Г Л А В A 6 1 – Домаќинката во кујната
Возвишениот повик на домаќинката. Не постои вработување поважно од домашната работа. Да се готви добро, да се постави здрава и вкусна храна на масата, потребни се разум и искуство. Оној кој ја подготвува храната која треба да биде внесена во нашите желудници и која треба да биде престорена во крв која треба да го храни телото, зазема најважна и возвишена положба.
На секое момче и девојка им е неопходно потребно темелно да ги запознаат секојдневните должности. Ако е потребно, младата девојка може да биде без познавање на францускиот јазик и алгебрата, не мора да знае ниту да свири на клавир; но таа безусловно мора да научи да прави добар леб, да сошие добро скроена облека и успешно да извршува многу должности кои спаѓаат во водење на домаќинството.
За здравјето и среќата на целото семејство ништо не е толку важно како умешноста и знаењето на готвачката. Со лошо подготвена, нездрава храна, таа може да ја намали или сосема да ја уништи работоспособноста на возрасните и да го попречи развојот на детето. Но, подготвувајќи храна прилагодена на потребите на телото, а истовремено и примамлива и вкусна, таа може да постигне толку добрини колку што во спротивниот случај би нанела штета. Така, на многу начини, среќата во животот е поврзана со верноста во обичните должности.
Науката за готвење е неопходна уметност. Науката за готвењето не е безначајна… Оваа вештина треба да се смета за најдрагоцена од сите вештини, затоа што е тесно поврзана со животот. На неа треба да и се посвети најмногу внимание, затоа што за да создава добра крв, телото бара добра храна. Темелот на она што ги одржува луѓето во здравје е здравственомисионерската работа на доброто готвење.
Постојат малку добри готвачки. На многу, многу мајки им се потребни лекции во готвењето, како би можеле пред своите семејства да изнесат добро подготвена и убаво послужена храна.
Настојувајте да бидете мајстори во уметноста. Нашите сестри често пати не знаат како да готват. На таквите сестри би им препорачала: Јас би отишла кај најдобрата готвачка која може да се најде во земјата и би останала кај неа со седмици ако е потребно, додека не ја научам таа вештина за да станам мудра и вешта готвачка. Јас така би постапила, дури кога би имала и четириесет години. Ваша должност е да знаете да готвите и ваша должност е да ги научите вашите ќерки да готват.
Проучувајте и практикувајте. Јадењата можат да се зготват така што ќе бидат едноставни и здрави, но потребно е умеење да се направат вкусни и хранливи. За да знаат како треба да готват, жените мораат вредно да учат, а потоа стекнатото знаење трпеливо да го применуваат во пракса. Мнозина страдаат поради тоа што не сакаат да се потрудат во оваа насока. На таквите им велам: Време е да ги разбудите своите заспани сили и да се информирате. Немојте да мислите дека времето посветено на стекнување на знаење и искуство во подготвувањето здрави, вкусни јадења е залудно пропуштено. Иако имате долгогодишно готвачко искуство, а покрај тоа и други семејни одговорности, должни сте да учите како најдобро ќе ја водите грижата за здравјето на своето семејство.
Последици од лошо готвење. Илјадници и десетици илјади денес се жртви на лошото готвење. На многу гробови би можело да се напише: „Умрел од лошо готвење;“ „Умрел од преоптоварен желудник.“
Учете ги вашите деца како да готват. Немојте да занемарите да ги поучите своите деца како да готват. Ако ги поучувате во тоа, вие им ги пренесувате начелата кои мораат да ги поседуваат во своето верско воспитување. Кога на своите деца им давате поуки од физиологијата, кога ги учите како се готви едноставно но сепак умешно, вие поставувате темели на најкорисните гранки на воспитувањето. Потребна е вештина за да се замеси добар и лесен леб. Во таквото готвење постои христијанство, и јас се сомневам во верата на оние личности кои се премногу немарни за да научат да готват.
Поучувајте трпеливо и бодро. Мајките треба своите деца уште од нивната младост да ги водат во кујната, поучувајќи ги на вештината на готвење. Тие не можат да очекуват од своите ќерки да влезат во тајните на успешното водење на домаќинството без поучување. Мора да ги поучуваат трпеливо и со љубов, настојувајќи таа работа со своето вердо расположение и охрабрувачки зборови да им ја направат што попријатна.
Ако не успеат при првиот, вториот или пак третиот обид, не треба веднаш да ги прекоруваат, затоа што тие се и без тоа обесхрабрени и доаѓаат во искушение да кажат: „Не ми поаѓа од рака, јас не можат да го сторам тоа.“ Тогаш не е време за критика. Со тоа пробудената волја за работа само би ослабела. Тие треба постојано да бидат поттикнувани со охрабрувачки, ведри и благи зборови какви што се: „Никогаш во мислите не се задржувај на неуспехот. Ти си само ученичка, и се очекува да правиш грешки. Обиди се повторно. Сконцентрирај се на она што го работиш. Само биди повнимателна и сигурно ќе успееш.“
Како интересот и во одушевувањето можат да бидат оладени. Многу мајки не сфаќаат колку е важно ова знаење да им го пренесуваат на своите ќерки, и наместо да ги поднесат неволјите и грижата во поучувањето на своите деца, имајќи трпение со нивните слабости и грешки додека тие учат, тие повеќе сакаат тие работи сами да ги извршуваат. И кога нивните ќерки не успеваат во своите напори, тие ги обесхрабруваат со зборовите: „Не вреди ништо, ти навистина тоа не го можеш. Повеќе ми одмагаш отколку што ми помагаш.“
Така првите напори на овие ученици завршуваат со неуспех а првите неуспеси го ослабнуваат нивниот интерес и нивната волја за учење така што нема да се нафатат на повторен обид, туку попрво ќе одберат да се занимаваат со шиење, плетење и чистење на куќата се друго само да не готват. Тука мајките многу грешат. Тие би морале преку трпеливо поучување да ги наведат своите ќерки да стекнат практично искуство со кое би се отстранила неумешноста и невештите движења на неискусните раце.
Најнеопходната подготовка која младите дами можат да ја направат за практичниот живот. Младите домаќинки треба целосно да бидат упатени во вештината на готвење. Без оглед на околностите во кои подоцна ќе живеат, тие ќе располагаат со едно знаење кое ќе можат практично и корисно да го употребуваат. Вештината на готвење е знаење кое најнепосредно влијае на човечкиот живот, и на животот на оние кои ни се најдраги.
Младите жени мислат дека готвењето е понижувачка работа, па извршуваат други домашни обврски; затоа многу мажени девојки се грижат за своето семејство без добра претстава за вистинските задачи на една сопруга и мајка.
И мажите треба да научат да готват. И момчињата и девојките треба да се поучуваат како се подготвуваат економично здрави јадења без додаток на месо.
Сериозни прашања за размислување. „Дали јадете или пиете, или што и да правите, правете го сето тоа за слава Божја.“ Дали така постапувате кога ја подготвувате храната за вашата трпеза и го повикувате семејството на оброк? Дали на децата им ја давате само онаа храна за која знаете дека ќе произведе најдобра крв? Дали тоа е храна која нивното здравје ќе го запази во најдобра состојба? Дали тоа е храна која најдобро ќе им помогне да го одржат животот и здравјето? Се трудите ли таква храна да изнесувате пред своите деца? Или, без оглед на нивното идно добро, им давате нездрава раздразнувачка храна?