ВИСТИНСКАТА ПРИЧИНА
Која е вистинската причина зошто се случуваат толку многу природни непогоди – и сега и во иднина?
Компилација од списите на
Е.G.White
„Додека слушам за ужасните катастрофи што од седмица во седмица се случуваат во светот, се прашувам себеси: Што значат овие работи? Дали им е допуштено да дојдат и да ги разбудат оние што го прекршуваат Божјиот закон? Најстрашни катастрофи од пожари и поплави, следуваат една по друга во брз редослед. Божјите судови се на земјата. Тие свечено предупредувајќи зборуваат, велејќи: ‘Затоа и вие треба да бидете подготвени, зашто Синот Човечки доаѓа во часот кога не очекувате’“ (Матеј 24:44). ¹
„Духот на беззаконието ја опфаќа секоја земја, а особено се манифестира во големите градови на земјата. Гревот и злосторствата кои можат да се видат во нашите градови се ужасни. Бог не може долго да поднесе. Неговите пресуди почнуваат да паѓаат на некои места, а наскоро Неговиот знак на незадоволство ќе се почувствува и на други места“. ²
„Божјите судови се на земјата. Несреќите следуваат една по друга во брз редослед. дали ќе дозволиме да се случуваат такви работи, а да не им кажеме на луѓето што значат и како да го избегнат уништувањето кое наскоро ќе наиде на целиот свет? Дали ние ќе дозволиме мажите и жените да заминат во темнината без да им се каже како да се подготват за идниот живот?“ ³
„Сатаната, исто така, ги користи силите на природата, за нивните жртви неподготвени да ги испрати во гроб како своја жетва. Тој ги проучил тајните на лабораториите на природата, и ја користи сета своја моќ да ги контролира елементите во онаа мера колку што му дозволува Бог. Кога му било дозволено да го мачи Јов, колку бргу биле збришани стадата, слугите, куќите и децата – со ударите што се сменувале со таква брзина како да се одигрувале во еден момент. Бог е тој што ги чува Своите созданија и ги штити од моќта на уништувачот. Но христијанскиот свет покажал презир кон законот на Јехова; и Господ ќе го стори токму она што рекол дека ќе го стори, Тој земјата ќе ја лиши од Своите благослови и ќе ја повлече Својата заштита од оние што се бунтуваат против Неговиот закон и ги учат и присилуваат и другите да го прават истото. Сатаната има контрола над сите кои Бог не ги штити на посебен начин. Тој некои ги зема во заштита и им овозможува земен напредок и благосостојба за поуспешно да ги оствари своите намери, а на другите им нанесува болка, страдања и несреќа наведувајќи ги да веруваат дека Бог е тој што ги мачи.
Додека сатаната им се претставува на човечките синови како голем лекар кој може да ги исцели сите нивни болести, во исто време тој ќе ги обремени со болести и несреќи и цели градови ќе претвори во урнатини и пустош. Дури и сега е на дело. Во несреќите и катастрофите на море и на копно, во големите пожари, во страшните торнада придружувани со град, во бурите, во поплавите, во циклоните, во високите бранови и во земјотресите, на секое место и во илјадници облици сатаната ја покажува својата моќ. Тој ја уништува зрелата жетва и тогаш настапуваат глад и неволја. Тој го исполнува воздухот со смртни зарази и илјадници умираат од епидемии. Овие појави ќе бидат сè почести и сè поужасни. Со масовно уништување ќе бидат зафатени не само луѓето туку и животните. „Тагува, нажалена е земјата; опаднала… И земјата е осквернета под жителите свои, зашто тие ги прекршија законите, го изменија уставот, го нарушија вечниот завет“ (Исаија 24:4,5).
И тогаш големиот измамник ќе се обиде да ги убеди луѓето дека причина за овие несреќи се оние што му служат на Бога. Тие што всушност го предизвикале негодувањето на небото, вината за сите овие неволји ќе ја припишат на оние чијашто послушност кон Божјите закони претставува постојан прекор за престапниците. Ќе биде прогласено дека луѓето кои не ја почитуваат неделата, со тоа го навредуваат Бога; дека овој грев довел до несреќи кои нема да престанат сè додека сите не бидат присилени да ја празнуваат неделата, и дека оние што ги истакнуваат барањата на четвртата заповед и со тоа го поткопуваат почитувањето на неделата, го бунат народот, спречувајќи го повторно да ја добие божествената милост и да постигне земна благосостојба“. ⁴
Референци:
1 The Review and Herald, July 14, 1903.
2 Исто., 5 јули, 1906.
3 Исто., 28 Април, 1904.
4 Големата борба, стр. 589, 590.