Г Л А В A 2 5 – Едноставност

Сподели го ова:

Воспитувајте во природна едноставност. Малечките треба да бидат воспитувани во детска едноставност. Тие мораат да се навикнат да бидат задоволни со мали, полезни должности, задоволства и искуства кои се соодветни за нивната возраст. Детството во параболата е претставено со никулец чија убавина е својствена за него. Децата не треба да се принудуваат на предвремено созревање, туку колку е можно подолго треба да ја задржат свежината и милноста на своите рани години. Колку помирен и поедноставен е животот на детето колку послободен и поусогласен со природата толку поповолно ќе биде влијанието врз неговата телесна и ментална живост и духовна сила.

Родителите, преку својот пример, треба да ги поттикнат нивните деца да обликуваат навики на едноставност и да ги пренасочуваат своите деца од вештачкиот кон природниот начин на живеење.

Едноставните деца се најпривлечни. Најпривлечни се оние деца кои се природни и негорделиви. Не е мудро на децата да им се подарува посебно внимание… Со пофалување на нивните гледишта, нивните зборови и постапки не смее во нив да се поттикнува суетност. Не треба да ги облекувате на прескап начин и на начин кој би бил за покажување пред светот. Тоа во нив поттикнува гордост, а во срцето на нивните другари буди завист. Учете ги децата дека вистинскиот украс не е она што може да се види од надвор. „Вашето украсување да не биде надворешно: во плетење на косата, во китење со златен накит или во раскошно облекување, туку во скриената личност во срцето, во нераспадливиот украс на кроткиот и тивок дух, што е од голема вредност пред Бога“ (1. Петрово 3:3, 4).

Тајната на вистинската привлечност. Девојките треба да бидат учени дека вистинската привлечност на жената не се наоѓа само во убавината на формата или изгледот, ниту пак во достигнувањата; туку во кроткиот и тивок дух, во трпението, дарежпивоста, љубезноста и волјата да чинат нешта за другите и да страдаат за ради нив. Тие треба да бидат поучувани да работат, да учат за некоја цел, да живеат за одредена цел, да имаат доверба во Бога и да се бојат од Него и да ги почитуваат своите родители. Тогаш, како што напредуваат во годините, тие ќе раснат со почист ум, посамостојни и повеќе сакани. Ќе биде невозможно да се деградира една таква жена. Таа ќе им избега на искушенијата и пробите кои упропастиле мнозина.

Семиња на суетност. Во многу семејства, уште од бебе, срцата на децата се посеани со семиња на сутеност и себичност. Нивните паметни изреки и дела се коментираат и пофалуваат во нивно присуство и повторуваат во преувеличеност на другите. Малечките го забележуваат тоа и се полнат со самобендисаност; тие си земаат за право да прекинуваат разговори и да бидат премногу одважни и бесрамни. Ласкањето и попуштањето ја хранат нивната суетност и своеглавост, се додека најмалите не неретко стануваат владетели над целото семејство, вклучувајќи ги и таткото и мајката.

Како што младите созреваат, наклоностите формирани со ваквиот начин на воспитување не се отстрануваат. Таа расне со нивното растење, и она што можеби изгледало симпатично кај бебето, станува презрено и зло кај мажите и жените. Тие настојуваат да владеат над нивните другари; и доколку некој одбие да се покори на нивните желби, тие себеси се сметаат за ожалостени и навредени. Тоа е така, бидејќи, на нивна штета им било угодувано во младоста, наместо да бидат поучени дека самоодрекувањето е неопходно за носењето со тешките моменти и потешкотии на животот.

Немојте да поттикнувате љубов кон пофалба. На децата им е неопходно ценење, сочувство и охрабрување, но мораме да внимаваме во нив да не развиеме склоност кон пофалби… Родителот или учителот кој го има предвид вистинскиот идеал на карактерот и можноста за негово достигање, никогаш нема да негува ниту да поттикнува окупираност со себеси. Тој во младите нема да поттикнува стремеж или настојување да ги истакнуваат своите способности и умешности. Оној кој гледа на она што е повисоко од себеси ќе биде понизен; а сепак ќе има достоинство кое нема да се засрами или вознемири од страна на надворешниот сјај или човечката големина.

Охрабрете едноставност во исхраната и облеката. Родителите имаат света должност да ги научат своите деца да помагаат во носењето на домашните бремиња, да бидат задоволни со едноставна храна и уредна и евтина облека.

О, кога мајките и татковците би ја разбрале својата одговорност пред Бога! Каква промена тогаш би се случила во општеството! Децата нема да бидат расипани со пофалување и мазење, или направени суетни преку угодувањето во поглед на облеката.

Сподели го ова:

Слични објави