ЧИСТА И НЕЧИСТА ХРАНА, ДАЛИ Е РЕЛЕВАНТНА ДЕНЕС?
Време е да кажеме како Вавилон ги мамел и продолжува да ги мами верниците и во врска со прашањето за правилната исхрана. Бидејќи и во оваа сфера Бог јасно ја формулирал својата волја.
При создавањето на светот, Бог јасно рекол за менито на човештвото:
„И Бог рече: „Еве, ви дадов секакви билки што даваат семе по целата земја, и секакви дрвја што во себе имаат семе според својот род и вид; тоа да ви биде за храна“ (Создавање 1:29).
Која храна била најдобра, најкорисна и најправилна за човекот ќе дознаеме од следниве Божји зборови:
„И Бог виде дека сето она што го создаде е многу добро“ (Создавање 1:31).
По падот во грев, Бог додал во исхраната на луѓето трева полска (зеленчук), како што вели Светото Писмо:
„…и ти ќе јадеш трева полска“ (Создавање 3:18).
Фактот дека тоа била одлична храна за човекот, сведочи и животниот век на луѓето, повеќе од 900 години:
„А сите денови од животот на Метушелах беа деветстотини шеесет и девет години; потоа умре“ (Создавање 5:27).
ПРИНУДНА МЕРКА ПО ПОТОПОТ
Водите на Потопот го смениле лицето на земјата до непрепознатливост. Флората страдала многу и Бог им дозволил на луѓето да јадат месо од животните, но со резерва:
„Сè што се движи и живее, ќе ви биде храна; сè ви давам, како што ви ги бев дал зелените билки. Само не смеете да ги јадете живите суштества додека во нив има душа, односно крв“ (Создавање 9:3,4).
Бог прави споредба и вели дека храната од животинско потекло му била дадена на човекот по аналогија, како што е дадена храната од зеленчук. „Сè што се движи и живее, ќе ви биде храна; сè ви давам, како што ви ги бев дал зелените билки“. Оваа аналогија сугерира дека не можат да се јадат сите животни. Бидејќи на човекот не му е дадена целата вегетација што растела на земјата, туку само тревата, што во себе има семе, овошје и зеленчук (трева полска). Покрај тоа, на Ное му било наредено во ковчегот да земе чисти животни по седум парови, а нечисти животни по еден пар, за да го продолжат своето потомство на земјата.
И ако Ное изел еден пар од нечистите животни, тогаш овој род би изумрел:
„И земи со себе од секое чисто животно по седум од машки и женски пол, а од нечистите животни – по две, машки пол и женски пол; исто така и од небеските птици (чисти) по седум, од машки и од женски пол, (и од сите нечисти птици по две, од машки и од женски пол) за да им се зачува родот нивни по целата земја“ (Создавање 7:2,3).
ЗНАЦИ КОИ ГО РАЗЛИКУВААТ ЧИСТИОТ ДОБИТОК ОД НЕЧИСТИОТ
Каква е оваа поделба на чисти и нечисти животни? Сè е крајно едноставно, нечистите животни, нечистите птици и нечистите риби се помошници на земјата и многу е лесно да се разграничат чистите животни од нечистите:
„Секое животно што има разделени копита и на двете копита длабок зарез, и секое животно што прежива, јадете го“ (Второзаконие 14:6).
„Еве ги животните што можете да ги јадете: говедо, овца, коза, елен, срна, бивол, див вол (бизон) и дивата коза“ (Второзаконие 14:4,5).
Според тоа, нечисто животно ќе биде она што ги нема овие два надворешни знака:
„Од преживарите или од животните со раздвоени копита само овие не смеете да ги јадете: камила, питом зајак и див зајак, зашто тие, иако преживаат, нивните копита не се разделени: тие се нечисти за вас; и свињата, бидејќи, иако копитата и се разделени, но таа не прежива: таа е нечиста за вас; месото нивно не јадете го и до труповите нивни не се допирајте“ (Второзаконие 14:7,8).
ЧИСТИ И НЕЧИСТИ МОРСКИ ЖИТЕЛИ
Морските жители исто така се јасно поделени со надворешен знак на чисти и нечисти:
„А од сè, што живее во водата ова можете да јадете: сè што има лушпи и перки, можете да јадете. А што нема лушпи и перки не смеете да јадете. Тоа нека биде нечисто за вас“ (Второзаконие 14:9,10).
Чистите морски жители имаат перки и лушпи, на пример, крап, штука, лосос.
Нечистите морски жители ги немаат овие два знака, како што се сом, ајкула, јагула, октопод (лигни), сите ракови, остриги.
КАКВИ ДРУГИ ЗАБРАНИ ВО ИСХРАНАТА СЕ ЗАПИШАНИ ВО СВЕТОТО ПИСМО?
Покрај тоа, има забрани за јадење на влекачи, водоземци и слични штетници:
„А сите други крилести бубачки нека ви се одвратни!’ ‘И од нив ќе станете нечисти: кој и да се допре до нивната пцовисаница нека биде нечист до вечерта… Сите четвороножни животни, што одат на шепи, нечисти се за вас. Секој што ќе се допре до нивната мрша, нека биде нечист до вечерта. А оној што ќе ја понесе нивната мрша, нека ја испере својата облека и нека биде нечист до вечерта. Тие се нечисти за вас.’… ‘Од животните што лазат по земјата нека се нечисти за вас овие: невестулката, глушецот и секој вид гуштери; ежот, камелеонот, дождовникот, зелениот гуштер и кртицата. Тие животни, од сите што ползат, се нечисти за вас. Секој што ќе ги допре мртви, нека биде нечист до вечерта... А врз она на што некое од нив ќе падне мртво, нека биде нечисто: било некаков дрвен предмет или облека, или кожа или мев и секоја работа што се употребува. Секој таков предмет нека се накваси во вода и нека остане нечист до вечерта...
„Сè друго што има крилја и оди на четири нозе одвратно да ви е; со тоа да не се осквернувате. Од нив ќе станувате нечисти: секој кој ќе се допре до нивно пцовисано тело, нечист ќе биде до вечерта... Секое животно што има нераздвоени копита, но нема длабок рез меѓу копитата или не прежива, нечисто да биде за вас; секој кој ќе се допре до такво, нечист ќе биде (до вечер)... А меѓу животните што лазат по земја да ви бидат нечисти: невестулката, глушецот и желката со нејзините видови и ежот и крокодилот, и гуштерот, и полжавот, и кртот. Тие да ви се нечисти меѓу животните што лазат по земјата, и кој ќе се допре до нив пцовисани, нечист да е до вечерта. И секој предмет на кој ќе падне нешто од нив пцовисано, ќе биде нечист, било да е сад дрвен или облека или кожа или вреќа, и секој предмет што е потребен за некоја употреба, да се стави во вода и ќе биде нечист до вечерта; потоа ќе биде чист. А и секој сад земјен, во кој ќе падне нешто од тоа, и сè што ќе е во него, ќе биде нечисто, а садот скршете го. И секое јадење што го јадете, ако на него се излее вода од таков сад, ќе биде нечисто (за вас); и секое питие што се пие во секој таков сад, ќе ви биде нечисто...“
„Секое животно, што ползи по земјата, е нечисто за вас; нека не се јаде. Ништо што ползи по мевот, ништо што оди на четири нозе или на повеќе нозе – никаков ползач што лази по земјата, не јадете, зашто се одвратни. Немојте да се онечистите сами себеси со сите тие лазачи што ползат; не осквернувајте се со нив, за да не станете и вие нечисти заради нив…“
„Тоа е закон за добитокот и за птиците, и за секоја жива душа што се движи во вода, и за секое животно што лази по земја, за да се распознава нечистото од чистото и животните што можат да се јадат од животните што не треба да се јадат“ (Левитска 11:23-43, 46,47).
Ве молиме обратете внимание на тоа дека покрај забраната за јадење на нечиста храна, садот во кој се наоѓала нечистата храна бил предмет на уништување, а водата од таквиот сад ја правела неупотреблива дури и храната што Бог ја дозволил.
КОИ ПТИЦИ БИЛЕ ЗАБРАНЕТИ ЗА ЈАДЕЊЕ?
Даден е список на забранети раси од птици:
„Секоја чиста птица јадете ја; но од нив не треба да ги јадете овие: орелот, грифот, галебот, јастребот, соколот, мршојадецот и сличните на нив; и секаков гавран од кој било вид; нојот, ластовицата, кукавицата и сличните на нив; бувот, ибисот, лебедот и сличните на нив; чавката, пеликанот и корморанот; штркот, чапјата, пупунецот и лилјакот“ (Второзаконие 14:11-18).
БОГ ЗАБРАНУВА ДА СЕ ЈАДЕ МЕСО ОД МРТВИ ЖИВОТНИ
Забележете дека ова се зборовите на истиот Бог кој нè создал и ни го дал својот Закон на Синај. Бог, кој сега им суди на сите луѓе. Бог исто така забранил да се јаде месо од чисти животни ако умрат:
„И кога ќе пцовиса каков и да е добиток од оној што го јадете, ако некој се допре до неговиот труп, нечист ќе биде до вечерта. А оној што ќе јаде од трупот негов, нека ја испере облеката своја и нечист ќе биде до вечерта; и кој ќе носи нивни пцовисан труп, нека ја испере облеката своја и нечист ќе биде до вечерта“ (Левитска 11:39,40).
ПРАШАЊЕТО ЗА НЕЧИСТОТИЈА ВО ХРАНАТА Е ДУХОВНО ПРАШАЊЕ, А НЕ ФИЗИЧКО
Целата оваа нечистотија не е поврзана само со физиката и биологијата, туку станува збор за духовна реалност:
„Не поганете ги душите ваши со ниедно од животните што лазат и не осквернувајте се од нив, за да не станете нечисти преку нив, зашто Јас сум Господ, вашиот Бог, осветувајте се и бидете свети, бидејќи Јас сум свет; и немојте да ги осквернувате душите ваши со какво и да е животно што лази по земјата. Бидејќи Јас сум Господ што ве изведе од земјата египетска, за да ви бидам Бог; и така – бидете свети, зашто Јас сум свет“ (Левитска 11:43-45).
Обратете внимание дека Бог ги поврзува таквите поими како што се ослободувањето на Неговиот народ од египетското ропство, желбата да биде нивен Бог, повик кон светост на овој народ преку воздржување и откажување од нечиста храна, која Бог ја забранил.
За жал, многу христијани, не гледајќи ја оваа врска, ги доживувале Божјите забрани како некакви церемонии, како дел од левитскиот систем на богослужение, кој навистина се исцрпил со Христовата смрт. И тие, донесувајќи таков погрешен заклучок, сега јадат од гадоста забранета од Бога, не сметајќи го тоа за грев, но дали е навистина така?
Примерите во Стариот завет ни се дадени како предупредување. Бог ги извел Евреите од египетското ропство и ги одвел во земја во која тече млеко и мед. Во Новиот Завет, Бог ги изведува луѓето од вавилонското робување на гревот и заблудите преку Христа и ги води во Царството Небесно. Како што тогаш Тој сакал да биде Бог за народот што го повикал и го повикува на светост, така и сега Тој ги повикува на светост оние што биле повикани од Него преку Исус Христос:
„Како послушни чеда, не постапувајте веќе според поранешните ваши похоти, кога бевте во незнаење. Но, по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки. Зашто напишано е: ‘Бидете свети, бидејќи Јас сум свет’“ (1. Петрово 1:14-16).
БОГ, ЗАРАДИ СВОЈАТА СВЕТОСТ, БАРА СВЕТОСТ ОД ВИСТИНСКИТЕ ХРИСТИЈАНИ
Вие сте сведоци на едни исти вистини, на повиците и Божјото барање за светост на оние што биле повикани од Него, затоа што Оној што го повикал, е свет. Погледнете внимателно на овие стихови:
„Зашто во Писмото стои напишано: ‘Еве, на Сион поставувам камен темелник, одбран и скапоцен; и кој верува во Него, нема да се посрами!’ Вам, пак, кои верувате, Тој ви е чест, а за неверниците – ‘Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник’, камен од кој тие се сопнуваат и камен на кој паѓаат, зашто не му се покоруваат на словото; за тоа се тие и одредени. Но вие сте избран род, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени за да ги возвестите совршенствата на Оној Кој ве повикал од темнина во Својата чудесна светлина; вие, кои некогаш не бевте народ, а сега сте народ Божји; кои не бевте помилувани, а сега сте помилувани“ (1. Петрово 2:6-10).
Верниците, примајќи го Бога, станале Божји народ, свет народ. И на нив Бог им се обраќа со истите зборови што му биле кажани на Израел при забраната за нечиста храна.
ПРАШАЊЕТО ЗА ЧИСТА И НЕЧИСТА ХРАНА НЕ Е ВТОРОСТЕПЕНО ПРАШАЊЕ, ТУКУ ОД ЖИВОТНО ЗНАЧЕЊЕ.
Бог, преку пророкот Исаија, уште во старозаветно време, зборувал како Израел го навредува Господа и зошто Бог ги повикува кон Себе наместо кон Израел верниците од другите народи:
„Јас им се открив на оние, кои не прашуваа за Мене, кои не Ме бараа: ‘Еве Ме, еве Ме!’ – му велев на народ, кој не го повикуваше името Мое. Секогаш ги протегав рацете Свои кон непокорниот народ, кој одеше по лош пат, – по своите помисли, – кон народ, кој постојано Ме навредува в лице, принесува жртви во градините и пали темјан на црепчиња, седи во гробови и ноќева во пештери; јаде свинско месо, а во садовите негови има гнасно вариво“ (Исаија 65:1-4).
Бог сметал дека ако Неговиот народ јаде одвратна храна, во овој случај свинско месо, тогаш во тој случај Божјиот народ го навредува својот Бог, го обесчестува. А Божјата казна за таквиот престап ќе биде мошне строга за сите што живеат на земјата. Тоа е вечна пропаст:
„Зашто, ете, ќе дојде Господ во оган, и колите Негови – како виор, за да го излее гневот свој со јароста и заканата Своја – со пламнат оган. Зашто Господ ќе суди со оган и со мечот Свој над секоја плот, и многумина ќе бидат убиени од Господ. Оние, што се посветуваат и очистуваат во градините еден по друг, кои јадат свинско месо и гадотии и глувци, -сите ќе загинат вели Господ“ (Исаија 66:15-17).
Затоа, прашањето за чиста и нечиста храна не е второстепено прашање, туку исто толку важно за нашето спасение, како и држењето на Десетте заповеди.
КОИ СЕ РАЗЛИКИТЕ И СЛИЧНОСТИТЕ ПОМЕЃУ СТАРИОТ И НОВИОТ ЗАВЕТ?
Христијаните што јадат нечиста храна и се правдаат со тоа дека тие живеат во Новиот завет, а забраните за оваа храна се наоѓаат во Стариот завет, се чини дека не се во состојба да ја разберат разликата помеѓу двата завета, иако таа е толку јасно изразена во Светото Писмо:
„Бидејќи не е можно телешката и јарешката крв да ги однесе гревовите. Поради тоа, влегувајќи во светот, вели: ‘Жртви и дарови Ти не посака, а тело Ми приготви. Сепаленици за гревот не Ти се угодни.’ Тогаш реков: ‘Ете, идам, напишано е за Мене во книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја.’ Кога погоре рече: ‘Жртви и дарови и сепаленици за гревот – што се принесуваат според Законот, Ти не посака и не Ти се угодни’, а потоа рече: ‘Ете, идам, Боже, да ја извршам волјата Твоја’, со тоа Тој го укинува првото, за да го воспостави второто. Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исус Христос еднаш засекогаш“ (Евреите 10:4-10).
Погледнете ги текстовите, овде сè е јасно напишано црно на бело. Крвта на закланите животни не ги уништувала гревовите. Зашто овие животни биле еден вид на симбол на големата Жртва на Христос и само на неа укажувале, но тие не се сами по себе цел. Христос, кој станал човек според Божјата волја, дошол на светот за да ја исполни Божјата волја, да стане Жртва за гревот за целото човештво.
И преку Својата жртва Тој го укинал Законот за жртвување на животните, укажувајќи на Неговата голема Жртва, и го одредил спасението преку Неговата смрт на крстот. Благодарение на ова, Божјата волја била исполнета, а верниците се осветени со оваа совршена Жртва.
Ова е она што се изменило при преминот од Стариот Завет во Новиот. А принципите на праведноста, Божјиот закон, сето тоа останало непроменето. И во Новиот Завет непроменети останале грешниот човек и неговата биологија, и нечистите животни, забранети од Бога за храна, останале непроменети.
ШТО МУ ОДГОВОРИЛ ПЕТАР НА ГОСПОД ВО СВОЈАТА ВИЗИЈА
Како поддршка на изговорените зборови, да обрнеме внимание на зборовите на апостол Петар, изговорени на Господ во моментот на примање на видението, кое го видел откако Христос се вознел во слава:
„И го виде небото отворено и некаков сад како слегува кон него, сличен на некое големо платниште, врзано за четирите краишта, и се спушташе на земјата. Во него имаше секакви четириножни животни, ѕверови, влекачи земни и птици небески. И дојде глас кон него: ‘Петре, стани, заколи и јади!’ А Петар рече: ‘Никако, Господи, зашто никогаш не сум јадел погано или нечисто’“ (Дела 10:11-14).
Самата визија ќе ја објаснам малку подоцна, додека ќе обрнам внимание на зборовите на апостол Петар.
Во текот на 3,5 години го следел Христос, па дури и по Христовото воскресение поминало време, но тој сè уште не јадел никаква нечиста храна. Ова укажува на тоа дека Христос не ги учел своите ученици дека Тој дошол да ја укине забраната дадена од Бога за нечистата храна и да им даде дозвола на верниците да ја јадат. Апостол Петар сведочи за тоа дека НИКОГАШ не јадел ништо гнасно или нечисто.
НЕЧИСТАТА ХРАНА ГО ОСКВЕРНУВА ЧОВЕКОТ
Ние веќе забележавме со вас дека Бог го поврзува јадењето на нечиста храна со сквернавењето на човекот, покажувајќи ја на тој начин поврзаноста на телесното со духовното.
Човекот е интегрална и неделива целина, нашиот ум се состои од елементи добиени од храната што ја јадеме, односно ние сме она што го јадеме. Апостол Павле во Новиот Завет ја изразил оваа вистина од Стариот Завет на следниов начин:
„Не впрегнувајте се заедно со безверниците; зашто какво заедништво постои меѓу правдата и беззаконието? Што заедничко има меѓу светлината и темнината? Какво согласие може да има меѓу Христос и Велијар? Или, што има заедничко меѓу верник и безверник? Каква спогодба има храмот Божји со идолите? Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: ‘Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ.’ ‘Затоа излезете од нивната средина и одделете се!’ Вели Господ, и ‘Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам! И Јас ќе ви бидам Татко, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки’, вели Господ Седржителот. И така, возљубени, имајќи вакви ветувања, да се очистиме од секоја нечистота на телото и на духот, исполнувајќи ја светоста во страв Божји“ (2. Коринтјаните 6:14-18; 7:1).
Светлината нема никаква врска со темнината, Бог нема никаква врска со ѓаволот, Божјиот народ нема никаква врска со оние што не се Божји народ. Бог сè уште ги повикува оние што одговориле на Неговиот повик да не се допираат до нечистото, да се стремат кон Божјата светост, очистувајќи се од секоја нечистотија на телото и на духот.
РАЗМИСЛЕТЕ ЗА НАВОДНИТЕ БИБЛИСКИ ТЕКСТОВИ ЗА УКИНУВАЊЕ НА ЗАБРАНАТА ЗА НЕЧИСТА ХРАНА
Христијаните, кои јадат нечиста храна, честопати се обидуваат да најдат потврда во Библијата дека Бог веќе ги укинал забраните за нечистата храна и дека тие можат да јадат што ќе посакаат. И притоа, тие се повикуваат на некои делови од Библијата, кои ќе ги разгледаме по ред.
ЗБОРОВИ НА ИСУС ХРИСТОС ЗА ТОА, ШТО ГО ОСКВЕРНУВА ЧОВЕКОТ
„И како ги повика луѓето, им рече: ‘Слушајте и разберете! Не го осквернува човекот она што влегува во устата, туку она што излегува од устата, тоа го осквернува човекот’“ (Матеј 15:10,11).
Колку и да сакаат љубителите на нечиста храна да добијат дозвола во овие зборови да ја јадат, контекстот на разговорот е против таквото толкување. Погледнете каде започнал разговорот помеѓу Христос и фарисеите:
„Тогаш пристапија кон Исус ерусалимските книжници и фарисеи, велејќи: ‘Зошто учениците Твои не го запазуваат преданието на старите? Зошто не си ги мијат рацете кога јадат леб?’“ (Матеј 15:1,2).
Дали забележувате дека прашањето за нечистата храна воопшто не било тема на разговор. Прашањето се однесувало на ритуалните миења кои произлегувале од традициите на старите. Христос, осудувајќи ги фарисеите, дека тие со преданијата ги укинале заповедите, во тој контекст рекол дека „не го осквернува човекот она што влегува во устата, туку она што излегува од устата, тоа го осквернува човекот“ , а не во контекст на нечистата храна за што воопшто не се дискутирало.
Фарисеите, откако ги слушнале Христовите зборови, се соблазниле и го оставиле Синот Божји, а апостолите сакале да разберат што Христос имал во вид изговарајќи ги овие зборови. И во објаснувањето на Христовите зборови, изговорени од Него, наоѓаме уште една потврда дека воопшто не станувало збор за нечиста храна, туку за преданијата на старите и неизмиените раце:
„Петар, пак, Му одговори и рече: ‘Објасни ни ја оваа парабола.’ А Исус им рече: ‘Ама вие, уште ли не сфаќате? Уште ли не разбирате дека сè што влегува во устата, минува преку стомакот и се исфрлува надвор? А она што излегува од устата, иде од срцето и тоа го осквернува човекот; зашто од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули; тоа го осквернува човекот. А јадењето со неизмиени раце не го осквернува човекот’“ (Матеј 15:15-20).
Јасно може да се види контекстот на расудувањето. Започнавме со преданијата на старите и ритуалното миење, а разговорот го завршивме со истото. Овде дури и не било поставено прашањето за нечиста храна. Значи, овие Христови зборови не претставуваат дозвола за учество во гадоста забранета од Бога во Неговата Реч.
ВИЗИЈАТА НА АПОСТОЛ ПЕТАР
Друг пасус што го користат христијаните кои јадат нечиста храна како дозвола да ја јадат е визијата што му била покажана на апостол Петар:
„Утредента, додека тие патуваа и наближуваа до градот, Петар околу шестиот час се качи на рамниот покрив од куќата да се помоли. И бидејќи беше огладнел, сакаше нешто да јаде; а додека му приготвуваа, тој падна во занес, и го виде небото отворено и некаков сад како слегува кон него, сличен на некое големо платниште, врзано за четирите краишта, и се спушташе на земјата. Во него имаше секакви четириножни животни, ѕверови, влекачи земни и птици небески. И дојде глас кон него: ‘Петре, стани, заколи и јади!’ А Петар рече: ‘Никако, Господи, зашто никогаш не сум јадел погано или нечисто.’ И повторно дојде глас кон него: ‘Она што Бог го очистил, ти не го сметај за нечисто!’ Тоа се повтори трипати, а садот пак се крена кон небото“ (Дела 10:9-16).
АПОСТОЛ ПЕТЕР РАЗМИСЛУВА ЗА ДОБИЕНАТА ВИЗИЈА
Повторно ќе го разгледаме спасоносното правило за контекстот. Историјата започнува со тоа што побожниот стотник на италијанскиот полк во визија гледа ангел Божји, и тој го испраќа Корнилиј по апостол Петар за тој да му ги каже на Корнилиј зборовите на спасението. Корнилиј не бил Евреин по тело, тој е од незнабошците, но Петар бил Евреин. Во моментот кога испратениот од Корнилиј дошол во куќата каде што бил Петар, Бог му дава на Петар визија на платно со нечисти животни и вели дека тие можат да се јадат, затоа што она што Бог го очистил не треба да се смета за нечисто. Откако ја примил оваа визија, Петар не потрчал да јаде со радост свинско месо, како многуте христијани (бидејќи, според нивно мислење, забраната била укината). Не, апостолот започнал да размислува за визијата, не разбирајќи ја:
„И додека Петар беше во недоумица што значи тоа видение што го виде, ете ги луѓето, испратени од Корнилиј, кои откако се распрашаа и го најдоа домот на Симон, застанаа пред портата“ (Дела 10:17).
БИБЛИСКО РАЗБИРАЊЕ НА ВИЗИЈАТА НА АПОСТОЛОТ ПЕТАР
Неверојатно! Апостол Петар, кој лично го познавал Христа, не го разбрал веднаш значењето на визијата. Но, многу христијани одеднаш сè разбрале, Бог дозволил да се јадат нечисти работи. Неверојатна духовна визија. Сега, Петар размислува за визијата што му е покажана, и Бог му рекол:
„Ете, те бараат тројца луѓе. Туку стани, слези и оди со нив, не размислувајќи ништо; зашто Јас ги пратив!“ (Дела 10:19,20).
Во овие зборови се наоѓа одговорот на она што се случувало во душата на апостолот и каков бил неговиот став кон незнабошците. Бог вели дека апостолот треба да оди со оние што биле испратени од Корнилиј и нималку да не се сомнева во исправноста на овој чин. И така, доаѓајќи во куќата на Корнилиј, Петар изговорил зборови што фрлаат светлина на тоа како тој ја разбрал визијата од Бога:
„И така разговарајќи со него, влезе внатре, каде што најде мнозина собрани. И им рече: ‘Вие знаете дека на човек Јудеец му е забрането да се дружи или да оди кај човек од друг род. Но мене Бог ми покажа ниеден човек да не го нарекувам поган или нечист. Затоа, кога бев поканет, дојдов без двоумење. Сега ве прашувам, зошто ме повикавте?’“ (Дела 10:27-29).
Дури и дете, што ја чита Библијата, ќе разбере дека во оваа визија не се работело за нечиста храна, туку за проповедање на незнабошците, кон кои Евреите имале предрасуди дека се нечисти и недостојни за Божјата благодат. Со оваа визија, Бог на апостолите на дело им го открива опсегот на проповедање на Евангелието низ целиот свет – секој верник кој се плаши од Бога од која било нација, му е угоден на Бога и не е нечист во Неговите очи. Откако ја разбрал оваа вистина, Петар и ја искажал таму, во куќата на Корнилиј:
„Тогаш Петар ја отвори устата и рече: ‘Навистина сфаќам дека Бог не гледа на лице; туку, напротив, Нему му е мил во секој народ оној кој има страхопочит кон Него и постапува праведно. Тој им го прати на синовите Израелови словото, благовестувајќи мир преку Исус Христос, Кој е Господ на сите’“ (Дела 10:34-36).
АПОСТОЛ ПЕТЕР ЈА ОБЈАСНУВА СВОЈАТА ВИЗИЈА НА БРАЌАТА ВО ЕРУСАЛИМ
За да навистина не се сомневаме дека правилно го разбираме Светото Писмо, да ја разгледаме 11-та глава во Делата на апостолите. Кога Петар дошол од Корнилиј во Ерусалим, браќата Евреи почнале да го прекоруваат затоа што отишол во куќата на незнабошците:
„И кога Петар влезе во Ерусалим, обрезаните што беа со него го укорија, велејќи: ‘Ти си бил кај необрезани луѓе и си јадел со нив’“ (Дела 11:2,3).
Погледнете ја одбраната на Петар против овие обвиненија:
„А Петар почна да им расправа за сè по ред, велејќи: ‘Јас бев во градот Јопија, и, додека се молев, во занес здогледав видение: од небото слегуваше некаков сад, како некое платниште, врзано за четирите краишта, и дојде дури до мене. Откако погледав во него и го разгледав, видов четириножни земни животни, ѕверови, влекачи и птици небески. И чув глас што ми зборуваше: ‚Стани Петре, заколи и јади!‘ Јас, пак, реков: ‚Не, Господи, зашто ништо погано или нечисто никогаш не влегло во устата моја.‘ А гласот од небото повторно проговори и рече: ‚Она што Бог го очистил, ти не го сметај за погано!‘ Тоа се повтори трипати; и пак се крена на небото“ (Дела 11:4-10).
Ако визијата се однесувала на фактот дека Петар сега можел да јаде нечиста храна, тогаш објаснувањето на Петар зошто одел кај необрезани луѓе, поврзано со оваа визија, изгледало смешно. Но Петар разбрал дека визијата е за незнабошците и затоа им зборувал за неа на своите браќа кои го прекорувале, како важен аргумент зошто отишол кај необрезаните. И браќата, дознавајќи сè што се случило, кажале:
„Откако го ислушаа тоа, тие се успокоија и Го прославуваа Бога, велејќи: ‘Значи и на незнабошците Бог им даде покајание за живот’“ (Дела 11:18).
Односно, оние што го слушале Петар исто така откриле дека оваа визија се однесува на зближувањето на Евреите и незнабошците заради проповедање на Евангелието, но не како дозвола да се јаде нечиста храна.
ДАЛИ ПАВЛЕ ГО ПОКРЕНУВА ПРАШАЊЕТО ЗА ЧИСТА И НЕЧИСТА ХРАНА ВО СВОИТЕ ПОСЛАНИЈА?
Еве уште неколку митови за дозволата да се јаде нечиста храна.
„Храната не нè приближува кон Бога. Ниту добиваме нешто ако јадеме, ниту нешто губиме ако не јадеме“ (1. Коринтјаните 8:8).
„Сè што се продава на пазар, јадете без какво и да било испитување поради совеста; зашто Господова е земјата и она што ја исполнува“ (1. Коринтјаните 10:25,26).
„Царството Божјо не е во јадењето или пиењето, туку во праведност и мир и радост во Светиот Дух“ (Римјаните 14:17).
Секогаш имајте на ум дека секоја лажна доктрина може да се разбие од контекстот, односно правилното разбирање за тоа, за што зборува Божјото Слово во дадениот случај. Значи не читајте само една реченица туку земете го во обѕир целиот контекст.
Контекстот на сите овие текстови е еден и ист, тоа е прашањето за храната жртвувана на идолите:
„Што се однесува, пак, до месото клано за идоли, мислам дека сите имаме знаење. Но, знаењето возгордејува, а љубовта надградува“ (1. Коринтјаните 8:1).
„Но тоа знаење го нема секој: некои според досегашната навика за идолите, го јадат месото на жртвите идолски, а совеста нивна им се осквернува бидејќи е нејака“ (1. Коринтјаните 8:7).
„Сè што се продава на пазар, јадете без какво и да било испитување поради совеста; зашто ‘Господова е земјата и она што ја исполнува.’ Ако ве покани некој од безверните и вие посакате да одите, јадете сè што ќе ви изнесат, без никакво испитување поради совеста. Но, ако некој ви рече: тоа е идолска жртва, не јадете – заради оној што ви го рекол тоа, и поради совеста. Зашто ‘Господова е земјата и она што ја исполнува’“ (1. Коринтјаните 10:25-28).
Контекстот јасно укажува на тоа дека Павле во своите писма не го поставува прашањето за чиста и нечиста храна, бидејќи за него Божјата забрана е недвосмислена. Павле покренува еден итен проблем за христијаните што живеат меѓу незнабошците, а тоа е прашањето за храната жртвувана на идолите. И во овој контекст, тој зборува за купување на пазар и јадење храна на гости.
ДУРИ И НА ИДОЛИТЕ ИМ ПОСВЕТУВАЛЕ ЧИСТИ ЖИВОТНИ
Во врска со храната жртвувана на идолите, тој зборува за совеста на верникот и за тоа дека слабата совест, јадејќи храна жртвувана на идолите, се осквернува. Затоа, многу христијани, плашејќи се од сквернавење, целосно се откажале од месото и јаделе само растителна храна:
„Слабиот во вера прифатете го, но без расправии за мислењата! Еден верува дека може да јаде сè, а слабиот во верата јаде само зеленчук. Кој јаде, нека не го укорува оној што не јаде; и кој не јаде, нека не го осудува оној што јаде, бидејќи Бог го прифатил“ (Римјаните 14:1-3).
А за тоа дека месото посветено на идолите било месо од чисти животни, читаме во Делата на апостолите:
„Жрецот (Свештеникот), пак, на Зевс, чиј кип се наоѓаше пред новиот град, откако доведе јунци и венци пред портата, сакаше заедно со народот да принесе жртва“ (Римјаните 14:13).
НЕВОЗМОЖНО Е ДА СЕ ПОСВЕТИ НЕЧИСТО ЖИВОТНО НА БОГА
Ова е можеби последниот текст од оние текстови на кои христијаните се потпираат, отфрлајќи ја Божјата реч во врска со Божјата забрана за јадење на нечиста храна:
„Зашто, секое нешто создадено од Бога е добро и ништо не е за отфрлање, ако се прима со благодарност, бидејќи се осветува преку словото Божјо и со молитва“ (1. Тимотеј 4:4,5).
Читајќи го Светото Писмо, во него нема да најдете ниту еден текст кој би зборувал за тоа дека нечистата храна може да му се посвети на Бога за света употреба. Дури и предметите од скинијата се пренесувале со волови, чисти животни, а не со камили и коњи, мазги и магариња, кои се нечисти:
„Тогаш дојдоа кај него (дванаесетте) началници израелски, глави на домовите нивни, старешини на племињата кои раководеа со пребројувањето, и донесоа принос свој пред Господ – шест покриени коли и дванаесет волови, по една кола од двајца началници и по еден вол од секого, и го донесоа тоа пред скинијата. И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: ‘Земи го тоа од нив; тоа ќе послужи за извршување на службите во скинијата на собранието; и дај им го тоа на левитите, секому според службата негова!’ И ги зеде Мојсеј колите и воловите и им ги предаде на левитите: две коли и четири вола им даде на Гирсоновите синови, според службата нивна; и четири коли и осум волови им даде на Мерариевите синови, според службата нивна, под надзор на Итамар, синот на свештеникот Арон; а на Каатовите синови не им даде, зашто нивната работа беше да го носат светилиштето: на рамо треба да го носат“ (Броеви 7:2-9).
Значи, само чисти животни биле користени како жртва на Господ и за Неговата служба, а Бог му забранил на Својот народ да јаде нечисти животни. И тој рекол, дека ова е сквернавење, кое не треба да се случува среде Божјиот народ.
САМИТЕ СВЕШТЕНИЦИ ГИ ВОВЛЕКУВАЛЕ ВЕРНИЦИТЕ ВО ИДОЛОПОКЛОНСТВО
Затоа, осветувајќи ја храната со Божјата Реч, односно тестирајќи ја нејзината соодветност со Божјата Реч, само после тоа човек може да се моли над неа за нејзин благослов, но не како порано. Затоа ни е дадена Речта Божја, за да нè научи што е грев, а што не е, што е чисто, а што не е. Така е и со сите наши дела, пред да направиме нешто, ние гледаме да видиме дали тоа ќе биде добро во светлината на Божјата Реч или не.
Она што денес се случува во христијанството, потсетува на положбата на израелскиот народ во деновите на неговото отпадништво од Бога:
„Свештениците нејзини го нарушуваат Мојот закон и ги осквернуваат Моите светињи, не одвојуваат свето од несвето и не прават разлика меѓу чисто и нечисто; од саботите Мои ги покриваат очите свои, и Јас сум понизен меѓу нив“ (Езекиел 22:26).
Колку точен опис на христијанството. Свештениците, наместо да ги учат верниците во светлината на Божјата Реч, што е вистина, и што е грев, тие самите ги вклучуваат верниците во идолопоклонство, спротивно на втората заповед на Божјиот закон. Пасторите и свештениците не ги учат верниците дека постои чиста и нечиста храна, тие самите јадат сè по што копнее нивниот стомак. А Божјата сабота била отфрлена заради католицизмот и денот на сонцето.
БОГ ЗАБРАНИЛ ДА СЕ ЈАДЕ КРВ И ЛОЈ ОД БИЛО КОЕ ЖИВОТНО
Божјата забрана важи и за консумирање на месо од чисти животни со крв, поради што денес силно грешат пред Бога верниците кои не јадат нечиста храна, туку купуваат месо од непрописно заклани животни и колбаси, наводно од чисти животни, направени од незнабошците. А какво месо има во колбаси, дали знаете? Можеби таму одат лешеви од мртви животни и месо со крв и лој (маснотии). Не тешете се со натписот ‘колбас од говедско месо’. Тоа е твојот грев пред Бога.
„Само не смеете да ги јадете живите суштества додека во нив има душа, односно крв“ (Создавање 9:4).
„Само пази добро, да не се јаде крвта, зашто крвта е душа: не јади ја душата заедно со месото; не јади ја: истурај ја на земјата како вода; не јади ја! Така ќе ти биде добро тебе и на синовите твои по тебе (засекогаш), зашто го правиш тоа што е (добро и) угодно пред очите на Господ“ (Второзаконие 12:23-25).
А исто така, Божјата забрана се однесува на употреба на било каков лој, дури и од чисто животно:
„И пак му рече Господ на Мојсеј, велејќи: ‘Кажи им на синовите на Израел, и речи им: не јадете лој ни од вол, ни од овца, нити од коза. Лојот од добиток што пцовисал или е растргнат од ѕвер може да се употребува за секоја работа; но тој лој да не се јаде. Оној, што ќе јаде лој од добиток, што се принесува како жртва пред Господ, нека се истреби од народот свој’“ (Левитска 7:22-25).
НАЈДОБРИОТ НАЧИН ЗА ИСХРАНА НА ХРИСТИЈАНИНОТ
Во принцип, сè е кажано во врска со Божјите забрани во врска со храната од животинско потекло. Ние ја испитавме Божјата поделба на чисти и нечисти животни, птици, морските жители, како и Божјата забрана за консумација на месо дури и од чисти животни со крв и забраната да се јаде секаков лој (маст), дури и од чисти животни.
Но јас сметам, дека мојата должност кон Бога е неисполнета, како Божји слуга, ако не ја кажам главната работа. Апостол Павле напишал што треба духовните да разберат во контекстот што го испитуваме:
„Стремете се кон поголеми дарби. А сега ви покажувам еден многу повозвишен пат“ (1. Коринтјаните 12:31).
„Затоа да го оставиме почетното учење за Христос и да се стремиме кон совршенство…“ (Евреите 6:1).
Вие можете да останете на почетоците на Христовото учење и да се придржувате на она што го рековме погоре: не јадете месо од нечисти животни, не јадете месо од чисти животни со крв и не јадете лој. Но вие можете да итате кон совршенство и да го следите најдобриот пат и да добиете повеќе дарови од Бога, отколку што ќе добиете, држејќи се за почетоците на Христовото учење.
Јас ви предлагам мало патување по најдобрата патека, а вие сами одлучете, дали сакате да примите изобилство на Божји благослови или не.
ВЛИЈАНИЕТО НА ХРАНАТА ШТО ЈА КОНСУМИРА ЧОВЕКОТ ВРЗ НЕГОВИОТ ЖИВОТЕН ВЕК
Како што наведов претходно, Бог го создал човекот и му дал овошје и житарки за храна, и тоа било многу добро според речта Божја. По падот во грев, Бог додал зеленчук кон храната на човекот. Тоа било исто така добра храна, бидејќи луѓето биле високи, силни и живееле повеќе од 900. години. Потопот бил ужасна катастрофа за земјата и Бог, земајќи ги во предвид последиците од потопот, дозволил, во краен случај, да се јаде месо од чисти животни без крв и маснотии.
Фактот дека ова не е најдобрата храна, произлегува од фактот дека животниот век на луѓето после ова нагло се намалил.
„Ова е родословието на Сим: Сим имаше сто години кога го роди Арфаксад, две години по потопот. И откако го роди Арфаксад, поживеа Сим петстотини години, раѓајќи синови и ќерки“ (Создавање 11:10,11).
„И поживеа Тара во харанската земја двесте и пет години; и умре Тара во Харан“ (Создавање 11:32).
Авраам генерално живеел помалку од 175 години, а Мојсеј веќе пишува како приговор:
„Дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години; и повеќе време од нив се во труд и мака, бидејќи брзо минуваат и ние одлетуваме“ (Псалм 89:10).
Деградацијата и дегенерацијата на човекот и човештвото како целина е очигледна. Колосалното намалување на животниот век и болестите, станале составен дел од човекот.
БОГ ГО ХРАНЕЛ СВОЈОТ НАРОД ВО ПУСТИНАТА СО РАСТИТЕЛНА ХРАНА
Кога Бог го извел Својот народ од египетско ропство и го одвел во ветената земја, тој не го одредил месото, туку маната како храна за Својот народ:
„И синовите израелски тој леб го нарекоа мана. Тој беше бел како коријандрово семе, а по вкус – како медено колаче“ (Излез 16:31).
„О, да беше Ме послушал Мојот народ и Израел да одеше по Моите патишта!… Мојот народ ќе го хранев со најдобра пченица и ќе ги наситував со мед пештерски“ (Псалм 81:13-16).
Ја гледаме желбата на Господ да го храни својот народ не со месо, туку со растителна храна. Тој го прочистил нивниот вкус од она што го јаделе во Египет, и тоа ги донело своите благословени резултати:
„Ги изведе Израелците… и немаше болен во племињата нивни“ (Псалм 105:37).
„Четириесет години ги хранеше во пустината; но ништо не им недостасуваше, облеката не им оветвуваше, нозете не им потекуваа“ (Неемија 9:21).
Тие верувале во зборовите на незнабожечките лекари, а не во Божјата Реч. Четириесет години Израел јадел мана и не бил болен ниту пак нешто му недостасувало. Претпотопните луѓе биле вегетаријанци и живееле повеќе од деветстотини години. И во денешно време луѓето кои се вегетаријанци се поздрави од своите врсници, изгледаат помлади, поотпорни, живеат многу подолго од оние што јадат месо.
Излегувањето на Евреите од Египет и нивното наследство во ветената земја тоа се противтипови за нас. Бог нè изведува од ропството на гревот, од духовниот Вавилон и нè води во небесниот Ханан. На овој пат, Тој, како непроменлив Бог, сака да ги очисти нашите вкусови изопачени од гревот, со цел да ги донесе во хармонија со оние принципи кои биле изречени во Едем пред падот во грев, за кои Тој рекол „многу добро“.
ВО БРАКОТ, КАКО И КАЈ ЧОВЕЧКАТА ИСХРАНА, ТРЕБА ДА СЕ ВРАТИТЕ НА ЕДЕМСКИОТ НАЧИН НА ОДНЕСУВАЊЕ
Фактот дека Бог сака да се водиме според првобитниот план, а да не остава во оние услови што ги предизвикал падот, следува од Христовите зборови:
„И дојдоа кај Него фарисеите што Го искушуваа, па Му рекоа: ‘Може ли човек да ја остави жената своја за каква и да било причина?’ Тој им одговори и рече: ‘Не ли сте читале, дека Оној што ги создаде во почетокот, маж и жена ги создаде, и рече: Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја и ќе бидат обата едно тело. Па така, тие веќе не се двајца, туку едно тело. А Бог што соединил човек да не разделува.’ Тие Му рекоа: ‘Зошто тогаш Мојсеј заповеда да и даде мажот разводно писмо и да ја напушти?’ Тој им одговори: ‘Заради вашите жестоки срца Мојсеј ви дозволи да ги оставате жените свои; но во почетокот не беше така’“ (Матеј 19:3-8).
Бракот, како и вегетаријанството, произлегле во Едем. Двапати во разговорот со фарисеите, Христос се повикува на она што се случило во Едем во врска со бракот, велејќи дека тоа е Божји план за семејството. Кога му укажале дека условите се смениле и дека Мојсеј, човек од Бога, им дозволил да се разведат, Христос објаснил дека тоа го наредил Мојсеј не како норма, туку како исклучок, поврзан со тврдокорноста, односно, тоа се последиците од гревот, но во почетокот не било така. Христос повторно укажал на првобитниот Божји план за човекот.
Слична е ситуацијата и со вегетаријанството, првобитниот Божји план за човекот била растителната храна, но гревот и потопот си направиле свои прилагодувања. Покрај тоа, било потребно да се вкуси пасхалното Јагне.
ГОСПОДОВАТА ВЕЧЕРА НÈ ВРАЌА НАЗАД КОН ЕДЕМСКАТА (РАЈСКА) ХРАНА
Но, откако Христос ги променил симболите во Новозаветна Пасха, наречена Вечера Господова, од јагне во бесквасен леб и неферментирано вино, религиозната потреба за јадење на животинско месо повеќе не постои, останува само каприц.
Христос, заменувајќи ги симболите, ни покажал дека Божја желба е да нè врати на Едемската храна, зашто Божјиот Син рекол:
„И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: ‘Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите. И вам ви велам, зашто отсега нема да пијам од овој лозов плод сè до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец’“ (Матеј 26:27-29).
Христос на Големата вечера на сите спасени нема да им понуди Пасхално јагне, ниту храна од животинско потекло, туку чист сок од грозје. Овде зборуваме за Едемска храна, а животните, како и во Едем, ќе живеат мирно покрај човекот.
„Тогаш волк ќе живее со јагне, леопардот ќе лежи заедно со јаре; теле, лавче и вол ќе бидат заедно, и мало дете ќе ги води. Крава ќе пасе со мечка, нивните млади ќе лежат заедно; лавот ќе јаде слама како волот. Новороденче ќе игра над змиина дупка, дете ќе протега рака кон змиино гнездо. Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господ, како што водите го полнат морето“ (Исаија 11:6-9).
Враќајќи нè на првобитниот план за исхрана, Бог не нè лишува од нашите придобивки, туку напротив, нè збогатува со нашата свесност за исправноста на Божјиот план. Восхит од Божјата мудрост, генијалност и едноставност. Но, исто така, Бог нè збогатува со здравје и долговечност:
„Бидејќи Господ Бог е сонце и штит, Тој дава благодат и слава; Господ не ги лишува од блага оние, што одат непорочно“ (Псалм 84:11).
КАКО НИЕ БИ ПОСТАПИЛЕ ДА БЕВМЕ НА МЕСТОТО НА ДАНИЕЛ И НЕГОВИТЕ ДРУГАРИ?
Да го видиме овој Божји благослов во пракса. Даниел и тројцата другари се нашле во многу потешки услови од секој еден од нас за да останат верни на Бога во исхраната. Тие биле во заробеништво и морале да се потчинат на заповедта на царот:
„И определи царот секојдневна храна од царската трпеза и вино што сам го пиеше, па заповеда да ги одгледуваат три години, а потоа да се појават пред царот“ (Даниел 1:5).
Секој од нас е во неспоредливо подобри услови од заробените момчиња од Јудеја. Секој од нас себеси си одредува храна. Татковината на Даниел била далеку, тука е заробеник, и не можел да бира. Прашање на живот и смрт, а покрај тоа и искушение. На крајот на краиштата, јасно е какво исклучително изобилство има на трпезата на големиот монарх.
Не знам колку верници денес би одолеале на искушението ако биле поканети кај претседателот на својата земја и им биде обезбедена храна за која дури не можеле ниту да сонуваат. Можеби многумина би си дозволиле еднаш да се опуштат, бидејќи тоа не се случува секој ден. Ништо, ако погрешам, јадејќи забранета или нездрава или премногу храна, Бог е добар, Тој ќе прости.
Тој може да проштева и да прости со искрено покајание, но нема да ги даде благословите што би сакал да ги даде. Многу заробени млади момци биле во палатата на Навуходоносор, но само четворица го добиле благословот, а Даниел најмногу од сите, бидејќи тој бил иницијатор на верност на Бога и пример за тројцата другари.
БОЖЈИ БЛАГОСЛОВ ЗА ДАНИЕЛ ЗА НЕГОВАТА ВЕРНОСТ ВО ОДНОС НА ХРАНАТА
„Даниел науми да не се осквернува со јадењето од царската трпеза и од виното што го пиеше царот, па затоа го замоли началникот на дворјаните да не го принудува да се осквернува. Бог му даде на Даниел милост и благонаклоност кај началникот на дворјаните“ (Даниел 1:8,9).
„Тогаш Даниил му рече на чуварот, кого го беше поставил над Даниил, Ананија, Мисаил и Азарија началникот на дворјаните: ‘Обиди се со слугите свои – десет дни нека ни даваат зеленчук како храна и вода како пиење; а потоа нека се јават пред тебе нашите лица и лицата на оние момчиња што се хранат од царската трпеза, па потоа постапувај со слугите свои, како што ќе мислиш да е добро.’Тој ги послуша во тоа и направи таков обид со нив десет дена“ (Даниел 1:11-14).
Погледнете го првиот Божји благослов даден на Даниел за неговата цврста решителност во срцето да не јаде нездрава и осквернавена храна на незнабошците. Бог му дал наклоност на неговиот претпоставен. И не само наклоност, туку исто така и неговата милост – и ова е од Вавилонците, кои биле непријатели на Евреите и ги освоиле со силата на мечот. Гувернерот се покорил на неговиот заробеник, зарем не е тоа Божјо чудо, што укажува на тоа дека Божјото ветување е вистинито: „Господ не ги лишува од блага оние, што одат непорочно“.
Погледнете како Даниел верувал во Божјата Реч, која вели дека Бог првобитно при создавањето им дал на луѓето растителна храна, а не месо и храна од животинско потекло. Даниел е уверен дека ова е најдобрата храна, дека само таа ќе придонесе за добро здравје и убав изглед.
Читајќи за довербата на Даниел во Божјата Реч, јас сум убеден дека, ако тој живеел денес меѓу нас, тој не би поверувал во приказните (пронајдоците) на лекарите и паничарите, како и на верници кои сакаат месо. Ако не јадете месо и храна од животинско потекло, тогаш ќе го нарушите вашето здравје, барем поради недостаток на витамин Б12.
ДАЛИ БОЖЈАТА РЕЧ ЗА НАС ПРЕТСТАВУВА ИСТ АВТОРИТЕТ КАКО И ЗА ДАНИЕЛ?
За Даниел авторитет не било мислењето на авторитетните луѓе, туку Божјата Реч. Кажете ми, браќа и сестри, кој е авторитет за вас сега, Божјата Реч или мислењата на лекарите, луѓето? Ако е Божјата Реч, тогаш зошто не побрзате кон совршенството, кон вегетаријанската храна која Бог првобитно ја одредил за човекот? Зошто вие, познавајќи ја Божјата Реч каква што била во Едем и каква ќе биде на Новото Небо и на Новата Земја, дека сите таму ќе бидат вегетаријанци, продолжувате да јадете месо од животни и риби? Дали се подготвувате за вечност или сметате дека ова прашање е неважно, дури и кога Христос ве предупредил за болеста на животните во пресрет на Второто доаѓање?
„… ќе има… помор… а сето тоа е почеток на страдањата“ (Матеј 24:7,8).
На што се надевате, дека неволјите ќе ве заобиколат? Дека откако ќе се молите над болното месо, тоа ќе стане здраво само затоа што сакате да го јадете, а не можете да се наситите, без да го наполните стомакот со месо?
ДА НАПРАВИМЕ ПАРАЛЕЛИ МЕЃУ НАС И ВРАЌАЊЕТО НА ИЗРАЕЛ ОД РОПСТВОТО
Па, тогаш постапувајте чесно пред Бога и научете се да се видите себеси во примерите од Светото Писмо. Бог го изведува Израел од ропство и го води кон ветената земја (а вие правете паралели со себе). Бог ве извел од ропството на вавилонските лаги и ве води во Небесното Царство. Самиот Бог ви назначил мана за храна, како нешто што е многу корисно и не е поврзано со јадење на месо од живи суштества. Бог ви ја покажува супериорноста на својот првобитен план во човечката вегетаријанска храна. А што вели Светото Писмо за некои што излегле од египетското ропство и отишле во Ханан?
„Придојдените меѓу нив почнаа да негодуваат, а заедно со нив и синовите израелски седнаа, плачеа и велеа: ‘Кој ќе нè нахрани со месо? Ја помниме рибата што ја јадевме како подарок во египетската земја, краставиците и дињите, и кромидот, и празот, и лукот; а сега душата наша се исушила: освен мана, ништо друго пред очите наши’“ (Броеви 11:4-6).
Дали ви е јасно зошто ова ни е оставено на страниците на Светото Писмо?
„Сето тоа ним им се случуваше да служат како пример, а беше запишано нам за опомена, до кои стигна крајот на вековите. Затоа, кој мисли дека стои, нека гледа да не падне“ (1. Коринтјаните 10:11,12).
Колку е сè мудро со Бога. Ноќе луѓето спиеле, добивале сила и станувале рано и собирале мана, здрава храна. А како е со сатаната, кој кај луѓето ги буди сите гнасни хирови. Верниците, Божјиот народ, ден и половина, без одмор и уморен, наместо здрав сон, собирал месо. И оној што собрал најмалку од сите собрал 10 гомери потполошки (ако се мери во волумени, еден гомер е 211 литри, а десет гомера соодветствуваат на 2110 литри). А имало и такви кои собрале повеќе. А колку од нив имале намера да изедат? Маната, дадена на Божјиот народ за храна од самиот Бог, им се згрозила, сакале месо, како што јаделе во Египет. Дали сте згрозени од вегетаријанската храна и сакате месо?
ИЗБОРОТ ГО ПРАВИ СЕКОЈ ЧОВЕК САМОСТОЈНО
Човекот сам прави избор. Бог не се противи на слободниот избор на луѓето. Ако некој смета дека Бог треба да ја остави употребата на животинска храна за вас, тогаш сте длабоко во заблуда, тоа е во целост ваша одлука:
„Се крена народот, и целиот оној ден и цела ноќ и целиот иден ден се собираа потполошки; и оној, кој малку собираше, и тој собра десет гомери: и ги наредија околу логорот. Месото беше уште во нивните заби и уште не беше изедено, кога се разгоре гневот Господов против народот, и Господ го порази народот со мошне голем пораз. И го нарекоа тоа место: Киврот-Таава (гробишта на алчноста), зашто таму го погребаа народот, кој се покажа алчен“ (Броеви 11:32-34).
Што повеќе сакате, драги пријатели, да јадете месо од живи суштества за да паднете на патот кон Небесното Царство, или да добиете благослови на Божјата посебна мудрост, како што направил Бог со Даниел и неговите другари? Изборот е ваш, но книгата на Даниел ни говори не само за настаните од минатото, туку и за сегашноста, и обрнете внимание на овие зборови од оваа книга:
„Тој одговори: ‘Оди си Даниеле, зашто тие зборови се сокриени и запечатени до последното време. Многумина ќе се очистат, ќе се избелат и ќе бидат искушани; безбожниците ќе си останат безбожни, и никој од нив нема тоа да го разбере, само мудрите ќе разберат’“ (Даниел 12:9,10).
Гледате дека во последно време пророчките пораки од книгата на Даниел нема да ги разберат сите, туку само мудрите. И веќе знаете кој и зошто им дал мудрост на Даниел и неговите другари. Бог им дал мудрост и разбирање на Божјата Реч затоа што тие покажале верност кон Него во прашањата за правилна исхрана, па затоа е напишано:
„Оттогаш чуварот им даваше зеленчук, наместо царската храна. И им дарува Бог на четирите момчиња знаење и разбирање на секаква книга и мудрост, а на Даниел му подари уште да толкува и секакви виденија и соништа“ (Даниел 1:16,17).
ШТО ГИ ОЧЕКУВА ОНИЕ ШТО СЕ ПОСЛУШНИ НА БОЖЈОТО СЛОВО, А ШТО НЕПОСЛУШНИТЕ
Пустина, горештина, нема фрижидери, безмилосна суровост на сите во убивањето на стотици илјади мали птици. Каде, во оваа ситуација, размислуваме за тоа како да ја исцедиме крвта на земјата? Овде владеат животински инстинкти.
„Но повеќето од нив не беа по волјата Божја, затоа загинаа во пустината. А тоа беа примери за нас, за да не бидеме похотливи по злото, како што тие беа похотливи“ (1. Коринтјаните 10:5,6).
За разлика од казната од Бога што ги снашла овие луѓе, ние читаме што прави истиот тој Бог за оние што му се послушни, за оние што се умерени:
„По десетте дена лицата нивни изгледаа поубави, а и телесно беа пополни од сите оние момчиња, што се хранеа со царските јадења. Оттогаш чуварот им даваше зеленчук, наместо царската храна. И им дарува Бог на четирите момчиња знаење и разбирање на секаква книга и мудрост, а на Даниел му подари уште да толкува и секакви виденија и соништа. Откако завршија деновите, кога царот беше заповедал да ги претстават, началникот на дворјаните ги претстави пред Навуходоносор. Царот зборуваше со нив и од сите момчиња не се најде ниту едно како што беа Даниел, Ананија, Мисаил и Азарија, и потоа тие почнаа да служат пред царот. И во сè, за што се бараше мудрост и разбирање, и за што и да ги прашаше царот, ги најде за десетпати подобри од сите гатачи и гледачи, колку што ги имаше во целото негово царство“ (Даниел 1:15-20).
ЗОШТО БОЖЈИОТ НАРОД Е ДУХОВНО СЛЕП?
Денес воопшто не ме чуди појавата на ерес кај Божјиот народ во разбирањето на книгата на Даниел за вистината за Небесното светилиште, во правилното разбирање на пророчките периоди, затоа што Божјиот народ не ја следи најдобрата едемска патека во областа на исхраната и го затрупува својот ум со болна животинска храна. Во исто време, грубо ја крши Божјата реч и Божјите совети дадени преку Неговиот гласник, покажувајќи невоздржаност во прашањата на исхраната, и тоа го прави духовно слеп:
„Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сè што е потребно за животот и побожноста, а преку познанието на Оној Кој нè повика со Својата слава и совршенство, преку кои ни се дарувани многу големи и драгоцени ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа ако се оддалечите од гнилежот на овој свет; затоа, грижејќи се за ова сестрано, принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта знаење, кон знаењето воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпението побожност“ (2. Петрово 1:3-6).
ШТО ПИШУВА БОЖЈИОТ ГЛАСНИК ЗА ЈАДЕЊЕ НА МЕСО
Божјиот гласник пишува:
„Јасно ми беше покажано дека Божјиот народ треба да заземе цврст став против јадењето месо. Дали Бог, во текот на триесет години ќе му ја праќаше на својот народ пораката, дека ако сакаат да имаат чиста крв и бистар ум, мора да се откажат од употреба на месо, ако Тој не сакал тие да ја послушаат оваа порака? Со употребата на месо зајакнува животинската природа, а духовната слабее…
Запомнете дека, кога јадете месо, вие јадете житарки и зеленчук од втора рака; бидејќи животното од овие работи добива храна која го поттикнува растот и го подготвува за продажба. Животот, што бил во житарките и зеленчукот поминува во животното и станува дел од неговиот живот, а потоа човечките суштества го јадат животното. Зошто човекот е толку склон да јаде храна од втора рака?
Во почетокот, Бог му дал на човекот овошје за кое рекол дека е „добро за јадење“. Дозволата за јадење месо била последица од падот во грев. Дури по потопот, човекот добил дозвола да јаде месо од животни. Зошто, тогаш, треба да јадеме месо? Малкумина, кои го јадат, знаат колку е полно со болести. Месото никогаш не било најдобра храна, а денес е проклето поради болестите.
Помислата за убивање на животни за храна сама по себе е одбивна. Ако човечкото природно чувство не било изопачено поради попуштање на апетитот, на луѓето не би им паднало на ум да јадат месо од животни.
Нам ни е доделено делото на здравствената реформа… ние нема да ја напуштиме позицијата на која во текот на последните триесет и пет години Господ ни заповедал да стоиме. Пазете како се спротивставувате на делото на здравствената реформа. Тоа ќе напредува, бидејќи тоа е Господов метод да ги намали страдањата во нашиот свет и да го прочисти Неговиот народ“ (Евангелизам, 663,664; Letter 48, 1902).
ПОКАЖЕТЕ ЈА ЦВРСТИНАТА НА ДАНИЕЛ И КАЖЕТЕ „НЕ“ НА ВАВИЛОНСКАТА ХРАНА
Забележете, сè е едноставно и јасно кажано за Божјата волја во однос на храната. Бог сака да го прочисти Својот народ и да ги намали страдањата среде него, со тоа што ќе се откажете од употребата на животинска храна и ќе се вратите на рајската храна, враќајќи се на вегетаријанството.
Бог ги повикува верниците:
„Вака вели Господ: – застанете на вашите патишта, разгледајте и распрашајте се за дамнешните патишта, каде е добриот пат, врвете по него, и ќе најдете спокојство на душите свои“ (Еремија 6:16).
„Но тие рекоа: нема да врвиме по тој пат“
Ве молам со милост Божја, покажете ја цврстината на Даниел и кажете и „не“ на храната од вавилонската трпеза. Откажете се од храна од животинско потекло и изберете здрава храна од Едем, вегетаријанска храна и нема да зажалите. Бог, верен на Себе, ќе ве благослови не помалку од Даниел и неговите другари!