03 Во пресрет на Месијата

Сподели го ова:

3. лекција Сабота, 15. октомври, 2016.

Во пресрет на Месијата

„Како пастир ќе го пасе Тој стадото Свое: јагнињата ќе ги земе Тој во рацете и ќе ги носи на градите Свои, и грижливо ќе ги води доилките“ – Исаија 40,11.

„Исус е Добриот Пастир. Тој се грижи за секоја од своите овци, а особено за оние кои се слаби, болни и овци кои лутаат. Тој ги знае сите по име. Страдањето на секоја овца и секое јагне од Неговото стадо разбудува сочувство и љубов во Неговото срце и секој крик за помош допира до Неговото уво.“ – 5 Сведоштво, 346.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 5 Сведоштво, 629-635.

Недела 9. октомври

1. БОЖЈАТА СИЛА И НАШАТА ЧОВЕЧКА СЛАБОСТ

а. Додека правиме планови за иднината, што треба да имаме на ум? Исаија 40,6-8. Кои други илустрации ја покажуваат Божјата величина, а истовремено нудат научна информација? Исаија 40,22 (прв дел).

„Во ова време, пред големата завршна криза, како и пред првото уништување на светот, луѓето се занесени во уживања и задоволување на телесните желби. Обземени од она што е видливо и минливо, тие го изгубиле од вид она што е невидливо и вечно. Ги жртвувале непропадливите богатства за она што со употреба се истрошува. Нивните умови треба да се издигнат, нивните погледи на животот да се прошират. Тие треба да се разбудат од летаргијата на световните соништа.
Од подемот и падот на нациите, кое е толку јасно прикажано на страниците на Светите списи, тие треба да се научат колку е безвредна славата ако е само надворешна и световна. Вавилон, со сета своја моќ и сјај, каква што светот од тогаш нема видено – моќ и сјај кои на луѓето од тоа време им изгледале толку стабилни и трајни – исчезнал без трага! Пропаднал како ‘полски цвет’! Така пропаѓа сѐ што не е втемелено на Бога. Само она што е во согласност со Неговите намери и што е одраз на Неговиот карактер може да опстане. Неговите принципи се единственото трајно нешто во овој свет.“ – Воспитување, 162.
Понеделник 10. октомври

2. ЕДИНСТВЕНИОТ ВИСТИНСКИ БОГ

а. Додека Исаија пророкувал за Христовото триумфално влегување во Ерусалим, што открил за делото на Месијата? Исаија 40,9-11.

„Вистината содржана во пораката на третиот ангел некои ја презентираат како сува теорија; меѓутоа, во оваа порака Христос треба да се нагласи и истакне како жива стварност. Тој треба да биде откриен како прв и последен, како големиот ЈАС СУМ, корен и род Давидов, и сјајната ѕвезда Деница. Преку оваа порака на светот треба да му се открие Божјиот карактер откриен во Христа.“ – 6 Сведоштво, 20.
„Во Христа се наоѓа нежност на пастир, љубов на родител и неспоредлива милост на Спасител полн со сочувство. Своите благослови ги дава под најпривлечни услови. Тој не е задоволен само да ги објави овие благослови; Тој ги изнесува на најпривлечен начин за да разбуди желба да ги поседуваме. Така неговите слуги треба да го претставуваат богатството на славата на тој неопислив дар. Христовата љубов ќе ги стопи и покори срцата, додека само со повторување на учењето не може ништо да се постигне… Зборувајте му на народот за Оној кој е ‘поубав од десет илјади други’ и за Оној кој ‘целиот е прекрасен’ (Песна над песните 5,10.16). Само со зборови не може да се изрази тоа. Треба да се одрази во карактерот и да се покаже во животот… Во секого од нив треба јасно да му се покаже на светот Христовата љубов која долго трпи, Неговата светост, кротост, милост и вистина.“ – Копнежот на вековите, 717.718.

б. Каде треба да го бараме спасението и зошто? Исаија 45,21.22.

„Дојди кај Исуса Христа со сето свое срце. Покај се за сите свои гревови, признај ги сите пред Бога, остави ги сите беззаконија и можеш да се повикаш на сите Негови ветувања.“ – 5 Сведоштво, 634.
„Нема ли членовите на нашата црква своите очи постојано да ги држат насочени на распнатиот и воскреснатиот Спасител, во кој се сосредоточени сите наши надежи на вечен живот? Тоа е нашата порака, нашиот аргумент, нашата доктрина, нашето предупредување до непокајаните, нашето охрабрување за оние кои тагуваат – надеж за секој верник. Ако успееме во срцето на луѓето да разбудиме интерес и да ги наведеме својот поглед да го насочат кон Христа, ние можеме да се повлечеме, упатувајќи ги само да продолжат да го насочуваат својот поглед на Божјото Јагне. На тој начин ќе ја примат пораката.“ – Коментари на библиските текстови, 725.
Вторник 11. октомври

3. ТРАЕН СОЈУЗ

а. Како Господ ја опишува нежната грижа која Тој ја има за своите деца? Исаија 49,15.16; Матеј 12,50; Галатјаните 3,29. Како можеме да бидеме сигурни дека ќе се најдеме меѓу овие деца?

„Оние кои денес со Христос делат страдања и презир, подоцна ќе ја делат и Неговата слава. Тој ‘не се срами да ги нарече браќа’ (Евреите 2,11). Неговите ангели им служат ним. Тој ќе дојде по втор пат како Син човечки, и на тој начин дури и во својата слава ќе се идентификува со човештвото. На оние кои се соединиле со Него, тој им вели: ‘Може ли жена да го заборави породот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го заборавила, Јас тебе нема да те заборавам. Ете, на Своите дланки сум те врежал; твоите ѕидишта секогаш се пред Мене’ (Исаија 49,15.16).
Единството со Христа преку жива вера е трајно; секое друго единство мора да пропадне. Прво Христос нѐ избрал нас, плаќајќи бесконечна цена за наше спасение. Затоа и вистинскиот верник го бира Христа како прв и последен и најдобар во сѐ. Но, за ова единство мора нешто и да платиме. Тоа е единство на целосна зависност, во кое едно гордо суштество мора да се понижи. Сите кои влегуваат во ова заедништво мораат да ја почувствуваат нивната потреба за Христовата крв. Тие мораат да се променат во срцата. Мораат својата волја да ѝ ја потчинат на Божјата. Мораат да се борат со надворешни и внатрешни пречки. Мораат да поминат преку болното дело на одвојување и делото на спојување. Гордоста, себичноста, суетата, световноста – секој грев – мора да се победи, ако сакаме да влеземе во единство со Христа. Причината зошто многумина мислат дека христијанскиот живот е толку страшно тежок, зошто се толку непостојани, толку променливи, е во тоа што тие се обидуваат да се приклучат кон Христа, додека претходно не се одвоиле од идолите кои ги негувале.“ – 5 Сведоштво, 153.154.

б. Кога ќе го потчиниме целокупното битие на водството на Добриот Пастир, каква сигурност имаме? Псалм 36,7; 34,22.

„Оној, кој зел човечка природа на себе, знае како да сочувствува со луѓето што страдаат. Христос не само што ја познава секоја душа и нејзините потреби и неволји, туку и сите околности што можат да го вознемират и збунат духот. Неговата рака е испружена до секое Божјо дете што страда, со неизмерно сочувство и радост. Тој им укажува најголемо сочувство и сожалување на оние што најмногу страдаат. Тој е трогнат од нашата немоќ и копнее да положиме пред Неговите нозе сѐ што нѐ збунува и обременува и да го оставиме таму.“ – Здравје и среќа, 190.
Среда 12. октомври

4. ВЕЛИЧАЊЕ НА ЗАКОНОТ

а. Што Исус очекува да направиме за душите кои се во темнина? Исаија 42,5-7.

„Како народ мораме да бидеме наново обратени; нашиот живот мора да биде посветен за да ја објавуваме вистината каква што е во Исуса. Ширејќи ги нашите публикации, ние можеме да зборуваме за љубовта на Спасителот со топло и трогнато срце. Само Бог има моќ да ги прости гревовите. Ако таа вест не ја објавиме на необратените, нашата немарност за нив би можела да значи пропаст. Во нашите весници и списанија треба да се објавуваат благословените библиски вистини кои ја спасуваат душата. Мнозина можат да помогнат во продавањето на нашите списанија. Господ нѐ повикува сите нас да учествуваме во делото на спасување на душите кои гинат. Сатаната се труди да ги измами дури и избраните и сега е време да бидеме будни и да работиме претпазливо. Вниманието на народот треба да се насочи на нашите книги и весници. Евангелието на сегашната вистина треба, без одлагање, да се објави во нашите градови. Зарем нема да одговориме на нашите обврски?
Ако го проучуваме Христовиот живот и Неговото учење, секој настан ќе ни даде материјал за впечатливо излагање. Така Спасителот го проповедал евангелието по патиштата и меѓу оградите. И додека Тој зборувал, често можело да се види како малата група која ги слушала Неговите зборови прераснувала во големо мноштво.“ – 9 Сведоштво, 44.45.

б. Како Бог гледа на Неговиот закон? Исаија 42,21. Што можеме да научиме од ова?

„Мораме да настојуваме да ги поттикнеме членовите на црквата, како и оние кои тоа не се, да ги увидат и почитуваат барањата на законот на Небото. Ние треба да го направиме овој закон ‘голем и славен’.“ – Одбрани пораки 2, 403.
„Истиот Оној кој со векови порано го изговорил законот на гората Синај, сега дошол да го направи тој закон голем и славен. Во својата беседа на гората, Тој го објаснил тој закон, покажувајќи што секое правило подразбира. Алчноста ја прикажал како идолопоклонство, страста како прељуба, а гневот како убиство. Тој ја докажал духовноста на законот и посочил дека тој допира до секоја фаза од животот.
Пред небесниот универзум, пред паднатите ангели и пред оние кои дошол да ги спаси, Христос покажал дека живее според уредбите на Божјиот закон. Со својата врвна послушност на неговите барања, Тој го возвишил и го исполнувал…
Како што Христос живеел според уредбите на законот во човечкото тело, на таков начин и ние ќе стекнеме сила ако се фатиме за Неговата сила.“ – The Signs of the Times, March 4, 1897.
Четврток 13. октомври

4. СТРАЖА НАД НАШИТЕ ОЧИ И УШИ

а. Што Господ сака да направиме со нашите очи и уши? Исаија 42,19.20. Зошто?

„Бог не сака ние да слушнеме сѐ што може да се слушне, и сѐ што може да се види. Голем благослов е да ги затвориме ушите да не слушаме и очите да не гледаме. Нашето внимание треба да го посветиме на тоа брзо и јасно да ги воочиме своите недостатоци, брзо да го слушнеме и послушаме секој потребен укор и упатство, да не станеме заради своето невнимание и немарност заборавни слушатели наместо творци на дело.“ – 1 Сведоштво, 707.708.
„Мошне е важно со што го храниме нашиот ум и душа. Ние можеме да му дозволиме на нашиот ум да живее на романтика и на ѕидање на кули во воздух, но каква корист ќе имаме од тоа? Тоа ќе ја уништи нашата душа и тело… Нам ни е потребна онаа сила која ќе ни овозможи да ги затвориме очите пред сцените кои нас не нѐ воздигаат, не нѐ облагородуваат, не нѐ пречистуваат; и да ги затвориме своите уши за сѐ што е забрането во Божјото Слово. Тој ни забранува да замислуваме зло, да зборуваме за злото, па дури и да мислиме за злото.“ – Our High Calling, p. 334.

б. Што Господ сака да гледаме? Евреите 12,1.2.

„Да гледаме во Исуса и да размислуваме за убавината на Неговиот карактер, и преку гледање ќе се преобразиме во истиот лик.“ – Our High Calling, p. 334.

Петок 14. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како чувството на сопствената смртност ни дава подобар поглед на живот?
2. На кои сѐ начини можеме на другите да им кажеме за Исуса и Неговата љубов?
3. Објаснете ја длабочината на вистинската заедница со Христа?
4. Во која смисла Христос го возвеличил законот со учење и пример?
5. Пред што треба да ги затвориме очите и ушите?

Сподели го ова:

Similar Posts