ПРИЧИНАТА ЗОШТО ХРИСТОС СÈ УШТЕ НЕ ДОШОЛ НА ОВАА ЗЕМЈА

Сподели го ова:

Ќе продолжиме да ја истражуваме горливата тема, темата за второто Христово доаѓање, но ќе ја разгледуваме не од позиција на она што Бог ветил дека ќе го направи и ќе го направи, туку од позиција на човек кој е непостојан во своите ставови, зборови и желби, односно јас и вие.

Бог е верен на Своите зборови, за разлика од човекот, и сè што се однесува на Божјите ветувања во врска со второто доаѓање, Тој сигурно ќе исполни:

Бог не е човек, та да се колеба, ниту е син човечки, па да се изменува. Што ќе каже, па да не го изврши, или што ќе рече, па да не се збидне?“ (Броеви 23:19).

Со други зборови, ќе зборуваме за жетвата и нејзиното созревање, бидејќи Бог го одредил денот на второто доаѓање, гледајќи на подготвеноста на луѓето за жетва. Можеби мислиме дека сѐ уште не сме одлучиле на чија страна сме, но реално ние сме тие кои веќе зазеле јасен став по ова прашање? Или можеби мислиме дека сме го направиле нашиот избор и дека дефинитивно сме на Божјата страна, но во очите на Небото изгледа како да сме на страната на ѓаволот?

Денешната тема не е обид на нашиот несовршен и грешен ум да утврди кој е спасен, а кој е изгубен, кој го примил Божјиот печат и кој не може да избега од жигот на ѕверот.

Целта на оваа тема е да им помогне на верниците, во светлината на Божјата реч, да го испитаат својот дух сега, во поволно време, и да утврдат на чија страна се.

Содржина прикажи
МОРАМЕ ДА ГИ ИСПИТАМЕ НАШИТЕ СРЦА

Да не се расправаше апостол Петар со Христа и да не му се колнеше на верност, туку да ги слушаше Христовите зборови и наместо што спиеше во Гетсиманија, да беше буден и да се молеше со Исуса, можеби немаше да падне толку ниско да се спасува со своја сила (со меч), ​​а потоа да се одрече од Христа.

Светото писмо ни кажува дека имаме можност да ги испитаме нашите срца и дека тоа треба постојано да го правиме. Но никој освен нас не може да ја направи оваа проверка:

Зашто, кој од луѓето знае што е во човекот, освен човечкиот дух, кој е во него? Така никој не знае што има во Бога, освен Божјиот Дух“  (1 Коринтјаните  2:11).

Испитувајте се сами себе дали сте во верата! Сами проверувајте се! Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас? Освен, само ако сте недостојни“ (2 Коринтјаните  13:5).

„Бидејќи, ако срцето наше нè осуди, Бог е поголем од нашето срце и знае сè. Возљубени, кога нашето срце не нè осудува, тогаш ние имаме слобода пред Бога“ (1 Јованово 3:20,21).

Ваквото испитување не треба да биде на ниво на разум и теоретско знаење, како што тоа го прават мнозина верници кои мислат дека знаат дека саботата ќе претставува тест во последното време. И тие чекаат да се издаде неделниот декрет, и во тој момент ќе ја почитуваат саботата и ќе се спасат. 

Апостол Петар, исто така, мислел дека ќе биде подготвен да умре за Христа ако сакаат да го убијат Исуса, но дошло тоа време и тој немал духовна сила да го направи она што му го ветил на Христа пред да дојде кризата и Христос да биде заробен.

КАКО ТРЕБА ДА ГИ ИСПИТАМЕ НАШИТЕ СРЦА?

Нашето самоиспитување треба да се направи во горлива молитва, барајќи од Бога да ни ги покаже слабостите на нашиот дух, на нашата вера, кои Бог ги знае, ѓаволот ги знае, но ние можеби не сме ниту свесни. И во криза, поради овие слабости, ќе се одречеме од Господа, иако пред кризата, кога не гледаме на овие слабости во себе, може да мислиме дека сме подготвени да одиме во затвор или во смрт за Христа. 

Во ова последно време, мораме да го испитаме нашиот дух во молитва кон Бога, барајќи од Него да ни покаже какви сме навистина во Божјите очи. Не онака како што сакаме да се видиме себеси. Или уште полошо, како што нѐ гледаат луѓето – затоа што оваа проценка е генерално пристрасна. Бог рекол за тоа вака:

Но Господ му рече на Самоил: ‘Не гледај на лицето негово и високиот негов раст; Јас го отфрлив. Јас не гледам така, како што гледа човек, зашто човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето’“ (1 Самоилова 16:7).

Христовите ученици виделе толку многу интересни и необични работи во животот на Спасителот за време на нивното време поминато со Него: од натприродни чуда до Неговото необично страдање на крстот. Од Неговото чудно однесување во храмот, кога со авторитет ги избркал трговците, до Неговото плачење над Ерусалим. Тие ја виделе Неговата смрт како и Неговото славно воскресение. Но, од Христа ги чекаше уште едно изненадување: тие се надеваа дека Тој ќе го воспостави Своето царство во Израел по Неговото воскресение – надеж која повторно оживеала во нив. Тие Му го поставуваат прашањето во кое е сосредоточена нивната надеж: 

А тие, кои беа собрани, Го прашаа велејќи: ‘Во ова време ли Ти ќе го востановиш, Господи, царството Израелово?’“ (Дела 1:6).

Но, Тој ги прекинува нивните  соништа со прилично остри зборови:

„И Тој им одговори: ‘Не е ваше да ги знаете времињата или часот што Отецот ги поставил во Своја власт’“ (Дела 1:7).

КАКОВ ПРОБЛЕМ ИМАЛЕ АПОСТОЛИТЕ?

И пред да се вознесе на небото и да ги остави на овој свет, им кажува нешто многу важно. Нешто што има врска со нивното спасение и е директно поврзано со денот на Неговото второ доаѓање. Имено станува збор за подготвеноста на жетвата, односно на луѓето, за второто Христово доаѓање:

„Но ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и сè до крајот на земјата“ (Дела 1:8).

Од овој последен разговор меѓу Исус и Неговите ученици, извлекуваме многу важни поуки.

Христос сакал на учениците да им ја донесе вистината дека има работи што треба да ги засегаат. Тоа се работи кои директно се однесуваат на нивното спасение. А има работи кои не треба да ги засегаат, бидејќи немаат врска со нивното спасение.

Тој рекол: сè што се однесува на времето на Доаѓањето и исполнувањето на Божјата намера, не треба да ве засега, тоа не е во ваша власт, туку во власта на Бог Отецот. А незнаењето на датумот на Доаѓањето не е спасоносна вистина, затоа не е ваша работа да ги знаете времињата и датумите што се во Божја власт. Но, што се однесува до работата во Божјото поле, што се однесува до исполнувањето на Божјата намера во врска со објавувањето на евангелската порака низ целиот свет за спасување на луѓето, тоа е она со што постојано треба да бидат зафатени вашите умови.

Особено ако се има предвид дека од проповедањето на Евангелието ќе зависи кога ќе дојде денот на второто доаѓање, толку долго очекуван од сите:

И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).

Но, бидејќи тоа не е лесна задача, вие мора да се обедините со небото за нејзино исполнување, кое е одговорно за спасението на светот. И примете ја Божјата сила да сведочите за спасението на луѓето преку Мојата жртва, од местото каде што се наоѓате, до последниот човек што живее на земјата. Ова е она што треба да го направите, и ова е она за што треба да бидете загрижени. Ова е прашање на вашето спасение.

ЗА ШТО НЕ ТРЕБА ДА СЕ ГРИЖИ  ВИСТИНСКИОТ ВЕРНИК   

Проблемот на апостолите е вообичаен проблем. Колку често христијаните се загрижени за она за што не треба да се грижат, а за она за што треба да се грижат, тие се целосно незаинтересирани.

Колку често христијаните се грижат за тоа колку време останува до второто Христовото доаѓање? Тие педантно се обидуваат да избројат и пресметаат нешто во Библијата, страстно разгледувајќи ја секоја природна катастрофа, извлекувајќи заклучоци од овој или оној чин на насилство. Знаејќи ги библиските пророштва тие будно ги следат постапките на римскиот папа и САД, обидувајќи се да го пресметаат времето на второто доаѓање. И тоа целосно ги запоседнува нивните умови.

Ова не значи дека Бог ни забранува да ги следиме настаните во светот, бидејќи Божјиот Син исто така ни дал и знаци за Своето враќање и притоа рекол: 

Со смоквата направете споредба: кога нејзините гранки се подмладуваат и пуштаат лисја, знаете дека е близу летото. Па така и вие, кога ќе видите дека сето тоа се случува, знајте дека е близу, пред врата!“ (Марко 13:28,29).

Но, христијанинот нема право да го пресметува датумот на второто доаѓање ниту да го окупира целиот свој ум со знаци на второто доаѓање. Разберете го контекстот во кој го велам ова.

Христијанинот нема право да биде себичен, тоа не е Христовиот Дух. Тој не треба да ги следи настаните во светот само за да избега во последен момент во планините, и можеби некому попат да му каже дека на овој свет му дојде крајот. Зашто ако мисли да се спаси на овој начин, нема да биде спасен затоа што го нема Христовиот Дух, Духот на љубовта кон луѓето и желбата да ги спаси. Еве што се вели за Христос:  

„…Нему, Кој нè возљуби и изми од нашите гревови преку Својата крв“ (Откровение 1:5).

ПРИФАТЕТЕ ГО ХРИСТОВИОТ НАЛОГ ДА ГО ЉУБИТЕ СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕСИ

Верниците кои не ја споделуваат пораката на спасението со луѓето околу себе, туку само ги следат најновите случувања за да се спасат себеси, ја немаат ниту Христова вера ниту Неговото свето трпение, ниту, пак, ги држат Божјите заповеди, бидејќи втората плоча од Божјиот закон е поврзана со следниов концепт:

Бидејќи заповедите: ‘Не прави прељуба, не убивај, не кради, не сведочи лажно, не барај туѓо!’, и секоја друга заповед се содржат во овие зборови: ‘Љуби го ближниот како самиот себеси’“ (Римјаните 13:9).

Љуби го ближниот како самиот себеси. Кој од нас не сака спасение за себе? А на своите родители? А на своите деца и пријатели? Нам ни се упатени зборовите на Божјиот закон и Христовиот пример, кој ја имаше вечноста и небесната радост, која грешното човештво ја немаше – Тој ги љубеше луѓето како Самиот себеси. Тој дојде за да бидеме таму каде што Тој беше, таква беше и таква е Неговата желба:

Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас…“ (Јован 17:24).

Затоа, додека Исус се збогуваше со Своите ученици,  им го дал налогот што Тој самиот го исполнил во Својата љубов кон луѓето, и кој ќе им помогне на Неговите следбеници да го имаат Неговиот Дух, Неговата вера и Неговата љубов:

А Тој им рече: ‘И на другите градови треба да им ја објавам радосната вест за царството Божјо, зашто за тоа сум пратен’“ (Лука 4:43).

НЕМА ПОТРЕБА ДА СЕ ДЕБАТИРА, ПОДОБРО Е ДА СЕ ИЗВРШИ НАЛОГОТ НА ИСУС ХРИСТОС

Кога апостолите слушнале од Исуса што очекува од нив, можеле да помислат на секакви работи, исто како и ние, бидејќи и тие се луѓе како нас, дека е невозможно да се исполни задачата што им е поставена. Зарем не мислиме и ние дека е над наша моќ да му кажеме на целиот свет? Можеби мислеле дека имало доволно сведоштва за Ерусалим во текот на три ипол години од Исусовата служба. Дека направиле доволно за Самарија, така што и другите би можеле да го направат својот дел.

Можеби биле вознемирени од разни мисли и грижи за различни прашања, но немале шанса да дебатираат со Исуса. Изгледа дека Тој немал намера да разговара на оваа тема со нив. Тој го кажал Својот збор и почнал да се вознесува на облакот кон небото, а апостолите сфатиле дека секоја дискусија е неумесна.

Но, не сите христијани го разбрале ова. Христијаните имале долги дискусии во однос на евангелизацијата. Се поставувале прашањата:

Дали треба да одиме да евангелизираме ако немаме мотивација? Дали треба да одиме да евангелизираме ако времето наеднаш се влоши, зарем тоа не е знак од Бога дека не треба да одиме? Дали треба да зборуваме за Христа ако не нѐ прашаат за тоа? Дали сум повикан од Бога за оваа служба или не? И така натаму…

Христос нема да дебатира со нас на оваа тема во таа насока, Тој јасно ја изразил Својата волја:

Па им рече: ‘Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание’“ (Марко 16:15).

Во Тројната ангелска порака Тој потврдил дека тоа е токму она што Бог сака да го направиме:

И видов друг ангел како лета среде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ“ (Откровение 14:6).

ШТО САКАЛЕ ДА КАЖАТ АНГЕЛИТЕ СО НИВНОТО ПРАШАЊЕ ДО УЧЕНИЦИТЕ?

Откако им ја открил Божјата волја на Своите следбеници, Исус почнал да се вознесува додека учениците гледале по Него:

И како што гледаа кон небото додека Тој се вознесуваше, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во бела облека, и рекоа: ‘Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин како што Го видовте да оди на небото’“ (Дела 1:10,11).

Учениците внимателно гледале кон небото, а ангелите рекоа: зошто толку внимателно гледате кон небото? Овој Исус сигурно ќе се врати на ист начин, ќе Го видите во времето кое Небесниот Отец го оставил во Своја власт. 

Ангелите како да сакале да им кажат на учениците — тоа не е она со што треба да бидете зафатени во моментов, не ви беше заповедано да гледате кон небото.

Мислам дека ако ние бевме на местото на учениците, веројатно ќе нѐ збунеше прашањето на ангелите: што стоите и гледате кон небото? Како да не гледаме, бидејќи нашиот најдобар Пријател, нашиот Спасител, нашиот Господ нè напушта. Какво прашање!

И сега христијаните кои гледаат кон небото можат да речат: како да не го креваме погледот кон небото, кога нашиот Господ ќе дојде оттаму да нѐ однесе на небото. Но, ангелите го поставиле ова прашање со причина. Ова е прашање кое предизвикува размислување: зошто стоиш овде без работа и гледаш, зарем не ти беше кажано што треба да правиш? Зарем Тој не ти кажа дека треба да сведочиш за спасение преку Христа до крајот на земјата? Зарем не сфати што ти кажа и која е Неговата волја за тебе? Дали е Негова волја само напразно да гледаш кон небото, чекајќи го Неговото враќање? 

Сега имаме толку многу работа на Божјата нива во нашата област, во нашата земја и во светот, дали само ќе стоиме со скрстени раце и ќе чекаме нешто да се врати од небото. Дали е ова задачата што ја поставил нашиот Спасител пред нас? Сигурно не. Наша задача е да одиме да работиме во Божјото лозје.

ДА ГО ЗЕМЕМЕ ПРИМЕРОТ СО МРАВКИТЕ, СПОРЕД СОВЕТОТ НА МУДРИОТ СОЛОМОН

Господ преку книгата Изреки, упатува апел до денешните христијани кои се наоѓаат во лаодикијска негрижа, во млака состојба на самозадоволство:

Оди кај мравката, мрзливче, види ја нејзината работа и биди мудар“ (Изреки 6:6).

Овој текст зборува за ситни суштества создадени од Бога. Бог ни дава совет: Мрзливи луѓе, одете кај мравките и видете како функционираат и направете го истото. Ако го преведете овој текст дословно, тој гласи: „Размислете за мравката и раздвижете го вашиот мрзлив ум“.

Мислам дека многумина од вас имале можност да ја посматраат работата на мравките. Тие се движат по нивните патишта побрзо, многу побрзо, отколку што се шири Евангелието. Тие се насекаде, подобро и побрзо влегуваат во нашите домови отколку ние со пораката за спасение во домовите на луѓето. Не натрупуваат работа еден врз друг, не велат: Јас работев вчера, сега тебе ти е редот.

За разлика од луѓето и многуте христијани, тие се многу трудољубиви и трпеливи.

Еден човек раскажа за своите набљудувања на мравките. Уништил мравјалник со надеж дека мравките ќе се разотидат, но тие веднаш се зафатиле со обнова на својот дом без да го бараат виновникот. И откако го обновиле домот, тие не седнале да се одморат, туку ја продолжиле работата неопходна за нивниот живот и благосостојба.

Се чинеше дека се задоволни со самата работа за која ние луѓето често зборуваме како за казна. И тоа го правиме со мрморење и тага, може да се каже, од очај, како под стап. Но, ако ја погледнете историјата, лесно ќе забележите дека само вистинското христијанство, а не имагинарното христијанство, отсекогаш опстојувало и духовно цветало. Не за џабе се употребува изразот: крвта на христијаните претставува семе. Стотици други се издигнале на местото на еден. Илјадници од нив биле фрлени во затвор и убиени, но веднаш се појавувале други да ги пополнат нивните места. А лицемерите не можеле да ја поднесат маката и се откажале од својата вера. Колку повеќе им нанесувате штета на мравките, толку повеќе тие напредуваат.  

НА СОВРЕМЕНОТО ХРИСТИЈАНСТВО МУ НЕДОСТАСУВА ТРПЕНИЕТО НА МРАВКАТА

За жал, на современите христијани често им недостасува трпението на мравките.

Штотуку сте постигнале нешто во духовниот живот, а ѓаволот удира. Уништил нешто и рацете се откажуваат. Немате желба да го вратите нарушениот однос со Бога. И ако го обновите, тогаш по уште едно уништување останувате без трпение. Па, уште колку е доволно? Истата, бесмислена работа, борбата со гревот изгледа бескорисна. Тоа е како да влечеш камен по планина. Стигнуваш таму и тој се тркала назад надолу. Ти отстрануваш еден грев од твојот живот, а на негово место доаѓаат два, три, пет, десет други. Навидум бесмислена војна.

Понекогаш се чини дека и евангелската работа е бесмислена: зборуваш и зборуваш, но безуспешно, но и ако слуша, времето поминува и човекот повторно се враќа на гревот. Наизглед бесмислена работа. Еден, два обиди и трпението завршува. Но, не е така со мравките! Затоа Бог нѐ поттикнува да научиме од нив трпение и трудољубивост.

Еден постар проповедник со големо христијанско искуство го сподели своето искуство со младите христијани, велејќи: „Браќа и сестри, кога ќе ви снема трпение, преминете на  долготрпеливост“.

Еднаш присуствував на еден мисионерски состанок. И таму ни беше поставено прашањето што сакам да ви го поставам: Какви луѓе му требаат на Бог денес? Оние кои откако ќе го слушнат повикот да одат и да евангелизираат, и кои се подготвени еднаш да одат да го направат тоа? Или оние кои се подготвени да одат да евангелизираат двапати? Или оние кои секогаш се подготвени да одат да евангелизираат?

Не е тешко да се погоди каков треба да биде одговорот. На мравката не и е важно колку пати ќе и го уништите домот, важно е после секое уништување да направи сѐ што е можно од нејзина страна да си го врати домот, да ја врати хармонијата, да ја врати нарушената врска.

КАКВИ ЌЕ БИДАТ ВИСТИНСКИТЕ ХРИСТИЈАНИ ОД ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ?

Библијата ги опишува вистинските христијани од последните денови со следниве зборови:

Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус“ (Откровение 14:12).

Размислете за овој текст, за оваа карактеристика на Божјиот верен народ кој го чека Христовото враќање, во светлината на големата евангелска задача — да им го проповеда Евангелието на сите што живеат на земјата. 

Вистинските верници не се грижат колку пати сатаната им го уништува домаќинството, нивниот дом, нивниот живот, нивниот однос со Бога. Тие трпеливо ќе го обноват уништеното и, без разлика на сѐ, ќе ја носат пораката за спасение на оние околу нив, без разлика каде и во какви услови се наоѓаат. Зашто тие ја имаат верата во Исуса, ги држат Божјите заповеди, односно ги љубат ближните како себеси, а со верата во Исуса тие се Божји светии. И тие не престануваат да го проповедаат Евангелието, без разлика на какви потешкотии наидуваат.

БОЖЈИОТ НАЛОГ СЀ УШТЕ Е НЕПРОМЕНЕТ, БЕЗ ОГЛЕД НА НАШИОТ СТАВ КОН НЕГО

Бог ги прашува христијаните кои тврдат дека веруваат во Тројната ангелска порака: Што чекате, како адвентисти, како чекатели? Тој прашува: зошто стоите со скрстени раце и гледате кон небото? Не треба да го правите ова, вам ви е даден голем налог. Ова дело мора да се изврши пред да го видите Христовото враќање на небото. Можеби веќе сте се обиделе и сте се измориле, разочарале и сте престанале да евангелизирате, но Божјиот налог е сè уште непроменет, без разлика како се чувствувате во врска со евангелизирањето:

Па им рече: ‘Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание. Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден’“ (Марко 16:15,16).

И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).

Без да ја работите оваа работа, нема да видите ништо на небото, без разлика колку долго чекате или колку напорно гледате. Поточно, ќе видите, но Христовото враќање нема да биде радосен настан за вас, бидејќи не сте го исполниле Христовиот налог да ги спасите изгубените луѓе со Евангелието. Колку голема и чесна одговорност лежи врз секој што се изјаснува како христијанин — да ги спасува луѓето за кои Христос умре. Зашто Тој тоа не го бара од робовите, туку ги замолил оние што ги смета за свои пријатели да го сторат тоа:

Веќе не ве нарекувам слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве нареков пријатели, бидејќи ви кажав сè што сум чул од Мојот Отец“ (Јован 15:15).

НИЕ СМЕ ИНСТРУМЕНТИ ВО РАЦЕТЕ НА БОГА

Исус, нашиот најдобар пријател, го повикува секој од нас да го изврши Неговиот налог. Во секое дело и на секое место и во секое време треба да го прашаме Христа: Исусе, што сакаш од мене? Која е Твојата задача за мене? Никој не треба да се смета себеси за неспособен да ја врши Божјата работа. Не се работи за нас, туку за Оној што ќе работи преку нас. 

Еднаш имаше реклама дека познат музичар ќе одржи концерт на бесценета виолина. Насобраните луѓе влегуваа во концертната сала. Виолината беше во футрола. Ја зеде виолината и почна да ја свири најубавата музика. Салата беше воодушевена, во екстаза. Откако го отсвире овој тежок дел, ја зеде виолината и ја фрли на средината на сцената и застана со нозете точно на средината на виолината. Толпата се замрзна. Потоа му донесоа вистинска, бесценета виолина, на која го заврши концертот. Неговото мото беше: „Во рацете на мајсторот, дури и наједноставната масовно произведена виолина ќе создаде прекрасна музика“. 

Дали се сметате себеси за едноставна виолина од масовно производство? Не сте пророк или апостол? Тоа не е важно. Вие сте во рацете на Господарот. Тој е Оној кој ја свири музиката на кој било инструмент. Ние сме инструменти во рацете на Бога.

ЛУЃЕТО КОИ БОГ ГИ ИЗБРАЛ ДА МУ СЛУЖАТ БИЛЕ ЕДНОСТАВНИ, ОБИЧНИ ЛУЃЕ

Погледнете ги примерите во Светото писмо. Бог употребил обичен човек, Ное. Преку него Тој ја објавил пораката за спасение и исто така му дал сила да го изгради ковчегот. Ное не бил човек со вродена праведност и способност да оди пред Бога; тој бил обичен човек, роден од маж и жена.

Бог го употребил младиот роб Јосиф, кој погрешно бил воспитан од неговиот татко (го разгалил) и преку него го спасил големиот Египет од глад.

Бог употребил човек кој побегнал од гневот на фараонот, нечист човек, за да го ослободи Својот народ од ропство преку него. Овој човек бил овчар, убиец, Мојсеј.

Бог употребил скромна и едноставна еврејска девојка, израсната од нејзиниот вујко, за да го спаси Својот народ. Тоа беше Естира.

Бог избрал млад овчар за да убие џин преку него, чијашто појава ја преплаши целата израелска војска. Го употребил Давид и го поставил за цар.

Бог употребил мрзлив, каприциозен човек, кукавица што ги мразел туѓинците, незнабошците, за да спаси цел град во кој над 120.000 незнабошци умирале во своите гревови. Бог го употребил Јона.

Бог употребил млада, немажена девојка за да го подигне воплотениот Божји Син. Бог ја употребил Марија.

Бог го употребил водечкиот фарисеј, суетен, дрзок и убиец на Божјите деца, за да го шири Евангелието меѓу незнабошците. Бог го употребил Савле, кој подоцна станал апостол Павле.

Бог употребил болна, млада девојка со три степени на образование за да го привлече вниманието на луѓето кон Божјата реч. Бог ја употребил Елена Вајт.

И денес, Бог може и сака да го употреби секој човек, кој било од нас! Бог сака да нè направи непоткупливи, да не се продаваме за пари, чесни, за да бидеме послушни на нашите должности, како што е иглата на компасот кон Северниот пол. Така, колку и да нè сврти судбината, секогаш да покажуваме верност кон Бога. Бог е подготвен да нè натера да се залагаме за вистината, дури и ако небото се сруши. Бог нè избира нас! Тој веќе не избрал нас, бидејќи веќе ги нашол клучевите на нашите срца, а ние поверувавме во Христа. 

Многу луѓе се зафатени со очекување на среќа, но никогаш нема да ја најдат, бидејќи најголема среќа е да се биде корисен во Божјото дело.

ДЕСЕТТЕ ЗАПОВЕДИ НА МРЗЛИВИОТ

Знаете дека за разлика од Божјите заповеди, постојат „Десетте заповеди на мрзливиот“ и, за жал, многу верници ги почитуваат поревносно од заповедите на Божјиот Закон. Сакам да ви ги цитирам за да можете сами да одредите дали верникот има право да се придржува барем и до една од нив?

1. Човекот се раѓа уморен, но живее за да се одмори.

2. Сакајте го својот кревет како себеси.

3. Ако видите некој како се одмара, помогнете му со сето свое срце.

4. Одморете се во текот на денот за да не ве спречи добро да се наспиете.

5. Работата е света, а светото не е за секојдневна употреба.

6. Ако нешто може да се направи утре, во никој случај не правете го денес.

7. Работете што е можно помалку, оставете ги другите да ја завршат работата наместо вас.

 8. Не грижете се, никој никогаш не умрел од одмор.

9. Ако ви се појави желба за работа, седнете, опуштете се, одморете се и ќе помине.

10. Ако работата е здравје, нека работат болните, таа е за нив.

Секако, звучи како шега, но колку вистина има во тоа.  Господ нека нè чува да не држиме ниту една од овие мрзливи заповеди.

ОД НАС ЗАВИСИ ДЕНОТ НА ХРИСТОВОТО ВРАЌАЊЕ

Толку долго го чекавме Исус. Зошто го чекаме толку долго? Впрочем, Библијата јасно  покажува директна корелација помеѓу денот на Неговото враќање и проповедањето на Евангелието.

И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).

А за оние што живеат во времето на објавувањето на Тројната ангелска порака, времето на второто доаѓање е во директна корелација со објавувањето на вечното Евангелие, објавено преку Тројната ангелска порака. Штом Тројната ангелска порака ќе ја достигне својата цел, имено до секое племе, колено, јазик и народ, веднаш ќе дојде денот на второто доаѓање, бидејќи секој ќе го направи својот свесен избор, односно жетвата на земјата ќе созрее:

„Но никого Божјиот гнев нема да го стигне пред да допре вистината до неговото срце и совест, и пред тој да ја отфрли. Има многу луѓе кои никогаш немале можност да ги слушнат посебните вистини за ова време. Должноста која произлегува од четвртата заповед никогаш не им била изнесена во вистинска светлина. Оној, кој го чита сечие срце и ја испитува секоја побуда, нема да дозволи ниту еден од оние што бараат да ја запознаат вистината да биде измамен во врска со прашањето околу кое постои борба. Декретот нема да му биде слепо наметнат на народот. Секој ќе има доволно светлина својата одлука да ја донесе врз основа на здравиот разум“ (Големата борба, 605).

ПОСТОЈАНАТА ТРОМОСТ ПРАВИ ПОСТАПКИТЕ ДА НЕ ЈА ДОСТИГНАТ ЦЕЛТА

Дури и старогрчкиот научник Демокрит напишал: „Постојаната тромост прави постапките да не ја достигнат целта“. И со ова е невозможно да не се согласиме. Колку работи не сме направиле во нашите животи, што можевме да ги направиме, бидејќи постојано го одложуваме она што сме можеле да го направиме. Сѐ додека, конечно, не дојде момент кога би сакале да направиме нешто што не сме го направиле досега, но повеќе не можеме.

Многу луѓе сакаат да живеат само за себе и не основаат семејство, а потоа се навикнуваат да живеат така, а годините си го земаат данокот. Други создаваат семејства и сакаат да живеат само за себе, не раѓаат деца. И тогаш времето минува и годините минуваат, нивното здравје и сила ги нема, и би им било мило да имаат радост во нивните деца, но за жал…

Некои луѓе не брзаат да се разделат со негуваниот грев, од погубната навика, одложувајќи ја разделбата со него за подоцна. И што се случува, поминуваат години, навиката го направила безволен роб, и ако таков човек успее да го остави гревот, тогаш веќе не е можно да го врати уништеното здравје.

За нас е од витално значење да разбереме дека „постојаната тромост прави постапките да не ја достигнат целта“. Ајде да престанеме да гледаме напразно кон небото!!! Да престанеме да зборуваме дека сме уморни да живееме на оваа планета на гревот и копнежливо го посакуваме Христовото враќање, и да го направиме она што Господ ни го наредил — да го објавиме Евангелието на сите околу нас. Затоа што само така можеме да посведочиме дека сме уморни од живеење на оваа планета на гревот и со сето срце копнееме по враќањето на Исус Христос на нашата земја!

ПАРАБОЛА ЗА РИБАРИТЕ И РИБИТЕ

Дозволете ми да кажам една парабола на крајот од нашите духовни размислувања, која ненаметливо им ја открива на верниците причината зошто Христос сè уште не дошол на оваа земја. Иако сите верници изјавуваат дека тоа го посакуваат со сето свое срце и го чекаат Неговото враќање во секое време:

„Постоеше време кога имаше група луѓе кои се нарекуваа рибари. Имаше многу риби кои пливаа во водите во нивна близина. Сите акумулации буквално беа преполни со риби. Научниците процениле дека има некаде околу осум милијарди риби, и цело време се множеа. Рибите беа многу гладни. Недела по недела, месец по месец, година по година, овие луѓе кои се нарекуваа рибари, се собираа на состаноци, зборуваа за нивниот повик да ловат риби, за тоа колку риби има наоколу, и начините на риболов.

Од година во година даваа прецизни дефиниции за риболовот, го бранеа како професија и изјавија дека риболовот е главна задача на рибарот. Постојано бараа понови и подобри методи на риболов и подобри дефиниции за него. Со пена во устата тие ги потврдуваа непроменливите правила: „Риболовот е задача на секој рибар“ и „Секој рибар е ловец на риби“.

Тие спонзорираа специјални состаноци низ целата земја наречени: „Рибарско друштво“, „Месец на риби“, „Година на риби“ и „Риболов со мали групи“. Тие спонзорираа национални и светски конгреси, одржуваа недели за заживување меѓу рибарите за да разговараат за темите поврзани со риболовот и да слушнат за сите методи на риболов на места каде што некои од рибарите сè уште ловат самоиницијативно.

Тие зборуваа за нови електронски средства што може да се користат за да се ловат голем број риби одеднаш, без да го напуштите вашиот дом. Покрај тоа, овие луѓе, кои се сметаа себеси за професионални рибари, трошеа огромни суми на пари за изградба на големи, убави згради наречени „Канцеларии за риболов“.

Постарите рибари постојано измислуваа слогани за риболовците кои ќе ги охрабрат обичните рибари да започнат со риболов, да го поддржат постоењето на постарите рибари погодени од сиромаштија и да им овозможат да продолжат да градат канцеларии за риболов. Постарите рибари измислија слоган со следниов апел: „Секој рибар треба да лови!“

На средбите на постарите риболовци со обичните риболовци имаше многу мотивации, прекорувања, кои, сепак, не го донесоа очекуваниот резултат, бидејќи и обичните риболовци и постарите риболовци, охрабрувајќи ги обичните рибари да почнат со риболов, и едните и другите зборуваа само за потребата од риболов. Но, едно, сепак, тие не направија — не ловеа риби.

Покрај редовните состаноци на рибарите, беа организирани и совети. Нивна задача била да испратат рибари на други далечни места да ловат риба, со надеж дека новата околина и новиот вид риба ќе го охрабрат рибарот испратен таму. И конечно ќе почне да лови риба, што не го правел во областа каде што живеел. Зашто рибарите свето веруваа во поговорката дека ниту еден рибар не може да биде добар рибар во својата родна земја!

Според самите рибари, кои ги создадоа овие совети, овие совети биле од суштинско значење за да се поттикнат рибарите да ловат риба на различни места. Згора на тоа, во овие совети биле избрани најмногу оние што биле рибари со генерации, а во нивните вени течеше најчистата рибарска крв. А, исто така, ги вклучија и оние кои можеа убаво и храбро да зборуваат за риболовот, за неговата важност и имаа големи познавања од науката за риболовот, односно теоретски знаења за риболов.

Овие совети, исто така, ангажираа работници водени од иницијативата да командуваат со други рибари и назначиле комисии за утврдување на улов на риби, заштита на рибарството и планови за покривање на нови реки.

Членовите на советите постојано бараа од рибарите да ловат риби, иако самите членови на советот не ловеле риби, туку со години седеле во овие совети. Триеја панталони по панталони и многу се здебелија од седечкиот начин на живот и возбудата што доаѓа од неловењето риба. Оваа возбуда кај нив побуди преголем апетит.

Постарите рибари изградија големи, скапи центри за да ги обучуваат рибарите за риболов. Основната цел на овие центри била да ги научат обичните рибари како да ловат риба, но учителите на овие центри, иако имале дипломи по рибарство и риболов, самите овие учители не уловиле ниту една риба во животот. Овие центри поставуваа свои филијали насекаде.

Долги години на обичните рибари им се предаваа курсеви за потребите на рибите, нивната структура, нивното живеалиште и нивната психологија. Инструкторите на овие центри работеа според програмите измислени од постарите рибари како што се КОР (Континуирано образование за риболовци) и МИМР (Меѓународен институт на министерството за рибарство). Многу обични рибари, гледајќи го животот на постарите рибари, во своите срца посакаа да студираат на докторат по рибарство, за да не можат да ловат риба, а сепак да имаат авторитет на благородни рибари.

По дипломирањето, студентите кои веќе дипломирале станале учители кои почнале да ги учат другите како да ловат риба. Повеќето од нив отишле на места каде што рибарите исто така не ловеле риба, но биле подобро финансиски обезбедени.

И оние малкумина, кои, откако научија, сепак отидоа на риболов, не можеа да фатат ништо затоа што се плашеа од водата и рибите, бидејќи долго време учеле за риболов само од книги, а не во пракса.

На крајот на краиштата, за да започнат со риболов, постарите рибари потрошиле многу време и пари од риболовното друштво на нивните патувања и патувањата на нивните избрани рибари до местата на „Големиот риболов во деновите на големата реформација меѓу рибарите“. Каде што нивните претходници уловиле многу риби во минатото. Кога овие рибари пристигнале по посетата на овие места, зборувале со инспирација за она што го виделе, надевајќи се дека рибарите што ги слушнале ќе бидат инспирирани конечно да почнат да ловат риба. Но, за жал, овие приказни не беа доволни и сепак никој не ловеше риба.

Други рибари изградија големи машини за печатење за да печатат прирачници за риболов. Печатарските машини работеа дење и ноќе за да произведат материјали за техниките на риболов, опрема и програми за риболов, и програми за тоа како да се организираат состаноци за да разговараат за риболовот. Со текот на времето овие материјали стануваа се поскапи, така што не можеа да ги купат многуте рибари, исклучок беа оние на кои им плаќаа риболовните центри. Но, дури и ова не влијаеше на ситуацијата, никој од рибарите не почнал да лови риби.

Секоја година на состаноците на рибарите се сеќаваа на времето кога е основано ова рибарско друштво. Имаше сведоштва за успехот на оние рибари кои застанаа на почетоците на создавањето на ова друштво и сите беа повикани да работат за славата на ова друштво кое постои речиси 180 години. Но, и ова не го донесе очекуваниот резултат.

Ситуацијата од година во година стануваше се полоша и полоша. Рибарите не ловеа риба и продолжија да не ловат риба. Во исто време, тие мислеа дека се најправилните рибари, единствените вистински рибари на земјата.

Понекогаш се случувало по уште едно будење на некој од рибарите, некои многу млади рибари да се јават на повикот да ловат риби. Тие беа посветени и испратени на риболов. Но, како и нивните претходници, тие никогаш не ловеле риби. Во сите нивни години на постоењето на рибарското друштво, тие никогаш не виделе ниту еден пример за тоа како да се лови риба, но имаа илјадници примери за тоа како не треба да се лови риба, притоа создавајќи приказ за важноста на оваа работа.

Како и нивните колеги рибари, тие почнаа да се занимаваат со сѐ освен со риболов. Тие изградија пумпни станици за пумпање вода за рибите и канали за нивното живеалиште. Тие организираа клубови во кои рибарот, за да се доближи до рибите, научил да зборува на јазикот на рибата. Според организаторите на овие настани, ова било неопходно за рибите да не се плашат од рибарот.

Некои рибари велеа дека одозгора доживеале инспирација да одат на риболов. Но, штом сериозно размислувале за тоа, веднаш почнале да чувствуваат дека нивните мотиви се смениле и сега биле мотивирани да направат риболовни средства што би биле многу корисни за оние рибари кои навистина оделе на риболов.

Други, збунети од долготрајниот недостаток на риболовни практики, почнаа да мислат дека за нивната работа како рибари е добро да комуницираат со рибите, да се дружат со нив и преку тоа пријателство да им ја објаснат на рибите разликата помеѓу добрите и лошите рибари, така што самата риба да знае до кои рибари да плива, а кои да избегнува. Имаше и некои рибари кои веруваа дека главна работа е да ги научат рибите на часови по пливање и да им дадат доволно храна за да растат. Други зборуваа за методите на прочистување на водата и преместување на рибата во други води за да се ослободат од непријателите, како и за особеностите на размислувањето на современите риби.

Еден ден се случи нешто неверојатно. Еден млад рибар, кој неодамна се приклучил на ова друштво на рибари и не ги познавал внатрешните работи на ова друштво, кое себеси се нарекува највистинитото друштво на највистинските рибари, со сето свое срце го примил поттикнувачкиот апел на еден од теоретичарите на риболовот, кој го прочитал од прирачникот на Вистинскиот Рибар, Кој го основал вистинското рибарско друштво пред 2000 години. 

И инспириран од зборовите на Вистинскиот Рибар, овој млад човек отиде на риболов и многу брзо улови добра риба која беше многу гладна и се чинеше дека сакаше да ја фатат, бидејќи рибарите одамна престанаа да ловат. Тој пријавил дека уловил добра риба и ја донел за да им ја покаже на риболовците на состанокот. 

Тој беше награден за неговиот одличен улов и веднаш беше поканет да ги посети сите рибарски куќи каде што се собираат овие риболовци секоја недела во сабота. Му било кажано дека отсега негова должност е да сведочи пред другите рибари за неговиот успех, така што другите рибари ќе бидат инспирирани да започнат со риболов. Така и тој, како и сите овие рибари, престана со риболов за да има време да им каже на другите рибари за своето искуство. Тој исто така беше ставен во одборот како некој со огромно искуство во риболов.

Речиси никој што присуствувал на саботните состаноци не ловел риба. Така, тие што беа испратени на риболов не ловеле риби, а ниту оние што ги испратиле. Тие формираа групи за да го дефинираат риболовот, да го бранат и да кажат колку е важен… Дури и се откажаа од храната (односно постеа), за да се случи чудо, а одозгора добиле таква моќ што секој рибар конечно ќе оди на риболов, дури и против неговата волја, управуван од оваа моќна сила одозгора. Многу се молеле во непрекинат синџир да се фатат многу риби. Тие правеа сè освен едно – не ловеа риби. Сепак, и покрај сето тоа, тие сепак се нарекуваа рибари, како што ги прогласуваа насекаде.

И риба имаше многу наоколу. Протекоа критики дека тие не ловат риба и дека името „Вистински рибари“ навистина не им одговара. Но, бидејќи тие што критикуваа и самите ништо не фатија, нивната критика не беше сфатена сериозно. Се разбира, треба да се забележи дека многу рибари сè уште жртвувале нешто и се соочиле со многу тешкотии. Многумина од нив живееле веднаш покрај водата и секој ден вдишувале мирис на мртви риби.  

Ним им се смееја, шпекулираа за нивните клубови и не можеа да разберат: Зошто некои луѓе престануваат да присуствуваат на состаноците на кои се одржуваат разговори за риболов? На крајот на краиштата, нели на сите нивни состаноци ги кажуваа зборовите на Големиот Рибар: Исус им рече: ‘Врвете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе’“ (Марко 1:17).

Замислете колку се налутило ова друштво на рибари кога покрај нив, во послушност на зборовите на Големиот Рибар, потпирајќи се на Вистинскиот водич за риболов, а не на делата на овие несреќни рибари по име, почнаа еден по еден да се појавуваат следбениците на Големиот Рибар, кои наместо да зборуваат за риболов и да ги критикуваат другите рибари, почнаа неуморно и со полно срце да ловат риби.

Во почетокот, теоретските рибари едноставно ги исмеваа овие новопојавени рибари, изјавувајќи дека овие рибари немаат дозвола за риболов, која може да се добие само со приклучување кон ова рибарско друштво и само членот на ова друштво може да се смета за рибар.

Потоа, гледајќи дека практичните рибари биле успешни и без нивна дозвола за риболов, теоретските рибари биле исполнети со жестока омраза кон оние кои ги сметале за свои конкуренти и почнале да ги оцрнуваат практичните рибари со валкани лаги. Тие почнале гласно да ги извикуваат овие лаги со надеж дека рибите ќе ја слушнат вревата и, исплашени, ќе престанат да бидат уловени од рибарите-практичари. Но, дури и оваа тактика не секогаш го давала посакуваниот резултат.

Имаше сѐ повеќе и повеќе практични рибари. Па дури и многу од теоретските рибари, гледајќи ја залудноста на нивните состаноци, отидоа на страната на практичните рибари и им беше мило што конечно научија што значи да се биде рибар по примерот на Големиот Рибар, а не само да се нарекуваат рибари.

И тогаш теоретските рибари се решија на еден последен и очаен чекор. Тие, спротивно на Вистинскиот прирачник за риболов, спротивно на зборовите на Големиот Рибар, се приклучија на „друштвото за заштита на рибите од рибарите“, организирано од оној кој лажно се смета себеси за заменик на Големиот Рибар на оваа земја и тврди дека сите риби во сите акумулации му припаѓаат нему. И сите што ловат ќе бидат осудени на смрт.

И така, желбата на теоретските рибари практичните рибари да не ловат, ја задоволил оној за кого Големиот Рибар во Неговиот „Вистински водич за риболов“ рекол дека тој е главниот непријател на сите вистински рибари. И навистина, кога ќе дојде на оваа земја, дали Големиот Рибар ги препознава како вистински рибари оние кои самите не ловеле риби, и не им дозволувале на другите да го сторат тоа, иако во исто време се сметал себеси за највистински рибар“.

Како ќе одговорите на ова прашање?

Сподели го ова:

Слични објави