10 Второто Христово доаѓање

Сподели го ова:

10. лекција – 5. декември 2015.

Второто Христово доаѓање

“И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам при Себе, за да бидете и вие каде што Сум и Јас.“ – Јован 14,3.

„Вистината дека Христос доаѓа треба да ја објавиме на секој човек.“ – Евангелизам, 220.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 666-672.

Недела 29. ноември

1. „ПАК ЌЕ ДОЈДАМ“

а. Кое ветување Исус го дал пред својата смрт? Јован 14,1-3. На кој начин Тој се вознел и како тоа ќе се совпадне со неговото враќање? Дела 1,9-11.

„Сеќавањето на ветувањето за второто Христово доаѓање морало секогаш да биде живо и свежо во душата на Неговите ученици. Истиот тој Исус, кого го виделе како се вознесува на небото, повторно ќе дојде да ги земе кај себе сите оние кои овде ѝ се посветиле на неговата служба. Истиот глас кој им рекол: ‘Еве, јас сум со вас во сите дни до крајот на векот’ (Матеј 28,20), ќе им посака добредојде во своето присуство во небесното царство.“ – Делата на апостолите, 24.25.

б. Иако светот е полн со подбивачи, во што се состои надежта на еден христијанин? 2 Петрово 3,3.4; Тит 2,13.

„Патар вдахновено ги изнел околностите што ќе владеат во светот во предвечерјето на второто Христово доаѓање… Кога ќе се приближи крајот на сите нешта, ќе има и верни кои ќе бидат во состојба да ги препознаат знаците на времето. Иако голем број таканаречени верници ќе ја побиваат верата со своите дела, ќе постои остаток кој ќе издржи до крај.“ – Делата на апостолите, 420.

Понеделник 30. ноември

2. ПОТРЕСУВАЊЕ НА НЕБОТО

а. Опишете го начинот на Христовото доаѓање? Откровение 1,7; Лука 21,26.

„Набргу на исток се појавува малечок црн облак, со големина на половина човечка дланка. Тоа е облак што го опкружува Спасителот и кој оддалеку изгледа како да е обвиен во мрак. Божјиот народ знае дека тоа е знакот на Синот човечки. Во свечена тишина тие без здив гледаат во него како се приближува кон земјата и станува сѐ појасен и поубав, прераснувајќи во голем бел облак, чијашто основа личи на оган кој уништува, а над него се надвива заветното виножито. Исус оди напред како силен победник. Тој сега не доаѓа како човек на болката, да ја пие горчливата чаша на срам и јад, туку како победник на небото и земјата, да им суди на живите и мртвите. ‘Тој се вика Верен и Вистинит; и Тој праведно суди и војува’. ‘А небесните војски, облечени во бел и чист висон, врвеа по Него на бели коњи’ (Откровение 19,11.14). Со славопои на небесни мелодии светите ангели, огромно и безбројно мноштво, го придружуваат на неговиот пат. Небесниот свод изгледа како да е преполн со суштества што болскотат, ‘десет илјади по десет илјади, и илјада илјади’. Ниту едно човечко перо не може да ја опише оваа глетка; ниту еден ум на смртен човек не е способен да го сфати тој сјај. ‘Величието Негово ги покри небесата, и славата Негова ја исполни земјата. Болскотот Му е како сончева светлина’ (Авакум 3,3.4). Кога живиот облак ќе дојде поблизу, секое око ќе го види Кнезот на животот. Неговата света глава не ја нагрдува веќе трнов венец; на неговото свето чело почива славен венец. Неговото лице свети посилно од заслепувачкиот сјај на пладневното сонце.“ – Големата борба, 667.668.
„Подбивното исмевање престанува. Замолкнуваат усните што лажеле. Замолкнува ѕвекотот на оружјето и борбениот вик; ‘облеката натопена со крв ќе изгори’ (Исаија 9,5). Сега не се слуша ништо, освен молитва, лелеци и оплакување. Од усните на оние што пред малку се подбиваа им се испушта извикот: ‘Дојде големиот ден на Неговиот гнев и кој може да опстане?’ Грешниците повеќе сакаат да паднат врз нив горските карпи отколку да се сретнат лице в лице со Оној што го презреле и отфрлиле.“ – Големата борба, 669.

б. На кој начин визијата на Јован во Откровение 6,12-17 ги потврдува другите старозаветни пророштва? Исаија 2,10.11.19; 34,4.8; Јоил 3,14-16.

„На сатаната нема да му биде дозволено да го имитира начинот на Христовото доаѓање. Спасителот го предупредил својот народ во овој поглед и јасно го прорекол начинот на своето второ доаѓање… Не е можно да се фалсификува ова доаѓање. Тоа ќе биде сеопшто познато – сите ќе го видат.“ – Големата борба, 651.
Вторник 1. декември

3. ПРВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ

а. Среде тресење на небото и на земјата, што ќе стори Исус? 1 Солунјаните 4,16.17; Јован 5,25; 1 Коринтјаните 15,51-53.

„Среде лулањето на земјата, молскањето на молњите и татнежите на громовите, гласот на Божјиот Син ги повикува светите што спијат. Тој својот поглед го насочува кон гробовите на праведниците и тогаш, подигајќи ги рацете кон небото, извикнува: ‘Разбудете се, разбудете се, разбудете се, вие, што спиете во правот и станете!’ По целата земја мртвите ќе го слушнат овој глас и, оние што ќе го чујат, ќе оживеат. Сега земјата татни од чекорите на огромното мноштво од секое племе, колено, јазик и народ. Тие доаѓаат од темнината на смртта, облечени во бесмртна слава, триумфирајќи: ‘О, смрт, каде ти е осилката? О, смрт, каде ти е победата?’ (1 Коринтјаните 15,55). А живите праведници и воскреснатите свети, своите гласови ги соединуваат во долг, радосен триумф на победа.“ – Големата борба, 671.

б. Што ќе се случи со оние кои ги загубија животите во верното исчекување на Христовото доаѓање? Јован 11,25.26; 1 Солунјаните 4,13.14.

„Сите излегуваат од своите гробови во иста става како што биле закопани… Сите стануваат со свежина и сила на вечна младост. Во почетокот човекот бил создаден според Божјиот лик не само според карактерот, туку и по ликот и по изгледот. Гревот ја изобличил и речиси ја избришал божествената слика во човекот. Но Христос дошол пак да го возобнови она што е загубено. Тој ќе го преобрази нашето понижено тело и ќе го обликува како своето прославено тело. Смртното, распадливо тело, лишено од убавината, некогаш опогането со грев, станува совршено, убаво и бесмртно. Сите мани и недостатоци се оставени во гробот. Бидејќи ќе имаат пристап кон дрвото на животот во одамна загубениот Едем, откупените ќе пораснат до мерата на висината на човечкиот род во неговата првобитна слава. Ќе бидат отстранети последните преостанати траги од проклетството на гревот, А Христовите верни ќе се појават во убавината на Господа, нашиот Бог, по духот, душата и телото, одразувајќи ја совршената слика на својот Господ…
Ангелите ги собираат ‘своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото’ (Марко 13,27). Малечките деца светите ангели ги носат во прегратките на нивните мајки. Пријателите, кои толку долго ги разделила смртта, пак се соединети за никогаш повеќе да не се разделат и со радосни песни се искачуваат заедно во Божјиот град.“ – Големата борба, 671. 672.
Среда 2. декември

4. ЗЕМЕНИ ИЛИ ОСТАВЕНИ?

а. Со кој временски период во библиската историја Исус го споредува Неговото второ доаѓање? Матеј 24,37; Лука 17,28.

„Луѓето си презеле врз себе одговорност да ги издигаат стандардите во согласност со своите сопствени идеи, а Господовиот закон е обесчестен. Ова е причината зошто толку многу е раширено беззаконието. Ова е причината зошто нашите денови стануваат како деновите на Ное и Лот.“ – Р.Х. 2 мај, 1893.

б. Каков бил резултатот на Божјите судови во двата случаи? Битие 7,21-23; 19,24.25.

в. Што ќе се случи, на ист начин, при второто Христово доаѓање? Лука 17,34-37.

„Кога мислењата и заклучоците на филозофите ќе отстранат секој страв од Божјата казна, кога верските учители ќе толкуваат дека настапуваат долги векови на мир и просперитет и кога светот – наполно обземен со бизнис и со задоволство, со сеење и со градење, со насладување и со јадење и пиење, со веселби и забави – ќе ги отфрли Божјите опомени и ќе ги исмее неговите гласници ‘Тогаш ненадејно ќе ги снајде пропаст и не ќе можат да избегнат’ (1 Солунјаните 5,3).“ – Патријарси и пророци, 85.

г. Објаснете кои се оние кои ќе бидат „земени“ при второто Христово доаѓање? Матеј 24,40-42; Малахија 3,17.

„Времето на судот е најсвечениот период кога Господ ги собира своите од редовите на каколот. Оние кои биле членови на исто семејство, се разделуваат. На праведниците се става знак… Оние кои биле послушни на Божјите заповеди ќе се придружат кон групата на светите во светлината; тие ќе влезат на вратата во градот и ќе имаат право на дрвото на животот. Еден ќе се земе. Неговото име ќе стои во книгата на животот, додека оние со кои тој бил поврзан ќе имаат знак на вечна одвоеност од Бога.“ – Сведоштво за проповедници, 208.

Четврток 3. декември

5. ДАЛИ СИ ПОДГОТВЕН?

а. Што ќе се случи со живите грешници кога Христос ќе дојде? 2 Солунјаните 1,7-9; 2,8; Псалм 97,3.

б. Што ќе бидат грешниците за „орлите“ спомнати од страна на Исус во Лука 17,37? Откровение 19,17.18; Езекиел 39,17-20.

в. Знаејќи што ни претстои, на што треба да го насочиме нашето внимание? 2 Петрово 3,11; Псалм 24,3.4; Јуда 23.24.

„Исус доаѓа, но не онака како при неговото прво доаѓање, како бебе во Витлеем; ниту пак онака како што влегол во Ерусалим, јавајќи на магаре, додека учениците на целиот глас го фалеле Бога и извикувале: ‘Осана’, туку со славата на Отецот и со придружба на сите свети ангели за да го придружуваат на неговиот пат кон Земјата. Сето небо ќе биде испразнето од ангели, додека светите кои го очекуваа, ќе гледаат во небото кон Него, како луѓето од Галилеја, кога Тој од Маслинската Гора се вознел на небото. Тогаш само оние коишто се свети, оние кои целосно го следеле кроткиот Пример, радосно и одушевено ќе воскликнат гледајќи Го: ‘Еве, Тој е нашиот Бог! На Него се надевавме, и Тој нè спаси!’ (Исаија 25,9).“ – Рани списи, 119.120.

Петок 4. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Какво уверување дал Исус во поглед на неговото враќање?
2. Како ќе можеме да ги разликуваме лажните тврдења во однос на природата на второто Христово доаѓање од вистините што Тој ги поучувал?
3. Опиши го редоследот на настаните од моментот кога Исус ќе се појави на небесните облаци па сѐ до времето кога светите ќе му се придружат при неговото враќање на небото?
4. Дали сакаш да бидеш меѓу оние кои ќе бидат „земени“ или „оставени“ при второто Христово доаѓање?
5. Како можеш да бидеш сигурен дека си меѓу оние кои го чекаат Христос?

Сподели го ова:

Similar Posts