Глава X Надевање во Бога

Сподели го ова:

Божјата реч е неисцрпна ризница на поуки за луѓето на сите слоеви. Ниедна друга книга не може да се спореди со неа, бидејќи таа е комплетен патоказ на животот. Можеме да бидеме наполно сигурни само тогаш ако целосно се потпреме врз Бога, примајќи ги советите што ни ги дава неговата Реч: „Верувајте му на својот Господ Бог и ќе бидете силни, верувајте им на неговите пророци и ќе бидете среќни” (2. Летописи 20,20).
Едно свечено предупредување што често се губи од вид и што се смета како безначајно, е дадено преку пророкот Еремија. „Така вели Господ: проклет да е оној човек што се надева на човек и кој телото свое го смета за сила, и чие срце се клони од Господа” (Еремија 17,5).
Колку такви имало во минатото кои се потпреле врз телесната мишка, а денеска исто така милиони ги изложуваат на опасаност сопствените животи, надевајќи се повеќе во грешен човек отколку во Божјата реч. Библијата не учи дека не треба да имаме никаква доверба во своите ближни. Меѓутоа, таа учи дека не треба да го земеме човечкиот збор наместо Божјите зборови. Ние сме подеднакво одговорни пред Бога во прашањата од кои зависи нашето спасение и затоа не смееме да ја препуштиме таа значајна работа на грижа на другите, туку мораме сами да ја проучуваме Божјата реч.

Што да правиме со сомневањето?
Уште од човековиот пад, сатаната постојано настојува во душата на верниците да поттикне сомневање во врска со Божјите ветувања. Сатаната добро знае дека душата потполно ќе ја оддели од Бога само ако успее кај неа постојано да го залева семето на сомневањето. Во обидот на Петар да оди по вода наоѓаме пример на христијанин кој поминува низ овој свет.
Петар сигурно одел се додека својот поглед цврсто го држел насочен кон Христа, но искушувачот набргу го навел да се посомнева во Божјата моќ и тој веднаш почнал да тоне. Можела да го спаси само Христовата милост. Сатаната ги наведува луѓето да се издигнуваат самите себе и да се гордеат со своите достигања. Тие себеси си ја припишуваат славата што му припаѓа на Бога. Божествената струја се прекинува и тие паѓаат. Тогаш сатаната се труди да го наведе грешникот да поверува дека за него нема проштавање.
Човечката природа е таква што ние сме склони да не им веруваме дури ниту на своите најдобри пријатели. Дури и Јован Крстител, откако го прогласил Исуса за Божјо Јагне и видел како Духот слегува врз него, доаѓал во искушение да се сомнева во неговата божествена мисија. Но Јован знаел како да ги отстрани своите сомневања. „И му рече: Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг? Исус им одговори и рече: Одете и кажете му на Јована што слушате и што гледате: слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат; мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда евангелието; и блажен е оној што не се соблазнува заради Мене” (Матеј 11,3-6). Иако Јован се посомневал во своето срце, тој никогаш не бил предавник, ниту пак отишол кај фарисеите да ги праша што мислат за Христа, туку му се обратил непосредно на Христа и бил наполно убеден со дадениот доказ.
Никогаш не треба да им се обраќаме на непријателите на нашата вера за да се распрашуваме, зашто тие не можат да ни дадат правилен и вистински одговор, туку треба да им се обраќаме на оние што ја познаваат вистината.
Понекогаш имаме причина да се сомневаме во оние во кои некогаш сме имале доверба. Нивните зборови и дела ја потресле нашата доверба, но тоа никогаш не може да биде случај во нашите односи со Бога.
„Бог не бара од нас да веруваме во нешто, а да не ни даде докази за нашето верување. Неговото битие, неговиот карактер, вистинитоста на неговите зборови се потврдени со докази што апелираат врз нашиот разум, а такви докази има многу. Но Бог не ја исклучил можноста за сомневање. Нашата вера мора да се заснова врз внатрешно сведоштво, а не на надворешни докази. Оние што се сомневаат, ќе најдат за тоа причина, додека оние кои искрено ја бараат вистината, ќе најдат доволно докази на кои нивната вера може да се потпре” (Патот кон Христа, 66).
Иако сомневања можат да влезат во нашиот живот одвнатре или однадвор, иако можеме да дојдеме во искушение да се посомневаме во Бога или во неговото водство, ние никогаш не треба да ја загубиме сигурноста во него. „А Христос, како Син, е во својот дом: Негов дом, пак, сме ние, само ако слободата и надежта, со кои се фалиме, ги запазиме до крај” (Евреите 3,6). „…Ако Светото писмо го отвораме без стравопочит и без молитва, ако нашите мисли и чувства не се насочени кон Бога или не се во хармонија со Божјата волја, тогаш нашиот разум наскоро ќе биде поматен од сомневање; и самото проучување на Светото писмо ќе го засили тоа сомневање.”
„… Молитвата е клуч во раката на верата кој ги отвора небесните ризници во кои се чуваат неизмерни богатства на Семожниот” (Патот кон Христа, 69,99).
На ниеден друг не треба да се молиме освен на Бога и на неговиот Син. Молитвата е отворање на срцето пред Бога како пријател. Чудесно предимство им е дадено на грешниците во сите околности и во секоја неволја да му се обраќаат на Бога како свој Татко. Меѓутоа, само молитвата не е доволна – врз нас лежи една должност. Сѐ што сме во состојба да сториме, треба да го сториме, а потоа мораме трпеливо да чекаме, знаејќи дека Господ никогаш нема да се откаже од оние што му се обраќаат. Молитвата може да биде јавна или лична.
Јавната молитва треба да биде кратка и концизна и никогаш не треба да биде исповед на нечистата совест без решителност да се отфрли гревот. Христос и неговите апостоли ни оставиле пример за силата на молитвата. Тие се молеле и верувале и молитвата им била примена. Бог секогаш ќе ја прими искрената, сесрдна молитва на оние што увидуваат дека им е потребна помош во борбата против искушенијата на сатаната. Потребно е да се молиме за мудрост и за разбирање, особено кога ја бараме светлината и вистината во Божјата реч.
Молитвите и пофалните песни им донеле победа на војските на Израел кога оделе против непријателот. Божјите луѓе биле луѓе од молитва. Илија, Даниел, Немија и други се потпирале врз Бога и Тој ја подал својата силна рака давајќи им победа во нивната борба за правда.
Величествена ќе биде наградата кога верните работници ќе се соберат околу престолот на Бога и на Јагнето. Кога Јован како смртник ја видел Божјата слава, паднал како мртов – не можел да ја издржи таа сцена. Меѓутоа, кога Божјите деца ќе добијат бесмртност, тогаш ќе „го видат каков што е”. Сите нивни гревови ќе бидат избришани и ќе можат да ја посматраат блескотната слава на Божјиот престол. Тие учествувале во Христовите страдања, соработувале со него во планот на спасението и со него ќе учествуваат во радоста кога ќе ги видат спасените души во Божјото царство.

Подготви се!
Драги читатели, подгответе се за доаѓањето на Спасителот на небесните облаци. Секој ден искоренувајте ја од своето срце љубовта кон пропадливите работи на овој свет. Научете од искуство што значи да се дружите со Христа. Подготвтете се за судот, кога Христос ќе дојде да бидете меѓу оние кои ќе заблескаат во славата на Отецот и Синот. Свирејќи на златни харфи, ангелите ќе го дочекаат Царот на славата и трофеите на неговата победа – оние што ја испрале и што ја избелиле облеката на својот карактер во крвта на Јагнето. Победоносна песна ќе одекне низ целото небо. Христос победил; и Тој ќе влезе во небесните дворови придружуван од оние што ги спасил – како сведоци дека неговата мисија на страдање и жртва не била напразна.
Воскресението и вознесувањето на нашиот Господ е непобитен доказ за победата на Божјите спасени над смртта и гробот и тоа претставува гаранција дека небото е отворено за оние што ќе ја исперат и ќе ја избелат облеката на својот карактер во крвта на Јагнето. Исус се вознел кај Отецот како претставник на човечкиот род, и Бог, оние во кои се гледа неговиот лик, ќе ги доведе да ја гледаат неговата слава и да учествуват во неа.
Постојат домови за земните патници. Постои облека на правдата со венци на славата и со палми на победата. Во идниот свет конечно ќе ни стане јасно сѐ она што не збунувало во Божјото провидение. Тогаш ќе бидат објаснети работите што денеска тешко можат да се разберат. Пред нас ќе се открие тајната на милоста. Таму каде што нашиот ограничен разум видел само бркотија и неисполнети ветувања, ќе видиме најсовршена и најубава хармонија. Ќе увидиме дека бесконечната љубов ги одредила доживувањата што ни изгледале најтешки во животот. Кога ќе ја сфатиме нежната грижа на Оној кој прави се она што ќе не снајде да биде за наше добро, тогаш ќе чувствуваме неискажлива радост и благодарност.
Во небесната атмосфера не може да постои болка. На новата земја нема да има солзи, жалост ниту погребни поворки. „И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина” (Откровение 21,4).
Иако сѐ уште се наоѓаме среде сенките и ветриштата на земните активности, да ги имаме на ум среќата и благословот на иднината. Нашата вера треба да пробие секој мрачен облак и да го види Оној кој умрел за гревовите на светот. Тој ширум ја отвора вратата на рајот пред сите што го примаат во своето срце и што веруват во него. Тој им дава сила да станат Божји синови и ќерки. Затоа постојано нека не храбри најскапоценото ветување – дека Господ наскоро ќе дојде, и таа надеж нека ги разведри нашите срца. „Зашто уште малку, сосема малку, и Оној што иде, ќе дојде и нема да се забави” (Евреите 10,37).

Се враќаме дома
Наскоро ние се враќаме во нашата првобитна татковина од која нашите прародители ги истерал нивниот грев. Оној што толку не љубел и умрел заради нас, отишол да ни приготви станови во домот на својот и нашиот Отец. Тоа Тој лично го ветил при разделбата со своите ученици. „Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во мене верувајте. Во домот на мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, Јас ќе ви кажев. Одам да ви приготвам место. И кога ќе огидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при себе за да бидете и вие каде што сум Јас” (Јован 14.1-3).
Таму нема да има никаква жалост ниту веќе ќе се слушне болно редење поради уништени надежи и закопана љубов. Наскоро ќе го посматраме крунисувањето на својот Цар. Оние чиишто животи биле скриени во Христа, кои на оваа земја воделе добра борба на верата, ќе заблескаат со славата на Спасителот во Божјото царство.
Наскоро ќе го видиме Оној кон кого се насочени сите наши надежи во вечен живот. Во негово присуство ќе станат безначајни сите страдања и искушенија на овој живот. Насочува јте го постојано својот поглед кон горе и вашата вера постојано нека се зголемува. Таа вера нека ве води право по тесната патека низ вратата на Божјиот град – во бесконечната слава на иднината, која е од онаа страна приготвена за откупените. „Бидете трпеливи, браќа мои, до доаѓањето на Господа! Ете, земјоделецот чека драгоцен плод од земјата и долго трпи за него, додека не добие дожд, ран или доцен. Па трпете и вие, укрепете ги срцата свои, оти доаѓањето на Господа се приближи” (Јаков 5,7.8).
Се надеваме дека Господ ќе влијае врз срцето и разумот на секој читател за да го разбере и да го уважи Божјиот глас кој му зборува од овие страници. Оние, чиишто срца се поттикнати, нека решат остатокот на својот живот потполно да му го посветат на Бога и на неговата служба.
Не заборавете оваа книшка да им ја препорачате и на другите за и тие да учествуваат во истите благослови. Колку среќни ќе бидете кога со своите заложби ќе спасите некоја душа од рацете на непријателот!

Сподели го ова:

Слични објави