Г Л А В A 6 5 – Благословите од прописното облекување
Соодветна и пристојна. Ние имаме предимство со облекувањето, како и со се друго, да Му укажеме чест на нашиот Создател. Тој сака нашата облека да биде не само уредна и здрава туку и соодветна и пристојна.
Ние треба да настојуваме да изгледаме најдобро што можеме. Во службата на светилиштето Бог го специфицирал секој детал во поглед на облеката на оние кои служеле пред Него. Така ние сме поучувани дека Тој има желби во поглед на облеката на оние кои му служат. Посебно биле дадени многу специфични упатства во поглед на облеката на Арон, затоа што неговата облека била симболична. Така и облеката на Христовите следбеници треба да симболизира нешто. Во сите нешта ние треба да го претставуваме Него. Нашата личност во секој поглед треба да биде карактеризирана со уредност, скромност и чистота.
Илустрирана со нештата од природата. Преку нештата од природата (цвеќињата, полските кринови) Христос ја илустрирал убавината која небото ја вреднува, скромната привлечност, едноставноста, чистотата, соодветноста која ќе не направи пријатни за Него.
Карактерот може да биде расудуван преку начинот на облекување. Облеката и нејзината уредност може да биде показател за личноста на човекот или жената.
Ние го пресудуваме карактерот на една личност преку стилот на облеката која ја носи. Скромна, побожна жена ќе се облекува скромно. Префинетиот вкус и културниот ум, ќе биде откриен преку изборот на едноставна, прикладна облека… Жената која е едноставна и скромна во својата облека и во нејзините манири покажува дека таа разбира дека вистинската жена е карактеризирана преку својата морална вредност. Колку прекрасна, колку интересна е едноставноста во облекувањето, која според убавината може да се спореди со полските цвеќиња.
Принципи на раководење во облекувањето. Нека нашите сестри се облекуваат скромно, како што многумина прават, поседувајќи облека од добар, траен материјал, соодветен за овој век, и нека умот не биде преокупиран во поглед на прашањето за облеката. Нашите сестри треба да се облекуваат едноставно. Тие себеси треба да се облечат во скромна облека, срамежливо и трезвено. Дајте му на светот жива илустрација за внатрешниот украс на Божјата благодат.
Следете ги Божјите начела за облекување и покрај тоа што можеби ќе се разликувате. Христијаните не смеат да дозволат светот кон нив да гледа со чудење затоа што по начинот на облекување се разликуваат од сите останати. Меѓутоа, ако нивниот начин на облекување, усвоен во согласност со должноста да се облекуваат скромно и здраво, станува старомоден не треба да го менуваат само за да бидат како останатиот свет; туку во благородна независност и морална храброст треба да останат доследни, дури и ако заради тоа се разликуваат од целиот свет.
Доколку светот прифати еден пристоен, удобен и здрав начин на облекување, кој е во согласност со Библијата, нашиот однос кон Бога и светот нема да се промени со тоа прифаќање. Христијаните треба да го следат Христа и да се облекуваат во согласност со прописите на Божјата реч. Тие ќе избегнуваат крајност и смерно ќе чекорат по правиот пат, без оглед на пофалбата, одобрувањето или осудата, држејќи се до она што е исправно затоа што е исправно.
Одбегнувајте крајности. Не се преокупирајте со тоа што ќе настојувате да ја следите неразумната мода на облекување. Облекувајте се уредно и пристојно, но себеси не правете се предмет на забелешки заради претерано облекување или заради облекување на негрижлив, несреден начин. Постапувајте како да знаете дека окото небесно е врз вас и дека вие живеете со Божје одобрување или неодобрување.
Грижата за облеката да не биде збунета со гордоста. Оние кои се безгрижни и неуредни во облеката ретко се воздигнуваат во своето однесување и поседуваат малку префинетост на чувствата.
Христос искажа предупредување. Христос забележал колкаво внимание му се посветува на облекувањето, затоа ги предупредил Своите следбеници и, повеќе од тоа, им наредил да не размислуваат премногу за тоа: „Зошто се грижите за облеката? Погледајте ги полските кринови како растат; не се трудат, ниту предат; но ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече така, како еден од нив.“… Горделивоста и раскошот во облекувањето се гревови на кои жените им се посебно наклонети; затоа овие предупредувања се однесуваат директно на нив. О, колку мала вредност имаат златото, бисерите и скапоцените облеки кога ќе се споредат со кротоста и убавината Христова.
Библиски инструкции за Божјиот народ. Упатена сум на следните стихови кои, според зборовите на ангелот „претставуваат упатство за Божјиот народ.“ 1. Тимотеј 2:9,10: „Исто така и жените да се украсуваат со пристојна облека, скромно и невпечатливо, не со плетенки и злато, со бисери или со скапоцени облеки, туку со добри дела, како што им прилега на жените кои тврдат дека се побожни.“ 1. Петрово 3:35: „Вашето украсување да не биде надворешно: во плетење на косата, во китење со златен накит или во раскошно облекување, туку во скриената личност во срцето, во нераспадливиот украс на кроткиот и тивок дух, што е од голема вредност пред Бога. Зашто така некогаш се украсуваа светите жени кои се надеваа во Бог, и им се покоруваа на своите мажи.“
Многумина гледаат кон овие налози како на нешто старомодно, недостојно за забелешка; но Оној кој им ги дал на Своите ученици ја разбираат опасноста од љубовта кон облеката во нашето време и нам ни го испрати тоа предупредување. Дали ние ќе го послушаме тоа предупредување и ќе бидеме мудри?
Оние кои искрено настојуваат да го следат Христа ќе внимаваат како се облекуваат. Тие ќе се трудат да се прилагодат на јасните упатства на Спасителот.
Опасности во љубовта кон облеката. Љубовта кон облеката го загрозува моралот и жената ја прави спротивно од она што претставува христијанка, која се одликува со скромност и трезвеност. Упадливата и екстравангардна облека премногу често поттикнува похот во срцето на оние кои ги носат и ги будат истите страсти во срцето на оние кои ја набљудуваат. Бог гледа дека пропаста на карактерот често пати претходи на попуштањето на гордоста и суетноста во облекувањето. Тој гледа дека скапата облека ја задушува желбата да се чини добро.
Сведоштвото на едноставноста во облеката. На моите млади сестри им препорачувам едноставно, недекоративно и неупадливо облекување. На никој подобар начин вие не можете да дозволите вашата светлина да светли кон другите отколку во едноставноста на облеката и однесувањето. Вие можете да им покажете на сите, дека во споредба со вечните нешта правилно ги цените нештата на овој свет.
Умереноста ќе биде штит од илјадници опасности. Сестри мои, чувајте се од сето она што изгледа дека е зло. Во овој век на разврат, полн со расипаност, нема да бидете сигурни ако не стражарите. Доблеста и скромноста се ретки. Апелирам кон вас како Христови следбеници, кои тврдите дека сте добри христијани, внимателно да ја чувате драгоцената, бесценета скапоценост на скромноста.
Скромната едноставност во облекувањето, соединета со скромност во однесувањето, многу ќе придонесе младата жена да биде опкружена со атмосфера на света воздржаност, која ќе ја заштити од илјадници опасности.
Старомодна идеја. Да се воспитуваат децата да чекорат по тесниот пат на чистота и светост е мисла целосно чудна, и старомодна идеја. Тоа е застапено дури и меѓу родителите кои тврдат дека му служат на Бога, но нивните дела сведочат дека тие се обожувачи на мамона. Тие се желни да се натпреваруваат со своите соседи. Тие сакаат нивната облека и облеката на нивните деца, да изгледа слично со облеката на членовите на црката во која припаѓаат.
Единствена облека со која е дозволен влез на небото. Постои облека кон која секое дете и секое младо суштество може да копнее без опасност. Тоа е праведноста на светиите. Само кога тие би сакале и кога за тоа би се залагале толку колку што се трудат својата облека да ја усогласат со мерилата што ги пропишува
модата на овој свет, набргу би се облекле во Христовата облека на праведност и нивните имиња не би биле избришани од книгата на животот. И мајките, како и младите и децата, треба да се молат: „Создај чисто срце во мене, Боже, и дух вистински обнови во мене“ (Псалм 51:10) Таа чистота на срцето и убавината на духот се повредни од злато и во овој живот и во вечноста. Само оние кои се со чисто срце ќе го видат Бога.
Затоа мајки, учете ги вашите деца заповед врз заповед, правило врз правило, дека Христовата праведност е единствената облека што ќе им овозможи пристап на небото и дека облечени во неа и тука ќе бидат во состојба верно да ги извршуваат своите секојдневни должности со кои ќе го прослават Бога.