07 Борбата на остатокот

Сподели го ова:

7. лекција Сабота, 12. ноември, 2016.

Борбата на остатокот

„Послушајте Ме, вие, кои ја познавате правдата, народе, Кој во срцето свое го имаш Мојот закон! Не плашете се од прекорување на луѓето, ниту стравувајте од нивните навреди.“ – Исаија 51,7.

„Божјиот закон ќе биде целосно оправдан. Тогаш ќе се види дека Бог во сите свои постапки со бунтот секогаш ги имал во предвид вечното добро на својот народ и доброто на сите светови што Тој ги создал.“ – Патријарси и пророци, 348.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Мисли од гората, 83.84. Одбрани пораки 1, 121-143.

Недела 6. ноември

1. ТЕШКИ ВРЕМИЊА ЗА ПРАВЕДНИТЕ

а. Во времето на Исаија, какви настани се развивале во Јуда за време на владеењето на царот Манасија? 2 Цареви 21,16; 2 Летописи 33,9-11.

„Царството на Јуда… повторно паднало ниско во текот на долгите години на безбожното владеење на Манасија, кога паганството повторно оживеало, и мнозина од народот повторно потонале во идолопоклонство… Славната светлина на поранешните генерации ја заменила темнина на суеверие и заблуда. Се појавиле и рашириле големи зла: тиранија, угнетување и омраза на сѐ што е добро. Правдата била изопачена; насилството преовладувало.
Сепак, и тие тешки времиња не биле без Божји сведоци и правда. Тешките искуства низ кои Јудиното царство поминало во периодот на владеењето на Езекија, во срцата на мнозина развило цврстина на карактерот, која сега служела како бедем против општото беззаконие. Нивното сведоштво во корист на вистината и правдата предизвикало гнев кај Манасија и неговите соработници кои биле на власт, и кои настојувале да се утврдат во зло, замолкнувајќи го секој глас на негодување. (2 Цареви 21,6).
Меѓу првите паднал Исаија, кој повеќе од половина век стоел пред Јуда како избран гласник на Јехова.“ – Пророци и цареви, 259.

Понеделник 7. ноември

2. ГОСПОД СЕМОЌНИОТ СПАСУВА

а. Што сите ние треба да научиме од покајанието на Манасија? 2 Летописи 33,12.13; 2 Петрово 3,9.

„Во случајот на Манасија, Господ ни дава пример за начинот на кој Тој постапува со луѓето (2 Летописи 33,9-13).
Господ преку пророкот често му се обраќал на својот народ со зборови на опомена и укор. Тој им се откривал во својата милост, љубов и добрина. Својот отпаднички народ Тој не го препуштал на волјата на непријателот, туку долго и трпеливо го поднесувал, дури и за време на нивното упорно отпадништво. Но, по залудно упатените повици, Тој подготвил прачка за казнување. Каква сомилост и љубов Бог покажувал кон својот народ! Оние кои ги попречувале Неговите намери, Господ можел да ги уништи во нивните гревови, но Тој не го сторил тоа. Неговата рака сѐ уште е испружена. Ние имаме причини да му бидеме благодарни на Бога што не го повлекол својот Дух од оние кои одбиле да одат по Неговиот пат.“ – Коментари на библиските текстови, 222.

б. Откако Бог го искористил Вавилон за да го казни отпаднатиот Израел, а потоа ја користел Медо-Персија да го уништи Вавилон, кое ветување Бог го дал во поглед на ослободувањето на својот народ по истекот на казнениот период? Исаија 44,24.28; 45,1-6.13.

„Повеќе од еден век пред раѓањето на Кир, Вдахновението го спомнува по име и го запишало делото кое ќе го изврши при ненадејното заземање на градот Вавилон, и во подготовката за патот за ослободување на децата од заробеништво. Преку Исаија биле изговорени зборовите: (Исаија 45,1-3).“ – Пророци и цареви, 375.

в. Како се исполнило ова пророштво? Ездра 1,1-4; 6,3-5. На кој принцип овој факт треба да нѐ потсетува? Броеви 11,23.

„Господ располага со ресурси. Неговата рака е на кормилото. Кога дошло времето Неговиот храм повторно да биде изграден, Тој го покренал Кир, како свое орудие да го распознае пророштвото кое се однесувало токму на него, и на Еврејскиот народ да му даде слобода.“ – Коментари на библиските текстови, 400.

Вторник 8. ноември

3. ВИСТИНСКА РЕФОРМАЦИЈА КОЈА ТРАЕ

а. Која духовна обнова пророкувана дека ќе се спроведе во нашите денови е претставена со обновата во времето на Неемија? Исаија 61,4; 58,12.13.

„Духовната обнова, симболично претставена во делото остварено во времето на Неемија, опишана е кај пророкот Исаија: (Исаија 61,4; 58,12).
Пророкот со овие зборови го опишува народот кој, во времето на општ отпад од вистината и правдата, се труди да ги обнови начелата кои се темел на Божјото царство. Тој народ обновува урнатини направени во Божјиот закон – ѕидови кои Тој ги подигнал за да ги заштити своите избраници, и послушноста на прописите на правдата, вистината и чистотата ќе биде вечна заштита.
Пророкот со недвосмислени зборови укажува на специфичната задача на остатокот кој го гради ѕидот. ‘Ако заради саботата ја воздржиш ногата своја да ги исполнува желбите на твоето срце во светиот Мој ден, и ако ја нарекуваш саботата радост, свет ден Господов, ако ја празнуваш и ако ја почитуваш со тоа да не се занимаваш со обичните работи, да им угодуваш на своите грешни желби и да празнословуваш, тогаш ќе имаш радост во Господ, а Јас ќе те искачам на височини земни и ќе ти дадам да вкусиш од наследството на Јаков, твојот татко: устата на Господ го изрече тоа’ (Исаија 58,13.14).
Во времето на крајот секоја божествена институција ќе биде обновена. Повредата направена во законот во времето кога човекот ја променил саботата ќе биде поправена.“ – Пророци и цареви, 459.460.

б. Зошто е толку значајно да се има добар темел во делото на реформацијата? Псалм 11,3. Како ова се однесува на нашата работа денес додека се подготвуваме за враќањето на нашиот Господ? Матеј 3,9.10; 17,11.

„Остатокот на Божјиот народ кој како реформатор стои пред светот, мора да покаже дека Божјиот закон е основа на секоја трајна реформа и дека саботата од четвртата заповед, мора да стои како постојан спомен на создавањето, постојан потсетник на Божјата сила. Тој треба со јасни и разбирливи зборови да укаже на обврската на потребата од послушност кон сите прописи на Декалогот. Поттикнат од Христовата љубов тој мора да соработува со Него, во градењето на урнатини. Тој треба да биде ‘обновител на урнатини, градител на патишта за населби’ (Исаија 58,12).“ – Пророци и цареви, 460.

Среда 9. ноември

4. НАПРЕДУВАЊЕ

а. Колку понизни треба да бидеме во работата за другите? Лука 17,10; Галатјаните 6,1; Исаија 51,1.

„Народот треба да го водиме трпеливо и постепено, имајќи ја на ум ‘длабоката јама од која сме извадени’.“ – 3 Сведоштво, 15.

б. Кои ветувања упатени на Аврамовите духовни деца се однесуваат на нас денес? Исаија 51,2.3; Галатјаните 3,28.29.

„Пред Божјиот народ се наоѓа силно дело, дело кое постојано мора да напредува, да станува сѐ поистакнато. Мораат многу повеќе да се прошират нашите напори во полето на мисионството…
Лозјето го вклучува целиот свет, и секој негов дел мора да биде обработен. Постојат места кои денес претставуваат морална пустина и тие треба да станат како Господова градина. Потребно е да се обработат пустите делови на земјата, за да можат да пупат и да процветаат како роза. Луѓето, вдахновени со Светиот Дух, треба да обработуваат нови полиња. Мораат да се основаат нови цркви, да се организираат нови собранија. Во ова време, претставниците на сегашната вистина треба да бидат во секој град и во најоддалечените краеви на земјата. Целата земја треба да биде осветлена со славата на Божјата вистина. Светлината треба да блеска во сите земји и меѓу сите народи, и таа треба да се шири преку оние кои ја примиле. Ѕвездата Деница се родила во нашите срца и со нејзината светлина ние треба да го осветлиме патот на оние кои се наоѓаат во темнина.
Кризата е пред нас. Со силата на Светиот Дух мораме сега да ги прокламираме големите вистини за овие последни денови. За кратко време сите ќе го слушнат предупредувањето и ќе донесат своја одлука. Тогаш ќе дојде крајот.
Суштината на секоја вистинска вера се состои во тоа да се направат вистински работи во право време. Бог е големиот главен работник, кој со своето провидение подготвува пат по кој ќе се оствари Неговото дело. Тој создава прилики и отвора патишта на влијание и канали на делување. Ако Неговиот народ внимава на знаците на Неговото провидение и ако е подготвен да соработува со Него, ќе види како се остварува големо дело… . Нашето дело е дело на реформирање и Божја намера е тоа со своето совршенство во сите насоки да биде поука за народот.“ – 6 Сведоштво, 15.16.
Четврток 10. ноември

5. ДА НЕ БИДЕМЕ ЗАВЕДЕНИ НА ПОГРЕШЕН ПАТ

а. Што се случува кога луѓето ќе го отфрлат Божјото Слово со цел да ја промовираат сопствената агенда (дневен ред)? Исаија 50,11; Јован 12,48; 2 Солунјаните 2,11.

„Господ ми покажа дека оние кои до извесна мера биле заслепени од непријателот, а кои целосно не се ослободиле од стапиците на сатаната, се наоѓаат во голема опасност, бидејќи не можат да ја разликуваат светлината од небото, и ќе бидат наклонети да ја прифатат лагата. Тоа ќе има влијание на општиот правец на нивните мисли, нивните одлуки, нивните предлози и совети. Најочигледните докази кои Бог ги дал за нив не се докази, бидејќи ги заслепиле своите очи избирајќи ја темнината повеќе од светлината. Тогаш тие ќе создаваат нешто ново кое го нарекуваат светлина, која Господ ја нарекува искри кои сами ги запалиле, кои ќе ги насочат нивните чекори.“ – Коментари на библиските текстови, 329.
„Од страна на мнозина, зборовите што Господ ги испраќа ќе бидат отфрлени, а зборовите кои човекот може да ги каже ќе бидат примени како светлина и вистина. Човечката мудрост ќе ги води подалеку од самоодрекувањето, од посветувањето и ќе осмисли многу работи кои имаат тенденција Божјите пораки да немаат никаков ефект. Ние не можеме безбедно да се потпреме на луѓе кои не се тесно поврзани со Бога.“ – Коментари на библиските текстови, 330.

б. Кои клучни точки треба да ги имаме во предвид во ова дело? 1 Коринтјаните 14,8.

„Нека црквите се подигнат и покајат поради своето отпадништво од Бога. Нека стражарите се разбудат и да и дадат на трубата јасен звук.“ – Одбрани пораки 1, 126.

Петок 11. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Колку длабоко царот Манасија потонал во понорот на беззаконието?
2. Наведете примери кои најдобро го откриваат огромното трпение на нашиот Спасител?
3. Мнозина тврдат дека се реформатори, но на што Бог ја темели вистинската реформа?
4. Која е најважната задача на која мораме денес да се посветиме?
5. Наведете ги проблемите кои ги наведуваат луѓето да застранат од вистината.

Сподели го ова:

Similar Posts