12. Ветување за доцен дожд

Сподели го ова:

12. лекција Сабота, 22. декември 2018.

 

Ветување за доцен дожд

„Молете Го Господа за дожд во време пролетно; Господ ќе светне со молскавица и ќе ви даде обилен дожд – зеленило во поле.“ – Захарија 10:1.

„Тоа освежување или Божја сила ќе ја примат само оние што ќе се подготват за тоа извршувајќи ја задачата што Бог им ја одредил, односно чистејќи се од секоја нечистотија на телото и духот, усовршувајќи ја светоста во Божји страв.“ – 1. Сведоштво, 619.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Testimonies to Ministers, pp. 506-512.

Недела 16. декември

1. ПОСТОЈАНО ПОТСЕТУВАЊЕ НА СТРАЖЕЊЕ

а. Во кој период од светската историја ние живееме? 1. Јованово 2:18; Матеј 24:4-14.33.

„Денот на испитување и прочистување е токму пред нас. Знаците од највозбудлив карактер кои се појавуваат во поплави, во торнада, во урагани, во провалата на облаците, во несреќите на копно и море, гласно зборуваат дека крајот на сите нешта навистина се приближил. Божјите казни паѓаат на светот, за да можат луѓето да се разбудат и станат свесни на фактот дека Христовото доаѓање бргу се приближува.“ – The Review and Herald, November 8, 1892.

б. На кои знаци укажува апостол Павле? 2. Тимотеј 3:1-5.

„Насилството и злосторствата од секој вид го преплавуваат светот и сатаната ги користи сите можни средства за да ги направи популарни злосторствата и најниските пороци… Така нивниот ум систематски се навикнува на блискост со гревот. Животот на изопачените и порочни луѓе им се изнесува секој ден во привлечните списанија и се што може да предизвика љубопитност и да ги пробуди животинските страсти им се прикажува во возбудливите и потресни приказни.“ – 3. Сведоштво, 471.472.

Понеделник 17. декември

2. УСЛОВИ ЗА ПРИМАЊЕ НА ПОЗНИОТ ДОЖД

а. Кој посебен благослов Бог го ветил во последните денови? Јоил 2:28.29.

„Пред да се излеат на земјата, последните Божји казни, меѓу Неговиот народ ќе дојде до такво будење и оживување на првобитната побожност, какво што не се видело од времето на апостолите. Врз Божјите деца ќе се излее Неговиот Дух и сила.“ – Големата борба, 464.
„Дојдено е времето кога мораме да очекуваме дека Господ ќе направи големи работи за нас. Нашите напори не смеат да попуштат или ослабнат. Треба да растеме во благодатта и во познавањето на Господа. Пред да се заврши делото и да се запечати Божјиот народ, ќе примиме излевање на Божјиот Дух. Небесните ангели ќе бидат меѓу нас.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 111.
„Иако ова пророштво на Јоил имало свое делумно исполнување во деновите на апостолите, ние живееме во време кога исполнувањето на ова пророштво треба уште поочигледно да се покаже во искуството на Божјиот народ. Тој за припадниците на својот народ ќе излее изобилство од својот Дух, така што тие ќе станат блескава светлина во моралната темнина на светот; и таа голема светлина ќе биде пренесена во сите делови на светот.“ – Коментари на библиските текстови, 398.

б. Што е неопходно за да го примиме доцен дожд? 1. Петрово 1:1317; 2. Петрово 1:2-8.

„Позниот дожд, кој чини да созрее земната жетва, ја претставува духовната благодат која ја подготвува црквата за доаѓањето на Синот човечки. Но, доколку не паднал раниот дожд, нема да има живот; нема да се појави онаа нежна зелена тревка. Ако раниот дожд не го изврши своето дело, доцен дожд не може да доведе до совршенство на семето.
Прво треба да биде ‘стебленце, па клас, а потоа и полно зрно во класот’ Така мора постојано да се развива и расте животот на еден христијанин и постојано да напредува неговото христијанско искуство. Тоа е она што треба да го бараме со копнежлива желба, за да го направиме учењето на Христа нашиот Спасител вредно за восхит.“ – Testimonies to Ministers, p. 506.
„Бог може да вдахне нов живот во секоја душа која искрено сака да Му служи… Господ нека му помогне на на својот народ да го исчисти храмот на душата од секоја нечистотија и да одржува таква блиска врска со Него, за да може да го прими доцен дожд кога ќе дојде времето тој да се излее.“ – Коментари на библиските текстови, 600.

Вторник 18. декември

3. ПОДГОТОВКА ВО РАНИОТ ДОЖД

а. Што треба да направи раниот дожд за секој верник? Дела 3:19.20.

„Многумина во голема мера пропуштиле да го примат раниот дожд. Поради тоа тие не ги добиле сите оние предности што Бог ги обезбедил за нив. Тие очекувале дека недостатокот ќе биде надоместен со доцен дожд. Тие планираат да ги отворат своите срца тогаш кога милоста ќе се излее побогато и поцелосно. Но таквите прават ужасна грешка. Делото што Бог го започнал во човечкото срце преку давање на Неговата светлина и знаење мора постојано да напредува. Секој поединечно мора да ја сфати својата лична потреба. Срцето мора да се испразни од секоја нечистотија и да се очисти како би било подготвено за стан на Светиот Дух. Признавањето и оставањето на гревот, искрената молитва, и посветеноста на Бога, тоа учениците ги подготвило за излевање на Светиот Дух на денот Педесетница. Истата работа, само во поголема мера, мора да се направи и сега.“ – Testimonies to Ministers, p. 507.
„Чувствувајќи ја нашата беспомошност, ние треба да ги искористиме сите можности што ни стојат на располагање за да се здобиеме со поцелосно искуство, и како билката што пушта корен во земјата, така и ние мораме длабоко да се вкорениме во Христа. Како билката што ја прима сончевата светлина, росата и дождот, така и ние мораме да го отвориме нашето срце за влијанието на Светиот Дух.“ – Христовите очигледни поуки, 67.

б. Кој сериозен повик ни го упатил Исус? Марко 13:33.

„Немам конкретно време за да зборувам кога ќе се случи излевањето на Светиот Дух – кога моќниот ангел ќе слезе од небото и ќе се обедини со третиот ангел како би го довршиле делото за овој свет; мојата порака е дека нашата единствена сигурност е во тоа да бидеме подготвени за небесно освежување, кога нашите светилки се средени и запалени.“ – Messages, bk. 1, p. 192.
„Пораката на третиот ангел прераснува во гласен вик и не смеете да се чувствувате слободни да ја занемарите сегашната должност, а сепак да сметате дека некогаш во иднина ќе примите голем благослов, кога без никаков напор од ваша страна, ќе се случи прекрасно оживување… Денес треба да ги исчистите вашите садови за да бидете подготвени за роса од небото, подготвени за излевање на доцен дожд. Позниот дожд ќе дојде и благослов од Бога ќе ја исполни секоја душа која е очистена од секоја нечистотија. Нашето дело е денес да ги покориме нашите души на Христа, за да можеме да бидеме подготвени за времето на освежување од Божјото присуство – подготвени за крштевање со Светиот Дух.“ – Евангелизам, 701, 702.

Среда 19. декември

4. СЕГА Е ВРЕМЕТО!

а. Каков повик ни се упатува денес? Осија 10:12; Матеј 24:44; 1. Јованово 3:3.

„Господ наскоро ќе дојде и мораме да се подготвуваме да Го дочекаме во мир. Мораме да решиме да направиме се што е во наша моќ да им ја пренесеме светлината на оние кои се околу нас. Немојте да бидете тажни, туку радосни и секогаш да го имаме пред очи Господ Исус. Тој наскоро доаѓа и мораме да бидеме подготвени и да го чекаме Неговото појавување. О, колку ќе биде славно кога ќе Го видиме и кога ќе бидеме поздравени со добредојде како оние кои Тој ги откупил!“ – 8. Сведоштво, 253.
„Господ доаѓа, и ние мораме да бидеме подготвени! Секој миг ја барам Неговата благодат – ја сакам облеката на Христовата правда. Мораме да ги понижиме нашите души пред Бога како никогаш досега, да дојдеме во подножјето на крстот, и Тој ќе стави зборови во нашата уста да можеме да зборуваме за Него, и да го фалиме нашиот Бог… Зарем нема да дозволиме да престојува во нашите срце со вера? Зарем нема безрезервно да се посветиме на Бога?“ – The Review and Herald, March 4, 1890.
„Од ден на ден треба да бараме просветлување од Светиот Дух, за да може да го изврши своето дело врз душата и карактерот. О, колку време залудно е потрошено придавајќи внимание на безначајни работи.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 192.

б. Што можеме да научиме од ранохристијанската црква? Дела 1:14; 4:32.

„Треба да се забележи дека Духот се излеал врз учениците дури тогаш кога целосно се обединиле, тогаш кога престанале да се борат за највисоко место. Станале еднодушни. Сите несогласувања биле отстранети. И кога примиле сила од Духот, сите изнесувале исто сведоштво… Така може да биде и денес. Христијаните треба да ги отфрлат сите несогласувања и да му се предадат на Бога заради спасување на изгубените. Со вера нека се молат за ветениот благослов и тој ќе дојде. Излевањето на Светиот Дух во времето на апостолите бил ‘ран дожд’, и резултатот бил величествен. Но ‘доцен дожд’ ќе биде уште пообилен. Што им е ветено на оние кои живеат во овие последни денови? – ‘Пријдете кон тврдината, вие затвореници на надежта; уште денес Јас навестувам, ќе ти вратам двојно’ (Захарија 9:12). ‘Молете Го Господа за дожд во време пролетно; Господ ќе светне со молскавица и ќе ви даде обилен дожд – зеленило во поле’ (Захарија 10:1).“ – 8. Сведоштво, 20.21.

Четврток 20. декември

5. БОЖЈИОТ НАРОД ВО ПОДГОТВЕНОСТ

а. Кој итен предизвик ни го упатува Павле? Римјаните 13:11.12.

„Сега треба да се разбудиме и да вложиме решителни напори да изградиме хармоничен карактер… Ние се наоѓаме во положба во која повеќе од кога било порано ни е потребно да бдееме чекајќи го појавувањето на нашиот Господ. Светот се наоѓа во темнина. ‘Но вие, браќа’, вели апостол Павле, ‘не сте во темнина, та денот да може да ве затече како крадец’. Божјата цел секогаш била да изведува светлина од темнина, радост од тага и одмор од заморот за душите кои копнеат и чекаат.“ – 5 Сведоштво, 215.216.

б. Што ќе го издвојува Божјиот народ во последните денови? Јован 13:34.35; 1. Јованово 3:14.

„Ако Христос живее во нас, тогаш ние ќе ja откриваме Неговата несебична љубов кон сите со кои доаѓаме во допир. Кога ќе видиме луѓе и жени на кои им се потребни сочувство и помош, не треба да прашаме: ‘Дали се достојни?’ – туку: ‘Како можам да им помогнам?’…
„Оној, Кој го даде Својот живот за откупување на човечкиот род, во секое човечко битие гледа вредност што ja надминува крајната цена. Преку тајната и славата на крстот, ние можеме да насетиме колку многу Toj ja вреднува секоја душа.“ – Здравје и среќа, 162.163.
„Љубовта кон Христа, љубовта кон нашите браќа ќе биде сведоштво на светот дека сме биле со Исуса и дека сме се научиле од Него. Тогаш веста на Третиот ангел ќе прерасне во гласен восклик и цела Земја ќе биде осветлена од Господовата слава.“ – 6. Сведоштво, 401.

Петок 21. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто Бог дозволува да се случуваат толку многу природни катастрофи?
2. Која е Божјата намера во излевањето на Неговиот Дух врз својот народ?
3. Што значи да се прими ран дожд, и како тоа не подготвува да го примиме доцен дожд?
4. Како можеме да се подготвиме да го дочекаме Исуса во мир?
5. Која духовна состојба ќе открие дека сме подготвени за доцен дожд?

Сподели го ова:

Слични објави