Глава III Падот на човекот

Сподели го ова:

На првите страници на Светото писмо јасно е запишано дека Бог ја создал првата човечка двојка – Адам и Ева. „Потоа рече Бог: Да создадеме човек според нашиот образ и подобие како што сме ние, кој ќе биде господар над рибите морски, и над птиците небески, и над ѕверовите – над целата земја, и над сите гадинки што се движат по земјата. И го создаде Бог човекот според образот свој, според образот Божји ги создаде; машко и женско ги создаде. И ги благослови Бог, и им рече: Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа, и овладајте ги рибите морски, и ѕверовите и птиците, и сиот добиток, и со целата земја, и со сите животни што лазат по земјата” (1. Мојсеева 1,26-28).
Инспирираната историја за создавањето на светот првпат ја запишал Мојсеј. Пред тоа светата историја за почетокот на животот усно преминувала од татко на син. Библијата е единствена книга која содржи вистинит приказ за тоа како настанал овој свет. Тоа е најконцизен приказ кој кога било е напишан и во кој во седум кратки глави е опфатен период од речиси 1600 години (од создавањето до потопот). И самата нејзина едноставност ја надминува моќта на мнозина кои себеси се сметаат за мудри и кои настојуваат да пронајдат некоја посложена теорија. Откако е пронајдена печатницата, напишани се безброј книги и употребени се сите можни средства да се оспори науката на Библијата и да се објаснуваат теории според кои човекот настанал по пат на еволуциони процеси а не со создавање. Изложени се многу теории, но секоја од нив морала да биде заменета со некоја нова, зашто подоцнежните откритија покажале дека се неточни. Среде тие бурни бранови на противречност, Библијата се уште стои цврсто како карпа.
Светата историја ни кажува дека нашите прародители се создадени совршени и според Божјиот лик. Тие непосредно одржувале врска со Бога и добиле лични упатства за секоја гранка на својата дејност. Новороденчето, кое има само неколку денови, сепак инстинктивно ја препознава својата мајка и својот татко. Како ли било со Адама и Ева кои биле совршени истиот ден кога се создадени и соединети во брак? Стотици години тие сведочеле за личноста на Бога кого што го познавале како свој Татко. Следните генерации го сочувале тоа сознание и тие упатства како свето завештание.

Проверка на преданоста
Злото постоело уште пред Творецот да ја создаде оваа земја; и тоа не води потекло од оваа земја, туку земјата станала сцена на која борбата меѓу доброто и злото продолжува речиси 6000 години.
Првото навестување на опасноста што може да произлезе од тоа зло е дадено во 1. Мојсеева книга во втората глава, во која читаме: „И земајќи го Господ Бог човекот, кого го создаде, го воведе во градината Едемска, за да ја обработува и да ја пази. И му заповеди Господ Бог на човекот и рече: Од секое дрво во градината можеш да јадеш. Освен од дрвото на сознанието на доброто и злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш” (1. Мојсеева 2,15-17).
Во тоа е дадено првото навестување за една опасност што постои и за можноста човекот да падне и да го загуби своето живеалиште во рајот. Наполно јасно било кажано дека натамошниот живот и среќа зависат од послушносга. Граничната линија била повлечена толку јасно што за секаков прекршок не можело да се најде никакво оправдание.

Измамени со лукавство
Од третата глава на 1. Мојсеева книга јасно се гледа дека Адам и Ева знаеле оти тоа зло постои. Непријателот веќе бил на оваа земја. Искушението било мошне лукаво и пресметано да измами.
Како влегол гревот во животот на светата брачна двојка е изложено во следните стихови: – (1. Мојсеева 3,1-19).
Гревот поради непослушноста влегол во животот на човечкиот род. Тоа не била обична змија што ја струполила врз нас таа несреќа, бидејќи таа била само медиум (средство) со кое сатаната се послужил за да го оствари својот измамнички план. Кога би истапил отворено со своето искушение, Ева секако би одбила да стапи во разговор со него во отсуство на својот маж. Меѓутоа, тој истапил преку посредник и така ја изненадил Ева. Сатаната секогаш дејствува со помош на такви методи. Тој се крие од очите на луѓето и употребуда човечко орудие како што ја употребил змијата.
Првото прашања што го поставил на жената имало за цел да ја вовлече во разговор. Сатаната не прашал отворено кое дрво е забрането, туку поставил предизвикувачко прашање: „Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?” Изненадена што змијата поставува такво прашање, Ева наивно побрзала да ја извести за големата слобода што ја уживаат тие и дека постои само едно дрво среде градината што не смеат да го гибаИт бидејќи поради тоа би настапила смрт.
Следен потег на сатаната бил да ја протресе довербата на жената во Божјите зборови предизвикувајќи сомневање во нивната вистинитост. Бог рекол: „Во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш.” Сега сатаната тоа директно го побивал, велејќи: „Нема вие да умрете.” Тој ветил дека тие ќе станат повисоки суштества и дека ќе стекнат поголемо знаење ако постапат спротивно од Божјата заповед. Поттикната е желба за тоа забрането знаење и жената, која се оддалечила од својот маж, го прифатила понудениот плод. Навистина се чувствувала сосема поинаку и од почеток не сфатила дека го загубила своето совршенство. Се одделила од Бога и од својот маж и сега му се придружила на сатаната. Жената станала медиум во рацете на сатаната понатаму да го продолжи искушението. Вдахната со таа нова сила и со чувство на должност, таа забранетиот плод му го понудила на својот маж. Иако знаел дека жената ја изневерила својата преданост кон Бога, тој решил да ја дели нејзината вина и го гризнал плодот. Тој престап предизвикал одделување од Бога и истиот ден биле одвоени од дрвото на животот и станале смртници – подложни на смртта и во нивното тело почнал процес на умирање. Биле протерани од Едемската градина со тешка работа да го одржуваат својот живот во јад додека не се вратат во правот од кој биле земени.

Наш скриен непријател
Откако паднал, сатаната постојано дејствувал по пат на измама. Затоа тој своите потези и планови ги држи во тајност за окото на човекот да не може да ги забележи. Искуството од шест илјади години го научило дека своите цели може да ги постигне многу полесно ако ги прикрива.
Тој знае дека човечкото орудие е најефикасно за остварување на неговите планови. Библијата го означува со разни имиња од кои секое претставува некоја фаза од неговата работа и движење. Тој прво е наречен Луцифер, син на зората, „ѕвезда Деница, ќерка на зората”, „херувим засолнувач” итн., а по неговиот пад „ламја, стара змија, ѓавол, сатана, кнез на овој свет и кнез на мракот”. Тие називи покажуваат дека тој е Божји непријател кој има одредена цел да измамува и да уништува. За време на мрачните векови, негова цел била Библијата да ја држи далеку од народот и народот да го држи во незнаење и суеверие. Тогаш се покажале неговите карактеристики на „ламја”, а неговата цел била постигната со помош на ужасни прогонства и тиранија.
Сега, кога поминале мрачните векови и кога земјата ја осветлила светлината на Библијата и на научното знаење, тој се преобразува и доаѓа престорен во „светлосен ангел”. Тој е не само зачетник на злото, туку исто така и творец на секоја лажна вера. Денеска тој го извршува своето дело под плаштот на христијанството и покажува дека добро ја проучил Библијата.

Живот по гробот
Речиси сите таканаречени христијани цврсто веруваат во доктрината дека човекот има „бесмртна душа” и дека смртта се состои само од премин од видливиот живот во невидлив. Тоа верување, прифатено денеска во верскиот свет, потекнува од сатаната во Едемската градина. Зборовите што и ги кажал тој на Ева биле наполно спротивни на Божјата одлука. Бог рекол: „Во кој ден ќе вкусиш од него, ќе умреш.” Измамникот тоа го побива, велејќи: „Нема вие да умрете.” На тоа лажно верување се заснова филозофијата на старите Мисирци и Халдејци, на Грците, Римјаните и на сите незнабожечки вери уште од почеток. Тоа уверување довело до уште една голема измама, имено дека оној миг, кога човекот ќе умре, неговата „душа” ќе одлета во небото ако е достоен, во чистилиште – таканаречено место за пречистување – ако не е премногу лош, или во пекол на вечни маки ако е вистински грешник.
Вистина е дека мнозина го виделе дејството на натприродните сили и дека на тој начин се увериле оти мртвите се уште свесно постојат во една друга сфера. Тие слушнале гласови наполно слични со гласовите на оние кои одамна умреле, и многу други појави ги навеле да веруваат во бесмртност на душата.

Две невидливи сили
Целото Свето писмо, од прва книга Мојсеева до Откровението, непобитно сведочи за постоењето на две натприродни невидливи сили. Тоа се добри и лоши ангели. Првите се добри ангели кои секогаш му стојат на располагање на Бога да ги извршуваат неговите одлуки во полза на неговите верни деца и ги штитат од силата на злото. Другите се паднати ангели под власт на сатаната. Тие неуморно се трудат да ја остварат целта на својот водач која се состои од измама и уништување на оние што одбиваат да му се потчинат. Должност на Божјата црква е да ги известува верниците за таа голема борба, да им ја објасни природата на тие добри и лоши ангели и со тоа да им овозможи да прават разлика меѓу тие сили кои се борат за превласт. Лошите ангели се служат со сите средства да не уништат, но добрите ангели, кои се многу посилни, готови се да се борат за нас.

Душата на човекот не е бесмртна
Буквално учење на целата Библија е дека човековата душа е смртна. Зборот смртна значи подложна на смрт. Според Божјата реч, човекот го сочинуваат телото, душата и духот. Кога човекот ќе умре, телото се враќа во правот а духот, кој е здив, се враќа кај Бога кој го дал. Апостол Павле им се обраќа на верниците со овие зборови: „А сам Бог на мирот да ве освети наполно во се, и целиот ваш дух, душа и тело да се запазат без порок при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос” (1. Солунјаните 5,23). И во Стариот и во Новиот завет зборот „душа” на многу места се употребува да ја означи целокупната личност на еден човек. Кога го создал човекот, Господ му вдахнал животен здив и човекот „стана душа жива”. Во тој случај исто така можат да се употребат и зборовите „живо создание” или „жив човек”. Пророкот Езекиел кажува: „Која душа ќе згреши, таа ќе умре” (Езекиел 18,20). Според тоа, душата не е бесмртна.
Павле јасно кажува дека човекот нема бесмртност како што тврдат мнозина. „Кој е единствен бесмртен и живее во непристапна светлина, кого никој од луѓето не го видел, ниту може да го види. Нему нека му е чест и сила во сите векови. Амин!” (1. Тимотеј 6,16).
Само со Христовите заслуги можеме да добиеме бесмртност. „Кој секому ќе му даде според неговите дела: живот вечен на оние, кои со трпение во добрите дела, бараат слава, чест и бесмртност” (Римјаните 2,6.7).
Павле исто така кажува дека тој дар ќе биде даден при Христовото доаѓање, а не порано. Библијата содржи јасно сведоштво за тоа дека човекот при смртта престанува да постои како свесно суштество. „Живите знаат дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот, и љубовта нивна, и омразата нивна и љубомората нивна веќе исчезнале, и ќе немаат дел довека во ништо, што станува под сонцето” (Проповедник 9,5.6). Кога го дигнал Лазара од смртта, Христос не го повикал од небото ниту од пеколот или од чистилиштето, туку од гробот. „Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји” (Јован 5,28).
Зборувајќи за воскресението на праведните и на непокајаните, Христос кажува дека „сите што се наоѓаат во гробовите ќе го слушнат гласот на Божјиот Син и ќе излезат”. Кога би биле на небото, тие, слушајќи го неговиот глас, би морале да слезат за повторно да влезат во телото. Кога човековата душа при смртта навистина би заминувала на небото и кога би била во состојба да се движи, да зборува и да мисли без мозок и да ги ужива небесните блаженства, тогаш зошто би била вознемирувана од таа слободна и среќна состојба за повторно да се оптовари со еден толку бесполезен предмет како што е телото?
За да ја оправдаат старата паганска (незнабожечка) доктрина за природната бесмртност на душата и доктрината за вечно мачење, многу современи вероучители се трудат таа погрешна теорија да ја поткрепат и со Светото писмо. Приказната за богаташот и за Лазара со таа намера погрешно се толкува, но оние кои искрено ја проучуваат Божјата реч, ќе увидат дека таа приказна е едно од најсилните сведоштва против теоријата за бесмртноста на душата. Таа приказна сведочи дека за мртвите ништо не може да се преземе кога ќе ја преминат бариерата на смртта. Дури и богаташот во приказната бил наполно уверен оти вечната судбина се одредува при смртта – било за вечен живот или за конечно уништување.

Сподели го ова:

Слични објави