СЕЌАВАЊЕ ЗА ИДНИНАТА: ПОУКИ ОД ПОТОПОТ

Сподели го ова:

Како да се сетиме на нешто што уште не се случило – тоа сè уште е во иднина? Мудриот човек објаснува: „Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави – нема ништо ново под сонцето“ (Проповедник 1:9).

Една од оние работи која е иста во минатото, како и во иднината е прашањето на одговорност. Ние сакаме да ги држиме другите одговорни за нивните постапки, но нашата човечка природа претпочита да го избегнеме тоа кога станува збор за самите нас.

Одговорноста има тенденција да нè фати неподготвени. Обично, не очекуваме да дојде денот на пресметка. Нашата човечка природа резонира дека сигурно некој друг ќе биде оној што ќе биде уловен или ќе страда од последиците на некои погрешки – никогаш јас. Јас нема да бидам оној, кој има склоност да претпоставува.

Но дали е тоа она што нашиот Творец нè учи?

„Која душа греши, таа ќе умре“ (Езекиел 18:4). Тоа го вклучува секој од нас, зашто „сите згрешија и лишени се од славата Божја“ (Римјаните 3:23).

Да, сите сме одговорни за нашите постапки, како што учи Светото Писмо: „Весели се во младоста своја, момче, и срцето твое да вкусува радост во дните на твојата младост; и оди каде што срцето те влече и каде што очите ти гледаат; само знај дека за сето тоа Бог ќе те изведе на суд“ (Проповедник 11:9). „И како што им е на луѓето определено да умрат еднаш, а потоа – суд“ (Евреите 9:27). Значи, да, нашата одговорност пред нашиот Творец е неизбежна. Сепак, каква благословена увереност ни нуди следниот стих во Евреите? „Така и Христос, откако еднаш се принесе Самиот Себе како жртва, за да ги однесе гревовите на мнозина, вторпат ќе им се јави не веќе како жртва за грев на оние што Го очекуваат, туку за нивно спасение“ (Евреите 9:28).

Христос се понудил да ги понесе нашите гревови – и прекрасна вест е тоа дека Тој повторно ќе дојде без грев за спасение. Колку сме подготвени за Неговото појавување? Дали повеќето луѓе со задоволство ќе го поздрават? Што ни кажуваат примерите од библиската историја?

ВО ДЕНОВИТЕ НА НОЕ

Исус ни кажал каков ќе биде светот кога ќе се врати: „Но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24:37).

„(Христос) се повикувал на Ное како на буквална личност која живеела; Тој се повикувал на потопот како на факт во историјата; Тој ги прикажува спецификациите на таа генерација, како карактеристични за ова време“ (The Signs of the Times, December 20, 1877).

Господ продолжил да објаснува каков бил животот пред големиот потоп, таа огромна катастрофа: „Зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден кога Ное влезе во ковчегот, и не сфатија додека не дојде потопот и истреби сè – така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24:38,39).

Какви биле деновите на Ное? Само што прочитавме дека луѓето јаделе, пиеле, се женеле и мажеле. Што има грешно во тоа? На крајот на краиштата, ние мораме да јадеме и пиеме за да живееме. Нема ништо лошо во тоа? Но, имајте во предвид дека не треба да живееме, за да јадеме и пиеме! Ваквиот изопачен приоритет открива недостаток на разбирање на големиот и благороден Божји план не само за нашата исхрана, туку и за самото наше постоење.

Во деновите на Ное апетитот се задоволувал на штета на здравјето и разумот. Ова постојано попуштање на нивните грешни желби ја расипало и осквернило земјата под нив. Истите зла интензивно постојат и во денешниот свет. Луѓето се слепи за причината и последиците од попуштањето на изопачениот апетит. Светот е богот за девет десеттини од таканаречените христијани“ (The Signs of the Times, January 3, 1878).

Апостол Павле со солзи во очите се осврнува кон оние кои всушност се „непријатели на крстот Христов; нивниот крај е погибел, нивниот бог – стомакот, а славата – во нивниот срам; тие мислат за земните работи“ (Филипјаните 3:18,19). Дали тоа звучи како општа тенденција денес?

Што не е во ред со женидбата и склучување на брак? Секако дека бракот не претставува грев. Всушност, во Писмото ни е кажано: „бракот да се почитува од сите“ (Евреите 13:4). Сепак,  мислиме на многуте тажни настани кога се прават гламурозни свадби без оглед на големиот Божји план за најдобри, најблагородни – и над сè – вечни интереси на инволвираните.

„Христос мошне јасно видел каква ќе биде состојбата во општеството во иднина. Тој видел дека самозадоволството ќе ги контролира мажите и жените. Каква е брачната врска денес? Зарем не е изопачена и осквернета, направена како што била во деновите на Ное? Развод по развод се запишува во дневните весници.  Тоа е бракот за кој Христос зборувал, кога рекол дека пред потопот се ‘женеа и се мажеа’“ (Manuscript Releases, vol. 7, p. 56).

Неодамнешната статистика во Соединетите држави покажува дека околу половина од браковите завршуваат со развод – и што е уште поинтересно, таа стапка всушност се намалува. Верувале или не, во последните неколку години има помалку разводи од порано. Но, зошто? За жал, во реалноста тоа е веројатно затоа што помалку луѓе се трудат да направат доживотна обврска за брак во нивните интимни односи. Ете како општеството станало расипано во однос на оваа света институција основана од нашиот Творец на почетокот!

ОДНОСИТЕ ПРЕД ПОТОПОТ

Погоре напомнавме за приоритетите, страстите и интересите на луѓето пред земјата да биде уништена од потопот во времето на Ное. На што друго треба да се сетиме во тоа време? „Господ виде дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се умножуваа, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време“ (Создавање 6:5). Дали ова звучи како во нашите денови?

„Во деновите на Ное, не беа сите луѓе, во целосна смисла, пагански идолопоклоници. Многумина знаеле за Бога и Неговиот закон, но во своите големи скулптурни дела, во уметничките дела, тие исповедале дека го почитуваат Бога, со тоа што го претставувале во делата на своите раце, во симулациите што ги направиле за Бога. Овие уметнички дела биле обожавани како Бог и Творецот бил заборавен…

Ное бил сметан за фанатик и тие не ги понизиле своите срца пред Бога, туку продолжиле во својата непослушност и злоба исто како Бог да не им зборувал преку Ное. Но, Ное стоел како карпа среде бура. Тој бил опкружен со секаков вид на злоба и морална расипаност; сепак неговата вера не се поколебала. Верниот Божји гласник бестрашно стоел среде потсмевачите и подигрувачите од светот, непоколебливо сведочејќи за Бога. Неговата кротост и неговата праведност светеле сјајно за разлика од одвратните злосторства, интриги и насилства кои постојано се практикувале. Врската со Бога го направила силен во силата на бесконечната моќ, додека неговиот свечен глас на предупредување сто и дваесет години паѓал врз ушите на жителите од таа генерација во врска со настаните, кои, што се однесува до човечката мудрост, било невозможно да се случат“ (The Signs of the Times, December 20, 1877).

Дали луѓето од деновите на Ное мислеле дека има причина за загриженост, бидејќи ги предупредил за потопот? Што велат научниците? На крајот на краиштата, дождот никогаш не паѓал во нивно време. Запомнете, во тоа време „Господ Бог уште не праќаше дожд на земјата… но се креваше пара од земјата и ја оросуваше површината на целата земја“ (Создавање 2:5,6).

Луѓето од времето на Ное, во својата филозофија и светска мудрост, мислеле дека Бог не може да го уништи светот со потоп, бидејќи водите во океаните не биле доволни за тоа. Но, Бог ја направил филозофијата и науката на луѓето лудост, кога конечно дошло време целосно да се исполни Неговиот збор. Вдахновеното перо ја опишува земјата како стои надвор од водата и во водата. Бог имал свое оружје во утробата на земјата за да го оствари нејзиното уништување. И, кога големите луѓе и мудрите луѓе расправале пред светот за неможноста од нејзино уништување со вода, стравовите на луѓето се смириле, и сите го сметале пророштвото на Ное како најголема заблуда, а на Ное гледале како на луд фанатик, тогаш дошло Божјото време“ (The Signs of the Times, January 3, 1878).

Ное имал вера што работела. Во текот на 120 години тој изградил огромен брод на суво земјиште, додека се молел за народот предупредувајќи го за претстојниот потоп. Секој удар на чеканот претставувал проповед сам по себе. Секое парче на дрво на ковчегот било точно прилагодено, а секој слој покриен со смола за да ги издржи претстојните гневни води. Сè што можел да направи верниот патријарх, било направено – но само Бог бил единствениот кој можел да го заштити со својата моќна сила тој осамен брод од завивањето на високите бранови.

Конечно, Господ „го сокри Ное и неговото семејство во ковчегот, а дождот започнал да паѓа, во почетокот полека; исмејувањето и подигрувањето не престанале некое време, но набргу водите од небото се соединиле со водите на големите длабочини; водите под земјата се пробиле на земната површина, небесните прозорци се отвориле, а човекот со својата филозофија и таканаречена наука открива дека тој не може во својата светска мудрост да го разбере Бога. Предоцна открил дека неговата мудрост е лудост; дека Законодавецот е поголем од законите на природата. На раката на Семоќниот не и недостасуваат начини и средства да ги оствари своите цели. Тој може да посегне во утробата на земјата и да ги повика своите оружја, водите што се таму сокриени, да помогнат во уништувањето на расипаните жители на древниот свет. Но, сите нека имаат во предвид дека оние што загинале во таа ужасна пресуда имале понуда за бегство“ (The Signs of the Times, January 3, 1878).

КАКО Е ДЕНЕС?

Како е денес со нас? Дали луѓето и понатаму ги ставаат теориите и претпоставките на науката над обичното „Така вели Господ“? Дали ја потценуваме семоќноста на нашиот Творец и Седржител? Колку се гордееме со нашите научни знаења?  Ова не е обид да се деградира легитимната наука водена од Божји страв, туку едноставно да нè потсети на нашата слабост и да размислуваме колку често се примитивни и неисправни нашите заклучоци.

Исус повторно доаѓа – и да, во подготовката да се сретнеме со Него, ние сме одговорни за нашите зборови, мисли и постапки – и со сигурност навистина ни е потребна Неговата помош како наш Застапник.

„Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ. Знајте го и тоа: кога домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би останал буден и не би дозволил да му провалат во куќата. Затоа и вие треба да бидете подготвени, зашто Синот Човечки доаѓа во часот кога не очекувате“ (Матеј 24:42-44).

„Денес ќе се слушне расудување од светските мудри луѓе, од неверните стражари од проповедалните: ‘Каде е ветувањето на Неговото доаѓање, сè си стои така како од создавањето на светот. Не треба да бидете вознемирени, треба да поминат илјада години на временски милениум пред да дојде Христос. Целиот свет ќе се обрати. Мир, мир; не треба да обраќате внимание на овие фанатици, кои само дигаат тревога’. Светот воглавном ќе ги презира пророштвата и ќе ги злоупотребува оние што им зборуваат Божји зборови, изобличувајќи ги нивните гревови…

Како што современиците на Ное му се потсмевале презирајќи го она што го нарекувале страв и празноверие во проповедникот на праведноста, така ќе бидат исмејувани и свечените пораки на предупредување во нашите денови“ (The Signs of the Times, January 3, 1878).

Исто така „знајте го тоа дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе се подбиваат и ќе живеат според своите похоти. Ќе велат: ‘Каде е ветувањето на Неговото доаѓање? Зашто, откако татковците наши изумреа, сè си стои така како од создавањето на светот.’ Тие намерно забораваат дека небесата и земјата од порано беа создадени од вода и преку вода со силата на Божјото слово, преку кое, тогашниот свет загина, потопен од вода. А сегашните небеса и земјата, пазени од истото слово, се чуваат за оган во денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе“ (2. Петрово 3:3-7).

Значи, кога денес треба да се соочиме со подигрувачи, едноставно имајте во предвид дека самото нивно потсмевање е исполнување на ова пророштво.

Наместо тоа, да имаме Божји страв како оние „кои некогаш не се покорија кога Божјата долготрпеливост ги очекуваше, во времето на Ное, при правењето на ковчегот, во кој малкумина, односно осум души се спасија од водата. Образецот на таа вода – крштавањето, но не отстранувањето на телесната нечистотија, туку ветувањето на Бога добра совест – нè спасува сега и нас преку воскресението на Исус Христос, Кој, откако се вознесе на небото, е оддесно на Бога, а Кому Му се покоруваат ангелите, властите и силите“ (1. Петрово 3:20-22).

Помислете на привилегијата што ја имал Ное! Среде сите превирања на една ужасно злобна генерација – генерација толку екстремно расипана и ослабена така што љубениот Творец бил принуден да ја уништи. Ное „најде милост во очите на Господ“, тој „живееше според Божјата волја“, и кога Господ направил завет со него „си спомна Бог за Ное“ (Создавање 6:8,9,18; 8:1). Што се однесува до него, „направи Ное сè како што му заповеда Бог; така направи“ (Создавање 6:22).

Колку убава, љубовна врска била таа! Како Енох, Ное „живееше според Божјата волја“. Таквото прекрасно, феноменално искуство може да биде и наше! Негувајќи го и живеејќи според Божјото Слово, ние можеме да го слушнеме гласот на нашиот Творец како ни зборува и да знаеме дека Тој мошне е заинтересиран за секој аспект од нашиот живот – преку оган и поплава – и ни помага во секоја наша потреба и грижа.

Каква привилегија е да носиме сè пред Бога во молитва, да останеме на лозата, како што е прикажано во Писмото.  

Таквиот живот навистина доведува во нашите срца и умови моќни сеќавања за иднината – кога малкумината верни во нашата генерација ќе негуваат таков близок, љубовен од со Господа и Неговото Слово, така што целосно ќе го одразуваат карактерот на Исус и ќе се сочуваат од големите превирања во вечен живот. Нека семоќниот Бог на небото го зајакне секој од нас да биде вистински, храбар и верен на својот повик, како што бил Ное кон неговиот.  

Сподели го ова:

Слични објави