Глава IV Божји план за откуп на човекот
Бог не одредил на овој свет да дојде зло, но Тој однапред знаел за неговото постоење и создал план за спасение на човекот од гревот и пропаста. Планот бил создаден, но небесните суштества за тоа дознале дури по падот на човекот. Најголем проблем што кога било се поставил пред вселената бил проблемот како може да се спаси паднатиот човечки род, а правдата сепак да се одржи. Божјиот закон бил прекршен и затоа морало да се примени казна. Кога законот би можел да биде изменет, тогаш тврдењата на сатаната против Божјото владеење и против неговиот закон би биле оправдани и со тоа паднатиот човечки род вечно би живеел во грев. Но тоа не би можело да се случи. Божјиот закон е израз на неговиот карактер и затоа е непроменлив.
Само смртта на Оној кој е еднаков со Бога и безгрешен, можела да го задоволи барањето на прекршениот Божји закон.
Пророк Исаија ја опишува природната состојба на паднатиот човечки род и Божјата интервенција. „Ете, раката на Господа не се скусила, та да не може да спасува, и увото негово не отврднало, та да не може да слуша. Но беззаконијата ваши ве разделија од вашиот Бог, и гревовите ваши прават да го сокрива лицето Свое од вас, за да не слуша. И судот отстапи назад, а правдата застана далеку; запгго вистината се сопна на плоштадот, чесноста не можеше да влезе. И исчезна вистината, а кој се оддалечува од злото, се изложува на ограбување. И Господ го виде тоа, и на очите не му беше мило што немаше суд. И виде дека немаше човек, се чудеше дека иемаше застапник; тогаш неговата мишка му помогна и правдата негова го поддржа” (Исаија 59,1.2.14-16).
„Бог себеси се открил во Христа и „светот го помири со себе” (2. Коринтјаните 5,19). Гревот толку многу го понижил човекот, што сам во никој случај не можел веќе да се подигне и да создаде хармонија меѓу себе и Оној чијашто природа всушност е доброта и чистота. Но бидејќи Христос ги ослободил луѓето од проклетството на законот, можел и да им даде божествена сила да ја соединат со човечките напори. Така грешните Адамови деца можеле пак да станат „Божји деца” (1. Јованово 3,2) со покајание пред Бога и со вера во Христа” (Патријарси и пророци, стр. 33).
Еден нов елемент
Првата вест што му дала надеж на човечкото семејство е дадена со следните зборови: „И ставам непријателство меѓу тебел жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Он ќе ти ја гази главата, а ти ќе го каснуваш во петата” (1. Мојсеева 3,15).
„Божествената пресуда изречена над сатаната по човековиот пад било пророштво што ги опфаќа сите векови до крајот на овој свет. Таа укажува на големата борба во која ќе учествуваат сите човечки поколенија што ќе живеат на земјата.
Бог вели: „ставам непријателство.” Ова непријателство не е нешто природно. Кога човекот го престапил Божјиот закон, неговата природа станала зла, а тој стапил во хармонија со сатаната, а не во непријателство со него… Кога Бог не би се вмешал, сатаната и луѓето би склучиле сојуз против небото, и наместо да негува непријателство кон сатаната, целото човечко семејство би се соединило во бунтот против Бога.
Но кога сатаната ја слушнал изјавата дека ќе постои непријателство меѓу него и жената и меѓу неговото потомство и нејзиното потомство, знаел дека ќе бидат осуетени неговите напори да го расипе човечкото семејство и дека со некое средство човекот ќе биде оспособен да и се противстави на неговата сила” (Големата борба, стр. 393).
Принесување на жртви
Принесувањето на жртви е воведено пред самата врата на Едемската градина кога нашите прародители биле оддалечени од Божјото присуство. Творецот им дал изрични упатства во врска со природата на жртвите што требало да ги принесуваат и со нивното значење.
„Жртвата за грев ја пропишал лично Бог со цел постојано да го потсетува човекот на неговиот грев и да го наведе покајнички да го признае и јавно да ја изнесе својата вера во ветениот Спасител. Овие жртви биле одредени на паднатиот човечки род да му ја влеат во главата свечената вистина дека гревот предизвикал смрт…” (Патријарси и пророци, стр. 37).
Од Адам до Ное низа праведни луѓе го одржувале системот на принесување на жртви. По потопот тие свети обреди свечено ги вршеле патријарсите Аврам, Исак и Јаков. Во текот на целиот свој патнички живот, тие секојдневно одржувале богослужение крај жртвениот олтар и со вера постојано го очекувале денот кога ќе дојде ветениот Спасител да ја плати казната за грев и да го искупи човекот.
„Нека ми направат светиња”
Подоцна Господ ги одбрал синовите Израелови да бидат негови застапници на земјата и им ја доверил својата Реч. Била дадена следната божествена заповед: „И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: Да ми направите светилиште, од каде што ќе ви се јавувам вам. При градењето на светилиштето и на се во него постапи точно според мустрата што ќе ти ја покажам” (2. Мојсеева 25,1.8.9).
Градењето на шаторот била една од најсвечените задачи што кога и да е им е доверена на рацете на смртниците. Одвоени од какво било световно влијание, ним им се дава прекрасна можност и предимство целосно да му се посветат на Бога и да се приготват за ширење на евангелието во светот. Кога тој народ би ја сфатил возвишената должност на која бил повикан, би можел да стане благослов за сите народи на светот. Тие доброволно приложиле материјал за шаторот и за службата во него, и со сопствени очи ги виделе плочите со Божјиот ракопис што сведочеле за заветот склучен со нив.
Предметите во светињата и во светињата над светињите, олтарот за жртва и секој дел на шаторот, па дури и неговите предворја, сведочеле за планот на искупувањето.
Смислата на жртвената служба
„Секое утро и секоја вечер спалувано е на жртвеникот по едно едногодишно јагне. Освен тоа, принесувана е и храна што го претставувала секојдневниот дар подарен на Јехова од страна на народот и нивната постојана зависност од Христовата крв на помирување. Бог изрично заповедил дека секоја жртва што му се принесува нему мора да биде здрава. Само здравата жртва можела сликовито да ја претстави целосната чистота на Оној кој требало да се принесе себеси на жртва „како простодушно и пречисто Јагне” (1. Петрово 1,19).
Најважен дел на секојдневното богослужение бил оној кој се однесувал на службата на поединци. Грешникот кој се покајал, донесувал своја жртва пред вратата на светињата и, ставајќи рака врз главата на животното, ги исповедал своите гревови и на тој начин симболично ги пренесувал од себе на невиното животно…” (Патријарси и пророци, стр. 302,304).
Во обредниот закон е предвидено проштавање на гревот ако гревот се признае и се исповеда. Престап можеле да сторат поединци, управителите, целиот народ или свештенството. Ниеден грев не можел да биде простен ако не се исполнат барањата на законот, и затоа било потребно да се жртвуваат животни и да се принесе крв за гревот, зашто без крв немало проштавање на гревот.
Во светињата исто така се наоѓал златен кадилен олтар. Ниедна служба не е одржана без палење на темјан, чиј што прекрасен мирис преминувал зад завесата зад која се наоѓале ковчегот и престолот на милоста.
Ден на помирување
Денот на помирување бил толку значаен што десет дена однапред посебно е најавуван со труби. За време на вршењето на завршната служба на тој свечен ден, само на првосвештеникот му било дозволено да влезе во светињата и да принесе годишна жртва за целиот собир. Со тој обред сите гревови што се признати во текот на годината и што со посредство на крвта на жртвуваното животно симболички биле пренесени во светињата, конечно се пренесувани врз Јарецот кој го претставувал сатаната – зачетникот на гревот. По завршувањето на таа служба, сите се враќале дома радосни, знаејќи дека примиле Божја милост.
Иако не ја сфаќале во целост духовната смисла на таа служба, Евреите сепак биле известени во врска со Месија кој ќе дојде. Мнозина од оние кои денеска тврдат за себе дека се христијани, наведени се да веруваат дека службите на Стариот завет немаат за нив никакво значење. Меѓутоа, како можат да ја сфатат оригиналната служба откриена во Новиот завет (Евреите 8,1-5), ако не ги познаваат нејзините симболи откриени во старозаветната служба во шаторот.
Ако постоеле две различни служби во земниот шатор на Стариот завет – една секојдневна и друга еднаш годишно, тогаш како може тоа да се примени на небесната светиња во која Христос е првосвештеник? Оние што го очекуваат скорашното Христово доаѓање, треба потполно да бидат запознати со примената на тоа учење. Оние што денеска не обрнуваат внимание или го отфрлаат учењето за светињата и за нејзината вистинска смисла, всушност се приготвуваат за конечната измама. Ние веруваме дека на Голгота е извршен целосен откуп на човечкиот род со Христовата крв. Меѓутоа, ние сме се уште под обврска со вера да го следиме Христа во светињата и во светињата над светињите додека не се изврши целосно очистување на небесната светиња.
„О да беше ги слушал моите заповеди! Тогаш твојот мир ќе беше како река, и твојата правда – како морски бранови.”
(Исаија 48,18)