12 Милениум и Новата Земја

Сподели го ова:

12. лекција – 19. декември 2015.

Милениум и Новата Земја

„Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата.“ – Матеј 5,5.

„Целата Божја вселена е чиста, и големата борба засекогаш е завршена. Каде и да погледнеме, сѐ на што погледот застана беше убаво и свето… Прекрасната нова земја, со сета своја слава, ќе биде вечно наследство на светите.“ – Рани списи, 243.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Рани списи, 13-17; 237-244.

Недела 13. декември

1. ВЛЕГУВАЊЕ ВО ЦАРСТВОТО НА СЛАВАТА

а. Каде ќе бидат верните по второто Христово доаѓање? 1 Солунјаните 4,15-17.

„Сите ние заедно влеговме во облакот и се вознесувавме седум дена до стакленото море каде што Исус ги донесе круните и со својата десница ги стави на нашите глави. Исто така ни даде и златни харфи и палми на победа… Сите беа совршено задоволни со своите круни. И сите од нивните раменици до пети беа облечени во славни бели облеки.“ – Рани списи, 13.14.

б. Што им дава право на светите да влезат во Новиот Ерусалим? Псалм 87,3-6; Галатјаните 4,26; Откровение 22,14; Исаија 26,1.2.

„Ангелите беа насекаде околу нас додека преку стакленото море чекоревме кон вратите на градот. Исус ја подигна Неговата моќна, славна рака, се прифати до бисерната порта и ја отвори наназад на нејзините блескави шарки велејќи ни: ‘Вие ги исправте своите облеки во мојата крв и цврсто стоевте заради мојата вистина; влезете внатре’. И сите влеговме внатре чувствувајќи дека имаме целосно право на градот.“ – Рани списи, 14.
Понеделник 14. декември

2. МИЛЕНИУМ

а. Колку долго светите ќе поминат на небото? Откровение 20,4. Што ќе прават за време на овој период? 1 Коринтјаните 6,2; Матеј 19,28.

„За време на овие илјада години, меѓу првото и второто воскресение, се одржува суд над грешниците… Заедно со Христа тие ќе им судат на грешниците споредувајќи ги нивните дела со Книгата на законот, со Библијата, и ќе го решат секој случај според делата што се направени во тело. Тогаш казната што мора да ја искусат грешниците ќе биде одмерена според нивните дела и запишана покрај нивното име во книгата на смртта.“ – Големата борба, 687.

б. Каде ќе се наоѓа сатаната за време на милениумот? Откровение 20,1-3. Во каква состојба ќе биде земјата во текот на овој период? Еремија 4,23-27.

„Овде (на земјата) ќе престојуваат сатаната и неговите зли ангели за време на тие илјада години. Ограничен само на земјата, тој ќе нема пристап на другите светови да ги искушува и да ги вознемирува оние што никогаш не згрешиле. Во оваа смисла тој е врзан; нема повеќе некој над кого би можел да владее. Во никој случај тој не може повеќе да мами и да упропастува, што со векови била негова единствена радост.“ – Големата борба, 686.
„Шест илјади години земјата се тресела од буните на сатаната. Тој е оној кој ‘Земјата во пустина ја претвори и ги разрушуваше градовите нејзини’, тој е оној кој ‘робовите не ги пушташе по домовите нивни’. Шест илјади години неговата затворска куќа го примала Божјиот народ и тој за секогаш би ги држел затворени; но Христос ги скршил нивните окови и ги ослободил заробените.“ – Големата борба, 686.
„Дури и грешниците сега се надвор од моќта на сатаната. Сам со своите демони, сатаната може да ги согледа последиците на проклетството што го донел гревот…
Илјада години сатаната ќе талка натаму-наваму на опустошената Земја да ги посматра последиците на својот бунт против Божјиот закон. Во тоа време тој многу ќе страда. Од својот пад, неговиот живот, исполнет со постојана активност, не му давал време за размислување. Но сега, тој е лишен од својата моќ и оставен да размислува за улогата што ја имал откако првпат се побунил против владеењето на небото и со страв и трепет да гледа во страшната иднина кога ќе мора да страда поради сето зло што го сторил и да биде казнет за сите гревови што ги предизвикал.“ – Големата борба, 687.
Вторник 15. декември

3. ПРЕМЕСТУВАЊЕ НА ПРЕСТОЛНИНАТА

а. Што ќе се случи кога ќе заврши судот на небото? Откровение 21,2.3.

„На чело со Исуса, сите се спуштивме од градот долу на оваа земја, на една голема и висока планина која не можеше да го додржи Исуса, туку при допирот на неговите нозе се распадна и така настана една голема рамнина. Тогаш ние погледнавме нагоре и го видовме големиот град, со дванаесет темели и дванаесет врати, по три од секоја страна; на секоја врата по еден ангел. Сите на глас извикавме: ‘Градот, големиот град, доаѓа, доаѓа од Бога од небото’, и тој се спушти и се постави на местото каде што стоевме.“ – Рани списи, 14.15.

б. Каде ќе се наоѓа новиот Ерусалим? Захарија 14,4.

„За своето вознесение, Христос одбрал место кое толку често било посветено со неговото присуство додека живеел меѓу луѓето. Ниту гората Сион – каде што се наоѓал Давидовиот град, ниту гората Морија – каде што се наоѓал храмот, не требало да бидат почестени на тој начин. На тие места Христос бил исмејуван и отфрлен. Тука срцата кои биле тврди како карпа ги одбивале брановите на милоста, кои повторно се враќале во изливи на уште поголема љубов. Оттаму Исус, уморен и со обременето срце, заминувал да бара мир на Маслинската Гора. Тука светиот облак на Божјата слава, заминувајќи од првиот храм, запрел на источната гора, како да не може да се одвои од избраниот град. Така и Христос сега стоел на Маслинската Гора и го посматрал Ерусалим, додека срцето му бил исполнето со копнеж. Шумите и долините на таа гора биле посветени од неговите молитви и солзи. Од нејзините брегови одекнувале триумфални извици на толпата која го прогласила за цар. На нејзините коси падини Тој нашол дом кај Лазар во Витанија. На нејзиното подножје се наоѓала Гетсиманската градина, местото каде што сам се молел и бил во агонија. Од таа гора Тој требало да се вознесе на небото. На нејзиниот врв ќе застанат неговите нозе кога повторно ќе дојде, но не како човек на болката и срамот, туку како прославен и триумфален Цар. Тогаш ќе стои на Маслинската Гора, додека еврејските извици: ‘Алилуја’ ќе се мешаат со незнабожечкото ‘Осана’, а гласовите на спасените како силна војска ќе се слеат во извикот: ‘Крунисајте го Господарот над сите’.“ – Копнежот на вековите, 644.645.
Среда 16. декември

4. НОВАТА ЗЕМЈА

а. Што ќе се случи со земјата кога повеќе нема да има грешници на неа? Откровение 21,1; Псалм 102,25.26.

б. Што ќе прават откупените на новата земја? Исаија 32,18; 65,21.22.

„Потоа започнавме да ги разгледуваме славните работи надвор од градот. Таму видов највеличествени куќи, кои изгледаа како да се од сребро, поставени на четири столбови украсени со бисери највеличествени по изглед. Тие требаше да бидат населени од светите. Во секоја куќа беше по една златна полица. Потоа видов како мнозина од светите влегуваат во куќите, ги симнуваат своите блескави круни, ги ставаат врз полиците а потоа заминуваат во полето, веднаш во непосредна близина до куќата да ја работат земјата; но не вака како ние овде што мораме да работиме; не, не. Славна светлина блескаше околу нивните глави и тие постојано извикуваа славејќи го Бога.“ – Рани списи, 15.
„Спасените на обновената земја ќе се занимаваат со разни работи и ќе ги уживаат задоволствата кои на почетокот ги имале Адам и Ева. Ќе се живее Едемскиот живот, живот во градините и полињата.“ – Пророци и цареви, 497.

в. Како Библијата ја опишува околината на новата земја? Исаија 11,6-9; 65,25.

„Видов и една полјанка полна со секаков вид цвеќе и додека ги берев извикав: ‘Тие никогаш нема да овенат!’ Потоа видов и еден тревник со висока трева, највеличествен по изглед; тревата беше свежо зелена, со сребрено златен блесок и достоинствено се повиваше во слава на Царот Исус. Потоа наидовме на едно поле полно со животни од сите видови; лав, јагне, леопард и волк – сите заедно во совршен мир и слога. Ние поминавме покрај нив и тие мирно одеа по нас. Потоа навлеговме во една шума, но ниту малку налик на мрачните шуми какви што ги имаме овде; не, не: туку светли и величествени; гранките од дрвјата се свиваат горе-долу, а ние сите воскликнавме: ‘Ќе живееме безбедно во пустината и ќе спиеме во шумите’.“ – Рани списи, 15.
„Детските умови треба да бидат исполнети со приказни за Господовиот живот, а нивните фантазии треба да ги охрабруваме да ја сликаат славата на светот што ќе дојде.“ – Совети за детето, 488.
Четврток 17. декември

5. НАСЛЕДУВАЊЕ НА ЗЕМЈАТА

а. Што е пророкувано за оние кои, иако прогонети и презрени од овој свет, ќе го наследат идниот? Псалм 37,8-11.

„Кротките ‘ќе ја наследат земјата’ (Матеј 5,5). Гревот влегол во светот токму поради желбата за самовозвишување и така нашите прародители ја загубиле власта над онаа убава земја, нивното царство. А Христос токму преку самоодрекување го откупил она што било изгубено. Тој вели дека и ние треба да победиме како Тој што победил (Откровение 3,21). Преку понизност и самопредавање можеме да станеме Негови сонаследници…
Земјата ветена на кротките, нема да биде слична на оваа – затемнета со сенката на смртта и проклетство…
Таму нема разочарување, нема тага, нема грев, нема смрт, нема разделби, нема скршени срца; бидејќи таму е Исус, таму е мирот.“ – Мисли од гората, 16.

б. Каков ќе биде карактерот на оние што ќе живеат на новата земја? 2 Петрово 3,13.

„Нозете на злите никогаш нема да ја осквернат новата земја. Оган ќе падне одозгора од Бога, од небото, и ќе ги проголта и ќе ги изгори и коренот и гранките. Сатаната е коренот, а неговите деца се гранките.“ – Рани списи, 41.
„Истиот оган кој се симнува од Бога и ги проголтува злите воедно ја прочистува и целата земја. Скршените, распарчени планини се топат при огромната температура, атмосферата исто така, и сето она што преостанува согорува. Потоа пред нас се покажува нашето наследство, величествено и прекрасно; стануваме наследници на целата, новосоздадена земја.“ – Рани списи, 43.

Петок 18. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Под кои услови поединецот може да смета дека ќе постане граѓанин на новиот Ерусалим?
2. Што се случува за време на милениумот на небото и на земјата?
3. Зошто Бог ќе ја избере земјата за локација на своето седиште?
4. Опишете ја новата земја?
5. Какви луѓе ќе ја наследат новата земја?

Сподели го ова:

Слични објави