Глава 33 Домашни влијанија

Сподели го ова:

За децата домот треба да биде најубаво место на светот, а неговата најголема убавина да биде присуството на мајката. Децата имаат чувствителна природа што знае да сака. Тие можат лесно да се задоволат и лесно да се направат несреќни. Со нежно воспитување и љубезни зборови и дела, мајките можат да ги приврзат децата за своите срца.

Малите деца сакаат друштво и ретко се задоволни доколку се сами. Тие копнеат за сочувство и нежност. Мислат дека она во што тие уживаат, претставува задоволство и за мајката, па така и за нив е природно да и се обраќаат на неа со своите мали радости и таги. Мајката не треба да ги повредува нивните чувствителни срца со тоа што рамнодушно ќе се однесува кон нештата кои, иако безначајни за неа, за нив се многу важни. Нејзиното сочувство и одобрување се скапоцени. Поглед полн со одобрување, охрабрувачки или пофален збор, ќе биде како сончева светлина за нивните срца, често усреќувајќи им го целиот ден.

Наместо да ги оддалечува децата од себе, со цел да не и додеваат со својата врева или да ја заморуваат со своите мали желби, мајката треба да им пронајде забава или лесна работа, која ќе ги вработи нивните раце и мисли.

Ако проникнува во нивните чувства и управува со нивната забава и работа, мајката ќе ја придобие довербата на децата и ќе може поефикасно да ги поправи лошите навики или да ги задуши изливите на себичност и страст. Зборот на предупредување или укор, изговорен во вистинско време, има голема вредност. Со трпелива, будна љубов, таа може да ги насочи мислите на децата во правилна насока, негувајќи кај нив убави и привлечни карактерни црти.

Мајките треба да внимаваат да не ги учат своите деца да бидат зависни од нив и свртени кон себе. Никогаш не ги наведувајте да помислат дека тие се центарот и дека се треба да се врти околу нив. Некои родители поминуваат многу време забавувајќи ги своите деца, но децата треба да научат самите да се забавуваат, да ги развиваат сопствената остроумност и умешност. На тој начин ќе научат да се задоволуваат со мали нешта. Треба да научат храбро да ги носат своите мали разочарувања и борби. Наместо да бараат внимание при секоја безначајна болка или повреда, одвратете ги нивните мисли и научете ги да преминуваат лесно преку малите незгоди или неудобности. Видете како можете да ги наведете да научат да бидат внимателни кон другите.

Но недозволувајте детето да биде запоставено. Обременети со многу грижи, мајките некогаш чувствуваат дека не можат да одделат време внимателно да ги поучуваат своите малечки и да им дадат љубов и сочувство. Но тие не смеат да заборават дека доколку не ја задоволат својата потреба од сочувство и друштво во домот, децата ќе го бараат тоа на други места, на кои можат да им бидат загрозени и умот и карактерот.

Заради недостиг на време и доволно размислување, многу мајки им скратуваат на своите деца некои невини задоволства, додека нивните зафатени раце и брзите очи, секогаш со задоволство се фаќаат за нешто што служи единствено за украс, нешто што во најдобар случај само ќе ги охрабри нивните мали срца на суетност и неумереност. Кога овие деца ќе се приближат до мажевност или женственост, ваквите поуки ќе го донесат својот род на гордост и безвредност. Мајката жали заради грешките на своите деца, но не сфаќа дека она што го жнее е плод на семето што сама го посеала.

Некои мајки не се постојани во односот кон своите деца. Понекогаш им попуштаат на нивна штета; а некогаш им забрануваат некое невино задоволство, кое многу ќе ги усреќи нивните срца. Правејќи го тоа, тие не се угледуваат на примерот на Спасителот;

Тој ги сакал децата; Ги разбирал нивните чувства и сочувствувал со нив во нивните задоволства и борби.

Одговорноста на таткото

Мажот и таткото е глава на семејството. Жената од него бара љубов и сочувство и помош во воспитувањето на нивните деца; и тоа е правилно. Децата не се само нејзини, туку и негови и тој е подеднакво заинтересиран за нивната благосостојба. Децата, од својот татко очекуваат поддршка и водство; тој треба да има правилно сфаќање за животот, како и за влијанијата и друштвото што го опкружуваат неговото семејство; над се, тој треба да се раководи според љубовта и стравопочитта кон Бога и поуките од Неговата Реч, за да може да ги води стапките на своите деца кон вистинската патека.

Таткото е законодавец во домаќинството; и, како Авраам, тој треба од Божјиот закон да направи правило во својот дом. За Авраам, Бог рекол: „Јас го познавам него, тој ќе ги поучува своите деца и својот дом.“ (Битие 18: 19) Кај него немало грешно колебање да му се спротивстави на злото, немало слабост, немудро попуштање и угодување; не ја жртвувал должноста за која бил осведочен за да им попушти на погрешните склоности. Бог знаел дека Авраам нема само правилно да поучува, туку и ќе го поддржи авторитетот на праведните закони. Бог ги дал Своите правила за да се раководиме според нив. Не смее да им се дозволи на децата да заталкаат од сигурната патека обележана во Божјата Реч, со цел да одат по патиштата што водат во опасност, а кои се отвораат на сите страни. Нивните погрешни желби треба да бидат отстранети, нивните скршнувања љубезно исправени, но цврсто, со истрајни напори, поткрепени со молитва.

Таткото треба во своето семејство да вгради истакнати доблести енергичност, чесност, праведност, трпеливост, храброст, трудољубивост и практична полезност. Самиот тој треба да го практикува она што го бара од своите деца, илустрирајќи ги овие доблести со своето мажевно однесување.

Но, татковци, не ги обесхрабрувајте своите деца. Здружете го авторитетот со љубов, цврстите ограничувања со љубезност и сочувство. Посветете им некои од вашите неработни часови на децата; запознајте ги; учествувајте во нивната работа и нивните спортови и придобијте ја нивната доверба. Негувајте пријателство со нив, особено со синовите. На ваков начин ќе извршите силно влијание во полза на доброто.

И таткото треба да ја изврши својата должност во градењето среќен дом. Колку и да се тешки неговите грижи и работата, тој не смее да дозволи тие да фрлат сенка на неговото семејство; во домот треба да влегува со насмевка и пријатни зборови.

На некој начин, таткото е свештеник во домот, кој ги положува утринските и вечерните жртви на семејниот олтар. Но и жената и децата треба да се обединат со него во молитва и благодарна песна. Наутро, пред да тргне на својата секојдневна работа, таткото треба да ги собере своите деца околу него и, коленичејќи пред Бога, да му ги предаде на грижа на Небесниот Татко. Кога дневните обврски ќе завршат, семејството треба да се обедини во благодарна молитва и песна, признавајќи ја Божјата грижа во текот на целиот ден.

Татковци и мајки, колку и да се итни вашите работи, не пропуштајте да го соберете семејството околу Божјиот олтар. Побарајте ја заштитата на светите ангели во вашиот дом. Не заборавајте дека вашите најмили се изложени на искушенија. На патот на младите и старите се испречуваат секојдневни маки. Оние што сакаат да живеат со трпение, љубов и ведрина, мораат да се молат. Единствено со постојана помош од Бога, ние можеме да задобиеме победа над себеси.

Домот треба да биде место во кое царуваат ведрина, љубезност и љубов; а каде што се овие убавини, таму ќе има среќа и мир. Можеби ќе ве нападнат проблеми, но тие се судбина на човештвото. Нека трпението, благодарноста и љубовта продолжат да сјаат во срцето, иако денот можеби е многу облачен. Во таков дом престојуваат Божјите ангели.

Мажите и жените треба да ја набљудуваат среќата на другиот, никогаш не престанувајќи со малите гестови на љубезност и нежност, кои го разведруваат и олеснуваат животот. Меѓу мажот и жената треба да има совршена доверба. Тие треба заедно да ги разгледуваат своите одговорности. Треба заедно да работат за највозвишеното добро на своите деца. Не треба никогаш да ги критикуваат плановите на другиот или да го доведуваат во прашање неговиот суд во присуство на децата. Жената треба да внимава да не му ја усложнува уште повеќе работата на мажот околу децата. Мажот треба да ги поддржува рацете на жената, давајќи и со љубов, мудри совети и охрабрувања.

Не смее да се дозволи меѓу децата и родителите да се издигне бариера на воздржаност и резервираност. Родителите треба да ги познаваат своите деца, трудејќи се да го разберат нивниот вкус и слабости, проникнувајќи во нивните чувства и дознавајќи што има во нивните срца.

Родители, дозволете им на вашите деца да видат дека ги сакате и дека ќе направите се што е во ваша моќ да бидат среќни. Ако го правите тоа, неопходните ограничувања што им ги наметнувате, ќе имаат далеку поголема тежина во нивните млади умови. Управувајте со вашите деца со нежност и сочувство, не заборавјќи дека: „Ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на мојот Небесен Татко.“ (Матеј 18: 10) Ако сакате ангелите да ја извршуваат за вашите деца задачата што им е дадена од Бога, соработувајте со нив, така што ќе го извршувате вашиот дел.

Одгледани со мудро водство, полно со љубовта на вистинскиот дом, децата нема да имаат желба да заминат во потрага по задоволства и друштво. Злото нема да ги привлекува. Духот што преовладува во домот ќе ги обликува нивните карактери; тие ќе изградат навики и принципи, кои ќе бидат силна одбрана против искушението, кога ќе дојде време да го напуштат зсасолништето на домот и да го заземат своето место во светот.

И децата, како родителите, имаат важни обврски во домот. Треба да научат дека се дел од домашното претпријатие. Тие се нахранети, облечени, сакани и згрижени и треба да одговорат на овие многу милости, носејќи го својот дел од домашниот товар и внесувајќи ја сета можна среќа во семејството чии членови се тие.

Некогаш децата се во искушение да се бунтуваат заради ограничувањата; но во подоцнежниот живот ќе ги благословуваат своите родители за верната грижа и строгата будност што ги чувала и водела во нивните неискусни години.

Сподели го ова:

Слични објави