Глава VI Враќањето на грешникот

Сподели го ова:

Мнозина и денеска го поставуваат истото она прашање од времето на апостолите: „Што треба да правам за да се спасам?” Истoто тоа прашање еден ден му го поставил на Христа еден млад богат човек кој сакал да дознае како може да учествува во Божјото царство. Прашањето гласело: „Учителе добар што треба да направам за да добијам живот вечен, А Он му одговори: Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар освен единиот Бог. Одговорот бил јасен и одреден: А ако сакаш да влезеш во животот, пази ги заповедите” (Матеј 19,17).

Вистинско покајание
Горделивото срце ја одбива помислата на покајание и преобратување. Горделивите не чувствуваат потреба за ништо и затоа милостивиот повик што им го упатува Христос не наидува на никаков одглас кај нив. Денеска мнозина се слични на фарисејот кој дошол во храмот да се моли на Бога. Кога влегол, видел еден цариник како се моли на Бога за милост и прошка. За разлика од цариникот, горделивиот фарисеј ги изразувал чувствата на своето срце со зборовите: „Кога застана, фарисејот вака се молеше во себе: Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој цариник” (Лука 18,11).
Колку често слушаме како денеска се повторуваат истите тие чувства кога евангелските барања им се изложуваат на оние што се задоволни сами со себе. Тие велат: „Јас живеам добар живот, се трудам да правам добро и живеам во мир со моите ближни. Не убивам, не крадам и не лажам и, колку што знам, не правам никакво друго зло.” Тоа е глас на мнозина што ја отфрлаат најсвечената вест која кога било му е упатена на грешникот. Тоа се луѓе кои се облекле во облека на својата сопствена правда. Тие забораваат дека сите се зачнати и родени во грев и дека сета наша правда во Божјите очи е како нечиста облека. Павле кажува: „Сите згрешија и ја загубија славата Божја” (Римјаните 3,23).

Нам ни е потребен Спасител
Меѓутоа, има многу драгоцени души кои чувствуваат дека Спасителот им е потребен, но не знаат како да го почнат христијанскиот живот. Тие не можат да им се противстават на влијанијата што ги опкружуваат, па станале малодушни и речиси ја загубиле надежта дека ќе извојуваат победа. Тие бараат помош и само ако некој би им го покажал патот, би се упатиле по него. Друг вид луѓе, кои исто така чувствуваат иста потреба за измирување со Бога, стапуваат во врска со разни верски заедници. Тие се обесхрабруваат кога ќе ја видат моралната состојба на таканаречените христијански цркви и недостигот на побожност што преовладува насекаде. Попусто очекуваат враќање на првобитната побожност тие гледаат дека постои поголема љубов и приврзаност кон модата и кон задоволствата на овој свет отколку кон Божјите работи. Надворешниот изглед на верата, каква што постои денеска, во голема мера е само превез со кој се покрива фактичката расипаност. Пророкот Езекиел јасно ја опишува општата морална состојба на христијанството: „И тие ќе доаѓаат при тебе како на собрание Народно и мојот народ ќе седи пред лицето твое и ќе ги слуша зборовите твои, но нема да ги извршува; оти тие од тоа во устата своја си прават шеги, а срцето нивно се вовлекува по нивната лакомост” (Езекиел 33,31).
Господ ги познава оние кои сесрдно ја бараат вистината и ќе стори тие да го слушнат неговиот глас кој им зборува во веста што им е дадена за денешно време. Тие радо ќе застанат на страна на оние што ги избрал Бог да ги објавуваат тие свечени вистини.
Покајанието значи жалење поради сторениот грев и желба да се престане да му се служи на сатаната; тоа значи враќање кон Бога и на неговата служба. Покајничката душа изјавува: „Ја признавам својата грешност и жалам поради сторениот грев.”
Првиот чекор кон покајание се состои во тоа да ја сфатиме својата бечнадежна состојба и, верувајќи во Божјите ветувања, да ја бараме понудената помош. Тоа е пресвртница во човечкиот живот. Со еден чекор преминуваме од поразот во победа, од безнадежниот очај во сигурност. Тој чекор може да се стори само со вера.

Враќањето на загубениот син
Во споредбата за загубениот син на божествен начин е одреден патот како можеме да се спасиме од нашата грешна состојба. Полн со сожалување, нашиот небесен Отец чека и копнее да се вратиме. Тој дозволува да не снаоѓаат неповолни околности, како што се болест, тага и разочарување, само со една цел – за да увидиме дека ни се потребни Божја милост и милосрдие и за да можеме да му се вратиме. „А кога дојде на себеси, рече: Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад. Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници. Па стана и отиде при татка си. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива” (Лука 15,17-20).
Само Божјиот Дух може да нѐ наведе да се решиме на тој чекор. Загубениот син никогаш не би се вратил кога би бил препуштен самиот на себе. Без поттик на Светиот Дух, тој никогаш не би донел правилна одлука. Меѓутоа, нему му било препуштено да го стори првиот чекор.

Дејството на вистинското покајание
Никој нека не мисли дека заробеникот на сатаната може лесно да се ослободи, не наидувајќи на силен отпор. Пречки се појавуваат одвнатре и однадвор, но искрената душа сфаќа кој се бори против неа и затоа ја продолжува битката за слобода се додека конечно не извојува победа. Мнозина отстапуваат во таа прва проба и затоа никогаш не извојуваат победа и слобода. Поради безброј неуспешни обиди, нивниот отпор слабее. Главната причина на нивниот неуспех се состои во тоа што не се одделиле целосно од гревот. Загубениот син извојувал победа со тоа што донел правилна одлука: „Ќе се вратам” и „ќе го признам својот грев”. Кога донел такво решение, се друго станало лесно. Таа споредба ја открива Божјата љубов кон грешникот кој се кае. Кога Бог ќе не увери дека сме во грешна состојба, тогаш не треба да се колебаме да се одвоиме од гревот и да бараме негово проштавање.

Закхеј
Вистинското покајание значи да ги исправиме работите колку што стои до нас. Доживувањето на Захеја е дадено како пример на вистинското покајание. Захеј бил богат човек кој голем дел од своето богатство го стекнал на нечесен начин. Еден ден почувствувал неодолива желба да го види Исуса за кого толку многу слушал. Тој ден му се дала можност што тој целосно ја искористил. Колку убаво било што Христос, не само што разговарал со него додека седел на дрвото, туку дури понудил да го придружува и да влезе во неговиот дом. Кога Христос ја изнел својата вест, Захеј стекнал длабоко уверение и јавно го изразил своето каење, давајќи свечено ветување: „А Захеј застана и му рече на Господа: Господи, еве половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам. А Исус му рече: денес дојде спасението на овој дом, зашто и тој е син Аврамов” (Лука 19,8.9).

Признавање на гревот
Оние што сакаат да се измират со Бога и ако сакаат да се уверат дека гревовите им се простени, имаат само еден пат – да го признаат гревот. Вистинското признавање е услов потребен за проштавање и милост. „Блажени се оние, чии беззаконија им се простени и чии гревови се покриени. Блажен е оној човек, на кого Господ не му зема за грев, и во чија уста нема лукавство” (Псалм 32,1.2).
Тие зборови прекрасно го изразуваат блаженството на душата која се вратила во Божјото семејство. Во нашата природа лежи да се изговараме и да се оправдуваме за своите лоши постапки и одговорноста да ја префрлуваме врз други. Целата историја на човечкиот род сведочи за таа човечка слабост. Кога гревот првпат се појавил на оваа убава земја, нашите прародители паднале под власт на сатаната и неговиот карактер преминал на нив. Прво ги навел на грев, а потоа, поради нивниот пад, нивното расудување се изопачило па почнале да ги оправдуваат своите гревови. Адам рекол: „Жената што ја здружи со мене ми даде од дрвото та јадев.” А жената исто така рекла: „Змијата ме измами та јадев.”
Подвластувајќи го нивниот разум, сатаната ги употребил да ги изразат неговите сопствени чувства. Негова цел била одговорноста за појавата на злото да ја префрлат на Бога. Адам со своето оправдување го обвинил Бога што му ја дал жената, додека жената од своја страна се обидувала да ги измие рацете од одговорноста и да ја обвини змијата, така што одговорноста пак паднала врз Бога затоа што ја создал змијата.
Секако забележувате дека таа слабост е длабоко вкоренета во срцата и на младите и на старите. Кога ќе згрешат и кога ќе им се обрне внимание на тоа, наместо понизно да се извинат, тие веднаш почнуваат да наоѓаат изговори и оправдувања за стореното зло. Мнозина кога се присилени да ја признаат својата грешка пред доказите, на извесен начин се извинуваат, но тоа не е вистинско жалење поради гревот туку само подготвува пат за натамошни измами. Библијата јасно учи кој е единствениот начин на кој грешникот може да гопризнае гревот. „Кој ги крие престапите свои, немада напредува; а кој се освестува и ги остава, ќе биде помилуван” (Мудри изреки 28,13).

На кого треба да му признам?
За мнозина голем проблем претставува прашањето кому треба да му ги признаат своите гревови, кога треба да ги признаат и како. Измислени се многу начини на кои луѓето се надеваат дека ќе добијат проштавање на гревот. Некои одат на додги поклоненија и се изложуваат на мачни страдања или се изолираат од животот заминувајќи во некој манастир. Ние не се сомневаме во искреноста на тие кутри луѓе, бидејќи се заведени од оние кои ги сметаат за свои духовни водачи. Меѓутоа, незнаењето не е оправдување кога ни се дава можност да ја запознаеме вистината. Оние кои намерно ги затвораат очите и ушите пред Божјата реч и пред денешната вест, одговорни се што го занемаруваат јасното сведоштво на Речта Божја.
Мнозина кои му припаѓаат на христијанскиот свет погрешно ги толкуваат следните зборови од Светото писмо: „Исповедајте ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да се исцелите: голема сила има усрдната молитва на праведникот” (Јаков 5,16).
Системот на вообичаеното признавање се состои во тоа грешникот да ги изложи сите свои гревови пред еден исповедник, свештеник или пред некое друго лице, сигурен во него дека ќе му даде проштавање и дека ќе го ослободи од вината. Споменатиот стих во никој случај нема таква смисла. Апостолот тука сака да им каже на верниците дека треба да бидат искрени во своите меѓусебни односи едни кон други и да го признаат секое зло што го сториле со збор или со дело против некој друг за да можат да се исцелат и потполно да се соединат. „Има гревови со таква природа што можат да му се признаат само на Бога, а има и такви што треба да им се признаат на поединците што страдале поради нив” (Патот кон Христа, стр. 43).
Во Светото писмо се укажува на два вида покајници. Први се оние кои длабоко жалат поради злото што го сториле и кои увидуваат дека гревот ги одвојува од Бога и од нивните браќа, и затоа немаат мир додека злото не се исправи. Друг вид се оние кои не ги признаваат на време своите гревови. Тоа покажува дека тие ја потхрануваат горделивоста и сметаат дека, ако бараат проштавање, би го намалиле своето достоинство пред оние што ги навредиле. Видлив пример за такво признавање ни дава горделивиот израелски цар Саул. Тој под притисок на доказите признал: „Згрешив, но сега укажи ми чест пред старешините на мојот народ и пред Израел” (1. Самоилова 15,30).
Искуството на Ахана исто така е опомена за оние што упорно го прикриваат својот грев. Кога со Божјо чудо градот Ерихон им е предаден на Израелците, ним им било наредено да уништат се и ништо да не земаат за себе без оглед на скапоценоста. Сето злато, сребро и другите скапоцености требало да и бидат посветени на светињата. Ахана го обзела алчност, па тајно пренел во својот шатор неколку шипки злато, сребро и скапоцена облека и ги закопал во земја под својот шатор. Цел народ претрпел пораз поради тоа прикриено зло, но грешниот кривец сепак молчел. Му се дала доволна можност да признае, но нему идолот му бил помил од честа на народот. Тој признал дури тогаш кога Господ укажал со прст на него како кривец. Не му е укажана никакава милост ниту проштавање, и тој бил уништен заедно со целото свое семејство кое, заедно со него, го криело неговиот престап.
Историјата за предавникот Јуда на сите им е позната. Вечерта пред предавството, Христос на тој блуден ученик му укажал најдрагоцена можност да го признае својот зол план. Нашиот Господ со задоволство би му простил кога тој би бил готов со понизно покајание да ја признае својата вина и да моли за прошка. Дури и кога Учителот непосредно укажувал на него, тој сепак не се поколебал, туку учествувал во обредот за да изгледа дека тој не е предавник. На крај го признал својот грев и им ги вратил на свештениците триесетте сребреници – цената на крвта – но било премногу доцна. Потоа со самоубиство му ставил крај на својот живот кој станал опомена за сите што не го признаваат својот грев.
Мнозина сметаат дека комплетната исповед е премногу понижувачка, па затоа се трудат да го намалат значењето на злото што го сториле, а сепак да го измијат своето име. Вистинското признавање е израз на вистинскиот и благороден христијански карактер.
На тие покајници им е упатена охрабрувачка вест за ставот што го зазеле апостолите. „Ако ги признаеме нашите гревови, верен е и праведен да ни ги прости нашите гревови и да не очисти од секоја неправда” (1. Јованово 1,9).
„И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светите и свои на Бога, оти се утврдивте на темелите, поставени од апостолите и пророците, каде што темелен камен е сам Исус

„И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и членови на Божјото семејство, зашто се утврдивте на темелите поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како камен темелник Самиот Исус Христос.“
(Ефесјаните 2.19.20)

Сподели го ова:

Слични објави