3. Небесен Учител

Сподели го ова:

3. лекција Сабота, 20. октомври 2018.

 

Небесен Учител

 „Кој го упатил Духот на Господ, и Му бил Нему советник и Го учел?“ – Исаија 40:13.

„Светиот Дух, Христовиот претставник на земјата, е поставен и возвишен како небесен Учител и водич, пратен на овој свет од страна на нашиот Господ при Неговото вознесение, за да го оствари се она што Тој го овозможил со својата смрт на крстот во срцата и животите на луѓето.“ – Life Sketches, 472.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Христовите очигледни поуки 124-134.

Недела 14. октомври

1. УЧИТЕЛ НА ВИСТИНАТА

а. На кој начин Светиот Дух беше учител на вистината во времето на Стариот Завет? Изреки 1:23.

б. Кого го препознал Неемија како учител на Божјиот народ откако излегле од Египет? Неемија 9:20. Како делувал Духот низ историјата?

„Бог од самиот почеток со Својот Свет Дух делувал на луѓето за да ја исполни својата намера во поглед на паднатиот човечки род. Тоа јасно се видело во животот на патријархот… А во деновите на апостолите Тој силно работел за својата црква со силата на Светиот Дух. Таа иста сила која ги подржувала патријарсите, им давала надеж на Халев и на Исус Навин и која и подарила успех на апостолската црква, им пружила поддршка и на верните Божји деца во подоцнежните векови. Силата на Светиот Дух за време на мрачните векови им помогнала на валдежанските христијани да направат пат за реформација. Таа иста сила ги направила успешни напорите на оние благородни мажи и жени кои со својата пионерска работа го приготвувале патот за формирање на денешните мисионерства и преводи на Библијата на јазиците кои ги зборуваат сите народи и народности. “ – Делата на апостолите, 53.

Понеделник 15. октомври

2. НАД СВЕТОВНАТА МУДРОСТ

а. Каква спротивност покажал апостол Павле помеѓу мудроста на овој свет и мудроста на Светиот Дух? 1. Коринтјаните 2:12-14.

„Божественото вдахновение поставува многу прашања на кои ни најспремниот научник не може да одговори. Тие прашања не се поставуваат со цел ние на нив да одговориме, туку да обратиме внимание на длабоките Божји тајни и да согледаме дека нашата мудрост е ограничена, дека во секојдневниот живот во нашата околина постојат многу работи кои се над моќта на ограничениот човечки ум, дека Божјиот суд и Неговите намери не можат да се откријат. Неговата мудрост е необјаснива.
Скептиците не сакаат да веруваат во Бога, затоа што со својот ограничен ум не се во состојба да ја сфатат бескрајната моќ со која Бог им се открива на луѓето. Меѓутоа, Божјото постоење треба да го признаеме повеќе поради она што не ни го открил за Себе, отколку по она што му Го открил на нашето ограничено сфаќање. И во божествените откритија и во природата Бог им дал на луѓето тајни кои бараат вера од нивна страна.“ – 8. Сведоштво, 261.

б. Како Бог го користи Светиот Дух за да ни ја открие вистината? 1. Коринтјаните 2:6.7; 2:9.10. Како ние покажуваме дека го слушаме нашиот Учител?

„Светиот Дух и зборува на душата преку Светите Списи и ја втиснува вистината во срцето. На тој начин Тој ја разоткрива заблудата и ја истерува од душата. Со Духот на вистината, кој делува преку пишаното Божјо Слово, Христос ги потчинува Своите избраници.“ – Копнежот на вековите, 671.
„Молете Го Бога да ви ја открие светлината и вистината преку Неговиот Свет Дух, за да можете да го разберете она што го читате во Неговото Слово. Кога, по воскресението, Христос одел со учениците кон Емаус, Тој им го отворил умот за да го разберат Писмото. Истиот божествен Учител ќе го просветли и нашиот ум ако прозорците на срцето ги чуваме отворени кон небото, а затворени за земните влијанија. Службата на Светиот Дух е да ни напомнува за се и да не упати во сета вистина.“ – That I May Know Him, 202.
„Немојте во својот ум да трупате толку безвредни работи кои не можат да ве задоволат. Во Божјото Слово пред тебе се простира најбогата трпеза. Тоа е Божја трпеза, снабдена со изобилство, од која можете да јадете и да бидете задоволни.“ – That I May Know Him, 201.

Вторник 16. октомври

3. ПОЗНАВАЊЕ НА БОЖЈИТЕ РАБОТИ

а. Колку се длабоки знаењето и мудроста на Бога и на Светиот Дух? Матеј 10:29-31; Римјаните 11:33-36.

„Кога Светиот Дух се излил на денот на Педесетницата врз учениците, тие ги разбрале параболите кои им ги кажувал Исус. Тогаш им станало јасно учењето кое за нив до тогаш претставувало тајна. Од разбирањето кое го примиле под влијание на Светиот Дух тие се посрамиле поради своите дотогашни чудни теории. Нивните претпоставки и толкувања биле лудост во споредба со применото спознавање на она што е небесно. Сега биле водени од Светиот Дух и нивното некогаш помрачено сфаќање се просветлило. – 8 Сведоштво, 267.

б. Кои се тие работи што човекот сам од себе не може да ги знае, а Духот ги познава? 1. Коринтјаните 2:11.16.

„Божјата намера е Неговите деца уште во овој живот да стекнат се појасни и подлабоки сознанија од Неговата Реч. Тоа може да се постигне само доколку сме просветлени со истиот Дух преку кој таа Реч дошла до нас.“ – Патот кон Христа, 109.

в. Што секогаш треба да правиме пред да ја проучуваме Библијата? Псалм 119:18.

„Библијата никогаш не треба да се проучува без молитва. Само Светиот Дух може да ни помогне да ја сфатиме важноста на оние работи што лесно можат да се разберат и да не сочува од извртување на оние точки на вистината што тешко се сфаќаат. Службата на Небесните ангели се состои во тоа да ги подготват нашите срца да го разбереме Божјото Слово, да бидеме одушевени со неговата убавина, предупредени со советите и охрабрени и зајакнати со ветувањата што се наоѓаат во него. Молбата на псалмистот: „Отвори ги очите мои, и ќе ги разберам чудесата од Твојот закон.“ (Псалм 119,18), треба да биде и наша молитва. Искушенијата често се чинат неодоливи затоа што се занемарува молитвата и проучувањето на Библијата и тогаш оној што се искушува не може веднаш да се сети на Божјите ветувања и на сатаната да му се спротивстави со библиско оружје.“ – Големата борба, 599.600.

Среда 17. октомври

4. ВИСТИНСКИ УЧИТЕЛ

а. Кои се квалификациите на вистинскиот учител? Јован 7:18; Матеј 7:15-20.

„(Исус) укажал на мерилото на чија основа вистинскиот учител се разликува од измамникот: ‘Кој говори самиот од себе, тој си бара своја слава; а кој ја бара славата на Оној што Го пратил, Тој е вистинит и во Него нема неправда’ (Јован 7:18). Кој бара сопствена слава, тој зборува само за себе. Самољубието со тоа го открива своето потекло.“ -Копнежот на вековите, 456.

б. Како Исус ги исполнил овие барања? Јован 7:16; 8:50; 14:10. Евреите 5:5 (прв дел).

„Но Христос ја барал славата Божја. Тој зборувал Божји зборови. Тоа било доказ за неговото право да биде Учител на вистината.“ -Копнежот на вековите 456.
„Бог не сака твојата светлина да свети така што твоите добри дела ќе ти донесат пофалба од луѓето. Исус во текот на својот живот на луѓето им дал пример за карактер… Тој изјавил: ‘Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело’ (Јован 4:34). Кога ние би биле посветени на Божјото дело, кога би го извршувале трудејќи се да ја зголемиме единствено Неговата слава, би биле во состојба заедно со Христа да кажеме: ‘Но Јас не барам Своја слава; има Друг што ја бара, и што ќе суди’ (Јован 8:50). Неговиот живот бил полн со добри дела, и наша должност е да живееме онака како што живеел нашиот голем Пример.“ – Reflecting Christ, 41.

в. Кого Го прославува Светиот Дух? Како ова докажува дека Светиот Дух е личност различна од Христа? Јован 16:13-14.

„Светиот Дух Го воздига и Го слави Спасителот. Неговата мисија е да ни Го претстави Христа, чистотата на Неговата праведност и големото спасение кое го добиваме само преку Него.“ – Christian Education, 59.
„Духот постојано настојува вниманието на луѓето да го насочи на големата жртва принесена на крстот на Голгота, да му ја открие на светот Божјата љубов, а на осведочената и преобратена душа да и ја открие убавината и драгоценоста на светите списи.“ – Делата на апостолите, 52.

Четврток 18. октомври

5. ВОДИЧ КОЈ НЀ ТЕШИ

а. Иако Утешителот не е иста личност со Христа, кого Тој го претставува на земјата? Јован 14:18.21; 15:26. Кога е тоа особено случај?

„Кога Божјиот народ го истражува Писмото со желба да дознае што е вистина, Исус е тука присутен во личноста на Својот претставник, Светиот Дух, за да ги оживее срцата на понизните и покорните.“ -Manuscript Releases 12, 145.
„Кога го проучувате Светото Писмо, Светиот Дух е на ваша страна, претставувајќи го Исуса Христа.“ – Ye Shall Receive Power, 328.

6. Колку ќе научиме од нашиот небесен Водач и каков ќе биде резултатот од таквото поучување? Јован 14:26.

„Светиот Дух ни е даден како помош во проучувањето на Библијата. ‘А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Тој ќе ве научи на се и ќе ви напомни за се што сум ви зборувал’ (Јован 14:26). Кога Библијата ќе стане книга на проучување, преку искрена молитва за водство на Светиот Дух и со целосно предавање на срцето кое е спремно потполно да и се посвети на вистината, сето она што Христос го ветил ќе се оствари. Резултатот од таквото проучување на Библијата ќе биде добро урамнотежен ум, размислувањето изострено, а совеста чувствителна. Симпатиите и чувствата ќе бидат прочистени, а моралната атмосфера подобра, при што се заедно ќе претставува нова сила за отпор на искушението.“ – Совети за родителите, учителите и студентите, 297.

Петок 19. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Наведи примери за тоа како Светиот Дух му помагал на Божјиот народ во минатото.
2. Како Светиот Дух ни помага да осознаеме што е вистина?
3. Како кај учениците се променило сфаќањето за вистината после излевањето на Светиот Дух на денот на Педесетница?
4. Кои услови исполнети од страна на Светиот Дух покажуваат дека Тој е вистински Учител?
5. Каков став ти е неопходен ако сакаш Светиот Дух да те доведе во сета вистина?

Сподели го ова:

Слични објави