11. Искуство од раниот дожд

Сподели го ова:

11. лекција Сабота, 15. декември 2018.

 

Искуство од раниот дожд

„Но ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и се до крајот на земјата.“ – Дела 1:8.

„Посебна сила на Светиот Дух ги следела апостолите кои биле сведоци на Христовото распнување, воскресение и вознесување важни вистини кои требаа да ја претставуваат надежта на Израел.“ – Рани списи, 197.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апостолите, 35-46.

Недела 9. декември

1. НОВА ФАЗА ВО ЖИВОТОТ НА УЧЕНИЦИТЕ

а. Опишете го ставот на верниците по Исусовото вознесение. Дела 1:12; Лука 24:50-53.

„Кога учениците се вратиле од Маслинската гора во Ерусалим, луѓето ги набљудувале, очекувајќи на нивните лица да забележат изрази на тага, збунетост и пораз. Но, наместо тоа, виделе израз на радост и триумф. Сега учениците не тагувале поради разочараните надежи. Тие го виделе вознесениот Спасител и во нивните уши постојано одекнувале зборовите на ветувањето што им го дал при разделбата.“ – Делата на апостолите, 35.

б. Што тие желно очекувале и колку долго требале да останат во Ерусалим? Дела 1:4.5.

„Покорувајќи се на Христовата заповед, тие чекале во Ерусалим да се исполни ветувањето на Отецот – да се излее Светиот Дух. Но не чекале безделничејќи туку, како што сведочи библискиот запис: ‘И беа постојано во храмот, каде што Го прославуваа и благословуваа Бога’ (Лука 24:53). Тие, исто така се состанувале да му упатуваат молитви на Отецот во Исусово име. Знаеле дека имаат Претставник на небото, застапник пред Божјиот престол.“ – Делата на апостолите, 35.

Понеделник 10. декември

2. ВАЖНОСТА НА СООДВЕТНА ПОДГОТОВКА

а. Како се подготвувале учениците во текот на ова време на чекање? Дела 1:14.

„Покорувајќи се на зборовите на својот Учител, учениците се собрале во Ерусалим да го чекаат исполнувањето на Божјото ветување. Таму поминале десет дена во длабоко испитување на срцата. Ги измириле сите несогласувања и блиску се соединиле во христијанско братство.“ – 8. Сведоштво, 15.
„Додека чекале да се исполни Христовото ветување, учениците со скршено и понизно срце, со вистинско покајание, го признале своето неверство. Спомнувајќи си за зборовите што им ги упатил Христос пред својата смрт, тие поцелосно ја сфатиле нивната смисла.“ – Делата на апостолите, 36.

б. Што често не спречува да имаме вистинско единство во црквата? Изреки 13:10; 1. Јованово 2:16.

„Мора да се отстрани секоја самодоволност, егоизмот и гордоста на сопственото мислење. Мораме да дојдеме кај Христовите нозе и да учиме од Оној кој е кроток и со понизно срце.“ – Одбрани пораки 1, 414.
„Поголемиот дел на тешкотии за пет минути би биле отстранети доколку не би имало гордост и себичност.“ – Рани списи, 119

в. Што се случило кога учениците постапувале според упатствата на Исус, отстранувајќи ги сите разлики? Дела 2:1.2.

„Врз учениците, кои чекале и се молеле, Духот слегол во таква полнота, што допрел до секое срце. Оној, кој нема ниту почеток ниту крај, и се открил во својата голема сила на својата црква. Се чинело како таа сила со векови да била задржувана и како небото да се радува што може врз црквата да го излее изобилството на благодатта на Духот. И под влијание на Духот, зборовите на покајание и на исповед се помешале со песни на пофалба за простените гревови. Се слушале зборови на благодарност и пророштва како целото небо да се спуштило за да види да и оддаде заслужена почит на мудроста и на неспоредливата и недосеглива љубов. Восхитени, апостолите извикале: ‘Се покажа љубовта’. Тие го прифатиле дарот кој им е даден.“ – Делата на апостолите, 38.

Вторник 11. декември

3. БОЖЕСТВЕНА ПОТВРДА

а. Која посебна способност Господ им ја дал на учениците? Дела 2:3.4.

„Светиот Дух, примајќи облик на пламени јазици, слегол врз собраните. Тоа бил пригоден симбол на дарот тогаш што им е даден на учениците и кој ги оспособил правилно и течно да зборуваат јазици кои до тогаш им биле непознати. Појавата на пламен ја прикажува сесрдната ревност со која апостолите работеле и силата која го придржувала нивното дело.“ – Делата на апостолите, 39.

б. Кое чудо покажало дека Бог ги води? Дела 2:5-12.

„На соборот биле застапени сите познати јазици на светот. Тоа шаренило на јазици би претставувало голема пречка за проповедањето на евангелието и затоа Бог на чудесен начин го надоместил овој недостиг на апостолите. Светиот Дух го сторил за нив она што тие сами не би можеле да го постигнат за време на целиот свој живот. Сега можеле да ги проповедаат вистините на евангелието и во други земји, служејќи се совршено со јазикот на оние за кои се залагале. Тој чудесен дар за светот претставувал непобитен доказ дека мисијата што им е доверена навистина носи небесен печат. Од тој миг јазикот на учениците бил чист, едноставен и јасен, било да зборувале на својот мајчин, или на некој туѓ јазик.“ – Делата на апостолите, 39.40.

в. Што ни кажува Бог за дарот на говорот на различни јазици? 1. Коринтјаните 14:27.28.33. Каков фалсификат на овој дар може да се најде денес?

„Поединци… имаат наводно и некои дарови добиени од Бога. Тие испуштаат некои неартикулирани гласови што ги нарекуваат странски јазици, а кои се потполно неразбирливи не само за луѓето, туку и за Господ и целото небо. Овие дарови ги измислуваат мажите и жените потпомогнати од големиот измамник. Фанатизмот, лажното возбудување, неразбирливите јазици и дигањето врева, тие ги сметаат за дарови што Бог ги дал во својата црква. На тој начин уште некои се вовлечени во таа заблуда, и плодовите од сето ова не се добри. ‘По нивните родови ќе ги познаете.’“ – 1. Сведоштво, 412.

Среда 12. декември

4. ИСПОЛНЕТО ПРОРОШТВО

а. Кој настан претходел на излевање на силата на Светиот Дух врз учениците? Како ова било пророкувано од Давид? Дела 2:32-36; Псалм 110:1.

„Христовото вознесување на небото претставувало знак дека Неговите следбеници ќе го добијат ветениот благослов. Токму тоа тие и го очекувале пред да пристапат кон своето дело. Враќајќи се повторно на небото, Христос бил свечено устоличен со најдлабока почит и обожавање од страна на сите ангели. Штом завршил овој обред, Светиот Дух слегол во обилни млазови врз учениците и Христос навистина е прославен со славата што ја имал со Отецот од создавањето на светот. Излевањето на Светиот Дух на денот Педесетница, претставувало небесно соопштение дека е извршено крунисување на Откупителот. Според даденото ветување, Тој им го пратил од небото на своите следбеници Утешителот како знак дека Тој, во својство на свештеник и цар, ја примил сета власт на небото и на земјата и дека овде навистина бил Помазаник над својот народ.“ – Делата на апостолите, 38.39.

б. Каков бил ефектот од динамичното проповедање на Петар на денот Педесетница? Дела 2:37.

„Некои од оние што ги слушале апостолите лично учествувале во Христовото судење и во Неговото погубување. Нивните гласови се мешале со бучавата на убиствениот џган кој барал Тој да биде распнат. Кога Исус и Варава стоеле пред нив во судницата и кога Пилат прашал: ‘Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исус, наречен Христос?’ (Матеј 27:17) – тие викале: ‘Не Овој, туку Варава’ (Јован 18:40). Кога Пилат им го предал Христа велејќи: ‘Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам во Него вина’ (Јован 19:6), ‘невин сум за крвта на овој Праведник’ – тие повикале: ‘Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца’ (Матеј 27:24.25)“ – Делата на апостолите, 42.43.

Четврток 13. декември

5. НЕВЕРОЈАТНИ РЕЗУЛТАТИ

а. Како Петар одговорил на искреното прашање на народот? Дела 2:38.40.

„Покајте се, покајте се, била пораката на Јован Крстител која одекнувала во пустината. Христовата порака до народот беше: ‘Ако не се покаете, сите така ќе изгинете’ (Лука 13:5). На апостолите им било заповедано да им проповедаат насекаде на луѓето дека треба да се покајат.“ – Евангелизам, 179.

б. На кој голем настан учениците биле сведоци? Дела 2:41.

„Во таа незаборавна пригода мнозина од оние кои претходно ја исмевале идејата дека толку скромна личност како Исус е всушност Божјиот Син, станале целосно убедени во вистината и Го признале како свој Спасител. Три илјади луѓе се приклучиле кон црквата. Апостолите зборувале со силата на Светиот Дух; и нивните зборови не можеле да се оспорат, бидејќи тие биле потврдени со силни чуда, кои тие ги правеле преку излевањето на Божјиот Дух.“ – The Story of Redemption, p. 245.
„Но, Светиот Дух преку тие докази делувал на нивните срца со божествена сила. Тие беа како остри стрели на Семоќниот, осудувајќи ги за нивната страшна вина во отфрлањето и распнувањето на Господарот на славата.“ – The Story of Redemption, p. 245.

Петок 14. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Колку време учениците поминале во храмот, чекајќи на излевањето на Духот? Каков бил нивниот став?
2. Што учениците правеле десет дена, додека чекале Бог да го исполни своето ветување? Зошто ова било неопходно? Што можеме да научиме од ова?
3. Како дарот на говор на различни јазици им донел корист на учениците?
4. Која група на луѓе била особено осведочена дека Исус бил Син Божји? Какво прашање тие поставиле?
5. Како Светиот Дух ги осведочил срцата на многуте слушатели, додека учениците им проповедале?

Сподели го ова:

Слични објави