2010 • 2. Квартал
1. лекција – Библиска симболика
3. април 2010
„Зашто Господ Бог не прави ништо додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги – пророците“
— Амос 3,7
„Свечените пораки посочени во Откровението треба да го заземат првото место во мислите на Божјиот народ. Не смееме да дозволиме било што друго да го одвлече нашето внимание.“
— 8 Сведоштво, 326.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Воспитување, 152-159.
Недела — 28. март
1. СОНИШТА И ВИЗИИ
а. Зошто пророштвата се толку важни, и како во нив Јехова однапред се докажува како Творец на сè? Амос 3,7; Исаија 46,9.10; 41,21–23.
„Откровение означува нешто што е откриено. Господ на Својот слуга му ги открил тајните содржани во таа книга и Тој сака тие да бидат достапни за проучување на секој што има желба за тоа. Овие вистини се наменети за оние кои живеат во последните денови како што биле наменети за луѓето во Јовановите денови. Некои од настаните опишани во тоа пророштво припаѓаат на минатото, некои се одигруваат сега, а некои ни предочуваат крај на големата борба помеѓу силите на темнината и Кнезот небесен, додека некои го опишуваат триумфот и радоста на искупените на обновената земја.“
— Делата на апостолите, 439.
б. Како Господ им се открива на Своите пророци, и како можеме да ги разликуваме вистинските и лажните пророци? Евреите 1,1; Броеви 12,6; Второзаконие 13,1-5; Јов 33,15.16.
„Ќе наидуваме на луѓе кои лажно ќе се претставуваат; ќе се појавуваат лажни пророци; ќе има лажни соништа и лажни визии; но ние да го проповедаме Божјото Слово, да не отстапуваме од Божјиот глас откриен во Неговото пишано Слово.“
— Одбрани пораки, кн. 2, 49.
Понеделник — 29. март
2. ИНТЕРЕС ЗА ПРОРОШТВАТА
а. Каков запис имаме дека побожните луѓе и жени, па и самите пророци, ги проучувале пророштвата? Даниел 9,2; Кој, покрај оние за кои пророштвото е наменето, исто така е заинтересиран за проучување на истото? 1 Петрово 1,9-12.
„Дури ниту пророците кои биле удостоени со нарочно просветлување од Светиот Дух не го сфатиле во потполност значењето на откровенијата кои им биле доверени. Значењето на нивните изјави требало да се открива со векови подоцна, кога на народот Божји ќе му затребале упатствата во нив.
Иако на пророците не им било дадено во потполност да го сфатат она што им било покажано во визиите, тие сепак сесрдно настојувале да го прифатат секој зрак на светлина што Бог преку нив сакал да го открие. Тие ревно истражувале, „испитувајќи во какво или во кое време им јавуваше Духот Христов во нив“. Какви ли поуки за Божјиот народ во ерата на христијанството, заради чиешто добро овие пророштва им се дадени на Неговите слуги! „На кои им се откри дека не самите на себе — туку нам ни служеа“. Погледнете ги овие свети Божји луѓе како ги „пребаруваа и испитуваа“ откровенијата кои им биле дадени за генерациите кои тогаш уште не биле ни родени. Споредете ја нивната света ревност со безгрижната незаинтересираност што таканаречените Божји „миленици“ во подоцнежните векови ја покажувале кон овој дар на небото. Каков укор за оние кои се во потрага по што полесен живот на овој свет и рамнодушно се задоволуваат со изјавите дека пророштвата не можат да се разберат!“
— Големата борба, 311.
б. Зошто проучувањето на пророштвата е толку важно? Кој ги давал тие откровенија за доброто на луѓето од дамнина? 2 Петрово 1,16-21.
„Пророштвата кои Севишниот ги дал во Своето Слово спојуваат алка со алка во синџирот на настаните од вечноста во минатото со вечноста во иднината. Она што пророштвото најавило дека ќе се случи сè до денешниот ден, веќе е запишано на страниците на историјата, и ние можеме да бидеме убедени дека и она што треба допрва да настапи, исто така ќе се исполни.“
— Пророци и цареви, 365.
„’Јас сум’ значи Оној Кој е вечно присутен, без почеток и крај; минатото, сегашноста и иднината пред Бога подеднакво се откриени. Настаните од најдалечното минато или пак од најдалечната иднина Тој ги гледа како што ние го гледаме она што околу нас секојдневно се случува“
— Библиски коментари, 49.
Вторник — 30. март
3. СИМБОЛИ
а. Зошто Бог говори во симболи и параболи? Матеј 13,10-14.16.
„На народот кој не бил подготвен да ги прими, па дури ниту да ги сфати изложените вистини, Христос често ги повторувал Своите поуки; и тоа била една од причините што им зборувал во параболи. Поврзувајќи ги Своите поуки со природата, секојдневните доживувања и настаните од животот – го привлекувал вниманието на слушателите и со тоа делувал на нивните срца. Кога подоцна ги посматрале предметите и појавите со кои Христос им ги илустрирал Своите поуки, се сеќавале на зборовите на божествениот Учител, а срцата им биле отворени за прием на Светиот Дух, и значењето на зборовите на Спасителот им било сè појасно. Го разбрале она што порано било таинствено, и она што во почетокот не можеле да го сфатат станало очигледно.“
— Христовите поуки, 12.
б. Како можеме правилно да ги разбереме илустрациите и симболите користени во библиските пророштва? 1 Коринтјаните 2,13; Исаија 28,9-13.
„Фарисеите во Христовите денови ги затворале своите очи да не видат и своите уши да не чујат. Затоа вистината не можела да допре до нивните срца и морале да ги сносат последиците на своето намерно незнаење и заслепеност која самите на себе ја наметнале. Но Христос Своите ученици ги поучува никогаш да не ги затвараат своето срце и умот пред поуките и секогаш да бидат подготвени да веруваат. Тој им изрекол благослов на сите кои ќе слушаат и гледаат со очите на верата.“
— Христовите поуки, 41.
„Вистински ученик е само тој кој науката на Светото писмо ја прима како лично да му говори Божјиот глас. Тој Божјото слово го зема со стравопочит, бидејќи тоа за него е жива вистина пред кое ја отвара својата душа и срце и ја прифаќа.
„Запознавањето на вистината не зависи толку од моќта на сфаќањето колку од чистотата на намерата, едноставноста и усрдната вера која во потполност се потпира на Бога. На оние кои со понизни срца го бараат божественото водство, ангелите Божји им приоѓаат мошне близу, а Светиот Дух им ги отвара богатите ризници на вистината.
„Бог сака да се занимаваме со возвишени и чисти мисли. Тој сака длабоко да размислуваме за Неговата љубов и милост додека го проучуваме Неговото чудесно дело во големиот план за откупување.“
— Христовите поуки, 42.
Среда — 31. март
4. ВЕТРОТ И МОРЕТО
а. Што честопати претставува ветрот во пророштвата? Еремија 25,32.33; 4,13.
„Секој ден слушаме вести за земјотреси на разни места, за пожари, бури, несреќи на копно и море, за помори, за глад. Како овие знаци делуваат на вас? Тоа е само почеток на она што ќе се случи! Апостол Јован, писателот на Откровението, го опишува тој ден. До неговото уво допрел пискотот на милијардите ужасени луѓе. ‘Зашто дојде големиот ден на Неговиот суд и кој може да опстои?’ Самиот апостол бил возбуден и длабоко потресен.
„Кога таквите сцени ќе дојдат и таквите драматични судови ќе почнат да се изливаат на овој грешен свет, што ќе биде тогаш прибежиште за Божјиот народ? Каде тогаш ќе се засолнат додека не помине гневот? Јован ги видел природните елементи – земјотреси, бури, политички судири – прикажани под контрола на четирите ангели наречени четири земни ветришта. Овие ветрови ќе бидат под контрола сè додека Бог не им даде заповед на ангелите да ги пуштат. Овде е сигурноста на Божјата црква. Божјите ангели го извршуваат Неговиот налог и ги задржуваат земните ветрови да не дуваат на земјата, ниту на морето, ниту на било какво дрво, сè додека Божјите слуги не бидат запечатени на своите чела. Еден моќен ангел се гледа како доаѓа од сончевиот исток. Тој, најмоќниот помеѓу ангелите, во раце го носи печатот на живиот Бог – Оној Кој единствено може да даде живот, Кој може да го напише на челата знакот и како потврда дека на некого му е гарантирана бесмртност или вечен живот. Тоа е гласот на највисокиот ангел кој има власт да им заповеда на четворицата ангела да ги држат под своја власт четирите ветра сè додека ова дело не се заврши и додека не добијат налог да ги пуштат.“
— Сведоштво за проповедниците, 444-445.
б. Во пророчките илустрации често се споменуваат води или мориња. Што претставуваат тие? Откровение 17,1.15.
„Големите светски царства кои владееле со светот на пророк Даниел му се прикажани како ѕверови кои се појавиле кога ‘четирите небесни ветра се судриле на големото море’ (Даниел 7,2). Во седумнаесеттото поглавје ангелот објаснува дека водите се ‘луѓето и народите, племињата и јазиците’ (Откровение 17,5). Ветровите се симболи за воени судири. Четирите небесни ветришта, кои се судруваат на големото море, ги претставуваат страшните сцени на освојувања и преврати со посредство на кои земните царства доаѓаат до власт.“
— Големата борба, 392.
Четврток — 1. април
5. ЅВЕРОТ И КРИЛЈАТА
а. Што употребил Тој за да ги претстави големите земни царства? Даниел 7,17.23.
„Земните власти господарат благодарение на употребата на сила, и својата доминација ја одржуваат со силата на оружјето и војните, но основачот на новото царство е Кнез на мирот. Царствата од овој свет, Божјото Слово ги прикажува со симболи на грабливи диви ѕверови, – но Христос е ‚јагнето Божјо кое ги зеде на себе гревовите на светот’ (Јован 1,29)… Христос наместо насилство, во срцата на луѓето всадувал поинакво начело. Тој сеел вистина и правда и ја искоренувал заблудата и гревот.“
— Христовите поуки, 55.
б. Пророците во виденија често гледале ѕверови како летаат на крила. Што во суштина претставуваат тие крилја? Авакум 1,6-10.
„На светот му се потребни мисловни луѓе, луѓе кои се држат до начелата, кои постојано се развиваат во разбирањето и моќта на расудувањето. Особено се потребни луѓе кои знаат на најдобар начин да ја искористат предноста на печатот, за да вистината добие крила да допре до секој народ, колено и јазик ширум светот.“
— Слуги на Евангелието, 16.
Петок — 2. април
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
а. Како светиот Бог ја пренесува Својата волја на изгубените и грешни човечки суштества?
б. Зошто и светите луѓе, просветлени од Бога, го проучувале она што Бог пред нив го открил на другите?
в. Зошто Бог употребува симболи и параболи, и како можеме правилно да го сфатиме нивното значење?
г. Какво значење во библиските пророштва имаат морето и ветриштата?
д. Како со симболот на ѕверови и крила се прикажани акциите на одредени народи?
2010 • 2. Квартал
2. лекција – Пророштва за царствата
10. април 2010
„И четири големи ѕвера излегоа од морето, секој поинаков од другиот“.
— Даниел 7,3
„Ние треба да проучуваме како Бог постапува со народите на светот. Во историјата можеме да го видиме исполнувањето на пророштвата, да го проучуваме делувањето на провидението во големите реформаторски движења и да го сфатиме текот на настаните во постројувањето на народите за дефинитивниот судир во големата борба“.
— 8 Сведоштво, 332.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Пророци и цареви, 361-366. 377-382.
Недела — 4. април
1. ЗАЧЕТОК НА ЦАРСТВАТА СО ПОСРЕДСТВО НА ВОЈНИ И НЕМИРИ
а. Зошто е битно проучувањето на пророштвата, посебно на оние кои ги напишал пророкот Даниел? Матеј 24,15.
„Да ја читаме книгата на пророкот Даниел. Да се потсетиме точка по точка, на историјата на царствата прикажани во оваа книга. Да ги посматраме записите за државниците, за нивните совети, за силните армии, и ќе видиме како Бог направил гордите луѓе да се понизат, човечката слава да падне во прав. Само Бог во таа книга е прикажан како голем и семоќен. Пророкот во визија Го гледа како ги исфрла најмоќните моќници од престолот и на нивно место доведува други. Тој тука се открива како Владетел на Вселената чиешто вечно и непоминливо царство само што не завладеало со светот, како Старец на престолот, како жив Бог, како извор на сето знаење и мудрост, како Оној што управува со настаните на сегашноста и ги открива тајните на иднината“.
— Коментари на библиските текстови 378.
б. Што му било покажано на Даниел во визија пред самото паѓање на Вавилон? Даниел 7,1-3.
„Кратко време пред падот на Вавилон, кога Данило размислувал за тие пророштва и барал од Бога да му го протолкува времето, му биле дадени цела низа на виденија за подигањето и паѓањето на царствата.”
— Пророци и цареви, 378.
Понеделник — 5. април
2. МОЌНИОТ ВАВИЛОН
а. Кое царство е прикажано со симбол на лав во седмата глава од книгата на Даниел, и како тоа ја одиграло својата улога во историјата? Еремија 4,6.7; 50,17.
„Бог ги услишил молитвите на Своето предани синови. Тој преку избраните претставници ја открил Својата намера да го казни народот кој се одвоил од Него за да им служи на незнабожечките божества. Уште додека биле живи оние кои во тоа време се прашувале каква ќе биде иднината, Тој чудесно раководел со развојот на настаните кај водечките нации на земјата подигајќи ги Вавилонците. Било одредено Халдејскиот народ, ‘жесток… и страшен’, одненадеж да ја нападне земјата Јудеја како камшик од Бога.”
— Пророци и цареви, 262.
б. Што му се случило на Вавилон кога водечките луѓе на тоа царство ја исполниле мерката на својата вина? Даниел 5,1-6.17.23-31.
„Во таа последна ноќ на безумно славење Валтазар и неговите поглавари ја исполниле мерката на својата вина и вината на вавилонското царство. Бог не можел повеќе да ја одложува казната. Тој со многу пророштва настојувал да ги поучи Вавилонците да го почитуваат Неговиот закон. ‘Да го излекуваме Вавилон’, рекол тој за оние чијшто грев сега стигнал до небото, ‘но не се исцели’ (Еремија 51,9). Заради страшната изопаченост на човечкото срце, најпосле пресудата била изречена. Валтазар морал да падне, а неговото царство да премине во други раце.“
„Додека тој со своите поглавари пиел од светите Господови садови, славејќи го своето злато и сребро, Мидијците и Персијците го пренасочиле текот на Еуфрат и влегле во самиот центар на небранетиот град. Кировата војска се наоѓала веќе под ѕидовите на дворецот и градот бил полн со непријателски војници ‘како скакулци’, така што нивните победоносни извици ги надвикувале очајничките крици на изненадените учесници на лумпување.”
— Пророци и цареви, 361.
Вторник — 6. април
3. МЕДО-ПЕРСИЈА
а. Опиши го падот на Вавилон најавен во пророштвото. Исаија 44,27.28; 45,1-3.
„Неочекуваното влегување на војската на персискиот освојувач во срцето на вавилонската престолнина по коритото на речниот тек, чијашто вода била пренасочена, и преку внатрешната капии кои заради безгрижното чувство на безбедност биле оставени отворени и незаштитени, им дало на Евреите обилни докази дека пророштвото на Исаија за ненадејното пропаѓање на нивното угнетување буквално се исполнува. Тоа требало да им биде сигурен знак дека Бог управува со развојот на настаните кај другите народи во нивна корист.”
— Пророци и цареви, 377.
б. Колкаво според пространството било следното Медо-Персиско царство симболично прикажано како мечка и овен? Даниел 7,5; 8,3.4.20; Естира 1,1.3.
„Оваа молитва Даниел ја упатил ‘во првата година на Дариј’, мидскиот владетел чијшто војсководец, Кир, му ја одзел на Вавилон палката на светското царство. Бог ја признал власта на Дариј. Нему му бил испратен ангелот Габриел ‘да му помага и да го поткрепи’ (Даниел 9,1; 11,1). После неговата смрт, околу две години по падот на Вавилон, Кир дошол на престолот и почетокот на неговото владеење го обележало крајот на периодот од седумдесет години, што поминале откако Навуходоносор првата група на Евреи ја однел од нивната татковина Јудеја во Вавилон“.
— Пророци и цареви, 380.
„Оние кои го проучуваат Божјото Слово можат во историјата на народите да најдат потполно исполнување на божественото пророштво. Најпосле Вавилон бил совладан и уништен, бидејќи неговите цареви во периодот на напредокот сметале дека не зависат од Бога и славата на своето царство ја припишувале на човечка сила. Медо-персиското царство предизвикало небесен гнев, затоа што во него бил погазен Божјиот закон. Во срцето на најголемиот дел на народите немало место за стравопочит кон Бога. Насекаде владеело безбожништво, богохулие и голема расипаност. Царствата што дошле подоцна биле уште порасипани и паѓале сè пониско во морален поглед“.
— Пророци и цареви, 380.
„Иако народите ги отфрлиле Божјите начела, и на тој начин ја предизвикале сопствената пропаст, сепак било очигледно дека божествената семоќна намера се исполнувала преку сите нивни движења.”
— Воспитување, 177.
Среда — 7. април
4. ГРЦИЈА И РИМ
а. Со кои симболи во пророштвото била прикажана Грција, третото универзално царство? Даниел 7,6; 8,5-8.21.
б. Какво било симболичното значење на четирите глави што ги имал леопардот и четирите рога што ги имал козелот? Даниел 8,8.22.
в. Со што гордоста на грчката филозофија се огледува во историјата на сите народи сè до нашите денови – и каков треба да биде нашиот одговор на тоа? Проповедник 12,12-14.
„Дали е безбедно да им ги довериме нашите млади на водството на тие заслепени водачи кои светите пророштво на Библијата ги проучуваат со далеку помал интерес отколку класичните автори на старата Грција и Рим?”
— Темели на христијанското воспитување, 98.
„Павле кажува дека целта на високата служба во Христа Исуса не ја достигнал ни со еврејската ученост ниту со грчката реторика.”
— C.A. 8. април, 1903.
д. Како пророштвото ја опишува четвртата империја – Рим? Какви свирепости користел Рим? Со што е прикажана поделбата и падот на римската империја? Даниел 7,19.20.23.24.
„Како што во старо време Кир бил повикан на престолот на светското царство за да ги ослободи Господовите робови, така Цезарот Август бил орудие за исполнување на Божјите намери за да мајката на Исус дојде во Витлеем. Таа е од Давидовиот род, а синот Давидов морал да се роди во Давидовиот град. Од Витлеем, рекол пророкот ‘ќе ни излезе Оној, Кој ќе владее во Израел и чие потекло е од почетокот од вечноста’ (Михеј 5,2)“.
— Копнежот на вековите, 28.
„Крстот потсетувал на силата на римската власт. Крстот бил орудие за најсвирепо погубување на начин кој осудениот најдлабоко го понижува“.
— Копнежот на вековите, 405.
Четврток — 8. април
5. ВЕЧНО ЦАРСТВО
а. Објасни ја визијата дадена на пророкот Езекиел која покажува дека, среде сите судири и вриежи меѓу народите, Бог управува со случувањата на овој свет. Езекиел 1,4.26; 10,8.
„На секој народ што се појавил на светската сцена му било дозволено да го заземе своето место на земјата за да се види дали ќе ја исполнува волјата на Семоќниот. Пророците претскажувале појавување и напредок на големите светски царства – Вавилон, Медо-Персија, Грција и Римјаните. Кај секое од нив, како и кај слабите народи историјата се повторувала. Секое царство имало свое време на проба и ниедно не издржало. Кај сите се помрачила славата и ја изгубиле својата сила.
„Иако народите ги отфрлале божествените начела и затоа пропаѓале, низ вековите сепак се остварувала божествената возвишена цел. Тоа го видел пророкот Езекиел во чудесното видение кое го добил за време на ропството во Халдејската земја, кога пред неговиот зачуден поглед се покажале симболи на највисоката сила која управува со постапките на земните владетели.”
— Пророци и цареви, 364.
б. Како ќе се повторува историјата сè додека царствата од овој свет не бидат предадени на Христа и Неговите верници? Езекиел 21,26.27; Псалм 75,7; Даниел 2,21.44; 7,27.
„Конечната пропаст на сите земни царства јасно е проречена во Словото на вистината.
„Крајот наближува. Денес знаците на времето најавуваат дека стоиме на прагот на големи и свечени настани.”
— Воспитување, 179.
Петок — 9. април
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
а. Зошто пророците ги читале списите на претходните пророци?
б. Како пророштвото открива дека Вавилон целосно се потпрел на своите способности – и со какви последици?
в. Како Бог го употребил падот на Вавилон за да го овозможи враќањето на прогонетите?
г. Какво завештание грчката империја оставила на светот?
д. Кои биле преовладувачките обележја на четвртото царство?
2010 • 2. Квартал
3. лекција – Воздигање на папството
17. април 2010
„Никој да не ве измами на ниеден начин: зашто оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓање и не се открие Човекот на гревот, Синот на погибелта“.
— 2 Солунјаните 2,3
„Ние треба да се залагаме за вистинските начела на протестантизмот; бидејќи поборниците на папската политика каде и да им се укаже можност ќе настојуваат тие начела да ги потиснат, забранувајќи ја слободата на совеста“.
— RH, 9. септември, 1909.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 45-55; 238; 391.392.
Недела — 11. април
1. ЅВЕРОТ ОД ОТКРОВЕНИЕ 13
а. Во пораката на третиот ангел (Откровение 14,9-11) се употребуваат некои термини; ‘ѕвер’, ‘икона на ѕверот’ и ‘жиг на ѕверот’. Кои библиски цитати мораме да ги проучуваме и меѓусебно да ги споредуваме за да овие изрази правилно ги сфатиме и зошто? Откровение 13. и Даниел 7. и 8. поглавје.
„Проучувањето на Откровението го упатува читателот на пророштвата на Даниел, а едната и другата од овие пророчки книги содржат за нас исклучително важни Божји упатства во поглед на настаните кои треба да се одиграат при завршетокот на историјата на овој свет.”
— Големата борба, 309
„Ако оние кои ја исповедаат вистината не се придржуваат до својата вера во овие релативно мирни денови, што ќе ги одржи кога ќе дојдат големите искушенија и декретот против оние што нема да се поклонат на ѕверот и неговата икона и не го примат нејзиниот жиг на челото или на раката своја.”
— RH, 21. септември, 1876.
б. Кои обележја се забележуваат кај ѕверот спомнат во Откровение 13,1.2 (прв дел) и 6, а исто така и во Даниел 7,7.8?
Понеделник — 12. април
2. ЅВЕРОТ И МАЛИОТ РОГ
а. Кого во пророштвото го претставува ламјата, и кое царство најпослушно ги остварило нејзините планови во намера да се уништи Исус? Откровение 12,3-9; Матеј 2,16-18. На кого од четирите светски царства ламјата и го дала својот престол и својот голем авторитет?
„Низа на пророштва во кои се наоѓаат овие симболи почнуваат во дванаесеттото поглавје на Откровението со симболот на змев кој ‘сакаше да го изеде’ Христа штом ќе се роди. Змевот е сатаната (Откровение 12,9) кој го поттикнувал Ирод да го убие Спасителот. Негов главен претставник во војувањето против Христа и Неговиот народ во првите векови на христијанската ера било римското царство со претежно паганска религија. И додека ламјата првобитно го претставува сатаната, таа во преносна смисла е симбол на паганскиот Рим”
— Големата борба, 391.
б. Кои обележја на паганскиот Рим ги презел симболичниот ѕвер во својот подоцнежен облик? Откровение 13,5-8; Даниел 7,8.20.24.25.
„Резултат од овој компромис постигнат помеѓу незнабоштвото и христијанството бил развојот на ‘човекот на беззаконието’, во пророштвото најавен како оној ‘кој се противи и подига над сè што се нарекува Бог’“.
— Големата борба, 46.
„Во тринаесеттото поглавје (стихови 1-10) е опишан вториот ѕвер кој ‘беше како леопард’, на кој змевот му ја даде ‘силата своја, и престолот свој и голема власт’. Овој симбол, како што во тоа верувале повеќето протестанти го претставува папството, кое ја наследило силата, престолнината и власта на старото римско царство… Ова пророштво, кое речиси се поистоветува со описот на малиот рог во седмото поглавје на Даниеловата книга без сомнение укажува на папството.”
— Големата борба, 391.
в. Бидејќи во пророштвата еден ден претставува една година (Броеви 14,34; Езекиел 4,6), колку долго оваа сила имала прогонска власт? Даниел 7,25 (последен дел); 12,7; Откровение 12,6.14; 13,5.
„Овие ‘четириесет и два месеци’ исто како и периодот ‘за време, времиња и половина време’ (Даниел 7. поглавје), се илјада двеста и шеесет дена – време во кое папската превласт го прогонувала и угнетувала Божјиот народ. Овој временски период, како што е наведено во претходните поглавја на оваа книга, започнал со воспоставувањето на папството 538 година по Христа, а завршил 1798 година.”
— Големата борба, 392.
Вторник — 13. април
3. ЌЕ ПОМИСЛУВА ДА ГО ПРОМЕНИ БОЖЈИОТ ЗАКОН
а. Кои битни вистини мораме да ги сфатиме за Божјиот закон? Матеј 5,17-19; Лука 16,17; Псалм 111,7-9 (спореди: Второзаконие 4,13; Исаија 24,5 (последен дел).
„Кога Бог би морал да промени макар само една црта од Својот закон, Исус не би морал да дојде на овој свет да страда и да умре.”
— Знаци на времето, 24. ноември, 1887.
„Законот Божји отсекогаш бил и ќе биде свет, праведен и добар, совршен сам по себе, и не може да се отповика ниту да се промени.”
— Пророци и цареви, 426.
б. Што ќе помислува „малиот рог” (ѕверот од Откровение 13) да направи со Божјиот закон? Кои заповеди од Декалогот се доведени во прашање? Даниел 7,25 (трет дел); Излез 20,4-6.8-11.
„За да им се даде на обратените од незнабоштвото еден вид на замена за идолите кои порано ги обожавале и на тој начин да им се олесни нивното таканаречено прифаќање на христијанството, во христијанското богослужение постепено е воведен култ на слики и реликвии (мошти на светци). Конечно еден од општите црковни собори со својот декрет го озаконил овој нов систем на идолопоклонство. За ова богохулно дело да биде потполно Рим се осмелил од Божјиот закон да ја отфрли втората заповед, која забранува обожавање на слики, а за да бројот на заповедите остане непроменет, десеттата ја поделил на две.
„Духот на попуштањето перед незнабоштвото го отворил патот за уште поголемо непочитување на авторитетот на небото. Работејќи преку непосветените водачи на црквите, сатаната се обидел да ја промени и четвртата заповед потиснувајќи ја прастарата сабота, ден кој самиот Бог го благословил и посветил (Излез 2,2.3), и воздигнувајќи го наместо неа празникот кој незнабошците го празнувале како ‘чесен ден на сонцето’. Оваа промена во почетокот не се обидувале да ја направат отворено. Во првите векови сите христијани ја празнувале вистинската сабота. Ревнувале за Божјата чест и верувајќи дека Неговиот закон е непроменлив, најусрдно ја чувале чистотата и светоста на Неговиот прописи. Но сатаната, за да ја постигне таа цел, мошне досетливо и лукаво работел преку своите агенти. За да се сврти вниманието на народот на неделата, таа е прогласена за празник во чест на Христовото воскресение.”
— Големата борба, 47.
„Сатаната со сите сили се труди луѓето да ги одврати од нивната поданичка должност кон Бога, и од послушност на Неговиот закон.”
— Големата борба, 49.
Среда — 14. април
4. БОГОХУЛНА СИЛА
а. Наведи некои од примерите на богохулење? Матеј 9,2.3; Марко 2,7; Јован 10,33. „Ќе зборува против Севишниот“ Даниел 7,25. Како оваа сила хули на Бога? 2 Солунјаните 2,4.
„Една од главните доктрини на римокатолицизмот претставува тврдењето дека папата е видлива глава на сеопштата Христова црква, со највисок авторитет над епископите и свештенство во сите делови во светот. Дури и повеќе од тоа, на папата му се доделувани вистински титули на божество. Именуван е дури и како: ‘Господ Бог Папа’, и прогласен за непогрешлив. Тој бара сите луѓе да го почитуваат. Истото барање кое во пустината на искушението му го поставил на Христа, сатаната и понатаму го поставува преку римската црква и мнозина се подготвени да му се поклонат.”
— Големата борба, 46.
„Папите и свештениците тврдат дека со право можат да проштеваат гревови и да ја отвораат и затвораат вратата на небото за целиот човечки род. Бесмисленото суеверие и религиозните барања го зазеле местото на вистинското богослужение. Животот на папата и свештенството станал толку изопачен, нивното дрско полагање на право толку богохулно, така што добрите луѓе стравувале за моралноста на генерациите што доаѓаат.”
— Знаци на времето, 31. мај, 1883.
б. Што покажува дека манифестирањето на антихристот почнало уште во деновите на апостолите, и како знаеме дека „човекот на беззаконието“ не потекнува од некое атеистичко опкружување туку од христијанството? 2 Солунјаните 2,3.4.7; 1 Јованово 2,18.19; 4,1-3; Дела 20,28-30.
„Апостол Павле во своето второ послание до Солуњаните, прорекол големо отпадништво кое ќе доведе до воспоставување на папска власт… Веќе во самиот почеток тој забележал како во црквата се вовлекуваат заблуди кои ќе подготват пат за развој на папството.”
— Големата борба, 45.
„Во советите на сатанските заседанија е решено знакот на поданичката послушност на Бога потполно да се избрише на овој свет. Антихристот, човекот на беззаконието, се воздигнал како највисок поглавар на земјата, и преку него сатаната мајсторски го извел бунтот против Божјиот закон и против (празнувањето на саботата) споменот на Неговото творечко дело… Лажната сабота (неделата) е воздигната со посредство на натчовечка сила за да Бог биде обесчестен.”
— Знаци на времето, 12. март, 1894.
Четврток — 15. април
5. КРВОЖЕДНА ОРГАНИЗАЦИЈА
а. Што ја обележува историјата на оваа верско-политичка организација која владеела со христијанскиот свет 1260 години? Матеј 24,21.22; Откровение 13,7; 17,6.
„Во тринаесеттиот век е воведена инквизицијата – една од најстрашните творби на папството. Самиот кнез на темнината работел заедно со водачите на папската хиерархија. На нивните тајни советувања сатаната и неговите ангели управувале со умовите на овие зли луѓе, додека среде нив – иако невидлив за нивните очи – стоел еден Божји ангел кој водел страшен запис за нивните безбожни заклучоци и ја пишувал историјата на делата и премногу страшни за да можат да се изнесат пред човечките очи.”
— Големата борба, 54.
б. Што ѝ се случило на оваа сила по истекот на 1260 години, во 1798. година? Откровение 13,3 (прв дел). 10.
„Во тоа време (1798. година) при заробувањето на папата од француската војска, папската власт била навистина смртно ранета и пророштвото: ‘кој во ропство води, ќе биде одведен во ропство’, очигледно се исполнило.”
— Големата борба, 392.
в. Што треба да имаме на ум кога ќе се соочиме со стравотијата и свирепоста и на другите таканаречени верници? Јован 16,33; 2 Тимотеј 3,12.
Петок — 16. април
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
а. Како истакнатите обележја на четвртата ѕвер во Даниел 7,7.8 се забележуваат и кај ѕверот сличен на леопард опишан во Откровение 13,1-8?
б. Колку долго на силата симболично прикажана како „мал рог” (и како ѕвер сличен на леопард) и било дозволено да владее со светот?
в. Бог Својот закон никогаш не го променил. Која заповед ја променил антихристот мислејќи дека има право на тоа?
г. Опиши што значи богохулство и објасни на кој начин папата и неговите свештеници хулат на Бога?
д. Зошто 1260-те пророчки денови, односно години, со право се нарекуваат „мрачен век”?
2010 • 2. Квартал
4. лекција – Соединетите Држави во пророштвото
24. април 2010
„И видов друг ѕвер како излегува од земјата. Тој имаше два рога како кај јагне и зборуваше како змевот“.
— Откровение 13,11
„Роговите како кај јагне, а гласот како на змев, симболично укажуваат на упадливата противречност помеѓу исповедањето и праксата на вака прикажаната нација (Откровение 13,11). „Говорот“ на една нација се одлуките на нејзините законодавни и судски власти“.
— Големата борба, 394.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 392-401.536-538.
Недела — 18. април
1. „ИЗЛЕГУВА ОД ЗЕМЈАТА“
а. Бидејќи на ѕверот налик на леопард во 1798. година му е зададена смртна рана, која сила почнала да се издигнува тогаш, и по што знаеме која е таа нација? Откровение 13,11 (прв дел).
„Меѓутоа, ѕверот со роговите слични на јагне, е виден ‘како излегува од земјата’. Наместо да урива други сили за да ја воспостави својата, вака прикажаната нација мора да се појави на една до тогаш незаземена територија, да се развива постепено и мирно. Затоа нелогично е да излезе од многубројните и меѓусебно судрени народи на Стариот Свет – од немирното море ‘на луѓе и народи и племиња и јазици’. Таа мора да се побара на западниот континент.’
— Големата борба, 392.
б. Пророкот видел како овој ѕвер „излегува од земјата“. Што значи тоа? Спореди Откровение 13,1 со 13,11?
„Која нација во таканаречениот Нов свет 1798. година започнала да се развива во сила и величина и да го привлекува на себе вниманието на светот? Примената на дадениот симбол е надвор од секој сомнеж. Една нација, и само една, одговара на наводите на даденото пророштво; тоа јасно укажува на Соединетите Држави на Америка.”
— Големата борба, 393.
Понеделник — 19. април
2. КАРАКТЕРИСТИКИ НА ЈАГНЕ
а. Кои карактеристики слични на јагне навистина можеле да се видат во раната историја на Соединетите Држави? Како тие особини се отелотворени во основните начела (уставот) на оваа нација? Исаија 53,7; Еремија 11,19; Дела 8,32.
„’И имаше два рога како кај јагне’. Роговите како кај јагне укажуваат на младост, невиност и благост, и одговараат на карактерот на Соединетите Држави во 1798. година кога, како што му било покажано на пророкот, едноставно изникнале од земјата. Меѓу прогонетите христијани, кои први побегнале во Америка да бараат засолниште пред угнетувачкиот бес на христијанството имало многу кои цврсто решиле тука да основаат држава на широките темели на граѓанска и верска слобода. Нивните погледи се внесени во Декларацијата за независност која ја истакнува големата вистина дека ’Сите луѓе се родени еднакви’ и надарени со неотуѓиво право на живот, слобода и стремење кон среќа!’ А Уставот на народот му гарантира право на самоуправување, предвидувајќи дека законите ги создаваат и за нивна примена се грижат претставници избрани од народот. Загарантирана е и слобода на вероисповед и на секого му е дозволено да му служи на Бога според својата совест. Републиканизмот и протестантизмот биле основни начела на нацијата. Овие начела ја претставуваат тајната на нивната моќ и напредок. Мнозина кои во христијанските земји ширум Европа биле прогонувани и угнетувани тргнале во оваа земја со голем интерес и полни со надеж“.
”Основачите на нацијата мудро настојувале да го оневозможат користењето на световната власт од страна на црквата со нејзините неизбежни последици – нетрпеливост и прогонство. Уставот предвидува дека ’Конгресот не може со закон да пропише почитување на религија, ниту пак да ја забрани слободата на нејзиното исповедање’ и дека ’верата никогаш не смее да се бара како квалификација за добивање на било која јавна служба во Соединетите Држави“.
— Големата борба, 393-394.
б. Како Соединетите Држави почнале да им помагаат на прогонетите христијани уште пред да престане прогонството на државната црква во европските земји? Матеј 24,21.22; Откровение 12,14-16.
„Кога во Европа се прочуло дека постои земја во која секој може да ги ужива плодовите на својата работа и да живее според осведочувањето на сопствената совест, луѓето масовно почнале да пристигнуваат на брегот на Новиот свет. Библијата за нив била темел на верата, извор на мудроста и повелба на слободата“.
— Големата борба, 266.
Вторник — 20. април
3. ЗБОРУВА КАКО ЗМЕВ
а. Каква промена според пророштвото настанува кај ѕверот сличен на јагне? Откровение 13,11 (посл. дел)
„Со ваквите одлуки оваа нација ги побива слободарските и мирољубивите начела што ги прокламирала за темел на својата државна политика! Пророчката најава дека таа ќе говори ’како змев’ и ќе ја спроведува ’сета власт на првиот ѕвер’, јасно го претскажува развојот на духот на нетрпеливост и прогонство што ги покажале и нациите симболично прикажани како змев и леопард. А податокот дека ѕверот со два рога прави ’земјата и оние што живеат на неа да се поклонат на првиот ѕвер’, кажува дека оваа држава својата власт ќе ја употреби да наметне држење на нешто со што ќе се укажува чест на папството.
„Ваквата постапка би претставуваат директно спротивставување на генијата на нејзините слободарски институции, на отворените и свечени прогласи на Декларацијата за независност и Уставот… Само со флагрантно газење на овие чувари на националната слобода, државната власт би можела со закон да наметне почитување на некој верски пропис. Меѓутоа, дури ниту таквата недоследност не би го надминала она што е прикажано во овој симбол. А тоа е фактот дека ѕверот со роговите како кај јагне – во своето исповедање чист, благ и незлобен – во праксата говори како змев“.
„Говорејќи им на оние што живеат на земјата да направат икона на ѕверот’ (Откровение 13,14). Овде јасно се прикажува облик на владеење каде законодавната власт се наоѓа во рацете на народот; тоа е најочигледен доказ дека токму Соединетите Држави ја претставуваат нацијата назначена во ова пророштво“.
— Големата борба 394-395.
б. Во која смисла ѕверот сличен на јагне (Соединетите Држави) конечно ќе проговори како змев, ќе формира „икона” (ќе го следи примерот) на ѕверот сличен на леопард (Рим)?
„За да дознаеме што претставува оваа икона и како треба да биде направена, мораме да ги проучиме карактеристичните обележја на самиот ѕвер – папството. Кога црквата во почетокот се расипала и застранила од едноставноста на евангелието и ги прифатила незнабожечките ритуали и обичаи, таа ја изгубила божествената сила и дарот на Светиот Дух; а за да може да владее над совеста на народите, барала поддршка од световните власти. Исход од сето тоа било папството – црква која владеела со државата користејќи ја за остварување на своите цели“.
— Големата борба, 395.
Среда — 21. април
4. ПОСТАПУВА КАКО ЗМЕВ
а. Кога ѕверот сличен на јагне ќе почне да зборува како змев, какви постапки мора неизбежно да се очекуваат од негова страна? Откровение 13,12.
„Одбивањето да се покорат на Божјите заповеди и противењето и омразата кон објавувачите на тие заповеди доведува до најрешителна борба со змијата, која со сите свои сили води војна против Божјиот народ што ги држи Неговите заповеди.”
„Судиите кои се повикани да ја делат правдата, примаат мито. Луѓето на одговорни положби се раководат од желба за добивка и се предаваат на сетилните уживања. Неумереноста ја ослабила способноста на многумина, така што сатаната над нив има речиси потполна власт. Правниците се расипани, подмитливи и недоверливи. Пијанство, разврат, страст, завист и непочитување од секаков вид се манифестираат меѓу законодавците. ’Затоа судот отстапи назад и правдата стои далеку; оти вистината падна на улица и правдата не може да помине“.
— 8 Сведоштво, 127; Големата борба, 518.
б. Под чие влијание граѓанските власти во САД ќе ја формираат иконата (имитацијата) на Рим? Откровение 13,15-17.
„За да Соединетите Држави направат икона на првиот ѕвер потребно е црквата да управува со државната власт и да може да го употреби нејзиниот авторитет за постигање на своите сопствени цели… Секогаш кога црквата ја контролирала државната власт, таа тоа го злоупотребувала, казнувајќи ги оние што не се сложуваат со нејзиното официјално учење… ’Иконата на ѕверот’ го претставува оној облик на отпаднички протестантизам кој ќе се развие кога протестантските цркви ќе ја побараат помошта на граѓанските власти за да ги наметнат со сила своите догми“.
— Големата борба, 395-397.
Четврток — 22. април
5. ЌЕ НАПРАВИ СИТЕ ДА СЕ ПОКЛОНАТ НА ПАПСТВОТО
а. Во која смисла, и против кого ќе применува сила ѕверот сличен на јагне? Откровение 13,12. (последен дел).
”Проповедниците ќе вложуваат речиси натчовечки напори за да не допре светлината до нивното стадо. Со сите средства кои им стојат на располагање ќе настојуваат да ја спречат секоја дискусија за овие толку важни прашања. Црквата ќе ја повика силната рака на граѓанската власт, и во тоа папистите и протестантите ќе бидат единствени. Кога движењето за задолжително празнување на неделата ќе биде уште посмело и порешително, тогаш и законот ќе биде повикан на помош против оние кои ги држат Божјите заповеди. Ќе им се закануваат со парични казни и затвор…“
— Големата борба, 537.
б. Како властите на Соединетите Држави ќе постигнат нивните жители познати по слободољубивост да се согласат со загубата на својата слобода? 2 Солунјаните 2,9-12.
„Движењето за задолжително празнување на неделата го подготвува денес во тајност патот перед себе. Неговите поборници ги прикриваат вистинските намери и крајниот исход од тоа… Тие се прикажуваат како мошне благи и привидно делуваат христијански, но кога ќе проговорат ќе го покажат духот на змевот. Наша должност е да направиме сè што е во наша моќ да ја отстраниме опасноста што ни се заканува“.
— 5 Сведоштво, 427.
Петок — 23. април
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
а. Кога ѕверот сличен на јагне се појавил на светската сцена?
б. Како Соединетите Американски Држави им помогнале на христијаните кои заради верското прогонство бегале од Европа?
в. До какви драстични промени неизбежно ќе дојде во оваа мирољубива нација?
г. На кој начин ѕверот сличен на јагне (Соединетите Американски Држави) ќе го имитира ѕверот сличен на леопард (Рим)?
д. На кој начин таа слободарска нација ќе ги укине уставно загарантираните слободи и следејќи го примерот на Рим ќе воведе некаков вид инквизиција?
2010 • 2. Квартал
5. лекција – Чудотворна сила
1. мај 2010
„Тој ги заведуваше жителите на земјата со чудата, што му беа дадени да ги прави пред ѕверот, кој имаше рана од меч и остана жив.”
— Откровение 13,14
„Бог никогаш не врши притисок на слободната волја ниту на совеста на луѓето; додека, напротив, сатаната – за да ги стави под своја власт оние што не може на друг начин да ги заведе – редовно се служи со присила и свирепост. За да го оствари тоа, тој дејствува преку верските и преку световните власти, наведувајќи ги со сила да ги наметнат човечките закони наспроти Божјиот закон“.
— Големата борба, 523.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 43.44.515-524.552.
Недела — 25. април
1. ГОЛЕМА ИЗМАМА СО ПОСРЕДСТВО НА ЧУДА
а. Кое пророштво укажува дека сатаната во последните денови ќе ги користи и чудата за да ги измами луѓето? Матеј 24,24; 2 Коринтјаните 11,14.
„Со помош на спиритизмот сатаната се прикажува како добротвор на човечкиот род; тој ги лекува болесните и се прикажува како да донесува нова и возвишена религија.”
— Големата борба, 521.
„Како врв на големата драма на измамата, самиот сатана ќе се покаже како Христос… Сатаната ќе се појави перед луѓето како величествено битие со заслепувачки сјај.”
— Големата борба, 552.
б. Како можеме да ја забележиме разликата помеѓу вистинските и лажни чуда? Второзаконие 13,1-3; Исаија 8,19.20.
„Оние што тврдат дека имаат голема Божја сила можно е да ги препознаеме само со помош на големиот детектор, законот на Јехова.”
— Вера и дела, 45.
Понеделник — 26. април
2. ЧУДАТА НЕ СЕ СИГУРНО МЕРИЛО
а. Кое пророштво делумно се исполнило во Христовите денови а треба повторно да се исполни во овие последни денови? Малахија 4,5.6; Лука 1,17; Матеј 11-14.
„Јован се одвоил од пријателите и животните удобности. Едноставноста на неговото облекување, облеките исткаени од влакно од камила биле постојан прекор за претерувањето и раскошноста на еврејските свештеници и на народот воопшто. Неговата чиста вегетаријанска исхрана – рогач и див мед – била прекор за попуштањето на апетитот и алчноста која преовладувала насекаде. Во книгата на пророкот Малахија читаме: „Еве, јас ќе ви го испратам пророкот Илија пред да дојде големиот и страшен ден Господов, и тој ќе ги обрати срцата на татковците кон синовите и срцата на синовите кон нивните татковци.” – Овде пророкот го опишува обележјето на најавеното дело. Оние кои треба да го подготват патот за второто Христово доаѓање се претставени како верниот Илија, како што и Јован дошол во духот на Илија за да го подготви патот за првото Христово доаѓање. Големото прашање за значењето на реформата треба да го поттикне и пробуди јавното мислење. Умереноста во сè треба да се поврзе со пораката за наше време за да може Божјиот народ да се сврти од своето идолопоклонство – од незаситното попуштање на апетитот и претерувањето во облекувањето и во други области.”
— 3 Сведоштво, 59.
б. Која поука од Јован Крстител (кој работел во духот и силата на Илија) е од голема вредност за нас денес? Јован 10,41.
„Сатаната вредно ја проучува Библијата. Тој знае дека неговото време е кратко и прави сè што е во негова моќ да се спротивстави на Господовото дело на оваа земја. Невозможно е да се замислат доживувањата на народот Божји кој ќе се затекне жив на земјата кога во исто време ќе се појави небесната слава (доцниот дожд) и ќе се повторат прогонствата од минатото. Народот Божји ќе оди во светлина која ќе доаѓа од Божјиот престол. Со посредство на ангелите ќе се одржува постојана врска помеѓу небото и земјата. А сатаната, опкуржен со злите ангели, ќе тврди дека тој е Бог, и ќе прави чуда од секаков вид за, ако е можно, да ги прелаже дури и избраните. Божјиот народ нема да наоѓа сигурност во правење на чуда, бидејќи сатаната ќе ги имитира чудата кои ќе се прават. Искушаниот и проверен Божји народ ќе ја најде својата сила во знакот за кој се зборува во Излез 31,12-18. Народот Божји мора да се потпре на живата Реч: ‚Пишано е’. Тоа е единствен темел на кој ќе можат да стојат без опасност. Оние кои го раскинале својот завет со Бога во тој ден ќе бидат без Бога и без надеж“.
— 9 Сведоштво, 10.
Вторник — 27. април
3. НАСТАНУВА ПРОМЕНА
а. Што претставуваат двата рога кај ѕверот сличен на јагнето? Откровение 13,11.
„’Двата рога како кај јагне’ прикладно го прикажуваат карактерот на државното уредување во Соединетите Држави, како што тоа е изразено во двете нивни основни начела – републиканизам и протестантизам. Тие начела ја претставуваат тајната на нашата национална сила и просперитет. Оние кои први нашле прибежиште на бреговите на Америка се израдувале најмногу што нашле земја слободна од неоправдано присвоените папски барања и од тиранијата на царската власт. Тие решиле да воспостават владеење засновано на широките темели на граѓанска и верска слобода.”
— Знаци на времето, 1. ноември, 1899.
б. Како оваа нација, која некогаш била слична на јагне, ќе го навредува Бога со усвојување на угнетувачки антибиблиски барања? Откровение 13,14 (посл. дел).
„Доаѓа време кога во нашата земја (САД) законот Божји, во особена смисла, ќе биде прогласен за неважечки и ќе биде газен. Водечките луѓе на нашата (американска) нација преку законодавните тела присилно ќе го наметнат неделниот закон, и народот Божји на тој начин ќе биде изложен на голема опасност. Кога нашата нација, со своите законодавни акти, ќе ги наметне законите со кои ќе се ограничува совеста на луѓето во поглед на нивните верски права, кога празнувањето на неделата ќе биде присилно наметнато и кога оние кои ја празнуваат саботата како седми ден ќе бидат немилосрдно угнетувани, законот Божји ќе биде прогласен потполно неважечки во нашата земја; и со таквото национално отпадништво ќе настапи национална пропаст“.
— Библиски коментари, 921.
в. Со кое трикратно обединување светот конечно ќе биде подготвен да ги прифати најголемите сатански измами? Исаија 8,9.10.12; Откровение 16,13.14.
„Кога протестантизмот ќе ја испружи раката преку бездната за да се фати за раката на римската сила, и кога таа ќе посегне преку бездната за да се поврзе со спиритизмот, и кога под влијание на овој троен сојуз нашата земја ќе го отфрли секое начело на нејзиниот устав како протестантска и републиканска земја, и кога со своите законски акти ќе овозможи пропагирање на папските лаги и измами – тогаш знаеме дека е дојдено времето сатаната да прави знаци и чуда големи и дека е близу крајот“.
— 5 Сведоштво, 426.
Среда — 28. април
4. ЛИКОТ НА ЅВЕРОТ
а. Што претставува иконата на ѕверот, и кој има сила таа икона да ја вдахне со живот? Откровение 13,15 (прв дел).
„Кога водечките цркви во Соединетите Држави, обединувајќи се во оние точки на учење кои инаку им се заеднички, ќе бараат од државата нивните одлуки да ги наметне со сила и да ги подржи нивните институции, тогаш протестантска Америка практично ќе направи икона на римокатоличката хиерархија и на оние што ќе се осмелат поинаку да мислат и веруваат наметнувањето на граѓанските казни ќе биде неизбежна последица“.
„Истиот мајсторски дух кој во минатите векови правел завери против верните и денес сè уште се труди да ги отстрани од лицето на земјата оние кои се бојат од Бога и го држат Неговиот закон. Сатаната копнее да предизвика огорченост против понизното малцинство кое совесно одбива да ги прифати популарните обичаи и традиции. Луѓе со високи положби и углед ќе се придружат на беззакониците и неугледните во заверата против припадниците на Божјиот народ. Богатството, генијалноста и образованието ќе се здружат за да ги изложат на општ презир. Управителите, проповедниците и членовите на црквите ќе се здружат во заверата за да го прогонуваат. Со зборови и перо, со ласкање, закани и исмејување тие ќе настојуваат да ја поткопаат нивната вера. Со лажно прикажување и налутени повици тие ќе ја поттикнат страста на народот. Бидејќи против поборниците на библиската сабота не ќе можат да се повикуваат на аргументи: „Така вели Писмото”, тие ќе прибегнат кон притисок за да го надоместат овој недостаток. За да ја обезбедат својата популарност и заштита, законодавците ќе го прифатат барањето да се донесе неделниот закон. Тие што се бојат од Бога не можат да прифатат одредба која нарушува една од Десетте заповеди. На тоа боиште ќе се одигра последниот голем судир меѓу вистината и заблудата. И ние не сме оставени во незнаење во поглед на исходот на овој судир. Сега, како и во деновите на Мардохеј, Господ ќе ја одбрани Својата вистина и Својот народ.”
— 5 Сведоштво, 425; Големата борба, 396.
б. Како христијанската црква уште на почетокот паднала во сатанската вешто поставена стапица? 2 Тим. 3,5; 2 Солунјаните 2,10-12.
„Отпадот уште во почетокот ја навел црквата да бара помош од државната власт, а тоа го подготвило патот за развој на папството, прикажано со симбол на ѕверот. Павле кажува: ‘Зашто оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓање и не се открие човекот на гревот, синот на погибелта’ (2 Солунјаните 2,3). На ист начин отпадот во црквата ќе го подготви патот и за иконата на ѕверот.”
— Големата борба, 395.
Четврток — 29. април
5. СМРТЕН ДЕКРЕТ
а. Што мораат да очекуваат сите оние кои имаат страв Божји и живеат побожен живот на овој свет? Матеј 14,3-10; 2 Тимотеј 3,12; 1 Царевите 22,8.27.
„Во природата на грешникот е да ги обвинуваат Божјите гласници за сите неволи кои доаѓаат како сигурна последица од скршнувањето од патот на праведноста. Луѓето кои ѝ робуваат на сатанската сила не се во состојба да ги видат работите онака како што ги гледа Бог. Кога ќе им се изнесе огледалото на вистината, се лутат затоа што мислат дека без причина ги обвинува некој. Заслепени од гревот, тие одбиваат да се покајат и сметаат дека Божјите слуги негуваат непријателски чувства кон нив, па затоа заслужуваат најстрога казна“.
„Вистинскиот и предан Христов следбеник мора да биде изложен на прогонство. Не постои пат тоа да се избегне“.
— Пророци и цареви, 95; RH. 19. април, 1898.
б. Што ќе биде со оние кои нема да се согласат да се поклонат на иконата на ѕверот и да го примат нејзиниот жиг? Откровение 13,15 (последен дел). 16.17.
„Ќе се тврди дека луѓето со обесчестување на неделата го навредуваат Бога, и дека тој грев ги донел неволите кои наводно, нема да престанат сè додека сите не бидат присилени строго да ја празнуваат неделата… Чудотворната сила која се манифестира преку спиритизмот ќе го употреби своето влијание против оние кои ќе се одлучат за библискиот став: ‚Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога отколку на луѓето’ (Дела 5,29). Во своите соопштенија, духовите ќе нагласуваат дека самиот Бог ги испратил да ги осведочат противниците на неделата дека се во заблуда, потврдувајќи го сфаќањето дека земните закони мораат да се почитуваат како закон Божји“.
— Големата борба, 522.
Петок — 30. април
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
а. Како можеме да ја забележиме разликата помеѓу вистинските и лажните чуда?
б. Како животот на Јован Крстител покажува дека чудата нема да бидат знак според кој ќе се препознава остатокот на Божјиот народ?
в. Каква улога во Соединетите Држави ќе одигра брзиот развој на спиритизмот?
г. Што претставува икона на ѕверот, и како таа ќе биде направена?
д. Што мораме да очекуваме од оние кои свесно ја отфрлаат вистината?
2010 • 2. Квартал
6. лекција – Белегот на ѕверот
8. мај 2010
„И ќе направи на сите – мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови – да им се стави белег на десната рака или на челата нивни“.
— Откровение 13,16
„Држењето на Божјиот закон од една страна, или, пак, неговото престапување од друга страна, ја претставува основната разлика помеѓу оние што Му се поклонуваат на Бога и оние што му се поклонуваат на ѕверот“.
— Големата борба, 397.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 68-72.273-278.
Недела — 2. мај
1. ЦЕНТРАЛНА ТОЧКА НА КОНФЛИКТОТ
а. Откровение 13 и 14 се тесно поврзани, осветлувајќи го завршниот судир меѓу вистината и заблудата. Како третата ангелска порака го објавува исходот на овој судир? Откровение 14,9-12; 15,2.
б. Која заповед од Божјиот закон е под жесток удар во последниот судир? Излез 20,8; Марко 2,27.28. На чиј авторитет празнувањето на неделата всушност се засновува? Матеј 15,9.13.14.
„Соединетите Држави со сила ќе го изнудат празнувањето на неделата, што Рим го бара како особено признавање на својата врховна власт. Но во почитувањето на папството САД нема да бидат осамени. Влијанието на Рим во земјите што некогаш ја признавале неговата доминација уште не е уништена. И пророштвото најавува обновување на неговата сила… Со признавањето и празнувањето на неделата, што е засновано единствено на авторитетот на Римокатоличката црква, и во Новиот и во Стариот свет на папството ќе му се укажуваат поданички почести и преданости“.
— Големата борба, 512.
Понеделник — 3. мај
2. НАМЕРНА ПРОМЕНА
а. Како нашиот начин на размислување го одлучува нашето поведение и нашите постапки? Матеј 6,21; 12,34; Изреки 23,7.
„Со зборовите што ги изговараме ние откриваме што ни е во срцето. Поврзаноста помеѓу срцето и зборовите кои ги изговараме со своите усни мошне е блиска, и со своите зборови ќе се осудиме во последниот ден“.
— Гласот во говорот и песната, 52
„Ако мислите погрешно се насочени, такви ќе бидат и чувствата и склоностите, а чувствата и мислите го сочинуваат моралниот карактер“.
— 5 Сведоштво, 288.289.
б. Која замисла на Рим, според пророштвото: Даниел 7,25, претставува клучна спорна точка во конечниот судир? Како принудното празнување на неделата, кое ќе го наметне ѕверот сличен на јагнето, ќе го претставува жигот (белегот) на обединувањето или потчинувањето на Рим? Откровение 13,12.
„Но никого Божјиот гнев нема да го стигне перед вистината да допре до неговото срце и совест, и тој ја отфрли. Има многу од оние кои никогаш немале можност да ги слушнат нарочните вистини за ова време. Обврската која произлегува од четвртата заповед никогаш не им е прикажана во вистинската светлина. Оној кој го чита сечие срце и ја испитува секоја побуда нема ниту еден од оние кои го бараат познавањето на вистината да го остави да биде измамен во врска со исходот на оваа борба. Законот не треба на народот да му биде слепо наметнат. Секој ќе има доволно светлина својата одлука да ја донесе врз основа на здравиот разум.”
„Кршењето на Божјите заповеди претставува посебна карактеристика на овој ѕвер, а според тоа и на нејзината икона. За папството претставено во малиот рог, Даниел кажува: ‘ќе помислува да ги измени времињата и Законот’ (Даниел 7,25). А Павле, пак, истата сила ја нарекува ‘човекот на беззаконието’, кој се издига над самиот Бог. Едно пророштво го надополнува другото. Со самиот обид да го промени Божјиот закон папството се издига над Бога; и секој кој, и кога ќе ја дознае вистината, и го прифаќа вака изменетиот закон, со тоа и оддава најголема почест на силата што го изменила. Ваквата послушност на папските закони претставува знак на верност на папата наместо на Бога.
„Папството се осмелило да го менува Божјиот закон… Измената извршена во четвртата заповед точно го исполнува ова пророштво. Црквата тврди дека само таа има власт да извршува таква промена. Со тоа папската сила отворено се издига над Бога.”
— Големата борба, 397; 535.
Вторник — 4. мај
3. ДЕНОТ ГОСПОДОВ
а. Кој библиски стих модерниот протестантизам погрешно го користи во одбрана на празнувањето на неделата? Откровение 1,10.
„Денот Господов спомнат од страна на Јован е саботата, ден во кој Јехова се одмарал после големото дело на создавање, и кој Тој го благословил и посветил затоа што токму во тој ден се одморил. Јован и на островот Патмос ја празнувал саботата исто онака како и додека бил на слобода меѓу луѓето и им проповедал во тој ден. Голите карпи со кои тука бил окружен, го потсетувале Јована на карпата Хорив, и тој размислувал како Бог, изговарајќи го таму Својот закон, нагласил: ‘Помни го саботниот ден за да го празнуваш‘ (Излез 20,8).”
— Посветен живот, 74.
„Но и покрај сите напори да се утврди светоста на неделата, самите паписти јавно го потврдиле божествениот авторитет на саботата и човечкото потекло на институцијата со која таа била заменета. Во шеснаесеттиот век еден папски концил јасно констатирал: Нека сите христијани имаат на ум дека седмиот ден е од Бога посветен и дека го прифатиле и празнувале не само Евреите туку и сите кои тврделе дека Го почитуваат Бога; иако ние христијаните, нивната сабота ја променивме во ден Господов’. Оние кои се осмелиле за да го менуваат Божјиот закон не им бил непознат карактерот на нивното дело. Тие свесно се издигнале над Бога“.
„Додека оние што се поклонуваат на Бога нарочно се познаваат по своето држење на четвртата заповед – бидејќи таа е знак на Неговата создавачка моќ и сведок дека Тој навистина има право на почит и обожавање од страна на луѓето – поклониците на ѕверот се познаваат по своето настојување да го заменат денот, кој претставува спомен на творечката моќ на Творецот, со денот кој го вовел Римјаните Своите дрски барања папството прво ги истакнало во врска со празнувањето на неделата; и во своето настојување присилно да го наметне празнувањето на неделата како ‚ден Господов’ за прв пат ја повикала на помош државната власт“.
— Големата борба, 398; 511.
б. Кој ден навистина е „ден Господов“? Марко 2,28; Исаија 58,13; Езекиел 20,12.
„Бидејќи е создадена за човекот, саботата е ден Господов. Таа Му припаѓа на Христа… Саботата е знак на моќта со која Христос располага да нé стори свети. И таа им е дадена на сите кои Христос ги посветува. Како знак на Неговата посветувачка сила, саботата им е дадена на сите кои преку Христа стануваат составен дел на Божјиот Израел“.
— Копнежот на вековите, 269.
Среда — 5. мај
4. СЛУЖЕЊЕ НА НЕПРОМЕНЛИВИОТ БОГ
а. Како Бог гледал на празнувањето на саботата во старозаветниот Израел? Што претставувало благослов, а што проклетство? Еремија 17,19-27.
„(Еремија 17,24.25). Ова ветување за напредок како награда за верност било придружено со пророштво за страшна осуда која ќе го снајде градот доколку неговите жители се покажат како неверни на Бога и Неговиот закон. Доколку не го послушаат предупредувањето да се покорат на Господа Бога на нивните татковци и да го празнуваат Неговиот саботен ден, градот и неговите палати ќе бидат целосно уништени со оган.”
— Пророци и цареви, 281.
б. Како Исус јасно става до знаење дека Тој не дошол – како што тоа било случај со „човекот на беззаконието“ – да го промени Божјиот закон? Матеј 5,17-19; Лука 16,17.
„Христос бил издигнат на крстот затоа што законот е непроменлив, и затоа што човекот може да се спаси единствено покорувајќи му се на Неговите одредби. Меѓутоа, сатаната така ги прикажувал работите како законот да се поништува со оние средства со кои Христос го утврдил. Токму на тоа подрачје ќе дојде до последниот судир во големата борба помеѓу Христа и сатаната.
„Сатаната сега истапува со тврдењето дека законот, изречен со Божјиот глас, е погрешен; дека некои негови одредби се укинати. Тоа е последната голема измама која тој ќе му ја понуди на светот. Тој нема потреба да го напаѓа целиот закон: целта ќе ја постигне само ако ги наведе луѓето да не почитуваат еден единствен пропис ‚Зашто, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сè’ (Јаков 2,10). Заменувајќи го Божјиот закон со човечки сатаната ќе настојува да го контролира светот“.
„Ниту една буквичка или црта во Божјиот закон не е укината за со тоа да се донесе спасение на паднатиот човечки род. Кога Бог би се покажал како непостојан и променлив, не би можело да се има доверба во Неговото владеење. Кога би го повлекол она што еднаш го рекол, тогаш Неговото Слово не би можеле да го сметаме за темел на својата вера. Кога би го променил Својот закон за да им излезе во пресрет на паднатите луѓе, тогаш сатанското тврдење дека човекот не може да го држи Божјиот закон би се покажало точно. Но Бог не го променил Својот закон. Христовата смрт сведочи пред небесната вселена, пред непаднатите светови и пред сите Адамови потомци дека Божјиот закон е непроменлив и дека на денот на судот според него ќе им се суди на сите кои упорно остануваат во престапот“.
— Копнежот на вековите, 747; Знаци на времето, 7 април 1898.
Четврток — 6. мај
5. „ИЗЛЕЗЕТЕ ОД НЕА“
а. Зошто ние денес велиме дека мнозина од оние кои ја празнуваат неделата, но се искрени во своето срце, сè уште не го примиле белегот на ѕверот? Дела 17,30; Јаков 4,17; Јован 15,22. Кога празнувањето на неделата ќе биде со сила наметнато?
„Има мнозина до кои светлината никогаш не допрела. Тие се измамени од своите учители, и тие сè уште не го примиле жигот на ѕверот. Господ се залага за нив, и нема да ги остави да продолжат по својот пат. Сé додека не бидат осведочени со вистината и не ги погазат доказите дадени да ги осветлат Господ нема да ја повлече Својата благодат од нив.”
— Објавени ракописи 9, 103.
„Бог на луѓето им ја дал саботата како знак меѓу Него и нив, како мерило на нивната преданост. Оние кои, примајќи го сознанието за Божјиот закон, продолжат со непослушноста и ги издигаат човечките закони над Божјиот, во големата криза која е перед нас, ќе го примат жигот ѕверин.”
— Евангелизам, 235.
„Празнувањето на неделата денес сè уште не е пробно средство. Ќе дојде време кога на луѓето ќе им биде не само забрането да работат во недела, туку ќе бидат принудувани да работат во сабота, и да го прифатат празнувањето на неделата или загубата на слободата па дури и својот живот. Но времето за тоа уште не дошло, зашто вистината на народот мора да му се прикаже попотполно, за да им послужи како сведоштво.“
— RH, 6 април 1911.
б. Што мора да се случи перед да се наметне празнувањето на неделата со смртна пресуда? Кој повик мора да му се упати на светот перед самиот крај? Откровение 14,9.10; 18,1.4.
Петок — 7. мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
а. Според што е карактеристична работата на третиот ангел од Откровение 14?
б. Објасни ја „намерата“ на римската хиерархија проречена во книгата на Даниел 7,25?
в. Како можеме да докажеме дека „денот Господов“ никако не може да биде прв, туку само седми ден на седмицата – сабота?
г. Објасни ги цитатите Матеј 5,17-19; Лука 16,17; Матеј 22,36-40 и Јаков 2,10 во врска со исходот од големиот судир? (Откровение 14,12).
д. Зошто завршниот судир помеѓу вистината и заблудата бара одвојување од таканаречените цркви?
2010 • 2. Квартал
7. лекција – Христос и саботата
15. мај 2010
„И дојде (Исус) во Назарет, каде што беше одраснал, и по обичајот Свој влезе еден саботен ден во синагогата, па стана да чита“.
— Лука. 4,16
„Кога ангелите при Христовото раѓање пееле: ‘Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја’ (Лука 2,14), тие го истакнале принципот токму на оној закон кој што Тој дошол да го направи голем и славен“.
— Копнежот на вековите, 288.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 300-301.
Недела — 9. мај
1. ПОТЕКЛОТО НА ПРАЗНУВАЊЕТО НА САБОТАТА
а. Кога Бог го воспоставил саботниот одмор? Битие 2,1-3.
„Благословувајќи го седмиот ден, Бог уште во Едем поставил спомен на Своето дело на создавањето. Саботата му била предадена на Адама, на таткото на претставникот на целото човечко семејство… Оваа установа, како посебен празник на сеќавање и спомен, му е дадена на целото човештво. Во неа нема ништо што би претставувало сенка, ниту пак нешто што би се ограничувало само на еден народ.”
„Бог видел дека саботата била битна за човекот, дури и тогаш додека уште се наоѓал во рајот. Му било потребно еден ден во седмицата да ги остави сите свои интереси и стремежи за да може целосно да се посвети на посматрање на Божјите дела и на размислување за Невата моќ и добрина.”
— Патријарси и пророци, 21.
б. На кој начин светоста на саботата е потврдена пред да се објави законот на Синај? Излез 16,22-30. На што треба саботата да нé потсетува? Излез 20,8-11.
„Околностите во врска со давањето на мана даваат убедливи и непобитни докази дека празнувањето на саботата не било воведено тогаш кога е даден законот на Синај, како мнозина што тврдат. За задолжителноста на празнувањето на Саботата Израелците ја знаеле уште пред да стигнат на Синај.”
— Големата борба, 301.
Понеделник — 10. мај
2. ХРИСТОВИОТ ПРИМЕР
a. Каква била Христовата намера во поглед на Божјиот закон? Псалм 40,8; Исаија 42,21; Матеј 5,17–19.
б. Како Христос ги укорил Евреите поради престапувањето на Божјиот морален закон (Десетте заповеди)? Матеј 15,3–6; Лука 10,26; Јован 7,19.
„Во прописите на Својот свет закон Бог дал совршени животни правила и рекол дека тој закон ќе биде задолжителен за човечките суштества до крајот на светот, без измена на ниту една буква или една цртичка. Христос дошол тој закон да го стори голем и славен. Тој покажал дека законот е основан врз силните темели на љубовта кон Бога и кон човекот и дека во послушноста кон Неговите прописи лежи целокупната должност на човекот. Со Својот живот на земјата Христос дал совршен пример на покорност на Божјиот закон. Во Својата беседа на гората Тој покажал дека неговата задолжителност не се однесува само на постапките што се гледаат надворешно, туку се протега и на мислите и на намерите на срцето.”
— Делата на апостолите, 379.
в. Наведи пример кој покажува како Христос во Своето учење се залагал за повторно воспоставување на вистинското значење на Божјиот закон. Матеј 5,21.22; 27.28; 31.32; 19,17–19; Лука 16,17.18. Тој и саботата ја вратил на нејзиното првобитно место во Божјиот план за човечкиот род. Наведи примери: Матеј 12,10–12; 24,20; Марко 2,27.
„Еврејските поглавари ја исполниле волјата на сатаната кога во врска со Божјиот ден за одмор поставиле мачни барања и прописи. Во времето на Христа празнувањето на саботата станало толку изопачено така што го прикажувало карактерот на себичните и самоволни луѓе, а не карактер исполнет со љубов кон небесниот Отец. Како Бог да пропишува закони на кои луѓето навистина не можат да им се покоруваат. Тие го наведувале светот да Го сметаат Бога за вистински тиранин и да заклучи дека луѓето стануваат свирепи и со стврднати срца ако саботата ја празнуваат онака како што Бог тоа го бара. Христовото дело се состоело во тоа да ги расчисти тие погрешни толкувања. Иако рабините Го опкружувале со своето немилосрдно непријателство, Тој ниту наизглед не се прилагодувал на нивните барања, туку одел право напред, празнувајќи ја саботата сообразно на Божјиот закон.”
„Отстранувајќи ги бесмислените ограничувања на Евреите, Христос ѝ оддал почит на саботата, додека оние кои Го напаѓале го обесчастувале Божјиот свет ден.”
— Копнежот на вековите, 263, 267.
Вторник — 11. мај
3. СЛЕДЕЈЌИ ГО ХРИСТОВИОТ ПРИМЕР
a. Колку будно книжниците и фарисеите Го следеле Исуса во обид да најдат нешто со што ќе Го обвинат? Лука 6,7. Што всушност тие биле во состојба да направат? Јован 8,40.46. Кога Исус бил донесен пред суд, поради каков престап на саботата Го обвинувале Евреите? Матеј 26,59–61.
„Триесет години (Христос) живеел живот на совршен човек, задоволувајќи ги највисоките критериуми на совршенството.”
„Оние кои тврдат дека Христос го укинал законот учат дека Тој ја престапувал саботата и на Своите ученици им дозволил да го прават истото. Така тие го заземаат истото гледиште како и ситничарските Евреи. Со ова тие противречат на сведоштвата на самиот Христос, Кој рекол: ‘Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова’ (Јован 15,10). Ниту Спасителот ниту Неговите следбеници не ја престапувале четвртата заповед. Христос бил жив претставник на законот. Во Неговиот живот не може да се пронајде ниту еден прекршок на Неговите свети прописи. Фрлајќи поглед врз цел еден народ сведоци кои барале прилика да Го осудат, Тој можел да каже: ‘Кој од вас може да Ме обвини за неправда?’ (Јован 8,46).”
— Одбрани пораки 3, 136; Копнежот на вековите, 268.
б. Каква поука во поглед на исправното празнување на саботата им оставил Исус на Своите ученици? Лука 23,52–56. Што секој Христов следбеник е повикан да направи? Јован 15,10; 1 Јованово 2,6.
„Преку страдање и отпор Христос јасно покажал дека и во човечка природа може да се стекне и одржува совршенството на карактерот.”
„Идеалниот христијански карактер е сличен на Христовиот. Како што Синот човечки бил совршен во Својот живот, така и Неговите следбеници треба да бидат совршени во својот живот. Во сè Исус бил сличен на Своите браќа. Станал тело како што сме и ние. Бил гладен, жеден и уморен. Тој се одржувал со храна и освежувал со сон. Ја делел судбината на човекот, но сепак бил безгрешен Божји Син. Тој е Бог во тело. Неговиот карактер треба да биде наш.”
„Сите праведни атрибути на карактерот живеат во Бога како совршена, хармонична целина. Секој оној кој Го прифаќа Христа како свој личен Спасител може да ги поседува овие атрибути. Тоа е наука за светоста.”
— Упатство за младите, 28. декември, 1899; Копнежот на вековите, 291; 2 Сведоштво, 162.
Среда — 12. мај
4. САБОТАТАТА ВО НОВИОТ ЗАВЕТ
а. Каков обичај во поглед на саботата имале Павле и првите христијани? Дела 13,42.44; 16,13; 17,2; 18,4.
б. Каде и во кој ден од седмицата првите христијани ги примале верските поуки? Матеј 23,1–3; Дела 15,21. Што за Ананија — кој бил еден од водачите на првата христијанска црква и строг почитувач на саботата — сведочеле сите Евреи? Дела 22,12.
в. Кој дополнителен доказ, во пророштвото даден преку самиот Христос, покажува дека христијаните ја празнувале саботата и четириесет години по Неговото воскресение? Матеј 24,15–20.
„Христос ја почитувал саботата не само во текот на Својот живот на земјата, туку се погрижил барањето за празнување на истата со почит да се уважува и после Неговата смрт и воскресение. Кога Своите ученици ги предупредил на уништувањето на Ерусалим, кое се случило четириесет години по Неговото вознесение, Тој нагласил: ‘Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме или во сабота; зашто тогаш ќе има страдања, какви што немало од почетокот на светот па досега, ниту, пак, ќе ги има’ (Матеј 24,20.21). Држејќи се до ова Христово упатство, Неговите следбеници ја искористиле можноста да го напуштат градот кој бил под опсада и побегнат во планините, и на тој начин не биле принудени да бегаат ниту во зима ниту во сабота.”
— Знаци на времето, 12. ноември, 1894.
г. Колкава сериозна важност, според Божјата намера, Неговите следбеници треба да ѝ придаваат на саботата во сите поколенија? Излез 31,13.16.17.
„На Бога не може да Му се нанесе поголема навреда отколку кога се игнорира Неговиот свет ден и наместо него се празнува лажниот ден од одмор кој не носи никаков знак на светост. Бог саботата им ја дал на луѓето за да ја одделат за прослава на Неговото име…
„А кој е Израел? Светиот Дух преку апостол Павле вели: ‘А, ако сте, пак, вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници’ (Гал. 3,29). Од сите, кои преку Христа станале дел од вистинскиот Израел, се бара да ја празнуваат саботата.”
— Знаци на времето, 22. ноември, 1899.
Четврток — 13. мај
5. РЕФОРМА ВО ПРАЗНУВАЊЕ НА САБОТАТА
а. Кое упатство секогаш треба да го имаме на ум за да ја празнуваме саботата правилно? Исаија 58,12.13.
„Бог бара Неговиот свет ден и денес да се празнува и да биде свет, како и во времето на Израелците. Оваа заповед, дадена на Евреите, сите христијани треба да ја прифатат како налог на Јехова кој исто така се однесува и на нив. Денот што ѝ претходи на саботата треба да се искористи како ден на подготовка со цел подготвени да ги пречекаме светите мигови. Во никој случај не треба да си дозволиме себеси поради своите работи да ја пречекориме границата на тоа свето време.”
„Кога ќе почне саботата, мораме грижливо да внимаваме на себе, на своите постапки и зборови, за да не го користиме она време кое Му припаѓа само Нему. Не смееме да работиме ништо што е во врска со заработувачка и што можеме да го завршиме за останатите шест дена, ниту пак смееме да им дозволиме на своите деца да го прават тоа. Петокот е ден на подготовка. Него треба да го искористиме за неопходните подготовки за саботата, а потоа треба да мислиме на неа и да зборуваме за неа. Не смее да се зборува ниту да се прави нешто што небото би го сметало како кршење на светата сабота. Бог бара не само во сабота да не извршуваме никаква физичка работа туку и да го научиме својот дух да мисли само за светите прашања. Да се зборува за земските работи всушност значи да се крши четвртата заповед, а истото тоа важи и за водењето на лесни и безначајни разговори. Ако зборуваме за сè што ќе ни дојде на ум, тогаш тоа се празни зборови.”
— Патријарси и пророци, 300; 2 Сведоштво, 791.
Петок — 14. мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
а. Кои докази ги поседуваме дека саботата е празнувана и пред Синај?
б. Каков бил Христовиот став во поглед на Божјиот закон и светоста на саботата?
в. Зошто кога Христос бил изведен пред суд не Го обвинувале за престап на саботата?
г. Како учениците гледале на празнувањето на саботата во време кога Новиот завет веќе бил потврден со Христовата смрт (Галатјаните. 3,15; Евреите 9,16.17)?
д. Што очигледно покажува дека текстот од Исаија 58,12.13 се однесува на христијанската ера?
2010 • 2. Квартал
8. лекција – Обновата на саботата во пророштвото
22. мај 2010
„Вака вели Господ: пазете го правосудството и вршете правда; зашто близу е спасението од Мене и откровението на Мојата правда“.
— Исаија 56,1
„Меѓутоа, за навистина да ја држат саботата света, луѓето и самите мораат да бидат свети. Тие преку вера треба да станат учесници во Христовата природа“.
— Копнежот на вековите, 263.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 402-410.
Недела — 16. мај
1. ВО ПРАЗНУВАЊЕТО НА САБОТАТА ПОТРЕБНА Е ОБНОВА
a. Што очигледно покажува дека Божјиот повик во 56. поглавје од книгата на пророкот Исаија има особена примена во новозаветната ера? Спореди: Исаија 56,1 со 1 Петрово 1,4.5 и Римјаните 3,21–24.
б. Кога и под кои услови благословот на саботниот ден се наменува и на незнабошците собрани со посредство на евангелието? Исаија 56,2-7; Ефесјаните 2,12-22.
„(Во Исаија 56,8) се најавува собирање на незнабошците со посредство на евангелието. А на оние кои тогаш ќе ја почитуваат саботата пророштвото им изрекува благослов. Така обврската на четвртата заповед се протега преку времето на распетието, воскресението и Христовото вознесение, опфаќајќи го и времето на новозаветната ера кога Неговите слуги радосната порака на Евангелието треба да ја објават на сите народи.” – Големата борба, 402.
„Знакот на вистинска посветеност им се става на оние кои ја прифаќаат саботата, држејќи ја света во Господ. Барањата во поглед на саботата, ако ги послушаме, го посветуваат нашиот дух, душата и телото. Излегувајќи од светот и одделувајќи се со прифаќање на саботата која Бог ја посветил и благословил при создавањето, ние даваме доказ за вистинската обратеност. Ние го носиме Божјиот знак и го примаме печатот на Неговото владеење.”
— Објавени ракописи 3, 425.
Понеделник — 17. мај
2. ВНАТРЕШНО ИСКУСТВО ПОТВРДЕНО СО НАДВОРЕШНО ДЕЛУВАЊЕ
а. Опиши го потребното внатрешно искуство на оние што учествуваат во Божјиот саботен одмор? Матеј 11,28-30; Исаија 48,16-18; Еремија 6,16 (прв дел).
„За сите оние кои саботата ја примаат како знак на Христовата создавачка и избавителна сила таа ќе биде радост и милина. Гледајќи го Христа во неа, тие се радуваат во Него. Саботата им укажува на делата на создавањето како и на доказот за Неговата силна моќ во избавувањето. Саботата потсетува на изгубената Едемска градина и истовремено укажува на мирот воспоставен преку Христа. И сè што живее во природата го повторува Неговиот повик: ‘Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам’ (Матеј 11,28).”
— Копнежот на вековите, 269.
б. Што треба да знаеме за длабочината на духовниот одмор кој Христос сака да го искусиме? Евреите 3,7-12; 4,12.
в. Каков доказ имаме дека Божјиот одмор (‘Неговиот спокој’) во кој треба да влеземе, всушност е внатрешно искуство потврдено со надворешен знак? Езекиел 20,12.19.20; Евреите 3,12-14; 4,3.4.9-11.
„Преку делувањето на Светиот Дух, посветеноста со вистината, верникот станува подесен за небесните дворови; бидејќи Христос работи во нас и ни ја припишува Својата правда. Без тоа ниту една душа не добива право на небо. Небото за нас не би претставувало никакво уживање ако за таа света атмосфера не се оспособиме преку влијанието на Светиот Дух и Христовата правда” – Одбрани пораки 1, 395.
„Вистинска посветеност е хармонија со Бога, поистоветување со Него во карактерот. Тоа се добива со прифаќање на оние начела кои претставуваат препис на Неговиот карактер. А саботата претставува знак на послушност. Оној кој со сето срце се покорува на четвртата заповед – ќе се покорува и на Неговиот закон во целост. Тој се посветува преку послушноста.”
— 6 Сведоштво, 350. ориг.
Вторник — 18. мај
3. САБОТАТАТА – БОЖЈИОТ ПЕЧАТ – ТРЕБА ПОВТОРНО ДА СЕ ВОЗДИГНЕ
а. Христовите ученици се повикуваат да ја воздигнат саботата, како Божји печат. На кој начин тие треба да ја извршат таа задача? Исаија 8,13-16; 58,12-14 (спореди: Исаија 8,14 со 1 Петрово 2,7.8).
„Печатот на Божјиот закон се наоѓа во четвртата заповед. Само оваа заповед од сите десет, покрај името ја наведува и титулата на Законодавецот. Таа Го истакнува како Творец на небото и земјата, и со тоа покажува дека само на Него, како на Творец, треба да Му се поклонува и да Му се укажува почит. Освен овој пропис, во декалогот не се наоѓа ништо што толку јасно би покажувало со чиј авторитет е даден законот. Кога папската сила ја променила саботата, печатот е симнат од законот. Христовите следбеници се повикани пак да го воспостават со тоа што саботата, според четвртата заповед, ќе ја издигнат на нејзиното вистинско место, како спомен на делото на Творецот и знак на Неговиот авторитет.”
— Големата борба, 402.
б. Со кое од Бога дадено правило треба да ги проверуваме верските сфаќања? Исаија 8,20. Како знаеме дека ова правило треба да се применува особено во христијанската црква? Исаија 8,14.
„Божјиот народ е упатен на Светото писмо како на своја заштита од влијанието на лажните учители и од измамувачките сили на духовите на темнината. Сатаната се користи со сите можни лукавства за да им оневозможи на луѓето да ја запознаат Библијата; бидејќи нејзиното јасно учење ги открива сите негови измами.”
„Светот е преполн со противречни учења и теории, но Божјиот закон е единственото непогрешливо мерило со кое треба да се проверува секое мислење, учење и теорија”
— Големата борба, 403; 525.
в. Што треба да се направи во последното време, непосредно пред Христовото доаѓање? Дела 3,19-21.
„При завршетокот на историјата на светот сите божествени институции ќе бидат обновени. Ќе се санираат урнатините во законот кои што ги направил човекот престапувајќи ја саботата.”
— Пророци и цареви, 462.
Среда — 19. мај
4. БОЖЈИОТ ЗАКОН – ЦЕНТРАЛНА ТОЧКА НА КОНФЛИКТОТ
а. Кое старозаветно пророштво претставува пример за делото на обнова кое треба да се изврши во овие последни денови? Мал. 4,5; Матеј 17,11.12.
„Бог во сите генерации праќал Свои слуги да го жигосаат гревот како во светот така и во црквата. Но народот сака да му се зборуваат ‘мили работи’, бидејќи чистата неразубавена и непосредно изнесената вистина не му е угодна. Многу реформатори во почетокот на својата работа решиле во осудувањето на гревот на црквата и на народот да постапуваат мошне внимателно и разумно, надевајќи се дека со примената на чистиот христијански живот ќе успеат да го вратат народот на учењето на Библијата. Но и над нив слегол Божјиот Дух, како што во старо време слегол врз Илија, поттикнувајќи го да ги осуди и јавно жигоса гревовите на еден безбожен цар и на отпаднатиот народ; така и тие не можеле да се воздржат, а да не ги објавуваат јасните библиски вистини – учењата кои во почетокот не биле волни да ги истакнуваат. Се чувствувале присилени ревно да ја објавуваат вистината и опасноста која им се заканувала на душите. Зборовите кои самиот Господ им ги ставил во уста ги изговарале без страв од последиците, и народот едноставно бил присилен да го слушне предупредувањето.
„На таков начин ќе се објавува и третата ангелска вест. Кога ќе дојде време таа да се објави со најголема сила, Господ ќе се послужи со понизни орудија и Тој ќе управува со умот на оние кои ќе се посветат на Неговата служба. Работниците повеќе ќе бидат оспособени со помазание на Светиот Дух отколку со образование стекнато во образовните институции. Светата ревност, луѓето од вера и молитва, едноставно ќе ги натера да ги проповедаат зборовите што самиот Бог ќе ги стави во нивната уста.”
— Големата борба, 536.537.
б. Според што остатокот на Божјиот народ дефинитивно ќе се разликува од таканаречените христијански цркви? Матеј 7,21-23; Откровение 14,12.
„Иако на ‘човекот на беззаконието’ му успеало да го замени и да го фрли под нозете Божјиот свет ден, сепак и за време на папската превласт имало верни души кои на скришни места, тајно ја празнувале саботата. Од времето на реформацијата, во секое поколение имало и такви што не престанувале да ја празнуваат. Иако најчесто изложени на навреди, срам и прогонство, секогаш имало и такви кои сведочеле за непроменливоста на Божјиот закон и за светата обврска кон саботата како спомен на создавањето.”
— Големата борба, 404.
Четврток — 20. мај
5. ОСТАНУВА НИЗ СЕТА ВЕЧНОСТ
а. Кое пророштво покажува дека саботата ќе се празнува низ сета вечност? Исаија 66,23.
„Бог нé поучува дека треба да се собираме во Неговиот дом за да негуваме особини на совршена љубов. На тој начин земните жители ќе се подготвуваат за живеалиштата кои Христос отишол да ги подготви за сите оние кои Го љубат. Таам тие ќе се собираат во светилиштето од сабота до сабота и од младина до младина за да се обединат во највозвишените акорди на песна, оддавајќи Му слава и благодарност на Оној Кој седи на престолот и на Јагнето низ вечни времиња.”
„Кога Едем повторно ќе процвета на земјата, сите под сонцето ќе го почитуваат светиот Божји ден за одмор.”
„Во времето ‘кога ќе се воспостави сè што беше рекол Бог преку устата на сите Свои пророци од создавањето на светот’ (Дела 3,21) саботата на создавањето – денот во кој Исус одмарал во Јосифовиот гроб – сè уште ќе биде ден за одмор и радост. Небото и земјата ќе се соединат во пофалба ‘од сабота во сабота’ (Исаија 66,23), а спасените народи радосно ќе се поклонуваат на Бога и на Јагнето.”
— 6 Сведоштво, 368; Копнежот на вековите, 263, 750.
Петок — 21. мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
а. Како можеме да ја забележиме разликата помеѓу вистинските и лажните чуда?
б. Како животот на Јован Крстител покажува дека чудата нема да бидат знак според кој ќе се препознава остатокот на Божјиот народ?
в. Каква улога во Соединетите Држави ќе одигра брзиот развој на спиритизмот?
г. Што претставува икона на ѕверот, и како таа ќе биде направена?
д. Што мораме да очекуваме од оние кои свесно ја отфрлаат вистината?
2010 • 2. Квартал
9. лекција – Поглед кон небото
29. мај 2010
„(Свештениците) кои служат на образот и на сенката на небесните работи, како што му беше речено на Мојсеј, кога ја подигаше скинијата: ‘Гледај, рече, да направиш сè според образецот, што ти беше покажан на планината“.
— Евреите 8,5
„Светињата на првиот завет ја направил човек, нејзин градител бил Мојсеј, а втората (светињата на Новиот завет) ја направил Господ, а не човек. Во онаа светиња службата ја вршеле земните свештеници, а во оваа служи Христос, нашиот Првосвештеник, од десната страна на Бога. Првата светиња била на земјата, а втората е на небото“.
— Големата борба, 370.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Рани списи, 14-16. 34-37.
Недела — 23. мај
1. СВЕТИТЕ ОДАИ ВО НЕБЕСНАТА СВЕТИНЈА
a. Што видел Стефан кога при своето каменување погледнал кон небото? Дела 7,54-56.
б. Што видел апостол Јован кога вратата на небесната светиња во визија се отворила пред него? Откровение 4,1-5.
„Светите одаи на светињата на небото се прикажани со посредство на две одделенија во светињата на земјата. Кога на апостол Јован во визија му било дозволено да фрли еден поглед на Божјиот храм на небото, тој видел како ‘пред престолот гореа седум огнени светила’ (Откровение 4,5). Видел и ‘ангел со златна кадилница… и му беше дадено многу темјан, та со молитвите на сите светии да го постави на златниот жртвеник, што беше пред престолот’ (Откровение 8,3). Тука на пророкот му било дозволено да го види првото одделение на светињата на небото; и тука видел ‘седум огнени светила’ и ‘златен жртвеник’, кои во земната светиња биле прикажани со златен светилник и кадилниот олтар.”
— Големата борба, 371.
Понеделник — 24. мај
2. ВИНОЖИТО НА МИЛОСТ И ПРАВДА
а. Што исто така видел Јован во светата одаја на небесната светиња? Откровение 4,2.3.
„Колкава Божја проникливост и колкаво сочувство кон заблудените созданија на Неговите раце може да се види во поставувањето на сјајното и прекрасно виножито во облаците како знак на Неговиот завет со нив! Господ кажува дека, кога ќе го погледне виножитото во облаците, ќе си спомне за Својот завет. Тоа не значи дека Тој својот завет може да го заборави, туку ни зборува со наш јазик за полесно да можеме да Го разбереме.”
— Патријарси и пророци, 89.
б. Што всушност претставува виножитото? Каква поука можеме да извлечеме од првобитното поставување на виножитото во Ноевите денови? Езекиел 1,26-28; Битие 9,8-17.
„Виножитото што го премостува небото со својот светлосен лак е спомен за ‘вечниот завет помеѓу Бога и секоја жива душа’ (Битие 9,16). А и виножитото што го опкружува престолот на височината, за Божјите деца претставува знак на Неговиот завет на мирот.”
— Воспитување, 102.
в. Кои докази очигледно потврдуваат дека во планот на спасението правдата и милоста одат заедно? Псалм 85,10; Јован 8,10.11; 1 Јованово 1,9.
„Како што виножитото се формира во облаците со спојување на сончевите зраци и малите ситни капки, така и виножитото кое го опкружува Божјиот престол претставува комбинација на силите на правда и милост. Правдата не е единствената особина која треба да се покажува, бидејќи тоа би ја помрачило славата и убавината на виножитото на ветувањето кое го опкружува Божјиот престол; и човекот би можел да види само казна која законот ја бара. Само со примена на правда и казнување не може да се зацврсти Божјото владеење. Токму взаемното мешање на судот и милоста го прави делото на спасение целосно и комплетно.”
„Погледајте го со вера виножитото околу Божјиот престол и облакот на признатите гревови зад него. Виножитото на ветувањето претставува сигурност за секое скрушено и понизно срце дека неговиот живот е сокриен во Христа, и дека Христос е едно со Бога. Божјиот гнев нема да се истури ниту на една душа која во Него ќе побара засолниште.”
— Библиски коментар, 635; Сведоштво за проповедници, 131.
Вторник — 25. мај
3. ДВАЕСЕТ И ЧЕТИРИТЕ СТАРЕШИНИ
а. Од каде всушност доаѓаат 24-те старешини кои седат околу Божјиот престол? Откровение 4,4; 5,8.9.
б. Како тие старешини отишле на небото пред второто Христово доаѓање? Матеј 27,50-53; Ефесјаните 4,8.
„Христос станал од мртвите како прв плод на оние кои спијат во гробот. Тој бил остварувањето на старозаветниот симбол на снопот, и Неговото воскресение се случило токму во денот кога снопјето требало да се принесе на Господа. Овој симболичен обред се извршувал повеќе од илјада години. Од ожнеаните полиња се собирале првите зрели класја и кога народот доаѓал во Ерусалим на празникот Пасха, мавтал со нив во знак на благодарност пред Господа. Сé додека тој обред не се изврши, жетвата не можела да започне. Снопот посветен на Бога ја претставувал жетвата. Така и Христос како прв сноп ја претставувал големата жетва која ќе се прибере за царството Божјо. Неговото воскресение е симбол и гарант за воскресението на сите упокоени праведници. ‘Зашто, ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така Бог и упокоените преку Исус, ќе ги доведе со Него’ (1 Солунјаните 4,14).
„Кога Христос воскреснал, од гробот подигнал мноштво заробеници. Земјотресот при Неговата смрт ги отворил гробовите и кога Тој станал, тие тргнале со Него. Тие некогаш биле Божји соработници, кои по цена на животот сведочеле за вистината. Сега требале да бидат сведоци за Оној Кој ги подигнал од мртвите”
„Исус за сето време на Својата служба ги враќал мртвите во живот. Го подигнал синот на вдовицата од Наин, ќерката на Јаир и Лазар. Меѓутоа, тие не биле облечени во бесмртност. Иако биле подигнати од мртвите, тие останале подложни на смртта. Меѓутоа, оние кои при Христовото воскресение излегле од гробот, биле подигнати за вечен живот. Тие се вознеле со Него како трофеи на Неговата победа над смртта и гробот… Воскреснатите влегле во градот и се појавиле пред мнозина велејќи: Христос стана од мртвите и ние се подигнавме со Него.”
— Копнежот на вековите, 765, 766.
Среда — 26. мај
4. 144.000 И БОЖЈОТО ДЕЛО НА ЗЕМЈАТА
а. Кого пророкот исто така го видел пред престолот? Откровение 7,4.13-15; 15,2.3. (спореди со: Откровение 4,6). Која песна тие ќе ја пеат, и што таа песна всушност претставува? Излез 15,1.13.
„Сите 144.000 беа запечатени и совршено соединети. На нивните чела беа испишани зборовите: Бог, Новиот Ерусалим, и исцртана една блескава ѕвезда која го содржеше Исусовото ново име…”
„Тука (во Новиот Ерусалим) го здогледавме дрвото на животот и Божјиот престол. Од престолот течеше една бистра река, а од двете страни се издигаше дрвото на животот. Стеблото на животот се наоѓа и на едната и на другата страна од реката; обете стебла се од чисто злато, проѕирни.”
„Добро запомни, драг читателу, дека при Христовото доаѓање и ти ќе можеш да бидеш во бројот на оние кои, пеејќи ја песната на искупението околу големиот бел престол, ќе ги полагаат своите круни пред нозете на Искупителот!”
— Рани списи, 15, 17; Знаци на времето, 10. ноември, 1887.
б. Како е прикажано Божјото дело на оваа Земја во пророчките визии, најпрвин на Езекиел, а подоцна и на Јован Богослов? Езекиел 1,4.5.10.14-16; Откровение 4,6-8 (спореди со Исаија 6,1-3). Како во светлината на четирите лица (Езекиел 1,10) можеме да ги назреме различните способности и карактерни особини на оние кои Му служат на Бога? Што претставуваат тркалата?
„Тркало во тркало, појавата на живите битија, поврзани со тркалата, сето тоа на пророкот (Езекиел) му изгледало заплеткано и необјасниво. Меѓутоа, меѓу тркалата се гледала рака на бескрајна Мудрост а совршениот склад е резултат на Нејзиното делување. Секое тркало делувало во совршена хармонија со секое друго”
„Оние што се повикани да заземат одговорни позиции во Божјо дело честопати чувствуваат дека носат мошне тешко бреме, додека би можеле да чувствуваат вистинско задоволство во сознанието дека Исус ги носи и нив и нивното бреме. Ние премногу си дозволуваме себеси да нé обземат грижи на страв и неизвесност во Божјо дело. Треба во потполност и со целосна доверба да се потпреме на Господа. Да веруваме во Него, и во таа вера да одиме напред. Неуморната будност на небесните весници, нивната постојана зафатеност во потпомагањето на човечките битија на земјата, ни покажува како Божјата рака управува со тркалата кои на Езекиел му изгледале ‘како да е тркало во тркало’.”
— Сведоштво за проповедници, 213; Библиски коментар, 365.
Четврток — 27. мај
5. ВИЗИЈА ЗА НАЈСВЕТОТО МЕСТО
а. Кое дело временски поврзано со овие последни денови, одамна во визија им е покажано на Божјите пророци? Даниел 7,9.10; Откровение 11,18.19.
„(Даниел 7,9.10). Така во пророчка визија е прикажан големиот и свечен ден кога карактерот и животот на луѓето ќе се разгледува пред Судијата на целиот свет и кога Тој на секого ќе му даде ‘според делата негови’.”
„Од оние на кои Бог им ја укажува Својата милост се бара во својата работа да вложуваат одлучни напори; бидејќи секое дрво се познава според родовите што ги донесува. Иако човековите добри дела без верата во Исус немаат поголема вредност од Каиновиот принос; сепак покриени со Христовите заслуги таквите дела сведочат дека оној кој ги чини е достоен е да наследи вечен живот.”
— Големата борба, 426; Одбрани пораки 1, 381.382.
б. Зошто Господ го насочува нашето внимание на овие Откровенија? Откровение 1,19.3.
„Откровение означува нешто што е откриено. Господ му ги открил на Својот слуга тајните што се содржат во таа книга и Тој сака тие да бидат достапни за проучување на секого кој има желба за тоа. Нејзините вистини се наменети за оние што живеат во последните денови од земната историја, исто како и за оние што живееле во деновите на Јован. Некои од настаните опишани во тоа пророштво му припаѓаат на минатото, некои се одигруваат сега, а некои ни го предочуваат крајот на големата борба помеѓу силите на темнината и небесниот Кнез, додека некои го опишуваат триумфот и радоста на откупените на обновената земја.”
— Делата на апостолите, 439.
Петок — 28. мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
а. Кои одделенија во небесната светиња ги опишува Јован во 4-то поглавје од Откровението?
б. Како виножитото ги симболизира и милоста и правдата?
в. Како 24-те старешини можеле од оваа земја да одат на небото?
г. Што всушност претставува визијата опишана во првото поглавје од книгата на Езекиел?
д. Како искупението на светите го оправдува Божјиот карактер?
2010 • 2. Квартал
10. лекција – Запечатен свиток
5. јуни 2010
„А еден од старешините ми рече: ‘Не плачи! Ете, Лавот, Кој е од Јудиното колено, коренот Давидов, победи да ја отвори книгата и да ги скрши нејзините седум печати!’“
— Откровение 5,5
„Петтото поглавје на Откровението треба внимателно да се проучува. Тоа е од големо значење за оние кои учествуваат во Божјото дело во овие последни денови. Некои се измамени во тој поглед. Тие не сфаќаат што наидува на Земјата“.
— 9 Сведоштво, 275.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 569-574.
Недела — 30. мај
1. ЗАПЕЧАТЕНА КНИГА
а. Во рацете на Оној Кој седи на престолот, Јован во визија видел запечатена книга. Откровение 5,1-3. Што се наоѓа во таа книга?
„Во (Божјата) отворената рака се наоѓа книга, која ја содржи историјата на Божјото провидение, пророчката историја на народите и црквата. Тука се наоѓаат записите за Божјите изјави, за Неговиот авторитет, Неговите заповеди, за целокупната симболика на Неговиот Совет, и историјата за управувањето на големите и моќни нации”.
— Објавени ракописи 9, 7.
б. Зошто ние не сме во состојба да ја отвориме запечатената книга? Второзаконие 29,29. Како реагирал пророкот кога не се нашол никој да ја отвори таа книга? Откровение 5,4. Каква помош мораме да примиме од Бога за да можеме да го разбереме она што Тој сака да ни го открие? Јован 16,12.13; 1 Коринтјаните 2,12-16.
„Кога размислуваме за големите теми на Божјата Реч, ние гледаме во извор кој под нашиот поглед се раширува и продлабочува. Неговата широчина и длабочина го надминува нашето знаење.”
— Воспитување, 171.
Понеделник — 31. мај
2. ОТВОРАЊЕ НА ЗАПЕЧАТЕНАТА КНИГА
a. Што Бог сака ние да проучуваме – особено во денешно време? Откровение 1,1-3.
„Потребно е повеќе време да посветиме за проучување на Библијата. Ние не ја разбираме Божјата Реч онака како што би требало. Книгата Откровение се отвора перед нас со налогот: ‘Кој чита, нека ги разбере’ упатствата и поуките кои таа ги содржи… Кога како народ ќе сфатиме што за нас значи оваа книга, меѓу нас ќе дојде до големо пробудување. Ако не го прифатиме налогот да истражуваме и да проучуваме, ние не можеме во целост да ги разбереме науките кои во неа се наоѓаат….
„Во минатото книгите на пророкот Даниел и Откровението биле прогласени за запечатени. Тој привиден превез на таинственост што мнозина ги одбивал од обидот да го подигнат, Бог го отстранил со Својата сопствена рака. Самото име ‘Откровение’ е спротивно на изјавата дека таа е запечатена книга. ‘Откровение’ значи дека тука нешто многу битно е објавено. Вистините на оваа книга им се упатени на оние кои живеат во овие последни денови. Ние стоиме на светото место на овие свети вистини перед отстранетата завеса. И не треба само да стоиме. Треба да влеземе, не лекомислено и немарно, нетрпеливо и брзо, туку со почит и во свет страв. Се приближуваме до времето кога пророштвата од книгата Откровение треба да се исполнат”.
— Сведоштво за проповедници, 113.
б. Само проучувањето не ни го осигурува спасението. Што покрај проучување исто така ни е потребно за да се најдеме на стакленото море? Откровение 1,3; Матеј 7,21-27; Јован 15,1-5.
„Каков удел ќе имате во завршните сцени на историјата на овој свет? Дали сте свесни за таа толку сериозна стварност? Го сфаќате ли големото дело на подготовка кое се врши на небото и на земјата? Сите оние кои ја примиле светлината, кои имале прилика да ги слушнат и да ги читаат пророштвата, треба особено да ги имаат на ум зборовите: ‘зашто времето е блиску’. Сега никој нека не се поигрува со гревот – изворот на сите страдања во овој свет. Не останувајте подолго во летаргија и тапа рамнодушност. Не ја оставајте во неизвесност судбината на својата душа. Треба да бидете сигурни дека се наоѓате на Господовата страна. Со искрени срца и треперливи усни, поставете си го прашањето: ‘Кој може да опстане’ (Откровение 6,17)? Дали во овие драгоцени последни часови на милост, го вградувате најдобриот материјал во зградата на својот карактер? Дали ја очистивте својата душа од секоја дамка? Дали постапувавте според добиената светлина? Дали вашите дела одговараат на верата која ја исповедате?“
— 6 Сведоштво, 404.
Вторник — 1. јуни
3. ЛАВ ОД ЈУДИНОТО КОЛЕНО
а. Кој надвладеал да ја отвори книгата? Откровение 5,5-7. Кои две особини се комбинираат во симболот Коренот Давидов? И како (или под кои околности) овие две особини се манифестираат?
„Спасителот на Јована симболично му бил претставен како ‘Лав од Јудиното колено’, и како Јагне кое ’беше заклано’ (Откровение 5,5.6). Тие симболи претставуваат спој на семоќната сила и на самопожртвуваната љубов. Лавот од Јудиното колено, толку страшен за оние што ја отфрлаат Неговата милост, станува Јагне Божјо за послушните и верните. Огнениот столб, кој за престапниците на Божјиот закон значел ужас и гнев, за оние што ги држеле Неговите заповеди бил симбол на светлина, на милосрдие и слобода. Раката, доволно силна да ги погуби бунтовниците, ќе биде исто толку силна да ги ослободи верните.”
„Ако Христовиот божествен карактер го проучуваме во светлината на крстот, забележуваме милосрдие, нежност и проштавање, а едновремено и правда и непристрасност. На престолот го гледаме Оној Кој на рацете, на нозете и на слабините носи знаци од страдањата поднесени само затоа човекот да го помири со Бога. Го гледаме Отецот, без почеток и крај, во светлина кон која не можеме да пристапиме, но Кој сепак, благодарение на заслугите на Својот Син, нé прима при Себе. Во облакот на одмазда, кој навестувал само несреќа и очај, во светлината што доаѓа од крстот, се насетува откровение на божествената порака: ‘Живеј, грешниче, живеј! Живејте покајани верници! Јас најдов откуп.’”
— Делата на апостолите, 247, 445.
б. Зошто Исус се нарекува и Јагне заклано од создавањето на светот? Откровение 13,8. Што за тоа кажува апостол Павле? Римјаните 5,8; 1 Коринтјаните 2,2.7.
„Планот на спасението бил поставен перед да биде создадена земјата, зашто Христос е Јагне ‘кое е заклано од создавањето на светот’ (Откровение 13,8); а сепак, и Царот на вселената морал да се бори сам со Себе перед да Го предаде Својот Син на смрт заради грешниот човечки род… О, тајно на спасението! Каква ли љубов Божја кон еден свет кој не Го сакал!”
— Патријарси и пророци, 41.
Среда — 2. јуни
4. СВЕТО СВЕШТЕНСТВО
a. Какви плодови во својата служба на Бога донесуваат вистинските Христови следбеници на кои таа запечатена книга им е отворена? 1 Петрово 2,5.9-12; 3,8-17.
„Со покажување на Својата милост и богатствата на благодатта Господ Исус ги проверува човечките срца. Тој делувањето на преобразбата остварена во нив ја прави толку зачудувачка така што сатаната со сето свое победничко фалење, со целокупниот сојуз на злото обединет против Бога и законот на Неговото владеење, застанува посматрајќи ги како неосвоиви тврдини за сите негови лукавства и измами. Тие за него се несфатлива тајна. Божјите ангели, херувимите и серафимите, оние што се овластени и задолжени да соработуваат со човечките орудија, со воодушевување и радост посматраат како паднатите луѓе, кои некогаш биле ‘деца на гневот’, благодарение на Христовото учење развиваат карактер сличен на Божјиот и стануваат Божји синови и ќерки и придонесуваат во задобивање и уживање на небото.”
— Верата со која живеам, 142.
б. Која е најголемата радост за Христа Кој овде се прикажува како ‘корен Давидов’, и кога Тој таа Своја радост ќе ја подели со искупените? Откровение 21,3.4; Римјаните 8,16-18; Галатјаните 3,29.
„Радоста на Спасителот е во тоа што во царството на славата најпосле ги гледа душите кои се спасени преку Неговото страдање и понижување. А откупените ја делат Неговата радост посматрајќи ги меѓу спасените и оние кои со своите молитви, својот труд, пожртвуваност и љубов ги придобиле за Христа. Собрани околу величествениот бел престол нивните срца ќе бидат исполнети со неискажана радост кога тука ќе ги видат и оние кои ги придобиле за Христа и кога ќе видат дека тие придобиле други, а овие пак други, и дека сите најпосле пристигнале во пристаништето на мирот за да ги положат своите круни перед Исусовите нозе и да Го слават низ бескрајните циклуси на вечноста”.
— Големата борба, 570.
в. Која песна искупените, заедно со 24-те старешини, ќе можат да ја пеат? Откровение 5,9.10.
„Дури таму ќе ни стане потполно јасно дека Оној Кој е неизмерен во мудроста навистина не можел за нашето спасение да пронајде никаков друг план освен да Го жртвува Својот Син. Радоста што земјата ќе ја населат откупените суштества, свети, среќни и бесмртни, ќе ја претставува наградата за оваа жртва.”
— Големата борба, 574.
Четврток — 3. јуни
5. СЛАВА И ВЕЧНА БЛАГОДАРНОСТ
а. Како 24-те старешини и сите искупени ќе продолжат да Го фалат и слават Господа за Неговата љубов и жртва? Откровение 5,11-14.
„Цената на искупението нема да се сфати сè додека искупените заедно не застанат со Искупителот перед Божјиот престол. Тогаш, кога славата на вечниот дом ќе блесне перед нашите восхитени сетила, ќе се сетиме дека Исус сето тоа го напуштил заради нас, дека не само што станал изгнаник од небесните дворови, туку заради нас се изложил на опасност да доживее неуспех и вечна загуба. Тогаш своите круни ќе ги положиме перед Неговите нозе и ќе запееме: ‘Достојно е закланото Јагне да прими сила и богатство, мудрост и моќ, чест, слава и благослов’ (Откровение 5,12).”
— Копнежот на вековите, 111.
б. Како повторно ќе изгледа целата вселена кога конечно борбата ќе заврши? Исаија 11,9; 32,17; Римјаните 14,11.
„Големата борба е завршена. Нема веќе грев и грешници. Целата вселена е чиста. Сé што создал Бог во бескрајната вселена, повторно чука со единствен пулс на хармонија и радост. Животот, светлината и радоста кои доаѓаат од Оној Кој создал сè, незапирливо течат во сите делови на Неговото пространо и неограничено царство. Од најситниот атом до најголемиот свет во пространството на вселената, сè што живее и што постои, живата и неживата природа – сè во својата непоматена убавина и радост говори дека Бог е љубов.”
— Големата борба, 597.
Петок — 4. јуни
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
а. Зошто отворањето на ’запечатената книга’ е мошне битно во нашите денови?
б. Со чија помош единствено ќе можеме да сфатиме некои од скриените подробности во врска со Божјите намери?
в. Зошто само Исус бил во состојба да ги открие настаните во иднина?
г. Кој соработува со Христа во Неговата служба во небесната светиња?
д. Коен поцелосно ќе го разбереме планот на спасението, на кој начин ќе ја изразуваме својата радост и благодарност на Господа?
2010 • 2. Квартал
11. лекција – Отворање на печатите
12. јуни 2010
„И видов во десницата на Оној Кој седеше на престолот, книга напишана однатре и однадвор, запечатена со седум печати“.
— Откровение 5,1
„О, кога би можеле сите да Го видиме нашиот драг и ценет Спасител лице в лице! О, кога Неговата рака би го отстранила од нашите очи превезот кој ја засолнува Неговата слава!“
— Библиски коментари, 899.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апостолите, 435-443.
Недела — 6. јуни
1. ЧИСТА И БЕСПРЕКОРНА ВОЈСКА
а. Што видел пророкот кога е отворен првиот печат? Откровение 6,1.2. Што во Светите списи симболизира белата боја? Откровение 3,4.5; 19,8; Исаија 1,18.
б. Опиши ја ранохристијанската црква и нејзините духовни освојувања. Каква предност претставува прогонството за Евангелието? Дела 8,4; Колосјаните 1,23.
„Во деновите на апостолите христијанските верници биле исполнети со ревност и ентузијазам. Тие биле толку неуморни во својата работа за Учителот, што евангелието за царството, наспроти најогорчениот отпор од страна на непријателот, за сразмерно кусо време го рашириле низ сите тогашни населени делови на светот. Ревноста што ја покажале во тоа време Исусовите следбеници вдахновеното перо го забележало заради охрабрување на верниците во сите векови”.
„Кога првобитното христијанство би ги проникнувало срцата на оние што тврдат дека веруваат во вистината, тогаш тоа во нив би внело нов живот и сила. Народот што живее во мрак тогаш би ја согледал разликата помеѓу вистината и заблудата, помеѓу учењето на Божјата реч и суеверните приказни.”
— Делата на апостолите, 435; 5 Сведоштво, 548.
Понеделник — 7. јуни
2. ПОБЕДИ ВО ПРВИОТ ВЕК
a. Во која смисла христијаните биле посебен народ? Откровение 2,1.3.
„Првите христијани навистина биле ‘посебен народ’ (Второзаконие 7,6). Нивното беспрекорно однесување и нивната непоколеблива вера претставувале постојан укор кој го нарушувал мирот на грешниците. Иако малубројни, без богатство, без положба и почесни титули, тие насекаде биле страв и трепет за оние што правеле зло, каде што биле познати нивниот карактер и нивното учење.”
„Верниците на црквата биле единствени во чувствата, во мислењето и во делото. Христовата љубов била оној златен синџир што ги поврзувал. Тие постојано се усовршувале во своето познавање на Господа и во нивниот живот очигледно се одржувала онаа радост и мир што може да ги даде само Христос. Посетувале сирачиња и вдовици во нивните невољи и се пазеле да останат неопоганети од светот, знаејќи дека – ако постапат спротивно – би дошле во судир со својата вера и би се откажале од својот Откупител.
Делото видно напредувало во секој град. Сите што се обратиле, чувствувале должност и на другите да им зборуваат за непроценливото богатство што го примиле. Не мирувале сè додека светлината што го осветлила нивниот дух не им била пренесена и на другите.”
— Големата борба, 42; Делата на апостолите, 436.
б. Како во првата црква постапувале со неверните водачи? Откровение 2,2 (спореди со Дела 20,28-30). Зошто црквата пред крајот на првиот век, за жал, ја изгубила својата првобитна побожност? Откровение 2,4.5.
„Меѓутоа, по извесно време ревноста на верниците почнала да слабее, а нивната меѓусебна љубов и љубовта кон Бога сè повеќе се намалувала. Во црквата се вовлекувало студенило. Некои потполно заборавиле на колку чудесен начин ја примиле вистината. Еден по друг старите знаменосци паѓале на своите положби. Некои од помладите работници, кои можеле да примат на себе еден дел од товарот на тие првоборци и со тоа да се подготват за мудри водачи, се измориле од честото повторување на вистините. Во својата желба за нешто ново и необично се обидувале да внесат некои нови видови наука, кои биле пријатни за увото на мнозина, но не биле во согласност со основните начела на Евангелието. Во својата смоувереност и духовно слепило превиделе дека тие измамливи заклучоци ќе натераат мнозина да се посомневаат во искуствата од минатото и дека тоа ќе доведе до збрка и неверство.”
— Делата на апостолите, 436.
Вторник — 8. јуни
3. ЖЕСТОКИ ПРОГОНСТВА
а. Што видел пророкот кога бил отворен вториот печат? Откровение 6,3.4. Што означува црвената боја? 2 Царевите 3,19-23.
„Голем број христијани своето сведоштво го запечатиле со сопствената крв. Благородници и робови, богати и сиромашни, учени и неуки, подеднакво биле убивани без милост.”
„Овие прогонства, кои почнале во времето на Нерон, некаде во времето на мачеништвото на апостол Павле, продолжиле со поголема или помала жестокост низ вековите. Христијаните биле лажно обвинувани за најстрашни злосторства и биле прогласени како причинители за големи катастрофи – глад, чума и земјотреси. Кога станале предмет на општа омраза и сомнеж, се појавиле поткажувачи подготвени, заради добивка, да ги предадат и невините. Биле осудувани како противници на царството, како непријатели на постоечката религија и како штетници за општеството. Мнозина од нив биле фрлани пред диви ѕверови, или спалувани живи во амфитеатрите.”
„И во времето на најжестоките прогонства, овие сведоци за Христа ја сочувале својата вера неизвалкана. Иако лишени од секое удобство, далеку од сончевата светлина, својот дом го наоѓале во мрачните но пријателски пазуви на земјата, неизговарајќи ниту еден збор на жалење. Со зборови на вера, на трпение и надеж, се храбреле еден со друг за да ја издржат сиромаштијата и неволјата. Загубата на секој земен благослов не можела да ги присили да се откажат од својата вера во Христа. Искушенијата и прогонствата биле само скалила што ги воделе поблиску до нивниот мир и нивната награда.”
— Големата борба, 35; 37.
б. Зошто може да се каже дека ‘победувале дури и во својот привиден пораз’ (Големата борба, 38)? Откровение 7,14.17.
„Илјадници луѓе биле затворани и убивани, но веднаш се појавувале други да ги пополнат нивните места. Оние, пак, што умирале, како маченици за својата вера сигурни се во Христа, зашто Тој ги смета за победници. Тие се бореле во добрата борба на верата, и кога ќе дојде Христос ќе го примат венецот на славата. Страдањата што ги поднесувале христијаните уште повеќе меѓусебно ги зближувале и уште поцврсто ги врзувале за Нивниот Откупител. Нивниот примерен живот и сведоштвата давани при смртта, биле постојани сведоци за вистината, и таму каде што најмалку се очекувало, следбениците на сатаната ја напуштале неговата служба и стапувале под Христовото знаме.”
— Големата борба, 38.
Среда — 9. јуни
4. ПОЧЕТОК НА ОТПАДНИШТВОТО
а. Каква промена настанала во времето на третиот печат, во почетокот на четвртиот век? Откровение 6,5.6.
„Затоа сатаната испланирал како поуспешно да војува против Божјо владеење, решавајќи своето знаме да го подигне внатре во христијанската црква. Ако успее Христовите следбеници да ги измами и да ги наведе да ја загубат Божјата наклоност, тогаш ќе исчезне нивната сила, нивната храброст и непоколебливост и така лесно ќе станат негов плен.”
„Сега големиот противник се трудел со лукавство да го постигне она што не успеал да го постигне со сила. Прогонството престанало, а на неговото место се појавиле опасните привлечности на земната благосостојба и на световните почести. Идолопоклониците примиле дел од христијанската вера, а ги отфрлиле другите главни вистини. Тие тврделе дека Го признаваат Исуса како Син Божји и веруваат во Неговата смрт и воскресение, но не ја увидувале својата грешност и не чувствувале никаква потреба од покајание и од промена на срцето. Со некои отстапки од своја страна тие им предлагале на христијаните и тие да направат некоја отстапка, и на тој начин сите да се соединат во платформата на верата во Христа.”
„Најпосле поголемиот дел од христијаните се согласил да го намали својот стандард и така настанало соединување меѓу христијанството и незнабоштвото. Иако овие обожаватели на идоли тврделе дека се обратени и соединети со црквата, тие сепак сè уште биле прилепени за нивните идоли, само што предметите што ги обожавале ги замениле со сликите на Исус, па дури и со слики на Марија и на светците… Откако Христовите следбеници се соединиле со идолопоклониците, христијанската вера се изопачила, а црквата ја изгубила својата чистота и сила.”
— Големата борба, 38-39.
б. Како ова отпадништво било предвидено од страна на апостол Павле? 2 Солунјаните 2,7-9.
„Но кога прогонството престанало и христијанството влегло во царските дворови и палати, тогаш тоа понизноста и едноставноста на Христа и Неговите апостоли ги заменило со сјајот и со гордоста на незнабожечките свештеници и владетели, и наместо Божјите барања, тоа вовело човечките теории и традиции.”
— Големата борба, 45.
Четврток — 10. јуни
5. КОНТРОЛА ПРЕКУ ИНТЕНЗИВНО ПРОГОНСТВО
а. Што било видено кога е отворен четвртиот печат? Какво било името на четвртиот јавач? Откровение 6,7.8. Како папскиот Рим ја стекнал политичката контрола во шестиот век?
„’Пладнето на папството било полноќ за светот’ – Вили (J. A. Wylie) Историја на протестантизмот, кн. 1, погл. 4. Светото писмо речиси било непознато, и тоа не само за народот, туку и за свештениците. Слично на фарисеите во старо време, папските водачи ја мразеле светлината која ги откривала нивните гревови. Откако го отстраниле Божјиот закон, мерило на правдата, тие имале потполно неограничена власт и се оддавале на порокот без никакво воздржување. Насекаде преовладувале измама, лакомство и порок. Луѓето не се воздржувале од никаков криминал само ако со негова помош можат да стекнат богатство или положба. Палатите на папите и епископите давале глетка на најодвратен разврат. Некои поглавари на црквата, се оддавале на толку одвратни злосторства што световните владетели се обидувале да ги соборат овие црковни великодостојници како чудовишта премногу гнасни за да можат да се поднесуваат. Со векови Европа не постигнала никаков напредок во науката, во уметноста и цивилизацијата. Христијанството било погодено со морална и интелектуална парализа.”
— Големата борба, 54.
б. Со кои постапки папството ги исполнило овие стихови: Матеј 24,21.22; Даниел 7,25; Откровение 13,7; 17,6.
„Ниту за една друга власт не може со толкаво право да се каже дека е ‘пијана од крвта на светите’ како за онаа која толку свирепо ги прогонувала Христовите следбеници (Откровение 7,6).”
— Големата борба, 344.
Петок — 11. јуни
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
а. Што симболизирал белиот коњ?
б. Бидејќи Божјата црква се смета за армија, а бидејќи ние сме во духовна војна, опиши го борбеното искуство на првите христијани?
в. Какво отпадништво е забележано уште за време на вториот печат?
г. Со што духовниот критериум уште повеќе е намален за време на третиот печат?
д. Зошто четвртиот коњ е прикажан со „бледа“ боја, и на кој начин папството настојувало да владее со совеста на луѓето?
2010 • 2. Квартал
12. лекција – Петтиот и шестиот печат
19. јуни 2010
„Зашто дојде големиот ден на Неговиот гнев, и кој може да опстане?“
— Откровение 6,17
„Праведниците со трепет извикуваат: ‘Кој може да опстане?’ (Откровение 6,17). Пеењето на ангелите престанува, и некое време владее страшна тишина. Тогаш одекнува гласот на Спасителот велејќи: ‘Доста ти е Мојата благодат’ (2 Коринтјаните 12,9). Лицата на праведниците се осветлени, и радост го исполнува секое срце“.
— Големата борба, 566.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 274-278; 300-302; 565-570.
Недела — 13. јуни
1. ОЛТАР НА ЗЕМЈАТА
а. Кога се отворил петтиот печат, што било видено? Откровение 6,9.
б. Каде се наоѓа олтарот за жртва во евангелската ера – на небото или на земјата? Јован 19,16.17. Евреите 13,10-13. Каде се жртвувани милионите христијански маченици? Матеј 24,21.22; Откровение 12,11.
„Настапило прогонство против верните посилно отколку кога и да било порано и светот станал огромно бојно поле.”
— Големата борба, 50.
в. Кој е единствениот олтар на небото и што се принесува на тој олтар? Откровение 8,2-4.
Понеделник — 14. јуни
2. КАКО КРВТА НА АВЕЛА
а. Што правеле душите под олтарот? Откровение 6,10. Во која смисла мртвите луѓе можат да викаат? Битие 4,9.10; Евреите 11,4.
„Писокот на прогонетите верници ќе стига до небото. Како што крвта на Авел викала од земјата, така и гласовите на мачениците – од гробовите, од морските длабочини, од планинските пештери и под манастирските темели ќе викаат кон Бога: ‘До кога, Севишен, свети и вистинити, нема да судиш и да им се одмаздуваш за нашата крв на оние што живеат на земјата (Откровение 6,10)?’”
„Сатаната и неговите ангели управувале со умовите на овие зли луѓе, додека меѓу нив – иако невидлив за нивните очи – стоел еден Божји ангел кој водел еден ужасен записник за нивните безбожни заклучоци, и ја испишал историјата на делата премногу страшни за да можат да се изнесат пред човечките очи. ‘Големиот Вавилон’ навистина бил ‘пијан од крвта на светиите’ (Откровение 17,5.6). Осакатените тела и крвта на милиони маченици викале кон Бога за освета над оваа отпадничка сила.”
— 5 Сведоштво, 426; Големата борба, 54.
б. Зошто на овие маченици им биле дадени бели облеки? Откровение 6,11 (прв дел).
„(Откровение 6,9.10). На секого од нив му беа дадени бели облеки (тие се прогласени чисти и свети). (види 11 стих).” — Објавени ракописи 20,198.
„Бог дозволува безбожниците да напредуваат и да го откријат своето непријателство кон Него, па кога ќе ја наполнат мерката на своето беззаконие, да можат сите во нивната целосна пропаст да ја согледаат Неговата праведност и милост. Денот на Неговата освета се приближува кога сите оние што го газеле Неговиот закон и го угнетувале Неговиот народ ќе примат праведна награда за сите свои дела. Тогаш секоја свирепост и неправда направена кон Божјите слуги ќе биде казнета како да е направена на самиот Христос.”
„Христос добро ги познава сите оние кои луѓето погрешно ги разбираат и погрешно ги прикажуваат. Божјите деца можат мирно и трпеливо да поднесуваат, колку и да ги оговараат, омаловажуваат и презираат; бидејќи нема ништо тајно што нема да се дознае, а Бог оние кои Него го почитуваат ќе им укаже чест и пред луѓето и пред ангелите.“
— Големата борба, 43; Синови и ќерки Божји, 308.
Вторник — 15. јуни
3. ШЕСТИОТ ПЕЧАТ
а. Кои настани го обележуваат отворањето на шестиот печат? Откровение 6,12. Како овие настани се подудараат со Христовото пророштво дадено на Маслинската гора? Матеј 24,29.30.
„Пророштвото го претскажува не само начинот и целта на Христовото доаѓање, туку ги дава и знаците по кои може да се знае дека тој настан е блиску. Исус рекол: ‘И ќе има знаци на сонцето, и на месечината и на ѕвездите’ (Лука 21,25). ‘Сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите небески ќе паѓаат, и силите, што се на небото, ќе попуштат. И тогаш ќе Го видат Синот Човечки, како иде на облаци со голема сила и слава’ (Марко 13,24-26). А Јован во Откровението првите знаци што ќе му претходат на второто Христово доаѓање ги опишува вака: ‘И видов, кога се крена шестиот печат. И, ете, настана голем земјотрес, и сонцето стана црно како вреќа од кострет, и месечината стана како крв’ (Откровение 6,12).
„Овие знаци се забележани пред почетокот на деветнаесеттиот век. Како исполнување на ова пророштво, во 1755 година се случил најстрашниот земјотрес кој некогаш е забележан.”
„Речиси, ако не и сосем, осамен меѓу феномените од овој вид стои таинствениот и до денеска неразјаснет мрачен ден 19 мај 1780 година – неразјаснето затемнување на целото видливо небо и на атмосферата во Нова Англија.”
— Големата борба, 274, 276.
б. Во кое време, според Христовото објаснување, тие знаци требало да се очекуваат? Матеј 24,29 (прв дел).
„Овој знак (мрачниот ден на 19 мај 1780) бил толку впечатлив по тоа што времето на неговото појавување било точно наведено. Во разговорот со Своите ученици на Маслинската гора, опишувајќи го долгиот период на искушенијата за црквата – 1260-те години на папските прогонства, за кој било ветено дека ќе бидат скратен – Спасителот споменува некои настани што ќе му претходат на Неговото доаѓање и го одредува времето кога ќе се појави првиот од тие знаци: ‘Во тие дни, по маките, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина’ (Марко 13,24). Споменатите 1260 денови, или години, се завршуваат во 1798 година. Четврт век порано, прогонствата речиси сосема престанале.”
— Големата борба, 275.
Среда — 16. јуни
4. НЕБОТО ВО КОНФУЗИЈА
а. Како се исполнило пророштвото за паѓање на ѕвездите од небото? Откровение 6,13; Матеј 24,29 (трет дел).
„Ова пророштво се исполнило на впечатлив и необичен начин во големиот порој од метеори на 13 ноември 1833 година. Тоа била најголемата и најчудесна глетка на паѓање на ѕвезди што во историјата никогаш не била забележана: ‘Целиот небесен свод над Соединетите Држави со часови беше во огнено движење.”
„Навистина нема зборови со кои би можел да се опише сјајот на оваа глетка… никој што не бил очевидец на тоа не може да има соодветна претстава за тоа. Изгледало како сите ѕвездени јата да се собрале во една точка во близината на зенитот, од каде што со брзина на молња летаа на сите страни на хоризонтот, а сепак нивниот број не се намалуваше; илјадници доаѓаа од правци низ кои поминуваа илјадници, како да беа создадени за таа прилика“ – Ф. Рид, (F. Reed) Христијански адвокат и журнал, 13 декември 1833. ‘Не е можно подобро да се претстави тој феномен отколку со сликата на смоквата која, потресена од силен ветар, ги исфрлува своите уште зелени плодови’. – Портландски вечерни новости, 26 ноември, 1833.”
— Големата борба, 300, 302.
б. Кого Господ тогаш го повикал да ги предупреди жителите на Соединетите Држави за близината на Христовото повторно доаѓање? Каков бил резултатот на нивната работа?
„Како што Елисеј бил повикан да го остави плугот и воловите и наместо тоа да го прими плаштот на посветувањето за пророчка служба, така и Милер бил повикан да го остави плугот и на народот да му ги открива тајните на Божјо царство. Со страв ја започнал оваа задача, водејќи ги своите слушатели чекор по чекор низ пророчките периоди сè до второто Христово доаѓање.”
„Мнозина што не го прифатиле неговото мислење во врска со точното време на второто Христово доаѓање, сепак биле осведочени во сигурноста и во близината на Неговото доаѓање, и за потребата од подготовка. Во некои големи градови неговото дело оставило видлив впечаток. Продавачите на алкохолни пијалаци ја напуштале својата работа и своите продавници ги претворале во сали за состаноци, коцкарските дувла исчезнувале, се обраќале неверници, деисти, универзалисти, па дури и пропаднати луѓе, од кои некои со години не стапиле во црква. Разни цркви во сите делови од градот вовеле молитвени состаноци во секое време на денот, така што деловните луѓе напладне се собирале на молитва и Му оддавале благодарност на Бога. Тоа не било некое неприродно возбудување, туку израз на речиси сеопштите чувства на свеченост разбудена во срцата на луѓето.”
— Големата борба, 299.
Четврток — 17. јуни
5. ЗНАЦИ ВО ВЕРСКИОТ СВЕТ
а. На какво противење во својата работа наишол Вилијем Милер? 2 Петрово 3,3.4.
„Проучувањето на пророштвата што се однесуваат на Христовото доаѓање и крајот на светот се прикажувало како грев, како нешто од што луѓето треба да се срамат…
Иако Милеровото име привлекувало мноштво разумни и внимателни слушатели, истото ретко се спомнувало во религиозниот печат, освен ако го извртувале за потсмев или за обвинувања.”
— Големата борба, 304.
б. Како е опишана се поголемата изопаченост на христијанството во пророштвата за последокот? Матеј 24,12; Лука 18,8 (последен дел); 2 Тимотеј 3,1-5.
„Илјадници од нив, кои со гордост се фалат со својата мудрост и независност, сметаат дека целосната доверба во Библијата претставува знак на слабост. Тие сметаат дека со ситничарското критикување на Светото писмо и со давање на некакво духовно значење и објаснување на неговите најзначајни вистини, само даваат доказ за супериорноста на својот талент и ученост.”
— Големата борба, 516.
в. Според што навистина малубројните – вистински Христови следбеници – се разликуваат од останатиот свет? Матеј 24,13; Лука 21,34-36; Откровение 3,11.18.19.
Петок — 18. јуни
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
а. Дали олтарот кој што Јован го видел во визија кога е отворен петтиот печат се наоѓа на небото или на земјата?
б. Што покажува дека мртвите маченици се наоѓаат во своите гробови, и дека нивните пискоти треба да ги сфатиме симболично?
в. На кои настани укажува отворањето на шестиот печат? Што се случило во 1755. 1780. и 1833. година?
г. Опиши ја духовната состојба на таканаречениот христијански свет денес?
д. Според што можеме да ги препознаеме вистинските христијани за разлика од оние кои тоа се само по име?
2010 • 2. Квартал
13. лекција – 144.000 и седмиот печат
26. јуни 2010
„И му рече Господ: ‘Мини по средината на градот по средината на Ерусалим, и стави им знак на челата на луѓето, оние што жалат, кои воздивнуваат за гадотиите, што се вршат во него’“.
— Езекиел 9,4.
„Знакот или Божјиот печат се открива во празнувањето на саботата, седмиот ден, кој што Господ го поставил како спомен на создавањето… (Излез 31,12.13). Овде е јасно кажано дека саботата е знак помеѓу Бога и Неговиот народ“.
— 8 Сведоштво, 127.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Евангелизам, 225-236.
Недела — 20. јуни
1. ДЕЛОТО НА ЗАПЕЧАТУВАЊЕ
а. Какви подготовки се одвиваат во политичкиот свет токму сега, во времето на шестиот печат? Откровение 11,18. Зошто ветровите на судирите сè уште се задржуваат? Откровение 7,1.3. Што ќе се случи кога тие ветрови ќе се ослободат? 1 Солунјаните 5,3.
б. Кое дело мора да биде направено на земјата помеѓу настаните проречени во Откровение 6,13 и 6,14? Езекиел 9,4; Откровение 7,1-4.
„Израелците, за да покажат дека Му припаѓаат на Господа, на довратниците на своите врата ставале знак од крв. На таков начин и Божјите деца во овој век, доведувајќи го во согласност својот живот со Божјиот свет закон, ќе го носат знакот кој самиот Бог го определил. Знак кој се става на секој поединец од Божјиот народ – токму како и знакот кој бил ставан на довратниците од еврејските живеалишта – треба да ги заштити верниците од општата погибел.”
— Библиски коментар, 901.
в. Опиши ја завршната порака на Евангелието со која ова дело (запечатувањето на 144.000) ќе биде завршено. Откровение 14,6-12; 18,1-4.
Понеделник — 21. јуни
2. „ЗАПЕЧАТИ ГО ЗАКОНОТ НА МОИТЕ УЧЕНИЦИ”
а. Кои докази покажуваат дека овие две пророчки укажувања за обнова на Господовата сабота се однесуваат на христијанската ера? Исаија 8,14-16; 61,4; 58,12-14.
„При завршетокот на историјата на светот сите божествени институции ќе бидат обновени. Ќе се санираат урнатините во законот кои што ги направил човекот престапувајќи ја саботата. Остатокот на Божјиот народ кој како реформатор ќе стои пред светот, мора да покаже дека Божјиот закон е основа на секоја трајна реформа и саботата од четвртата заповед, мора да стои како постојан спомен на создавањето и на Божјата сила. Тој мора со јасни и разбирливи зборови да укаже на обврската за држењето на сите десет заповеди. Поттикнат од Христовата љубов тој мора да соработува со Него, ѕидајќи урнатини. Тој треба да биде ‘обновител на урнатини, градител на патишта за населби’ (Исаија 58,12).”
— Пророци и цареви, 462.
б. Зошто Бог во поглед на Неговиот закон бара многу повеќе од оваа последна генерација одошто барал од поранешните генерации? Јован 9,41; Лука 12,47.48
„Никој да не бара изговор, затоа што не ја празнува саботата, во тоа дека нивните предци биле примени од Бога, иако не ја празнувале саботата (седмиот ден). Тие без сомнение биле прифатени; бидејќи не грешеле против светлината која вие денес ја имате. Бог бара да живееме според светлината која нé осветлува. Ние треба да ја цениме вистината која ни е изнесена и која сме ја разбрале, бидејќи ако не одиме во светлината, таа станува темнина, и нашата темнина ќе биде пропорционална на светлината што ни е дадена.
„Ние нема да бидеме повикани на одговорност за светлината која не допрела до нашата свест, туку за онаа на која сме се противеле и сме ја отфрлиле. Човек не може да ја сфати вистината која никогаш не му била прикажана, и според тоа не може ниту да биде осуден за светлината која никогаш не ја имал. Но, ако тој имал можност да ја слушне пораката и да се запознае со вистината, а сепак одбива да ја искористи дадената можност, тогаш тој се вбројува меѓу оние за коишто Христос вели: ‘Но не сакате да дојдете кај Мене за да имате живот’ (Јован 5,40). Оние кои намерно се ставаат таму каде што нема да имаат можност да ја чујат вистината, ќе се вбројат меѓу оние кои слушнале за вистината и упорно се противеле на дадените докази.”
— RH, 25. април, 1893.
Вторник — 22. јуни
3. ЈАСНА РАЗЛИКА
а. Што можат да кажат 144.000 запечатени кога ќе го видат Христовото доаѓање во слава? Исаија 25,8.9.
„Живите праведници ‘наеднаш за миг’ (1 Коринтјаните 15,52) ќе бидат преобразени; на Божјиот глас тие се прославени; сега стануваат бесмртни и заедно со воскреснатите светии се вознесуваат во воздухот, на средба со својот Господ. Ангелите ги собираат Неговиот избраници од ‘четирите ветра од крајот на земјата до крајот на небото’ (Матеј 24,31). Малите деца светите ангели ги носат во прегратките на нивните мајки. Пријателите и роднините, кои смртта долго ги разделувала, пак се состануваат за да не се разделат никогаш повеќе и со песна и со радост заедно се вознесуваат во Божјиот град.”
— Големата борба, 569.
б. Што ќе зборуваат мноштвото изгубени? Откровение 6,15-17.
„(Кога Божјиот свет закон ќе се открие како правило на судот за сите жители на земјата) непријателите на Божјиот закон, од проповедниците па се до најнезначајниот меѓу нив, сега имаат нова претстава за вистината и должностите. Предоцна увидуваат дека саботата од четвртата заповед навистина е печат на живиот Бог. Предоцна ја увидуваат вистинската природа на својата лажна сабота и песочниот темел на кој ѕидале. Најпосле им станува јасно дека всушност се бореле против Бога. Верските учители многу души водат во пропаст додека тврдат дека ги водат до рајските врати. Дури на денот на конечната пресметка ќе се разбере колку е голема одговорноста на луѓето во светата служба и колку се страшни последиците на нивното изневерување. Само во вечноста ќе бидеме во состојба правилно да ја процениме загубата на една единствена душа. Страшна ќе биде судбината на оној на кого Бог ќе му рече: ‘Оди од мене, зли слуго’!…
„Со човечко перо не е можно да се опише оваа сцена, ниту умот на смртникот може да ја долови Неговата величественост и убавина. ‘Величието Негово ги покри небесата, и славата Негова ја исполни земјата. Болскотот Му е како сончева светлина’ (Авакум 3,3.4). Кога живиот облак ќе се приближи до земјата, секое око ќе Го види Кнезот на животот. Неговото свето лице не е повеќе нагрдено со трнов венец, туку на Неговото свето чело блеска дијадем на слава. Неговото лице блеска со сјај посветол од попладневно сонце. ‘На облеката на бедрото Негово беше напишано името: ‘Цар над царевите’ и ‘Господар над господарите’ (Откровение 19,16).”
„Пред Неговата појава ‘лицата на сите им се бледи’ (Еремија 30,6). Оние кои ја отфрлале Божјата милост ги обзема страв на вечно очајување.”
— Големата борба, 565, 566.
Среда — 23. јуни
4. ТИШИНА НА НЕБОТО
а. Зошто на небото ќе настане тишина? Јован 14,1-3; Матеј 16,27; Откровение 8,1. Што ќе преовладува на небото за половина час (во пророчко време)? Броеви 14,34; Езекиел 4,6. Каде во меѓувреме се наоѓа Христос, Отецот и светите ангели, и што прават? Јован 14,1-3. Што следува кога за спасените ќе се подготви место во небесните дворови? Матеј 16,27; Јован 5,25.
„Среде нишањето на земјата, светкањето на молњите и татнежот на громовите, гласот на Божјиот Син ќе ги повика светите кои почиваат.”
— Големата борба, 568.
б. Опишувајќи ги 144.000 запечатени кои ги видел на гората Сион, кои нивни карактеристики Јован ги нагласува? Откровение 14,1-5. Кое сознание може и треба да нé поттикнува во желбата да се најдеме во тој број?
„Јован на гората Сион видел Јагне и со Него 144.000 кои го имаат името на Неговиот Отец на нивните чела. Тие носат печат на небото. Тие го одразуваат Божјиот лик. Тие се осветлени со светлина и слава на Светиот Седржител. Но, за да се удостоиме да го носиме Божјиот лик и Неговиот натпис, мораме да се одделиме од секое беззаконие. Мораме да го оставиме секој погрешен пат, и со полна доверба да се предадеме во Христовите раце. Додека своето спасение го градиме со страв и трепет, Господ ќе делува во нас и да сакаме и да го правиме она што Нему му е угодно. Иако мораме да го направиме својот дел, сепак Бог е Тој Кој во тоа ни помага и нé посветува. Христос нé прави трпеливи за да може да ни даде простување. Ние имаме идеја дека еден дел од задачата мораме сами да ја извршиме. Мислиме дека постојат два или три чекори кои мораме да ги преземеме без ничија помош или подршка. Но тоа не е така. Божјиот Дух постојано ја повикува и ја привлекува душата кон она што е исправно и што е во согласност со Божјиот закон.”
„(Откровение 14,1). На овој свет нивните мисли биле посветени на Бога, тие Му служеле со целиот свој ум и со своето срце, и сега Тој ќе може да го стави Своето име на нивните чела.”
„Дали со сите свои сили дадени од Бога се трудиме да ја достигнеме полната мера на раст на луѓе и жени во Христа? Дали кон остварувањето на таа цел тежнееме сè повеќе и повеќе, трудејќи се да го достигнеме совршенството на Неговиот карактер? Кога Божјите слуги ќе ја достигнат таа точка во својот духовен развој, тие ќе бидат запечатени на своите чела.”
— RH, 19 мај 1889; Делата на апостолите, 447; Објавени ракописи 1, 370.
Четврток — 24. јуни
5. РАЈОТ ПОВТОРНО ВОСПОСТАВЕН
а. Кое ветување секој припадник на Божјиот верен народ од постанокот на светот го прифаќа со вера и го носи во своето срце? Евреите 11,13-16; 2 Петрово 3,13; Матеј 5,5.10.
„Преку понизност и самопредание можеме да станеме Негови сонаследници кога понизните ќе ја наследат земјата (Псалм 37,11).
„Земјата ветена на кротките нема да биде слична на оваа – замрачена со сенката на смртта и проклетствата…
„Таму нема погребни поворки, нема плачење, нема смрт или скршени срца бидејќи таму е Исус, таму е мир.”
— Мисли од гората, 16.
б. Бидејќи Христовото доаѓање навистина е пред вратата, кое најзначајно прашање секој од нас треба да си го постави самиот себеси? Дела 2,37 (посл. дел); 16,30.31.
„И покрај сета наша недостојност, секогаш да имаме на ум дека постои Еден Кој може да го отстрани гревот и Кој сака да го спаси грешникот.”
„Ниедно човечко битие не треба да ни биде пример. Не постои човечко битие кое е доволно мудро за да можеме да го земеме за мерило на својот карактер. Ние треба да гледаме на Исус Христос Кој, земајќи ја на Себе човечката природа, останал совршен во правда и светост. Тој е Зачетник и Свршител на нашата вера. Тој ни оставил совршен пример. Неговиот живот претставува мерило кое треба да го достигнеме. Неговиот карактер е наш Пример. Затоа, да ги одвратиме нашите мисли од збунетоста и тешкотиите на секојдневниот живот и да ги насочиме кон Него за да, посматрајќи Го, можеме да се преобразиме во Неговото обличје.”
— Библиски коментар, 905, 906.
Петок — 25. јуни
ПРЕГЛЕД И ПРАШАЊА ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
а. Иако втората светска војна му запрети на светот со целосно уништување, зошто Божјото провидение ги задржало ветриштата на судирот?
б. Што трите завршни пораки на евангелието му донеле на светот?
в. Што е проречено во библиските текстови: Исаија 8,14-16 и 58,12-14, и како знаеме дека овие пророштва се однесуваат на христијанската ера?
г. Опиши го победничкото искуство на 144.000 запечатени?
д. Опиши ја среќата и блаженството на новата земја?