13 Холандија и скандинавските земји

Сподели го ова:

Во Холандија папската тиранија многу рано предизвикала решителен протест. Седумстотини години пред Лутер двајца бискупи, кои како пратеници престојувале во Рим, го запознале вистинскиот карактер на „светата столица” и бестрашно го обвиниле римскиот понтиф, велејќи: „Бог на својата црква, на својата кралица и свршеница, нејзе и на нејзиното семејство, им дал богат и вечен мираз, наследство што не може да пропадне и да овене; тој ѝ дал вечна круна и жезол… сите овие добра ти како крадец си ги присвоил за себе. Си седнал во Божјиот храм (2. Солунјаните 2:4); наместо да си пастир на стадото, ти се однесуваш како волк среде овците… Наместо да си слуга на слугите, како што се нарекуваш, ти се трудиш да станеш господар над господарите… Ги презираш Божјите заповеди… Светиот Дух е тој што ги подига сите цркви низ земјата… Градот на нашиот Бог, чиишто граѓани сме ние, ги опфаќа сите краеви на вселената и е поголем од градот кој светите пророци го нарекувале Вавилон, кој тврди дека е божествен, се воздигнува до небото и се фали дека неговата мудрост е бесмртна; и конечно, иако без никаква основа, тврди дека никогаш не грешел ниту пак може да погреши” (Gerard Brandt, History of the Reformation in and About the Low Countries, b. 1, p. 6). {ГБ 237.1}

Во текот на вековите што настапиле се подигале и други со сличен протест. Првите учители, кои патувале низ разни земји под разни имиња, работеле во духот на валденжанските мисионери, ширејќи го насекаде евангелието, се пробиле и во Холандија. Нивното учење бргу се раширило. Тие ја превеле Библијата од валденжански јазик на холандски јазик во стихови. „Нејзината голема предност”, изјавувале тие, „е што нема шеги, приказни, безначајни ситници ниту измами, туку само зборови на вистината; навистина, понекаде се наоѓа по некоја тврда лушпа, но и тука лесно може да се дојде до јатката и до сласта на она што е добро и свето” (Исто, b. 1, p. 14). Така во дванаесеттиот век пишувале пријателите на старата вера. {ГБ 238.1}

Тогаш почнале прогонствата од страна на римокатолиците; но и покрај кладите и мачењата, бројот на верниците продолжил да расте. Решително изјавувале дека Библијата е единствен непогрешлив авторитет на верата и дека „никој не смее да се присилува да верува, туку треба да се придобие само преку проповедање” (Martyn, vol. 2, p. 87). {ГБ 238.2}

Учењето на Лутер во Холандија нашло плодна почва. Искрени и верни луѓе се кренале да го проповедаат евангелието. Од една холандска провинција дошол Мено Симонс. Воспитан во римокатоличката вера и ракоположен за свештеник, тој воопшто не ја познавал Библијата и не сакал ниту да ја чита од страв да не биде заведен од кривоверството. Кога еден ден во него се појавил сомнеж во поглед на папското учење за претворање на виното и лебот во вистинско Христово тело и крв, тој сметал дека сатаната го искушува и се обидувал да се ослободи од таквите мисли со молитви и со исповед, но напразно. Потоа се обидел гласот на совеста да го замолкне со светски уживања, но и тоа не вродило со успех. По некое време почнал да го проучува Новиот завет и Лутеровите списи, и тоа му помогнало да ја прифатил реформираната вера. Набргу потоа тој морал да биде сведок на убиството на еден човек на кого му ја отсекле главата само затоа што по вторпат се крстил. Тоа го поттикнало да ја проучува Библијата во врска со крштевањето на новороденчињата. Во неа не можел да најде никаков доказ, но видел дека покајанието и верата се предуслови за крштевањето. {ГБ 238.3}

Мено ја оставил Римската црква и го посветил својот живот на проповедање на вистините што ги открил. Меѓутоа, како во Германија така и во Холандија се појавиле фанатици што ширеле апсурдни и заводливи учења, се подбивале на редот и пристојноста и прибегнувале кон насилство и побуни. Мено ги согледал ужасните последици до кои ваквите движења неизбежно би воделе и решително се спротивставил на погрешните учења на овие фанатици. Мнозина кои биле измамени од овие фанатици, подоцна се откажале од нивните погубни учења; но останале и доста потомци од старите христијани кои биле плод на валденжанското учење. Мено работел меѓу нив со голема ревност и успех. {ГБ 239.1}

Дваесет и пет години тој патувал заедно со својата жена и децата, поднесувајќи умор и оскудица и често бил во животна опасност. Ја пропатувал Холандија и северна Германија, работејќи претежно меѓу сиромашните слоеви, но нивното влијание било големо. По природа бил речит, иако со скромно образование, бил човек со непоколеблива чесност, со понизен дух, љубезен во однесувањето, искрено и сериозно побожен, и бидејќи во својот живот ги спроведувал начелата што ги проповедал ја придобил довербата кај народот. Неговите следбеници биле расеани и угнетувани. Мнозина страдале и поради тоа што погрешно ги поистоветувале со фанатичните Минцерови приврзаници. Сепак, благодарение на неговата работа, мнозина се преобратиле. {ГБ 239.2}

Никаде учењето на реформацијата не било толку широко прифатено како во Холандија. Но, само во неколку земји нејзините приврзаници трпеле пострашни прогонства. Во Германија Карло V ја забранил реформацијата, тој би се радувал кога би можел да ги види сите нејзини приврзаници на клада, но кнезовите станале како ограда против неговата тиранија. Во Холандија неговата власт била поголема и бргу се нижеле едикти за прогонства. Да се чита Библијата, да се проповеда, да се слуша за неа или пак само да се спомне нејзиното име, тоа значело да се изложиш на смртна опасност и да завршиш на клада. Да се молиш на Бога во тајност, да не се поклонуваш на слики или да пееш некој псалм, исто така се казнувало со смрт. Дури и оние што биле подготвени да се одречат од сѐ, признавајќи дека се во заблуда, биле осудувани на смрт. Мажите биле убивани со меч, а жените биле закопани живи во земјата. За време на владеењето на Карло V и Филип II, биле убиени илјадници верни приврзаници на реформацијата. {ГБ 239.3}

Еднаш цело семејство било доведено пред инквизиторите и обвинето дека не присуствувало на миса, туку дека дома одржувале свое богослужение. Запрашан што тие работат на своето тајно богослужение, најмладиот син одговорил: „Ние паѓаме на колена и се молиме на Бога да го просветли нашиот ум и да ни ги прости гревовите; се молиме и за нашиот владетел неговото владеење да биде успешно, а неговиот живот среќен; се молиме Бог да ги сочува властите на нашиот град” (Wylie, b. 18, ch. 6). Некои од судиите биле длабоко трогнати, но сепак таткото и еден од синовите биле осудени на смрт на клада. {ГБ 240.1}

Верата на мачениците дораснала на гневот на прогонувачите. Не само мажите, туку и нежните жени и младите девојки покажувале непоколеблива храброст. „Имало жени кои стоеле кај кладите на своите мажи, ги тешеле или им пееле псалми додека пламенот ги обвивал нивните тела. Млади девојки живи легнувале во своите гробови толку спокојно како да заминуваат на ноќна починка; или оделе на губилиште и во оган облечени во своите најубави фустани, како да одат на венчавка” (Исто, b. 18, ch. 6). {ГБ 240.2}

Меѓутоа, како и во првите векови кога паганството се обидело да го уништи евангелието, крвта на христијаните била само семе. (Види Tertullian, Апологија, параграф. 50) Прогонството придонело бројот на сведоците за вистината уште повеќе да се зголеми. Со години царот го извршувал своето свирепо дело, гневен поради нескршливата решителност на народот, но сѐ било напразно. Револуцијата под раководството на благородниот Вилхелм Орански, конечно на Холандија ѝ донела слобода на вероисповедта. {ГБ 240.3}

Во планините на Пиемонт, во низините на Франција и на бреговите на Холандија, напредокот на евангелието бил обележан со крвта на неговите ученици. Но, во земјите од Северна Европа, евангелието влегло мирно. Витенбершките студенти, враќајќи се во своите домови, ја пренеле реформираната вера и во Скандинавија. Објавувањето на Лутеровите списи исто така придонело за ширење на светлината. Едноставниот и отпорен народ на Северот се одвратил од расипаноста, раскошот и суеверието на Рим и ја прифатил чистотата, едноставноста и спасоносните вистини од Библијата. {ГБ 240.4}

Данскиот реформатор Таузен бил син на селанец. Како момче мошне рано почнал да покажува интелектуални способности; се стремел за повисоко образование, но неговите сиромашни родители не можеле да го платат неговото образование и тој морал да оди во манастир. Таму со чистотата на својот живот, трудољубивоста и верноста бргу ја задобил наклоноста на својот старешина. Испитите покажале дека поседува талент кој на црквата и ветувал големи услуги во иднина. Било одлучено да му се овозможи образование на некој од универзитетите во Германија или Холандија. На младиот студент му било дозволено самиот да  го избере местото на студирање; единствен услов бил да не оди во Витенберг. Ученикот кој се подготвува за служба во црквата не смее да биде изложен на отровот на кривоверството – така рекле монасите. {ГБ 241.1}

Таузен отишол во Келн, кој во тоа време, како и денеска, бил една од тврдините на римокатолицизмот. Но, многу наскоро му се згадил мистицизмот на школските професори. Приближно во тоа време се запознал со делата на Лутер. Ги читал со чудење и воодушевување и посакал реформаторот лично да го поучува. Но, за да го постигне тоа морал да се замери со својот монашки старешина и да ја изгуби издршката која дотогаш ја примал. Најпосле сепак се решил на тоа и набргу се запишал на универзитетот во Витенберг. {ГБ 241.2}

По враќањето во Данска, повторно се вратил во својот манастир. Сѐ уште никој не го осомничил за лутеранство. Тој не им ја открил својата тајна, но се обидел, без да влијае на предрасудите кај своите другари, да ги доведе до почиста вера и посвет живот. Им ја отворил Библијата, ја објаснувал нејзината вистинска смисла и конечно почнал отворено да проповеда за Христа како единствено оправдание на грешникот и како негова единствена надеж за спасение. Голем бил гневот на надлежниот старешина, кој во него полагал големи надежи очекувајќи да биде верен бранител на Римокатоличката црква. Таузен веднаш бил префрлен во друг манастир и ставен во ќелија под строг надзор. {ГБ 241.3}

На запрепастување на неговите нови чувари, неколку монаси наскоро го прифатиле протестантизмот. Преку решетките на својата ќелија, Таузен своите другари ги запознал со вистината. Кога данските отци би знаеле како католичката црква постапува со оние кои ги смета за еретици, гласот на Таузен никогаш повеќе не би се слушнал, но наместо жив да го закопаат во некоја подземна темница, тие го протерале од манастирот. Тогаш биле немоќни, бидејќи токму во тоа време стапил на сила еден кралски декрет што на поборниците на новото учење им давал заштита. Таузен почнал да проповеда. Му биле отворени црквите, а народот масовно доаѓал да го слуша. И други, исто така, го проповедале Божјото слово. Новиот завет, преведен на дански јазик, бил широко распространет. Напорите на папистите да го спречат делото, само го забрзале и Данска ја примила реформираната вера. {ГБ 242.1}

Во Шведска, исто така, младите луѓе кои се напојувале на изворот на Витенберг им ја донеле на своите сонародници водата на животот. Двајца од водачите на шведската реформација, Олаф и Лаврентиј Петри, синови на еден ковач од Оребро, обучени под водство на Лутер и Меланхтон, ревно ја проповедале вистината во нивната земја. Олаф, слично на Лутер, го будел народот со својата ревност и речитост додека Лаврентиј, по примерот на Меланхтон, бил учен, тивок и предаден на размислување. И двајцата биле луѓе со длабока побожност и со високо теолошко образование и со непоколеблива храброст при ширењето на вистината. Противењето од страна на Рим ни тука не изостанало. Католичките свештеници ги растревожиле неуките и суеверни луѓе. Олаф Петри честопати бил нападнат од толпата, и во неколку наврати одвај го спасувал својот живот. Сепак, овие реформатори уживале наклонетост и заштита од страна на кралот. {ГБ 242.2}

Под јаремот на Римската црква, народот осиромашил и стенкал под нејзиното насилство. Лишен од Светото Писмо, неговата вера се сведувала само на обреди и ритуали, што не му даваат никаква храна на духот и затоа се вратиле на празноверијата и обичаите на своите незнабожечки предци. Нацијата се поделила на две противнички фракции, кои со своите постојани борби уште повеќе ја зголемувале сеопштата беда. Кралот се решил за реформација на црквата и државата, и со радост ги поздравил овие способни и силни помошници во борбата против Рим. {ГБ 243.1}

Во присуство на монархот и владејачката елита на Шведска, Олаф Петри многу подготвено го бранел учењето на реформираната вера против римските поборници. Тој навел дека учењето на црковните отци може да се прифати само тогаш ако е во склад со Писмото, истакнувал дека главните точки на верата во Библијата се откриени толку јасно и едноставно, што секој може да ги разбере. Исус рекол: „Учењето Мое не е Мое, туку на Оној што Ме прати”. А Павле кажува дека: „Ако и ние самите, или пак ангел од небото ви проповеда нешто спротивно од она што ви благовестевме ние, нека биде проклет” (Јован 7:16; Галатјаните 1:8). „Како тогаш некои се осмелуваат”, нагласувал реформаторот, „да воспоставуваат нови догми и да ги наметнуваат како услов за спасение” (Wylie, b. 10, ch. 4). Тој докажал дека црковните декрети не важат кога се спротивни на Божјите заповеди и го истакнувал големиот принцип на протестантизмот: дека Библијата, само Библијата, е правило на верата и животот. {ГБ 243.2}

Оваа борба, иако се водела на релативно малечка сцена, може да ни покаже „од какви луѓе се состоела војската на реформаторите. Тоа не биле неуки секташи, ниту бучни препирачи  – далеку од тоа; тоа биле луѓе, што го проучувале Божјото слово и кои добро знаеле да ракуваат со оружјето од арсеналот на Библијата. Што се однесува до ученоста, тие биле пред своето време. Кога своето внимание ќе го насочиме само на сјајните центри како што биле Витенберг и Цирих, и светлите имиња како што се Лутер и Меланхтон, Цвингли и Еколампад, тогаш можеме да кажеме дека тие луѓе, водачите на реформацијата, по природа се одликувале со големи таленти и со извонредно знаење, додека нивните наследници не биле како нив. Но, ако се свртиме кон зафрлената сцена на Шведска, каде што ги наоѓаме скромните имиња на Олаф и на Лаврентиј Петри; ако се свртиме од големите учители кон учениците, што наоѓаме?… Научници и теолози, луѓе што целосно ги совладале вистините на евангелието и кои со леснотија ги победуваат схоластичарите и римските великодостојници” (Исто, b. 10, ch. 4). {ГБ 243.3}

Како резултат на оваа расправа, шведскиот крал ја прифатил протестантската вера, а подоцна за тоа се изјаснило и народното собрание. Олаф Петри го превел Новиот завет на шведски јазик, а по желба на кралот браќата се нафатиле да ја преведат и целата Библија. Така шведскиот народ за првпат го добил Божјото слово на својот мајчин јазик. Државниот собор одредил проповедниците по целата земја да го толкуваат Светото Писмо, а децата во училиштата да учат да ја читаат Библијата. {ГБ 244.1}

Благословената светлина на евангелието постепено но сигурно го растерала мракот на незнаењето и суеверието. Ослободена од римското угнетување, нацијата се издигнала до сила и величина, каква што никогаш порано не постигнала. Шведска станала една од тврдините на протестантизмот. Еден век подоцна, кога Германија се наоѓала во најголема опасност, овој мал и дотогаш слаб народ бил единствен во Европа кој се осмелил да и подаде рака во ужасната триесетгодишна војна. Се чинело дека цела Северна Европа повторно ќе падне под тиранијата на Рим, но, токму шведската армија и овозможиле на Германија да ја запре плимата на папскиот успех, да извојува верска толеранција за протестантите, калвинистите и лутераните и да им ја врати слободата на совеста на оние земји што ја прифатиле реформацијата. {ГБ 244.2}

Сподели го ова:

Слични објави