел не мораат самите да бидат војници, но можат да подигнат војници кои ќе го земат сето оружје Божјо и машки ќе се борат во Господовите битки“.
— 5 Сведоштво, 126.

Четврток — 24. октомври
5. ЗНАК НА ВИСТИНСКО УЧЕНИШТВО

а. Што претставува вистински доказ дека сме навистина Христови следбеници? Јован 8,31; 14,15.

„Послушноста, служењето и верноста од љубов, се вистински знак дека сме Негови ученици… Наместо да нè ослободи од послушноста, токму верата, и само верата нè прави учесници во Христовата благодат, што нè оспособува да бидеме послушни“.
— Патот кон Христа, 54.

б. Што значи вистинска послушност и од каде извира? Римјаните 5,5; 13,10.

„Во срцето кое е обновено со Божјата благодат, љубовта е правило на однесување. Таа го менува карактерот, управува со мотивите, владее со страстите, го отстранува непријателството, ги облагородува чувствата. Оваа љубов ако се негува во срцето, го разубавува животот и насекаде околу себе шири благородно влијание“. (Патот кон Христа, 53)

„Секоја вистинска послушност доаѓа од срцето. Тоа значи да се соработува со Христа со сето срце. Ако Му се предадеме, Тој ќе ги поистовети нашите мисли и цели со своите, а нашето срце и ум ќе ги усклади со својата волја до таа мера што кога се покоруваме на Него всушност постапуваме во сообразност со своите побуди. Нашата волја станува облагородена и посветена и нашата најголема радост се состои во тоа да му служиме Нему. Кога ќе го запознаеме Бога онака како што имаме привилегија да Го познаваме, нашиот живот станува живот на постојана послушност. Затоа што го познаваме и цениме Христовиот карактер и затоа што одржуваме постојана врска со Бога, гревот ќе ни стане одвратен“.
— Копнежот на вековите, 647.

Петок — 25. октомври
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кој клучен елемент во Божјиот закон Исус ни го прикажува во Евангелието по Матеј 22,35-40?

2. Објасни ја разликата помеѓу надворешното покорување и вистинската послушност?

3. Кога развојот на нашиот христијански карактер ќе биде потполн?

4. Каков став кон Божјата служба заземаат оние кои ќе го прифатат Христа како свој личен Спасител?

5. Како Христос се препознава во послушноста на своите следбеници?

2013 • 4. Квартал

5. лекција — Божјиот закон наша потреба

2. ноември 2013
„И така, Законот беше за нас воспитувач да нè доведе до Христос, за да бидеме оправдани преку верата“.
— Галатјаните 3,24
„Христовата слава се открива во Законот кој е препис на Неговиот карактер и неговото преобразувачко влијание на душата се чувствува сè додека човекот не постане сличен Нему“.
— RH, 22. април, 1902.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 51-59.

Недела — 27. октомври
1. ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА ГРЕВОТ

а. За кого е даден Божјиот закон и со каква цел? Кој се доаѓа под негова осуда? 1 Тимотеј 1,8-10; Римјаните 3,19.23.

б. Зошто нашите напори во обид да го држиме Божјиот закон не се доволни за да се оправдаме пред Бога? На кој начин единствено можеме да го држиме законот? Римјаните 3,20; 7,7; Филипјаните 4,13.

„Оној кој се обидува да стигне до небото со своите дела преку држење на законот, се обидува невозможно. Човекот не може да биде спасен без послушност, но неговите дела не треба да бидат од самите него, Христос треба да работи во него да сака и да го прави она што Нему му е угодно. Кога човекот би можел да се спаси со своите дела, тој може да има нешто во себе на кое може да се радува. Напорите кои човекот ги прави со сопствената сила се претставени со Каиновиот принос. Сè што човекот може да направи без Христа е загадено со себичност и грев; но она што се презема преку вера е прифатливо за Бога. Кога се обидуваме спасението да го добиеме преку Христовите заслуги, тогаш душата прави напредок. Гледајќи постојано во Исуса, Авторот и Завршетокот на нашата вера, можеме да напредуваме од сила во сила, од победа во победа; бидејќи Божјата милост преку Христа го прави нашето спасение комплетно“.
— Одбрани пораки 1, 364.

Понеделник — 28. октомври
2. ЗАКОНОТ КАКО НАШ УЧИТЕЛ

а. Што претставува изразот учител во послание до Галатјаните? Галатјаните 3,21-25.

„Кој закон има улога на учител да нè доведе до Христа? Мојот одговор е: И церемонијалниот и моралниот кодекс на десетте заповеди“.
— Одбрани пораки 1, 233.

б. Што законот во својство на учител чини за нас, и со каква цел? Римјаните 10,4. Споредете го овде употребениот збор ’свршетокот‘ (грчки ’телос‘ или цел, намера или крај) со зборот кој се користи во Јаков 5,11 и 1 Петрово 1,9.

„Додека грешникот гледа во големото морално огледало (Божјиот закон), тој ги гледа недостатоците на својот карактер. Тој се гледа себеси онаков каков што е, пегав, извалкан и осуден. Но, тој знае дека законот ниту на било кој начин не може да ја отстрани вината или да го помилува престапникот. Тој мора да оди подалеку од тоа. Законот е само учител кој го доведува до Христа. Тој треба да гледа на својот Спасител кој ги зеде гревовите на светот“.
— Одбрани пораки 1, 213.

в. Каква поврзаност постои помеѓу законот како ’учител‘ и верувањето во Христа? Римјаните 5,1; 3,31; 8,3.4.?

„Законот ни го открива гревот и нè наведува, чувствувајќи потреба за Христа како Спасител, со покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус Христос, во Него да побараме проштевање и мир“ (Одбрани пораки 1, 234).

„Само преку вера во Христа грешникот може да се очисти и ослободи од вината на престапот, и само таквата вера го оспособува да биде послушен на законот на својот Творец“ (Делата на апостолите, 317).

„Законот и Евангелието се во совршена хармонија и меѓусебно се поддржуваат и потврдуваат. Законот со сета своја величественост се соочува со совеста и го наведува грешникот да согледа колку му е потребен Христос како жртва за грев. Евангелието ја признава власта и непроменливоста на законот. ’Но јас го разбрав гревот преку Законот‘, вели Павле (Римјаните 7,7). Свеста за гревот, поттикната од законот, го гони грешникот кон Спасителот. Во својата потреба човекот се повикува на силни аргументи понудени на крстот на Голгота. Тој со право може да се повикува на Христовата праведност, која се припишува на секој покајник“.
— RH, 22. април, 1902.

Вторник — 29. октомври
3. СТАРИОТ И НОВИОТ ЗАВЕТ

а. Каква цел имал Бог кога на Израелците на Синај им го објавил својот закон и под какви услови е даден тој закон? Излез 20,20; Левитска 18,5; Римјаните 10,5.

„Кога законот бил објавен на Синај, Бог на луѓето им ја открил светоста на Неговиот карактер, како би можеле да согледаат во каква спротивност е тоа со нивниот грешен живот. Законот им бил даден да ги осведочи за нивната грешност и да им открие колку им е потребен Спасител. Било потребно начелата на законот да се втиснат преку Светиот Дух во срцето. Таа задача Светиот Дух сè уште ја извршува. Во Христовиот живот начелата на законот се јасно истакнати; и откако Светиот Дух ќе ги трогне срцата на луѓето, додека Христовата светлина ја открива потребата за очистување преку Неговата крв и оправдува со Неговите заслуги, законот сè уште е фактор кој нè доведува до Христа за да можеме да се оправдаме преку верата“.
— Знаците на времето, 29. март, 1910.

б. Зошто Израелците не успеале да го држат Божјиот закон, иако мошне ревносно тврделе дека тоа ќе го прават? Римјаните 10,3.

„Израелците не ја согледувале духовната природа на законот, и покорувањето кое толку често го исповедале било само почитување на форми и церемонии, а не потчинување на срцето на врховната власт на љубовта“.
— Отсјај на Христовиот карактер, 67.

в. Што претставуваат „подобри ветувања“ на кои се заснова Новиот завет? Евреите 8,6; Еремија 31,33.34.

„’Новиот завет‘ е заснован на ’подобри ветувања‘ – на ветување за простување на гревовите и за божествена милост која е во состојба да го обнови срцето и да го доведе во хармонија со начелата на Божјиот закон“ (Патријарси и пророци, 384).

„Истиот закон, кој бил врежан на камени плочи, Светиот Дух ги втиснал на плочите на срцето. Наместо празното настојување да ’утврдиме‘ некоја своја правда, треба да ја прифатиме Христовата правда. Неговата крв е помирување за нашите гревови. Неговата послушност ни се припишува нам. Тогаш срцето, обновено од страна на Светиот Дух ќе донесе ’духовен плод‘. Благодарение на Христовата благодат, ќе успееме да живееме со послушност кон Божјиот закон напишан во нашето срце. А ако го имаме во себе Христовиот Дух, ќе живееме онака како што Тој живеел“.
— Патријарси и пророци, 384.

Среда — 30. октомври
4. ЗАКОНОТ – МЕРИЛО НА КАРАКТЕРОТ

а. Кое е единственото вистинско мерило на карактерот? Јаков 2,8-12.

„Божјиот закон е единствениот вистински стандард за мерење на карактерот. Христос му покажал на светот преку Неговиот живот и учење, со Неговиот божествен карактер, што значи послушност на законот. Тој на човекот му покажал пример, и човекот не може самиот да си поставува стандарди. Човекот не ја познава бескрајната чистота на Бога и без божествено просветлување тој не може да ги цени светите барања на Божјиот закон. Сè додека ја игнорира бескомпромисноста на Божјиот закон, човекот не е свесен за својата грешност и недостатоците во својот карактер. Него ништо не го вознемирува и загрижува, бидејќи тој самиот се мери со лажни стандарди“.
— RH, 18. ноември, 1890.

б. Што дефинитивно ќе утврди дали Божјиот карактер се открива во нашите мисли и постапки? Матеј 22,36-40; Римјаните 13,10.

„Само оној чиешто срце е исполнето со сочувство кон паднатиот човек, кој се посветува на таа цел покажувајќи љубов со вршење на христијански дела, ќе биде во состојба да го издржи погледот на Оној кој е невидлив. Оној кој не ги љуби оние за кои Отецот има направено толку многу, не го познава Бога. Теологијата нема никаква вредност, освен ако не е проникната со Христовата љубов. Вистинското христијанство го исполнува со љубов целото битие. Го проникнува секој витален дел на мозокот и срцето, внесува нова крепост во рацете и нозете – оспособувајќи ги луѓето да бидат цврсти и постојани во извршувањето на Божјите барања, така што она што е куцо и немоќно да нè застрани од правиот пат. Горечката Христова љубов кон душите кои пропаѓаат претставува живот на целиот систем на христијанството“.
— Знаци на врем., 10. мај, 1910.

в. Што ќе се види во животот на оние кои навистина веруваат во Христа? Јаков 1,22-27.

„Верата работи преку љубовта и ја чисти душата. Развивајќи се постепено, слично на пупките и цветовите, верата донесува жетва на драгоцени плодови. Каде што има вера, се појавуваат добри дела. Болните се посетени, сиромашните згрижени, сираците и вдовиците не се запоставени, голите се облечени, сиромашните се нахранети“.
— Одбрани пораки 1, 398.

Четврток — 31. октомври
5. ИСУС ХРИСТОС, ЗАКОН ВО СТВАРНИОТ ЖИВОТ

а. Каков бил Христовиот став во поглед на Божјиот закон? Матеј 5,17-20.

„Исус бил жива илустрација на исполнување на законот, но Неговото исполнување не значи негово укинување или поништување. Во исполнување на законот, Тој практично ја применувал секоја поединост на неговите прописи“ (Знаците на времето, 14. март, 1895).

„Во своите учења Христос ги прикажува далекосежноста на начелата на законот објавен на Синај. Тој самиот во својот живот го применувал тој закон чии начела засекогаш остануваат како голем стандард на исправноста – стандард според кој сите ќе бидат судени во големиот ден кога судот ќе седне и книгите ќе се отворат“.
— Божјата чудесна благодат, 141.

б. Што покажува дека Христос бил жива демонстрација на Божјиот закон за човештвото? 1 Петрово 2,21.22; Јован 15,10; 1 Јованово 2,6.

„Славата на Христос е Неговиот карактер, а Неговиот карактер е одраз на Божјиот закон. Тој го исполнил законот во секоја негова поединост, и со својот совршен живот бил совршен пример за она што може човештвото да постигне соработувајќи со божествената сила. Во својата човечка природа Христос бил зависен од Отецот, како што и луѓето денес зависат од божествената сила за да постигнат совршенство на христијански карактер“.
— Знаците на времето, 12. декември, 1895.

Петок — 1. ноември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На чии ветувања Стариот завет се засновал?

2. На чии ветувања Новиот завет се засновал?

3. Кој е тој што ни овозможува да му бидеме послушни на Бога?

4. Дали ние денес сме под Стариот завет ако засивиме од нашите сопствени ветувања наместо на Божјите ветувања?

5. Што ги наведувало јунаците на Библијата да ја увидат нивната потреба за Исус?

2013 • 4. Квартал

6. лекција — Христовата правда откриена во Неговиот закон

9. ноември 2013
„Зашто е очигледно дека сте Христово писмо, составено преку нашата служба; напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог; не на камени плочи, туку врз плочи – на човечките срца“.
— 2 Коринтјаните 3,3
„Славата (светлината) што блескала од Мојсеевото лице била одраз на Христовата правда во законот“.
— Одбрани пораки 1, 237.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 38-43.

Недела — 3. ноември
1. ВОЗДИГАЊЕ НА БОЖЈИОТ ЗАКОН

а. Што Мојсеј видел посматрајќи ја Божјата слава? Излез 33,18.19; 34,5-7.

„Бог од своите деца бара совршенство. Неговиот закон е препис на Неговиот карактер и претставува стандард за сите карактери. Овој бескраен стандард им е покажан на сите за да не биде никој во заблуда какви луѓе Бог сака да има во своето царство. Христовиот живот на земјата бил совршен израз на Божјиот закон, и кога оние што тврдат дека се Божји деца со својот карактер ќе станат слични на Христа, тие ќе бидат послушни и на Божјите заповеди. Тогаш Бог ќе може да ги вброи во оние кои еднаш ќе го сочинуваат небесното семејство“.
— Христовите поуки, 280.

б. На кој начин Христовата мисија била поврзана со Божјиот закон? Псалм 40,8; Исаија 42,21; 2 Коринтјаните 4,6.

„Тој дошол за да ја покаже на нашиот свет таа (Божја) слава. Дошол на оваа, од грев замрачена земја, за да ја открие светлината на Божјата љубов – да биде ’Бог со нас‘“.
— Копнежот на вековите, 7.

Понеделник — 4. ноември
2. СЛАВАТА НА БОЖЈИОТ КАРАКТЕР

а. Што се случува кога ќе дојдеме до спознавање дека Христос го открил Божјиот закон во човечкото тело? 2 Коринтјаните 5,17.

„Гледајќи во Христа, ние се менуваме и морално стануваме слични на Оној кој е совршен во карактерот. Со посредство на преобразувачката сила на Светиот Дух и со прифаќање на Неговата припишана правда, ние стануваме слични на Него. Христовиот лик тогаш се цени и се сака и го освојува целото битие.

„Гледајќи во Христа со намера да станеме слични на Него, оној кој ја бара вистината го согледува совршенството на Божјиот закон и не може да се задоволи со ништо што е помало од совршенство. Криејќи го својот живот во Христовиот живот, тој согледува дека светоста на Божјиот закон се открива во ликот на Исус Христос, и сè повеќе и повеќе искрено се стреми да биде како Него. Војна може да се очекува во секое време, бидејќи искушувачот гледа дека изгубил еден од своите поданици. Битката мора да се води со сопствените особини кои сатаната ги поттикнува за своја употреба. Човечкото орудие согледува дека треба да се бори со чудна сила која се противи дури и на самата помисла за постигнување на совршенството кое Христос го нуди. Но во Христа се наоѓа спасоносна сила која за него ќе извојува победа во овој конфликт“. (Библиски коментари, 694)

„Сите би можеле да видат како Христос пред престолот чека на нивните молитви, чека да му ја потчинат својата волја, да престанат со нивниот бунт и да се вратат на својата верност кон Бога, во длабоко жалење што го престапиле Божјиот закон и што со своето влијание ги предизвикувале и другите да го занемаруваат законот на Господа. Сојузот на непријателската армија ликува поради нивното одлагање“.
— Наклонетоста на нашиот Татко, 266.

б. На кој начин нашиот карактер се менува? Евреите 12,2; Што се бара од нас кога ќе ги споредиме цитатите: Броеви 21,8 со Јован 3,14.15? Јован 6,37.54-56.

„Како што на Мојсеј, на негово барање да ја види Божјата слава, му бил откриен Божјиот карактер; на сличен начин и ние Христовата слава ја гледаме во Неговиот карактер…

„Зошто, тогаш, во црквата се манифестира толку голем недостаток на љубов, вистинско сочувство кое ја воздига, облагородува и посветува душата, нежно сочувство и трпение? Тоа е затоа што Христос не се истакнува постојано перед народот. Особините на Неговиот карактер не се внесуваат во практичниот живот. Мажите и жените не се хранат од Лебот на животот кој слегува од небото“.
— Објавени ракописи 9, 296, 297.

Вторник — 5. ноември
3. ДВЕ РАЗЛИЧНИ СЛУЖБИ

а. Која е разликата помеѓу „службата на осуда“ и „службата на правдата“? 2 Коринтјаните 3,1-3.6-9.

„Паднатите потомци на Адам во славата на тој завет не можеле да видат ништо друго освен ’служба на смртта‘; и смртта ќе биде наградата за сите оние кои залудно се обидуваат да ја чинат својата правда која ќе ги исполни барањата на законот“. (Знаците на времето, 5. септември, 1892)

„Христос ниту еднаш не рекол дека со своето доаѓање ги поништил барањата на Божјиот закон. Напротив, во последната порака на Неговата црква, упатена од Патмос, Тој изговара благослов врз сите кои го држат законот на Неговиот Татко: ’Блажени се оние што ги исполнуваат заповедите Негови‘ (Откровение 22,14)“.
— Знаците на времето, 29. јули, 1886.

б. Како апостол Павле го опишува „покривалото“ на незнаењето на Евреите кои го отфрлиле Христа? Римјаните 9,31.32; 10,3.

в. Опиши како тоа „покривало“ може да биде одземено. 2 Коринтјаните 3,13-16.

„Светлината што се гледала на Мојсеевото лице била отсјај на славата на Христовото Евангелие, кое претставува темел на жртвениот систем (2 Коринтјаните 3,7.8). Кога стварноста заблескала со пладневна светлина, придушената слава која била само предзнак на она што требало да дојде, требало да исчезне и да биде проголтана од поголемата слава“. (Знаците на времето, 25. август, 1887)

„Обредната служба немала никаква вредност доколку со жива вера не е поврзана со Христа. Дури и моралниот закон не ја исполнува својата цел, освен ако не е сфатен неговиот однос кон Спасителот. Христос во неколку наврати покажал дека законот на неговиот Татко содржи нешто подлабоко, а не само авторитетни заповеди. Во законот е отелотворено она исто начело што е содржано во Евангелието. Законот укажува на човечката должност и му ја покажува неговата вина. Човекот мора да очекува помилување и сила од Христа, за да го прави она што го пропишува законот“.
— Копнежот на вековите, 585.

Среда — 6. ноември
4. ОД СЛАВА ВО СЛАВА

а. Како Божјиот карактер, откриен во Неговиот закон, уште поцелосно и посовршено се манифестирал во Христовиот живот? 2 Коринтјаните 3,9-11. Што исто така треба да имаме на ум додека настојуваме да се покоруваме на Божјиот закон?

„Како народ, ние го проповедавме само законот сè додека не нè зафати духовната суша како некогаш ридовите на Гелвуја на кои не паѓала ниту роса ниту дожд (2 Самоилова 1,21). Ние мораме да го проповедаме Христа во законот, тогаш проповедањето ќе претставува духовна сила која ќе биде вистинска храна за изгладнетото Божјо стадо. Не смееме да имаме доверба во нашите сопствени заслуги туку во заслугите на Исус од Назарет. Нашите очи мораат да бидат помажани со мелемот за очи. Мораме да се приближиме кон Бога, и Тој ќе се приближи кон нас, за да продолжиме по патот кој Тој го одредил“. (RH, 11. март, 1890)

„Законот сам по себе не би имал слава, која ја има само затоа што го претставува Христовото отелотворување“. (Одбр. пор. 1, 237)

„Исус бил жива илустрација на исполнување на законот, но Неговото исполнување на законот не значи негово укинување и поништување. Исполнувајќи го законот, Тој ја извршувал секоја поединост на неговите прописи“.
— Знаците на времето, 14. март, 1895.

б. Како „Христовото послание“ станува пославно од тогаш кога Божјиот морален закон бил напишан само на камени плочи? Еремија 31,31-33; 2 Коринтјаните 3,3.

„Павле сакал неговите браќа да увидат како големата слава на Спасителот кој ги простува гревовите му дава значење на целокупното еврејско уредување. Сакал тие да увидат, исто така, дека кога Христос дошол во светот, и умрел како жртва за човекот, Тој ги исполнил симболите.

„Откако Христос умрел на крстот како жртва за гревовите на светот, церемонијалниот закон повеќе не е на сила. Сепак, бидејќи бил поврзан со моралниот закон, бил величествен и славен. Како целина носел печат на божественост и ја изразувал Божјата светост, исправноста и Божјата праведност. И, ако симболичното служење кое морало да престане било толку величествено и славно, колку повозвишено и пославно мора да биде она кое ја претставува стварноста, кога Христос лично се појавил, давајќи им жива и посветувачка сила од својот Дух на сите кои веруваат“.
— Одбрани пораки 1, 237. 238.

Четврток — 7. ноември
5. РЕФЛЕКТИРАЈЌИ ЈА НЕГОВАТА СЛАВА

а. Што се случува кога нашето внимание е фокусирано само на Божјата слава? 1 Коринтјаните 15,49; Римјаните 12,2.

„Прикажувајќи го Христа ние го прикажуваме Бога во овој свет… Дали ние во црквата и перед светот го одразуваме карактерот на Исус Христос?“
— Одбрани пораки 3, 170.

б. Што се случува кога некој ќе ја прими правдата на законот во Христа? Римјаните 8,4.9-13. Опиши ја силата која го менува срцето и чувствата. Матеј 13,33.

„Како илустрација на Евангелието за Божјото царство, Христос го употребил квасецот. Со овој квасец, Божјата Реч, вистинската добрина, правдата и мирот се внесуваат во душите на слушателите. Ова ги покренува сите чувства во согласност со умот и волјата Божја. Каде и да оди, квасецот на вистината доведува до промена во умот и срцето. Целокупната личност се преобразува.

„Во срцата на сите кои ќе ја прифатат вистината онаква каква што е во Исуса таа доведува до промена слична на делувањето на квасецот. Кога царството небесно ќе се воспостави во срцето, целиот карактер се усогласува со Исусовиот карактер, бидејќи вистината е животворно начело. Делувајќи слично на квасецот, Божјата сила го потчинува целото битие. Дури и мислите ги заробува во покорност на Христа. ’И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото‘ (2 Коринтјаните 5,17)“.
— RH, 21. септември, 1897.

Петок — 8. ноември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кога ќе погледнете во Божјиот закон, што согледувате?

2. Каква била мисијата на Христа во поглед на Божјиот закон?

3. Зошто славата на Божјото дело денес е поголема од она во времето на Стариот завет?

4. Што се случува кога во законот од десетте заповеди ќе го видите Христа?

5. Што се случува во нашето срце кога ќе се фокусираме на Божјата слава?

2013 • 4. Квартал

7. лекција — Карактерот како пријатен мирис на темјан

16. ноември 2013
„Но да Му благодариме на Бога, Кој секогаш ни дава победа во Исус Христос, и на секое место преку нас го пројавува мирисот на спознанието на самиот Него“.
— 2 Коринтјаните 2,14
„Карактерот е сила. Тивкото сведочење на верниот, несебичен, побожен живот, шири речиси неодоливо влијание. Кога го откриваме со нашиот живот карактерот на Исуса Христа, ние соработуваме со Него во спасувањето на душите“.
— Христовите поуки, 301.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Порака за младите, 417-424.

Недела — 10. ноември
1. АТМОСФЕРА НА МИЛОСТ

а. Која од Божјите особини претставува основа за нашето спасение, и како Тој тоа го манифестирал? Ефесјаните 2,8.9; Римјаните 5,20.21.

„Со ненадминливиот дар на Неговиот Син, Бог го опкружил целиот свет со атмосфера на благодат исто толку вистинска како што е воздухот кој кружи околу земјината топка. Сите кои ќе решат да ја вдишуваат таа животодавна атмосфера ќе живеат и ќе израснат до висината на растот на мажите и жените во Исуса Христа“.
— Патот кон Христа, 61.

б. Што се случува со оние кои одговараат на привлечната сила на Божјата благодат? Јован 12,32; Ефесјаните 2,10.

„Кога грешникот ќе се приближи до издигнатиот крст, привлечен од Христовата сила, кога ќе ги свитка своите колена пред Него, тој е ново создание. Добива ново срце и станува ново создание во Исуса Христа. Светоста и ништо повеќе не бара“.
— Христовите поуки, 133.

Понеделник — 11. ноември
2. МИРИС НА БОЖЈОТО ПОЗНАВАЊЕ

а. Што во жртвите сепаленици, кои верниците во старозаветниот период ги принесувале според церемонијалниот закон, претставувало „сладок“ или „пријатен мирис“ за Бога? Излез 29,18; Ефесјаните 5,2.

„Жртвата (Христовата) е совршена и потполна, и Тој како наш Посредник ја извршува задачата која самиот ја прифатил, држејќи пред Бога кадилница која ги содржи Неговиот беспрекорни заслуги заедно со молитвите, признанијата и благодарноста на Неговиот народ. Намирисана со мирисот на Неговата праведност, таа се издига пред Бога како сладок мирис. Таквиот принос е целосно прифатлив за Бога и Неговото помилување ги покрива сите престапи“.
— Знаците на времето, 14. февруари, 1900.

б. Што Бог користи за да го пренесе знаењето за Себе како пријатен мирис и на оние кои се во незнаење за Христа? 2 Коринтјаните 2,14.

„Секоја душа е опкружена со своја сопствена атмосфера – со атмосфера која може да биде исполнета со животодавна, силна вера, со храброст и надеж, и со сладок мир на љубовта. Или може да биде студена и тешка, полна со незадоволство и со себичност, отруена со смртоносна зараза на омилените гревови. Со атмосферата што нè опкружува, ние свесно или несвесно, влијаеме врз секое лице со кое доаѓаме во допир“.
— Христовите поуки, 301.

в. Што се бара од нас за да нашиот живот биде прифатлив за Бога како „пријатен мирис“? Езекиел 20,41; Римјаните 12,1.2.

„Бог со презир го отфрла мртвиот прилог; Тој бара жива жртва, подготвеност умот, чувствата и сите способности целосно да се ангажираат во Негова служба. Секоја наша способност треба да биде посветена на оваа задача – нашите нозе треба да бидат брзи при одговорот на повикот на должноста, рацете подготвени на работа кога тоа ќе затреба, усните треба да бидат подготвени да ја зборуваат вистината во љубов и да изразуваат пофалби на Оној кој нè повика од темнината во својата чудесна светлина. Ние треба да продолжиме со ова посветување, не земајќи ништо од жртвеникот, бидејќи тоа би било сквернавење. Кога Неговиот народ ќе се посвети на таков начин со искреност и понизност, тие ќе бидат прифатени од Бога како сладок мирис кој се шири низ целата земја“.
— RH, 5. февруари, 1884.

Вторник — 12. ноември
3. МИРИС ЗА ЖИВОТ ИЛИ ЗА СМРТ

а. Објасни како нашето влијание може да биде „пријатен мирис“ за живот на некои луѓе, но, во исто време, тоа може да биде мирис за смрт за другите? 2 Коринтјаните 2,15.16; 1 Коринтјаните 1,18; 1 Петрово 2,7.

„Влијанието е одговорност од која не можеме да се ослободиме. Нашите зборови, нашите дела, нашата облека, нашето однесување, па дури и изразот на нашето лице – имаат свое влијание. Од впечатокот што го оставаме зависат последиците – добри или лоши – чија големина никој не може да ја измери. Секоја побуда што ќе се пренесе на тој начин претставува семе кое еден ден ќе донесе свој плод. Тоа се алки во долгиот синџир на човечките настани, во синџирот што се протега бесконечно. Ако со нашиот пример им помогнеме на ближните да развијат добри начела, ние им влеваме сила да прават добро. Од своја страна, тие шират исто влијание врз другите, а овие го пренесуваат понатаму. И така со нашето несвесно влијание илјадници можат да добијат благослов“.
— Христовите поуки, 301.

б. Како е можно мирисот на нашето влијание да постане смрдеа за оние околу нас? Проповедник 10,1.

„Меѓутоа, никогаш не смее да се заборави дека влијанието исто така може да биде сила на зло. Да се загуби својата душа е ужасно, но да се предизвика загуба на други души е многу поужасно. Ужасна е и самата помисла дека нашето влијание може да биде смртен мирис за смрт; па сепак тоа е можно“.
— Христовите поуки, 302.

в. Колку внимателни треба да бидеме при изборот на нашите блиски другари? 1 Коринтјаните 6,14.15; Ефесјаните 5,11; 1 Коринтјаните 5,6.

„Постојат таинствени врски кои ги врзуваат душите заедно, така што срцето на едниот одговара на срцето на другиот. Еден од друг прифаќаат идеи, чувства и дух. Таквата поврзаност може да биде благослов или проклетство. Младите можат едни на други да си помагаат, меѓусебно да се зајакнуваат, да се поправаат и усовршуваат во однесувањето, во склоностите и во знаењето; или пак, ако си дозволат себеси да станат безгрижни и неверни, можат да вршат деморализирачко влијание“.
— Порака на младите, 411.

Среда — 13. ноември
4. СОЛ НА ЗЕМЈАТА

а. Како Исус ја илустрирал вредноста на спасоносното влијание кое Божјиот народ треба да го има во светот? Матеј 5,13. Какво предупредување Тој дава во врска со тоа? Матеј 8,12.

„Со овие зборови на Христа („Вие сте солта на земјата“) ние добиваме некаква претстава за значењето на човечкото влијание. Тоа значи да се работи под Христово влијание, да се воздига она што Христос го воздигнал, да се истакнуваат исправни начела и да се запре ширењето на изопаченоста во светот. Тоа значи да се придонесе за распространување на благодатта која само Христос може да ја даде, да се облагородуваат животот и карактерот на другите со силата на беспрекорниот пример, обединет со искрена вера и љубов. Божјиот народ треба да биде сила во светот која го обновува доброто и ја спречува изопаченоста – сила која го неутрализира погубното и изопачувачкото влијание на злото“.
— Во небесните пространства, 239.

б. На кој начин единствено можеме со успех да го шириме спасоносното влијание? Ефесјаните 5,2.

„Спасоносната сол, вкусот на христијанството, е љубовта Христова во срцето, проникнувањето на душата со Неговата праведност. За религијата на оној што ја исповеда да има спасоносно влијание врз другите, тој Христовата правда секогаш мора да ја има перед себе, и славата Господова ќе го придружува (Исаија 58,8). Тогаш Христовата сила ќе биде откриена во животот и карактерот“. (Библиско ехо, 15. февруари, 1892)

„Во нас нема ништо со што би можеле позитивно да влијаеме врз ближните. Кога ќе сфатиме колку сме беспомошни и колкава е нашата потреба од божествената сила, ние не треба да си веруваме на самите себе. Ние не можеме да знаеме какви последици ќе има некој ден, некој час или дури некој миг, па затоа на почетокот на секој нов ден нашите патишта мораме да му ги предадеме на нашиот небесен Татко. Тој на своите ангели им заповеда да бдеат над нас и, ако ја прифатиме нивната заштита, тие во секој миг на опасност ќе ни бидат од десната страна. Кога несвесно ќе се најдеме во опасност да шириме погрешно влијание, ангелите ќе бидат со нас, ќе нè вратат на вистинскиот пат, ќе ни ги бираат зборовите што ќе ги изговараме и ќе влијаат врз нашите постапки. На таков начин нашето влијание ќе стане несвесна тивка, но моќна сила, привлекувајќи ги останатите кон Христа и небесниот свет“.
— Христовите поуки, 302.

Четврток — 14. ноември
5. СИЛА КОЈА МОЖЕ ДА ГО ПРИДВИЖИ СВЕТОТ

а. Кој дар Христос им го ветил на мажите и жените од сите времиња за да можат да бидат верни сведоци за Христа? Дела 1,8.

„Од денот Педесетница, па се до денес, Утешителот им е упатуван на сите кои целосно му се посветиле на Господа и на Неговата служба. Светиот Дух доаѓал како советник, просветител, водач и сведок на сите што го примиле Христа како личен Спасител. Живеејќи во подлабока тесна врска со Бога, верниците сè појасно и посилно сведочеле за љубовта и за спасоносната милост на својот Откупител“.
— Делата на апостолите, 36.

б. Како нашето влијание ќе биде инструмент за завршување на оваа работа, проповедање на „вечното евангелие“ на овој свет? Матеј 25,4; Откровение 18,1.

„Карактерот е сила. Тивкото сведочење на верниот, несебичен, побожен живот, шири речиси неодоливо влијание. Кога го откриваме со нашиот живот карактерот на Исуса Христа, ние соработуваме со Него при спасувањето на душите. Значи, ние соработуваме со Него единствено ако со нашиот живот го покажуваме Неговиот карактер. И колку е поширока сферата на нашето влијание, можеме да правиме повеќе добра. Кога сите што тврдат дека му служат на Бога би го следеле Христовиот пример, применувајќи ги начелата на законот во својот секојдневен живот, и кога секое нивно дело би сведочело дека го љубат Бога повеќе од сè и своите ближни како самите себе, тогаш црквата би имала сила светот да го стави во движење“.
— Христовите поуки, 301.

Петок — 15. ноември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како можам да дишам со духовната атмосфера која треба да ја опкружува земјата?

2. Зошто духот на жртва е од суштинско значење за знаењето за Бога?

3. Објасни ја разликата помеѓу мирисот за живот и мирисот за смрт?

4. Што треба да биде во моето срце за да имам мирис за живот?

5. Која сила ќе овозможи црквата да го придвижи светот?

2013 • 4. Квартал

8. лекција — Прифаќање на Исуса

24. ноември 2013
„Ви велам: живејте по Духот, и нема да им угодувате на телесните страсти“.
— Галатјаните 5,16
„Божјиот закон е израз на Божјите мисли. Кога ќе го примиме во Христа, тој станува наша мисла. Тој нè воздига над моќта на природните желби и склоности, над искушенијата кои водат кон грев“.
— Одбрани пораки 1, 235.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 44-50.

Недела — 17. ноември
1. ПОБЕДА НАД НАШИТЕ ПРИРОДНИ СКЛОНОСТИ

а. На кој начин единствено можеме да бидеме успешни во борба против непријателот? Јаков 4,7-10.

„Не е неопходно да избереме служба на царството на темнината за да потпаднеме под нејзина власт. Доволно е само да занемариме да се соединиме со царството на светлината. Ако не соработуваме со небесните сили, сатаната ќе го заземе срцето и ќе го направи свое живеалиште. Единствена одбрана против злото е Христос да престојува во срцето преку вера во Неговата праведност. Ако животно не се поврземе со Бога, никако нема да можеме да му се спротивставиме на кобното дејство на самољубието, самоугодувањето и искушението на гревот. Можеме да се откажеме од многу лоши навики, извесен период можеме да се одвоиме и од друштвото на сатаната, но ќе бидеме победени ако немаме животна врска со Бога со тоа што ќе му се предаваме секој момент. Без лично познавање со Христа и постојано општење, изложени сме на милост и немилост на непријателот и на крај ќе се покориме на неговата волја“.
— Копнежот на вековите, 305.

б. На кој начин Христос живее во моето срце? Јован 14,23.

Понеделник — 18. ноември
2. ОТФРЛАЊЕ НА САМОЗАДОВОЛСТВОТО

а. Која парабола ја опишува опасноста да не го поканиме Христа да дојде во нашето срце и да не бидеме во единство со Него? Матеј 12,43-45.

„Параболата за човекот од кого излегол зол дух, но неговата душа не била исполнета со Христовата љубов, ја илустрира потребата не само од празнење на срцето, туку испразнетото место да го заземе божествената сила. Демонот посакува да се врати во срцето од кое бил избркан. Тој се вратил, но и покрај тоа што срцето било изметено и украсено, тој го нашол уште и празно, тој влегол доведувајќи уште седум други духови, полоши од себе, така што последната состојба на човекот била полоша од првата. Човекот во оваа парабола одбил да му служи на сатаната, но неговиот пропуст бил во тоа што во своето срце кое било изметено и украсено тој не го повикал присуството на небесниот Гостин. Не е доволно само да се испразни срцето, ние мораме празнината да ја исполниме со Божјата љубов. Душата мора да биде украсена со благодатта на Божјиот Дух. Ние можеме да отфрлиме многу лоши навики, а сепак да не бидеме вистински посветени, бидејќи не сме поврзани со Бога. Мора да се обединиме со Христа“.
— RH, 24. јануари, 1893.

б. Што Исус ќе направи ако му посакаме добредојде во нашето срце? Јуда 24; Откровение 3,20.

„Срцето мора да го испразниме од себичноста, но тоа не е сè што е потребно; бидејќи кога ќе се откажеме од нашите идоли, празнината мора со нешто да се пополни… Откако ќе го испразните од срцето своето ’јас‘ вие мора да ја прифатите Христовата правда. Фатете се со вера цврсто за тоа; бидејќи вие мора да имате ум и Дух Христов за да можете да чините Христови дела. Ако ја отворите вратата на срцето, Исус испразнетото место ќе го пополни со дарот на Светиот Дух и тогаш ќе бидете живи проповедници во вашиот дом, во црквата и во светот. Можете да ширите светлина, бидејќи светите зраци на Сонцето на праведноста ќе блескаат на вас. Вашиот скромен живот, вашите свети разговори, вашата правда и честитост ќе им говорат на сите околу вас дека сте дете на Бога, наследник на небото, дека овој свет не е ваше живеалиште, туку дека овде сте само патник и странец во потрага по подобра земја, уште и небесна, и кој пред очите ја има само Божјата слава“.
— RH, 23. февруари, 1892.

Вторник — 19. ноември
3. ПРИФАЌАЊЕ

а. Како можеме ние, грешни луѓе, да станеме синови и ќерки Божји? Јован 1,12.13.

„Божественото посинување не е нешто што сами го стекнуваме. Само на оние кои ќе го примат Христа како свој Спасител им е дадена моќ да бидат синови и ќерки Божји. Грешникот со никаква своја сила не може да се ослободи од гревот. За да се постигне тоа, тој мора да гледа кон повисоката сила. Јован извикал: ’Еве го Јагнето Божјо, кое ги зеде гревовите на светот‘ (Јован 1,29). Христос има моќ да го очисти срцето. Оној кој е во потрага за прошка и прифаќање може само да каже:
’Ништо во раката не носам; Само за Твојот крст се држам‘.
„Меѓутоа, ветувањето за посинување им се дава на сите ’кои ќе поверуваат во името Негово‘. Секој кој доаѓа кај Исуса со вера ќе добие опростување“.
— Синови и ќерки Божји, 12.

б. На кој начин можеме да ја примиме Божјата правда? Јован 3,16; Марко 9,24; Римјаните 1,16.17.

„Оваа правда не се добива со мачни напори или заморна работа, не со дарови или жртви, туку таа е доброволен дар на секој кој е гладен и жеден да го прими“. (Мисли од гората, 17)

„Христос ни го отворил патот за враќање во изгубената татковина. Тој живеел на земјата соочен со истите неволји и искушенија со кои и ние се соочуваме. Живеел безгрешен живот. Умре за нас и сега се нуди да ги земе нашите гревови и да ни ја даде својата праведност. Ако му се предадете и ако го прифатите за свој Спасител, заради Него ќе бидете прогласени за праведни без оглед на сета грешност од поранешниот живот. Христовиот карактер ќе застане на местото на вашиот карактер и вие ќе бидете прифатени пред Бога како никогаш да не сте грешеле. И повеќе од тоа, Христос го менува срцето. Тој пребива во вашето срце преку верата. Со вера и постојано потчинување на својата волја на Христа треба да ја одржувате оваа врска со Него; и сè додека го правите тоа, Тој ќе делува на вас да сакате и да го правиме она што е во согласност со Неговата волја“.
— Патот кон Христа, 56.

Среда — 20. ноември
4. ПОВЕЌЕ ОД ПРОСТУВАЊЕ

а. Што ветува Бог дека ќе направи за оние кои ќе го прифатат Христа како нивна правда? Езекиел 11,19.20; Матеј 5,8.

„Христовата религија го преобразува срцето. Таа го прави световно ориентираниот човек да биде небесно настроен. Под нејзино влијание себичниот станува несебичен и го прима Христовиот карактер. Нечесниот човек станува чесен, и неговата нова природа се состои во тоа да им го прави она што сака другите нему да му го прават. Разузданиот се менува од нечист во чист. Тој стекнува исправни навики, бидејќи Христовото Евангелие му станува животен мирис за живот“.
— 5 Сведоштво, 323.

б. Од каде знаеме дека Христовите зборови: ’Оди и не греши повеќе‘ значат повеќе од простување? Јован 5,14; 8,11; 1 Јованово 1,9.

„Христовата религија значи многу повеќе од проштавање на гревот; тоа значи отстранување на нашите гревови и исполнување на празнината со доблести на Светиот Дух. Тоа значи божествено просветлување, радост во Господа, срце ослободено од себичноста, благословено со постојано Христово присуство. Кога Христос царува во душата, таа е непорочна, слободна од гревот. Во животот на тој човек се исполнуваат славата, изобилието и совршенството на евангелскиот план. Спасителот во срцето внесува совршен мир, совршена љубов, совршена сигурност. Убавината и мирисот на Христовиот карактер што се откриваат во животот покажуваат дека Бог навистина го прати својот Син на светот за да биде нејзин Спасител“.
— Христовите поуки, 383.

в. Што докажува дека моите гревови ми се простени? Лука 7,47; Матеј 7,16-20; Галатјаните 5,22.23.

„Кога Господ ќе му опрости на покајникот, тој е полн со ревност, полн со љубов кон Бога, полн со срдечност и енергија, и животворниот Дух кој покајникот го има добиено не може да се потисне. Христос во него станува извор на вода која тече во вечен живот“.
— RH, 5. мај, 1896.

Четврток — 21. ноември
5. ОСТАНУВАЊЕ ВО ИСУСА

а. Зошто оние кои биле ослободени од силата на демоните сакале да останат со Исуса? Псалм 16,11; 51,11; Лука 8,35.

„Тие сакале постојано да останат со својот Ослободител. Во Негово присуство тие се чувствувале безбедни од демоните кои ги измачувале нивните животи и им ги упропастиле најубавите години“. (Здравје и среќа, 75)

„Кога го отфрлаат повикот на Спасителот, луѓето себеси се препуштаат на сатаната. Тоа денес го прават многумина во сите животни околности, во домот, деловниот живот, па дури и во црквата. Затоа насилство и криминал ја преплавуваат земјата и морална темнина, како смртна прекривка, ги покрива човечките живеалишта. Преку своите разни искушенија, сатаната ги наведува луѓето од лоши во полоши зла, сè додека целосно не ги изопачи и упропасти. Единствена заштита против неговата моќ може да се најде во Исусовото присуство. Сатаната пред луѓето и пред ангелите е разоткриен како човеков непријател и уништувач, а Христос како пријател на човекот и негов Избавител. Неговиот Дух ќе развие во човекот сè што го облагородува карактерот и ја воздига природата“.
— Копнежот на вековите, 324.

б. Зошто Марија седела покрај Исусовите нозе? Лука 10,38.39. Со која убавина на Христовиот карактер таа била привлечена? Исаија 40,11; 41,13; 42,3; Езекиел 34,11.15.16. 23.30.31.

„Своите деца Исус ги поучува да ја искористат секоја прилика за стекнување знаење кое ќе ги направи мудри за спасение“.
— Духот на пророштвото 2, 359.

Петок — 22. ноември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што можеме да направиме во борбата против злото во себе?

2. Што се случува со сите оние кои не се активни во прифаќањето на Исуса?

3. Како да го прифатиме Исуса?

4. Какви се резултатите на оние на кои целосно им е простено?

5. Зошто убавината на Христос е толку привлечна за срцето на грешникот?

2013 • 4. Квартал

9. лекција — Прифаќање на Христовата правда

30. ноември 2013
„Очите твои нека гледаат право, и клепките твои да бидат управени право пред тебе. Провери ја патеката со нозете свои, и сите патишта нека бидат цврсти. Не скршнувај ни десно, ни лево; оддалечија ногата твоја од зло“.
— Изреки 4,25-27
„Да му се дозволи на Христа преку вера да престојува во нашето срце значи да се размислува за Него, да го посматраме постојано со вера, ценејќи го секогаш саканиот Спасител како наш најдобар и најпочитуван Пријател, така што со ниедна своја постапка да нè го жалостиме и навредиме“.
— Сведоштво за проповедници, 387.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 69-75.

Недела — 24. ноември
1. НАША ГОЛЕМА ПОТРЕБА ДЕНЕС

а. Што е очајно потребно во нашето искуство денес? Матеј 5,3-11; 2 Петрово 1,5-11.

„Денес исто така е потребно такво вистинско верско заживување какво што доживувале древните Израелци. Покајанието е првиот чекор кој сите мораат да го преземат, сите кои сакаат да се вратат кај Бога. Оваа работа никој не може да ја направи за друг. Мораме лично да ги понижиме нашите души перед Бога и да ги отфрлиме своите идоли. Кога ќе го направиме сето она што ние можеме да направиме, Господ ќе ни го покаже своето спасение“.
— Судир и храброст, 145.

б. Како да доживееме преродба? Дела 3,19; Матеј 8,5-13.

„Мораме целосно да се потпреме на Христа. Не е доволно само да зборуваме за Христовата правда, туку мора да ја присвоиме преку жива вера. Во верата треба да се вежбаме сè додека таа не стане јазик на вашата душа. Бог нека ни помогне да одиме во светлината како што Тој е во светлина“.
— RH, 2. јули, 1889.

Понеделник — 25. ноември
2. ВЕРАТА Е ДЕЛОТВОРНА

а. Што значи да се присвои Христовата правда? 2 Коринтјаните 5,21.

„Со цел да се задоволат барањата на законот, нашата вера мора да се фати за Христовата правда, прифаќајќи ја како своја. Преку соединување со Христа, со прифаќање на Неговата праведност преку вера, ние можеме да се оспособиме да чиниме Божји дела, да бидеме Христови соработници“. (Одбрани пораки 1, 374)

„Единствена заштита против злото е Христовиот живот во срцето преку верата во Неговата правда. Искушението има моќ над нас само затоа што себичноста сè уште постои во нашето срце. Но кога ќе ја согледаме големата Божја љубов, себичноста ни се покажува во својот одвратен и гаден облик и во нас се појавува желба таа да биде истерана од душата. И додека Светиот Дух го воздига Христа во нас, нашите срца стануваат благи и покорни, искушението ја губи својата моќ, а Христовата милост го преобразува карактерот“.
— Мисли од гората, 84.

б. Како присвојувањето се разликува од претпоставката? Јаков 2,19.20.

„Мнозина признаваат дека Исус Христос е Спасителот на светот, но во исто време се држат далеку од Него, и не се каат заради своите гревови ниту го прифаќаат Христа како свој личен Спасител. Нивната вера се сведува на едноставна согласност на умот и расудувањето на вистината; но вистината не се внесува во срцето за да може да ја посвети душата и да го преобрази карактерот“. (Одбрани пораки 1, 389)

„Ако сакате да се одржите во времето на неволја, морате да го запознаете Христа и да го прифатите дарот на Неговата праведност, која Тој ја припишува на покајаниот грешник“. (RH, 22. ноември, 1892)

„Мораме целосно да се потпреме на Христа. Не е доволно само да зборуваме за Христовата правда, туку мора да ја присвоиме преку жива вера. Во верата треба да се вежбаме сè додека таа не стане јазик на нашата душа“. (RH, 2. јули, 1889)

„Вистинската вера ја присвојува Христовата правда и грешникот победува заедно со Христа; затоа што станува соучесник во божествената природа, и на тој начин божественото и човечкото се соединуваат“.
— Одбрани пораки 1, 363.364.

Вторник — 26. ноември
3. ВЕРАТА МОРА ДА СЕ ФАТИ ЗА ХРИСТОВАТА ПРАВЕДНОСТ

а. Какви промени треба да настанат во нашиот живот? 2 Коринтјаните 10,5.

„За да бидеме кандидати за небото, ние мора да ги исполниме барањата на законот: „Возљуби го Господ, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себе си“ (Лука 10,27). Ова можеме да го постигнеме само ако со вера цврсто се фатиме за Христовата праведност. Гледајќи во Исуса, ние во срцето примаме живи начела кои сè повеќе се прошируваат, а Светиот Дух го продолжува тоа дело, и верникот во развојот на карактерот напредува од сила во сила, од благодат во благодат. Тој се прилагодува на Христовиот лик сè додека во духовниот раст не ја достигне мерката на целосен раст во Исуса Христа. На тој начин Христос става крај на проклетството на гревот, а душата која верува ја ослободува од ропството на гревот и неговите последици“. (Одбрани пораки 1, 395)

„Размислувајќи за љубовта на нашиот небесен Татко и нашиот Спасител, размислувајќи за совршенството на Божјиот карактер и барајќи преку вера Христовата правда и нам да ни се припише, ние се преобразуваме во истиот лик“ (5 Сведоштво, 697).

„Да му се дозволи на Христа преку вера да живее во нашето срце значи да размислуваме за Него, постојано да гледаме во Него со вера, ценејќи го секогаш саканиот Спасител како наш најдобар и најпочесен пријател, така што со ниедна своја постапка да не го жалостиме и навредиме“.
— Сведоштво за проповедници, 387.

б. Што е вистинска вера? Евреите 11,1.

„Верата со која се спасуваме не е површна вера; тоа не е само согласност на умот, туку верување вкоренето во срцето – прифаќање на Христа како личен Спасител, увереност дека Тој може секого да спаси кој преку Него доаѓа кај Бога. Да веруваш дека Тој ќе ги спаси другите, но не и тебе, не е вистинска вера; но кога душата го прифаќа Христа како единствена надеж за своето спасение, тоа е манифестирање на вистинска вера. Таквата вера го наведува нејзиниот сопственик сите склоности на душата да му ги предаде на Христа; неговиот ум е под контрола на Светиот Дух, а неговиот карактер се обликува според божествената сличност“.
— Одбрани пораки 1, 391.

Среда — 27. ноември
4. ДЛАБОКО РАЗМИСЛУВАЊЕ ЗА ХРИСТОВОТО СОВРШЕНСТВО

а. Какво сродство е резултат на верата која работи со љубов? Јован 15,8. Што сè може да се постигне со вера? Евреите 11,29-34; Изреки 4,25-27; 16,3.

„Можеме ли да замислиме некој поблизок и поинтимен однос со Христа, од оној што е опишан со зборовите: ’Јас сум Лозата, а вие прачките‘ (Јован 15,5). Влакната на прачката се исти со влакната на лозата. Од лозата во прачката постојано струат живот, сила и плодност. Коренот праќа храна преку гранките. Тоа е вистински однос на верникот кон Христа. Тој пребива во Христа и прима храна од Него.

„Овој духовен однос може да се воспостави само со лична вера. Од наша страна, таа вера треба да се покажува во целосната преданост, совршената доверба и целосната посветеност. Ние мораме својата волја во целост да ја потчиниме на божествената волја и во служба на Христовото царство да ги ставиме своите чувства, желби интереси и својата чест, примајќи постојано благодат од Него, и Христос ќе ја прима нашата благодарност“.
— 5 Сведоштво, 211.

б. На кој начин верата и љубовта суштински се поврзани? Галатјаните 5,6.

„Единствена вера која ни користи е верата која Го прима како личен Спасител, која ги присвојува Неговите заслуги. Многумина сметаат дека верата е начин на размислување. Спасоносната вера е трансакција преку која оние кои го примаат Христа стапуваат во заветен однос со Бога. Вистинската вера е живот. А живата вера значи и зголемување на животната сила, тоа е доверба со помош на која душата станува победоносна сила“. (Копнежот на вековите, 330)

„А што е тоа што треба да веруваме? Тоа е целосно да прифатиме дека Исус Христос умрел како жртва за нас; дека Тој станал проклетство за нас, дека ги зел нашите гревови на Себе и ни ја припишува својата праведност. Затоа ние се повикуваме на Неговата правда, веруваме во неа и се оправдуваме со неа. Тој е нашиот Спасител. Тој нè спасува затоа што ветил дека тоа ќе го направи. Треба ли да се обидуваме да објасниме сè како Тој може да нè спаси? Дали имаме добрина во себе која би нè направила да бидеме подобри и која ќе нè очисти од дамките и нечистотијата на гревот, која ќе ни овозможи тогаш да дојдеме кај Бога? Ние тоа едноставно не можеме да го направиме“.
— Вера и дела, 70.

Четврток — 28. ноември
5. СПАСОНОСНАТА ВЕРА Е ДЕЛОТВОРНА

а. Објасни кој е нашиот удел во планот на спасението? Матеј 7,7; Марко 9,24; Ефесјаните 2,8.

„Храмот на душата треба да биде посветен, свет, чист и неизвалкан. Тоа мора да биде соучесништво во кое сета сила е од Бога и сета слава му припаѓа на Бога. Одговорноста почива кај нас. За да изразиме нешто, ние тоа мора да го имаме во мислите и чувствата. Законот на човечката и божествената дејност бара човекот да соработува со Бога. Тоа му овозможува на човекот да, обединет со божеството, го чини она што Бог од нас со право го бара. Човечко доаѓа во допир со човечко. Божествената сила во комбинација со човечко орудие остварува комплетен успех, сè се остварува благодарение на Христовата праведност…

„Ако ја вршиме Божјата волја ние можеме да примиме голем благослов како незаслужен Божји дар, но не поради било какви свои заслуги, кои немаат никаква вредност. Работејќи за Христа, вие ќе го почитувате Бога и ќе станете повеќе од победници благодарение на Оној кој толку нè љубел и го дал својот живот за нас за да имаме живот и спасение во Исуса Христа“.
— Вера и дела, 27.28.

б. Можеме ли да очекуваме Божјо одобрување ако немаме доверба во Него? Евреите 11,6.

„Сатаната е готов да ви го оттргне погледот од Божјите блажени уверувања. Тој сака да ѝ ја одземе на душата секоја искра надеж и секој зрак на светлина. Но вие не смеете да му го дозволите тоа“.
— Патот кон Христа, 48.

Петок — 29. ноември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каква јасна претстава за казната заради престапот Божјиот закон и дава на непослушната душа?

2. На кој начин ние ја присвојуваме Христовата праведност?

3. До какви промени тоа доведува во нашиот живот?

4. Процени ја улогата на верата и љубовта во развојот и усовршувањето на христијанскиот живот?

5. Опиши како процесот на верата функционира?

2013 • 4. Квартал

10. лекција — Обезбедување на бисер на праведноста

7. декември 2013
„Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сè што има и го купува“.
— Матеј 13,45.46
„Ние не можеме да го заработиме спасението, но мораме да го бараме онака копнежливо и истрајно како да ќе мораме да се откажеме од сè на светот за да го добиеме“.
— Христовите поуки, 93.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 76-83.

Недела — 1. декември
1. БИСЕР ОД ГОЛЕМА ВРЕДНОСТ

а. Како да ги разбереме Христовите зборови за бесценетиот бисер? Матеј 13,45.46.

„Христос е бисер со голема вредност… Христовата праведност, како чист, сјаен бисер, нема недостиг, нема дамки. Никакво човечко дело не може да го усоврши големиот и скапоцениот Божји дар, зашто тој е без мана“.
— Христовите поуки, 91.

б. Како се добива Бисер со голема цена? Исаија 55,1-3. Од што мораме да се откажеме за да го добиеме? Захарија 3,4; Ефесјаните 4,22-32.

„Спасението е дар, а сепак мора да се купува и да се продава.

„Најсиромашните, исто како и најбогатите, се способни да го купат спасението, зашто никакво количество на земни добра не е во состојба да го плати. Тоа се стекнува со доброволна послушност, предавајќи му се себеси на Христа, станувајќи Негова откупена сопственост“. (Христовите поуки, 92)

„О, кога Светите списи би ги истражувале со молитва, и во духот спремен да му се потчини на Бога! О, кога би го пребарувале вашето срце како со запалена свеќа, спремни да ја отфрлите секоја нишка која ве врзува за световните навики, кои го одвраќаат умот од Бога“.
— Мараната, 48.

Понеделник — 2. декември
2. ПРОЦЕС НА КУПУВАЊЕ НА ХРИСТОВАТА ПРАВДА

а. Што „купување“ на правдата всушност значи? Како се купува Христовата праведност? Откровение 3,18.

„Спасителот доаѓа со бесценети камења на вистината кои според својата вредност суштински се разликуваат од сè што е вештачко, фалсификувано и лажно. Тој доаѓа до вратата на секое срце и тропа, нудејќи го своето бесценето богатство, повикувајќи ’Купи ме‘“. (Библиски коментарии, 892)

„Во оваа парабола бисерот не е претставен како дар. Трговецот го купил давајќи за него сè што имал. Мнозина го бараат значењето на оваа загатка, бидејќи Христос во Библијата е претставен како дар. Тој навистина е дар, но само за оние кои безгранично Му се предаваат себеси – душата, телото и духот. Ние мораме да му се предадеме на Христа, да покажеме доброволна послушност кон сите Негови барања. Сето она што сме, сите способности и таленти што ги имаме, сè Му припаѓа на Господа и треба да биде посветено на Неговата служба. Кога така целосно ќе му се предадеме себеси Нему, Христос со сето небесно богатство ни се дава нам. Ние добиваме бисер со непроценлива вредност“.
— Христовите поуки, 92.

б. Зошто сесрдно да го купуваме она што Христос ни го нуди? Еремија 29,11-13.

„Одејќи од врата до врата, Исус стои пред секој храм на душата, велејќи: ’Стојам перед вратата и тропам‘ (Откровение 3,20). Како небесен трговец Тој ни нуди ризница на свои блага… ’Отворете ја својата врата‘, вели големиот Трговец, сопственикот на духовното богатство, ’и изврши трансакција со Мене. Јас сум твојот Откупител, те советувам да купиш од Мене‘“. (RH, 7. август, 1894)

„Да се зборува за верата површно, да се моли без душевен глад и жива вера – не вреди ништо. Формалната вера во Христа, која го прима само како Спасител на светот, никогаш не може да ѝ донесе оздравување на душата. Верата, која води кон спасение, не се состои само во интелектуално спознавање на вистината. Оној што сака сè да дознае за да верува, не може да прими Божји благослов. Не е доволно да се верува за Христа; ние мораме да веруваме во Него. Единствена вера која ни користи е верата која го прима како личен Спасител, која ги присвојува Неговите заслуги“.
— Копнежот на вековите, 330.

Вторник — 3. декември
3. ПЛАЌАЊЕ НА СКАПОЦЕНИОТ БИСЕР

а. Што сите ние – богати, сиромашни, оние кои пораснале во црквата или надвор од неа – треба да сфатиме во обидот овој скапоцен бисер да го платиме? Изреки 22,2; Дела 10,34.35.

„Да ја отфрлиме помислата дека световните или духовните предности можат да ни обезбедат спасение. Бог од нас бара доброволна послушност. Тој бара да се откажеме од нашите гревови.

„Постојат луѓе кои навидум постојано го бараат небесниот бисер, но не се откажале наполно од сите лоши навики. Тие не си умираат себеси за да може Христос да живее во нив и затоа не го наоѓаат својот скапоцен бисер; уште не го совладале несветото славољубие и својата склоност кон световните привлечности, не го зеле на себе својот крст ниту пошле по Исуса по пат на самооткажување и жртва. Речиси христијани, но не наполно христијани, тие навидум се близу до небесното царство, но не успеваат да везат во него“.
— Христовите поуки, 93.

б. Што може да нè наведе погрешно да го сфатиме ова купување и продажба? Лука 9,24; 14,33; Јаков 4,10.

„Колкумина, кога би биле повикани да положат сметка, со бол и грижа на совест би морале да зажалат што своето од Бога дадено време го поминале во себично служење на себе! Вечните интереси на душата страшно се занемаруваат за неважни работи. Умот е постојано зафатен, токму како што сатаната сака, со себични и безначајни интереси, а времето поминува во неповрат без никаква подготовка за небото.

„Со што може да се спореди загубата на човечката душа? Тоа е прашање кое секоја душа мора да го одлучи за себе – било да се здобие со богатство на вечен живот или да изгуби сè затоа што пропуштил Бог и Неговата правда да му бидат прв и единствен бизнис. Христос, Искупителот на светот… со голема болка посматра мнозина кои тврдат дека се христијани, кои не му служат Нему, туку на самите себе“.
— Да го познам Него, 321.

Среда — 4. декември
4. ПРАВИЛНА ПРЕТСТАВА ЗА ВРЕДНОСТА НА ОВОЈ БИСЕР

а. Зошто некои би продале сè за да го купат овој скапоцен бисер? Што оваа трговија ја прави така профитабилна? Јов 28,12-23; Изреки 2,1-5.

„Христовото Евангелие претставува благослов кој сите можат да го поседуваат. Тоа ги собира луѓето такви какви што се: сиромашни, очајни, неволни, слепи и голи. Единствениот услов кој Христос им го поставува на оние кои доаѓаат кај Него е да се облечат со Неговата правда во послушност кон Неговите заповеди. И преку послушноста на законот душата согледува дека законот е совршена слобода, слобода со вера да се фати за надежта која е сигурна и постојана. Кога ќе му го вратиме на Бога она што е Негово, кога ќе ги испереме и избелиме нашите облеки на својот карактер во крвта на Јагнето, тогаш ние имаме право на небесна круна“. (Знаците на времето, 15. декември, 1898)

„А од што ние се откажуваме кога ќе дадеме сè? Од осквернетото со грев срце, за Христос да го очисти, да го испере со својата крв и да го спаси со својата ненадмината љубов. Но сепак луѓето мислат дека е тешко да се откажеме од сè. Се срамам да слушам кога се зборува за тоа, се срамам да пишувам за тоа.

„Бог не бара да се откажеме од нешто што би можеле за свое добро да го задржиме. Во сè што прави Тој пред очите го има доброто на своите деца. Кога барем сите оние што не го избрале Христа би можеле да сфатат дека Тој им нуди нешто многу подобро од она што самите го посакуваат“.
— Патот кон Христа, 41.

б. Што го мотивира купувачот да „продаде“ сè за да го купи овој бисер? Кога должноста станува „радост и жртвата задоволство“? Броеви 21,8.9; Матеј 13,44.

„Погледот кон нашата грешност нè води кај Оној кој може да ни прости; и кога душата, откако ќе ја сфати својата беспомошност, ќе посегне по Христа, Тој ќе се открие во сила. Колку повеќе свеста за сопствената немоќ нè гони кон Него и кон Божјата Реч, ќе имаме сè повозвишени погледи за Неговиот карактер и поцелосно ќе го одразуваме Неговиот лик“. (Патот кон Христа, 65)

„Кога еднаш погледот ќе се фиксира на Исуса, животот го наоѓа своето средиште. Ентузијазмот, великодушната посветеност и огнената ревност на младите тука ја наоѓа својата вистинска цел. Должноста станува уживање а жртвата задоволство. Да се слави Христос, да се стане како Него, да се работи за Него, тоа е најголемата амбиција и најголема радост“.
— Воспитување, 297.

Четврток — 5. декември
5. РАСПОЗНАВАЊЕ НА ВРЕДНОСТА

а. Што се случува кога ќе ја препознаеме вредноста на бисерот? Дела 2,37.

„Кога апостолите ја објавиле славата на Единородниот од Отецот, се обратиле три илјади души, на кои им помогнале да се видат себеси во вистинска светлина, грешни и расипани, а Христа како свој пријател и Откупител. Христос бил издигнат и прославен со силата на Светиот Дух кој почивал врз луѓето. Со вера тие верници го виделе Христа кој поминал низ понижување, низ страдања и смрт, за тие да не пропаднат, туку да добијат живот вечен“.
— Христовите поуки, 94.

б. Што се случува кога ќе ја сфатиме цената и вредноста на Бисерот – толку сериозно што одлучуваме да го купиме? Исаија 55,7; Филипјаните 3,7.8.

„Ако сме се откажале од сè заради Христа, нашиот живот ќе одразува понизност, нашите разговори ќе се однесуваат само на она што е небесно, а нашето однесување ќе биде беспрекорно. Моќното и пречистувачко влијание на вистината во душата, Христовиот карактер откриен во животот – тоа претставува познавање на Христа. Чесноста, цврстината и истрајноста се квалитети кои сите треба искрено да ги негуваат; бидејќи на сите оние што ги поседуваат, овие квалитети им даваат неодолива сила – сила која ги прави силни да прават добро, да му се спротивстават на злото и храбро да ги поднесуваат тешкотиите… Оние кои безрезервно ќе се стават на страната на Христа, ќе останат постојани во она што здравиот разум и совеста им кажуваат дека е исправно“.
— Божјата чудесна благодат, 277.

Петок — 6. декември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кого всушност го претставува скапоцениот бисер?

2. Што сè е опфатено во процесот на купувањето на овој бисер?

3. Каков е библискиот метод на купување? Објасни.

4. Зошто човекот би продал сè за еден бисер?

5. Што се случува во нас кога навистина ја цениме вредноста на Бисерот?

2013 • 4. Квартал

11. лекција — Нашата вредност во Христа

14. декември 2013
„Испитувајте се сами себе дали сте во верата! Сами проверувајте се! Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас? Освен, само ако сте недостојни“.
— 2 Коринтјаните 13,5
„Вистинската вредност на човечката душа може да се оцени само во светлината на крстот“.
— Делата на апостолите, 204.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 84-96.

Недела — 8. декември
1. ПРЕДОЧУВАЊЕ НА ОПАСНОСТИТЕ КОИ НИ ПРЕТАТ

а. Против што мораме постојано да се чуваме не злоупотребувајќи ја Божјата милост? Еремија 17,9.10; Изреки 16,18; 1 Коринтјаните 10,12.

„Христос обезбедил средства со кои преку целиот наш живот можеме да бидеме во непрекината заедница со Него; но чувството на трајно Христово присуство во нас може да дојде само преку жива вера…

„Нека сите длабоко размислат за предноста која им е дадена и нека сами на себе си ги постават прашањата: Дали својата волја ја потчинувам на Христовата волја? Дали полнотата и богатството на Живата Лоза – Неговата добрина, Неговата милост и љубов се одразуваат во мојот живот и карактер?“
— Во небесните пространства, 56.

б. Наведи пример на сопствено преиспитување и потчинување на Христа? 1 Коринтјаните 9,26.27; 15,30.31; Марко 7,14-23.

„Од суштинска важност е да го приспособиме својот вкус, апетитот, страстите и желбите на големиот морален стандард на правдата. Делото мора да започне во срцето. За да биде чисто срцето мора целосно да се усогласи со Христовата волја, инаку нашата силна страст или некоја погрешна навика или недостаток ќе постане сила на погибел. Бог прифаќа само служба од сето срце, ништо помалку од тоа“.
— Христијанско воспитување, 51.

Понеделник — 9. декември
2. РАЗВОЈ НА СООДВЕТНА ПЕРСПЕКТИВА

а. Што мошне често може да нè оспособи во настојувањето да му служиме на Бога? Матеј 18,1-4.

„Самоволието во нас мора да умре; послушност и покорност му должиме само на Христа. Војникот во Христовата војска мора да научи да поднесува тешкотии, да се одрекне од себе, да го земе својот крст и да го следи својот Војсководец. Многу нешта треба да се направат, човечката природа – телото и крвта – тешко и болно го прифаќаат процесот. Ова дело на самосовладување бара одлучни и непрекинати напори. За да извојуваме драгоцени победи во добрата борба на верата, мораме цврсто да се определиме за вечен живот“ (Упатство за младите, 22. декември, 1886).

„Исус го дал својот живот за спасение на светот, и Тој на човекот му дава непроценлива вредност. Тој сака човекот да ја цени својата вредност и да размислува за својата идна благосостојба… Ако духовната визија е јасна, невидливата стварност ја добива својата вистинска вредност“.
— Совети за приставите, 136.

б. Каква промена ни е потребна за да имаме правилен однос со Бога? Матеј 6,24; Изреки 8,13.

„Ние по природа сме себични и самоволни. Но ако ги прифатиме поуките што Христос копнее да ни ги даде, ние ќе станеме соучесници во Неговата природа и ќе живееме со Неговиот живот. Неспоредливата нежност со која ги освојувал чувствата на луѓето, плачејќи со оние што плачат, радувајќи се со оние што се радуваат, треба да остави длабоко влијание врз карактерот на сите што искрено го следат. Преку љубезни зборови и дела тие ќе се обидат да го направат патот лесен за уморните нозе“. (Здравје и среќа, 133)

„Некои мислат дека во поглед на практичното христијанство се поупатени и во подобра положба од другите. Дали ова е така или не тоа го покажува нивниот живот. Дали во своите постапки се сосредоточуваат само на себе, или во тоа ги поттикнува Светиот Дух, Духот на вистината и правдата? Религијата треба да стане живо и делотворно начело. Мотивот на вистинскиот христијанин е со својот живот да ја изразува добрината и Христовата љубов“.
— Пораки од Лома Линда, 318.

Вторник — 10. декември
3. НИЕ СМЕ СЛУГИ БЕЗ ЗАСЛУГИ

а. Кога му се обраќаме на Бога во своите молитви што би требало да имаме на ум? Јаков 4,6-10; Лука 17,10.

„Исус служи во Божјо присуство, принесувајќи ја својата пролеана крв, како што било со крвта на закланото јагне. Својата жртва поднесена на Голгота Тој ја принесува за секој престап и секој недостаток на грешникот“. (Одбрани пораки 1, 344)

„Кога Христос умрел на крстот на Голгота, отворен е нов и жив пат за спасение и за Евреите и за незнабошците. Ангелите се радувале кога Христос извикал: ’Се сврши‘. Големиот план на спасението бил извршен. Преку живот на послушност, Адамовите синови можат да се воздигнат од понорот на гревот и повторно да се вратат во Божјо присуство“. (Христос наш Спасител, 171)

„Никогаш нема да можеме да постигнеме совршенство преку нашите сопствени дела. Душата која со вера гледа во Исуса ја отфрла сопствената правда. Таа се гледа себеси како несовршена, своето покајание како недоволно, својата најсилна верба како слабост, својата најголема жртва како оскудна и во понизност паѓа во подножјето на крстот. Но од ветувањата во Божјата Реч му зборува глас. Зачудено ја слуша пораката: ’Вие сте исполнети во Него‘ (Колосјаните 2,10). Сега сè е во мир во неговата душа. Тој повеќе не мора да настојува да пронајде некои способности во себе, некое заслужно дело преку кое би можел да стекне Божја милост“.
— Вера и дела, 107.

б. Што, и во поглед на своето спасение, секогаш мораме да имаме на ум? 1 Коринтјаните 1,27-31.

„Науката за спасението треба да биде суштина на секоја проповед, тема на секоја песна. Изнесувајте го тоа секогаш со целосна понизност во душата. Во своите излагања не изнесувајте ништо што би претставувало дополнување за Христа, Неговата Реч или Неговата сила. Нека Неговото име, како единствено име под небото преку кое можеме да се спасиме, се возвишува во секоја проповед, и нека стражарите од сабота до сабота на трубата и даваат одреден и јасен звук. Христос е науката и суштината на Евангелието и Неговите проповедници треба да ја истакнуваат Речта на животот нудејќи им надеж на покајниците, мир на вознемирените и малаксаните, милост, утеха и сила на секој верник“.
— Глас во говор и песна, 337.

Среда — 11. декември
4. СТЕКНУВАЊЕ НА ПОДЛАБОКА ПЕРСПЕКТИВА

а. Што ни е заповедано да направиме во врска со нашата духовна состојба? Галатјаните 6,4; 2 Коринтјаните 13,5.

„Мнозина се измамени во поглед на нивната духовна состојба. Во Христа ќе имаме победа. Во Него имаме совршен Модел. Додека гревот му е толку одвратен така што го мразел од дното на душата, Тој можел да заплаче над грешникот. Тој поседувал божествена природа, додека во исто време покажувал понизност на мало дете. Во својот карактер го имал она што нам ни е толку потребно, непоколеблива истрајност на патот на должноста од кого никаква пречка ниту опасност не можела да го одврати, додека во потполност сочувствувал со несреќните од чии страдања бил длабоко трогнат“.
— Денес со Бога, 279.

б. Како Бог нè гледа нас во однос на потполно оправданите барања на Неговиот закон? Исаија 63,5.8.9; 1 Петрово 1,18.19; Римјаните 5,8-10.

„Божјиот закон бил прекршен. Божјото владеење било обесчестено, и правдата барала да се плати казната за престапот. За да го спаси човечкиот род од вечна смрт, Божјиот Син доброволно се согласил да ја поднесе казната за непослушност. Единствено Кнезот на небото преку своето понижување можел да го отстрани срамот, да ја задоволи правдата и човекот повторно да го врати во положбата која ја изиграл поради својата непослушност…

„Иако еднаков со Бога, ’одблесок на Неговата слава и одраз на Неговото битие‘ (Евреите 1,3), Христос своето божество го облекол со човечка природа и дошол на оваа земја да страда и умре за грешникот. Единородниот Син Божји се понизил, и станал послушен до смртта, и тоа смрт на крст. Носејќи го проклетството на гревот на своето тело, Тој ја ставил среќата и бесмртноста на дофат на секого од нас… Кога ќе сфатиме дека Неговото страдање било потребно за да се обезбеди нашата вечна благосостојба, нашите срца се трогнати и омекнати“.
— Одбрани пораки 1, 308.309.

Четврток — 12. декември
5. ГОРДОСТА Е ПОТПОЛНА СПРОТИВНОСТ НА ПОНИЗНОСТА

а. Кои се разликите помеѓу гордоста, понизноста и самосожалувањето? Дан. 4,29-33; Јаков 4,13-16; Создавање 27,34.

„Во самољубието, самоиздигањето и гордоста постои голема слабост; додека во понизноста се наоѓа голема сила… Во нашата одвоеност од Бога, во нашата гордост и темнина, we постојано настојуваме да се издигаме себеси, заборавајќи дека во понизноста на умот е силата“.
— Знаците на времето, 21. октомври, 1897.

б. Зошто Божјиот народ не успевал да ја почитува Неговата волја во минатите времиња? Броеви 13,30-34; 14,1-4; 1 Сам. 17,4-11.24; 1 Цар. 19,1-18. Како ние треба да се однесуваме наместо тоа?

„Мораме да ја зголемиме нашата ревност и енергија, и талентите кои зарѓале заради неработење да ги направиме делотворни. Гласот кој вели: ’Чекај, не дозволувај да те оптоварат со должности‘ е глас на кукавичките извидници. Нам денес ни се потребни Халевци, кои ќе истапат напред, водачи на Израел кои ќе поднесат точен извештај и ќе повикуваат на борба. Ако себичните љубители на удобност, стравувајќи од џиновите и високите ѕидови, повикуваат на повлекување, нека се слушне гласот на Халев, па дури и ако кукавиците држат камења во рацете, подготвени да го каменуваат заради неговото верно сведоштво“.
— 5 Сведоштво, 359.

Петок — 13. декември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Од што христијанинот мора постојано да се чува?

2. Како поединците развиваат правилна перспектива?

3. Можеме ли да го заслужиме спасението?

4. Каков е мојот став во однос на Христовиот крст?

5. Што премногу често забораваме во поглед на гордоста, која е сосема спротивна на понизноста?

2013 • 4. Квартал

12. лекција — Да се живее за Исуса

21. декември 2013
„Или не знаете дека неправедните нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ниту идолопоклониците, ни ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни разбојниците нема да го наследат царството Божјо. А такви беа и некои од вас; но се измивте, се осветивте, се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос преку Духот на нашиот Бог“.
— 1 Коринтјаните 6,9-11
„Преданост, побожност и целосна посветеност доаѓа преку Исус Христос, нашата праведност. Во љубовта кон Бога треба постојано да се усовршуваме. О, како во своето срце воздивнувам кон живиот Бог да ми подари ум Христов! Сакам себеси да се изгубам од вид“.
— Да го познам Него, 55.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 97-105.

Недела — 15. декември
1. ПРЕОБРАЗУВАЊЕ ПРЕКУ ХРИСТА

а. Каква трансформација се случува во нашиот живот кога ќе го прифатиме Исуса Христа? Јован 14,23; 1 Јованово 2,3-6; 4,15-21.

„Ако сме Христови, тогаш нашите мисли се со Него, најслатко ни е да размислуваме за Него. Сè што имаме и што сме, Нему му е посветено“. (Патот кон Христа, 52)

„Кога Христос живее во срцето, се менува целата природа. Христовиот Дух и Неговата љубов го омекнуваат срцето, ја скротуваат душата, ги воздигнуваат мислите и желбите кон Бога и Небото“. (Патот кон Христа, 66)

„Нека сите ова целосно го разберат: Ако го прифатиме Христа како Спасител, мораме да го прифатиме и како Владетел. Не можеме да имаме сигурност и совршена доверба сè додека не го признаеме како свој Цар покорувајќи се на Неговите заповеди. На таков начин можеме да ја потврдиме нашата верност кон Бога. Тогаш имаме вистински круг на поврзаност во нашата вера, бидејќи тоа е делување и резултат на вера, која преку љубов работи“.
— Вера и дела, 16.

Понеделник — 16. декември
2. СПОРНО ПРАШАЊЕ

а. Опишете како чудесното дело на преобразба преку Христа вклучува постојана борба. Ефесјаните 6,12.13; 1 Петрово 5,6-10.

„Во секоја душа две сили сериозно се борат за победа. Неверувањето, предводено од сатаната, ги ангажира своите сили да нè одвои од Изворот на нашата сила. А верата ги ангажира своите сили, предводени од Христа, Почетокот и Крајот на нашата вера. Од час во час, пред очите на небесниот универзум, овој конфликт продолжува. Ова е борба гради во гради, и големо е прашањето кој ќе излезе како победник? Ова прашање секој од нас мора да го реши за себе. Во оваа војна секој мора да учествува, борејќи се на една или друга страна. Од учеството во овој судир никој не може да биде ослободен“. (Синови и ќерки Божји, 328)

„Кога нашите очи би се отвориле и би го виделе делувањето на силите на доброто и злото, тогаш веќе не би имало лекоумност, суета, шеги и пародии. Кога сите би го зеле Божјото оружје, борејќи се храбро во Господовите битки, тогаш би биле извојувани победи од кои би треперело царството на темнината“. (6 Сведоштво, 40)

„Секој ќе биде искушан. Постојат само две страни. На која сте вие?“
— 8 Сведоштво, 130.

б. Што е најскапото нешто во светот – и како неговата величина се покажува? Римјаните 6,23; Евреите 9,27.

„Зарем не можеме да сфатиме дека најскапото нешто во светот е гревот. Цената која престапникот ја плаќа е губење на чистата совест, губење на Божјата наклонетост, одвојување на душата од Него и конечно губење на спасението… Каква сцена ќе биде прикажана кога судот ќе седне и книгите ќе се отворат да сведочат за спасување или за пропаст на секоја една душа! Тоа ќе бара безгрешна одлука на Оној кој живеел меѓу луѓето, ги сакал и го дал својот живот за нив за да ја одреди наградата на оправданите верници и казната на неверните и неправедните.

„Делото на нашето спасение зависи од личниот однос помеѓу Бога и нашата душа. Иако сите народи ќе излезат на суд пред Него, Тој ќе го испита случајот на секој поединец со таква точност како да не постоеле други битија на земјата“.
— Во небесните пространства, 360.

Вторник — 17. декември
3. ДЕЛОТВОРНА ВЕРА

а. Опишете ја силата на верата потребна за спасение. Лука 10,27.

„Сè што е помало од активна, искрена служба за Господарот покажува дека нашето исповедање на верата е лажно. Само она христијанство кое се открива во сесрдна, практична работа ќе врши влијание на оние кои се мртви во престапите и гревот. Побожните, понизни и верни христијани со своите дела покажуваат дека нивна најголема желба е да ја објават спасоносната вистина која треба да ги испита сите народи, собираат за Учителот богата жетва на души…

„Ние во светот спроведуваме едно дело, но не покажуваме доволно активност и ревност. Кога би биле посериозни, луѓето би се увериле во вистинитоста на нашата порака… Можеме да ги извршиме сите надворешни постапки на службата, а сепак да бидеме лишени за оживувачкото влијание на Светиот Дух како што бреговите на Гелвуј се лишени од роса и дожд. На сите нас ни е потребна духовна роса, а исто така ни се потребни зраците на Сонцето на Праведноста за да ги омекне и потчини нашите срца… Мораме да ги објавуваме Библиските начела и да ги поткрепуваме со свет секојдневен живот“.
— 6 Сведоштво, 386.

б. Со што Исус сликовито ја прикажал коренитата промена која сака да ја види во нас? Јован 3,5-7.

„Старите патишта, наследените склоности и поранешните навики мораат да се отфрлат; бидејќи благодатта не е нешто што се добива со наследство. Новото раѓање се состои во прифаќање на нови побуди, нови вкусови, нови стремежи. Оние кои се наново родени со Светиот Дух стануваат соучесници во Божјата природа и во сите нивни навики и практики тие ќе сведочат за нивниот врска со Христа“. (RH, 12. април, 1892)

„Нека оние кои сакаат нешто ново се стремат за обновен живот кој е резултат на новото раѓање. Нека ги исчистат нивните души со покорување на вистината и да постапуваат во согласност со упатствата кои Христос му ги дал на законикот кога прашал што треба да направи за да наследи вечен живот: ’Љуби Го Господа, својот Бог – со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сета своја сила и со сиот свој ум; и својот ближен како себеси… Прави го тоа и ќе живееш‘ (Лука 10,27.28). Сите оние кои ќе го усогласат својот живот со едноставните барања во Божјата Реч ќе наследат вечен живот“.
— Дневни белешки 2, 164.

Среда — 18. декември
4. СÉ Е ОД БОГА

а. Која мисла секогаш треба да ја имаме на ум? 1 Летописи 29,14.

„Секој член на човечкото семејство целосно е предаден во рацете на Христос; и сè што ние поседуваме – пари, куќи, земјиште, умни и физички сили, сите таленти во овој живот, како и благословот на идниот живот – сето тоа ни е доверено како Божјо благо за да верно го искористиме за доброто на човекот. Секој дар носи печат на крстот и го носи ликот и натписот на Исус Христос. Сите нешта се од Бога. Од најмалите придобивки до најголемите благослови, сè протекува преку еден канал – натчовечкото посредување – попрскано со непроценливата крв која го претставува Божјиот живот во Неговиот Син…

„Во сè што поседуваме и што можеме да понудиме или жртвуваме во работата или верата, нема ништо што претходно не сме го примиле од Бога и на што Тој полага право, велејќи: Тоа се мои дарови доверени на вас, не да се збогатите, туку мудро да ги употребувате на благослов на светот“.
— Вера и дела, 22.

б. Како оваа реалност треба да влијае на нашите ставови? Римјаните 2,1-4; 1 Коринтјаните 6,9-11.

„Не можете да имате мисли без Христа. Не можете ниту да бидете склони да Му пријдете, освен ако Тој нè ве поттикне на тоа преку влијанието на Неговиот Дух врз вашиот човечки ум…

„Затоа никогаш немојте да кажете дека сами можеме да се покаеме и дека тогаш Христос ќе ни прости. Не, навистина. Покајанието е дар на Божјата милост. Во својата милост Бог нè наведува на покајание и ни дава сила тоа да го направиме. Според тоа, сè е од Исус Христос, сè е од Него, и вие треба само да му одавате слава на Бога. Зошто почесто не одговарате кога сте повикани на вашите состаноци? Зошто повеќе не сте трогнати од оживувачкото влијание на Божјиот Дух кога се изнесуваат вистини во Христовата љубов и Неговата спасоносна сила? Тоа е затоа што Христа не го гледате како прв и последен и најдобар, Алфа и Омега, почетокот и крајот – зачетникот и крајот на нашата вера“.
— Вера и дела, 73.

Четврток — 19. декември
5. ПО СТАПКИТЕ НА НАШИОТ УЧИТЕЛ

а. Објасни го значењето и улогата на крстот во вашиот секојдневен живот? Ефесјаните 2,11-18; Матеј 16,24.25.

„Не очекувајте во иднина некаква поповолна прилика, кога ќе можете полесно да го понесете крстот, кога склоностите на телесното срце ќе можете да ги потчините со помалку напор. ’Денес‘, вели Божјиот Дух, ’ако го чуете Неговиот глас, не закорувајте ги вашите срца‘ (Евреите 4,7). Денес одете да работите, утре може да биде предоцна“.
— RH, 2. ноември, 1886.

б. Ние не можеме да го заработиме спасението – тоа се постигнува само преку заслугите на Христос – но што, и покрај тоа, сепак се бара од нас? Филипјаните 2,12.13.

„Задачата да го оствариме нашето спасение не е доверена само на слабите, немоќни смртници. Тоа Христос го извршил за нас. И тоа е привилегија на секој син и ќерка на Адам. Сепак и ние треба да работиме. Не смееме да бидеме неактивни. Треба да се ангажираме во делото на спасување на изгубените, а не да стоиме со скрстени раце“. (Денес со Бога, 72)

„Не можете да уживаме во Божјите благослови без било каква акција од ваша страна. Спасението е дар кој ви се дава бесплатно; и не можете да го добиете под други услови, освен како бесплатен дар. Но соработката од ваша страна е од суштинско значење за ваше спасение… Ние секојдневно работиме на нашата судбина. Треба да задобиеме круна на вечен живот, а пеколот да го избегнеме“.
— RH, 25. август, 1891.

Петок — 20. декември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Објасни ја промената која доаѓа кога ќе го прифатиме Христа како Господ на нашиот живот?

2. Што е најскапото нешто во светот и зошто?

3. Опишете ги плодовите на вистинското покајание и обратување?

4. Објасни ги далекосежните основни вистини дека Бог е сè во се?

5. Што можеме а што не можеме да направиме во поглед на нашето спасение?

2013 • 4. Квартал

13. лекција — Одење со Исуса

28. декември 2013
„И така, како што Го примивте Христа Исуса, Господа, така и да одете во Него: вкоренети и надѕидани во Него и зацврстени во верата, како што сте поучени, изобилувајќи во благодарноста“.
— Колосјаните 2,6.7
„На светот денес му е потребно она што било потребно и пред дваесет векови – откровение на Исус Христос. Потребно е исто така и едно големо дело на реформа и само преку благодатта на Исус Христос може да се изврши делото на обнова на телото, душата и духот“.
— Здравје и среќа, 121.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 106-118.

Недела — 22. декември
1. БОГ НÉ ПОВИКУВА

а. Опиши ја Божјата желба за нас во Неговото дело на обнова? Лука 15,4.

„Божја намера е Неговото име да биде почитувано пред целиот универзум. Целата земја треба да биде осветлена од Неговата бескрајна слава. Тој настојува од оваа земја да собере еден народ за себе. Неговата волја е закон на универзумот. Тој го повикува секое човечко битие да соработува со Него. Но Тој никого не принудува. Тој ја зел судбината на човекот во свои раце, кажувајќи му дека неговата идна благосостојба зависи од неговиот избор. За да биде спасен, човекот мора да соработува со Бога во Неговото дело на обнова. (Објавени ракописи 18, 271)

„Најсилен доказ дека човекот паднал од еден повисок степен е фактот дека неговото враќање има толку висока цена. Враќањето може да се оствари само со упорна борба, чекор по чекор, и тоа секој час. Човекот со една моментална одлука може да се потчини на силата на злото, но потребно е многу повеќе од моментална одлука за да се раскинат овие окови и да се достигне еден повисок, посвет живот. Целта може да се постави и делото може да се започне, но неговата реализација бара многу труд, време и истрајност, трпение и пожртвуваност“.
— 8 Сведоштво, 338.

Понеделник — 23. декември
2. ЧОВЕКОВАТА ОБВРСКА ДА СЛУЖИ

а. На што Господ го повикува својот народ денес? Јов 22,21.22; 1 Петрово 1,21-25.

„Познавањето на Бога е основа на секое вистинско образование и секоја вистинска служба. Тоа е единствената сигурна заштита од искушенијата. Единствено тоа може да нè направи како Него во карактерот.

„Тоа е знаење што им е потребно на сите што работат на подигање на своите ближни. Преобразувањето на карактерот, чистотата на животот, успехот во службата, верноста на вистинските принципи, сето тоа зависи од вистинското познавање на Бога. Ова знаење е од суштинско значење во подготовка за овој и за животот што доаѓа. (Здравје и среќа, 363)

„Практичната примена на начелата на љубовта која Христос ја проповедал и со поука и со пример ќе стане искуство на секој кој го следи Христовиот пример“.
— RH, 15. февруари, 1895.

б. Што можеме да научиме од првите ученици за длабоката преданост и одлучност во нивната желба да го следат Христа? Јован 11,16; 13,37; 1 Сол. 5,23.

„За душата која живее преку верата во Христа не постои друга ниту поголема желба отколку да ја познава и извршува Божјата волја. (5 Сведоштво, 606)

„Од христијаните се бара да ги дадат своите тела ’во жртва жива, света и благоугодна на Бога‘ (Римјаните 12,1). За да го направат ова сите нивни сили мораат да бидат сочувани во најдобра можна состојба. Секоја практика која ја ослабува физичката или менталната сила го онеспособува човекот за служба на својот Творец. (Нов живот, 18)

„На Христовиот крст е истакната пораката на Евангелието… Тоа е нашата порака, нашиот аргумент, нашата доктрина, нашите предупредувања до непокајаните, нашето охрабрување за оние кои тагуваат – надеж за секој верник. Ако можеме да разбудиме интерес во умовите на луѓето и ги наведеме својот поглед да го насочат на Христа, ние можеме да го направиме и следниот чекор да ги замолиме нивниот поглед да не го тргаат од Божјото Јагне…. Оној чии очи се управени на Христа, ќе биде подготвен да се откаже од сè. Тој ќе умре за себичноста. Тој ќе верува во секоја Божја Реч која е толку славно и прекрасно возвишена во Христа“.
— Библиски коментарии, 725.

Вторник — 24. декември
3. ЛИЧЕН ОДНОС

а. Опишете го односот што Господ сака да го има со своите деца, дури и во животните тешкотии и предизвици? Лука 15,22-24; Јован 17,3.16-20.

„Ако ги исповедаш своите гревови, верувај дека ти се простени, бидејќи ветувањето е позитивно: ’Ако ги исповедаме гревовите свои, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда‘ (1 Јованово 1,9). Зошто, тогаш, го обесчестувате Бога, сомневајќи се во Неговата љубов која со задоволство простува? Признавајќи ги своите гревови, верувајте дека Божјата Реч нема да остане неисполнета и дека Тој навистина ви простил. Како што сте должни да ги признаете своите гревови, исто така сте должни да верувате дека ви е опростено. Треба практично да ја потврдите својата вера во Бога како Оној кој ќе направи онака како што рекол дека ќе направи – ќе ги прости сите твои престапи. (Во небесните пространства, 126)

„Ако во целост се предадете на Христа, оставете го вашиот живот на грев, страст и гордост, држејќи се цврсто до Христа и Неговите заслуги, Тој ќе исполни сè што ветил. Тој изобилно ќе ви даде сè што во молитва ќе побарате од Него. Зарем не можете да верувате во тоа? Јас го тестирав во ова точка и знам дека Тој е верен да ги исполни сите Негови ветувања“.
— Знаците на времето, 29. септември, 1887.

б. Каков степен на влијание има крстот од Голгота при воспоставувањето на нашиот однос со Бога? Јован 12,32.

„Крстот на Голгота го привлекува вниманието и конечно ќе ги победи сите земни и пеколни сили. Во крстот се сосредоточени и од него произлегуваат сите можни влијанија. Тој е голем центар на привлечност; бидејќи на него Христос се откажал од својот живот за човечкиот род. Оваа жртва е поднесена со цел да го врати човекот во неговото првобитно совршенство. Дури и повеќе од тоа, таа му овозможува на човекот целосна трансформација на карактерот, чинејќи го повеќе од победник.

„Ако не постои поволно влијание во корист на крстот, тој го создава. Низ генерациите кои доаѓале, вистината за тоа време се откривала како ’сегашна вистина‘. Во Христос распнат на крст се исполнило пророштвото: ’Милоста и вистината ќе се сретнат, праведноста и мирот ќе се целиваат‘. На таков начин крстот го покренал светот“.
— Библиски коментарии, 726.

Среда — 25. декември
4. ИСКУШЕНИЈА И ТЕШКОТИИ

а. Што треба да имаме на ум кога сме соочени со тешкотии и искушенија и кога во очајание ни се чини дека сме целосно напуштени? Матеј 11,28; Псалм 36,9.10.

„Христовите зборови, така утешни и охрабрувачки за оние кои лично ги слушале, упатени се и на нас денес. Како што верниот пастир ги знае и се грижи за овците, на таков начин и Христос се грижи за своите деца. Тој ги познава искушенијата и тешкотиите кои го опкружуваат секого од нас. Како пастир Тој го ’пасе стадото свое‘, кажува Исаија, ’во рацете ги зема јагнињата, ги носи во својата прегратка‘ (Исаија 40,11). Тој ги познава своите овци мошне добро, а болните и беспомошните се предмет на Негова посебна грижа. Тој го дал својот живот за нив, и секоја нивна потреба ја познава подобро отколку било кој друг. (RH, 18. мај, 1897)

„Исус не ве оставил да бидете изненадени и запрепастени кога ќе наидат искушенија и неволји. Тој во својата Реч ве предупредил на сето тоа, нагласувајќи дека не треба да бидете обесхрабрени и потиштени кога ќе дојдат искушенијата. Треба со вера да гледате на Христа, вашиот Откупител, и да бидете весели и радосни… Ние имаме жив Спасител, кој толку нè засака што умрел за нас, за да преку Неговите заслуги имаме надеж, сила и храброст и место со Него на престолот. (Погледот угоре, 201)

„Сатаната укажува на тоа дека сте беспомошни и дека сами не можете да се благословите. Тоа е точно, вие сте беспомошни. Но кога ќе ви дојдат такви мисли воздигајте го Исуса перед него: ’Јас имам воскреснат Спасител. Во Него е мојата надеж и доверба, Тој никогаш нема да ме остави. Во Негово име јас ќе триумфирам. Тој е мојата правда и мојот венец на радост‘. Никој нека не мисли дека неговиот случај е безнадежен, бидејќи не е така. Вие можеби согледувате дека сте грешни и необратени, но токму тоа е доказ дека ви е потребен Спасител“.
— Вера и дела, 37.

б. Според што би требало да биде карактеристично нашето искуство? Псалм 16,11; Исаија 6,2.3; Ефесјаните 5,18; Колосјаните 2,6.7.

„Серафимите околу Божјиот престол се толку исполнети со света страхопочит кога ја гледаат Божјата слава така што ниту еден момент не гледаат на себе ниту се восхитуваат на себе… Тие се целосно задоволни кога го слават Бога, и тие ништо друго не сакаат освен да останат во Негово присуство и да уживаат во Неговото одобрување и Неговата насмевка“.
— Слуги на евангелието, 13.

Четврток — 26. декември
5. ХРИСТОС – ВО ЦЕНТАРОТ НА СЛУЖБАТА

а. Како вистинскиот христијанин секогаш треба да живее? 1 Јованово 2,6; 4,19.

„Христос придава големо значење на послушноста на верниците на Божјите заповеди. Тие заповеди тие треба добро да ги познаваат и практично да ги применуваат во својот секојдневен живот. Луѓето не можат да ги држат Божјите заповеди освен ако се во Христа и Христос во нив. Не е можно да се во Христа и да имаат светлина во поглед на Неговите заповеди, сè додека ја занемаруваат најмалата од нив. Со постојаност и спремност да ја послушаат Неговата Реч, тие ја докажуваат својата љубов кон Испратениот од Бога… Во секоја ненадејна и збунувачка ситуација тие ќе имаат помошник во Исуса Христа“.
— Денес со Бога, 142.

б. На крајот на краиштата нашата животна судбина се одредува според секоја исправна или погрешна одлука што ќе ја донесеме. Кои апели допираат до секој еден од нас? Второзаконие 30,19; 1 Петрово 1,13-16; Ефесјаните 4,1. Зошто? Откровение 5,12.

„Постои една голема централна вистина која треба секогаш да се има ум кога се пребарува Светото писмо – Христос и тоа распнатиот… Возвишениот карактер на Божјогто закон можеме да го препознаеме само во светлината на крстот. На душата умртвена од гревот животот може да и биде вратен само преку делото кое Зачетникот и Крајот на нашето спасение го извршил на крстот“.
— Да го познам Него, 208.

Петок — 27. декември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каква е желбата на Бога за Неговите деца?

2. Опиши што значи да се има вистински однос со Бога?

3. Што сè Бог направил во врска со нашата обнова?

4. Кога сме соочени со тешкотии, што треба да запомниме?

5. Која голема централна вистина може да нè доведе до чистотата на срцето и животот?