13 Последните денови на планетата земја
13. лекција Сабота, 24. декември, 2016.
Последните денови на планетата земја
„Тој ќе им суди на сиромасите по правда, и делата на страдалниците во земјата ќе ги решава според вистината; со зборот од устата Своја ќе ја порази земјата, со дишењето на устата Своја ќе го убие нечесниот.“ – Исаија 11,4.
„Ние живееме во мошне свечен период од светската историја за да бидеме безгрижни и несовесни.“ – Sons and Daughters of God, 118.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Гол. борба, 603-614, 622-626, 635-644.
Недела 18. декември
1. ЧУДЕСНО БУДЕЊЕ
а. Зошто доцниот дожд ќе биде толку радосен настан во историјата? Осија 6,1-3.
„Божјите слуги, со лица осветлени од свето помазание, ќе брзаат од место во место да ја објават небесната вест. Илјадници гласови низ целата земја ќе ја носат опомената. Ќе се прават чуда, болни ќе оздравуваат, а верните ќе ги придружуваат знаци и чуда. И сатаната ќе прави лажни чуда; ќе стори и ‘оган да падне од небото пред луѓето’ (Откровение 13,13). На овој начин жителите на земјата ќе бидат присилени да се решат за кого ќе се определат.
Веста ќе се шири не толку со докажување колку со длабоко осведочување на Божјиот Дух. Доказите се изнесени. Семето е посеано и сега ќе никне и ќе донесе плод. Списите што ги распространиле мисионерските соработници го извршиле своето влијание, но мнозина врз кои евангелската вистина имала длабок впечаток, биле спречувани вистината потполно да ја сфатат или да ја послушаат. Меѓутоа, сега зраците на светлината проникнуваат насекаде и вистината се гледа кристално јасна, а искрените Божји деца ги кинат врските што ги задржувале до сега. Семејните и црковните врски сега се немоќни да ги задржат. Вистината им е подрагоцена од сѐ друго. Наспроти сатанските сили што се здружиле против вистината, голем е бројот на оние што ќе застанат на Господова страна.“ – Големата борба, 637.
Понеделник 19. декември
2. ГОЛЕМАТА БОРБА Е ОТКРИЕНА
а. Кој ќе биде уште еден од резултатите на успешното проповедање на евангелието во силата на доцниот дожд? Проповедник 11,1.2; 2 Коринтјаните 2,14-17.
„Луѓе од вера и молитва ќе бидат поттикнати да појдат со света ревност и да ги проповедаат зборовите што им ги дава Бог. Гревовите на Вавилон ќе бидат разоткриени. Страшните последици од црковните обреди што ги наметнувале граѓанските власти, навлегувањето на спиритизмот, тајниот, но брз развој на папската власт – сето тоа ќе биде разоткриено. Овие свечени опомени ќе го потресат народот. Илјадници и илјадници ќе слушаат такви зборови какви што никогаш не слушнале. Со чудење ќе го слушаат сведоштвото дека Вавилон е црквата што паднала поради своите заблуди и гревови и поради отфрлањето на вистината што и е пратена од небото. Кога народот желен да ја дознае вистината ќе им се обрати на своите поранешни учители со прашањето: ‘Зарем тоа е така?’, тогаш нивните проповедници ќе им кажуваат приказни, ќе им зборуваат мили работи со цел да ја смират нивната загриженост и да ја стивнат нивната разбудена совест. Но бидејќи мнозина ќе одбијат да се задоволат само со човечкиот авторитет и бидејќи ќе го бараат библиското начело ‘Така вели Господ’, популарните проповедници, како и фарисеите во старо време, гневни затоа што во прашање е нивниот авторитет, ќе објават дека оваа вест е од сатаната и ќе го подбунат мноштвото да ги исмејува и прогонува оние што ја објавуваат.
Сатаната се вознемирува кога борбата се проширува на нови полиња и кога вниманието на народот се насочува кон погазениот Божји закон. Силата што ја придружува веста само ќе ги разгневи сите што и се противат. Свештениците ќе употребат речиси натприродни напори да ја засолнат светлината за да не им свети на нивните стада. Ќе се трудат со сите средства што им стојат на располагање да ги спречат дискусиите околу овие важни прашања. Црквата ќе се потпре врз силната рака на граѓанската власт и во тоа католиците и протестантите ќе се обединат. Кога движењето за општо празнување на неделата ќе биде посмело и порешително, тогаш и законот ќе биде повикан на помош против оние што ги држат заповедите. Ќе им се заканува со парични казни и со затвор, а на некои ќе им се понудат влијателни места и положби, како и други награди и предности, за да ги придобијат да се откажат од својата вера. Но нивниот решителен одговор ќе гласи: ‘Докажете ни ја нашата заблуда со Божјото слово! Истото ова го барал и Лутер кога се наоѓал во слични околности. Оние што ќе бидат доведени пред судови ќе ја одбранат вистината силно и убедливо и некои што ќе ги слушнат ќе бидат поттикнати да се решат да ги држат сите Божји заповеди. Така светлината ќе осветли илјадници такви кои инаку никогаш не би дознале нешто за овие вистини.“ – Големата борба, 631.632.
Вторник 20. декември
3. ЗАШТИТА САМО ОД БОГА
а. Кога државата и цркавата ќе се обединат во пркосна побуна против Божјиот морален закон на Десетте заповеди, што ќе им се случи на верниот остаток кој ќе настојува да се придржува до Неговите свети начела? 2 Тимотеј 3,12; Откровение 13,11-17.
„Бидејќи саботата во целото христијанство станала посебен предмет на борба, а световните и црковните власти се здружиле да ги принудат луѓето да ја празнуваат неделата, упорното противење на малечкиот број да го прифатат таквото барање ќе ги направи предмет на општа омраза. Ќе се истакнува дека овој малоброен народ, кој и се опира на една установа на црквата и на државниот закон, не смее да се толерира; дека е подобро да страда тој отколку цели народи да бидат турнати во конфузија и анархија… Ваквиот аргумент ќе биде решавачки; и најпосле, против оние кои ќе празнуваат сабота според четвртата заповед, ќе биде издаден декрет со кој ќе биде објавено дека заслужуваат најтешка казна, и на народот ќе му биде дозволено, по одредено време, да ги убие. Католицизмот во Европа и отпаднатиот протестантизам во Америка ќе преземат подеднакви мерки против оние што ги почитуваат сите божествени прописи.
Тогаш за Божјиот народ ќе настапат жалост и неволја која пророкот ја опишува како време на Јаковови маки.“ – Големата борба, 641.642.
б. Кога нормалните канали на трговија се отсечени и заштитата на граѓанската власт е повлечена, како Божјиот верен остаток ќе преживее? Исаија 43,18-21; 41,17-20; 33,16.
„Господ во повеќе наврати ми покажа дека создавањето на залихи за подмирување на нашите земни потреби во времето на неволјите е спротивно на учењето на Библијата. Всушност светиите и да сочуваат нешто од намирниците во својата куќа или поле, видов дека во времето на неволјите, кога на земјата ќе наиде меч, глад и помор, насилничките раце сето тоа ќе го однесат, и туѓинци би ги жнееле нивните полиња. Тоа ќе биде момент во целост да се надеваме на Бога и Тој ќе нѐ прехрани. Видов дека во тоа време ќе биде обезбеден леб и вода, дека нема да трпиме ниту немаштија ниту глад, зашто Бог е во состојба во пустина да ни постави трпеза. Кога би било неопходно Тој би пратил гаврани да нѐ хранат, како што тоа го стори за Илија, или би ни пуштил мана од небото, како што направи за Израелците.“ – Рани списи, 45.
Среда 21. декември
4. ЦВРСТА СИГУРНОСТ
а. Што на Божјиот народ му е наложено да прави во очекување на времето на неволја, и како тие ќе бидат заштитени? Исаија 26,20.21; 49,15.16.
„Во времето на неволјите, куќите и земјата нема да им бидат од никаква корист на светиите, бидејќи ќе мораат да бегаат од разбеснетата толпа; нивниот имот тогаш нема да може да се употреби за унапредување на делото на сегашната вистина. Покажано ми е дека Божја волја е светиите, пред да дојде времето на неволјите, да се ослободат од она што ги оптоварува и со Господа да направат завет на жртва. Ако сѐ што имаат го положат на олтарот и сесрдно го запрашаат Господа за својата должност, Тој ќе ги поучи кога треба да се ослободат од својот имот. Тогаш во времето на неволјите ќе бидат слободни, без ништо што би ги оптоварувало и успорувало.
Видов дека ако било кој се држи за својот имот и не го прашува Господа што треба да направи, Тој нема да му укаже на должноста. На нив ќе им биде дозволено да го задржат она што го имаат, но во времето на неволјите тоа ќе им се попречи на нивниот пат и како планина ќе им се закани дека ќе ги здроби; тие тогаш ќе се обидат да се ослободат од него, но нема да можат.“ – Рани списи, 45.
„Во деновите на жестоки искушенија (Христос) ќе каже: ‘Ајде, народе Мој, влези во собите и затвори ги вратите зад себе. Скриј се за миг додека не помине гневот (Исаија 26,20). Што се собите во кои тие треба да се сокријат? Тие се заштитата на Христа и светите ангели…
Ги видов светите како ги напуштаат градовите и селата, и заедно здружени живеат во нај осамените места. Ангелите им обезбедуваа храна и вода, додека злите страдаа од глад и жед.
Во текот на ноќта мошне впечатлива сцена помина пред мене. Делуваше како да дојде до голема конфузија и судир на војски. Господовиот гласник застана пред мене и рече: ‘Повикај го своето домаќинство. Јас ќе ве водам; следете ме.’ Тој ме одведе надолу низ мрачен премин, низ шума, потоа преку планински пукнатини, и ми рече: ‘Овде сте безбедни’. Имаше и други кои беа доведени во ова сокровиште. Небесниот гласник рече: ‘Времето на неволја пристигна како крадец во ноќта, како што Господ ве предупреди.’
Во време на неволја пред Христовото доаѓање, праведните ќе ги сочуваат небесните ангели; но за престапниците на Божјиот закон нема да има сигурност. Ангелите тогаш не можат да ги заштитат оние кои занемаруваат и само една од Божјите заповеди.“ – Мараната, 270.
Четврток 22. декември
5. ИЗБАВУВАЊЕ!
а. Кој ќе биде безбеден во часот на Божјиот гнев? Исаија 33,13-16; 52,9.10.
б. Кој неверојатен настан ќе го сврти светот наопаку – можеби со цел секое око да го види во приближно исто време? Исаија 11,4; 24,1-6.19-22; Откровение 1,7. Што тогаш светите ќе објават? Исаија 25,9.
„Беше полноќ кога Бог избра да го избави Својот народ… Темни, тешки облаци се насобираат и се судираат едни со други. Меѓутоа, на едно место се запазува сјај на неопислива слава од каде допира Божјиот глас сличен како жубор од многу води. Настанува голем земјотрес. Гробовите се отворија и оние кои умреле со вера во третата ангелска вест, држејќи ја саботата, излегоа од своите правливи кревети, прославени, за да го слушнат заветот на мирот кој Бог ќе го направи со оние кои го одржаа Неговиот закон.“ – Рани списи, 235.
„Набргу на исток се појавува малечок црн облак, со големина на половина човечка дланка. Тоа е облак што го опкружува Спасителот и кој оддалеку изгледа како да е обвиен во мрак. Божјиот народ знае дека тоа е знакот на Синот човечки. Во свечена тишина тие без здив гледаат во него како се приближува кон земјата и станува сѐ појасен и поубав; прераснувајќи во голем бел облак, чијашто основа личи на оган кој уништува, а над него се надвива заветното виножито. Исус оди напред како силен победник.“ – Големата борба, 667.
„При Христовото доаѓање грешниците ќе бидат истребени од лицето на целата земја – убиени со духот на Неговата уста и уништени со светлината на Неговата слава. Христос својот народ ќе го поведе во Божјиот град и земјата ќе биде испразнета од нејзините жители. (Исаија 24,1.3.5.6).“ – Големата борба, 684.
Петок 23. декември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Зошто сите оние кои денес сеат семе на вистина можат тоа да го прават со радост и доверба?
2. Каков ќе биде резултатот за некои кои ќе бидат повикани да сведочат за својата вера?
3. Како сега можеме да се подготвиме за актуелната криза во времето на неволја?
4. Што ќе се случи со нашите имоти кога ќе се појави вистинска криза?
5. Зошто можеме да бидеме благодарни што Бог ни дава толку многу детали за иднината?