05 Гледајќи на Јагнето
5. лекција Сабота 29. октомври, 2016.
Гледајќи на Јагнето
„А Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме.“ – Исаија 53,5.
„Гледајте, о гледајте на крстот на Голгота; гледајте ја царската жртва како страда заради нас.“ – That I May Know Him, p. 65.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 2 Сведоштво, 217-234.
Недела 23. октомври
1. ГОВОРОТ НА УЧИТЕЛИТЕ
а. Како можеме да им зборуваме на другите како што тоа го правел Исус? Исаија 50,4.5.
„Ние сме по природа себични и самоволни. Но кога ќе ги научиме поуките што Христос сака да нѐ научи, ние стануваме соучесници во Неговата природа; понатака живееме Негов живот. Прекрасниот Христов пример, неспоредливата нежност со која ги освојувал чувствата на луѓето, плачејќи со оние што плачат, радувајќи се со оние што се радуваат, треба да остави длабоко влијание врз карактерот на сите оние што го следат во искреноста…
Насекаде околу нас има напатени души. Нив можеме да ги најдеме насекаде. Затоа да ги побараме тие страдалници и во вистинско време да им упатиме зборови што ќе ги утешат нивните срца. Секогаш да бидеме канали преку кои ќе течат освежувачките води на сочувство.
Доаѓајќи во допир со луѓето, секогаш треба да запомниме дека во искуството на другите постојат затворени поглавја од очите на смртниците. На страниците на нивното сеќавање се наоѓаат тажни приказни што се кријат од очите на љубопитните. Таму се регистрирани долги, тешки битки со тешките околности, можеби проблеми во семејниот живот, кои од ден на ден ја ослабнуваат храброста, самодовербата и верата. Душите, кои на својот животен пат мораат да водат тешка борба, можат да бидат зајакнати и охрабрени со мало внимание, кое нас нѐ чини само незначителен напор во љубовта кон ближните. За таквите, едно искрено и охрабрувачко стегање на раката, понекогаш вреди многу повеќе од злато или сребро. Љубезните зборови се добредојдени како насмевка на ангелите.“ – Здравје и среќа, 108.109.
Понеделник 24. октомври
2. СЦЕНА ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
а. Кои се некои од работите поради кои Христос страдал за нас? Зошто го правел тоа? Исаија 50,6; 52,13-15.
„Славниот Божјиот Син… морал да претрпи навреди, исмејување и срамна злоупотреба, додека ‘ликот Негов беше обезличен повеќе, отколку на секој човек, и видот Негов – повеќе, отколку на синовите човечки’ (Исаија 52,14).
„Кој може да ја сфати љубовта која овде е покажана? Војска од ангели со восхит и тага гледале како Оној кој бил Величество на небото и носел круна на славата, сега носи трнлив венец, како крвава жртва на разбеснетата толпа, распламтена од лудиот гнев на сатаната. Гледајте го трпеливиот Страдалник! На Неговата глава е трнлив венец. Од сите рани му тече крв. И сето тоа како последица на гревот! Само вечната љубов, која секогаш ќе остане тајна, можела да го одведе Христа да ја напушти небесната слава и почести и да дојде во овој грешен свет, каде ќе биде запоставен, презрен и отфрлен од страна на оние кои дошол да ги спаси и на крај да страда на крстот.“ – 2 Сведоштво, 135.
„Гордоста и себичноста не можат да виреат во душата што ги одржува свежи сеќавањата на сцените од Голгота.“ – Копнежот на вековите, 577.
б. Како пророкот Исаија го прорекол Христовиот изглед? Исаија 53,2. Зошто мнозина биле одбиени од Неговиот едноставен изглед?
„Светските организации ги привлекуваат и заслепуваат сетилата, така што побожноста, стравот од Бога, верноста и лојалноста ја губат својата сила и човекот не може да се одржи. Христовиот понизен и скромен живот не изгледа воопшто привлечен. За многумина кои тврдат дека се синови и ќерки Божји, Исус, Величеството на небото, е ‘Како корен од сува земја. Немаше на Него ни убавина ни блесок во Него’.“ – The Adventist Home, p. 461.
„Пророштвото претскажало дека Христос ќе се појави како корен од сува земја (Исаија 53,2.3). Ова поглавје треба внимателно да се проучува. Тука Христос е прикажан како Божјо Јагне. Оние кои се издигаат во својата гордост и чиишто души се полни со суета, треба да ја гледаат оваа слика на својот Откупител и да се понижат во прав. Целата глава треба да се научи напамет. Под влијание на овие зборови ќе се покорат и ќе ја понижат душата која е извалкана од гревот на самовозвишување.“ – The Youth’s Instructor, December 20, 1900.
Вторник 25. октомври
3. ПРЕЗРЕН И ОТФРЛЕН
а. Како мнозина одговараат на Исусовата љубов? Исаија 53,3. Што Тој поднел заради нас? Исаија 53,4.5.
„Преку бесконечната жртва и неискажливото страдање, нашиот Откупител го ставил откупот на дофат на рацете. Престојувал во овој свет непочитуван и непознат, како би можел преку својата прекрасна милост и понижување да го издигне човекот да прими вечни почести и бесмртна радост во небесните дворови. За време на триесетте години од Неговиот живот на Земјата, Неговото срце го притискала незамислива болка. Патот од јаслите до Голгота бил во сенка на страдањето и тагата. Тој бил човек на болки и запознаен со тагата, а Неговото срце трпело душевна болка така што нема човечки јазик што може да ја опише. Навистина можел да каже: ‘Погледајте и видете има ли болка каква што е мојата болка’ (Плачот на Еремија 1,12). Го мразел гревот со совршена омраза, но сепак на својата душа ги понел гревовите на целиот свет. Бил невин, но самиот се понудил како замена за престапот. Вината на секој грев ја притискала со сета своја тежина на божествената душа на Спасителот на светот. Лошите помисли, злите зборови и злоделата на секој син и ќерка на Адам навлекле на Него одмазда бидејќи станал човеков заменик. Иако вината за гревовите не му припаѓала Нему, Неговиот дух бил растргнат и изнаранет од престапите на луѓето, и Оној кој не знаел за грев, станал грев за нас, за да бидеме праведни пред Бога.“ – Одбрани пораки 1, 322.
„Колку малку се оние кои имаат претстава за агонијата која го кинела срцето на Божјиот Син за време на триесет години од животот на земјата.“ – Тhat I May Know Him, p. 66.
„Божјиот Син бил отфрлен и презрен поради нас. Можете ли, гледајќи на крстот, гледајќи ги со окото на верата Христовите страдања – да се жалите на вашите страдања и искушенија? Можете ли во срцето да негувате дух на одмазда кон своите непријатели, додека до вашето уво од Христовите бледи и треперливи усни допираат зборовите на молитва за Неговите хулители и убијци: ‘Оче, прости им, зашто не знаат што прават’ (Лука 23,34).
Ние не смееме да отстапиме пред длабочините на понижувањето на кое Божјиот Син бил изложен како би нѐ подигнал од униженоста и ропството на гревот и не поставил од својата десна страна… Крајно е време да ги посветиме овие неколку преостанати часови на нашето време на проба како би ги измиле облеките на својот карактер и да ги избелиме во крвта на Јагнето, за да бидеме во друштво на оние кои ќе стојат облечени во бели облеки пред големиот бел престол .“ – Тhat I May Know Him, p. 65.
Среда 26. октомври
4. ЖРТВА КОЈА НЕ СЕ ЖАЛИ
а. Што треба да научиме од начинот на кој Исус одговорил на малтретирањата врз Него во моментот на распнувањето? Исаија 53,6-9; 1 Петрово 2,19-24.
„Во понизност и каење ние треба да го заземеме местото кое ни доликува во подножјето на крстот. Додека, одејќи од Голгота и гледајќи на крстот, го посматраме Спасителот во агонија, Божјиот Син како умира, Праведниот за неправедните, најдобро можеме да ја научиме лекцијата за кротоста и понизноста. Да го посматраме Оној кој со еден збор можел да повика легиони на ангели да Му помогнат, како го поднесува потсмевот, навредите, подбивите и омразата. Тој се дал себеси како жртва за гревот. Кога го навредувале, Тој не им се заканувал; кога бил лажно обвинет, Тој не ја отворил својата уста. Тој се молел на крстот за своите убијци. Тој умирал за нив. Тој ја платил неизмерната цена за секого од нив. Тој не сакал да изгуби ниту еден кого го откупил по толку висока цена. Без ниту еден збор на противење трпел удари и ранувања. Таквата жртва која не се жали бил Божјиот Син. Неговиот престол е од века, и Неговото царство не ќе има крај.“ – Тhat I May Know Him, p. 65.
„Во својата човечка природа Христос бил искушуван со многу посилни искушенија отколку човекот, со многу поголеми истрајни напори и енергија од страна на сатаната, со оглед дека Неговата природа била повозвишена од човечката. Ова е длабока таинствена вистина, дека Христос е врзан за човештвото со најнежно сочувство. Лошите помисли, злите зборови и злоделата на секој син и ќерка на Адам ја притискале Неговата божествена душа. Поради гревовите на луѓето, Него го очекувала одмазда, бидејќи Тој станал човекова замена и ги зел врз себе гревовите на светот.“ – Тhat I May Know Him, p. 66.
б. Која била целта на небото при Христовото воплотување? Исаија 53,10.
„Величество на небото не си угодувало себеси. Сѐ што правел било во интерес на спасување на човекот. Себичноста во сите свои форми била прекорена во Неговото присуство. Тој ја презел нашата природа за да страда наместо нас и го дал својот живот на жртва на гревот. Бил ранет и мачен за да го спаси човекот од несреќата што ја заслужил престапувајќи го Божјиот закон. Со светлина која блеска од крстот, Христос сака да ги привлече кај себе сите луѓе. Неговото благородно срце копнее за секој припадник на човечкиот род. Неговите раце секогаш се раширени да ги примат сите и Тој ги повикува сите да дојдат кај Него. Неговиот живот на земјата бил живот на постојано самоодрекување и благонаклоност.“ – 4 Сведоштво, 322.323.
Четврток 27. октомври
5. ХРАНА ЗА УМОТ
а. Што го инспирирало Христа да умре со толку срамна смрт? Исаија 53,11.12.
„Љубениот и за обожавање достоен Искупител… не умрел како херој во очите на светот, натоварен со почести кои им се укажуваат на луѓето во битка. Тој починал како осуден криминалец, обесен помеѓу небото и земјата – умирајќи долго со срамна смрт, изложен на сарказам и мизерни навреди на злото и незауздено мноштво…
Сето ова понижување, Величеството на небото го поднело поради вината на осудениот човек. Во своето понижување, Тој одел се подлабоко и подлабоко сѐ додека не се спуштил до најголемите длабочини до кои воопшто можел да допре, со цел да го подигне човекот од неговата морална униженост. Сето ова е за вас.“ – Тhat I May Know Him, p. 68.
б. На што треба оваа неверојатна понизност да нѐ наведе на размислување? Евреите 2,3.14.15.
„Колку да сте грешни и виновни, вие сте повикани, вие сте избрани. ‘Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас’ (Јаков 4,8). Ниту еден нема да биде принуден против својата волја да дојде кај Исус Христос. Величието на небото, единородниот Син на вистинскиот и жив Бог, го отворил патот да дојдете кај Него, давајќи го својот живот како жртва на крстот на Голгота. Но, иако Тој пострадал низ сето ова за вас, Тој е премногу чист и праведен да го гледа беззаконието. Но дури ниту тоа не треба да ве разделува од Него, бидејќи Тој вели: ‘Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание’ (Марко 2,17).“ – Fundamentals of Christian Education, pp. 251, 252.
Петок 28. октомври
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што треба да научиме со цел да бидеме од поголем благослов за другите?
2. Какво влијание ќе има врз нас ако напамет го научиме 53. поглавје од книгата на пророкот Исаија?
3. Доколку ги посматраме Исусовите страдања на крстот, што ќе бидеме во состојба да направиме?
4. Зошто Исус, освен кога се молел за своите непријатели, молчел додека висел на крстот?
5. Како можеме да ја покажеме нашата благодарност за она што Исус го направил за нас?