04 Поддршката и грижата на Творецот
4. лекција Сабота, 22. октомври, 2016.
Поддршката и грижата на Творецот
„Нема да ослабне, ниту ќе изнемошти, додека на земјата не воспостави правда, народите ќе се надеваат на Неговиот закон.“ Исаија 42,4.
„Проучувајќи го Божјото Слово ќе видиме дека не сме препуштени на нашите слабости, на нашите сомнежи, и дека не постои повод да тонеме во обесхрабреност. Зборувајте со вера; дејствувајте во вера. Негувајте ја верата која работи преку љубов и ја чисти душата.“ – The Review and Herald, May 19, 1896.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Здравје и среќа, 20-30.
Недела 16. октомври
1. НАШИОТ МОДЕЛ
а. Каде Бог Отецот нѐ повикува сите нас да гледаме – и зошто? Исаија 42,1.
„Исус бил извор на исцелувачка милост за светот; и во текот на сите тие години на повлеченост во Назарет, Неговиот живот се излевал во потоци на сочувство и нежност. Возрасните луѓе, жалосни и оптоварени со гревот, децата кои се играат во својата невина радост, малечките суштества во шумите, трпеливите запрежни животни, сите биле посреќни во Негово присуство. Тој, чијшто збор ги одржувал световите, се наведнал да ѝ помогне на ранетата птица. Немало ништо што не би го забележал, ништо што не би било достојно за Неговата служба.
И така, додека се развивал умно и телесно, Исус растел во милоста и пред Бога и пред луѓето… Атмосферата на надеж и храброст што го опкружувала го сторила благослов за секој дом… Тој живеел за да му угоди, да му даде чест и да го прослави својот Отец во обичните животни околности. Неговото дело започнало тогаш кога му се посветил на скромниот позив на занаетчиите кои макотрпно го заработуваат нивниот секојдневен леб. Тој на Бога му служел во иста мера додека работел покрај масата на дрводелец како и тогаш кога правел чуда за народот. И секој млад човек што го следи Христовиот пример на верност и послушност во својот скромен дом, може да полага право на зборовите што ги изговорил Отецот за Него преку Светиот Дух: ‘Еве го Мојот Слуга, Кого Го поддржувам, Мојот Избраник, љубимецот на душата Моја’ (Исаија 42,1).“ – Копнежот на вековите, 50.51.
Понеделник 17. октомври
2. ЕДИНСТВЕН УЧИТЕЛ
а. На што се однесува пророштвото на Исаија за гласот на Исус (говор)? Исаија 42,2.
„Христовиот глас не се слушал на улица, во бучните расправии со оние кои се противеле на Неговото учење. Ниту Неговиот глас можел да се чуе во молитва упатена на Отецот на улица, како луѓето би можеле да ја чујат. Неговиот глас не се слушал ниту на радосните веселби. Неговиот глас никогаш не се издигал како би се фалел самиот себеси, или како би придобил пофалби и ласкања од луѓето. Кога бил преокупиран со проучување, Тој се повлекувал со своите ученици далеку од метежот и конфузијата во градовите на некое повлечено место кое било во согласност со поуките за понизност, побожност и доблест, кои сакал да ги втисне во нивниот ум. Тој ги избегнувал човечките пофалби и повеќе ја сакал осаменоста и спокојот од бучавата и метежот на смртниот и минлив живот. Неговиот глас можел да се чуе во сесрдните залагања пред Отецот; па сепак за оваа активност Тој би ја избрал осамената гора, и често поминувал цели ноќи во молитва за сила која е неопходна да им се спротивстави на искушенијата со кои требало да се сретне, и да ја исполни значајната задача со цел да го спаси човекот. Неговите молби биле сериозни и измешани со силен плач и солзи. И без оглед на душевните напори за време на ноќта, Тој не престанал да ја извршува својата работа во текот на денот. Тој наутро тивко би го продолжил своето дело на милост и несебична добрина.“ – The Spirit of Prophecy, vol. 2, pp. 30, 31.
„Начинот на кој Спасителот им се обраќал на луѓето во голема мерка се разликувал од настапот на тогашните вероучители. Во неговиот живот никогаш не се слушнала бучна расправа, ниту наметлива молитва, не е запазена ниедна постапка чија цел би била да предизвика восхитување кај луѓето. Месијата требало да биде скриен во Бога, а Бог да биде откриен во карактерот на својот Син.“ – Пророци и цареви, 472.
б. Оние кои ги слушнале зборовите на Исуса, што кажале за неговиот начинот на зборување? Јован 7,46.
„Исус е нашиот пример. Неговиот глас, додека им се обраќал на луѓето, бил милозвучен, и никогаш не зборувал со повишен тон. Никогаш во своето излагање не зборувал толку брзо и зборовите да прескокнуваат едни врз други и да не можат да се разберат. Тој јасно го изговарал секој збор.“ – The Review and Herald, March 5, 1895
„(Учениците во горната соба) ги набљудувале рацете и нозете повредени со грубите клинови. Го препознале Неговиот глас кој не бил сличен на ниеден друг што кога и да е го чуле.“ – Копнежот на вековите, 696.
Вторник 18. октомври
3. ДА ДОПРЕМЕ ДО ДРУГИТЕ
а. Што Исаија пророкувал за Исуса? Исаија 42,3. Што опфаќало Божјото дело? Јован 10,16; Матеј 12,20.21.
„Црквата не била соодветно едуцирана да работи надвор од сопствениот народ. Многу души надвор од црквата можеле да бидат просветлени со вистината, и тоа би внело многу поголема светлина во црквата, ако секој член кој тврдел дека има особена светлина би работел со срце, душа и зборови во придобивање на душите за вистината. Сѐ во се, членовите на црквата премногу малку направиле за оние кои имаат потреба од светлина, за оние кои се надвор од црквата на Адвентистите на Седмиот Ден… Бог на секоја душа и одредил должност. На судот никој нема да може да се оправда затоа што не ја извршил својата должност.“ – Сведоштво за проповедници, 127.128.
„За Исусовото срце самото присуство на неволја претставувало повик за помош. Сиромашните, болните, осамените, отфрлените, обесхрабрените, паднатите со духот, во Него пронаоѓале сочувствителен Спасител, моќен Исцелител… Христос ги поистоветувал своите интереси со интересите на луѓето што страдаат и Тој ни порачува дека сѐ што правиме за да ги олесниме страдањата на напатените, тоа го правиме за Него.“ – Medical Ministry, p. 121.
б. Со каква цел Исус дошол на овој свет? Јован 3,17. Што покажува Неговото трпение кон грешниците?
„Сепак, кога им се придружил на учениците, Јуда не бил нечувствителен кон убавината на Христовиот карактер. Го чувствувал влијанието на таа божествена сила што ги привлекувала душите кон Спасителот. Тој, кој не дошол да докрши напукната трска ниту да угаси ‘фитилче што тлее’, нема да ја одбие оваа душа додека макар и една желба да е насочена кон светлината. Спасителот го читал срцето на Јуда; Тој ја знаел длабината на гревот на кој ќе му подлегне Јуда ако не го ослободи Божјата милост. Поврзувајќи го овој човек со себе, Тој го поставил таму каде што постојано ќе биде во допир со изворот на неговата несебична љубов. Кога би му го отворил срцето на Христа, божествената милост би го истерала демонот на себичноста, па дури и Јуда би можел да стане учесник во Божјото царство.“ – Копнежот на вековите, 243.244.
„Исус копнеел за неговата (Јуда) душа. За него чувствувал ист товар како и за Ерусалим кога плачел над овој град осуден на уништување. Неговото срце плачело: ‘Како да те дадам’? Силата на таа љубов ја почувствувал и Јуда.“ – Копнежот на вековите, 563.
Среда 19. октомври
4. ВЕРЕН ПОМОШНИК
а. Каков бил Исусовиот став кон тешките ситуации, и како овој пример може да ни биде од помош? Исаија 42,4.
„(Исус) се спуштил до самата длабочината на човечката беда и јад, за човекот таков каков што е: извалкан со изопаченост, унижен со порок, изопачен од гревот, и обединет со сатаната во отпадот да го издигне кон себе да седне на Неговиот престол. Но, за Него е напишано дека ‘нема да ослабне, ниту ќе изнемошти’, и тој одел по патот на самоодрекување и самопожртвуваност, давајќи ни пример како треба да Го следиме во Неговите чекори. Ние треба да работиме како што тоа го правел Исус, запоставувајќи ги сопствените задоволства, одвраќајќи се од поткупот на сатаната, презирајќи ја леноста, и плашејќи се од себичноста, како би спасиле она што е изгубено, доведувајќи ја душата од темнината кон светлината, кон сончевата светлина на Божјата љубов. Ние сме овластени да одиме и да го проповедаме Евангелието на секое создание. Ние треба на изгубените да им ја однесеме веста дека Христос може да ги прости гревовите, да ја обнови човечката природа, да ја облече душата во облеките на Неговата правда, да го доведе грешникот во состојба каде може да го разбере Христовиот ум, и да го поучи и оспособи да биде Божји соработник.“ – Fundamentals of Christian Education, p. 199.
б. Каква гаранција имаат сите оние кои сакаат да работат за Бога во нивниот делокруг? Исаија 40,30.31.
„Прекрасни се можностите кои им се нудат на младите да ги сфатат гаранциите во Божјото Слово. Човечкиот ум едвај може да има претстава за духовните достигања до кои секое младо битие може да се издигне ако стане учесник во божествената природа. Исправајќи ги своите грешки и стекнувајќи победи, тие секој ден можат да растат во мудроста додека не станат силни мажи и жени во Христа…
Човек кој се надева на Господа во Него наоѓа своја сила, и доволно е силен да се одржи под најголем притисок. Сепак, кога срдечно е замолен, тој лесно застанува на страната на милоста и сожалувањето, бидејќи тоа е страната на Христа.
Оној кој целосно ќе се потчини и предаде на Бога подготвен е да ја твори Неговата волја. Тој совесно и понизно се обидува да дознае која е Божјата волја. Тој ја прифаќа дисциплината, и не се осудува да се раководи само со своето ограничено расудување. Тој комуницира со Бога, и разговара само за она што е небесно. Поврзувајќи се со Вечниот, човекот станува учесник во божествената природа. Врз него стрелите на злото немаат ефект, бидејќи тој е облечен со оклопот на Христовата правда.“ – Мојот живот денес, 302.
Четврток 20. октомври
5. КОЛКУ Е МОЌЕН БОГ КОМУ НИЕ МУ СЛУЖИМЕ!
а. Што ни кажува Исаија за Божјата моќ? Исаија 40,26-29.
„Во песната на птиците, во повивањето на дрвјата, во музиката на морињата сѐ уште можеме да го чуеме Неговиот глас, гласот на Оној кој разговарал со Адама во Едем ‘кога пиркаше ветерче’. Кога ја набљудуваме Неговата сила во природата наоѓаме утеха, зашто Речта што создала сѐ е таа што ѝ дава живот на душата. Тој ‘Кој рече светлина да засвети од темнината, Тој засвети во нашите срца, за да ги осветли со познавањето на Божјата слава во лицето на Исуса Христа’ (2 Коринтјаните 4,6).“ – Копнежот на вековите, 232.
„И ѕвездите имаат радосна порака за секое човечко суштество. Во часовите што доаѓаат на сите, кога срцето е слабо, а искушението болно притиска; кога пречките изгледаат непремостливи, животните цели недостижни, Неговите објективни ветувања како Содомски јаболка; каде тогаш би можело да се пронајде повеќе храброст и истрајност отколку во пораката што Бог ни заповедал да ја научиме од ѕвездите и нивното спокојно движење?“ – Воспитување, 99.
б. Кога ќе ја земеме во предвид Божјата величина, што ќе бидеме наведени да направиме? 1 Самуил 12,24; Марко 5,19; Псалм 31,19.
„Дрвото во пустината е симбол на она што Бог сака да биде животот на Неговите деца на овој свет. Тие треба да ги водат уморните души, полни со немири, и се подготвени да умрат во пустината на гревот, кон живата вода.“ – Воспитување, 100.
Петок 21. октомври
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како можат христијаните – вклучувајќи ги и младите – да ги исполнат зборовите од Исаија 42,1 во секојдневниот живот?
2. Што го правело Христовиот начин на поучување така карактеристичен во овој свет?
3. Како можеме да го следиме Христовиот пример во помагање на оние ко се надвор од црквата?
4. Додека растеме во мудроста, што ќе правиме секој ден?
5. Што можеме да научиме од ѕвездите?