Г Л А В A 2 Првите учители
Родителите треба да ја разберат својата одговорност. Таткото и мајката треба да бидат првите учители на своите деца.
Родителите треба да ја сфатат својата одговорност. Светот е преполн со стапици кои го демнат секој чекор на младите. Мнозина ги привлекува животот исполнет со себични и телесни задоволства. Тие не можат да ги осознаат скриените опасности ниту страшниот завршеток на патот, за кој сега сметаат дека е пат на среќата. Бидејќи им угодуваат на апетитот и страстите, тие залудно ја трошат својата енергија, и така милиони се упропастуваат, не само за сегашниот, туку и за идниот свет. Родителите треба да запомнат дека нивните деца мора да се соочат со таквите искушенија. Дури и пред да се роди детето, треба да започне таква подготовка која ќе ги оспособи за успешно војување против злото.
За да сфатат како најдобро да ги воспитаат своите деца за корисен и среќен живот на оваа земја, и за повозвишена служба и поголема радост во идниот свет, на родителите на секој чекор им е потребна повеќе од човечка мудрост.
Воспитувањето на детето, важен дел од Божјиот план. Воспитувањето на детето зазема значаен дел во Божјиот план а тука се открива и силата на христијанството. Пред родителите стои свечена одговорност своите деца да ги воспитуваат на начин според кој, откако ќе се осамостојат, ќе им прават добро, а не зло на оние со кои ќе бидат поврзани.
Родителите не треба да го потценуваат воспитното дело за своето дете, ниту да го занемаруваат за сметка на нешто друго. Тие треба да одвојат доста време и внимателно да се посветат да ги проучат законите кои управуваат со човечкото тело. Најпрво што треба да направат е да научат како правилно да се однесуваат кон своите деца, а со тоа да можат да им обезбедат здрав дух во здраво тело…
За жал, мнозина кои велат дека се Христови следбеници ги занемаруваат домашните должности; тие не ја согледуваат важноста на светата должност која Бог ја поставил пред нив да го обликуваат карактерот на своето дете за тоа да има морална сила да им се спротивстави на примамливите искушенија кои ги фаќаат младите во стапица.
Неопходна е соработка со Бога. Христос не го молел Својот Отец да ги земе учениците од светот, туку да ги сочува од злото кое владее во светот; да ги чува да не им се препуштаат на искушенијата со кои ќе треба да се соочат на секој чекор. И таткото и мајката треба да приложат иста таква молитва за своите деца. Но дали тие само ќе се молат на Бога за потоа да ги препуштат своите деца да прават она што им е угодно? Бог не може да ги чува децата од злото доколку родителите не соработуваат со него. Вложувајќи неуморни напори, родителите треба храбро и бодро да ја започнат својата работа.
Доколку родителите се свесни дека во ниеден миг не се ослободени од воспитното бреме и од одговорноста да ги образуваат своите деца за Бога, и ако го извршуваат своето дело со вера, соработувајќи со Бога преку сесрдна молитва и работа, тие ќе имаат успех во своите намери да ги донесат своите деца кај Спасителот.
Како една брачна двојка се соочила со одговорноста Од небото дошол ангел кој ги упатил Захарија и Елисавета како треба да го воспитаат и да го образуваат своето дете, работејќи во хармонија со Бога, за да го подготват гласникот кој ќе треба да го објави Христовото доаѓање. Како родители тие требале верно да соработуваат со Бога и да обликуваат таков карактер кај Јована кој би го оспособил да ја изврши задачата што му ја одредил Бог како Свој соодветен работник.
Својот син Јован тие го добиле на стари години. Тој бил дете произлезено од чудо. Затоа можеби родителите имале право да мислат дека Господ ќе се погрижи за него, бидејќи тој требало да изврши едно посебно дело за Него. Меѓутоа, родителите не размислувале така; тие се преселиле на осамено место во природа, каде што нивниот син нема да биде изложен на искушенијата кои ги поставува градскиот живот, или да биде наведен да се оддалечи од советот и упатствата кои би му ги дале неговите родители. Тие го извршиле својот дел во развивањето на карактерот кај детето, кое во секој поглед ја исполнило целта којашто Бог ја одредил за неговиот живот… Својата должност тие ја извршиле на свет начин.
Сметај на тоа дека детето ти е доверено. Родителите треба да гледаат на своите деца како на доверени од Бог со цел тие да бидат воспитани за небесното семејство. Воспитувај ги со Божји страв и љубов; бидејќи „стравот од Господа е почеток на мудроста.“
Родителите да бидат обучени како христијански учители.
Иако работата на родителите има големо значење, таа е мошне занемарена. Родители, разбудете се од вашиот духовен дремеж и разберете дека вие треба на детето да му ги дадете првите поуки. Вие треба малечките да ги поучувате да го познаваат Христа. Тоа дело мора да биде завршено пред сатаната да посее свои семиња во нивните срца. Христос ги повикува децата и вие треба да ги водите кај него, формирајќи кај нив навики на работливост, уредност и ред. Таква дисциплина Христос сака тие да примат.
Неопходно е единство меѓу родителите. Во извршувањето на своето воспитно дело во домот мажот и жената треба да бидат тесно поврзани. Тие треба да бидат многу нежни и многу да внимаваат на својот говор, за да не му отворат на сатаната врата за искушение низ која тој може да оди од победа во победа. Тие треба да бидат љубезни и учтиви еден кон друг, и да се однесуваат на начин кој покажува дека меѓусебно се почитуваат. За да се внесе во домот пријатна и здрава атмосфера, родителите треба да си помагаат еден на друг. Нивното однесување не треба да биде поинакво кога се наоѓаат во присуство на своите деца. Христијанското достоинство треба да се задржи во секое време.
На секое дете му е доделено посебен воспитувач. Воспитното дело на мајката секогаш ќе има доминантно значење; иако врз таткото почиваат сериозни и важни должности, мајката, поради речиси постојаното дружење со своите деца, особено во периодот на првите години, мора секогаш да биде нивен посебен инструктор и придружник.
Боспитувањето има пошироко значење, а не само упатување. Родителите мора да ја научат онаа лекција која налага целосна послушност на Божјиот глас, кој им се обраќа преку Својата Реч; и откако ќе ја научат таа лекција, тогаш можат да ги поучуваат своите деца како да почитуваат и да бидат послушни на збор и на дело. Такво дело треба да се изврши во домот. Оние кои така прават и самите ќе доживеат раст и ќе сфатат дека мора да ги воздигнат своите деца. Ова воспитување значи многу повеќе отколку само едноставно давање упатства.
Случајната работа е неприфатлива. Случајната работа во домот нема да ја помине истрагата на судот. Верата и делата треба да бидат комбинирани од страна на христијанските родители. Како што Авраам му заповедал на својот дом, така и тие треба да им заповедаат на своите домови. Стандардот што секој родител мора да го достигне е даден: „Тие ќе се држат до патот Господов.“ Секој друг пат е патека која води, не кон Божјиот град, туку кон редовите на уништувачот.
Родителите треба да го прегледаат своето дело. Дали родителите ќе го прегледаат своето дело на образување и воспитување на своите деца, и ќе размислат дали својата целокупна должност ја извршиле со надеж и вера дека тие деца можат да бидат круна на нивната радост во денот кога ќе се сретнат со Господа Исуса Христа? Дали тие работеле за доброто на своите деца на начин според кој Исус можел да погледне од небото и преку дарот на Својот Дух да ги посвети нивните напори? Родители, вам ви припаѓа должноста да ги подготвите своите деца за да бидат од најголема полза во овој живот и најпосле да учествуваат во славата што треба да дојде.