Глава IX Домашни во верата
Иако живееме среде христијанска цивилизација која се фали со голема светлина, сепак има многу такви кои не веруваат дека Бог има на земјата една црква или заедница. Секогаш имало такви луѓе и нив ќе ги има до крај. Иако тие не веруваат во црквата, сепак нивниот социјален инстинкт ги наведува да се здружуваат во разни клубови, здруженија итн. Тие сметаат дека тоа е доволно бидејќи ја задоволува нивната социјална желба. Ништо на светот не може да ја замени црквата, зашто таа е пратеник на Бога и на Исуса Христа овде на земјата. Тогаш како може човекот да ја негира црквата на живиот Бог и истовремено да смета дека без црквата може да влезе во Божјото царство? Тоа е како кога човек би сакал да влезе во некоја странска земја без виза, зашто не сака да го признае нејзиниот конзул и авторитетот што тој го претставува. Секако дека тоа не би му се дозволило додека не помине низ легална процедура. Господ и дал авторитет и сила на својата црква, но тоа не е никаква воена сила ниту полициски сили што се приготвени со сила да го принудат на послушност оној што ги крши земните закони. Силата и аворитетот на Божјата црква се засноваат на нејзината љубов за спасување на душите. Дури кога е потребно црквата да ги дисциплинира своите верници – тоа се прави само од љубов кон Бога и заради нивното вечно добро. Црквата е одговорна пред Бога за секој јавен грев што го толерира. Божјата љубов се заснова на праведни начела и тие начела се одржуваат со помош на строга дисциплина, како што барал сам Христос. Толерирањето на злоделата и попуштањето на гревот би довеле до изопаченост и до духовно слепило на црквата. „Вистина ви велам: се што сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и се што разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото” (Матеј 18,18).
Бог има црква, но како можам да ја најдам?
Во сите земји гледаме големи и малечки групи поделени на противречни секти или вероисповеди, а сите тие тврдат дека веруваат во Бога и во Исуса Христа. Прашањето на оној што искрено бара одговор гласи: „Која е вистинска Божја црква? Кои се нејзините својства и како може таа да се најде?”
Грешникот кој го чул повикот на евангелието и се вратил кај Бога насгојува да најде духовен дом. Меѓутоа, него го збунуваат многу гласови кои го повикуваат ваму или онаму. Како тукушто родено јагне кое од почеток не ја познава својата мајка, така новообратената душа може лесно да биде заведена додека од искуство не научи која е вистинска црква. Му благодариме на Бога што имаме вистинита духовна мајка, а тоа е Божјата заедница. Секој што ги чита овие зборови треба да ја запечати во својата душа таа основна вистина – дека постои само една заедница која небото ја признава како Божја црква. Бог не може да прими ниту една друга црква, без оглед на нивните претензии. Тие се опишани во следните стихови на Библијата: „Во оној ден седум жени ќе се фатат за еден маж и ќе речат: Свој леб ќе јадеме и своја облека ќе носиме, доста е само да се нарекуваме со твоето име – симни го од нас срамот наш” (Исаија 4,1).
Тука се прикажани лажните цркви кои со задоволство го земаат Христовото име само да се прикрие нивната расипаност. Тие ниту најмалку не сакаат точно да се придржуваат кон неговиот пример ниту да се прилагодат кон неговото учење, зашто навикнале да живеат без него. Тој број седум не е само знак на совршенството, туку и на расипаноста. Во овој случај се однесува на отпадничките цркви кои се на изглед побожни, но се откажале од нејзината сила. Секоја црква има малку вистина, но само на вистинската Божја црква и е доверена целокупната вистина. Тие разни цркви на многу начини настојуваат да го одржат своето влијание врз своето стадо. Она што им недостига во врска со вистината, обично го надоместуваат со традиции и со обреди, со човечки прописи, со општествени функции, со забави и со вешги програми, со цел верниците да бидат окупирани и врзани за црквата.
Небесни акредитиви
На ниедна црква не и е дадено правото да се бира самата себеси. Изборот му е препуштен исклучиво на Христа кој има право да ја бира својата црква. Библијата не само што дава изобилство на упатства за тоа што е вистина а што заблуда, туку дава и доволно подробности за да можеме да ја препознаеме црквата која има небесни акредитиви. Вистинската Божја црква јасно ја обележуваат следните својства:
1. Неа ја бира Бог лично и таа е идентификувана во неговата Реч.
„Па сега, ако го слушате гласот мој и го пазите заветот мој, ќе ми бидете народ избран меѓу сите народи, зашто моја е земјата цела. И вие ќе ми бидете царство на свештеници и народ свет. Тоа се зборовите што ќе им ги кажеш на синовите Израелови” (2. Мојсеева 19,5.6). „Вие не ме избравте мене, но Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и да принесувате плод, и плодот ваш да остане, и што и да посакате од Отецот во мое име, да ви даде” (Јован 15,16).
2. Таа е изградена на Карпата или на цврстиот темел на Божјата реч. „Зашто никој не може да постави друга основа, освен положената, која е Исус Христос.” „Но Божјата цврста основа стои непоколебливо, имајќи го овој печат: Ги позна Господ своите, и да отстапи од неправдата секој што го произнесува името Господово” (1. Коринтјаните 3,11; 2. Тимотеј 2,19).
3. Божјата црква и нејзините верници го прифаќаат повикот да излезат од овој свет – ги напуштаат неговите навики, обичаите, задоволставата и модата. „Не сакајте го светот и се што е во него. Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот” (1. Јованово 2,15).
4. Оние што ја сочинуваат таа црква се сметаат како избран, посебен и свет народ. „Кој се даде самиот себеси за нас, за да не избави од секакво беззаконие и да не очисти, та да му бидеме народ избран, ревностен кон добри дела” (Тит 2,14).
5. Таа црква нема никакви национални граници и неа ја сочинува универзално братство, меѓусебно поврзано со силни врски на љубов. „Христос го урнал ѕидот на поделбите, на самољубието и на националните предрасуди, учејќи дека треба да се сака целото човечко семејство. Тој ги издигнувал луѓето од тесниот круг што го одредува нивната себичност. Тој ги укинува сите територијални граници и сите вештачки создадени разлики меѓу човечкото општество. Тој не прави никаква разлика меѓу соседот и странецот, меѓу пријателот и непријателот; и не учи секоја душа, на која и е потребна помош, да ја сметаме са свој ближен, а цел свет за свое работно поле” (Мисли од Гората, стр. 68).
6. Јован Богослов таа црква во своето пророчко видение ја видел како победоносна црква. Тој дава три значајни својства според кои таа се разликува од сите таканаречени цркви. „Тука е трпението на светите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исуса” (Откровение 14,12).
а) Трпението на светите претставува готовност да се страда заради вистината.
б) Тоа е народ кој ги држи сите десет Божји заповеди, не само во мир и во благосостојба, туку исто така и во време на неволји и страдања.
в) Тие имаат „вера Исусова” „која еднаш им е дадена на светите” (Јуда 3)
7. Главното својство, според кое се разликува вистинската вера од лажната, е означено во Светото писмо на следниот начин; „Допрашај се со законот и откровението! Ако некој рече дека не е така, тогаш за нив нема светлина” (Исаија 8,20).
8. Љубовта кон Бога се покажува во исполнувањето на неговата волја, изразена во Десетте заповеди: „Кој вели: Го познав, а заповедите негови не ги пази, лажец е и вистината не е во него” (1. Јованово 2,4).
9. Божјата црква е едно тело, има една вера и со неа управува Светиот Дух. „Трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот. Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на вашето звање. Еден е Господ. една е верата, едно е крштавањето” (Ефесјаните 4,3-5).
10. Нејзините верници решително ги чуваат своите тела како храм на Светиот Дух, следејќи го во тоа примерот на Јован Крстител во неговата мисија при подготвувањето на патот за првото Христово доаѓање. Во јадењето, во пиењето и во облекувањето, тие се придржуваат кон начелата на Библијата како вистински здравствени реформатори. „И така, јадете ли, пиете ли, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја” (1. Коринтјаните 10,31).
Овде се изложени основните својства според кои можеме да ја распознаеме вистинската Божја црква чиишто верници треба да бидеме. Да не дозволиме лесно да не убедат тврдењата на оваа или она група луѓе, туку секое тврдење да го споредиме со словото и со Духот на Божјата реч во горе изложените својства. Ако недостига макар и едно од тие својства, можеме да бидеме сигурни дека тоа не е Божја црква. Таа црква може да се спореди со човек кој патува со туѓ пасош.