Глава V Љубовта на Отецот

Сподели го ова:

Најпознат и најчесто цитиран текст од Библијата е текстот во Евангелието на Јован 3,16: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што го даде и својот единореден Син, за ниеден кој верува во него да не загине, туку да има живот вечен.” Божјата љубов го надминува сфаќањето на човечкиот ум, а зборовите се недоволни да ја објаснат нејзината големина. Зборувајќи за таа љубов, која дошла до израз преку Христа, апостол Павле го дава следното возбудливо сведоштво: „И преку верата Христос да се всели во срцата ваши, та вкоренети и утврдени во љубовта да можете да разбирате со сите светии, што е ширина и должина, што е длабочина и височина и да ја узнаете Христовата љубов што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја” (Ефесјаните 3,17-19).
Гревот толку многу го заслепил разумот на луѓето, што тие не ја увидуваат бесконечната љубов што постојано ги опкружува. Не поминува ниту еден единствен ден а да не донесе со себе илјадници докази за таа сеопфатна љубов. Само луѓето се толку зафатени со секојдневните работи и со задоволствата, што немаат време за размислување. Секој чекор што ќе го сториме, секоја енергија што ќе ја покажеме, секој здив што ќе го вдишеме, секој залак што го земаме и секоја чаша вода што ја пиеме – сето тоа е израз на неговата љубов. Убавината на шумите и полињата, планините и долините, бучните татнежи на океанот и благиот шум на потоците – сето тоа носи вест за Божјата љубов. Мелодичното црцорење на птиците треба да разбуди кај нас чувство на благодарност кон нашиот Творец. Секое утро сонцето ја осветлува земјата со своите златни зраци, давајќи топлина, светлина и енергија. Месечината и
ѕвездите на Божјиот небесен свод постојано сведочат за неговата моќ и сила. Според прекрасните зборови на псалмистот, „добар е Господ кон сите и жалостив кон сите свои дела”.

Божјата љубов откриена во Христа
Целиот план на спасение се заснова на Божјата љубов. Најголемата жртва поднесена заради човечкиот род не е поднесена за да ја задобие нашата наклоност, туку за да се спасиме од гревот. Само преку Христа паднатиот човек може да ја запознае Божјата љубов, зашто без него пропаста на целиот човечки род би била неизбежна. Главна тема на Библијата е планот на спасението. Тој го открива Христа во неговото отелотворение, неговата служба, неговите страдања и смртта на Голгота, неговото воскресение и вознесување, како и неговото посредување за човекот и неговото славно царство. „Сите пророци сведочат за тоа, дека секој, што ќе поверува во Него, ќе добие простување на гревовите преку неговото име” (Дела 10,43).

Бог ќе се погрижи за жртва
Верниот патријарх Аврам станал Божји пријател кога бил повикан да го жртвува својот син Исак, Детето на ветувањето. Тој бил подготвен да ја поднесе таа голема жртва, со што Аврам ја докажал својата преданост кон Бога. Тоа била очигледна поука за Аврама и за неговото потомство за да се покаже што значело за Бога жртвувањето на неговиот Син. Од Христовото детство во Назарет, па до неговото крштавање на Јордан, и од искушението во пустината до гетсиманската градина и крстот, оставен ни е најголем доказ за Божјата љубов кон неговите загубени деца.
Денешната генерација посветува многу малку мисли за Христа и за неговата неспоредлива љубов што ја покажал кон нас преземајќи ги на себе нашите гревови. Таа се задоволува со сфаќањето дека Христос бил добар човек. Но Тој е нешто повеќе од добар човек. Христос бил единствен кој можел да го спаси светот. Иако зел на себе човечка природа, Тој сепак е Кнез на вселената. Во текот на целиот свој живот на оваа земја, Тој кон сите покажувал нежна љубов и наклоност.
За човекот е природно љубов да возвраќа за љубов, а зло за зло, но божествената љубов ја надминува инстинктивната склоност на нашата природа и бара од нас за злото да возвратуваме добро, за омразата љубов, дури и кон нашите непријатели да покажуваме стрпливост и понизност. Мнозина се готови својот живот да го изложат на опасност заради своите пријатели и заради своето семејство, но каде е човекот кој би го дал животот за својот непријател? Тоа можела да го стори само Христовата љубов.
Сатаната потикнува дух на неблагодарност. Оние што го следат него во неговиот бунт, покажуваат ист дух, одговарајќи со омраза и со пакост на љубовта и доброчинството. Целата вселена учествувала во големата жртва кога нејзиниот сакан Законодавец ги напуштил небесните дворови за да учествува во страдањата и во неволјите на човечкото семејство, носејќи го бремето на вината и срамот. Кога постои таков непобитен доказ за љубовта што ја надминува моќта на сфаќањето, каков срам за нас е ако останеме рамнодушни!
Оние што ги читаат овие зборови треба себеси да си го постават следното прашање и потоа да одговорат како што одговорил апостолот: „Кој ќе не одвои од љубовта Божја: тага ли, неволја ли, или гонење, глад ли, или голотија, опасност ли или меч? Како што е напишано: Ни височината, ни длабочината, ниту пак, некоја друга твар ќе може да не оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ” (Римјаните 8, 35.39).
Од сите страни се слуша неодложното прашање: „Што треба да правам за да се спасам?” Одговорот што го дале апостолите бил толку јасен и изричен, што не може погрешно да се сфати. „А Петар им рече: Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исуса Христа за простување на гревовите; и ќе примите дар од Светиот Дух. Зашто за вас е ветувањето, за вашите деца и за сите што се далеку, што ќе ги повика Господ нашиот Бог. И со многу други зборови сведочеше и ги молеше, велејќи: Спасувајте се од овој пакосен род” (Дела 2,38-40).
Илјадници со задоволство ја прифатиле евангелската вест радувајќи се во надежта на својата новопронајдена вера.

„А кога дојде на себеси, рече: … Ќе станам и ќе отидам при татка си… И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива.”
(Лука 15,17-20)

Сподели го ова:

Слични објави