Г Л А В A 1 Важноста на домот како воспитна школа
Воспитувањето почнува во домот. Домот е место каде што треба да започне воспитувањето на детето и тој претставува негова прва школа. Крај своите родители како инструктори, детето треба да ги научи лекциите кои ќе го водат низ целиот негов живот лекции за почит, послушност, стравопочит и самоконтрола. Воспитните влијанија во домот претставуваат сила која ќе го води детето да се определи за добро или за зло. Во многу случаи тие влијанија дејствуваат тивко и постепено, но доколку се добро насочени, тие стануваат далекусежна сила за вистината и праведноста. Доколку детето во домот не е правилно насочено, сатаната ќе го воспита преку средства кои самиот тој ќе ги одбере. Колку е тогаш важно домашното воспитување!
Тука се поставуваат темелите. Врз сите родители почива обврската на своето дете да му дадат поуки во телесен, интелектуален и духовен поглед. Основна цел на секој родител треба да биде на своето дете да му обезбеди развој на добро урамнотежен, хармоничен карактер. Ова е задача која има голема важност работа, која бара сесрдно размислување и молитва, како и трпеливо и истрајно вложување на неуморни напори. Мора да се постави добар и здрав темел, да се подигне силен и цврст скелет; и тогаш од ден на ден да се продолжи со делото на изградување, дотерување и усовршување на градбата.
Детето да не биде лишено од тоа. Родители, запаметете дека вашиот дом е воспитна школа во која вашите деца треба да се подготват за небесниот дом. Попрво лишете ги од се друго, само не од воспитувањето што тие треба да го примат од најмали нозе. Не дозволувајте им ниту еден раздразлив збор. Учете ги вашите деца да бидат љубезни и трпеливи. Учете ги да имаат обѕир кон другите. На тој начин вие ги подготвувате за повозвишена служба во нештата поврзани со верата.
Домот треба да биде подготвителна школа каде што децата и младите ќе се подготват да му служат на Учителот, приготвувалиште за повозвишената школа во Божјето царство.
Да нема второстепена важност. Домашното воспитување не треба да се смета за нешто што е од второстепена важност. Тоа го зазема првото место во секое вистинско образование. На татковците и мајките им е доверено обликувањето на умот на своите деца.
Колку е потресна поговорката: „Каде е свиткано гранчето, кон таму е наклонето и дрвото.“ Истата треба да биде употребена во воспитувањето на нашите деца. Родители, дали ќе запаметите дека вам ви е доверена света обврска вашите деца да ги воспитувате уште од нивните најрани години? За да можат да бидат пресадени во Господовата градина, тие млади дрвја треба да бидат нежно воспитани. Домашното воспитување во никој случај не треба да биде занемарено. Оние, што го прават тоа, занемаруваат една религиозна должност.
Домашното воспитување има голем досег. Важноста на домашното воспитување е мошне голема. Тоа подразбира дека неговите дострели се големи. Авраам бил наречен татко на сите верни. Она што го прави тој да биде еден од најдобрите примери за побожност, е токму тоа што во неговиот дом биле почитувани Божјите заповеди. Тој негувал религија во домот. Оној што гледа какво воспитување се покажува во секој дом, и кој ги мери влијанијата на тоа воспитување, рекол: „Оти Јас го познавам него дека тој ќе им заповеда на своите деца, и на домот свој по себе, да одат по патот Господен и да извршуваат правда и суд.“
Бог им заповедал на Евреите своите деца да ги поучуваат за се она што Тој барал од нив, и да дознаат како Тој постапувал со нивниот народ. Домот и школата биле едно. Место усните на туѓинец, љубовните срца на таткото и мајката им давале поуки на своите деца. Божјите мисли ги поврзувале со се она што со себе го носи секојдневниот живот во домот. Речито и со стравопочит им раскажувале за моќните дела што ги направил Бог кога го ослободил Својот народ. Во умот на младите биле втиснувани големите вистини за Божјото провидение и за идниот живот. Тие биле запознаени со се што е вистинито, добро и убаво.
Поуките биле претставувани со употреба на илустрации и симболи, и на тој начин посилно врежани во умот. Со така оживеаната поука, уште од своето рано детство, детето навлегувало во тајните, мудроста и надежта на неговите претци. Тоа било водено да размислува, да чувствува и да учествува во достигнувањата на видливите и поминливи нешта, кои пак, ќе го водат кон невидливото и вечното.
Образованието стекнато во назаретскиот дом. Своето образование Исус го примил во домот. Негов прв учител била неговата мајка. За небесните вистини Тој учел лично од неа и од свитоците на пророците. Живеел во селски дом и верно и храбро го носел Својот дел од домашниот товар. Некогаш Заповедник на небото, а сега доброволен слуга и послушен син, полн со љубов. Со свои раце работел и научил занает во дрводелската работилница, заедно со својот татко Јосиф.