Глава II Потеклото на злото

Сподели го ова:

Потеклото на злото за мнозина претставува голема тајна. Секое разумно суштество што размислува е свесно за постоењето на некоја зла сила спротивна на сѐ што е добро и право. Насекаде гледаме болест, страдање, жалост и смрт. Во секој лист што паѓа и во секој цвет што венее забележуваме знаци на проклетство што лежи на овој свет. Некои претпоставуваат дека тоа е природен ред на работите, но Божјата реч открива дека не е така. Бог не го создал злото. Злото потекнува од Луцифер, херувим засолнувач, чие што срце се возгордеало. Тој се побунил против Божјото владеење и станал сатана, противник или непријател.

Падот на сатаната
Меѓу денешните таканаречени христијани постојат мнозина кои сосема малку знаат за падот на сатаната, а дури некои од нив, кои тврдат дека Библијата ја сметаат за единствено правило на верата, го откажуваат личното постоење на ѓаволот. На сатаната му се допаѓа таквата филозофија, зашто знае дека полесно може да ги прелаже луѓето кога тие не се свесни за неговото присуство и моќ. Тој од ништо не се плаши толку многу како од можноста да биде откриен неговиот план и христијаните да се пазат од неговото лукавство. Таква можност ни дава Божјата реч.
Христијанинот не може да се правда дека не го знае потеклото на злото и падот на сатаната. Вдахновените писатели на Стариот и Новиот завет јасно го опишуваат падот на сатаната и причината за тоа. Заради човештвого пророкот Исаија го опишал тој трагичен настан: „Како падна ти од небото, Денице, сине на зората! Се разби од земјата ти, кој ги угнетуваше народите. А во срцето свое си велеше: Ќе се искачам на небото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди и ќе седнам на гората зборна, на крајот од северот; ќе се искачам до висините на облаците, ќе бидам сличен на Севишниот. Но ти се урна во подземјето, во длабока провалија” (Исаија 14,12-15).
Пророк Езекиел во личноста на тирскиот цар ја опишува возвишената положба што ја заземал некогаш Луцифер во небесните дворови и неговиот подоцнежен пад. „Сине човечки, плачи за тирскиот цар и кажи му: – вака вели Господ Бог: ти си печат на совршенство, полнота на мудроста и венец на убавината. Ти беше помазан херувим за да осенува, и Јас те поставив за тоа; ти беше на светата Божја гора, одеше среде огнени камења. Ти беше совршен во патиштата свои, од денот кога беше создаден, се додека не се најде во тебе беззаконие. Од убавината твоја се возгордеа срцето твое, поради богатството твое си ја загуби мудроста своја; затоа Јас ќе те соборам на земја, ќе те предадам на потсмев пред царевите” (Езекиел 28,12.14.15.17).
„Сатаната некогаш бил почитуван ангел на небото, бил најблизу до Христа. Изразот на неговото лице, како и на другите ангели, бил благ и покажувал среќа. Челото му било широко и високо и оддавало голема интелигенција. Обликот му бил совршен, држењето благородно и величествено. Но кога Бог му рекол на својот Син: „Да создадеме човек според нашиот образ, како што сме ние”, сатаната станал љубоморен на Исуса. Тој сакал да биде прашан за совет во врска со создавањето на човекот. Но бидејќи тоа не се случило, се исполнил со гнев, со омраза и со љубомора. Тој сакал на небото да ужива најголеми почести – да стои веднаш зад Бога” (Рани списи, стр. 145).
„Цело небо се радувало што ја отсјајува славата на Творецот и што ја величи неговата правда. И додека Бог бил почитуван на овој начин, насекаде владееле мир и радост. Но еден нехармоничен тон ја нарушил небесната хармонија. Извишувањето на самиот себеси и службата себеси, што е спротивно со планот на Творецот, разбудиле мрачни претчувства кај ангелот на кого прославувањето на
Бога му била највисока должност. Небесниот совет расправал со Луцифера. Божјиот Син му укажувал на големината, на добрината и праведноста на Творецот и на непроменливата природа на неговиот закон. Сам Бог утврдил ред на небото, а Луцифер, отстапувајќи од него, го презрел својот Творец и самиот себеси се урнал во пропаст. Но опомената, кажана од неизмерна љубов и милосрдие, предизвикала уште повеќе дух на противење. Луцифер дозволил со него да завладее завист кон Христа и станувал се поупорен” (Големата борба, стр. 385).
Овој опис покажува дека вистинска причина за падот на сатаната била гордоста, а потоа пакоста, бидејќи сметал дека е запоставен што не бил прашан за совет во врска со создавањето на човекот. Од тоа јасно се гледа дека неговиот пад му претходел на создавањето на човекот.

Протерување од небото
Мудроста што се открива во Библијата е неспоредлива во врска со вниманието што таа им го обрнува на подробностите. Протерувањето на сатаната последниот библиски пророк го опишува со следните зборови: „И настана војна на небото: Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив; но не устојаа, и за нив веќе не се најде место на небото. И беше исфрлен големиот змев – старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше соборен на земјата, и заедно со него и ангелите негови беа исфрлени. И чув висок глас на небото да зборува: Сега настана спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на неговиот Христос, бидејќи е симнат клеветникот на браќата наши, кој ги клеветеше пред нашиот Бог дење и ноќе. Тие го победија со крвта на Јагнето, и со словото на своето сведоштво и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт. Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!” (Откровение 12,7-12).
Тоа силно ангелско суштество ги нарушило мирот и хармонијата на вселената.
„Дури и кога е решено сатаната да не може повеќе да остане на небото, бесконечната Божја мудрост не го уништила сатаната. Бидејќи на Бога може да му биде угодна само служба од љубов, верноста на неговите созданија мора да се темели врз осведочувањето за неговата правичност и доброта. Жителите на небото и на другите светови, бидејќи не биле приготвени да ја сфатат природата и последиците на гревот, не би можеле да ја разберат правдата и Божјата милост ако сатаната веднаш би бил уништен. Кога веднаш би бил уништен, тие на Бога би му служеле повеќе од страв отколку од љубов. Влијанието на измамникот не би било наполно уништено, ниту пак духот на бунт би бил сосема искоренет. На злото морало да му се даде време да созрее. За добро на целата вселена низ сите времиња било потребно сатаната поцелосно да ги развие своите начела со цел сите созданија да можат во вистинска светлина да ги видат неговите обвинувања против божественото владеење и Божјата правда, неговата милост и непроменливоста на Божјиот закон никогаш веќе да не бидат доведени во сомневање.
Бунтот на сатаната требало да биде поука за целата вселена во сите идни времиња и вечно сведоштво за природата и за страшните последици на гревот. Начелата на сатаната и нивното влијание врз луѓето и ангелите требало да покажат какви се плодовите на отстранувањето на божествениот авторитет и да посведочат дека со постоењето на божествената влада и на неговиот закон е поврзана благосостојбата на сите суштества што ги создал Бог. Така требало историјата на овој страшен бунт да биде постојана заштита за сите свети суштества, да ги сочува од погрешно сфаќање за тоа што значи престапот и да ги заштити од гревот и од неговата казна” (Големата борба, стр. 388).
Не треба да мислиме дека таа војна на небото била војна со крвопролевање и колежи, како мнозина што претпоставуваат. Никаде не е запишано дека имало мртви и ранети или со скршени раце и нозе. Таа војна претставувала примена на небесната дисциплина за небото да се ослободи од борбата и од незадоволството, и сатаната и паднатите ангели да се изолираат на оваа земја. Апостол Петар тоа го споменува со следните зборови: „Зашто Бог, кога не ги поштеди ангелите што згрешија, туку ги турна во пеколот со вериги на мракот, ги предаде да бидат пазени за судот” (2. Петрово 2,4).
Тој суд се однесува на времето кога спасените ќе живеат на небото илјада години. Павле открива дека спасените дури ќе им судат на паднатите ангели. „Не знаете ли дека ангели ќе судиме? А колку повеќе за работите од овој свет?” (1. Коринтјаните 6,3).
Бог дозволува тие паднати ангели да живеат и да делуваат на оваа земја со цел на целата вселена да се открие нивниот вистински карактер. По судот тие засекогаш ќе бидат уништени.

Сподели го ова:

Слични објави