6 Хус и Јероним

Сподели го ова:

Семето на евангелието било донесено во Чешка уште во деветтиот век. Библијата била преведена, а јавното богослужение се одржувало на народен јазик. Како што се зголемувала папската власт така Божјото слово било сѐ повеќе засенувано. Папата Гргур VII, кој се зазел да ја понизи гордоста на кралевите, настојувал исто така да го пороби и народот, за таа цел издал декрет со кој ја забранил употребата на чешкиот јазик во јавното богослужение. Папата изјавил дека „на Семоќниот Бог му е угодно кога Неговото име се слави и богослужението се одржува на еден непознат јазик и дека поради непочитувањето на ова правило произлегле многу зла и ереси“ (Wylie, b. 3, ch. 1). Така Рим решил светлината на Божјото слово да згасне и народот да остане во темнина. Меѓутоа, небото предвидело и други средства за да ја сочува црквата. Многу Валденжани и Албижани, протерани од своите домови во Италија и Франција, се нашле во Чешка. Иако не се осмелувале да проповедаат јавно, сепак тие трудољубиво работеле во тајност. На таков начин вистинската вера била зачувана низ вековите. {ГБ 97.1}

Уште пред деновите на Хус, во Чешка имало луѓе кои јавно ја осудувале изопаченоста на црквата и пороците на народот. Нивните напори предизвикале голем интерес. Плашејќи се за својата власт, папската хиерархија почнала да ги прогонува учениците на евангелието. Принудени своите богослуженија да ги одржуваат во шумите и планините, верниците и таму биле прогонувани од страна на војниците, а многумина биле и убивани. Подоцна било наложено сите оние што ќе ја напуштат римокатоличката религија да бидат спалени. Жртвувајќи го својот живот, христијаните очекувале победа на нивното дело. Еден од оние што учеле „дека спасението може да дојде само преку вера во распнатиот Спасител“, умирајќи изјавил: „Гневот на непријателот на вистината засега владее над нас, но тоа нема да биде засекогаш; ќе се подигне еден меѓу обичниот народ, без меч и авторитет, и него нема да го совладаат“ (Исто, b. 3, ch. 1). Лутеровото време било уште далеку, но се подигал некој, чие сведоштво против Рим ќе ги потресе народите. {ГБ 97.2}

Јан Хус бил со скромно потекло, со смртта на неговиот татко рано останал сираче. Неговата побожна мајка, која воспитувањето и стравот од Бога ги сметала за најскапоцено богатство, настојувала такво наследство да му обезбеди и на својот син. Хус најпрвин учел во провинциско училиште, а потоа отишол на универзитетот во Прага, каде е примен како стипендист. На патот за Прага го придружувала неговата мајка; таа, како сиромашна вдовица на својот син не можела да му даде никакво светско богатство, но кога се приближиле до големиот град, клекнала покрај момчето без татко, повикувајќи го на него благословот на небесниот Отец. Оваа мајка не насетувала во колкава мера ќе биде услишена нејзината молитва. {ГБ 98.1}

На универзитетот Хус набргу се истакнал со својата неуморна трудољубивост и брзиот напредок, додека неговиот беспрекорен живот, неговото благородно и љубезно однесување му донеле општа почит. Бил искрен приврзаник на Римокатоличката црква и искрен трагач по духовните благослови што ги ветувала. При една јубилејна свеченост, отишол да се исповеда и бидејќи ги дал последните пари кои ги имал во своите скромни залихи, се приклучил кон поворката за да учествува во ветеното проштевање. По завршувањето на образованието стапил во свештеничките редови каде многу бргу се истакнал и наскоро бил повикан во кралскиот двор. Бил поставен за професор, а подоцна и за ректор на универзитетот на кој се образувал. За неколку години скромниот студент, кој немал средства да плати за своите студии, станал гордост за својата татковина, а неговото име станало познато низ цела Европа. {ГБ 98.2}

Сепак, Хус ја започнал реформацијата на едно друго подрачје. Не-колку години по своето посветување за свештеник, тој бил назначен за проповедник во Витлеемската капела. Основачот на капелата за мошне важна работа го сметал проповедањето на Библијата на народниот јазик. И покрај отпорот на Рим, употребата на народниот јазик во Чешка не била целосно прекината. Сепак, непознавањето на Божјото слово било големо, а меѓу луѓето од сите сталежи владееле најлоши пороци. Хус храбро станал против сите овие зла, повикувајќи се секогаш на Божјото слово за да ги истакне начелата на чистотата и вистината со цел да ги втисне во срцата на луѓето. {ГБ 99.1}

Еден граѓанин на Прага по име Јероним, кој подоцна тесно се поврзал со Хус, по своето враќање од Англија, ги донел списите на Виклиф. Англиската кралица, која го прифатила Виклифовото учење, била чешка принцеза и благодарение на нејзиното влијание списите на реформаторот кружеле и во нејзината татковина. Хус овие дела ги читал со голем интерес. Уверен дека нивниот автор е искрен христијанин, бил наклонет кон реформите кои Виклиф ги застапувал. Така Хус, и не забележувајќи, зачекорил по патот кој ќе го одведе далеку од Рим. {ГБ 99.2}

Во тоа време во Прага пристигнале двајца странци од Англија кои, прифаќајќи ја светлината, дошле да ја шират и во оваа далечна земја. Почнувајќи со отворен напад на папската превласт, набргу биле замолчени од властите; но тие не сакале да се откажат од своите намери, затоа примениле друг начин на работа. Покрај тоа што биле проповедници тие биле и уметници, па ја продолжиле започнатата работа применувајќи ја оваа своја вештина. На еден ѕид, пристапен за јавноста, нацртале две слики. Едната го прикажувала Христовиот влез во Ерусалим, „кроток, качен на магарица со младо магаре“ (Матеј 21:5), во придружба на учениците, во износена прашлива облека и босоног. Другата слика ја претставувала папската поворка – папата облечен во раскошна облека, со тројна круна на главата, поставен на величествено украсен коњ пред кого одат трубачи, придружуван од кардинали и црковни великодостојници облечени во блескави облеки. {ГБ 99.3}

Тоа била проповед која го привлекла вниманието на луѓето од сите класи. Толпа народ се собирал да ги види цртежите. Скоро секој го сфатил значењето на двете слики, а многумина биле длабоко импресионирани од контрастот помеѓу кротоста и понизноста на Господарот Христос, и гордоста и ароганцијата на папата, Неговиот таканаречен слуга. Поради големите немири кои настанале во Прага, странците не се чувствувале безбедни и си заминале. Но, учењето што го изнесувале тие не паднало во заборав. Овие слики оставиле силен впечаток врз Хус, и го поттикнале уште потемелно да ја проучува Библијата и Виклифовите списи. Иако уште не бил подготвен целосно да ги прифати учењата на Виклиф, тој јасно го видел вистинскиот карактер на папството и со уште поголема ревност ја осудувал гордоста, амбицијата и расипаноста на папската хиерархија. {ГБ 100.1}

Од Чешка светлината била пренесена и во Германија, поради немирите стотина студенти од германско потекло се повлекле од Универзитетот во Прага. Многумина од нив своите први знаења за Библијата ги добиле од Хус, а при враќањето го рашириле евангелието во нивната татковина. {ГБ 100.2}

Веста за делото започнато во Прага стигнала во Рим, и набргу Хус бил повикан да се појави пред папата. Да се појави пред папата значело да се изложи на сигурна смрт. Чешкиот крал и кралицата, универзитетот, членовите на благородништвото и претставниците на владата апелирале до папата на Хус да му дозволи да остане во Прага, а на Рим да му одговори преку заменик. Наместо да го одобри ова барање, папата го продолжил судскиот процес и го осудил Хус, а потоа градот Прага го ставил под проклетство. {ГБ 100.3}

Ваквата осуда во тоа време  предизвикувала  вознемиреност со широки размери. Церемониите кои ја придружувале осудата биле така осмислени да ги заплашат луѓето кои во папата гледале Божји пратеник, кој во раце ги држи клучевите и од небото и од пеколот, и има власт да изрекува и световни и духовни казни. Се верувало дека вратата на небото е заклучена за целата област над која е изречено проклетство, и дека и нивните покојни ќе бидат исклучени од местото на блаженство сѐ додека папата не го симне проклетството. Во знак на оваа ужасна несреќа биле откажувани сите религиозни служби. Црквите биле затворени. Венчавките се одржувале во црковното двориште. Мртвите, чиишто погреби биле забранети на посветеното место, биле погребувани без вообичаените погребни церемонии, во ровови или некаде низ полињата. Така Рим, со мерките кои делувале на мечтата, настојувал да завладее со совеста на луѓето. {ГБ 101.1}

Во Прага настанале немири. Мнозина го обвинувале Хуса како причина за сите несреќи и барале да биде предаден на одмаздата на Рим. За да ја стивне олујата, реформаторот се повлекол во своето родно село. Пишувајќи им на своите пријатели во Прага, тој рекол: „Се повлеков од вашата средина за да го послушам Христовиот совет и да го следам Неговиот пример, да не им дадам можност на грешните да навлечат на себе вечна пропаст и да не бидам за побожните причина за жалост и прогонство. Се повлеков исто така за безбожните свештеници да не го забранат потполно проповедањето на Божјото слово и вие да не бидете лишени поради мене од божествената вистина заради која, со Божја помош, готов сум да умрам”. (Bonnechose, The Reformers Before the Reformation, vol. 1, p.87). Хус не престанал да работи туку патувал по околината и им проповедал на оние кои сакале да го слушаат. На овој начин мерките што ги презел папата да го потисне евангелието, придонеле за негово уште поголемо ширење… „Зашто ништо не можеме против вистината, туку за вистината” (2. Коринтјаните 13:8). {ГБ 101.2}

„Во оваа фаза на својот живот Хус, се чини, поминувал низ тешка душевна борба. Иако црквата со своите напади сакала да го уништи, сепак, тој не го отфрлал нејзиниот авторитет. За него таа сè уште била Христова невеста, а папата Божји претставник и намесник. Хус се борел против злоупотребите на авторитетот, а не против самиот авторитет. Ова предизвикало страшна борба меѓу она што му го зборувал разумот и она што го барала неговата совест. Ако авторитетот е праведен и непогрешлив, како што верувал, зошто тогаш нешто го гони да не му се покори? Да го послуша, јасно видел, би значело да греши; но зошто послушноста кон една непогрешлива црква би донесувала такви последици? Тоа бил проблем што не можел да го реши; тоа било сомневање што постојано го мачело. Сепак, му се сторило дека нашол решение, припомнувајќи си како во времето на Спасителот свештениците на црквата, станувајќи неверни, го користеле својот законит авторитет за незаконити цели. Оваа мисла го поттикнала да го прифати и на другите да почне да им го изнесува начелото дека само науката на Библијата, усвоена преку разумот, треба да ѝ служи како водич на нашата совест; или, со други зборови, дека само Бог е непогрешлив водич кој зборува во Библијата, а не црквата, која зборува преку своите свештеници“ (Wylie, b. 3, ch. 2). {ГБ 102.1}

Кога по извесно време возбудата во Прага се смирила, Хус се вратил во својата Витлеемска капела и продолжил да го проповеда Божјото слово со уште поголема храброст и ревност. Неговите непријатели биле неуморни и моќни, но кралицата и многу благородници му биле пријатели; а и голем дел од народот застанал на негова страна. Споредувајќи ги неговите чисти и возвишени учења, и неговиот свет живот со понижувачките догми кои ги проповедале претставниците на Рим, и алчноста и развратот кои ги практикувале, многумина сметале дека е чест да бидат со него. {ГБ 102.2}

Дотогаш Хус бил осамен во својата работа, но сега во делото на реформацијата му се придружил и Јероним кој за време на престојот во Англија го прифатил Виклифовото учење. Оттогаш двајцата толку биле обединети во животот, што дури ниту во смртта не се разделиле. Надарен со сјајни таленти, со ретка речитост и со голема ученост, Јероним имал сѐ она што било потребно да се придобие наклонетоста на народот; но, во доблестите од кои се состои вистинскиот карактер, Хус бил поголем од него. Неговото мирно расудување ја скротувало избувливата природа на Јероним, а тој пак со вистинска понизност ја сфаќал неговата вредност и ги прифаќал неговите совети. Нивните обединети напори побрзо ја прошириле реформацијата. {ГБ 102.3}

Бог  го расветлил разумот на овие избрани луѓе , и тие согледале многу заблуди на Рим. Но тие не ја примиле целосната светлина која била наменета за светот. Преку овие свои слуги, Бог го извадил народот од темнината на папските заблуди, но постоеле уште многу големи пречки на кои требало да наидат, и Тој ги водел постепено, чекор по чекор, според тоа колку биле во состојба да поднесат. Тие не биле подготвени одеднаш да ја примат целата светлина. Како што пладневниот сјај на сонцето го заслепува оној кој бил долго во темнина, исто така и нив би ги заслепила светлината кога би им била откриена одеднаш. Затоа на овие водачи Бог им ја откривал вистината малку по малку, во онаа мера во која народот можел да ја прими. Во иднина требало да дојдат други верни работници, кои ќе го водат народот понатаму на патот на реформата. {ГБ 103.1}

Расколот во црквата сѐ уште траел. Три папи се бореле за превласт, а нивната борба го исполнувала христијанството со злосторства и со буни. Бидејќи не се задоволувале само со фрлање на анатеми, тие посегнале и кон вооружени борби. Секој од нив настојувал да набави оружје и да собере војска. Се разбира дека за сето тоа требало да се собере голема сума на пари, па затоа сите можни положби, повластици и благословите на црквата ги ставиле на продажба. (Види Додаток) Земајќи пример од своите поглавари, свештениците исто така посегнале кон симонија и војни за да ги понижат своите ривали и да ја зајакнат сопствената моќ. Хус сѐ поотворено и посмело грмел против сите тие гадотии кои се трпеле во името на верата, па народот јавно ги обвинувал римските поглавари како причинители за бедата која го преплавила христијанството. {ГБ 103.2}

Повторно се чинело дека градот Прага се наоѓа на работ на крвав судир. Како и во минатото, Божјиот слуга бил обвинет како оној „што му носи неволји на Израел“ (1. Цареви 18:17). Над градот повторно било изречено проклетство, а Хус се повлекол во своето родно село. Неговото верно сведочење во омилената Витлеемска капела било завршено. Тој требал од уште поголема говорница да му зборува на целото христијанство, пред да го положи својот живот како сведок за вистината. {ГБ 104.1}

За да се излекуваат злата кои тогаш ја растргнувале Европа, бил повикан општ црковен собор во Констанца. Соборот, по желба на царот Сигисмунд, го свикал папата Јован XXIII, еден од тројцата ривалски папи. Тоа барање, никако не му одговарало на папата Јован, чиј карактер и начин на живот не можеле да ја издржат дури ниту критиката на прелатите кои биле толку слаби во поглед на моралот, какво што воглавном било свештенството во тоа време. Сепак, тој не се осмелувал да се спротивстави на волјата на Сигисмунд (Види Додаток) {ГБ 104.2}

Главна цел на соборот била да се стави крај на раздорот во самата црква и да се искорени ересот. Затоа на соборот биле повикани двајцата сопернички папи, и Јан Хус како водечки пропагатор на новите сфаќања. Првите двајца, поради својата безбедност, не дошле лично, туку ги испратиле своите делегати. Папата Јован, иако привидно сам го свикал соборот, дошол со голем страв, сомневајќи се дека царот има тајна намера да го собори, и плашејќи се дека ќе биде повикан на одговорност поради пороците кои ја омаловажувале папската тијара, како и за злосторствата со кои дошол до неа. Сепак во Констанца влегол со голем сјај, опколен со црковни великодостојници и пратен од дворската свита. Сите свештеници и градските великодостојници со мноштвото народ, излегле да го пречекаат. Четворица високи службеници над неговата глава носеле златен балдехин. Пред него е носена хостија, а раскошната облека на кардиналите и благородниците давала импресивен призор. {ГБ 104.3}

Во исто време кон Констанца се приближувал друг патник. Хус бил свесен за опасноста што му се заканува. Се простил со своите пријатели мислејќи дека нема да ги види повторно, и тргнал со чувство дека тој пат води право на клада. Иако добил гарантно писмо од чешкиот крал, и исто така друго гарантно писмо од кралот Сигисмунд за време на патувањето, сепак, сите свои работи ги средил така како да го чека смрт. {ГБ 104.4}

Во едно писмо што го упатил до своите пријатели во Прага, рекол: „Браќа мои… патувам со гарантно писмо од самиот цар да се сретнам со своите многубројни и смртни непријатели… Целосно се потпирам на семоќниот Бог, во својот Спасител, верувам дека Тој ги слуша вашите усрдни молитви, дека ќе ми подари мудрост и разум да им се спротивставам, и дека ќе ми го подари Светиот Дух да ме утврди во Неговата вистина за да можам храбро да се соочам со искушенијата, затворот, а ако биде потребно и со свирепа смрт. Исус Христос страдал заради Своите избраници, па зар тогаш да се чудиме што ни оставил пример за нашето спасение сѐ да поднесуваме стрпливо. Тој е Бог, а ние Негови созданија; Тој е Господ, а ние Негови слуги; Тој е Учител на светот, а ние ништожни смртници; Нему ништо не му треба, а нам ни е потребно сѐ! Зошто тогаш и ние да не страдаме, посебно ако страдањето нам ни служи за чистење од гревовите? Поради тоа драги мои, ако мојата смрт придонесе за Негова слава, молете се таа што побрзо да дојде, и Господ да ми помогне истрајно да ги поднесам своите неволји. Но, ако е подобро да ви се вратам вам, да му се молиме на Бога да можам да се вратам

неизвалкан од овој собор, односно, да не погазам ниту една вистина на евангелието за да им оставам добар пример на моите браќа. Можеби вие нема веќе да го видите моето лице во Прага, но, ако дозволи волјата на Семоќниот Бог да ви се вратам, тогаш да тргнеме напред со срце поцврсто во познавањето на Неговиот закон и во љубовта кон Бога“ (Bonnechose, vol. 1, pp. 147, 148). {ГБ 105.1}

Во друго писмо упатено до еден свештеник кој станал ученик на евангелието, Хус со длабока понизност зборувал за своите грешки, обвинувајќи се себеси „дека со задоволство носел богата облека и многу часови поминувал во лекомисленост“. Потоа ги додал овие трогателни совети: „Нека твојата душа биде зафатена со Божјата слава и спасување на душите, а не со добивање на црковни бенефиции и имоти. Внимавај да не ја украсуваш својата куќа повеќе од својата душа, и над сѐ друго, води грижа за својата духовна градба. Кон сиромашните постапувај побожно и понизно, немој да го трошиш твојот имот на гозби. Ако не го поправиш својот живот, и не се воздржуваш од сѐ што е излишно, се плашам дека сето тоа ќе те измачува како и мене… Ти ја познаваш мојата наука, зашто моите поуки ги примаше уште од детството, и поради тоа нема потреба повеќе да ти пишувам. Но, те молам со милоста на нашиот Господ да не ме следиш ниту во една суета што си ја видел кај мене“… На обвивката од ова писмо додал: „Те заколнувам, пријателе мој да не го кршиш овој печат пред да бидеш сигурен дека сум мртов“ (Исто, vol. 1, pp. 148,149). {ГБ 105.2}

На својот пат, Хус насекаде можел да ги забележи знаците на ширењето на неговата наука, и придобивките од неговото дело. Народот масовно се собирал за да го поздрави, а во некои места и најистакнатите претставници на властите го придружувале додека поминувал низ улиците на нивниот град. {ГБ 106.1}

Кога стигнал во Констанца, му била овозможена целосна слобода. Покрај гарантното писмо на царот, имал и ветување за лична безбедност од страна на папата. Но, и покрај сите тие свечени и повеќе пати повторувани изјави, реформаторот набргу, по налог на папата и кардиналите, бил уапсен и фрлен во еден грозен затвор. Подоцна бил префрлен во една голема тврдина на другиот брег на Рајна и таму бил задржан како затвореник. „Папата кој со измама го фрлил во затвор, имал малку корист од неговото предавство, зашто набргу и самиот станал затвореник во истиот затвор“ (Исто, vol. 1, p. 247). За него на овој собор било докажано дека тој покрај убиство, симонија и прељуба, направил најтешки злосторства „кои не доликуваат да бидат именувани“. Сето тоа било изнесено пред советот, и конечно бил лишен од својата тијара и фрлен во затвор. Двајцата преостанати ривали кои се бореле за папскиот престол исто така биле симнати и на нивно место бил избран нов папа. {ГБ 106.2}

Иако самиот папа бил обвинет за многу поголеми злосторства од оние за кои самиот Хус ги обвинувал свештениците и поради кои барал реформа, сепак тој ист совет кој го отфрлил папата, решил да го уништи и реформаторот. Апсењето на Хус предизвикало вознемиреност во Чешка. Моќното благородништво се обратило до соборот со сериозни протести против тој насилен и срамен чин. Дури и самиот цар, кој не сакал да дозволи газење на гарантното писмо што го дал, се спротивставил на предавството. Но, непријателите на реформаторот биле злобни и решителни. Ги искористиле предрасудите на царот и неговата страшливост, и лукаво се повикале на неговата ревност за црквата. „Ги изнесувале сите можни аргументи за да докажат дека дадениот збор на еретикот, или лицето што е ставено под сомнеж заради ерес, не мора да се одржи, па дури и ако имаат гарантно писмо од царот или кралот” (Jacques Lenfant, History of the Council of Constance, vol. 1, p. 516). На тој начин тие победиле. {ГБ 107.1}

Исцрпен од затворот и болеста, – влажниот и нечист воздух во затворот му предизвикале грозница која речиси го покосила – Хус најпосле бил изведен пред соборот. Окован со синџири стоел пред царот, чиј збор и чест му биле гаранција за безбедност. За време на долгото сослушување, тој цврсто ја бранел вистината и, во присуство на собраните црковни и државни достоинственици, величествено и храбро ја осудил порочноста на црковната хиерархија. Кога од него побарале да се откаже од своите убедувања или да умре, тој избрал мачеништво. {ГБ 107.2}

Божјата милост го крепела и, во текот на тие неколку седмици на страдања што ѝ претходеле на конечната пресуда, неговата душа ја исполнувал небесен мир. „Ова писмо го пишувам во затвор и во синџири“, му пишувал на еден свој пријател, „очекувајќи ја мојата утрешна смртна пресуда со целосна доверба дека Бог нема да ме остави и дека нема да дозволи да се откажам од Неговото слово или да ги признам грешките што злобно ми се подметнати од лажните сведоци. Кога ќе се видиме во среќната вечност, ќе дознаете со каква милост ме удостоил Бог во моите страшни искушенија“ (Bonnechose, vol. 2, p. 67). {ГБ 107.3}

Од својата мрачна зандана, Хус ја видел победата на вистинската вера. Сонувал како се вратил во својата капела во Прага, каде го проповедал евангелието, и ги видел папата и неговите бискупи како ги бришат Христовите слики што тој ги нацртал на ѕидовите. „Тој сон го натажил, но веќе утредента видел многу уметници како ги обновуваат тие слики прикажувајќи ги во уште поголем број и во поубави бои. Кога го довршиле своето дело, опкружени со мноштво народ, уметниците извикале: Нека дојдат сега папата и бискупите, тие никогаш повеќе нема да го избришат ова!“ Прераскажувајќи го овој сон реформаторот рекол: „Сигурен сум дека Христовиот лик никогаш повеќе нема да биде избришан. Тие сакаат да го уништат, но во срцата повторно ќе воскреснуваат проповедници далеку подобри и поуспешни отколку што сум јас“ (D’Aubigne, b. 1, ch. 6). {ГБ 108.1}

Хус за последен пат бил изведен пред соборот. Било тоа големо и сјајно собрание – царот, државните кнезови, кралските пратеници, кардинали, бискупи и свештеници, и огромно мноштво на љубопитни луѓе. Од сите христијански земји се собрале сведоци на оваа прва голема жртва во борбата за зачувување на слобода на совеста. {ГБ 108.2}

Повикан уште еднаш да се изјасни за својата последна одлука, Хус не се откажал и насочувајќи го својот прониклив поглед кон царот, кој својот даден збор толку срамно го погазил, изјавил: „Јас дојдов на овој собор по своја желба, под јавна заштита и на чесен збор на царот кој е присутен овде“ (Bonnechose, vol. 2, p. 84). Сите присутни го насочиле погледот кон Сигисмунд и виделе како неговото лице го покрило длабоко руменило. {ГБ 108.3}

Кога била изречена смртната пресуда, почнала церемонија на деградација. Бискупите својот заточеник го облекле во свештеничка облека. Земајќи ја свештеничката облека, Хус рекол: „Нашиот Господ Исус Христос бил наметнат со бела наметка во знак на понижување, кога Ирод го довел пред Пилата“ (Исто, vol. 2, p. 86). Кога повторно го повикале да се откаже, тој, обраќајќи му се на народот, одговорил: „Со какво лице би можел да го гледам небото? Со какво око би можел да го погледнам мноштвото народ кому му го проповедав чистото евангелие? Не! Јас мислам дека нивното спасение е поважно од моето бедно тело што сега е осудено на смрт“. Тогаш почнале од него да соблекуваат делови од облеката и секој бискуп изговарал по едно проклетство, извршувајќи го својот дел на церемонијата. На главата му ставиле капа од хартија во вид на митра, со натпис „архиеретик“, на која биле насликани страшни ѓаволи. Хус извикнал: „Со радост ќе ја носам оваа круна заради Тебе, о Исусе, кој заради мене си носел трнов венец“. {ГБ 108.4}

Откако го облекле така, бискупите рекле: „Сега твојата душа ја предаваме на ѓаволот“. „А јас“, извикал Хус, кревајќи го својот поглед кон небото, „ја предавам својата душа во Твоите раце, Господи Исусе, кој си ме откупил!“  (Wylie, b. 3, ch. 7). {ГБ 109.1}

Тогаш го предале на световните власти и го одвеле на губилиште. По него одела огромна поворка – стотици вооружени војници, свештеници и бискупи во своите богати облеки, и жителите на Констанца. Кога бил врзан за столбот на клада и кога сѐ било готово, само огнот да се запали, уште еднаш побарале од маченикот да се откаже од своите заблуди и да се спаси. Хус извикнал: „Од каква заблуда да се откажам? Не се чувствувам ниту малку виновен. Го повикувам Бога за сведок дека сѐ што сум пишувал или проповедал има за цел само спасување на душите од грев и од вечна смрт; поради тоа сум подготвен вистината која ја застапував да ја запечатам со сопствената крв!“ (Исто, b. 3, ch. 7). Кога огнот пламнал околу него, тој почнал да пее: „Исусе сине Давидов смилувај ми се!“ И така продолжил сѐ додека неговиот глас не замолкнал засекогаш. {ГБ 109.2}

Непријателите на Хус биле восхитени од неговото херојско однесување. Еден ревен папист, опишувајќи ја маченичката смрт на Хус и Јероним, кој на ист начин бил убиен нешто подоцна, вели: „И двајцата појдоа храбро во смрт, се подготвија за оган како да се повикани на свадбена веселба,   не   испуштајќи   ниту еден крик на болка. Кога пламенот се издигнуваше, почнаа да пеат химни и одвај силата на огнот можеше да го замолкне нивното пеење” (Исто, b. 3, ch. 7). {ГБ 109.3}

Кога телото на Хус наполно изгорело, неговата пепел заедно со земјата на која лежел, била собрана и фрлена во Рајна а оттаму однесена во океанот. Залудно било мислењето на неговите прогонители дека така ќе ја искоренат вистината која ја проповедал. Не ни помислувале дека пепелта која тој кобен ден била носена кон реката, ќе биде како семе посеано во сите земји и во најоддалечените краишта ќе донесе богата жетва во вид на нови сведоци на вистината. Гласот кој сведочел за евангелието во салата на соборот во Констанца, како ехо одекнувал во сите идни векови. Хус повеќе го немало, но вистината за која умрел никогаш не згаснала. Неговиот пример на вера и цврстина охрабриле многумина што ја бранеле вистината и покрај заканата од мачење и смрт. Неговото погубување на целиот свет му ја открило подлата свирепост на Рим. Непријателите на вистината, несвесно, го помогнале ширењето на делото кое напразно настојувале да го уништат. {ГБ 110.1}

Но, наскоро во Констанца била подигната уште една клада. Крвта на уште еден маченик посведочила за вистината. Кога Јероним се поздравувал со Хус, при неговото заминување на соборот, го советувал да биде храбар и постојан, ветувајќи му помош доколку се најде во опасност. Кога слушнал за затворањето на реформаторот, верниот ученик веднаш го исполнил своето ветување. Без никакво гарантно писмо, во придружба на само еден свој другар, Јероним тргнал на пат. Кога стигнал таму сфатил дека не може да направи ништо за да го ослободи Хус и дека себеси се изложил на голема опасност. Се обидел да избега од градот, но го заробиле. Го однеле во Констанца во синџири придружуван од војници. Кога првпат бил изведен пред соборот, неговите обиди да се брани од обвинувањата изнесени против него биле проследени со извици: „Во оган со него, во оган!“ (Bonnechose, vol. 1, p. 234). Бил фрлен во затвор, окован во синџири и измачуван, а во исто време го хранеле само со леб и вода. По неколку месеци тешко темнување, Јероним тешко се разболел, а неговите непријатели, плашејќи се да не умре, ја ублажиле строгоста на затворот, но во него го задржале уште една година. {ГБ 110.2}

Смртта на Хус го немала она дејство што го очекувале следбениците на папата. Газењето на гарантното писмо со кое му била гарантирана безбедност, предизвикало вистинска бура на огорченост, па затоа наместо да го запалат, решиле, ако е можно да го присилат на одрекување. Поради тоа тој бил изведен пред соборот и му било предложено да избере, или да се откаже од верата или да умре на клада. Во почетокот на неговото затворање, смртта за него би претставувала вистинска благодат во споредба со страшните маки на кои бил изложен, но сега, ослабен од болеста и тешките услови на затворскиот живот, измачуван од стравот и неизвесноста, одделен од своите пријатели и обесхрабрен од Хусовата смрт, Јероним паднал со духот и се согласил да се покори на соборот. Ветил дека ќе се придржува кон католичката вера и дека ќе ги признае одлуките на соборот во врска со осудата на науката на Виклифа и Хуса, со исклучок на „светите вистини“ што ги проповедале тие (Исто, vol. 2, p. 141). {ГБ 111.1}

Со оваа постапка, Јероним се обидел да го замолкне гласот на својата совест и да ја избегне страшната судбина. Но, во самотијата на затворот појасно увидел што сторил. Размислувајќи за Хусовата храброст и верност, сфатил колку спротивно постапил со своето одрекување од вистината. Се сетил на божествениот Учител кому му ветил дека ќе му служи и кој заради него претрпел смрт на крст. Пред своето одрекување тој и покрај сите страдања низ кои поминувал, наоѓал утеха во уверението дека Бог му е наклонет, а сега грижата на совеста и сомнежите ја мачеле неговата душа. Знаел дека ќе мора од многу работи да се одрече пред да се помири со Рим. Патот по кој тргнал го водел до целосно отпадништво од верата. Поради тоа цврсто одлучил да не се откаже од Господа, само за да избегне едно краткотрајно страдање. {ГБ 111.2}

Набргу пак бил изведен пред соборот. Неговата послушност не ги задоволила судиите. Нивната жед за крв поттикната од Хусовата смрт, барала нови жртви. Само со целосно одрекување од вистината Јероним можел да го сочува својот живот. Меѓутоа, тој решил јавно да ја признае својата вера и да појде по стапките на својот брат – маченик да отиде на клада. {ГБ 112.1}

Го повлекол своето поранешно одрекување, и како секој човек осуден на смрт, барал да му се даде прилика да ја изнесе својата одбрана. Плашејќи се од последиците на неговите зборови, бискупите барале едноставно да ја признае вината или да ја негира. Против таквата свирепост и неправда, Јероним дал приговор: „Триста и четириесет дена ме држевте во страшна темница“, рекол тој, „во кал, во убиствена нечистотија и смрдеа, лишен од сѐ, сега ме изведовте овде и ги слушате обвинувањата на моите непријатели, а не сакате да ја сослушате мојата одбрана… Ако навистина сте мудри луѓе и светлина на светот, внимавајте да не згрешите против правдата. Што се однесува до мене, јас сум само слаб смртник, мојот живот повеќе нема значење, и ако ве предупредувам да не изречете неправда тоа го правам повеќе за вас отколку за  себе“ (Исто, vol. 2, pp. 146, 147). {ГБ 112.2}

Најпосле неговата молба била исполнета. Во присуство на своите судии, Јероним клекнал и се молел Божјиот Дух да управува со неговите мисли и зборови, за да не изговори нешто што е против вистината и недостојно за неговиот Учител. Над него тој ден се исполнило Христовото ветување дадено на Неговите први ученици: „И ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене… Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете, бидејќи не сте вие што ќе говорите, туку Духот на вашиот Отец ќе говори во вас“ (Матеј 10:18. 20). {ГБ 112.3}

Зборовите на Јероним предизвикале чудење и восхит дури и кај неговите непријатели. Цела година бил осамен во затворот, каде не можел ни да види книга, а не пак нешто да прочита, доживувајќи неподносливо телесно страдање и ментални превирања. Но, и покрај тоа, неговите докази биле јасни и силни, како цело време да се занимавал со проучување. Им укажал на своите слушатели на многуте свети луѓе кои биле осудени од неправедните судии. Речиси во секоја генерација имало луѓе, кои се обидувале да го подигнат народот на своето време, но биле напаѓани и осудувани; меѓутоа, подоцна биле почестени со најголема почит. Дури и Христа го осудил како злосторник еден неправеден судија. {ГБ 112.4}

Со своето одрекување Јероним всушност ја признал пресудата изречена над Хус, а сега јавно изјавил дека се кае поради тоа и сведочел за невиноста и светоста на маченикот. „Го познавав Хус од неговото детство“ – рекол тој. „Тој беше прекрасен човек, праведен и свет, и беше осуден и покрај неговата невиност… И јас исто така сум подготвен да умрам. Не се плашам од маките што ми ги подготвуваат моите непријатели и лажните сведоци, кои еден ден ќе мораат да дадат одговор поради своите клевети пред големиот Бог, кого никој не може да го измами“ (Bonnechose, vol. 2, p. 151). {ГБ 113.1}

Обвинувајќи се самиот себеси затоа што се одрекол од вистината, Јероним продолжил: „Од сите гревови што сум ги направил уште од младоста, ниеден не ја оптоварува толку мојата совест и не ми предизвикува толку болка и страдање, колку оној кој го направив на ова кобно место, одобрувајќи ги неправедните пресуди изречени против Виклиф и светиот маченик Јан Хус, мојот учител и мојот пријател. Да, со сета моја душа го признавам гревот, и згрозен сум од мојата постапка, кога уплашен од смртта ги осудив нивните учења. Се молам… Семоќниот Бог, да ги прости моите гревови, а особено овој најодвратен од сите“. Обраќајќи се кон судиите решително изјавил: „Вие ги осудивте Виклиф и Хус не затоа што ја потресоа науката на црквата, туку затоа што ги жигосаа срамните дела на свештенството, нивниот раскош, нивната горделивост и сите пороци на бискупите и свештениците. Но она што тие го тврдеа е непобитно, и јас мислам и изјавувам како нив“. {ГБ 113.2}

Неговите зборови биле прекинати. Бискупите, тресејќи се од гнев, почнале да викаат: „Уште каков доказ ни треба? Пред нас е најтврдоглавиот еретик!“ {ГБ 114.1}

Ненаметливо, смирено, Јероним извикал: „Мислите ли дека се плашам од смртта? Цела година ме држевте во страшно дувло полошо од самата смрт. Ме третиравте полошо отколку што би го сторил тоа еден Турчин, Евреин или незнабожец. Моето тело буквално изгни на моите коски. Но јас не се жалам, зашто жалењето не му прилега на човек од срце и храброст; јас само ѝ се чудам на толку големата свирепост кон еден христијанин!“ (Исто, vol. 2, pp. 151-153). {ГБ 114.2}

Повторно се кренала вистинска бура од негодувања, и Јероним веднаш бил вратен назад во ќелијата. Сепак, меѓу слушателите имало и такви врз кои неговите зборови оставиле длабок впечаток, и кои сакале да му го спасат животот. Во затворот го посетиле црковните великодостојници убедувајќи го да се покори на соборот. Му ветувале најсјајна иднина како награда ако престане со своето спротивставување на Рим. Сепак, исто како што постапил и неговиот Учител, кога Му била понудена славата од овој свет, Јероним останал непоколеблив. {ГБ 114.3}

„Докажете ми врз основа на Библијата дека сум во заблуда“ -рекол тој –  „тогаш ќе се откажам!“ {ГБ 114.4}

„Библијата!“ Извикал еден од неговите иследници – „зар таа треба да стане мерило за сѐ? Кој може да ја разбере додека црквата не ја протолкува?“ {ГБ 114.5}

„Зар човечките преданија се поверодостојни од евангелието на нашиот Спасител?“ – одговорил Јероним. „Павле ги советувал оние на кои им пишувал да не ги слушаат човечките преданија, туку нагласил: „Истражувајте ги писмата“. „Еретику!“ – одговорил еден од присутните – „жалам што толку зборував со тебе. Гледам дека си опседнат од ѓаволот“ (Wylie, b. 3, ch. 10). {ГБ 114.6}

Наскоро му била изречена смртна пресуда. Однесен бил на истото место каде што и Хус го положил својот живот. Во смртта отишол со песна на усните, а неговото лице блескало од радост и спокојство. Неговиот поглед бил насочен кон Христа и не се плашел од смртта. Кога џелатот, пред самото запалување на кладата, дошол зад него, маченикот му довикнал: „Дојди слободно напред!“ „Запали го огнот пред моите очи! Да се плашев, сега немаше да бидам овде!“ {ГБ 114.7}

Последните зборови што ги изговорил кога околу него пламнал огнот, биле зборовите на молитва: „Господе Семоќен Татко“ – извикал – „смилувај ми се, прости ги моите гревови, зашто Ти знаеш дека секогаш ја сакав твојата вистина“ (Bonnechose, vol. 2, p. 168). Неговиот глас замолкнал, но усните и понатаму шепотеле молитва. Кога огнот го завршил своето дело, била собрана пепелта на маченикот заедно со земјата на која била положена, и како и Хусовата, била фрлена во Рајна. {ГБ 115.1}

Така згаснале животите на овие верни носители на Божјата светлина. Но светлината на вистината што тие ја објавиле, како и нивниот херојски пример, не можеле да угаснат. Како што е невозможно Сонцето да се одврати од својот пат, така било невозможно да се спречи осамнувањето на денот што веќе тогаш се раѓал. {ГБ 115.2}

Погубувањето на Хус во Чешка го разгорел пламенот на огорченост и негодување. Целата нација почувствувала дека реформаторот бил жртва на злобните свештеници и предавството на царот. Тој бил прогласен за верен учител на вистината, а соборот кој го осудил на смрт бил обвинет за убиство. Неговите учења привлекле внимание поголемо од било кога. Со папски едикти списите на Виклиф биле осудени на спалување. Но тие што се спасени од уништување, сега се извадени од тајните засолништа и проучувани со помош на Библијата или со помош на одделни нејзини делови до кои народот можел да дојде. На тој начин мнозина ја примиле реформираната вера. {ГБ 115.3}

Убијците на Хус не можеле мирно да го гледаат триумфот на неговото дело. Папата и царот ги здружиле сите свои сили за да го запрат движењето, а војската на Сигисмунд удрила на Чешка. {ГБ 115.4}

Но, се појавил еден ослободител. Јан Жишка, кој иако набргу откако почнала војната целосно ослепел, но сепак бил еден од најспособните генерали, ги предводел Чесите. Потпирајќи се на Божјата помош и на праведноста на своето дело, овој народ се одбранил од нападите и на најсилните армии упатени против него. Царот повеќе пати со нови сили ја напаѓал Чешка, но секогаш бил срамно поразуван. Хусистите се издигнале над стравот од смртта и ништо не можело да ги спречи. Неколку години по почетокот на војната умрел храбриот Жишка, а на негово место дошол Прокоп, кој исто така бил храбар и вешт војсководач, а во извесен поглед уште поспособен водач. {ГБ 116.1}

Кога непријателите слушнале за смртта на слепиот војсководач, сметале дека сега е згодна прилика да го повратат она што го загубиле порано. Папата објавил крстоносна војна против хусистите. Повторно против Чешка е поведена огромна војска, која доживеала  уште еден страшен пораз. Потоа е организиран друг крстоносен поход. Во сите католички земји во Европа биле собирани луѓе, пари и оружје. Многу луѓе се собрале под папското знаме, уверени дека еретичките хусисти конечно ќе бидат уништени. Сигурни во својата победа, огромни воени сили навлегле во Чешка. Народот повторно се собрал да го порази непријателот. Двете војски се приближувале една кон друга сѐ додека не ги разделувала само една река. „Крстоносците биле далеку помногубројни но, наместо да ја преминат реката и да почнат борба со хуситите, заради што и дошле од далеку, стоеле и мирно гледале во борците“ (Wylie, b. 3, ch. 17). Одеднаш таа огромна војска ја обзел некој таинствен страв. Без никој да ги нападне, оваа силна војска се разбегала и се распрснала како да е поразена од невидлива сила. Голем број војници биле убиени од хусистите, кои ги гонеле бегалците, а во рацете на победниците паднал огромен плен, така што војната ги збогатила Чесите, наместо да ги осиромаши. {ГБ 116.2}

Неколку години подоцна, за време на владеењето на новиот папа, започнала уште една крстоносна војна. Како и порано, од сите католички земји во Европа биле собрани многу луѓе и средства. Големи привилегии им биле ветувани на оние кои ќе земат учество во овој опасен потфат. На секој крстоносец целосно ќе му бидат простени најгнасните злосторства. На сите што ќе загинат во војната им била ветена голема награда на небото, а оние што ќе ја преживеат, ќе стекнат чест и богатство на бојното поле. Повторно била собрана огромна војска, која откако ја поминала границата, навлегла во Чешка. Хусистите се повлекле и така го намамиле освојувачот длабоко во внатрешноста на земјата, наведувајќи ги да поверуваат дека веќе ја добиле победата. Најпосле војската на Прокоп застанала, се свртела кон непријателот и се подготвила за напад. Крстоносците, согледувајќи ја својата грешка, останале во својот логор, очекувајќи напад. Како што се приближувала војската, уште пред да се појават хусистите на повидок, повторно меѓу крстоносците настанала паника. Кнезовите, војсководците и обичните војници бегале на сите страни фрлајќи го своето оружје. Напразно пратеникот на папата, како водач на походот, настојувал да ја собере својата преплашена и дезорганизирана војска. Наспроти сите негови напори, најпосле и него го повлекол бранот на бегалците. Поразот бил целосен, и пак огромен плен паднал во рацете на победникот. {ГБ 116.3}

Така по вторпат, без ниеден удар со меч, побегнала пред еден малечок слаб народ една војска организирана од најсилните европски народи, што се состоела од храбри борбени луѓе, добро обучени и вооружени за борба. Тука била манифестирана Божјата моќ. Напаѓачите биле совладани од некој натприроден страв. Оној што фараонот и неговата војска ги потопил во Црвеното Море, Оној што ги натерал Мадијамците да побегнат пред Гедеон и неговите триста луѓе, кои за една ноќ ги поразиле гордите Асирци, повторно ја испружил Својата рака за да го онеспособи угнетувачот. „Ќе затреперат тие од страв, страв каков што досега немало, зашто Господ ќе им ги растури коските на оние што те опколуваат. И тие ќе се посрамат, зашто Бог ги отфрли“ (Псалм 53:5). {ГБ 117.1}

Откако ја загубиле надежта во победа со вооружена сила, папските водачи прибегнале кон дипломатија. Дошло до компромис со кој на Чесите привидно им е дадена слобода на совеста, а всушност тоа само ги потчинило на римската власт. Како услов за мир со Рим, Чесите навеле четири точки: слободно проповедање на Библијата и вршење на службата на народен јазик; право целата црква да може да земе причест во вид на леб и вино; исклучување на свештенството од сите световни служби и световни власти; во случај на вина, еднаква одговорност пред судот за духовниците и за лаиците. Претставниците на папската власт „најпосле се согласиле да ги прифатат и да ги потпишат сите четири услови, но барале правото на толкување на овој договор да им припаѓа ним, односно на соборот – со други зборови, на папата и на царот“ (Wylie, b. 3, ch. 18). Врз основа на тоа бил склучен договорот и Рим со лицемерство и измама го постигнал она што не успеал да го постигне со сила; зашто, бидејќи го добил правото да го толкува значењето на точките на договорот и на Библијата, можел по своја волја да го извртува нивниот смисол. {ГБ 118.1}

Голем дел од чешкиот народ, сфаќајќи дека си ја продал слободата, не се согласил да го потпише овој договор. Се појавиле неслоги и раздори што довеле до внатрешни судири и меѓусебни крвопролевања. Во тие борби паднал благородниот Прокоп, а слободата во Чешка исчезнала. {ГБ 118.2}

Сигисмунд, предавникот на Хус и Јероним, сега станал Чешки крал. Наспроти својата заклетва дека ќе ги штити правата на оваа земја, настојувал во неа да ја воспостави папската власт. Но, со неговото настојување да му угодува на Рим, малку постигнал. Дваесет години неговиот живот бил исполнет со борби и опасности. Неговите војски биле истрошени, неговите благајни испразнети од долгото и безуспешно војување. А сега, по едногодишно владеење, умрел, оставајќи го своето кралство на работ на граѓанска војна, а на потомството едно име обележано со жиг на срам. {ГБ 118.3}

И понатаму продолжиле несогласувањата, востанијата и крвопролевањата. Повторно странски армии ја нападнале Чешка, а внатрешниот раздор ја вознемирувал нацијата. Оние што останале верни на евангелието биле изложени на крваво прогонство. {ГБ 118.4}

Бидејќи нивните поранешни браќа склучиле договор со Рим, ги примиле и неговите заблуди, оние што останале приврзани на старата вера, формирале посебна црква под името „Обединети браќа“. Со оваа постапка навлекле врз себе проклетство од страна на сите сталежи, но сепак останале цврсти и непоколебливи. Иако биле присилени да бараат засолниште во шумите и пештерите, сепак се собирале да го читаат Божјото слово и заедно да се молат на Бога. {ГБ 119.1}

Од гласниците што тајно ги испраќале во разни земји, дознале дека тука и таму „постојат одделни следбеници на вистината, неколку во овој град, а неколку во оној, дека и тие се изложени на прогонство и дека среде Алпите постои стара црква која се темели на Библијата и се бори против идолопоклонството и изопаченоста на Рим“ (Wylie, b. 3, ch. 19). Оваа новост ја примиле со голема радост и стапиле во преписка со валденжанските христијани. {ГБ 119.2}

Верни на евангелието, Чесите, во текот на долгата ноќ на прогонство и во најтемните часови, ги насочувале очите кон небото како луѓе кои ги очекуваат првите зраци на денот. „Биле затекнати од злите денови, но… тие се сеќавале на зборовите кои најпрвин ги изговорил Хус, а Јероним ги повторил: дека мора да помине еден цел век пред да осамне денот. Овие зборови за хусистите имале исто значење како и зборовите на Јосиф упатени до израелскиот народ кој бил во ропство: „Јас ќе умрам, но Бог вас секако ќе ве посети и ќе ве изведе од оваа земја“ (Создавање 50:24) (Исто, b. 3, ch. 19). Последните години на петнаесеттиот век сведочат за бавното, но сигурно зголемување на бројот на „Обединетите браќа“. Иако немале слобода, сепак, донекаде уживале мир. Во почетокот на шеснаесеттиот век веќе имале околу двесте цркви во Чешка и Моравија“ (Ezra Hall Gillett, Life and Times of John Huss, vol. 2, p. 570). „Толкав бил бројот на остатокот што се избавил од уништувачкиот бес на огнот и мечот и кој можел да види како осамнува денот што го претскажал Хус“ (Wylie, b. 3, ch. 19). {ГБ 119.3}

Сподели го ова:

Слични објави