11 Последен непријател
11. лекција – 12. декември 2015.
Последен непријател
„Смртта ќе биде уништена како последен непријател.“ – 1 Коринтјаните 15,26.
„Во небесна атмосфера болка не може да постои. Таму ќе нема веќе солзи, ниту погребни поворки, ниту каков и да е знак на жалост.“ – Големата борба, 704.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 551-571.
Недела 6. декември
1. ПОТЕКЛОТО НА СМРТТА И ПРВАТА ГОЛЕМА ЛАГА
а. Со што е поврзано првото библиско спомнување на смртта? Битие 2,17. Која лага била кажана од страна на змијата во текот на разговорот кај тоа дрво? Битие 3,1-4.
„Единствено големиот измамник му ветил на Адам живот во непослушност. А зборовите на змијата упатени до Ева во рајот: ‘Не, нема да умрете’, биле првата одржана проповед за бесмртност на душата. Па сепак, оваа изјава, што се темели единствено на авторитетот на сатаната, се повторува од христијанските проповедални и се прифаќа од мнозинството на човечкиот род исто толку спремно како што била прифатена од нашите прародители. Божјата пресуда: ‘Душата, која згрешила, ќе умре’ (Езекиел 18,20), се толкува така како таа да значи: ‘Душата што ќе згреши нема да умре, туку ќе живее вечно. Ние можеме само да и се чудиме на необичната заслепеност која луѓето ги прави толку лековерни кон зборовите на сатаната, а толку недоверливи кон Божјите зборови.“ – Големата борба, 553.
б. Кога се соочил со искушението да јаде од ова дрво, што направил првиот пар? Битие 3,6. Што дошло како резултат на овој грев? Римјаните 5,12; 6,23.
„Сега на сите им е јасно дека плата за гревот не е саканата независност и вечен живот, туку робување, пропаст и смрт.“ – Големата борба, 696.
Понеделник 7. декември
2. ПРИРОДАТА НА СМРТТА
а. Како Бог ги споил телото и здивот на животот заедно како би му подарил живот на првиот човек? Битие 2,7. Што се случува кога душата умира? Псалм 146,4.
б. Каква контрола има човекот над смртта, и каква е состојбата на човекот после смртта? Псалм 6,5; 89,48; 115,17; Проповедник 8,8; 9,5.
„Врз големата заблуда за природна бесмртност почива доктрината за свесна состојба на мртвите по смртта – наука која, како и онаа за вечните маки, му се противи на учењето на Светото писмо, на логиката на разумот и на нашите чувства за праведност. Според народното верување, спасените на небото се запознаени со сѐ што се случува на земјата, а особено со животот на пријателите што ги оставиле зад себе. Но, како би можело за мртвите да биде извор на среќа сознанието дека нивните мили на земјата страдаат, дека грешат, дека чувствуваат болки, разочарувања и животни грижи? Колкава небесна среќа би можеле да уживаат оние што постојано би лебделе над своите пријатели на земјата? А колку е ужасно верувањето дека душите на непокајаните заминуваат во пламенот на пеколот! Каков ужасен страв мора да поднесуваат оние што ги гледаат своите пријатели како неподготвени си заминуваат во гроб за да влезат во вечноста на јадот и гревот! Овие мачни мисли мнозина довеле до лудило.“ – Големата борба, 565.566.
в. Што рекол Исус за смртта? Матеј 9,18.19.23.24; Јован 11,11-14.
„На своите деца кои веруваат Христос им ја прикажал смртта како сон. Нивниот живот е сокриен со Христа во Бога, и сѐ додека не затруби последната труба, оние кои умираат, ќе спијат во Него.“ – Копнежот на вековите, 404.
г. Како апостол Петар нагласил дека праведникот не оди веднаш на небото после смртта? Дела 2,29.34.
Вторник 8. декември
3. ЛАГАТА НА ЗМИЈАТА СЕ ПОВТОРУВА
а. Како Израелците биле предупредени против паганските обичаи, вклучувајќи наводна комуникација со мртвите? Левит 19,28; Второзаконие 14,1.
„Речиси сите видови на древните магии и гатања се темелеле на верувањето во општење со мртвите. Луѓето што се занимавале со таа вештина, со општење со мртвите, тврделе дека стапуваат во врска со духовите на умрените и дека тие им кажуваат што ќе се случи во иднина…
Истото тоа верување во општење со мртвите претставува камен темелник на паганското идолопоклонство. Се верувало дека незнабожечките идоли се духови на умрените херои претворени во богови. Така незнабожечката вера всушност била обожавање на мртвите…
Обожавањето на мртвите, како и божемното општење со умрените, заземало истакнато место речиси во секој систем на незнабоштвото. Се верувало дека боговите им ја соопштуваат на луѓето својата волја и доколку луѓето тоа го бараат, им даваат и совети. Од ваков карактер биле прочуените гатачи на Грција и Рим.“ – Патријарси и пророци, 722.
б. Како царот Саул бил наведен да бара совет од сатаната кој се појавил како наводен дух на мртвиот пророк? 1 Самуил 28,7-14.
в. Каква треба да биде перспективата на секој вистински обожавател на живиот Бог? Исаија 8,19.20.
„Кога луѓето би сакале да ја прифатат вистината за човечката природа и за состојбата на мртвите, која е толку јасно изнесена во Светото писмо, тие во тврдењата и во појавите на спиритизмот на дело би го виделе сатаната со неговата сила, со неговите знаци и лажни чуда. Но, наместо да ја отфрлат лажната слобода, толку привлечна за телесното срце, и да се откажат од гревот што им станал мил, мнозина ги затвораат очите пред светлината и ги отфрлаат опомените, и продолжуваат така додека сатаната плете мрежа околу нив и тие стануваат негов плен. ‘Затоа што не ја примиле љубовта на вистината та да би се спасиле. И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата’ (2 Солунјаните 2,10.11).“ – Големата борба, 580.581.
Среда 9. декември
4. ХРИСТОВАТА ПОБЕДА НАД СМРТТА
а. Кој има контрола над животот и смртта? Псалм 68,20; Откровение 1,18. Иако Тој ги има клучевите на смртта, што Исус направил? Евреите 2,9; Дела 2,24.
„Во Христа е живот – оригинален, непозајмен, ненаследен. ‘Кој го има Синот, има живот’ (1 Јованово 5,12). Христовото божество е гаранција на верникот за вечен живот. Исус рекол: ‘Кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?’ (Јован 11,25.26). Овде Христос мисли на времето на своето второ доаѓање. Тогаш мртвите праведници ќе воскреснат нераспадливи, а живите праведници ќе се преобразат и вознесат на Небото без да вкусат смрт… Со своите зборови и дела Тој рекол дека е Автор на воскресението. Тој, кој и самиот набргу ќе умре на крстот, ги држел клучевите на смртта, како победник на гробот и го потврдил своето право и сила да им даде вечен живот.“ – Копнежот на вековите, 406.407.
б. Што Исус направил со смртта? 2 Тимотеј 1,10; Евреите 2,14.15.
„На прашањето: ’Ако човек умре, дали пак ќе оживее?’ е добиен дефинитивен одговор. Примајќи ја на себе казната на гревот, симнувајќи се во гроб, Христос го осветлил гробот за сите кои умираат со вера. Бог во човечки облик, преку евангелието ги изнел на светлина животот и бесмртноста. Умирајќи, Христос им обезбедил вечен живот на сите кои веруваат во Него. Умирајќи, Тој го осудил зачетникот на гревот и нелојалноста, и ја понесол казната за гревот – вечната смрт.“ – 6 Сведоштво, 215.
в. За разлика од смртната казна, што претставува Божјиот дар? Римјаните 6,23; Јован 3,16.
„За верникот Христос е воскресение и живот. Во нашиот Спасител е обновен животот изгубен поради гревот, бидејќи Тој има живот во себе и може да оживи кого сака.“ – Копнежот на вековите, 609.
„Сите верници кои поминуваат низ природна смрт, земајќи го во симболот на лебот и виното, телото и крвта на Божјиот Син – имаат вечен живот во себе, што го претставува животот на Исус Христос. Со својата смрт Христос направил оние кои веруваат во него да не можат да умрат засекогаш.“ – Библиски коментари, 799.
Четврток 10. декември
5. СМРТТА Е УНИШТЕНА!
а. Што ќе се случи по првото и второто воскреснување? Откровение 20,4-15.
„По истекот на илјада години, Христос… им заповеда на мртвите грешници да станат за да биде извршена над нив нивната пресуда. Тие излегуваат од земјата во огромно мноштво, безбројни како морскиот песок. Каква разлика меѓу нив и оние што станале во првото воскресение! Праведниците се облечени во бесмртна младост и убавина. Грешниците ги носат на себе трагите на болестите и смртта.“ – Големата борба, 689.
б. Што конечно ќе се случи со сите грешници? Матеј 13,40-42. Наместо вечни маки, што ќе ги снајде? Малахија 4,1-3.
„Некои (злите) ќе бидат уништени во еден миг, додека други ќе страдаат повеќе денови. Сите ќе бидат казнети ‘според делата на нивните раце’ (Псалм 28,4). Бидејќи гревовите на праведниците паднале врз сатаната, тој мора да пати не само за своите лични гревови, туку и за сите гревови на кои го навел Божјиот народ. Неговата казна ќе биде далеку поголема од казната на оние што ги измамил. Кога ќе бидат уништени сите што подлегнале на неговите измами, тој и понатаму ќе биде жив и ќе се мачи. Најпосле сите грешници ќе бидат истребени со огнот што ги чисти и коренот и гранките – сатаната како корен, а неговите следбеници како гранки. Применета е целосна законска казна, барањата на правдата се задоволени, а небото и земјата, гледајќи го сето тоа, ја признаваат Господовата праведност.“ – Големата борба, 700.701.
в. Што ќе се случи дури и со самата смрт? 1 Коринтјаните 15,26; Откровение 21,4.
Петок 11. декември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како смртта се појавила во овој свет?
2. Во каква состојба се наоѓа човекот откако ќе умре?
3. Како првата лага на змијата се одржувала низ целата историјата?
4. Што Исус направил со проклетството на смртта?
5. Врз основа на што знаеме дека грешниците нема да бидат оставени вечно да горат?