08 Соработка со небото

Сподели го ова:

8. лекција Сабота, 19. ноември, 2016.

Соработка со небото

„Зашто Јас сум Господ, Бог твој; те држам за твојата десна рака, ти велам: „Не плаши се, Јас ти помагам.“ – Исаија 41,13.

„Ако Спасителот живее во нас, Неговата сила станува наша своина. Вистината станува наш капитал во трговијата. Тогаш во животот нема да се види неправедност. Ние сме во состојба да зборуваме благородни зборови на надеж на оние кои не ја познаваат вистината. Христовото присуство во срцето е моќ која дава живот, која го зајакнува целото битие.“ – 7 Сведоштво, 52.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Воспитување, 169-184.

Недела 13. ноември

1. ЗБОРОВИ НА УТЕХА И ИСЦЕЛЕНИЕ

а. Која утешна порака до непокорната Јуда одекнува до нас денес во нашата желба да живееме за Бога и да го унапредиме Неговото дело? Исаија 41,10-14.

„Господ ветил дека своето име ќе го направи славно на земјата. Каква сила им ветил на сите кои во својата работа ќе соработуваат со небото! Трите најголеми сили во универзумот ветиле дека ќе работат со оние кои ќе настојуваат да ги спасат изгубените. Бог сака Неговиот народ да ја бара ветената помош за извршување на Неговото дело во светот.“ – The Review and Herald, August 12, 1909.
„Да бидеме храбри и полни со надеж. Да се очајува во Божјата служба е грешно и неразумно. Тој ја знае секоја наша потреба. Тој ја има секоја сила. Тој може на своите слуги да им даде способност во мерка која ги задоволува нивните потреби. Неговата бескрајна љубов и сомилост се неисцрпни. Со својата величествена семожност Тој ги обединува нежноста и грижата на нежниот пастир. Не мораме да се плашиме дека Тој нема да ги исполни Своите ветувања. Тој е вечна вистина. Тој никогаш нема да го промени заветот што го направил со оние што Го љубат. Неговите ветувања дадени на црквата стојат засекогаш. Тој ќе ја направи вечно издигната и радост на многу поколенија.
Проучете го четириесет и првото поглавје од книгата на пророкот Исаија и настојувајте да го сфатите неговото значење.“ – 8 Сведоштво, 28.
Понеделник 14. ноември

2. ОХРАБРУВАЊЕ ВО НАШАТА МИСИЈА

а. Какво уверување имаме за Божјата љубов и заштита при извршувањето на нашата мисија, дури и во услови на искушенија? Исаија 43,1-6.

„Огнот на печката не треба да уништи, туку да прочисти, облагороди и посвети. Без искушенијата ние не ја чувствуваме толку нашата потреба за Бога и Неговата помош; и ќе станеме горди и самоволни. Според тие искушенија кои те снаоѓаат гледам дека окото Господово е над тебе и дека Тој настојува да те привлече кон себе. Лекарот не им е потребен на здравите, туку на ранетите и помошникот им е потребен на оние што се наоѓаат во речиси неиздржливо тешка положба. Обрати се кон тврдината. Научи ја оваа драгоцена поука: ‘Дојдете при Мене сите, кои се трудите и сте обременети, и Јас ќе ви дадам одмор. Земете го Мојот јарем на себе и научете се од Мене, зашто Јас сум кроток и понизен по срце; и ќе најдете одмор на своите души; зашто Мојот јарем е пријатен и Моето бреме е лесно (Матеј 11,28-30).“ – 8 Сведоштво, 97.98.

б. Кои поуки за соработка и охрабрување, дури и кај идолопоклониците можеме да ги примениме во нашата работа за Бога? Исаија 41,6.7.

„Ќе биде корисно за младите, како и за родителите и учителите, да ги проучуваат поуките за соработка кои се забележани во Светото Писмо. Меѓу многуте описи треба да се запази изградбата на Светилиштето – симбол на градењето на карактерот – кога целиот народ се обединил, ‘сите кои срцето ги влечеше и душата ги поттикнуваше’ (Излез 35,21). Читајте како повратниците од ропство и покрај сиромаштијата, тешкотиите и опасностите, повторно ги подигнале ѕидините на Ерусалим, извршувајќи ја успешно оваа задача затоа што: ‘на народот му беше при срце да работи’ (Немија 4,6). Размислувајте за учеството на учениците во чудото на Спасителот за нахранување на мноштвото. Храната се умножила во Христовите раце, но учениците го примиле лебот и го давале на народот кој чекал.
‘Бидејќи сме делови еден на друг’. ‘Служете си еден на друг, секој со дарбата што ја примил, како добри управители на разнообразната Божја благодат’ (Ефесјаните 4,25; 1 Петрово 4,10).
Зборовите кои се запишани за градителите на идоли во дамнешни времиња би можеле, со достојна цел, да ги земат како мото денешните градители на карактери: ‘Секој му помага на својот другар, и на својот брат му вели: „Храбро!“ – Воспитување, 254.255.

Вторник 15. ноември

3. ВО СКЛАД СО НАШИОТ СОЗДАТЕЛ

а. Како псалмистот и Исаија ја опишуваат уникатноста на нашиот Создател? Псалм 72,18; Исаија 44,6-8; 45,11.12. На какво размислување тоа треба да нѐ наведе?

„Да имаме поголема доверба во нашиот Откупител. Не одвраќајте се од водите на Либан за да барате освежување на скршените резервоари, кои не можат да држат вода. Имајте вера во Бога. Ако со целосна доверба се потпирате на Бога, вашата победа ќе биде не само можна, туку и сигурна. Иако мноштво оди напред по погрешен пат, иако изгледите често изгледаат обесхрабрувачки, сепак ние можеме да имаме целосна сигурност во нашиот Водач; бидејќи ‘Јас Сум Бог’, Тој објавува, ‘и нема друг’ (Исаија 45,22). Тој е неограничен во моќта, способен е да ги спаси сите кои доаѓаат кај Него. Не постои друг во кого можеме со сигурност да се надеваме.“ – The Review and Herald, June 9, 1910.

б. Наместо да соработуваме со нашиот Создател во остварување на Неговите намери за нас, што ние често работиме? Исаија 45,9.10. Како Кир, незнабожечки цар, одговорил на Божјата намера која ја имал за него? Исаија 45,13.

„Ние веруваме на еден општ начин, но многу губиме бидејќи немаме целосна доверба во Бога, нашиот Создател. Кога можеме, без оглед на непријатните околности, со полна доверба да почиваме во Неговата љубов и својата заштита да ја наоѓаме во Него, мирно одморајќи во Неговата љубов, чувството на Неговата присутност ќе ни донесе длабока, спокојна радост. Ова искуство го добиваме со вера која нѐ оспособува да не се секираме, да не се грижиме, туку да зависиме од Сила која е бесконечна.“ – Manuscript Releases 9, 289.
„Кога царот (Кир) ги видел зборовите кои претскажале, пред повеќе од сто години пред неговото раѓање за начинот на кој ќе биде освоен Вавилон; кога ја прочитал пораката упатена до него од страна на Владетелот на универзумот: ‘Јас сум Господ и нема друг; нема Бог освен Мене; Јас те наоружив, иако не Ме познаваше, за да дознаат од исток до запад дека нема друг освен Мене: Јас сум Господ, и нема друг’ – кога ги видел со свои очи изјавите на вечниот Бог: ‘Заради Јаков, Мојот слуга и Израел, Мојот избраник, Јас те нареков по име, те именував, иако ти не Ме познаваше’; кога го прочитал вдахновениот запис: ‘Јас го подигнав царот Кир во правда и ќе ги израмнам сите патишта негови. Тој ќе го изгради Мојот град и ќе ги отпушти заробените Мои не за откуп, ниту за дарови’; кога сето тоа го разбрал, срцето му било длабоко трогнато и тој одлучил да ја исполни својата мисија која небото му ја наменило (Исаија 45,5.6.4.13). Одлучил да ги пушти јудејските заробеници на слобода и да им помогне повторно да го изградат храмот на Јехова.“ – Пророци и цареви, 379.
Среда 16. ноември

4. СИГУРНОСТА НА ЗБОРОТ БОЖЈИ

а. Кога сме во искушение да се посомневаме во сигурноста на Божјото Слово, што треба да се сетиме за Бога? Исаија 46,8-10.

„За ограничениот човечки ум не е можно целосно да го сфати карактерот или делата на Бесконечниот…
Врз основа на Неговото постапување со нас, ние можеме да ги сфатиме мотивите кои го поттикнуваат на тоа и да препознаеме дека безграничната љубов и милост се соединети со бесконечната моќ. Ние можеме да ги разбереме Неговите цели колку што е за наше добро да знаеме; но за сѐ што е над тоа мораме и понатаму да имаме доверба во моќта на Семоќниот, во љубовта и мудроста на Отецот, и Владетелот на сите…
Меѓутоа, Бог во Светото Писмо ни дал доволно докази за нивниот божествен карактер, и ние не смееме да се сомневаме во Неговата реч затоа што не ги сфаќаме сите тајни на Неговото провидение…
Сѐ што Бог сметал дека е потребно да го открие мораме да го прифатиме потпирајќи се на авторитетот на Неговото Слово. Иако се изнесени само голи факти, без никакви објаснувања зошто или како се случило тоа; и иако ние не можеме да ги сфатиме потполно, треба да се задоволиме со тоа дека тоа е вистина, затоа што Бог тоа го кажал. Сите тешкотии лежат во слабоста и ограниченоста на човечкиот ум.“ – 5 Сведоштво, 481.482.
„Во аналите на историјата на човештвото, подемот на народите, подемот и падот на царствата, навидум зависат од волјата и јунаштвото на луѓето. Се чини дека развојот на настаните во голема мерка е одреден од нивната сила, амбиција или каприц. Но, во Божјата Реч завесата е тргната на страна и ние, зад, над, и во сите игри и против-игри на човековите интереси, сила и страсти, ги гледаме орудијата на Семилостивиот кои тивко и трпеливо ги остваруваат намерите на Неговата волја.“ – Воспитување, 154.

б. Во Својата намера да го искористи Кир да ја избави Јуда од Вавилон, кое големо духовно избавување било обезбедено од страна на Бога, и преку кого тоа требало да дојде? Исаија 46,11-13.

„Со зборови и дело Месијата, за време на Неговата служба на земјата, требало на човештвото да му ја открие славата на Бог Отецот. Со секоја постапка на својот живот, со секој изговорен збор и со секое извршено чудо, Тој требало да му ја покаже нападнатото човештво бескрајната Божја љубов.“ – Пророци и цареви, 474.

Четврток 17. ноември

5. БОЖЈИ ПОМОШНИЦИ

а. Кое основно искуство треба сите ние да го имаме, со цел да соработуваме со Бога во благословеното дело за спасување на душите? Псалм 51,10-13; 2 Коринтјаните 4,1-7. Зошто?

„Секој вистински ученик се раѓа за Божјото царство како мисионер. Оној што пие од водата станува извор на животот. Примателот станува давател. Христовата милост во душата е како извор в пустина што извира да ги освежи сите, и кај оние што се пред смрт да создаде желба да пијат од водата на животот.“ – Копнежот на вековите, 153.
„Оној што ќе стане Божјо дете, треба отсега да се смета себеси за алка во синџирот што е спуштен за спасување на светот, да биде едно со Христа во Неговиот план на милоста и одејќи напред со Него, да го бара и спасува изгубеното.“ – Здравје и среќа, 66.
„Дали толку длабоко ја вреднувате жртвата направена на Голгота, за да ги подредите сите свои интереси на делото на спасување на душите? Истата силна желба да се спсат грешниците која го карактеризирала животот на Спасителот треба да го карактеризира и животот на Неговиот вистински следбеник. Христијанинот не копнее да живее за себе. Тој наоѓа задоволство сѐ што има и сѐ што е да го посвети во служба на Господа. Тој се раководи со неискажаната желба да придобива души за Христа. Оние што не чувствуваат ваква желба, можеби е подобро да се загрижат за своето спасение. Нека се молат за дух на служба.“ – 7 Сведоштво, 5.6.
„Самиот небесен Отец ни укажал на делото кое треба да го извршиме. Мораме да ги земеме своите Библии и да излеземе да го предупредиме светот. Ние сме на Бога помагачи во спасување на душите – канали по кои Неговата љубов од ден во ден се излева на оние кои пропаѓаат.“ – 9 Сведоштво, 110.

Петок 18. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Спомнете некои од начините за унапредување на Божјото дело преку нашата заедничка соработка?
2. Што треба да имаме на ум кога се соочуваме со жестоки искушенија и тешкотии?
3. Ако се одмараме во Божјата љубов и во целост Му се посветиме на Него, што ние ќе добиеме?
4. Зошто пророштвата се толку корисни во поставувањето на темелите за верување во Бога?
5. Зошто евангелската ревност е прецизен мерач за вистинско обраќање?

Сподели го ова:

Слични објави