ДРАГИ БРАЌА НА РЕФОРМНОТО ДВИЖЕЊЕ ШИРУМ СВЕТОТ

Сподели го ова:

Нека Господ Исус Христос биде со вас додека се приближуваме кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година!

Вдахновението ни ги дава овие навремени предупредувања: „Ние живееме во последното време. Знаците на времето кои набрзина се исполнуваат, зборуваат дека Христовото доаѓање е пред вратата. Деновите во кои живееме се свечени и значајни. Божјиот Дух, постепено, но сигурно се повлекува од земјата. Помори и други казни веќе ги снаоѓаат оние кои ја презираат Божјата благодат. Несреќите на копно и море, несредената состојба на општеството, гласовите и стравот од војните претставуваат злокобни знаци. Сето тоа претскажува дека се приближуваат настани кои се од најголемо значење.“ 9 Сведоштво, 11.

„Блиску е времето кога во овој свет ќе се појави страдање кое никаков човечки мелем нема да може да го исцели. Божјиот Дух се повлекува. Несреќите на море и копно брзо следат една по друга. Колку често слушаме за земјотреси и урагани, за пожари и поплави кои нанесуваат големи загуби во имотите и животите! Наизглед тие несреќи се наивни испади на несреќни сили во природата, потполно надвор од човечка власт; но во сето тоа се наѕира Божјата намера. Тие спаѓаат во средства со помош на кои Бог настојува во луѓето да разбуди свест за лична опасност.“ Пророци и цареви, 277.

Читањето на горенаведените текстови може да изгледа како да ги читаме тековните вести, иако овие предупредувања биле напишани пред повеќе од 100 години.

Со оглед на реалноста на која сме сведоци, како оди нашата подготовка во пресрет на последните настани?

Апостол Петар, кој живеел во почетокот на христијанската ера, напишал: „И ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сè што е на неа, ќе изгори. И така, бидејќи сето тоа ќе се разруши, каков треба да ви биде вашиот свет живот и побожноста ваша, додека го очекувате и посакувате скорото доаѓање на Божјиот ден, во кој небесата ќе се разрушат и основите во оган ќе се стопат. Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се всели правда.“ 2 Петрово 3:10-13.

Како што се приближуваме кон оваа нова година, треба да ја оцениме нашата духовна состојба како поединци, семејства и како црква.

Мораме да се запрашаме: „Колку време дневно поминувам во проучување на Писмото со молитва? Како е со нашите семејни богослужби? Дали ја одржуваме утринската и вечерната служба заедно? Дали ги правиме потребните подготовки за саботата? Дали сме присутни на нашите молитвени состаноци?“

Во книгата „Копнежот на вековите“, Елена Г. Вајт нè советува да поминуваме еден час дневно во проучување, особено на последните сцени од Христовиот живот.  Оваа практика ќе ја зајакне нашата духовност повеќе од било кои други верски должности. Ние треба да одиме со Исуса во Гетсиманија  и на Голгота за да ја разбереме големата цена на спасението и колку е страшен гревот во очите на Бога.

Нашето вечно спасение и нашето семејство треба да биде нашиот најголем приоритет. Исус изјавил: „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придодаде.“ Матеј 6:33.

Во пресрет на големата криза која ни претстои, ние ја препознаваме нашата слабост и човечката ограниченост за да се соочиме со претстојните искушенија, но имаме прекрасно ветување во Евреите 4:16: „И така, слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да примиме милост и да најдеме благодат за благовремена помош.“

Завршувајќи ја оваа порака, силно ви препорачувам:

  • Одвојте време секој ден за проучување на Божјото Слово со молитва.
  •  Обновете го семејниот олтар (утрински и вечерни богослужби), за да го направите вашиот дом Ветил (врата небесна).
  • Проучете го животот, мисијата, смртта, Христовото воскресение, Неговото посредување во Светињата над светињите и Неговото второ доаѓање во слава.
  • Темелно проучувајте ја книгата “Копнежот на вековите”. По Библијата, оваа книга е најдобрата алатка за познавање на Христа.
  • Молете се и работете за единство на Божјиот народ ширум светот, како одговор на Христовата молитва пред Неговото распнување.
  • Внимавајте на седмиот ден Саботата, почитувајќи ги нејзините граници, правејќи го овој прекрасен ден како специјално време за заедништво со Бога и со семејството колку што е можно повеќе во природа.
  • Обрнете внимание на „единаесеттата заповед“, ​​љубејќи се еден со друг како што Христос нас нѐ сака.
  • Одвојте време за мисионерска работа и како поединци и како црква.

За да бидеме вечно со Христа, вреди да се откажеме од сето она што претставува пречка за наше спасение. Она што сатаната ни го нуди е премногу евтино во споредба со оние работи што „око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат.“

Христос рекол: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи“ Матеј 6:24.

Дали сме спремни за ова?

Господ да нè благослови за да ги исполниме овие едноставни услови!

Вашиот брат во блажената надеж,

Дави Паес Силва

Сподели го ова:

Слични објави