Глава VII Вест која спасува
„Зашто Бог толку го возљуби светот, што го даде и својот единороден Син, за ниеден кој верува во него да не загине, туку да има живот вечен” (Јован 3,16).
Божјата љубов е толку голема што го опфаќа секој човек, жена или дете кои се родени на овој свет. Тука сите луѓе се еднакви – било да е тоа царот на престолот или питачот на улица. Сите се грешници и на сите им е потребна Божјата љубов.
Меѓутоа, тој чудесен дар на вечниот живот може да им се даде само на оние што веруваат. Според тоа, првиот чекор што мора да го преземе грешникот е да верува. Од него не се бара да чека дури да стане подобар или додека не ги совлада сите свои лоши навики. Исто така од него не се бара да оди на далечно поклонение на исток или на запад, во Ерусалим или во Мека. Ниту се бара некаква жртва за да се добие тоа драгоцено богатство. Се што се бара од него е да верува и со вера да го прими ветениот Божји дар. При тој прв чекор од него не се бара веданаш да пристапи кон некоја црква или вероисповед. Од него се бара со вера да пристапи кон својот Творец и да го прими Господа Исуса Христа како свој личен Спасител.
Но душите загрижено прашуваат: „Што е тоа вера? Како можам да верувам?” На таквите и слични прашања можеме да одговориме дека верата мошне лесно може да се разбере. Верата е рака со која можеме да ја фатиме Божјата рака. Малечкото дете знае дека не може само да појде во широкиот свет, туку плашливо се држи за силната рака на својата мајка или татко, имајќи целосна доверба во нивната грижа. Тоа ништо не знае за патот по кој ќе оди, ниту за опасностите што можат да го снајдат. Тоа знае само едно – дека ќе биде се добро додека цврсто ја држи таа рака.
Нашиот небесен Отец знае дека и ние во духовен поглед сме како малечки деца, слаби и нејаки, опкружени од сите страни со непријатели. Ние сами по себе немаме морална сила да му се противставиме на искушението. Се што можеме да сториме е со вера да ја подадеме нашата рака и цврсто да се фатиме за Божјите ветувања. Мнозина велат: „Не можам да верувам, немам вера.” Други се незаинтересирани и затоа и не се обидуваат да ја сфатат верата. Меѓутоа, тие сепак во нешто веруваат. Ако еден човек се пријави за некоја работа, па.му се вети вработување, тој ветувањето го прифаќа како стварност иако тоа всушност е само ветување, но тој верува во неговото остварување и во определениот ден доаѓа да почне да работи. На друг му се потребни пари, па му се обраќа на некој свој пријател или на некоја банка. Ветувањето дека ќе му бидат дадени пари е доволна гаранција. Друг има намера да патува по море или со авион. Тоа не е така едноставна работа, и пред да тргне на патување, тој мора да купи билет и да изврши други подготовки. Сето тоа се прави со вера дека бродот или авионот сигурно ќе стигнат на определеното место. Ниеден паметен човек не го изложува без потреба својот живот на опасност. Тој се надева и верува дека ќе стигне на определеното место, а сепак, колкупати се случува патниците на патот да ги снајде несреќа. Дали луѓето престануваат да патуваат со брод или со авион затоа што еден авион се урнал и што сите патници го загубиле животот или што еден брод се судрил со леден брег среде Атлантикот? Секако дека не!
Кога луѓето можат да му веруваат на смртен човек кој толку често не може да го одржи дадениот збор и изневерува, зошто би им било тешко да веруваат во Бога кој никогаш не изневерил ниту ги напуштил оние што му се обраќаат со цврста вера? Провалникот, убиецот или кој и да е друг злостроник верува дека ќе ја постигне својата цел. Илјадници луѓе ја полагаат својата вера во здруженија, синдикати, во политички странки и во разни лажни религии, верувајќи дека нивната работа е праведна и вистинита. Од тоа гледате дека луѓето на сите слоеви веруваат во нешто, во она што треба или што не треба.
Колку често оние што веруваат и се надеваат во своите сограѓани доживуваат само разочарување. Се даваат ветувања можби со добра намера, но искрснува нешто непредвидено. Можеби околностите не дозволуваат ветувањата да се исполнат, а можеби себичните интереси го наведуваат човекот да го повлече својот збор.
Божјите ветувања никогаш не остануваат неисполнети
Човекот може илјадапати да не ги исполни своите ветувања и своите добри намери, но нашиот небесен Отец никогаш не доживува неуспех. Имаме изобилство докази за тоа дека Господ никогаш не ги разочарува оние кои со непоколеблива вера се надеваат во него. Тој се грижи за сите живи созданија и не прашува дали сме достојни за благословите што толку обилно ни се даваат. Секој ден неговото Сонце ја осветлува со своите зраци оваа земја. Кога ќе помине денот, без одлагање настапува ноќен одмор. Годишните времиња се сменуваат по одреден ред, донесувајќи изобилна храна за човекот и за сите живи созданија. Дали Господ некогаш разочарал?
За да поттикнеме кај себе цврста вера и сигурност во Бога, наведуваме неколку докази за тоа како Тој се грижи за своите деца. Кога претпотопниот свет ги преминал границите на Божјата милост и кога предизвикал негова казна со потоп, Тој го сочувал Ное од бесот на пустењето на водната стихија која ги уништила сите оние што не му верувале на Бога.
Тој не го заборавил Аврама кога како странец патувал по непозната земја. Тој го сочувал Исака, кој единетвен меѓу незнабошците верувал во вистинскиот Бог. Тој бил со Јакова, кога во изгнанство се потпрел врз Бога со надеж дека жив и здрав ќе го врати во татковиот дом. Иако бил исцрпен до крајни граници на издржливоста во ноќта на искушението, кога се чинело дека смрт му претстои и нему и на неговото семејство, тој сепак се трудел со вера да се држи за раката која никогаш не го напушта искрениот верник. Дури кога почнало да осамнува, тој сфатил дека неговиот божемен непријател бил Божји ангел кој дошол да го благослови затоа што ја издржал проверката. Кога ќе ве совлада некоја криза и кога ќе ве обземе сомневање и малодушност и кога иднината изгледа мрачна и злокобна, фатете се со раката на верата за Божјите непоколебливи ветувања и бидете сигурни дека ќе настапи олеснување.
Спомнете си за доживувањата на Јосифа, кого го изневериле и го предале неговите родени браќа. Тој бил продаден како роб на незнабошци и туѓинци, но никогаш не ја заборавил поуката од детството и така во мигот на неволја се потпрел врз Бога. Тој не само што станал благослов за Мисирците, туку и своето семејство го спасил од гладот што пустел.
Господ не ги заборавил ниту ги изневерил тројцата млади Евреи, кои заради својата вера биле фрлени во огнена печка, ниту Данило во лавовската јама, ниту Еремија во калливата дупка. Тој бил со сите свои слуги во ливните неволји – со Петар и Јован, со Павле и Сила и со секоја верна душа се до денешен ден. Неговите ветувања никогаш не останале неисполнети. Зошто уште се притеснувате да се потпрете врз него?
Оправдување со вера
Дури и меѓу оние кои тврдат дека се христијани има многу такви кои не ја сфаќаат смислата на едноставниот библиски израз оправдување. Разгледувајќи го тоа значајно прашање, треба да сфатиме дека зборот „оправдан” значи оти човекот станува праведен или се смета праведен. Кога вистинскиот Судија ќе оправда еден човек, тогаш тој, без оглед на неговата положба во животот, е еднаков со небесното благородништво. Тој станува не само верник на видливата црква на земјата, туку е почестен и со тоа што е сметан за член за невидливата црква на небото.
На земниот суд често се случува да биде осуден невин човек, па подоцна ќе се докаже дека бил неправедно осуден. Пресудата се поништува и тој се прогласува за невин, со други зборови, станува оправдан пред законот на соодветната земја. Но овде се работи за човечкиот род изведен пред судот на небесната правда. Сите се прогласени за виновни и над нив виси смртна казна. „Зашто сите згрешија и ја загубија славата Божја” (Римјаните 3,23).
Голем проблем на кој треба да се одговори е како еден виновник може да се оправда. Библијата содржи единствен одговор. „И виде дека немаше човек, се чудеше дека немаше застапник; тогаш неговата мишка му помогна и правдата негова го поддржа” (Исаија 59,16). „Но ќе се оправдаат преку дар, со Божјата благодат, а преку откупот во Христа Исуса” (Римјаните 3,24).
Тој проблем – како да се биде праведен а сепак да се оправда грешникот – се разложува на следните две прашања:
Божјиот закон
Непроменливиот Божји закон, во кој потполно се гледа карактерот на праведниот Бог е мерило на неговиот општ суд. Божјиот закон не е создаден да го оправда грешникот, туку да ја одржи правдата. Ако законот би можел да го оправда оној што ги крши неговите прописи, тогаш правдата би исчезнала од вселената, а наместо хармонијата би настанал само неред. Пред целата вселена е докажано дека законотне може да се измени. Според тоа, човечкиот род би пропаднал без лична интервенција на Законодавецот. Законот го бара животот на грешникот. Никој друг во Божјата вселена не може да интервенира заради спасението на човечкиот род освен Христос. Христос умрел наместо грешникот. Казната е платена и грешникот е оправдан.
Божјата милост
„Зашто се покажа Божјата милост која ги спасува сите луѓе” (Тит 2,11).
Тука се открива дека Христовото евангелие е величествена вест – дека грешникот може да ја прими Божјата мИлост. Тоа е општ проглас на милоста за заробените во темница, како што опишува пророкот Исаија: „Духот на Господа Бога е врз мене, зашто Господ ме помаза за да им благовестувам на бедните, ме испрати да лекувам сокрушени по срце, да им проповедам на заробените и на затворениците – отворање на темницата” (Исаија 61,1).
Ситуацијата на човечкото семејство е слична на ситуацијата на еден злосторник осуден на доживотна робија. Тој издржал извесен број години и добро знае дека неговата судбина е решена. Меѓутоа, за време на годишнината на националниот празник им се дава помилување на извесен број осуденици. Управникот на затворот доаѓа кај казнетиот злосторник и го известува дека се наоѓа на списокот за помилување. Тој лесно би можел да каже: „Не верувам! Како може тоа да се случи? Ништо не сум сторил за да го заслужам тоа.” Но не! Тој цврсто ја прифаќа понудата и заминува како слободен човек. Можеме ли да замислиме дека управникот ќе му каже: „Јоване, сега си слободен човек, немој да водиш сметка за законите на државата; во врска со тебе, тие не постојат.” Далеку од тоа да му понуди таква слобода, туку секако би рекол: „Јоване, сега ти се дава единствена можност да ја покажеш својата преданост и да бидеш исправен пред законот; а во колку и понатаму го престапуваш, нема друг избор освен да бидеш вратен во затворот до крајот на твојот живот.”
Човечкиот род е спасен со милоста. Таа милост е назаслужена Божја благодат кон грешниците. Секој може да ја користи неа ако верува во веста на евангелието. Не бара ништо да се плати за тоа – истото може да се добие бесплатно.
Сѐ што мора да стори грешникот е да верува во своето срце дека е така и со својата уста да признае како што рекол апостол Павле: „Бидејќи со срцето се верува за оправдание, а со устата се исповеда за спасение” (Римјаните 10,10).
Дали е тешка задачата да верувам дека Исус умрел заради мене и тоа да го признам со мојата уста? Поправо, тоа е почеток на христијанскиот живот, прв чекор што мора да го стори секој што сака да биде оправдан пред Бога.
Меѓутоа, можете да поставите разумно прашање – како почнува верата и на кој начин можам да ја стекнам? На тоа е даден јасен одговор: „Но како ќе го призоват Оној, во кого не поверувале? Како, пак, ќе поверуваат во Оној, за кого не чуле? А како ќе чујат без проповедник? И така, верата доаѓа од слушање, а слушањето – од словото Божјо” (Римјаните 10,14.17).
Проповедникот, на кого се мисли овде, е оној кого Бог го признава и кој се сложува со учењето на Светото писмо. Оние кои од човечка уста ќе го слушнат величествениот повик на евангелската вест и кои веруваат во Божјата реч што им е изложена – примаат проштавање за своите поранешни гревови.
Има многу самоповикани весници во сите краишта на светот кои со збор и со перо тврдат дека Божјиот закон е укинат и дека христијаните немаат веќе никаква обврска кон него. Можеби мнозина тоа го прават сосема искрено, сметајќи дека нивниот став е исправен. Кога тие за миг би застанале и би размислиле за ужасната одговорност што ја преземаат врз себе, би дошле до заклучок дека нивното тврдење нема никаква основа и дека таа теорија е само еден однапред донесен заклучок кој нема никаква основа во Свет то писмо.
Кога законот би можел да биде укинат, зар не би било полесно да се измени законот отколку да се жртвува Христос? Жртвувањето на Христа, во кое веруваат и кое го проповедаат сите христијани, претставува сведоштво за тоа дека законот не може да се укине ниту да се измени, и тоа е најсилен доказ против оние проповедници кои изнесуваат такво тврдење. Прописите на законот мора да се исполнат. Кога Бог би го негирал својот закон, тоа би значело исто што и кога би ја негирал својата сопствена природа.