Г Л А В A 4 – Mетоди на поучување

Сподели го ова:

Треба да биде проучувано родителското устројство. Де лото на родителот ретко се извршува на начин на кој би требало да биде извршено… Родители, дали сте проучиле како да бидете вистински управители за мудро да ја насочувате волјата на вашите деца и нивните нагони? Учете ги вашите млади да се испреплетат околу Бога кој ќе им даде поддршка. Не е доволно да кажете, изврши го ова или она, а потоа да сте сосема безобѕирни и да заборавите што сте побарале од нив, бидејќи тие сигурно нема да обратат доволно внимание за да ги извршат вашите заповеди. Подгответе го патот за вашето дете да ги извршува вашите заповеди бодро; учете ги ластарите да се прилепат за Исуса… Учете ги за секоја една малечка работа во животот да бараат помош од Бога; да бидат крајно будни да ги препознаат малите должности кои треба да ги извршат и да бидат подготвени секогаш да помагаат во домот. Доколку вие не ги воспитате, постои друг што ќе ги воспита, зашто сатаната будно чека на секоја можност да посее какол во срцето.

Пристапете кон задачата со смирен дух и срце полно со љубов. Сестро моја, дали Бог ти ја доверил таа одговорност да бидеш мајка?… Ти треба да научиш одредени правилни методи и да стекнеш тактичност во воспитувањето на своите малечки, за тие да можат цврсто да го следат Господовиот пат. Ти треба постојано да напредуваш во највозвишената култура на умот и душата, а во образованието и воспитувањето на своите деца да внесеш спокоен дух и срце полно со љубов; на тој начин ќе можеш своите деца да ги исполниш со чисти стремежи, и во нив да негуваш љубов кон оние работи кои се чесни, чисти и свети. Како понизно Божјо дете, учи во Христовата школа; постојано настојувај да ги усовршуваш своите сили со цел најсовршено да ја извршуваш својата работа во домот, и преку упатства и со пример.

Влијанието на тивката, внимателна постапка. Малкумина го сфаќаат влијанието на нежното, но цврсто однесување, покажано дури и во грижата за малечкото дете. Ако е мајката или негу вателката загрижена и нетрпелива, создава раздразливост кај детето во своите раце, додека внимателниот став тежнее да ги смири нервите кај малечкото дете.

Теории кои треба да се испробаат. Ако само се проучуваат книги, ползата ќе биде мала доколку здобиените идеи не се применат во практичниот живот. Сепак, ни највредниот предлог упатен од страна на другите не треба да биде прифатен без размислување и без способност за разликување. Тие можеби не одговараат еднакво на околностите во кои се наоѓа секоја мајка, или на поединечната природа или темперамент на секое дете во семејството. За да ја забележи разликата помеѓу нивните методи и нејзините, мајката треба внимателно да ги проучува искуствата на другите и, исто така, внимателно да ги испроба оние за кои смета дека имаат вистинска вредност.

Методи користени во старите времиња. Уште во почетокот верните во Израелот придавале големо внимание на самата образовна материја. Господ посочил дека децата треба за Неговата добрина и за Неговото величие да бидат поучувани уште од мали нозе, токму онака како што е откриено во Неговиот закон и покажано во историјата на Израел. Преку песна, молитва и поуки од Списите, приспособени за отворениот ум, таткото и мајката треба да им дадат упатства на своите деца дека Божјиот закон е израз на Неговиот карактер, и дека, кога ќе ги примат начелата на законот во срцето, Божјиот лик се врежува во умот и душата. Во поголем дел поучувањето во училиштето и домот било усно, меѓутоа, младите научиле да ги читаат и еврејските списи; на тој начин свитоците на списите од Стариот Завет им биле достапни за проучување.

Поучувајте со љубезност и чувства полни со љубов. Та ткото и мајката имаат посебно дело според кое треба своите деца да ги поучуваат со љубезност и чувство на љубов. Како родители, тие треба да покажат дека ги држат конците во свои раце, дека тие управуваат, а не да бидат управувани од нивните деца. Тие треба да ги поучуваат децата дека од нив се бара послушност.

Немирниот дух природно е наклонет кон зло; активниот ум, доколку се остави да не се занимава со подобри нешта, ќе се сврти кон советите дадени од сатаната. Децата треба… да бидат поучувани, да бидат водени на безбедни патеки, да бидат чувани од злото, да бидат придобиени преку љубезност и да се утврдат да творат добро.

Татковци и мајки, пред вас стои свечена работа која треба да ја извршите. Од вашиот начин на дејствување зависи и вечното спасение на вашите деца. Како успешно ќе ги образувате своите деца? Не со карање, зошто со тоа нема да се постигне никакво добро. Зборувајте им на своите деца дека имате доверба во нивната интелигенција. Постапувајте со нив љубезно, нежно, со љубов. Кажете им што сака Бог тие да прават. Кажете им дека Бог сака да имаат такво образование и воспитување, со цел да бидат работници заедно со него. Кога вие го вршите својот дел од работата, тогаш можете да имате доверба дека Бог ќе го изврши Својот дел.

Одвојте време за резонирање. Секоја мајка треба да одвои време да резонира со своите деца, да ги исправа нивните грешки и трпеливо да ги поучува за вистинскиот пат.

Првите лекции учете ги во природа. Мајки, вашите малечки нека си играат на отворен воздух; нека ги слушаат песните на птиците и за Божјата љубов нека учат од Неговите прекрасни дела. Поучувајте ги за едноставните лекции од книгата на природата и за нештата што ги опкружуваат; и додека нивните мисли се развиваат, тие ќе можат да примат и поуки од книги, кои цврсто ќе се втиснат во паметењето.

Обработувањето на земјата претставува добро занимање за децата и младите. Тоа ги доведува во непосреден допир со природата и со Создателот на истата. За да им се овозможи таквата предност, колку што е тоа возможно, покрај нашите училишта, треба да постојат големи градини со цвеќиња и доволно земја за обработување.

Образованието стекнато среде такво опкружување е во согласност со упатствата дадени од Бога за поучување на младите…

Тоа ќе биде од голема вредност за нервозните деца или младинци кои стекнуваат поуки од книги кои исцрпуваат и тешко се паметат. Во проучувањето на природата тие ќе најдат здравје и среќа; и впечатоците коишто ќе бидат стекнати на таков начин, нема да избледат од мислите, зашто тие ќе бидат поврзани со нештата кои постојано се наоѓаат пред нивните очи.

„Зборувајте едноставно; Зборувајте почесто.“ Оние коишто ги поучуваат децата треба да одбегнуваат заморни излагања. Големо дејство ќе имаат кратките и добро одбрани излагања. Доколку треба многу да се зборува, заради краткоста, материјалот нека биде поделен. Ако се кажат сега неколку интересни зборови, а малку и следниот пат, ќе има поголема полза отколку сите да се изложат одеднаш. Долгите говори ќе го обременат малиот ум на детето. Многу зборување ќе го наведе да почуствува одбивност кон духовното поучување, исто како што прејадувањето го обременува желудникот и го намалува апетитот, водејќи дури и до одвратност кон храната.

Поттикнете независно размислување. Додека децата и младите се запознаваат со факти од страна на учителите и од учебниците, самите треба да научат да извлекуваат поуки и да ја распознаат вистината. Прашувајте ги, на пример, додека ја обработуваат градината, што научиле од грижата за своите растенија. Додека ја набљудуваат прекрасната глетка, прашајте ги зошто Бог ги облекол полињата и шумите со толку прекрасни и разновидни бои. Зошто сето тоа не било обоено само со темна кафена боја? Додека берат цвеќиња, поттикнете ги да размислуваат зошто Бог ни ја оставил убавината на овие патници од Еден. Додека ја посматраат природата, научете ги да ги забележуваат сите докази за Божјата грижа кон нас, кои се прекрасно прилагодени кон нашите потреби и нашата среќа.

Насочувајте ја активноста на децата. Родителите не треба да мислат дека треба да ја потиснат активноста на своите деца, меѓутоа, треба да разберат дека тоа е неопходно за да ги водат децата во правилна и соодветна насока. Тие активни импулси се како лозите, кои, доколку не се насочат, ќе се испреплетат околу секоја пенушка и грмушка, и ќе ги врзат своите ластари за ниските потпирачи. Доколку лозите не се насочуваат да се обвиткаат кон соодветен потпирач, тие бесцелно ги трошат своите сили. Така е и со децата. Нивната активност мора да биде насочена во правилна насока. На нивните умови и раце дајте им да прават нешто, што ќе придонесе да се зголеми нивниот физички и ментален развиток.

Поучувај ги децата да бидат корисни уште од мали нозе.

Детето треба многу рано да се научи да помага. Штом силата и разумот ќе бидат доволно развиени, треба да му се одредат некои домашни обврски што ќе ги извршува. Треба да се охрабрат сите негови обиди да им помага на таткото и мајката, да се научи на самооткажување и како да се контролира себеси, среќата и удобноста на другите да ги стави пред својата, да не пропушта можности да ги развесели и да им помогне на браќата, сестрите и другарите во игра, како и да биде љубезен кон старите, болните и несреќните. Колку е поцелосно проткаен духот на вистинска служба во домот, толку повеќе ќе се развие во животот на децата. Тие ќе научат да најдат задоволство во службата и пожртвуваноста за доброто на другите.

Родители, помогнете им на своите деца да ја извршуваат Божјата волја на тој начин што, како членови на семејството, верно ќе ги извршуваат поставените должности. Со ова ќе стекнат вредно искуство. Тоа ќе ги научи да не бидат сосредоточени кон самите себе, да не го прават само она што им причинува ним задоволство, или да се забавуваат себеси. Родители, воспитајте ги децата да ги извршуваат своите должности во семејниот круг.

Оформување на карактерот со мали, често повторувани вниманија. Родители, во воспитувањето на вашите деца вклучете го и проучувањето на оние лекции коишто Бог ги дал во природата. Доколку би одгледувале каранфил, ружа или лилјан што би направиле? Запрашајте го градинарот што е тоа што прави секоја гранка и секој лист да цути толку прекрасно и да развие симетричност и убавина. Тој ќе ви каже дека тоа не се прави со груб допир, или насилен обид, бидејќи, тоа само би ги скршило тие нежни стебленца. Тоа се прави со мали, почесто повторени вниманија. Тој ги навлажнува почвата и растенијата што растат, ги заштитува од сурови ветришта и од сонцето кое пече, а Бог прави тие да цветаат и милно да цутат. Во однесувањето со своите деца, следете ги методите на градинарот. Преку нежни допири и служење со љубов, според моделот на Христовиот карактер, настојувајте да го оформување и нивниот карактер.

Обратете внимание на малите нешта. Во воспитувањето на децата и младите, родителите прават голема грешка кога се однесуваат кон нив пристрасно, кога ги размазуваат и ги галат! Тие стануваат себични и неделотворни при што им недостига енергија за извршување на секојдневите мали обврски. Тие не се упатени да се запознаат со силата на карактерот преку извршување на секојдневните должности, колку и да се тие мали…

Талентираните деца имаат потреба од поголема нега. Во умот на нашите деца треба да биде врежано дека тие не си припаѓаат себеси, дека не можат да излегуваат и да доаѓаат, да се облекуваат и да постапуваат како што им е ним угодно… Доколку поседуваат лични привлечности и ретко природни способности, во нивното образование треба да се вложат поголеми напори, со цел, тие дарби да не се претворат во проклетство, и да не ги онеспособат за трезвените нешта на реалниот живот, а со ласкање, суетност и љубов кон покажување, да ги направат неспособни за подобриот живот.

Боздржувајте се од несоодветна забелешка или ласкање.

Покажете мало внимание кон децата. Научете ги сами да се забавуваат. Не ставајте ги на призор пред посетителите како грамади на ум или мудрост, туку, колку што е можно, овозможете им да имаат едноставно детство. Една од најголемите причини зошто толку многу деца се дрски, бесрамни и безобразни, лежи во претераното внимание и прекумерните пофалби, така што нивните умни и бистри размислувања се повторуваат во нивно присуство. Трудете се несоодветното да не ги критикувате прекумерно, ниту пак да ги затрупате со пофалби и ласкања. Тогаш сатаната прерано ќе го посее своето лошо семе во нивното младо срце, а вие не треба да му помогнете во таквата негова работа.

Читајте им на своите деца. Татковци и мајки, искористете ја сета помош која ви ја овозможуваат нашите книги и публикации. Одвојте време за да им читате на своите деца… Образувајте домашен читачки круг, во кој секој член на семејството ќе ги стави настрана секојдневните грижи и ќе се соедини во заедничко проучување. Особено оние млади кои биле научени да читаат романи и ефтини книги со приказни, ќе имаат полза од заедничкото вечерно проучување во семејството.

„Воспитувај“, а не „Кажувај.“ На родителот му е доверено извонредното дело да го образува и да го воспита своето дете за идниот, вечен живот. Многу родители сметаат дека ја исполниле својата должност ако само ги нахранат, ги облечат своите деца, и ги образуваат според стандардите на светот. Тие се презафатени со работа или задоволства, за да остават простор воспитувањето на нивните деца да стане нивно животно проучување. Тие не настојуваат да ги воспитаат своите деца да ги употребат своите таленти во чест на својот Откупител. Соломон не рекол: „Кажи му на детето за патот по којшто треба да оди, а кога ќе остари, нема да скршне од него.“ Туку тој рекол: „Воспитај го детето за патот по којшто треба да оди, и кога ќе остари нема да скршне од него.“

Воспитајте ги да имаат самоконтрола. Ниту една работа што некогаш ја преземал човек не бара поголема грижа и вештина како правилното воспитување и образување на младите и децата. Ниедно влијание не е толку моќно како она со кое сме опкружени во нашите први години… Природата на човекот е тројна, и воспитувањето, за кое зборува Соломон, подразбира правилен развој на физичките, интелектуалните и моралните сили. За правилно да се изврши ова дело, родителите и учителите треба самите да го разберат „патот“ по кој детето треба да оди. Тука не се вклучени само познавањата стекнати од книги или научените работи на училиште. Тоа подразбира примена на умереноста, братската љубезност и побожност, извршување на должностите кон самиот себе, своите ближни и Бога.

Воспитувањето на детето мора да биде поинакво од оние принципи кои владеат при тренирање на некое неразумно животно. Животното треба само да се навикне да му се покорува на својот господар, меѓутоа, детето мора да биде поучено да се контролира себеси. Волјата мора да биде воспитана да ги слуша прописите на разумот и совеста. Едно дете може да биде воспитано на истиот начин како и животното, да нема своја волја, а неговата личност да се претопи во личноста на својот учител. Таквото воспитување не е мудро и неговите влијанија се катастрофални. На така воспитаните деца ќе им недостасува цврстина и решителност. Тие нема

да научат да дејствуваат според принцип; поради тоа што не се употребуваат, силите на расудување нема да бидат зацврстени. Колку што е можно, секое дете нека се воспитува да биде самостојно. Мудриот учител ќе им посвети посебно внимание на развојот на послабите карактерни црти, за детето да може да оформи добро балансиран, хармоничен карактер.

Сподели го ова:

Слични објави