5. Најголемиот небесен дар

Сподели го ова:

5. лекција Сабота, 3. ноември 2018.

Најголемиот небесен дар

„Јас ќе Го помолам Отецот, и Тој ќе ви даде друг Утешител за да биде со вас довека.“ – Јован 14:16.

„Со тоа што ни го дава својот Свет Дух, Бог ни се дава себе си, претворајќи се во извор на божествени влијанија, за да му донесе здравје и живот на светот.“ – 7. Сведоштво, 273.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апостолите, 52-56.

Недела 28. октомври

1. ПРОШТАЛНО ВЕТУВАЊЕ

а. За каква ситуација Исус ги подготвувал своите ученици? Јован 13:33.

„(Јован 13:33) Учениците не можеле да се радуваат кога го слушнале ова. Ги обзел страв и уште поблиску се туркале околу Спасителот. Нивниот Господ, нивниот Учител и најдобар Пријател им бил помил од животот. Од Него очекувале помош во секоја нивна тешкотија, утеха во нивната тага и разочарување. Сега требало да ги напушти и да останат сами во својата немоќ. Мрачни претчувства им го исполниле срцето.“ – Копнежот на вековите, 662.

б. Кое утешително ветување Исус им го дал на своите ученици? Јован, 14:16.17.

„Пред да се принесе Себеси како жртва, Христос го побарал најдрагоцениот и најсовршен дар за Своите следбеници, дар што ќе им ги приближи неисцрпните ресурси на благодатта.“ – Копнежот на вековите, 668.669.
„Христос изјавил дека по Неговото вознесение, како најголем дар ќе и прати на својата црква Утешител кој ќе го заземе Неговото место. Тој Утешител е Светиот Дух – душата на Неговиот живот, успех на Неговата црква, светлината и животот на светот. Со својот Дух Христос испраќа влијание на помирување и сила која го отфрла гревот.“ – The Review and Herald, May 19, 1904.

Понеделник 29. октомври

2. ХРИСТОВ ПРЕТСТАВНИК

а. Зошто било потребно Христос да се вознесе на небото пред да го прати Утешителот? Јован 16:7.

„Духот и претходно бил на овој свет. Тој делувал на срцата на луѓето од самиот почеток на делото на откупувањето. Додека Христос бил на Земјата, на учениците не им бил потребен друг помошник. Меѓутоа, кога ќе бидат лишени од Неговото присуство, тие ќе почувствуваат потреба за дарот на Светиот Дух и тогаш Тој ќе дојде.“ – Копнежот на вековите, 669.

б. Што покажува дека Светиот Дух е Христов претставник? Јован 14:18; 15:26.

„Светиот Дух е Христов претставник, но не во човечки лик и не зависи од него. Оптоварен од човечката природа, Христос не можел лично да биде на секое место. Затоа, во нивен интерес било Тој да се врати кај Таткото и да го испрати Духот да биде негов наследник на Земјата. Тогаш никој нема да биде посебно привилегиран само поради местото во кое живее или поради својот личен допир со Христа. Со посредство на Духот, Спасителот ќе биде достапен на сите. Во таа смисла Тој ќе им биде поблизу отколку кога не би се вознел на Небото.“ – Копнежот на вековите, 669.
„Светиот Дух е лишен од човечка природа и не зависи од неа. (Христос) ќе се претстави себе си како присутен на секое место со својот Свет Дух, како Сеприсутен.“ – Manuscript Releases 14, 23.

в. Какви биле доказите дека Христос сега седнал на Неговиот посреднички престол? За што тоа ги оспособило учениците? Матеј 28:18-20; Дела 1:8.

„Дарителот на животот во Својата рака не ги држи само клучевите на смртта, туку и сите обилни небесни благослови. Сета власт на небото и на земјата му била дадена на Христа, и откако повторно го зазел своето место во небесните дворови, Тој со полно право може да им ги излива овие благослови на сите кои ќе поверуваат во Него и ќе Го примат. Црквата тогаш се крсти со силата на Духот. Учениците со тоа биле оспособени да одат и да го проповедаат Христа, најпрво во Ерусалим, каде што е направено срамното дело на обесчестување и отфрлање на законскиот Цар, а потоа и до најоддалечените делови на светот. Со тоа е даден доказ за Христовото устоличување во Неговото царство како Посредник. “ – Мојот живот денес, 54.

Вторник 30. октомври

3. ВЕЛИЧИНАТА НА ПОДАРОКОТ

а. Кое пророштво се исполнило кога Исус го дал дарот на Светиот Дух? Псалм 68:18, Ефесјаните 4:8. Колку целосен бил Неговиот дар?

„Христос ветил дека – кога ќе замине од оваа земја – ќе ги почести со овој дар не само оние кои верувале во Него додека бил со нив, туку и оние кои подоцна ќе поверуваат. Со кој дар можел впечатливо да го одбележи своето вознесение и своето застанување на посредничкиот престол? Тоа морало да биде нешто што и доликувало на Неговата величина и Неговото царско достоинство. Тој одлучил на своите следбеници да им го прати својот претставник – третото лице на Божеството. Тоа бил извонреден дар. Тој сакал со овој еден дар да им ги даде и сите останати дарови, и затоа единствено божествениот Дух, кој ја осведочува и ја преобратува душата, кој има сила да го просветли и посвети примачот, можел да биде Неговиот дар кој им бил ветен на учениците… Тој се спуштил толку целосно и со толкава сила како со векови да бил задржуван, а сега како силен порој се излеал – во целост – на црквата…
„Светиот Дух бил пратен како најдрагоцено богатство кое човекот може да го прими.“ – Мојот живот денес, 43.

б. Кои милостиви дарови Светиот Дух ги разделил во црквата? Со каква намена тие се дадени? Ефесјаните 4:11.12; 1. Коринтјаните 12:8-11.

„Талентите што и ги доверил Христос на својата црква посебно се однесуваат на даровите и благословите што ги дава Светиот Дух. (1. Коринтјаните 12,8-11). Не примаат сите луѓе ист дар, но на секој слуга Учителот му ветил некој дар на Духот.“ – Христови очигледни поуки, 327.

в. Колку долго ќе постои потреба за овие дарови? Ефесјаните 4:13.

„Овде ни е покажано дека Бог на секој човек му дава одредена задача, и извршувајќи ја таа задача, човекот го исполнува својот дел од Божјиот возвишен план. Секој верен работник ќе придонесе за усовршување на светиите. Сите кои ќе бидат благословени со работата на Божјиот слуга, според своите способности, треба да се обединат со Него во делото за спасение на душите. Тие секогаш треба пред себе да ја имаат возвишената цел; секој треба да тежнее да го најде местото кое му припаѓа во црквата, а сите треба да работат заедно во хармонија, ред и љубов.“ – The Review and Herald, November 12, 1908.

Среда 31. октомври

4. ИСПОЛНЕТИ СО БОЖЈА ПОЛНОТА

а. Кој благослов е вклучен во новозаветното ветување? Галатјаните 3:14; Дела 3:25.26.

„Светиот Дух е Христовиот Дух, Тој е Негов претставник. Тој е божествено орудие кое го осведочува срцето.“ – Manuscript Releases 13, 313.
„Ветувањето за дарот на Светиот Дух не е ограничено нити на една епоха, нити на еден народ. Христос рекол дека божествената сила на Светиот Дух ќе биде на Неговите следбеници се до крајот. Од денот на Педесетница па се до денес, Утешителот им е упатуван на сите кои потполно му се посветиле на Господа и Неговата служба. Светиот Дух доаѓал како советник, просветител, водич и сведок на сите кои го примиле Христа како личен Спасител.“ – Делата на апостолите, 49.

б. Кое искуство ќе биде наше кога ќе го примиме дарот на Свети-от Дух? Римјаните 5:5; Ефесјаните 3:16-19.

„Овде се откриени блескавите достигнувања што и ние со вера во ветувањата на нашиот небесен Отец, можеме да ги оствариме доколку ги исполниме Неговите барања. Благодарение на Христовите заслуги, имаме слободен пристап кон престолот на неограничената сила. ‘Оној Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за сите нас, како да не ни подари со Него се?’ (Римјаните 8:32). Отецот на Својот Син Му ја дал силата на Својот Дух без неограничена мерка, исто така и ние можеме да бидеме учесници во неговата полнина.“ – Големата борба, 477.
„Кога Христос преку вера престојува во вашето срце, ова богато искуство ќе биде ваше. Тогаш ќе знаете дека љубовта тече во вашето срце и ја потчинува секоја емоција и секоја мисла, заробувајќи ги во покорност на Христа. Вие тоа не можете да го објасните; човечкиот јазик никогаш не може да опише како Христовата љубов ја обзема душата и ја заробува секоја способност на умот. Но, вие тоа ќе го спознаете преку лично искуство.“ – The Review and Herald, March 15, 1892.
„Зошто ние не чувствуваме повеќе глад и жед за Духот, кога Тој претставува средство со кое примаме сила? Зошто не зборуваме за тој дар, зошто не Го бараме во своите молитви? Зошто не држиме проповеди за тоа?“ – Делата на апостолите, 50.

Четврток 1. ноември

5. МОЛИТВИ ДО ПРЕСТОЛОТ НА БЛАГОДАТТА

а. Што треба да направиме за до го примиме дарот на Светиот Дух? Лука 11:13.

„Господ многу повеќе сака да им го даде дарот на Светиот Дух на оние кои Му служат, од родителите кои им даваат добри дарови на своите деца. Секој работник срдечно нека му ги упатува своите молитви на Бога за секојдневно крштевање со Духот. Христијанските работници треба да имаат посебни состаноци на кои ќе се молат за помош и небесна мудрост за да можат мудро да поставуваат планови и да ги извршуваат. Особено треба да се молат на Бога своите избрани пратеници во мисионските полиња да ги крсти и облагороди со Светиот Дух.“ – Делата на апостолите 50,51.

6. Што треба да содржат нашите молитви кои се упатени кон Бога? Псалм 51:9-12.

„Покајанието, како и простувањето, е Божји дар преку Христа. Преку влијанието на Светиот Дух ние сме осведочени за гревот, и ја чувствуваме нашата потреба од помилување. Само на понизните ќе им биде простено; но благодатта Господова го наведува срцето на покајание. Тој е запознаен со сите наши слабости и немоќи, и Тој ќе ни помогне. Тој ќе ја слушне молитвата на верата; но искреноста на молитвата може да се докаже само со нашите напори да бидеме во хармонија со големиот морален стандард кој ќе го искуша карактерот на секој човек. Мораме да ги отвориме нашите срца за влијанието на Духот и да ја искусиме Неговата преобразувачка сила.“ – The Review and Herald, June 24, 1884.

Петок 2. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто ветувањето за дарот на Духот било толку утешно за учениците?
2. Кого Светиот Дух ни го претставува?
3. Зошто Светиот Дух е најголемиот дар кој Исус можел да им го даде на своите следбеници?
4. Кој новозаветен благослов се исполнува кога му се предаваме на Светиот Дух?
5. Каква треба да биде нашата молитва во поглед на ветениот дар?

Сподели го ова:

Слични објави