13 Царството во вас
13. лекција – 26. декември 2015.
Царството во вас
„Извојував добра борба, го завршив трчањето, ја запазив верата. Отсега натаму ми е подготвен венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној Ден Господ, Праведниот Судија, и не само мене, туку и на сите, кои го возљубија Неговото јавување.“ – 2 Тимотеј 4,7.8.
„Оние чиј живот бил сокриен во Христа, оние кои на оваа земја се бореле во добрата борба на верата, ќе засветат со славата на Спасителот во Божјото царство.“ – 9 Сведоштво, 297.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 701-706.
Недела 20. декември
1. ВО ДУХОТ И ВИСТИНАТА
а. Што Исус изјавил во поглед на Неговото царство во сегашниот свет? Лука 17,20.21; Јован 4.20-24.
„Никој не може да дојде во врска со Небото со тоа што копнее по некоја света гора или по некој свет храм. Религијата не смее да се ограничи на надворешни форми и церемонии. Религијата што доаѓа од Бога е единствената религија која води кон Бога. За да му служиме на Бога правилно, ние треба да бидеме родени од Божјиот Дух. Ова ќе го очисти срцето и ќе го обнови умот, така што ќе нѐ оспособи да го запознаеме и да го љубиме Бога. На тој начин доброволно се покоруваме на сите Негови барања. Тоа е вистинско обожавање на Бога.“ – Копнежот на вековите, 129.
б. На кого му се дава тоа царство? Лука 12,32; Матеј 5,3; 7,21.
„Секогаш кога душата посегнува по Бога, тука се забележува влијанието на Светиот Дух и Бог ќе и се открие на таквата душа. Тој бара такви поклоници. Тој чека да ги прими и да ги направи свои синови и ќерки.“ – Копнежот на вековите, 129.
Понеделник 21. декември
2. ПОСТОЈАНА НАДЕЖ
а. Која е нашата надеж како верници во Исуса Христа? Тит 2,13.
б. Што ќе им биде дадено на оние што ќе влезат во небото? 2 Тимотеј 4,8. Како треба тоа да нè поттикне на непоколебливост? Откровение 3,11.
„На победникот му е ветен венец на невенлива слава и живот кој може да се мери со животот на Бога. ‘На оној што победува’, Христос вели: ‘ќе му дадам да јаде од дрвото на животот што е среде Божјиот рај’ ‘Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат’ (Откровение 2,7; 1 Коринтјаните 2,9). Да настојуваме да влеземе на широко отворените врата кои водат во царството на нашиот Господ. Проучувајте го ревносно Евангелието кое Христос му го претставил на Јован на островот Патмос – Евангелие кое е познато како ‘Откровение на Исус Христос, кое Му го даде Бог, за да им го покаже на слугите Свои она што треба да стане скоро’. Да се потсетиме дека секогаш ‘Блажен е оној кој чита и оние кои ги слушаат зборовите на ова пророштво и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.’ (Откровение 1,1.3).“ – Знаци на времето, 4. февруари, 1903.
в. Иако на моменти се чини дека злото триумфира, какво уверување ни е дадено? Римјаните 8,28; 2 Коринтјаните 13,8.
„Бог ја одржал својата црква низ вековите на прогонство, конфликти и мрак. Ниту еден облак не паднал на неа, а Тој да не бил подготвен за тоа; ниту една противречна сила не му се спротивставила на неговото дело, а Тој да не го предвидел тоа однапред. Сѐ се одиграло како што Тој предвидел. Тој не ја оставил својата црква, туку со пророчки зборови го објаснил она што ќе се случи и се случило токму тоа што го кажале пророците вдахновени со неговиот Дух. Сите негови намери ќе бидат исполнети. Неговиот закон е поврзан со неговиот престол и никаква сила на злото не може да го уништи. Вистина е вдахновена и чувана од Бога; и таа ќе триумфира над сето она што ѝ се спротивставува.“ – Делата на апостолите, 8.9.
Вторник 22. декември
3. КАКО ДА СЕ ЗАБРЗА ДОАЃАЊЕТО НА ЦАРСТВОТО?
а. Како треба да се молиме во поглед на небесното царство? Матеј 6,10. Како треба да влијае оваа молитва на нашите приоритети? Матеј 6,33.
„Драги мои браќа и сестри, нека Божјите заповеди и сведоштвото на Исуса Христа ви бидат секогаш на ум и нека од него ги потиснат сите грижи од овој свет. Размислувајте за тоа и кога лежите и кога станувате. Со својот живот и постапки сведочите за доаѓањето на Синот човечки. Времето на запечатување е многу кратко и брзо ќе заврши. Сега, додека четирите ангели сѐ уште ги држат ветровите, време е својот повик и избор да ги утврдиме.“ – Рани списи, 47.
б. Каков е нашиот дел во забрзувањето на Христовото доаѓање? Матеј 24,14; 2 Петрово 3,12.
„Привилегија на секој христијанин е не само да го очекува, туку и да го забрза доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос (2 Петрово 3,12). Кога сите што тврдат дека го носат неговото име би носеле и плод на негова слава, колку бргу целиот свет би бил посеан со семето на евангелието! Бргу ќе созрее последната голема жетва и Христос ќе дојде да го собере скапоценото жито.“ – Христовите поуки, 49.
„Во царствата на овој свет, положбата е израз на самовоздигање… Угледот, богатството, образованието – сето тоа биле средства со чија помош водачите стекнувале контрола над масите…
Христос воспоставувал царство што се заснова на поинакви принципи. Тој ги повикувал луѓето, но не да владеат, туку да служат, силните да ги носат слабостите на послабите. Оној што има власт, положба, способност или образование, тој има уште поголема обврска да им служи на своите ближни…
Меѓу своите ученици Христос бил во секоја смисла, чувар, носач на товарот. Тој ја делел нивната сиромаштија, Тој практикувал самоодрекување заради нив, одел пред нив за да ги отстранува тешкотиите, а наскоро требало да го заврши своето дело на Земјата, положувајќи го својот живот. Членовите на црквата, која е негово тело, треба да се раководат според принципите според кои Христос постапувал… Во Христовото царство најголеми се оние што го следат Неговиот пример и кои постапуваат како пастири на Неговото стадо.“ – Копнежот на вековите, 419.420.
Среда 23. декември
4. ПОТСЕТНИЦИ
а. Кој обред нè потсетува на идното царство? Лука 22,14-20; 1 Коринтјаните 11,26.
„Обредот Господова вечера била дадена за спомен на големото ослободување остварено со Христовата смрт. Овој обред треба свечено да се извршува сѐ додека Исус по втор пат нѐ дојде во сила и слава. На тој начин неговото големо дело треба да биде свежо во нашите умови.“ – Копнежот на вековите, 506.
„При таквите негови состаноци, Христос се среќава со својот народ и со своето присуство ги охрабрува и зајакнува.“ – Копнежот на вековите, 510.
б. Иако ние можеме да се соочиме со неволји и прогонство, што треба да имаме на ум? Матеј 5,10; 2 Коринтјаните 4,16-18.
„Многу од неволјите кои те снаоѓаат, Бог ги допушта во својата мудрост за повеќе да му се приближиш на престолот на благодатта. Преку болката и неволјите низ кои минуваат неговите деца, Тој настојува да ги омекне и потчини нивните срца. Животот на овој свет претставува Божја работилница, каде што Тој нѐ подготвува и обликува за небесните дворови. Острицата на своите орудија за мазнење и усовршување Тој ја применува и на нашето растреперено срце сѐ додека не ги отстрани сите нерамнини и неправилности и додека не станеме приспособени да го заземеме своето вистинско место во небесната градба. Преку неволјите и болните удари, христијанинот се чисти од гревот, духовно зајакнува и го зајакнува својот карактер според примерот кој ни го оставил Христос. Влијанието на правилниот и побожен живот не е можно да се процени, бидејќи го надминува непосредниот круг на семејството, роднините и пријателите, ширејќи ја светлината која придонесува за придобивање на души за Христа.“ – 4 Сведоштво, 110.
„Сите оние кои секојдневно се посветуваат на Бога, ја покажуваат светлата и ведра страна на нашата религија. Ние не треба да го посрамотиме Бога со тажно прераскажување на искушенијата кои ни изгледаат мачни и тешки. Сите искушенија кои ги примаме како воспитно средство ќе ни донесат радост. Целиот верски живот ќе биде ведар, воздигнувачки, облагородувачки, мирис на добри зборови и дела. Непријателот е задоволен кога душите се потиштени, жалосни и тажни и кога стенкаат. Тој сака токму таков впечаток да се стекне за нашата вера. Но Божја намера не е нашиот дух да се спушти на толку ниско ниво. Тој сака секоја душа да ликува во силата на Откупителот која нѐ одржува.“ – 6 Сведоштво, 273.
Четврток 24. декември
5. ВЕЧНО ЦАРСТВО
а. Имајќи ги во предвид повиците на апостолите, што треба да правиме почнувајќи од денес? 1 Јованово 2,28; Јован 3,2.3; 2 Петрово 1,10.11.
б. Како ќе ја поминуваме вечноста во вечното царство? Откровение 5,13.
„Како што годините на вечноста поминуваат, ќе носат се побогати и почудесни откритија за Бога и Христа. Со зголемување на знаењето ќе расте и нивната љубов, нивната страхопочит и среќа. Колку повеќе луѓето ќе знаат за Бога, сѐ посилно ќе му се восхитуваат на неговиот карактер. А кога Исус ќе го открива пред нив богатството на откупувањето и восхитувачките резултати од големата борба со сатаната, срцата на откупените ќе пламтат со сѐ посилна љубов. Со восхит и радост ќе ги земаат своите златни харфи и десет илјади по десет илјади и илјада илјади гласови ќе се слеат во силен хор на фалбоспев…
Големата борба е завршена. Грев и грешници нема веќе. Целиот универзум е чист. Насекаде во безмерниот универзум владеат апсолутна хармонија и радост. Од Оној кој создал сѐ тече живот, светлина и радост низ сите светови во бесконечните простори. Од најситниот атом, до најголемиот свет, сѐ што е создадено, и живата и неживата природа, во својата непоматена убавина и совршена радост изјавуваат дека Бог е љубов.“ – Големата борба, 706.
Петок 25. декември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како можеме да го обезбедиме своето место во Божјото духовно царство?
2. Кои ветувања треба да нè охрабрат среде борбата меѓу доброто и злото?
3. Што можете да направите за побрзо доаѓање на Исус?
4. Објаснете што може да ни помогне секогаш да ја имаме вечноста на ум?
5. Кои се вашите планови за вечноста?