ПРОМЕНА НА КАРАКТЕРОТ: СЕГА И ВЕДНАШ?

Сподели го ова:

Најмудриот човек во Библијата, царот Соломон, напишал: „Го открив, ова: Бог го создаде човекот едноставен, а тој смислува безбројни сплетки“ (Проповедник 7:29).

 

            Во почетокот Бог го создал човекот совршен – физички, ментално и морално. Како последица на гревот, човечката природа станала расипана. Целата природа била зафатена со гревот и Павле изјавува дека „целото создание заедно со нас стенка како во породилни болки“ (Римјаните 8:22). Престапувајќи го Божјиот свет закон, човекот, животните и целата природа беше под влијание на злото.

            Кога човекот беше создаден, тој ја одразуваше божествената природа и божествениот карактер, дури и покрај тоа што неговиот карактер не бил целосно развиен. Меѓутоа, кога првиот пар се потчинил на измамите на сатаната, нивниот карактер се расипал.

            „На Адама и Ева, по сторениот прекршок, не им било веќе дозволено да останат во Едем. Тие искрено молеле да им се дозволи да останат во родниот крај на својата невиност и радост. Признале дека загубиле секакво право на тоа среќно престојувалиште, но се заветувале дека во иднина строго ќе му бидат послушни на Бога. Меѓутоа, објаснето им е дека нивната природа е толку изопачена со гревот, што поради тоа е намалена нивната сила со која би можеле да му се спротивстават на злото и дека на сатаната ќе му го отворат патот поуспешно да им пристапи. Додека биле невини, тие подлегнале во искушението; а сега, свесни за својата вина, би имале многу помалa сила да се сочуваат“ (Патријарси и пророци, 61).

            За жал, ваква е човечката состојба до денешен ден,  всушност, човечката природа станува се полоша со текот на вековите. Поради оваа причина Бог го уништил светот со потоп и поради истата причина, Тој ќе го уништи овој свет со оган.

            Кога ја проучуваме човечката историја од библиска гледна точка, гледаме дека во однос на неговиот карактер, човекот е секогаш ист. Израел е многу соодветен пример.

            Од времето кога Бог ги извел Израелците од Египет, и покрај своите силни чуда што ги правел од ден на ден за својот народ во нивното 40. годишно патување низ пустината, тие секогаш покажувале дух на неблагодарност, бунт и неверување.

            На гората Синај, народот се изјаснил во нивната добра намера да се потчинат на сите Божји упатства, пренесени преку Мојсеј. Сепак, само неколку недели подоцна, тие откриле дека и покрај најдобрите човечки намери, тие не можат да го променат својот карактер. На крајот од нивната историја, Израел како нација ги здружил силите со Римјаните да го распнат својот Откупител, Исус Христос.

            Денес можеме да видиме дека речиси сè се менува. Генерално, технологијата напредува на чудесен начин. Сега имаме многу подобри форми на комуникација и подобри начини на транспорт, медицинската наука енормно напредува, но за жал, карактерот на човекот е ист.

            Како што пишува Павле во 1. Коринтјаните 13, најдоброто знаење без Божјата љубов не може да го промени карактерот на човекот. Напротив, колку поголемо знаење имаме, без љубов, стануваме поопасни. Современата воена машинерија, ракетите и другите современи уреди се резултат на прогресивното знаење што се користи за уништување на човештвото.

            Дури и во верското опкружување, луѓето се обидуваат да се подобрат, но резултатот е ист: Невозможно е да се промени нашиот карактер со наши сопствени напори. Низ религиозна историја, човекот скокнал од паганство во легализам и од легализам кон антимонијанизам (доктрина според која Христовата смрт, на некој начин, го укинала Законот, па со тоа и моралната структура на вселената. Во рамката на антимонијастичкото размислување христијанинот нема обврска да го држи Законот, бидејќи не е „под Законот“ (Римјаните 6:15), но без позитивни резултати.

            Подобрувањето не е решение. Навистина ни е потребна промена на карактерот. Елена Вајт точно ја сумирала оваа мисла, кога напишала: „Христијанскиот живот не е преобликување или подобрување на стариот, туку преобразување на природата“ Копнежот на вековите, 172).

            Во својот ноќен разговор со Никодим, Христос рекол: „Ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо“ (Јован 3:3).

КАКО МОЖЕМЕ ПОВТОРНО ДА СЕ РОДИМЕ?

            Повторно сме родени кога веруваме во Исус: „Кои не по крв, ни по желба на телото, ни од похот машка, туку од Бога се родија“ (Јован 1:12,13).

            Кога му го предаваме животот на Исус, ние се оправдуваме со вера и повторно се раѓаме. Оправдувањето и простувањето се една иста работа. Во Господовата молитва ние бараме: „Прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници“ (Матеј 6:12).

            Оправдувањето или простувањето е почеток на нашата трансформација на карактерот.

            „И така, оправдани преку верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исус Христос. Преку Него со верата добивме и пристап кон оваа благодат, во која стоиме, и се гордееме со надежта во славата Божја. Но не само тоа, туку се гордееме и со маките, знаејќи дека од маката се раѓа трпението; од трпението, пак – искуство, а од искуството – надеж. Надежта пак, не посрамотува. Зашто љубовта Божја е излеана во нашите срца преку нам дадениот Свети Дух“ (Римјаните 5:1-5).

            КАКО МОЖЕМЕ ДА ГИ ПРОМЕНИМЕ НАШИТЕ ГРЕШНИ СКЛОНОСТИ?

            „Простувањето кое Бог го дава не е само судски акт кој нѐ ослободува од осудата. Тоа не е само простување на гревот, туку и ослободување од гревот. Тоа е излив на спасоносната љубов која го преобразува срцето. Давид имал јасно сфаќање за простувањето кога се молел: ‘Создај чисто срце во мене, Боже, и нов и прав дух стави во мене’ (Псалм 51:10). И повторно вели: ‘Колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечува Тој од нас нашите престапи’“ (Псалм 103:12).

            За да влеземе во небото, потребен ни е променет карактер. Сепак, ниту една човечка сила не може да ја изврши оваа трансформација.

            „Ние не можеме сами да се избавиме од понорот на гревот во кој сме паднале. Нашите срца се зли и ние не можеме да ги промениме. ‘Кој ќе извлече чисто од нечисто? Никој!’ ‘Зашто копнежот на телото е непријателство против Бога, тој не му се подредува на законот Божји затоа што не може’ (Јов 14:4; Римјаните 8:7). Образованието, културата, користењето на волјата, човечките напори, сето тоа има своја сфера на делување, но тука тие се беспомошни. Можеби со тоа може да се постигне надворешна коректност во однесувањето, но не може да се промени срцето; не можат да се исчистат изворите на животот. Мора да постои сила која делува одвнатре, нов живот одозгора, за да може човекот да се промени, да го остави гревот и да стане свет. Таа сила е Христос. Само Неговата благодат може да ги оживее замрените способности на душата и да ја привлече кон Бога, кон светоста“ (Патот кон Христа, 18).

            Од друга страна, да, нашиот карактер треба да биде – и може да биде променет. Потребна е сила: „Таа сила е Христос. Само Неговата благодат може да ги оживее замрените способности на душата и да ја привлече кон Бога, кон светоста“ (Патот кон Христа, 18).

            „Во секое срце постои не само интелектуална туку и духовна сила, чувство за она што е праведно, желба за добро. Но, постои и противничка сила која се бори против тие принципи. Последицата од јадењето од дрвото за познавање на доброто и злото се гледа во искуството на секој човек. Во човечката природа постои тенденција кон злото, сила на која човекот не може сам да и се спротивстави. За да и се спротивстави на таа сила, за да ја досегне онаа висока цел која, во длабочината на својата душа, ја смета за единствено исправна, само една сила  може да му помогне. Таа сила е Христос“ (Воспитување, 29).

            Кога луѓето се поврзани со Христа преку вера, две божествени орудија работат за преобразба на карактерот: Светиот Дух и Словото Божјо.

            „Гледајќи постојано на Исуса со окото на верата ние стануваме посилни. Бог ќе му даде најдрагоцени откровенија на Својот гладен и жеден народ. Таквиот ќе увиди дека Христос е личен Спасител. Кога се хранат со Неговата Реч, луѓето увидуваат дека таа е дух и живот. Речта ја уништува вродената земна природа и дава нов живот во Исуса Христа. Светиот Дух Доаѓа како Утешител на душата. Со помош на Неговата благодат што преобразува, во ученикот се репродуцира Божјиот лик и тој станува ново создание. Љубовта доаѓа на местото на омразата, а срцето станува слично на Бога. Тоа значи да се живее ‘од секој збор што излегува од Божјата уста’“ (Копнежот на вековите, 391).

            „’И така, верата доаѓа од слушање, и тоа слушање на Божјата реч’ (Римјаните 10:17). Библијата е силно средство за преобразба на карактерот. Христос се молел: ‘Посвети ги со вистината; твојата Реч е вистина’ (Јован 17:17). Кога се проучува и извршува, Божјата реч влијае врз срцето, покорувајќи ја секоја несвета особина. Светиот Дух доаѓа да го осуди гревот и верата, која извира во срцето, работи со љубов кон Христа, помагајќи ни со телото, со духот и душата да стануваме слични со Него. Тогаш Бог може да нѐ употреби да ја вршиме Неговата волја. Силата што ни е дадена дејствува одвнатре, гонејќи не на другите да им ја објавиме вистината што ни е откриена“ (Христовите очигледни поуки, 100).

            „Божјиот Дух ќе го уништи гревот во сите што ќе се потчинат на Неговата сила“ (Копнежот на вековите, 107).

            Кога ќе се покаеме и ќе ги признаеме нашите грешни постапки, тие ќе бидат простени од Бога преку Христа. Нашите грешни склоности се ставаат под контрола и се уништуваат кога ја одржуваме нашата врска со Христа преку постојана заедница со Него.

            „Преку кои ни се дарувани многу големи и драгоцени ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа ако се оддалечите од гнилежот на овој свет“ (2. Петрово 1:4).

            „Ние мораме да учиме од Христа. Мораме да знаеме што е Тој за оние кои се откупени со Неговата крв. Мораме да сфатиме дека преку вера во Него имаме привилегија да станеме учесници во божествената природа, и на тој начин да ја избегнеме расипаноста која е резултат на похота и попуштањето на телесните желби. Тогаш сме чисти од секој грев, од сите недостатоци на карактерот. Нема да задржиме ниедна склоност кон грев… (Ефесјаните 2:1-6, цитат)… Како учесници во божествената природа, ние ќе ги отфрлиме сите вродени и негувани склоности кон злото и ќе станеме жива сила на добро. Учејќи се постојано од божествениот Учител, ние секојдневно учествуваме во Неговата природа, соработувајќи со Бога во совладување на искушенијата кои сатаната постојано ни ги подметнува. Бог работи, и човекот работи; и на тој начин човекот станува едно со Христа како што Христос е едно со Бога. Така ние стануваме ‘посадени со Христа на небесата’. Душата наоѓа мир и сигурност во Исуса.

            Во својата Реч Бог ни открива што може да направи за човечките битија. Оние што се волни да го носат Неговиот јарем, Тој ги обликува и прилагодува според божествениот карактер. Преку Неговата благодат тие стануваат учесници во божествената природа и со тоа им се овозможува да ја победат изопаченоста која во светот дошла преку похота. Бог е Тој кој ни дава сила да победиме. Оние што го слушаат Неговиот глас и ги почитуваат Неговите заповеди, имаат можност да изградат праведен карактер. Додека оние кои не ги почитуваат Неговите изречени наредби, ќе формираат карактери според склоностите на кои им се препуштаат“ (Библиски коментари, 7Т, 943).

            КОГА ОВАА ПРЕОБРАЗБА НА КАРАКТЕРОТ ТРЕБА ДА СЕ СЛУЧИ?

            „Токму сега мораме да изградиме карактер за иднината, за вечниот живот. Токму сега мораме да се подготвиме за истражниот суд“ (Христовите очигледни поуки, 342).

            „Сега треба да се чуваме и себеси и нашите деца недопрени од светот. Сега треба да ги измиеме своите облеки на карактерот и да ги направиме бели во крвта на Јагнето. Сега треба да ја совладаме гордоста, страста и духовната мрзливост. Сега треба да се разбудиме и да вложиме одлучни напори за хармонија на карактерот. ‘Денес, кога ќе го чуете гласот Негов, не стврднувајте ги срцата ваши’ (Евреите 4:7). Ние сме во најтешка ситуација, чекајќи и гледајќи како се појавува нашиот Господ. Светот е во темнина. ‘Но вие, браќа, не сте во темнина, та денот да може да ве затече како крадец’“ (1. Солунјаните 5:4) (Christian Experience and Teachings of E. G. White, pp. 190, 191).

            Бог ќе ја заврши работата што ја започнал.

            ПРОРОШТВО ЗА ДЕНЕС

            „Потоа ми го покажа тој Исус, великиот свештеник, кој стоеше пред ангелот Господов, и сатаната, кој стоеше од Неговата десна страна, за да го обвинува. И му рече Господ на сатаната: „Господ да те укори сатано, Господ да те укори, Оној Кој го избра Ерусалим. Зар не е Тој гламја истргната од оган?” А Исус беше облечен во извалкана облека и стоеше пред ангелот, кој им одговараше и на оние што стоеја пред него, и им рече: ‘Соблечете ја од него извалканата облека’; и нему лично: ‘Ете, ја отфрлив од тебе вината твоја и те облекувам во свечена облека (Захарија 3:1-4).

            „Видението на Захарија за Исуса и ангелот посебно се однесува на искуството на Божјиот народ на крајот од големиот ден на откупување“ (5. Сведоштво, 472).

            „И додека Божјиот народ ги мачи своите души пред Бога, молејќи се за чистотата на срцето, ќе биде издадена заповедта: ‘Соблечете ја од него извалканата облека’, и ќе бидат изговорени зборови полни со охрабрување: ‘Ете, ја отфрлив од тебе вината твоја и те облекувам во свечена облека’ (Захарија 3:4). Во тие чисти облеки на Христовата правда ќе се облечат искушаните и испитани, но сепак верни Божји деца. Презрениот остаток ќе биде облечен во величествен костум, кој никогаш повеќе нема да го извалкаат со расипаноста на овој свет. Нивните имиња се запишани во книгата на животот на Јагнето, запишани меѓу имињата на верните од сите времиња. Тие се бореле против лукавството на сатаната, и не се одрекле од својата вера заради рикањата на змевот. Сега засекогаш се спасени од сите лукавства на сатаната. Нивните гревови се префрлени на зачетникот на гревот. Остатокот нема само да добие простување и да биде примен, туку ќе биде и почествуван. На нивните глави ќе бидат ставени ‘чисти капи’. Тие ќе бидат како цареви и свештеници на Бога. Додека сатаната ги изнесувал своите обвинувања и се трудел да ги уништи, невидливите ангели биле околу нив и на нив го ставале белегот на живиот Бог. Тоа се оние кои пред Јагнето стојат на гората Сион и го имаат името на Неговиот Татко напишано на нивните чела. Тие ќе пејат нова песна пред престолот, песна која не може никој да ја научи освен сто четириесет и четирите иЉади кои се откупени од Земјата. „Тие се оние што го следеа Јагнето… Тие се откупени меѓу луѓето, првенци на Бога и на Јагнето, и во устата нивна измама не се најде; тие се непорочни пред престолот Божји” (Откровение 14:4) (5. Сведоштво, 475,476).

            СЕГА Е ВРЕМЕ

            „Ние веруваме без никакво сомнение дека Исус наскоро ќе дојде. Тоа за нас не е бајка, тоа е реалност. Ние не се сомневаме, ниту сме се сомневале, дека науката која денес ја исповедаме е сегашна вистина и дека ние се ближиме кон страшниот суд. Ние се подготвуваме да го дочекаме Оној Кој во придружба на светите ангели ќе се појави на небесните облаци за да им подари бесмртност на праведните и верните. Кога ќе дојде, Тој нема да нè чисти од гревот, да ги отстранува недостатоците на нашиот карактер ниту ќе нè лекува од нашите слабости и склоности. Ако воопшто тоа дело се изврши за нас, тоа ќе биде завршено пред тоа време. Кога Господ ќе дојде, оние кои се свети ќе останат свети. Оние кои го сочувале своето тело и својот дух во светост, ќе добијат бесмртност. Но оние кои се неправедни, непосветени и валкани, ќе останат такви засекогаш. Тогаш ништо не може да се направи за нас. Ние ја прифаќаме Божјата вистина такви какви што сме, со различни особини и кога ќе паднеме под влијание на таа вистина, таа за нас ќе го изврши делото кое е потребно за морално да се подготвиме за царството на славата и друштвото на светите ангели. Ние сега се наоѓаме во Божјата работилница. Многумина меѓу нас се груби камења од каменолом. Меѓутоа, кога ќе ја прифатиме вистината, таа влијае на нас. Таа нè издигнува и ја отстранува од нас секоја несовршеност и грев, какви и да се. Така ќе се подготвиме да го здогледаме Царот во сета Негова убавина и конечно да се обединиме со чистите и небесни ангели во царството на славата. Овде тоа дело мора да се изврши за нас“ (2. Сведоштво, 355).

Сподели го ова:

Слични објави