Г Л А В A 3 7 – Силата на навиката

Сподели го ова:

Како се воспоставени навиките. Преку повторување на постапки се формираат навики кои го обликуваат карактерот.

Време за воспоставување добри навики. Карактерот се обликува главно во раните години од детството. Тогаш стекнатите навики, дури и повеќе од природната надареност, влијаат на тоа дали човекот ќе стане џин или ќе остане џуџе во интелектуален поглед; зашто, и најдобрите таленти можат да се расипат или ослабнат поради лошите навики. Колку порано во животот се вкорени некоја штетна навика, толку поцврсто ќе ја држи во ропство својата жртва и таа толку пониску ќе го спушти својот стандард на духовност. Од друга страна навиките на праведноста и чесноста стекнати во младоста, обично го одредуваат патот на човекот низ целиот негов живот. Во најмногу случаи се испоставува дека оние кои подоцна го почитуваат Бога и ја бранат правдата тоа го научиле во својата рана младост пред да можел светот да го втисне својот грешен лик во нивната душа. Луѓето во позрели години се како гранитна карпа и многу тешко примаат нови впечатоци, додека срцата на младите се многу приемчиви.

Навиките можат да бидат модифицирани, но ретко променети. Она што детето го гледа и слуша впишува длабоки линии врз нежниот ум, коишто други околности во подоцнежниот живот не можат да ги избришат. Тогаш се обликува интелигенцијата, склоностите добиваат насока и сила. Повторени дела во одредена насока стануваат навики. Тие можат со напорно воспитување да бидат модифицирани, во подоцнежниот живот, меѓутоа ретко стануваат променети.

Изопачените деца се опасност за другите. Богобојазните родители добро ќе размислат и планираат како да ги воспитуваат своите деца на добри навики. Тие попрво ќе одберат другари за своите деца, отколку да ги остават нив во своето неискуство да одберат за себеси.

Доколку во своето рано детство, децата не се истрајно и трпеливо воспитани на правилен начин, тие ќе формираат погрешни навики. Тие навики ќе се развијат во нивниот подоцнежен живот и ќе ги расипат другите. Оние чиишто умови имаат примено слабо обликување, кои се имаат обезвреднето себеси преку погрешни домашни влијанија, преку измамлива пракса, ги носат со себе лошите навики низ целиот свој живот. Доколку исповедаат религија, тие навики ќе се откријат и во нивниот верски живот.

Детето може да прими здраво верско упатување; но доколку родителите, учителите или старателите дозволуваат неговиот карактер да биде искривен од некоја лоша навика, таа навика, доколку не се победи, ќе стане предоминантна сила, и детето ќе биде загубено.

Малечките дела се важни. Родителите или учителите кои не обрнуваат внимание на малите дела кои не се добри, ги воспоставуваат тие навики кај младите.

Родителите треба многу внимателно да постапуваат со душите кои им се доверени на нивна грижа. Во своите деца тие не треба да поттикнуваат зло, претерување и љубов кон упадливото облекување. Тие не смеат да ги привикнуваат на мали шеги коишто можеби изгледаат како осторумност кај малите деца, но од кои ќе мора да се одучуваат и да бидат исправувани кога ќе пораснат.

Малите изреки и грешки може да изгледаат интересни кога детето е бебе, и тогаш тие можат да бидат дозволени и поттикнати; но како што детето расте, тие стануваат одвратни и навредливи.

Лошите навики полесно се формираат отколку добрите.

Едно занемарување, честопати повторено формира навика. Еден погрешен акт го подготвува патот за друг. Лошите навики полесно се формираат отколку добрите и многу потешко е тие да се остават.

Малите деца, доколку бидат препуштени на себеси, попрво го учат доброто отколку злото. Лошите навики најдобро се согласуваат со телесното срце, и нештата коишто тие ги гледаат и слушаат во бебството и детството се длабоко врежани во нивните умови.

Раните навики ја одлучуваат победата или поразот во иднината. Ние сме индивидуално, за сега и вечноста, тоа што нашите навики прават од нас. Животите на оние кои ќе формираат добри навики и кои се верни во извршувањето на своите должности ќе бидат како светилки кои светлат врз животот на другите; но доколку им се попушта на навиките на неверност, доколку на лабавите, мрзеливи навики им се дозволи да засилат, облак потемен од полноќ ќе се испречи пред нас и засекогаш ќе ни го затвори патот за вечниот живот.

Карактерот е најпогоден да прима впечатоци во детството и во младоста. Тогаш човекот треба да стекне моќ да владее со самиот себеси. Крај огништето и семејната трпеза се врши влијание чијшто резултат е траен како вечноста. Повеќе од која било природна дарба, навиките стекнати во детството одлучуваат дали некој човек ќе биде победник или победен во животната борба.

Сподели го ова:

Слични објави