Г Л А В A 19 – Морална чистота
Практикувајте постојана будност. Доколку сакаат нивните деца да бидат морално чисти, родителите и старателите треба да одржуваат чистота на срцето и животот. Тие мора да им ги пренесат неопходните инструкции и, како додаток на тоа, тие мора да бидат постојано будни. Секој ден се појавуваат нови мисли во умот на младите и нови впечатоци се втиснуваат врз нивните срца. Друштвото што го одбираат, книгите коишто ги читаат, навиките што ги негуваат родителите мора на сето тоа да внимаваат.
Одржувајте го домот чист и привлечен. Домот мора да се одржува чист и уреден. Валканите и запоставени ќошиња низ куќата наведуваат кон тоа и во душата да се најдат такви валкани ќошиња. Мајки, вие сте воспитувачи на вашите деца и можете да сторите многу. Уште од самото детство почнете да ја одржувате хигиената во нивната соба на вкусен и привлечен начин. Уредувајќи ги нивните соби на чист, вкусен и привлечен начин, во умот и душата на децата влевате чисти и благородни мисли.
Заштитете го нивното друштво. Доколку родителите имаат желба нивните деца да имаат морална чистота, тие мора да ги опкружат со чисто друштво кое може да биде одобрено од Бога.
Со каква ли само грижа родителите треба да ги заштитат своите деца од безгрижните, лабави навики кои деморализираат! Татковци и мајки, дали сфаќате колку е голема важноста на одговорноста која почива врз вас? Дали на вашите деца им дозволувате да се дружат со други деца во ваше отсуство без да знаете какво воспитување тие примаат? Не им дозволувајте да бидат насамо со други деца. Подарете им посебна грижа. Вие треба да знаете каде се наоѓаат секоја вечер и што прават. Дали се тие морално чисти во сите свои навики? Дали вие сте ги поучиле за принципите на морална чистота? Доколку сте занемариле да ги поучувате заповед по заповед, правило по правило, малку тука малку таму, нека не помине ниту еден ден, а да не им кажете дека жалите што тоа сте го занемариле. Тогаш кажете им дека отсега сакате да ја извршувате својата од Бога одредена работа. Замолете ги да бидат дел од таа реформа.
Соседите можеби ќе им дозволат на нивните деца да дојдат во вашиот дом и да ја поминат вечерта и ноќта со вашите деца. Тоа е тест и избор за вас, или да ги навредите своите соседи со тоа што ќе ги испратите нивните деца дома, или да им угодите и да им дозволите да преспијат со вашите деца и на тој начин да дозволите да примат знаење кое за нив ќе биде доживотно проклетство. За да ги запазам моите деца да не станат расипани, јас не им дозволував да спијат во ист кревет ниту во иста соба со други момчиња, и во одредени случаи кога патував и кога тоа беше потребно, јас попрво правев едноставен кревет на подот, отколку да им дозволувам да спијат заедно со други момчиња. Се обидував да ги запазам од друштво на груби, непристојни момчиња и поставував мотивации пред нив со цел да имаат занимање во домот кое ќе ги направи весели и среќни. Со тоа што нивниот ум и нивните раце ги одржував зафатени, тие имаа многу малку време или наклонетост да си играат на улица со други момчиња и таму да стекнат улично воспитување.
Подигнете бариери против сензуалноста. Оние коишто имаат надлежност над Божјата своина, над душите и телата на децата создадени според Неговиот лик, треба да постават бариери против похотното угодување на овој век, којшто на илјадници им го уништува физичкото и моралното здравје. Доколку би се согледала вистинската причина за многуте зла на ова време, ќе сфатиме дека причината е во незнаењето на татковците и мајките кои се рамнодушни во врска со овој предмет. Жртва на ова жално незнаење се здравјето и животот.
Родители, доколку занемарите на своите деца да им го дадете она воспитување коешто Бог го поставил пред вас како ваша должност, мора да дадете одговор пред Него за последиците. Овие последици нема да бидат ограничени само на вашите деца. И на едно коренче какол ако му се дозволи да расте во полето тоа ќе донесе плод според својот род, Исто така, и гревовите кои се резултат на вашето занемарување, ќе бидат причина за пропаста на сите оние коишто ќе се најдат во сферата на нивното влијание.
Исполнете го умот со слики на морална чистота. Христијанскиот живот е живот на постојано самоодрекување и самоконтрола. Таквите поуки децата треба да ги примат и да ги учат уште од најраното детство. Учете ги дека тие мора да практикуваат умереност, чистота на мислите, срцето и постапките, дека тие му припаѓаат на Бога, бидејќи се купени по висока цена со драгоцената крв на Неговиот драг Син.
Доколку уште од мали нозе умот на децата е исполнет со пријатни слики на вистината, на моралната чистота и добрина, тие ќе формираат вкус за она што е чисто и возвишено и нивната имагинација нема да може лесно да се расипе или оскверни. Се додека се постапува спротивно, доколку умот на родителите постојано се задржува на ниски нешта, доколку нивните разговори се темелат врз непожелни карактерни црти, доколку тие формираат навика да зборуваат жалејќи се на животот кои другите го одбрале, малечките ќе ги примат лекциите од нивните зборови и изрази на презир и ќе го следат нивниот многу штетен пример. Како и лепрозната дамка, доколку злото се втисне, ќе се прилепи за нив во текот на понатамошниот живот.
Семето посеано кај бебето од страна на внимателната, богобојазлива мајка, ќе се развие во дрво на праведност, кое ќе процвета и ќе донесе плод; лекциите од богобојазливиот татко дадени преку начела и пример, како во случајот на Јосиф, ќе донесат изобилна жетва во текот на животот.