1. Службата на Светиот Дух

Сподели го ова:

1. лекција   Сабота, 6. октомври 2018.

 

Службата на Светиот Дух

„А нам, пак, ни го откри тоа Бог преку Својот Дух, зашто Духот продира во се, па дури и во длабочините Божји.“ – 1. Коринтјаните 2:10.

„Светиот дух зема од Божјите нешта, и му ги открива на оној кој искрено го бара небесното богатство. Ако му се предадеме на Неговото водство, Тој ќе не води во сета светлина.“ – The Review and Herald, December 15, 1896.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Manuscript Releases, vol. 2, pp. 9-18.

Недела 30. септември

1. ОГРАНИЧЕНА ЧОВЕЧКА МУДРОСТ

а. Која е најголемата мистерија за човечкиот ум? Јов 11:7; Исаија 40:28.

„Никој нека не се осудува со дрска рака да го подигне превезот кој ја сокрива Божјата слава. ‘Колку се несфатливи Неговите судови и неистражливи Неговите патишта!’ (Римјаните 11:33). Сокривањето на Неговата сила е само доказ за Неговата милост; затоа што подигањето на превезот кој ја сокрива божествената присутност значи смрт. Умот на ниту еден смртник не може да продре во тајната во која Семоќниот живее и делува. Ние можеме да го сфатиме само врз основа на она што Тој го нашол за добро да ни открие за Себе.“ – Здравје и среќа, 438.

б. Како можеме да ги разбереме Божјите работи? Повторени закони 29:29.

„Откривањето кое Бог сам ни го дава за себе во своето Писмо наменето ни е нам и треба да го проучуваме. Тоа можеме да настојуваме да го сфатиме. Но подалеку од тоа не можеме да продреме. Најразвиениот ум може да се напрега додека не се умори, создавајќи разни претпоставки за Божјата природа, но неговите напори ќе останат залудни. Нам не ни е дадено да го решаваме тој проблем. Ниту еден човечки ум не може со истражување да го долови Бога. Нека човекот во својата ограниченост не се напрега обидувајќи се да го протолкува Него. Нека не се впушта никој во нагаѓања за Неговата природа. Молчењето тука значи речитост. За Сезнајниот не може да се расправа.“ – 8 Сведоштво, 279.

Понеделник 1. октомври

2. БОЖЕСТВЕНОТО ОТКРИВАЊЕ Е НЕОПХОДНО

а. Кого Бог го користи за да ни ги открие нештата за Него? Зошто ова Божествено орудие е потребно и денес? 1. Коринтјаните 2:10 (прв дел).

„Божјиот Дух, кој поради милоста и добрината на Бескрајната љубов ни е пратен од небото, и ѝ ја открива божествената вистина поединечно на секоја душа која во вера потполно му се предава на Христа. Со неговата сила важните висини од кои зависи спасението на душата се всадуваат во срцето и мислите, и животниот пат го прават така јасен за никој да не мора да лута. Додека ги проучуваме Светите Списи, мораме да се молиме Светиот Божји Дух да ни го расветли Неговото Слово, за да можеме да ги видиме и цениме неговите блага.“ – Христовите очигледни поуки, 113.
„Во своето Слово, Бог на луѓето им објавил знаење неопходно за спасение. Светото Писмо треба да се прифати како авторитативно, непогрешливо откривање на Неговата волја. Тоа е мерило на карактерот, откривач на доктрините и тест на искуствата… Сепак, фактот дека Бог им ја открил својата волја на луѓето преку Неговото Слово не го направил непотребно трајното присуство и водство на Светиот Дух. Напротив, Спасителот на своите ученици им го ветил Светиот Дух кој на Божјите слуги ќе им го објави Словото, ќе ги разјасни и примени неговите учења.“ – God’s Amazing Grace, 198.

б. Како е напишано Светото Писмо и зошто? 2. Петрово 1:21; Римјаните 15:4; 2. Тимотеј 3:16.

„Библијата укажува на Бога како нејзин автор, но сепак е пишувана од човечки раце. Разновидните стихови во нејзините книги ги прикажуваат особините на повеќето писатели. Сите вистини кои се во неа објавени од Бога се вдахновени (2. Тимотеј 3:16), а сепак се изразени со човечки зборови. Бесконечниот со Својот Свет Дух ги просветлил умовите и срцата на Своите слуги.“ – The Faith I Live By, 10.
„Самите зборови напишани во Библијата не се вдахновени, туку вдахновени биле луѓето кои ги пишувале. Вдахновението не влијае на човековите зборови или изрази, туку на самиот човек кој, под влијание на Светиот Дух, е проникнат со такви мисли. Меѓутоа, зборовите го добиваат впечатокот на индивидуалниот ум… Божествениот ум и волјата се спојуваат со умот и волјата на човекот, и така човечките изрази стануваат Божјо Слово.“ – Коментари на библиските текстови 7,945-946.

Вторник 2. октомври

3. СВЕТИОТ ДУХ, БОЖЈИ СВЕДОК

а. Што покажува дека Светиот Дух е една од трите небесни сили кои го сочинуваат Божеството? Матеј 28:19. Која е Неговата работа?

„Божеството било исполнето со сожалување кон човечкиот род, и Отецот, Синот и Светиот Дух се предале на изработка на планот на спасението.“ – Counsels on Health, 222.
„Постојат три живи личности на небесното трио; во името на овие три големи сили – Отецот, Синот и Светиот Дух – се крштеваат оние кои го примаат Христа преку жива вера; и овие сили ќе соработуваат со послушните поданици на Небото во нивните напори да живеат нов живот во Христа.“ – Евангелизам, 463.
„Ќе им биде даруван Духот поради препород, а без тоа Христовата жртва би била безуспешна. Моќта на злото се зголемувала со векови, и било зачудувачко колку луѓето немоќно се потчинувале на тоа сатанско ропство. Да му се пружи отпор на гревот и да се совлада возможно е само со делувањето на третиот лик на Божеството, со силата на Светиот Дух, која не доаѓа со никаква ограничена енергија, туку со целосната божествена сила. Духот го спроведува на дело она што го извојувал Спасителот на светот. Со силата на Светиот Дух срцето се чисти од гревот. Со помош на Духот верникот станува учесник во божествената природа. На своите следбеници Христос им го дава Светиот Дух, како божествена сила, со цел да ги совладаат сите стекнати и наследени склоности кон зло и со цел Црквата да прими печат на Неговиот карактер.“ – Копнежот на вековите, 671.

б. Кое дело на Светиот Дух исто така покажува дека Тој е божествена личност, еднаков со Бога? 1. Коринтјаните 2:10 (втор дел).

„Светиот Дух има своја личност; во спротивно, Тој не би можел да му сведочи на нашиот дух дека сме Божји деца. Тој, исто така, мора да биде и божествена личност, инаку Тој не може да ги испитува тајните кои се скриени во Божјиот ум. ‘Бидејќи, кој човек знае што има во човекот, освен човечкиот дух кој живее во него? Па така и Божјото не го знае никој, освен Божјиот Дух.’ (1. Коринтјаните 2:11).“ -Евангелизам, 464.

Среда 3.октомври

4. ЛИЧНОСТА НА СВЕТИОТ ДУХ

а. Зошто вистинската природа на Светиот Дух ќе остане тајна? Јован 6:13.

„За нас не е најбитно точно да ја одредиме дефиницијата на Светиот Дух. Христос ни зборува дека Духот ни е Утешител: ‘Духот на Вистината, Кој излегува од Отецот’ (Јован 15:26). За Светиот Дух јасно е кажано дека Тој во своето дело ги упатува луѓето во сите вистини и дека, кога ќе дојде, ‘од Себе нема да зборува’ (Јован 16:13).
„Природата на Светиот Дух за нас претставува тајна. Луѓето не можат да ја објаснат, бидејќи Господ не им ја открил… Во поглед на ваквите тајни, кои се предлабоки за човековиот ум, молчењето претставува злато.“ – Делата на апостолите, 51,52.

б. Иако природата на Светиот Дух е тајна, што покажува дека Тој е „личност во иста мера во која и Бог е личност”? Римјаните 8:16.26.27.

„Треба да сфатиме дека Светиот Дух, кој е личност како што Бог е личност, оди по ова тло (школа Авондејл).
„Светиот Дух е личност, бидејќи Тој ‘сведочи на нашиот дух дека ние сме чеда Божји’ (Римјаните 8:16). Кога се покажува тоа сведоштво, тоа со себе носи свој доказ. Во таквите моменти веруваме и сигурни сме дека сме деца Божји.“ – Евангелизам, 616.

в. Како знаеме дека Светиот Дух има слободна волја, дури и кога служи онака како што го насочуваат Христос и Отецот? 1. Коринтјаните 12:11; Дела 13:2.

„Кога Спасителот рекол: ‘одете и научете ги сите народи’, Тој исто така рекол: ‘Знаците на оние кои веруваат ќе бидат овие: во мое име ќе бркаат ѓаволи; ќе зборуваат нови јазици; ќе земаат змии во рацете, ако се напијат нешто смртоносно, нема да им наштети; врз болните ќе положуваат раце и тие ќе оздрават.’ Ова ветување е далекосежно исто така како и претходно дадениот налог. Не му се даваат на секој верник сите дарови. Духот ги разделува ‘секому поодделно, како што сака’ (1. Коринтјаните 12:11). Меѓутоа даровите на Духот му се ветени на секој верник во склад со неговите потреби во делото Господово.“ -Копнежот на вековите, 823.
„Припадниците на Божјиот народ можат меѓу себе да бидат и ќе бидат различни, но ги поттикнува еден исти Дух.“ – Мојот живот денес, 276.

Четврток 4. октомври

5. БОЖЕСТВЕНИОТ УТЕШИТЕЛ

а. На кој начин Светиот Дух е „друг Утешител“? Јован 14:16.

„Утешителот се нарекува ‘Дух на вистината’. Неговата задача се состои во тоа да ја открие и разјасни вистината. Тој прво престојува во срцето и во душата како Дух на вистината, и на тој начин станува Утешител. Вистината носи утеха и мир, но вистинскиот мир и утеха не можат да се најдат во лагите… Светиот Дух и зборува на душата преку Светите Списи и ја втиснува вистината во срцето.“ – Копнежот на вековите, 671.

б. Што ќе направи Светиот Дух за секој верник? Јован 16:13 (прв дел).

„Кога ќе го земе во раката небесниот факел, истражувачот на вистината ја согледува својата слабост и немоќ, својата целосна безнадежност во настојувањето да се оправда себеси. Тој согледува дека во самиот себе не наоѓа ништо со што може да му се препорача на Бога. Тој се моли за Светиот Дух, претставникот на Христос, да биде негов постојан водич и да го упати во секоја вистина.“ – Совети за родителите, учителите и студентите, 450.
„Во сите времиња и на секое место, во сите страдања и во секоја болка, кога сѐ до каде што допира погледот изгледа мрачно а иднината сосема неизвесна, и кога се чувствуваме беспомошни и осамени, Утешителот ќе биде пратен како одговор на молитвата со вера. Околностите можат да не одвојат од сите земни пријатели, но никакви околности, никаква оддалеченост не може да не одвои од небесниот Утешител. Каде и да сме, каде и да одиме, Тој ни е секогаш од десна страна да ни помага, да не поддржува, да не подига и да не храбри.“ – Копнежот на вековите, 669-670.

Петок 5. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Колку Бог ни открива за себе? Зошто?
2. Кој е единствениот начин преку кој можеме да стекнеме вистинско знаење за Бога?
3. Како знаеме дека постојат три личности во небесното трио? Наведи примери од Библијата.
4. Што докажува дека Светиот Дух е божествена личност?
5. На кој начин Светиот Дух „не утешува“?

Сподели го ова:

Слични објави