Г Л А В A 9 – Повик за личен напредок
Неопходно е постојано напредување. Работата на мајката налага таа постојано да напредува, со цел своите деца да ги води кон се повисоки и повисоки достигнувања. Меѓутоа, сатаната прави планови како да ја зароби душата и на родителот и на детето. Мајките, одвлечени од обврските во домот и од внимателното воспитување на своите деца, си служат себеси и на светот.
Заради своите деца, ако не од друга причина, мајките треба да го негуваат својот ум, зошто одговорноста на нивната работа е поголема отколку работата на еден цар на неговиот престол. Малку мајки го чувствуваат бремето на доверба коешто им е дадено и малку се оние кои разбираат колкава ефективност можат да достигнат во нивното посебно дело преку трпеливи, темелни напори во полза на својата префинетост.
Мајката најпрво треба строго да ги дисциплинира и да ги негува сите капацитети и чувства на љубов на својот ум и на своето срце, за да не поседува искривен или едноличен карактер и да не ги пренесе обележјата на нејзините недостатоци и ексцентричност врз своето потомство. Многу мајки треба да се разбудат и да ја согледаат потребата од промена на својот карактер и на своите цели, за да можат да ги исполнат обврските коишто тие доброволно ги прифатиле кога стапиле во брак. Доколку таа вложи соодветно внимание кон овие нешта, кои што влијаат врз судбината на човечката раса, корисноста на жената може да биде зголемена и нејзиното влијание проширено до скоро неограничен степен.
Постојано расти во мудроста и делотворноста. Доколку сакаат да растат во мудроста и делотворноста, мајките треба, повеќе од сите други, да се привикнат себеси да размислуваат и да истражуваат. Оние коишто ќе опстојат во ваквиот начин на живот, наскоро ќе дознаат дека ја стекнале токму онаа способност која сметале дека им недостасува; тие учат како правилно да го формираат карактерот кај своите деца. Последиците на таквите напори и мислите посветени на оваа работа ќе се видат во нивната послушност, во нивната едноставност, скромност и морална чистота.
Овие резултати ќе бидат богата награда за сите вложени напори.
Бог сака мајките постојано да настојуваат да го унапредат својот ум и своето срце. Тие треба да чувствуваат дека пред нив стои едно образовно и воспитно дело за своите деца, кое треба да го извршат за Него и колку повеќе ги усовршуваат своите сили, толку покорисни ќе бидат во својата работа како родители.
Босхитувачката сила на христијанската префинетост. Родителите се уште не се разбудиле за да ја разберат восхитувачката сила на христијанската префинетост. Постојат рудници на вистината коишто требаа да бидат обработени, но кои се занемарени. Оваа безгрижна рамнодушност не е одобрена од Бога. Родители, Бог ве повикува оваа важна работа да ја посматрате со помазани очи. Вие само сте преминале површно. Зафатете се за своето долго занемарено дело и Бог ќе соработува со вас. Работете ја својата работа со цело срце, и Бог ќе ви помогне да напредувате. Почнете со тоа што ќе го внесете евангелието во домашниот живот.
Ние сега се наоѓаме во Божјата работилница. Многумина од нас се слични на груби камења донесени од каменолом. Меѓутоа, под воспитното дејство на вистината врз нашето срце, ќе исчезне секоја несовршеност и ние, како живи камења, ќе бидеме подготвени за небесниот храм, каде што ќе ни биде овозможено да пристапиме во друштвото, не само на небесните ангели, туку и на Самиот Цар на небото.
Конечна цел совршенство. Нема ли да ја отфрлите секоја некорисна, неважна работа, која мора да се отстрани за сметка на она што е корисно? Нема ли да настојувате да му се приближите на Бога, за да ве води Неговата мудрост и Неговата благодат да ви помага во делото кое ќе биде трајно колку и вечноста? Поставете си цел своите деца да ги водите до совршенство на карактерот. Имајте на ум дека само таквите ќе го видат Бога…
Многу родители го занемаруваат своето од Бога дадено дело. Самите тие се мошне далеку од чистотата и светоста и не ги гледаат недостатоците кај своите деца кои би ги согледале кога со сопствените очи би го посматрале Христовиот карактер и би се восхитувале на неговата совршеност.
Како да се стане идеална мајка. Место да се задуши во извршувањето на тешките домашни обврски, мајката треба да има време да чита, да биде добро информирана, да му биде другар на својот сопруг и да биде во чекор со умствениот развој на нејзините деца. Треба мудро да ги ползува можностите да влијае на нејзините најмили да се развиваат кон повозвишен живот. Нека најде време Спасителот да стане нејзин секојдневен сопатник и близок пријател. Нека најде време за проучување на Неговата Реч, да оди со своите деца во полињата и да учи за Бога преку убавините на Неговите дела.
Нека биде бодра и весела. Наместо да го поминува секој миг во бескрајно шиење, вечерите нека ги посвети на пријатно заедничко време, семеен собир по дневните обврски. Затоа, многу мажи повеќе ќе сакаат да останат во своето домашно друштво, отколку да одат во клубовите и кафеаните. Многу момчиња ќе бидат сочувани од улиците и продавничките. Многу девојки ќе бидат поштедени од лесноумно и заводливо друштво. На тој начин, и за децата и за родителите, домот ќе биде она што Бог предвидел да биде доживотен благослов.
Родители кои се премногу зафатени. Многу родители велат дека имаат многу нешта да направат и не одвојуваат време културно да се издигнат, да ги воспитаат своите деца за практичниот живот или да ги учат како да станат јагниња на Христовото стадо.
Родителите треба да примат совет. Додека тие спијат во безбожна рамнодушност, сатаната сее семе во срцата на нивните деца кое подоцна ќе донесе жетва за смрт. Но сепак, таквите родители се навредени кога ќе им се укаже на нивните грешки. Тие постапуваат како да сакаат да ги запрашаат оние кои нудат совет: „Какво право имате вие да ни се мешате во врска со нашите деца?“ Но, дали и нивните деца не се Божји деца? Како Тој гледа на нивното занемарување на обврската? Какво оправдување ќе понудат кога Тој ќе ги праша зошто донеле деца на свет а потоа ги оставиле да бидат занимација за искушенијата на сатаната.
Бидете подготвени да слушате совет од другите. Не мислете дека вашите браќа или сестри треба да бидат резервирани околутоа како вие се однесувате кон своите деца, или за тоа како се однесуваат вашите деца.
Полза од состаноци за заедничко советување. Соборите можат да ни помогнат подобро да ги разбереме нашите домашни обврски. Тука можат да се научат лекции во врска со делото кое Бог би сакал нашите сестри да го вршат во своите домови. Тие треба да научат да негуваат учтивост на говорот кога разговараат со својот сопруг или со своите деца. Тие треба да проучуваат како да му помогнат на секој член од семејството да се стави себеси под Божја дисциплина. Таткото и мајката треба да сфатат дека нивна обврска е домот да го направат угоден и привлечен и дека послушноста не треба да се придобие со карање и заканување. Многу родители допрва треба да научат дека со изливи на карање не се постигнува никакво добро. Мнозина не ја земаат предвид потребата да зборуваат љубезно со своите деца. Тие забораваат дека тие малечки се скапо купени и дека се сопственост на Господа Исуса.