Глава I Дарот на животот

Сподели го ова:

Животот ни е драгоцен дар што сме го добиле од Творецот. Малку има такви кои знаат да ја ценат неговата вредност и кои се трудат да сфатат каква цел има Бог за нив. Милиони човечки суштества поминуваат по животната патека на оваа земја дури и не познавајќи го Оној што им го подарил животот. Според првобитниот Божји план, предвидено е човекот да живее на повисоко рамниште од животинскиот свет и затоа кај секого од нас постои свест за Бога и спонтана желба да му служиме. Дури и во незнабожечките земји гледаме како луѓето, настојувајќи колку – толку да го задоволат тој неминовен стремеж на својата душа, обожаваат разни безживотни идоли или животни. Тој копнеж е неразделно поврзан со дарот на човечкиот живот, но кај мнозинството луѓе тој копнеж е некултивиран или изопачен.

Што е тоа идолопоклонство?
Сфаќајќи ја вистинската бесмисленост на обожавањето на разни мртви идоли или измислени богови на кои луѓето некогаш им се клањале, мнозина денеска отворено го откажуваат постоењето на какво било божество или тврдат дека немаат време за вера. Меѓутоа, без оглед на презирањето што го покажуваат тие кон верата, останува фактот дека и тие веруваат во нешто, било да го признаваат тоа или не. Идол е се она што во човечкиот живот зазема прво место. Мнозина си служат самите себеси. Себичноста е карактеристика на овој век во кој живееме. Во Светото писмо се кажува дека љубовта кон парите или кон богатството претставува служење на Мамона (бог на златото). Не е грев да се има пари или богатство, но тие нешта стануваат идоли ако се употребуваат за себични цели. Секоја лоша навика или пракса во која се впуштаме, стануваат дел на нашата природа и на тој начин ние се врзуваме како робови, покорувајќи му се на тој бог на кој сме му се предале.
Се она што го обожаваме повеќе од Бога – човек, жена или дете, секое задоволство, забава или разонода – станува за нас идол и нѐ претвора во идолопоклоници.
Секој треба да знае дека постојат само два вида поклоници – оние што му служат на вистинскиот Бог, Творец на небото и земјата и Дародавец на животот – и оние што му служат на сатаната, творец на идолопоклонството. „Никој не може да им слугува на двајца господари: оти, или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамона” (Матеј 6,24).

Едно место за тебе
Оној кој искрено ја бара вистината може да постави прашање: „Дали е вистина дека Бог има едно место за мене во својот план? Ако е така, како можам да знам кое е моето место за верно да ја исполнам својата должност?” Не е наше да го бираме местото што треба да го заземеме, туку тоа треба да му го препуштиме на Бога. Наша должност е да бидеме подготвени за службата кога Тој ќе нѐ повика. – „Но Божјата цврста основа стои непоколебливо, имајќи го овој печат: Ги позна Господ своите и да отстапи од неправдата секој што го произнесува името Господово! Во голем дом има не само златни и сребрени садови, туку и дрвени, и земјени; едните се за почесна употреба, а другите за нечиста. И, така ако некој се очисти од тоа, тој ќе биде сад за почест, осветен, нриспособен за употреба на господарот и приготвен за секое добро дело” (2. Тимотеј 2,19-21 ).
Садовите во Божјиот дом што се споменуваат овде ги претставуваат мажите и жените. Едни служат за чест, други за срам. Прифаќајќи ја вистината, ние се чистиме и се облагородуваме, со што се приготвуваме за неговата служба.

Неопходна подготовка
Целта на нашиот живот е мошне јасно изложена во Светото писмо. Секој што сака да ја дознае смислата на животот, може тоа да го најде јасно изложено во таа драгоцена Книга. Таа е толку едноставна, што и едно дете може во неа да го најде вистинскиот пат, а сепак толку неисцрпна во своите недосегливи ризници на вистината, што и најмудриот филозоф може постојано да учи. Во својот план Бог одредил човекот да постигнува најголема среќа низ одржување на врска со својот Творец. Вековниот Божји непријател, сатаната, ја изопачил човековата природа и ги заслепил неговите очи така што Божјата слава да остане скриена од него.
Планот на спасението е така составен, за секое човечко суштество да биде опфатено со неговите одредби и на секого му се дава можност да најде своја среќа и свое место во Божјата служба. Земниот живот е само трка чиј што крај е победа или пораз. Меѓутоа, на сите им е осигурена победа кога со скапоцената крв на Исуса Христа ќе се помират со Бога. Само Бог може да ни даде сила да победиме во таа трка. „Не знаете ли дека оние што се натпреваруваат на тркалиште, трчаат сите, но само еден добива награда? Па така трчајте и вие, за да добиете” (1. Коринтјаните 9,24).
Овој живот е мошне краткотраен и претставува само школа која не подготвува за вечен живот, што почнува при второто Христово доаѓање.

Одлагање на денот на спасението
Мнозина немаат никаква повисока цел во животот одошто да живеат заради добивка и за задоволување на личните телесни желби. Тие стекнуваат богатство, чест, куќи и различни предмети со материјална природа и целосно се проникнати со грижите на овој свет. Еднаш Исус изнел споредба за богат човек кој, според светските мерила, постигнал успех. „И им кажа парабола и рече: На некој богат човек нивата му беше родила многу и мислеше во себе, велејќи: Што да правам? Немам во што да ги соберам плодовите свои. Па рече: – вака ќе направам: ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра, и ќе речам на душата своја: душо, имаш многу добра, приготвени за многу години; јади, пиј и весели се! Но Бог му рече: Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане? Така бива со оној што собира добра за себе, а не се богати во Бога” (Лука 12,16-21).
Таа споредба укажува на еден вид луѓе кои успеале да стекнат богатство и удобности во овој живот. Меѓутоа, наместо да се задоволат со неопходните животни потреби, тие постојано настојуваат да стекнат се повеќе и повеќе. Мнозина се лажат со мислата дека, кога ќе си обезбедат себеси земно богатство, подоцна ќе имаат доволно време да се посветат на Бога; но тој план ретко се остварува. Без дополнително предупредување тие го слушаат сериозниот глас: Ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане? Сето богатство што го собрале преминува во рацете на други, кои можеби немаат време да мислат на спасението и верата. Така, не само што го лишиле Бога од еден живот на служба, туку дури ни при смртта не се погрижиле за неговото дело. Тие напразно го поминале својот живот, не сфаќајќи ја неговата вистинска смисла и, што е уште пожалосно, ништо не сториле за вечниот живот.
Кога би ги употребиле даровите што им се доверени за помагање на евангелието за Божјото царство, прифаќајќи ги солзите на сиромашните и на неволните и ублажувајќи ги нивните неволји, тие луѓе лесно би можеле да си го обезбедат себеси небесното богатство. Тие би можеле да им пружат подршка на Божјите слуги кои сето свое време го посветуваат во неговата служба. Нивното богатство би можело да биде употребено за основање на малечки установи наменети за болните и страдалниците. Но останува жалниот факт дека со смртта, која не чека на никого, за мнозина вратата за таква можност засекогаш е затворена.
Уште поголем е бројот на оние кои одвај ги намируваат своите животни потреби. Кога до нив ќе допре евангелската вест, тие обично не се решаваат да го прифатат повикот на животот преку Христа. Тие го одложуваат Божјиот повик за некое подоцнежно време, кога ќе стојат подобро, сметајќи дека тогаш полесно ќе можат да го следат Христа. Во една друга споредба Исус ги опишува карактеристичните изговори на оние што преминуваат преку евангелскиот повик како преку нешто помалку значајно.

Те молам, извини ме!
А он му одговори: Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина. И кога беше време за вечера, го прати слугата свој да им каже на поканетите: Дојдете, оти се е готово! И почнаа сите, како договорени, да откажуваат; првиот му рече: Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме! Вториот рече: Купив пет чифта волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме! Третиот рече: Се оженив и затоа не можам да дојдам (Лука 16,16-20).
Ниеден од наведените изговори не бил заснован на некоја вистинска потреба. Човекот кој морал да излезе да ја гледа нивата, веќе ја купил. Неговата неодложност да ја погледне може да му се припише само на фактот дека тој сиот свој интерес го насочил само кон тоа. И воловите веќе биле купени. Разгледувањето на тие волови одговарало само на задоволувањето на интересите на купувачот. И третиот изговор немал никаков оправдан темел. Фактот што повиканиот човек се оженил не морал да го спречи неговото присуство на гозбата, зашто тој можел да ја доведе и жена си, која би била радо примена. Но тој имал сопствени планови за уживање и тоа му било многу поважно отколку да присуствува на гозбата и да го изврши своето ветување. Тој научил да бара поголемо задоволство во друштво на други отколку во друштво на својот гостопримач. Тој дури не молел ниту за прошка, и во неговото одбивање нема дури ниту провизорна учтивост. Изговорот не можам да дојдам бил само прикривање на вистината не ми е грижа или не сакам да дојдам.
Сите овие изговори покажуваат дека мислите на повиканите луѓе биле проникнати со други работи. Повикот на гозба за нив имал споредно значење, а великодушниот гостопримач бил навреден со нивната рамнодушност.
За да може да се прими повикот за евангелската гозба, сите световни интереси мора да се потчинат само на една цел – да се прими Христос и неговата праведност. Бог дал се за луѓето и поради тоа Тој го бара од нив она што му припаѓа нему. Затоа Божјата служба треба да се стави над сите земни и себични потреби. Бог не може да прими ниту едно поделено срце; срцето со кое владеат земни склоности не може да му се предаде на Бога… (Христови очигледни поуки, стр. 207,208).
План на сатаната е да ги измами и да ги заведе оние шти би можеле да бидат голем благослов за Божјото дело. Тој постојано ги наведува да мислат само на себе, изопачувајќи го на тој начин нивниот разум и нивното расудување. Времето, даровите, здравјето, средствата и енергијата се користат за задоволување на личните телесни желби, со што се злоупотребува Божјата доброта и се омаловажува неговата љубов. За сите тие благослови и предимства што ни се доверени, мораме еден ден да дадеме сметка за тоа како сме ги употребиле.

Радосен што сум достоен
Се уште има такви кои се гладни и жедни за правда. Тие го запознале Исуса и големата жртва поднесена за откуп на паднатиот човечки род. Насочувајќи го својот поглед кон него, работите на овој свет им стануваат необично темни и безвредни, и тие копнеат само за негово проштавање и мир. Заради Христовата љубов, тие сметаат дека никаква жртва што можат да ја поднесат не е прескапа, а најмалку што можат да сторат е, сѐ што имаат да посветат на неговата служба. Раширено е мислењето дека да се биде христијанин значи да се има нерасположено лице и да се живее стушен и тажен живот. Токму таков впечаток сака да создаде сатаната за да го изопачи Божјиот карактер. Тоа не значи да се биде христијанин. Службата на Христа е радост каква што светот никогаш нема да познава. Тоа е божествена радост која го преобразува целото суштество и помага христијанинот да може да биде изложен на понижување и прогонство, а сепак да се радува во Господа. Искуството на првите ученици ќе биде искуство на сите оние кои вистински се обратени кон Господа. „А тие излегоа од Синедрионот радосни, зашто се беа удостоиле да поднесат навреди за името на Господа Исуса” (Дела, 5,41).

Сподели го ова:

Слични објави